Креативност

Saturday, June 25, 2016

Разубавете ги вашите тераси и балкони на многу економичен начин


Знам дека повеќето од вас се љубители на цвеќе и на сопствените тераси веќе имаат своја мала цветна градина. Честопати освен цвеќето, на терасите ставаме мали украси како свеќи, интересни вазнички и други оригинални украси, со цел истата да изгледа повесело и да на некој начин ја одразува нашата личност.

Во денешнава статија би сакала да ви дадам мали идеи како да ја разубавите терасата без да потрошите многу пари, претежно користејќи ги оние работи кои веќе ги имате во своите домови.

Свеќници од чашки за ракија


Овој вид на свеќници се навистина едноставни за подготовка а премногу убави и ефектни особено кога ќе се запалат свеќичките во нив. Сѐ што ви е потребно да ги направите се мали чашички за ракија кои веќе не ги користите и лак за нокти.

Најнапред со селотејп залепете одереден дел од чашката (онаму каде сакате да остане проѕирна) во форма која вам ви се допаѓа. Потоа со лак за нокти по ваш избор премачкајте го делот каде нема селотејп и оставете да се исуши. Откако лакот ќе се исуши одлепете го селотејпот и вашите оригинални свеќници се готови.


Обвиткување на саксии со материјал


Доколку вашите саксии со цвеќе се обични, може да ги разубавите користејќи било каков материјал кој имате дома на располагање. Може тоа да биде чипка, чоја, завеса која веќе не ја користите или нешто друго по ваш избор.


Овој материјал може да го обвиткате директно врз саксиите или пак да ги измерите димензиите и да сошиете обвивка. Истото може да го направите и со празни тегли кои во случајов ќе служат како свеќници. Материјалот со бела чипка и сина машна кој го гледате на сликата не го направив јас, иако имам правено слични вакви претходно. Овој лично ми го подарија.

Го исеков материјалот на поголеми и помали делови и со нив обвиткав две мали саксии и една стаклена тегла која служи како свеќник.


 Со златестиот материјал кој ми остана од едно миле, направив обвитка за една бела обична саскија. На овој начин саксијата изгледа многу интересно и убаво.


Исто така имав нарасполагање и материјал кој е како вреќа и со него обвиткав една мала саксија со кактус и ставив врвца која ја превиткав во машна.


Оригинални цветни аранжмани

Доколку имате сопствена градина со цвеќе или пак редовно го купувате за да го разубавите домот, наместо само да го ставите во вазна, може да го искомбинирате на друг начин.

Во еден поголем стаклен сад, најнапред ставете камчиња кои може да бидат проѕирни или во боја (доколку одите на одмор соберете камчиња од плажата или морето), или пак доколку имате џамлии дома може и нив да ги искористите.

Наполнете го садот со вода и во него ставете еден или повеќе цветови по ваш избор. Скратете ја прво дршката за да ги собере во садот.
Навистина изгледа многу елегантно и убаво.



Украси кои веќе ги имате дома

Доколку по дома имате украси кои не знаете каде да ги ставите, вашата тераса е идеално место за тоа. Јас имав еден држач за свеќи кој се скрши и останаа само свеќиците. Се одлучив да ги закачам на терасата кај мене за да биде поубава и повесела.



Доколку имате вештачко цвеќе кое не знаете каде да го ставите, искористете го повторно за да ја разубавите терасата. Јас имав празна бамбусова саксија во која го ставив вештачкото цвеќе (претходно го исеков со ножици за да биде пократко).


Се надевам дека овие предлози ви се допаднаа.
Како вие најчесто ги разубавувате вашите тераси???
Споделете некоја ваша оригинална идеја.


Поздрав
Вики

 

Thursday, April 21, 2016


Направи сам: интересни и креативни велигденски кошнички


Здраво на сите,

после велигденското дрвце кое ја краси нашата дневна соба, време е да се подготвиме за кошничките во кои ќе ги ставиме велигденските јајца, или пак ќе ги наполниме со мали чоколадни јајца и ќе ги подариме на нашите намлили и најмлади.

Доколку се сеќавате лани направив кошнички со една техника со помош на балон и конец (доколку ја немате прочитано кликнете овде   и овде ), така да оваа година сакав малку да сменам и да направам нешто ново. Се одлучив да направам два вида на кошнички со материјали кои лесно може да ги најдете (јас моите ги земав од Џамбо) и секако да ги направите според ваш вкус, бирајќи бои и украси кои ви се допаѓаат.

Ајде да започнеме.

За првиот вид на кошнички потребни ви се:


материјал во боја (нешто слично на чоја ама потенко);
едно пластично канче од павлака, урда или сладолед;
ножици;
лепак;
украси (јас користев вештачки листови и цветови)

Најнапред со помош на еден нож исечете го најгорниот дел на пластичното канче


и потоа израмнете го со помош на ножици.


Измерете дел од материјалот и со помош на лепакот залепете го врз пластиката. Употребете штипки (оние за алишта) за да го држите материјалот на место и да го олесните лепењето.


Откако сѐ ќе биде залепено може да започнете со декорацијата.
Јас имав мала слатка помошничка, внука ми, која беше воодушевена заедно да ги правиме овие креативни проекти, така да заедно ги одбравме формите и боите на украсите за оваа кошничка.


