Лелеееее....ја погрешив кремата за лице!!!


Многупати имам напоменато дека од голема важност е она што го нанесуваме на лицето и дека колку една крема е поприродна со добро избалансирана формула и по можност органска, толку е подобра за кожата затоа што не само што ја штити од надворешните влијанија, туку  и ја негува и навлажнува нашата кожа во зависност од потребите и видот на кожата.
Најнапред само да потсетам дека освен кремата, за убавиот и здрав изглед се потребни и здрава исхрана, физичка активност и добросостојба на организмот, значи кремата за лице е само еден дел од мозаикот за човековото здравје и убавина.

За изборот на кремите, состојките кои треба да се избегнуваат и нивното дејство ве поканувам да ги прочитате следниве статии (доколку веќе не сте го сториле тоа)

На секој од нас барем еднаш му се случило да купи една крема да си ја донесе дома, да ја нанесе на лицето и...да сфати дека е премногу масна или премалку масна. Понекогаш понесени од желбата да пробаме нешто ново или следејќи го советот на најдобрата пријателка дека одреден крема е супер, може лесно да одбереме производ кој не е секогаш прикладен и за нашата кожа.

  
Во денешнава статија би сакала да ви дадам мали совети или трикови како да ја корегираме кремата која погрешно сме ја одбрале за нашиот вид на кожа. Во случајов погрешно одбрана крема не се однесува на онаа полна со силикони, туку на убава органска или природна крема која едноставно сме откриле дека не ни одговара на видот на кожата (верувајте ми кремите со силикони ништо не може да ги поправи).

    1.       Кремата што сте ја одбрале е премасна за вашето лице и целата кожа ви свети.

Сте купиле нова крема за која сте платиле и доста пари за потоа да откриете дека не одговара на вашата кожа затоа што ја масти или пак кожата ви свети? Без грижа, на помош доаѓа волшебниот гел од алое вера. Земете мала количина од кремата во дланката и помешајте ја со мала количина гел од алое вера. Водената структура на гелот на некој начин ќе ја ублажи маснотијата на кремата и кожата на лицето убаво ќе ја впие без притоа да има видлива масна трага. Вака помешаната смеса воопшто не ја масти кожата, затоа што гелот и маслото меѓусебно на некој начин се компензираат и надополнуваат.


     2.       Кремата што сте ја купиле не е доволно масна за вашето лице

Во случај лицето да ве затега по употребата на една крема, односно кога кремата не е доволно масна за вашата сува кожа, процесот е обратен: додајте маслку масло за да ја збогатите кремата. Значи мала количина од кремата помешајте ја со неколку капки чисто масло по ваш избор (прочитајте ја статијата за масла за лице http://biodevojka.blogspot.com/2015/03/blog-post_46.html) и нанесете ја на кожата на лицето. Вака збогатената крема ќе ја остави вашата кожа мазна и нахранета.


Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист.
Благодарам и до следната статија.

Вики


 



Comments