Откако ќе ги нанесете украсите оставете убаво се да се залепи и исуши, па направете ја рачката за кошничката. Јас користев плута која одозгора ја обвиткав со истиот материјал кој го користев за кошничката. Еве го финалниот производ


За вториот вид на кошнички не користев пластична поддршка туку сама ги направив формите од плута. Она што ви е потребно за да ги направите е:

плута;
материјал во бои;
лепак;
ножици;
украсна лента;
разни украси по ваш избор


Одберете си форми и димензии кои ви се допаѓаат (евентуално може да ги направите најнапред од картон како модли и да ги користите за изработка на конечните форми за кошничката).




Исечете ги и со помош на лепак залепете ги меѓусебно. Врз нив нанесете од материјалот во боја, оставете убаво да се залепи и декорирајте по ваш избор.

Иако станува збор за Велигден, една кошничка направив во стилот на Фрозен како благодарност за мојата прекрасна внука, која беше пресреќна. Еве како изгледа.




Другата ја направив во лила верзија со цветови кои претходно со помош на конец и игла ги сошив на една лилакова лента која потоа ја заврзав за кошничката.


Рачката за оваа кошничка ја направив розева и врз неа замотав дел од истата украсна лента која ја користев за шиење на цветовите. Еве го конечниот изглед.



Се надевам дека ви се допаднаа идеите за овие интересни кошнички и доколку е така, ножиците в рака и почнувајте да ги правите. Најважно е што ќе се забавувате, а и ќе имате оригинални кошнички многу поразлични од оние во продажба.

Вики
3 comments:

 

Sunday, April 10, 2016


Направи сам: украсно велигденско дрво


Да да, добро прочитавте, може да имаме прекрасно украсено дрво не само за Нова година и Божиќ, туку и за Велигден. Само што овде лампионите ќе ги замениме со велигденски јајца, или подобро речено со лушпите од јајцата.

Велигденското дрво е традиционално во повеќе западни земји и навистина изгледа многу интересно во просторијата каде сакаме да го поставиме. Традиционално ова дрво содржи дрвца и цветови типични за Велигден, како на пример цветови од праска или гранче од маслиново дрво, меѓутоа во зависност од она што го имате на располагање може да го персонализирате и да го направите со материјали и бои кои вам ви се допаѓаат.

Целата идеа се состои во тоа што во една вазна (големината изберете ја сами) се ставаат разни гранчиња и цветови по ваш избор и се украсуваат со декорирани јајца.

Во продавниците низ градов може да најдете навистина многу разни украсни велигденски јајца, меѓутоа може многу лесно да ги направите и сами (секако доколку сте љубители на проектите направи сам). Овие украси може да ги направите и со вашите деца, со што ќе ја поттикнете и развивате нивната креативност, а истовремено заедно ќе се забавувате.


Ајде да започнеме со подготовката на украсните јајца. Ќе ви покажам неколку начини на кои може да го украсите јајцето, а вие секако одберете го она што вам најмногу ви се допаѓа.

Пред да почнеме да ги украсуваме јајцата, најнапред потребно е да ја извадиме од внатре содржината (белката и жолчката), меѓутоа без да ја оштетиме лушпата на јајцето која ни е потребна за овој проект. Најнапред земете едно јајце и со помош на една игла (онаа за шиење) направете дупчиња на горниот и долниот врв на јајцето. Потребно е да се направт две дупчиња затоа што од едното ќе излегува составот на јајцето, а од другата ќе влегува воздух кој ќе ја олесни процедурата. Потребно е малку трпение.


Мој совет ви е дупчето на горниот крај од јајцето (онаму каде сакате да го закачите) да биде помало, додека отворот на долниот крај може да биде и малку поголем (раширете го со помош на еден остар нож) со цел смесата полесно и побргу да излезе од самото јајце. Откако ќе ја извадите внатрешноста, јајцата убаво измијте ги со вода, оставете да се исушат и подготвени сме за декорацијата.


Како што веќе напоменав, јајцата може да ги декорирате на разни начини, сѐ што треба да направите е да ја ослободите вашата фантазија. Во продолжение ќе видите на кои се начини јас ги декорирав јајцата за моето велигденско дрво.

1. Боење со лак за нокти


Доколку имате лакови за нокти кои веќе не ги користите не ги фрлајте, туку искористете ги за овој проект. Земете го јајцето и со помош на лакот избојте го од сите страни (може да го направите во една боја или во повеќе бои да биде повесело). Откако лакот ќе се исуши, врз него може да нацртате нешто со друг лак, или пак како мене да ставите лак со светки за поинтересен ефект.

2. Техника декупаж со шарени салфетки


Оваа техника е една од моите омилени, јајцето изгледа прекрасно, а воопшто не е тешко да се направи. Сѐ што ви е потребно е една шарена салфетка (може да биде велигденска, но и не мора). Одберете ги формите или шарите од салфетката кои ви се допаѓаат и исечете ги. Јајцето премачкајте го со белка (онаа која ја извадивте од самото јајце) која во случајов ќе служи како природен лепак. Врз неа редете ги формите од салфетката онака како што вам ви се допаѓаат.


Oткако ќе ги наредите повторно премачкајте го јајцето со белка за убаво да ја зацврсне салфетката одозгора. Оставете да се исуши, додадете една украсна врвца која ќе ја протнете во горното дупче од јајцето и слободно закачете го на вашето велигденско дрво.

3. Декорација со шарен текстилен материјал


Ова е исто така многу интересен метод, а воопшто нема да биде потребен никаков лепак. Земете парче материјал со шара која ви се допаѓа, обвиткајте го околу јајцето и заврзете го со една украсна врвца на врвот и исечете го она што останало да виси од материјалот. Може да додадете и некој детал како цветчето кое го ставив јас.



4. Декорација со циркони

За оваа техника потребни ви се циркончиња (големината и бојата секако зависат од вашата желба) и лепак.


Во еден пластичен сад најнапред ставете ги вирконите. Јајцето премачкајте го со лепак и валкајте го во садот со циркони се додека не се залепат врз него.


Повторете ја оваа постапка неколкупати со оглед на тоа што некои од цирконите ќе испаднат од јајцето. Оставете да се исуши и вашето светкаво шик јајце е готово.


Додадете украсна врвца и закачете го на вашето велигденско дрвце.

Ова е моето велигденско дрвце за оваа година (ќе додадам уште јајца го објавив за да ви дадам време да го направите со оглед на тоа што Велигден се ближи).


Ова е велигденското дрво кое го имав во станот во Рим. Може да видите дека е баш традиционално направено со гранчиња од маслиново дрво и вештачки цветови од праска. Идејата и изборот на гранки и бои беше на пријателката со која го правевме, така да фактички таа е заслужна за ова ремек дело.


Се надевам дека и оваа статија ви се допадна и дека ќе се обидете да ги направите овие толку едноставни, а сепак многу ефективни велигденски украси кои, не само што ќе го разубават вашиот простор, туку ќе внесат и радост за време на претстојните велигденски празници.

Вики

 

Monday, December 14, 2015


Направи сам: оригинални лампиони за новогодишната елка


Здраво драги мои,

одамна не сме направиле еден проект заедно, па еве, си реков доколку не сте ја украсиле елката или пак доколку сте ја украсиле а сакате да ја збогатите со по уште нешто оригинално, ви предлагам две идеи за новогодишни лампиони кои се навистина многу лесни и забавни.
Ајде да започнеме со работа.

1. Лампиони од конец за везење или плетење


Доколку се сеќававте во статијата за велигденските јајца ви предложив еден интересен проект за кошничка која ја направивме со помош на еден балон и конец за везење или плетење. Ете истиот тој метод ќе го искористиме и овде само што балончињата ќе бидат помали (оние најмалите за на елка), а конецот ќе биде светкав (новогодишен). Сликите што ги гледате од балонот се од велигденскиот проект не успеав да направам слики од малите балончиња.


 Процедурата е иста, се зема еден надуен балон и врз него се реди конецот, претходно натопен во течност од лепак и вода (најдобро е да користите лепак vinilica) од сите страни (се замотува) и се остава така преку ноќ.


Изутрината пукнете го балончето, извлечете го внимателно преку некој поголем отвор од топката и ете, вашиот лампион е готов.



2. Лампиони од ролна на тоалетна хартија


Ова е најдобар начин да се рециклира картонската ролна од тоалетната хартија. Исечете ја ролната на мали еднакви кругчиња.



На секое од нив нанесете од лепакот и врз нив ставете една лента со светки.



Ставете штипка од алишта на секое од нив со цел да го помогнете зацврснувањето на лентата со светки. По половина час земете ги делчињата со светки и ставете ги едно во друго (прекрстени) како ѕвездичка. Залепете ги со лепак, повторно прицврстете ги со штипка додека да се залепат, и вашите лампиони ѕвезди се готови.


Се надевам дека овие две интересни идеи ви се допаднаа и дека ќе се обидете да ги нпаравите. Еве како изгледаат на мојата малечка убавка елка :)



Поздрав до сите и забавувајте се правејќи разни новогодишни декорации.
Вики

 

Saturday, November 21, 2015


Направи сам: парфем за простории


Отсекогаш сум ги обожавала парфемите за простории како оние спреј, така и оние со стапчиња. Колку е прекрасно кога во домот се шири пријатен мирис кој не опушта или освежува, и доколку тој мирис е природен (без многу хемикалии) уште подобро. Веќе подолго време сама си ги правам овие домашни парфеми или освежувачи за простории, па затоа се решив и да напишам статија за да ви кажам како тоа најчесто го правам.

За подготовката на еден ваков проект потребни ви се навистина малку состојки, и тоа:

алкохол
етерични масла по избор
деминерализирана вода
празно шишенце

Кога овие проекти ги правев во Рим користев 96% алкохол кој е и за внатрешна употреба (со него се прават ликери). Со оглед на тоа што овде не можев да најдам такво нешто (или барем не видов јас), како алтернатива ви предлагам доколку имате дома водка или џин. Процедурата е следнава:


Во празното шишенце најнапред се става алкохолот и етеричните масла и се протресува шишенцето за убаво да се спојат. Количината на алкохол е околу 100 мл. а етеричните масла додадете ги според јачината која сакате да ја добиете од 80 до 90 капки. Јас додадов 80 капки етерично масло и тоа: 50 од цимет и 30 од портокал, затоа што ја обожавам комбинацијата на цимет со портокал. Вие може да користите било какво етерично масло по ваш вкус или комбинација од две етерични масла.


Откако убаво ќе се спојат алкохолот и етеричните масла, додадете во шишето деминерализирана вода (околу 100 мл). На крај додадете и стапчиња од бамбус, благодарение на кои мирисот ќе се шири во просторијата.

Што се однесува до стапчињата кои треба да го шират овој мирис, јас лично купив стапчиња за скара (мали), ги исеков наострените врвчиња со ножици и добив оригинални стапчиња за овој мој освежувач за простории.



Ставете ги стапчињата во шишенцето и оставете така неколку саати. Потоа превртете ги стапчињата од обратна страна (делот кој бил внатре во шишето со течноста ставете го одозгора) со цел подобро да го почувствувате мирисот во просторијата. Ова правете го секои 3 дена за да го зголемите интензитетот на мирисот во просторијата.


Ете драги мои, колку беше едноставно да се направи еден ваков мирис кој не само што не содржи хемикалии, туку и може да го направиме според сопствениот вкус.

Се надевам дека оваа статија ви се допадна, а вие доколку претпочитате повеќе спреј варијанта, во тој случај погледнете ја и статијата за спрејот од лаванда.
http://biodevojka.blogspot.mk/2015/03/blog-post_11.html

Поздрав и до скоро читање.
Вики

 

Saturday, August 8, 2015


Растенија на терасите: 5 совети за правилна нега во лето


Високите летни температури поминаа, или можеби не? Август штотуку почна и не знеме точно што не очекува. Во врелите сончеви летни денови, нашите билки на терасите имаат потреба од зголемена нега, грижа, внимание и пред се вода. Меѓутоа со неколку мали трикови, вашите прекрасни цвеќиња и билки на терасите не само што ќе ги преживеат високите температури, туку ќе бидат поубави од секогаш.

Токму и целта на денешнава статија е таа да со вас споделам некои мали трикови кои за мене успешно делуваат и се однесуваат токму на летната нега на растенијата на нашите тераси.

1. Цвеќињата и билките на терасите летно време наводнувајте ги само навечер. Преку ден под дејство на високите температури водата брзо испарува и растенијата нема да може да ја добијат адекватната вода и нега, а и земјата во саксиите ќе ја најдеме сува. Доколку тоа се направи навечер, водата останува во почвата и тие рамномерно ја превземаат.



2. Наводнувањето на цвеќињата правете го секогаш од страничниот дел на саксијата. Никако не ставајте вода директно врз лисјата, цветовите или пак врз коренот на самата билка. Со самото излевање на водата на страната од саксијата овозможувате водата полека да стигне до корените на билката, без да предизвикате голем стрес за истата.

3. Ставајте вода секојдневно (во случајов секоја вечер) меѓутоа по малку. На тој начин ја оддржувате правилната хидратација на билките. Лично сум ставала и повеќе вода на два дена, а и по малку водичка секојдневно, и забележав дека овој вориов начин е многу поуспешен и дава подобри резултати.


4. Од време на време кога готвите зеленчук како тиквички, морков, спанаќ и др., водата од зеленчукот не ја фрлајте туку изладена додадете им ја на билките. Оваа вода и тоа како може да ги препороди билките.

5. Доколку гледате дека некоја билка почнува полека да умира, направете вода од коприва Потопете 250 гр. коприва со 2,5 литри вода, и оставете ја течноста на терасата покриена со една газа да отстои на сонце цел ден, а можете и повеќе денови за да биде поконцентрирана. По истекот на времето ќе добиете една зелена течност. Од оваа течност земете 100 мл. и растворете ја во литар вода, извадете ја билката од саксијата сосе земјата и коренот (доколку е мала билка) и намокрете ја во течноста од коприва неколку минути додека коренот да впие директно дел од течноста. Доколку станува збор за поголема билка, во тој случај ставете дел од течноста директно во саксијата од страничниот дел. Ова е одличен лек кој навистина може да ја спаси вашата билка доколку од било какви непознати причини почнала да се суши. За кратко време билката ќе стане како нова. За овој метод веќе ви говорев и во статијата како да ги оддалечиме паразитите од градината на следниов линк http://biodevojka.blogspot.com/2015/06/blog-post_9.html).


Се надевам дека овие мали совети ви беа од корист и дека ќе се обидете да ги примените на вашите билки (ако досега веќе и не сте ги примениле).


Благодарам за вниманието и до скоро читање.

Вики
No comments:

 

Tuesday, June 9, 2015


Да ги оддалечиме паразитите од градината на природен начин


Пред извесно време објавив една статија за мојата прекрасна мини градина на балконот во Рим, каде ви покажав што се е возможно да се посади во саксија и што е она што најмногу успева во такви услови ( http://biodevojka.blogspot.com/2015/03/e.html). Тоа беше мојата аматерска мини градина, меѓутоа денешнава статија е посветена на една вистинска професионална градина водена од вистински професионалец - татко ми. Секојпат кога ќе ги видам растенијата (зеленчуци или овошја) колку прекрасно растат и успеваат благодарение на грижата на тате, останувам воодушевена од крајните резултати, но пред се од начинот на кој ги одгледува и заштитува. Татко ми воопшто не користи вештачки ѓубрива или пестициди, туку на сосема природен органски начин се грижи за нив. Пред некој ден кога правевме муабет се договоривме да направиме една статија во која тој ќе ви даде неколку важни совети како на природен начин да ги заштитите растенијата од несаканите штетници и паразити. Сигурна сум дека можеби повеќето од вас и ги знаат овие совети доколку на природен начин се грижат за своите градини, меѓутоа ете можеби ќе им бидат од корист на некои од вас. Така да драги мои, оваа статија е целосна заслуга на татко ми, јас сум само гласник кој ги пренесува неговото искуство, љубов и посветеност.


Како што можевте да прочитате од насловот, советите пред се се однесуваат на борбата против парзитите и останатите штетници кои ги напаѓаат растенијата во градината. Обично во традиционалното земјоделство се користат пестициди и вештачки раствори кои, секако, ефикасно ги отстрануваат паразитите и сите штетници, меѓутоа видно го “трујат“ плодот, а со самото тоа и нас откако ќе го изедеме.

Доколку сакате природна и здрава градина еве што треба да направите:

1. Добри соседи

Дали сте знаеле дека билките во градината меѓусебно си помагаат? Јас најискрено не знаев. Едно од најинтересните информации или совет кој може да ви го дадеме е правилно да ги бирате комбинациите на билките односно “соседите“ во една градина. Зачинските билки како нане, жалфија, рузмарин и тимјан имаат моќ да оддалечат дел од паразитите поради својот специфичен мирис. Затоа добра идеа е да се засадат овие зачински билки околу останатите растенија. Секако не може да ги избркаме сите штетници на овој начин, меѓутоа добар дел ќе стои на растојание. Жалфијата, исто така, ги привлекува пчелите кои ги јадат паразитите, и на тој начин ја чистат вашата градина на најприроден начин.


2. Попрскување на земјата со раствор од коприва.

За подготовка на овој раствор потребни се 100 гр. свежа коприва во 1 литар вода. Се остава така цел ден и потоа се цеди. Со овој раствор се попрскува земјиштето и тоа растворено во вода во пропорција 100 мл. од овој раствор во 1 литар вода. Верувајте овој метод е доста успешен против сите видови на паразити. За подобри резултати потребно е да се направат 3 третмани во дистанца од 3 дена. Како алтернатива може да посадите и коприви околу растенијата кои сакате да ги заштитите. Засадените коприви привлекуваат бубамари кои се бр.1 кога станува збор за природно уништување на паразитите во градината.


3. Лук

Мирисот на лукот оддалечува голем дел од паразитите, секако некои се отпорни, меѓуто повеќето не го поднесуваат. Обично е корисен оној обичниот, бел лук, меѓутоа ние пробавме и со младото лукче и имаше доста добар резултат. Така да, посадете лукче не само поради убавиот вкус кој го дава на манџите и јадењата, туку и поради заштитата на другите растенија во градината.


 4. Попрскување на земјата со раствор од кромид.

За овој раствор земете 50 гр. лушпи од кромид и оставете ги во литар вода околу 6 дена покриени. Со оваа смеса испраскајте го земјиштето, секако претходно растворена со уште вода.


5. Пиво

Пивото одлично ги оддалечува полжавите од билките, затоа што неговиот специфичен мирис и вкус ги привлекува кон себе. Се што треба да направите е да земете пластички чашки и да ги поставите под земја се до отворот на чашката и во неа да ставите околу 2 цм. пиво. Полжавите толку многу се привлечени од овој напиток, што за кратко време ќе најдете еден куп на полжави во вашата “мала пивница“.


Еве ви уште неколку слики од дел од овошките и зеленчуците (не успеав да сликнам се).


 




 



Се надевам дека овие совети ви беа од корист, можеби веќе ги применувате, а можеби и ви се нови, меѓутоа како и да е во животот се е ќар.

Доколку употребувате вакви или слични природни методи, ќе ми биде многу мило ако го споделите своето искуство и мислење и со нас. Вашите коментари и совети се повеќе од добредојдени.


Голем поздрав и до скоро читање.

Вики


 

Sunday, April 12, 2015


Велигденски јајца 2015

Здраво драги мои

еве уште еден Велигден дојде и најнапред сакам на сите да ви го честитам овој прекрасен празник па...Христос Воскресе!

Во денешниов пост нема да ви кажувам како да боите јајца (тоа веќе го сторив во статијата http://biodevojka.blogspot.com/2015/03/blog-post_16.html ), туку сакам само да ви ги покажам овогодинешните јајца и кошнички за подарок.

Како и минатата година така и оваа јајцата ги обоив со лушпи од црвен кромид, виолетова зелка и зачин куркума. Еве ги резултатите:

1. Јајцата со лушпа од црвен кромид имаа фантастична црвена боја, многу поубава од лани и лично најмногу бев задоволна од нив.



2. Јајцата обоени со лилакова зелка не ми испаднаа толку убави како лани (можеби зависи од видот на зелката), некои од јајцата ги извадив веднаш штом течноста се олади, едното од нив го држев два часа во течноста во фрижидер, а другото 4 часа. Има голема разлика во бојата. Еве погледнете:


3. Јајцата со куркума се следниве, намерно не ги држев многу затоа што сакав бледо жолтеникава боја.




Дел од јајцата ги разубавив со техниката декупаж со салфетки и белка од јајце (како лепак). Мене лично премногу ми се допаѓаат, а крајниот резултат беше ова:


Голем поздрав и ви посакувам убаво да си го поминете празникот во друштво на вашите најмили.




Вики

 

Friday, April 3, 2015


Направи сам: уметничко дело од стари весници и списанија


Дали имате еден куп на стари весници и списанија со кои не знаете што да направите?
Прво нешто што ви паѓа на памет е да ги фрлите нели??? Не не, немојте. Јас имам еден оригинален предлог за вас за уметничко дело кое е направено токму од стари непотребни хартии од весник или списание.

Идеата за ова нешто ја добив откако во Рим видов едно уметничко дело во кое покрај весникот имаше и стари копчиња, парчиња од текстил и волна. Со оглед на тоа што сакав да направам нешто многу поедноставно, се одлучив само за весникот.

Потребни нешта за реализација на овој проект се:

- стари весници или списнија кои може да бидат во боја или црно бели во зависност од вашата желба и потреба:

- лепак;

- ножици;

- еден молив (нема да ви треба за цртање туку за нешто сосема друго);


Земете еден лист од весникот или списанието и на работ од истиот ставете го моливот и почнете да виткате се додека да се потроши хартијата. Кога ќе стигнете до крајот на листот, нанесете лепак и извадете го моливот од внатре.



Направете многу вакви “стапчиња од хартија“ и на еден картон, стиропор или даска, почнете да ги лепете во различни насоки како вам ви се допаѓа и ви одговара.


Како што веќе напоменав, може да користите црно бели списанија или во боја во зависност од вашата желба и бојата на намештајот каде сакате да го закачите ова уметничко дело.

Јас се одлучив за црно бела варијанта затоа што ми изгледаше многу поинтересно онаму каде што сакав да ја закачам, а и одговараше со мебелот.

Еве го крајниот резултат на она што јас го направив:




Толку едноставно, а навистина многу интересно .
Понекогаш доволно е навистина малку да го разубавиме просторот каде живееме и работиме.

Се надевам дека оваа идеа ви се допадна и дека доколку имате навистина многу списанија, наместо да ги фрлите ќе се обидете да направите нешто вака интересно.

Поздрав и до следната статија

Вики

 

Monday, March 16, 2015


Направи сам: бојадисување на јајца со природни бои плус идеа за кошничка подарок


До велигденските празници не дели нешто помалку од месец и можеби ќе помислите дека е рано уште од сега да се говори за тоа, меѓутоа продавниците низ градот веќе почнаа да продаваат разни велигденски украси, така да, некако добив инспирација за овој пост. Со оглед на тоа што денешниов предлог се однесува на природен начин на боење на јајца за кој состојките треба да почнеме да ги собираме уште од сега, не е на одмет да го објавам порано. Освен природното боење на јајца, ќе споделам со вас и еден интересен предлог за кошничка во која можете да ги ставите јајцата и да ги подарите. Многу лесно се прави, а толку прекрасно изгледа и претставува многу оригинален подарок со кој ќе ги израдувате вашите најблиски за време на велигденските празници. Ајде да започнеме.

 Природно боење на јајца

Оваа техника на боење на јајца им била многу добро позната на нашите баби и прабаби кои на располагање немале бои за јајца како што има денес. Единствено нешто кое го имале на располагање била природата, односно одредени состојки кои имаат способност да бојат. На почетокот од мојот престој во Рим беше навистина многу тешко да се најде боја за јајца, меѓутоа во последните години се појави тренд за боење на јајца кој најверојатно беше предизвикан и од многубројните иселеници во Италија, така да се појавија многу бои на пазарот. Ги пробав сите ладно боење, топло боење,техника на шарање на јајца, техника со кристали, меѓутоа минатата година за прв пат, сакав да пробам нешто ново, односно наместо купените бои решив јајцата да ги исфарбам природно како што тоа го правеле нашите баби и, верувајте ми, после тоа искуство веќе не се враќам на готовите бои (кога ќе ги видите сликите ќе сфатите и зошто). Со природниот метод на боење на јајца се добиваат прекрасни интензивни бои а притоа немора да се грижите доколку јајцето пукне и бојата влезе во него, затоа што станува збор за состојки од природата кои секојдневно ги употребуваме во нашата исхрана.

Оние кои јас лично ги употребив се лушпи од кромид (црвен и жолт), виолетовата зелка и зачинот куркума.

Постојат голем број на процедури при подготовката на боите и начинот на боење на самите јајца, меѓутоа јас лично направив вака.

1. Боење на јајца со кромид

Од кромидот извадете го најгорниот слој, оние суви листови кои не се јадат и соберете ги во една кеса. Токму затоа и го пишувам овој пост уште од сега со цел да имате време да полека ги собирате сувите делови без да мора да купувате 10 кила кромид одеднаш кој можеби и нема да го искористите. Или пак доколку имате познати продавачи замолете ги да ви ги дадат сите оние лушпи кои ќе испаднат од самиот кромид (јас така направив).
Потребно е да соберете навистина многу лушпи од кромид и да ги ставите во едно големо тенџере со многу вода. Ставете ги на рингла и откако ќе почне да врие водата, варете околу 15/ 20 мин. (ставете капак за да ја спречите водата да испарува), исклучете ја ринглата и оставете да се олади.


Откако ќе се олади течноста во истото тенџере, без да го вадите кромидот ставете бели јајца, кои може да бидат обични или пак со листови од билки врзани со хулахопка.
Повторно вклучете ја ринглата на ниска темепература и чекајте водата да почне да врие. Избегнувајте високи температури затоа што белото јајце е многу чувствително и може лесно да пукне. Варете ги јајцата околу 10 мин. и потоа исклучете и оставете ги внатре во водата додека да се излади. Оваа процедура повторете ја за сите јајца. Бојата која ќе ја добиете е следнава:


Јас и за годинешното боење на јајца веќе си се снабдив со лушпи од кромид:


2. Боење на јајца со виолетова зелка

Кој би рекол дека јајцата боени со овој вид на зелка добиваат прекрасна интензивна сина боја.
Процедурата за подготвување на течноста е следна: исецкајте една глава виолетова зелка, ставете ја во длабоко тенџере со многу вода и откако ќе почне да врие варете околку 20 мин. покриена со капак. Исклучете и оставете да се олади. Откако ќе се олади процедурата е иста како и со кромидот, ставете ги внатре белите јајца и на тивок оган варете ги околку 10 мин.
Исклучете и оставете да се олади. Извадете само едно јајце и видете дали сте задоволни од интензитетот на бојата, доколку сакате поинтензивна боја, извадете ги јајцата, процедете ја течноста во еден голем пластичен или стаклен сад, ставете ги внатре јајцата ставете капак на садот и ставете го во фрижидер (никако на собна температура) најмногу до 6 саати. Јас лично ги имав оставено некаде околу 4 саати и бојата која ја добив беше следнава:






3. Боење на јајцата со куркума



Куркумата е зачин кој лично многу го употребувам во кујната, затоа што е многу здрав и дава одличен вкус на јадењата. Неговата интензивна боја одлично ги бои јајцата во жолто.
Процедурата е иста како и за кромидот. Со оглед на тоа што куркумата има навистина интензивна боја нема потреба јајцата да се ставаат во фрижидер по ладењето во течноста. Количината на зачинот куркума (која е во прав) зависи од интензитетот на бојата која сакате да ја добиете. Ви советувам да експериментирате се додека не го добиете резултатот со кој ќе бидете задоволни. Јас лично во мало тенџерче ставив околу 3 големи лажици куркума и добив доста убава жолта боја која изгледаше вака:




Добиените јајца секако премачкајте ги со зејтин за да имаат поголем сјај.
 

4. Украсување на јајцата

За украсување на јајцата кои ги видовте на сликате погоре користев две техники на украсување и тоа:

- со билки завиткани на самото јајце со хулахопка, кој се надевам на сите ви е добро познат. Земаме еден лист кој ни се допаѓа, го навлажнуваме и го ставаме на јајцето онаму каде сакаме да остане бела шара. Врз него ставаме стара хулахопка (бојата на хулахопката не е важна, јас користев и проѕирна и црна, тоа што имав на располагање), убаво се стега (внимавајте да не ви пукне јајцето при стегањето) и се врзува со самата хулахопка (јас пробав и со ластик меѓутоа не ви советувам затоа што ластикот ми се стопи во водата при варењето).

- техника со салфетка
Одберете една убава салфетка со велигденски мотив (зајче, јајца, цветови) извадете го само најгорниот слој на салфетката, оној најтенкиот, исечете ја саканата форма од салфетката, премачкајте го јајцето со белка (никако не користете лепак затоа што е токсичен и може да навлезе под лушпата на јајцето) и врз премачканото јајце ставете ја салфетката и премачкајте уште еднаш одозгора (не користете премногу белка).



Кошничка за јајца

Оваа кошничка за јајца е толку едноставна, а толку убава, интересна и идеална за подарок. Многу е лесно да се направи. Се што ви треба е :


- балон
- волнен или памучен конец со средна дебелина (никако не употребувајте синтетички затоа што не се суши убаво)
- бел лепак vinilik (ќе го најдете во џамбо)


Надувајте го балонот (во зависност од тоа колкава сакате да биде вашата кошничка, одберете поголем или помал балон.).
Во еден пластичен сад растворете малку лепак со вода. Јас лично ставам повеќе лепак, а многу малку вода, затоа што ми се случило неколкупати да добијам многу мека кошничка која се распаѓа. Ви советувам да направите мала количина само за еден балон и да пробате на еден балон за да видите дали на крај резултатот е задоволувачки.
Во таа смеса (вода и лепак) убаво намокрете го волнениот конец не цел одеднаш туку дел по дел како што го нанесувате на балонот и нанесувајте го во различен правец како што ќе ви дојде. Немора да биде совршено, сепак станува збор за производ направен од вас и убавината е во тоа да биде оригинален. Откако ќе го прекриете целиот балон, уште еднаш убаво премачкајте го со остатокот од смесата од лепак ( со помош на прстите или четкичка за сликање) и оставете го да се суши цела ноќ.

Утредента проверете дали конецот е комплетно сув и цврст, и доколку е така со една игличка дупнете го балонот. Конецот ќе остане во форма на балонот и со помош на ножички исечете отвор. Украсете ја кошничката по ваша желба.
Еве ги кошничките кои ги направив лани за Велигден (и сите ги подарив):









Се надевам дека ви се допаднаа овие предлози и дека барем нешто од ова ќе се обидете да направите сами дома. Доколку веќе сте боеле јајца на природен начин или пак сте направиле некој интересен велигденски проект, слободно оставете кометар за вашите искуства.


Вики

Saturday, March 14, 2015


Што сé може да одгледуваме во саксија на нашите тераси


Го обожавам мирисот на зеленчукот и овошјето штотуку скинати од градината, силниот природен вкус, свежината и крцкавоста.
Прекрасно е да се има огромна градина каде можеме да садиме многу видови на зеленчук и овошје, меѓутоа доколку ја немаме, а сепак сакаме нешто свое, нема проблем може да ја создадеме и на нашите тераси.

За прв пат започнав да одгледувам зеленчук пред 3 години на терасата во станот во Рим. Имав огромна тераса и дел ја претворив во органска градина а во останатиот дел одгледував цвеќиња.

Бев пресреќна додека ги гледав зеленчуците како секојдневно растат, комплетно природни од органски семиња, а може да замислите каков е вкусот на свежо набрана салата, или свежи домати во сосот за шпагетите, колач со свежи јагоди и прекрасниот мирис на билките кои ги користев за зачинување на храната.

Кога раснете намирници на тераса во саксии, секако сте ограничени со простор, меѓутоа сè е возможно, потребно е доста сонце и секако посветеност и љубов кон растенијата.

Во продолжение ќе ви покажам што сè јас лично одгледував и одлично успеваше.

1. Јагоди

 Јагодите се одлични за одгледување во саксија и дури една мала билка може да даде многу плодови. Јас лично бев изненадена од мојата, даде навистина многу плод и, верувајте ми, последната јагода ја изедов на 6 октомври и беше преблага.





2. Домати


Имав посадено три билки домати кои ми дадоа доста плод, некаде околу 50 домати. Истата билка дава плодови повеќе месеци. Нема поубаво од свежо направен сос од домати на шпагети. Вкусот и мирисот е незаменлив.


 

3. Разни видови на зелена салата

Нема нешто повкусно од свежо набрана салата, убаво зачинета и крцкава. Салатите одлично успеваат на тераса во саксија и многу брзо растат. Еве погледнете ги сликите од моите.


4. Чили пиперчиња

Имаат потреба од многу сонце на терасата и една билка може да даде дури и до 100 пиперчиња (мојата нешто помалку, околу 40 поголемата и 15 малата). Може да ги исушите и да ги користите и зимно време како додаток во јадењето доколку обожавате малку лутко.

5. Нане

Една од моите омилени билки која дава одличен вкус на јадењата. Одлично успева во саксија и е доста издржлива.


6. Власец и мајчина душица со вкус на лимон (ги засадив во иста саксија)

Најнапред ми беше страв да ги ставам еден до друг, меѓутоа одлично “се дружеа“.
Власецот е фантастичен и многу ми се допаѓа неговиот вкус. Тоа е еден вид на зелено кромитче со поблаг вкус, кое одлично го збогатува вкусот на јадењата.
Мајчината душица со вкус на лимон е одлична како зачин за риба или морска храна.


7. Босилек (за жал немам слика)

Одгледував два вида на босилек зелен и виолетов кој се разликуваа во интензитетот на мирисот и вкусот. И двата вида одлично успеваат во саксија.

Во продолжение сакам да ви покажам уште слики од се она што одгледував на терасата.


Дали некогаш сте се обиделе да одгледувате зеленчук или овошје во саксија?
Што е она што најчесто го одгледувате на вашите тераси?
Ве поканувам слободно да ги споделите вашите искуства.


Вики
5 comments:  

Wednesday, March 11, 2015


Направи сам: природен спреј од лаванда

Колку е прекрасно кога домот убаво мириса, а постелнината е свежа и миризлива.
Голем е бројот на освежувачите кои се нудат на пазарот и вистина е дека фантастично мирисаат, но голем дел од нив се полни со хемиски состојки кои се доста токсични за нашето здравје, а испрскувајќи ги низ домот ние секојдневно ги вдишуваме.
Овие токсични состојки може да бидат причина за голем број на алергиски реакции. Меѓутоа не грижете се, постојат и природни начини на освежување на домот, постелнината и облеката, и што е најдобро од се, може да си ги направиме сами според нашиот сопствен вкус.



Денес во рубриката направи сам со вас ќе споделам еден навистина многу лесен рецепт за природен спреј од лаванда кој може да го употребувате за многу нешта во вашиот дом.

Подготовка

 За реализација на овој спреј потребни ви се само три состојки и тоа:


- една супена лажица вотка
- 25 капки етерично масло од лаванда (или друго по ваш избор, но користете чисти етерични масла)
-100 мл дестилирана вода
- чисто спреј шише од 125 мл.

Доколку сакате да направите поголема количина секако зголемете ги состојките во зависност од грамажата на вашето шише.

Најнапред во празното спреј шише ставете го етеричното масло од лаванда, а потоа додадете ја вотката. Целта на алкохолот во овој рецепт е подобро да ги врзе етеричното масло и водата.
Откако убаво ќе ги измешате овие две состојки додадете ја водата и убаво протресете го шишето. Како што гледате, беа потребни само 5 мин. за да направите прекрасен природен освежувач на простории и ткаенини. Сетете се убаво да го протресете шишенцето пред секоја употреба.

Употреба

Како што веќе напоменав овој спреј може да го употребувате за многу работи и тоа:

1. Освежувач на просториите во вашиот дом:
испрскајте мала количина од овој спреј во просторијата која сакате убаво да мириса.

2. За убав мирис на постелнина:
по местењето на постелнината на креветот, испрскајте ја со овој спреј доколку сакате истата поубаво да мириса.



3. За подобар сон:
пред спиење, испрскајте мала количина од спрејот на перницата. Мирисот на лавандата не само што ќе ве релаксира и опушти, туку и значајно ќе го подобри квалитетот на сонот (секако важно е да не се претерува со количината, затоа што може да се постигне спротивен ефект).

4. За убав мирис на алишта:
испрскајте малку од овој спреј во плакарот или фиоките каде чувате облека. Вашите алишта прекрасно ќе мирисаат.

5. За пеглање:
испрскајте ги алиштата со овој спреј и потоа поминете со пеглата. Мирисот на лавандата ќе остане во вашите алишта.

6. За убав мирис на перничиња и завеси низ домот
доколку сакате вашите завеси и перничиња на каучот да мирисаат прекрасно, испрскајте ги со овој спреј.



7. Спреј за тело:
доколку направите варијанта без алкохол, може да го користите и како спреј за тело.

напомена: имам прочитано дека мачките се алергични на мирисот на лаванда. Јас незнам дали е тоа така, меѓутоа доколку имате мачка пожелно е претходно да се консултирате со ветеринар околу изборот на етеричното масло. 

Зошто да купуваме готови производи кои се ем многу токсични ем многу скапи, кога сами може да си направиме прекрасен природен производ.

Дали би ви се допаднало да направите еден ваков спреј?
Кое етерично масло би го одбрале?
Слободно ве поканувам да оставите ваши коментари под самиот текст.


Вики

 

Comments