Состојки

Monday, October 31, 2016

Природна депилација со лимон и шеќер за перфектно мазни нозе

Здраво драги мои,

во изминатиов период добив навистина многу прашања за шеќерната депилација како природна замена на парафинскиот восок кој најчесто се користи за оваа цел, што се одлучив не само да напишам нешто околу тоа, туку и да ви дадам рецепт како најдобро сами да ја направите дома.

Шеќерната депилација е навистина стар метод на депилација за чија подготовка потребни се само две состојки и тоа шеќер и лимон. Претставува природна и економична варијанта на класичната депилација со восок која не само што ќе ги направи мазни вашите нозе, туку и истовремено ја негува кожата со оглед на тоа што шеќерот претставува одлична состојка за омекнување и нега на самата кожа.

Одлично ги отстранува и најмалите влакненца и истoвремено ги отстранува мртвите клетки од кожата. Лесно се отстранува со вода, со оглед на тоа што станува збор за шеќер, така да по депилацијата го немате она лепливо чувство како кај класичната каде е потребно масла и пудра за да се отстрани.

Ајде најнапред да започнеме со подготовката на смесата, па потоа ќе ви кажам на кој сѐ начин може да ја користите.


Постојат повеќе методи и начини за подготовка на оваа шеќерна паста, и јас лично имам пробано неколку различни. Она што мене најдобро ми одговара е следново:

18 супени лажици шеќер
сок од три лимони

Оваа доза е секако повеќе од она што ви е потребно, меѓутоа убавото е во тоа што може да ја направите повеќе одеднаш и да ја загревате секојпат кога ќе ви биде потребна.

Најнапред со помош на една цедилка исцедете го лимонот и прецедете го во едно тенџере за да избегнете да навлезат евентуалните парченца лимон или семки.

Додадете го шеќерот и убаво промешајте. Вклучете ја ринглата на ниска температура и откако смесата ќе почне да врие варете точно 11 минути со постојано мешање. Имам пробано и со помалку и со повеќе време, меѓутоа доколку го вариме помалку не се добива онаа убава смеса за депилација а со повеќе смесата не е иста, така да 11 мин. од мое искуство се идеални.

Многу е важно да се вари на ниска температура. Со текот на времето шеќерот ќе добива боја (накај кафенка) таќа да кога ќе добие убава бакарно кафенкаста боја готов е за употреба.

Еве ви приказ на процедурата


Префрлете ја смесата во една тегла и оставете комплетно да се излади. Откако ќе се излади смесата ќе биде премногу тврда. Јас секогаш ја правам оваа смеса ден претходно а ја користам ден потоа, затоа што подобри резултати ми дала кога повторно ќе ја загреам.

На сликата ја ставив смесата (дел од неа) во мала тегличка за да биде поелегантна сликата на блогот. Инаку се добива многу повеќе од ова што го гледате.

Наредниот ден загрејте вода, ставете ја теглата со шеќерната смеса да се растопи и подгответе се за употреба на истата.

Нанесете смесата со помош на еден тап нож (како овој на сликата) или една шпатула за депилација (доколку ја имате) директно на оној дела каде сакате да го депилирате. Внимавајте само смесата да не биде премногу жешка за да не се изгорете. Пробајте ја секогаш со прстот пред да ја нанесете.


Врз смесата ставете едно парче материјал исечено како лента. Материјалот може да биде памучна маица, стари фармерки или стара постелнина која веќе не ја употребувате. Убаво притиснете ја лентата врз шеќерната смеса и повлечете во правец спротивно од растењето на влакната.

По потерба повторете ја депилацијата на истото место. Една иста лента може да ја користите повеќепати.



Кои се предностите на овој вид на депилација?

1. Најнапред е доста хигиенска со оглед на тоа што ја користите само еднаш и потоа правите нова. Лимонот има антибакретиско и антисептичко дејство.

2. Овој вид на депилација е доста економична со оглед на тоа што потребни се само шеќер и лимон кои може да ги најдете во сите супермаркети. Со кило шеќер ќе се издепилирате навистина многупати (во зависност од густината на влакното).



3. Овој вид на депилација е навистина многу еколошка со оглед на тоа што е составена од природни состојки кои може и да се конзумираат и лесно се разградуваат во природата, за разлика од парафинскиот восок кој не е биоразградлив. Оваа природна варијанта може да кажеме и дека е пријател на нашата околина.

4. Шеќерната депилација ја измазнува кожата и ја прави како свила. Благодарение на моќта на шеќерот, кожата ќе биде убава и мека. иритациите ќе бидат намалени, а и појавата на поткожни влакна се намалува.

5. Овој вид на депилација помалку боли од класичната. Ова секако е и индивидуално, меѓутоа поголем број на девојки кои се префрлиле на овој вид на депилација сфатиле дека е помалку болна од класичната. Јас веќе долго време ја користам оваа депилација во комбинација со машинка за депилирање која одлично ми одговара со оглед на тоа што имам малку влакна кои се тенки.

Се надевам дека оваа статија ви беше од корист.

Дали и вие ја користите шеќерната депилација и колку сте задоволни од истата?

Доколку се обидете да ја направите според овој рецепт пишете како ви се допаднала.

Поздрав
Вики


Saturday, October 29, 2016

Како да ги избереме маслата за масажа


Маслото кое се користи за време на масажите е од огромна важност не само затоа што го олеснува самиот процес на масажа, туку и затоа што претставува средтсво за пренесување на топлината од рацете на масажерот врз кожата на тој што ја прима масажата.

Истовремено, маслото ја прави кожата помека, ја храни, и ја прави самата кожа поеластична.

Во продажба постојат многу разни растителни масла кои честопати се користат за оваа намена и многумина од вас постојано ме прашуваат кое масло е најпогодно и најдобро за масажа на кожата. Одговорот на ова прашање е : “зависи“.

Сите сме различни па и изборот на вистинското масло за масажа како што напоменав зависи тоа од повеќе фактори како: видот на кожата, видот на масажа, нашиот сопствен вкус (на сите не ни се допаѓаат сите масла и понекогаш не го поднесуваме природниот мирис на одредени масла).

Како и да е целта на оваа статија е да ви дадам неколку совети на што да внимавате при изборот на едно добро масло и секако како да го употребувате.

Маслата за масажа, во зависност од типот на масажа, најчесто се состојат од базно масло (она кое се користи како база) и етерично или микс од етерични масла кои се додаваат во базното масло. Видот и количината на етеричното масло зависи пред сѐ од видот на масажа и делот каде таа масажа треба да се изведе (лице, тело, антицелулитна и.т.н)

Како правилно да го избереме базното масло


Најнапред базното масло го избираме според видот на нашата кожа и целта на третманот.

Доколку имаме намера да избереме масло за масажа на лицето а имаме на пример комбинирана до масна кожа во тој случај најдобри масла за оваа намена се: јојоба, лешник и масло од семки на грозје.

За нормална кожа може да одберете кокосово масло, арганово масло, масло од макадамија и.т.н.

Доколку кожата на лицето е екстремно сува во тој случај избираме: масло авокадо, масло од пченични никулци, маслиново масло, бадемово масло и.т.н.

За масажа на телото доколку имате многу сува кожа може да одберете маслиново масло, масло од сусам или бадемово масло, а доколку сакате некое полесно масло како база може да изберете масло од ориз, сончогледово масло или масло од семки на грозје.


Претходно напоменав дека изборот на маслото освен видот на нашата кожа зависи и од нашиот личен вкус, така да многумина би избрале сончогледово или бадемово масло кое е без мирис, отколку на пример маслиново чиј мирис е потежок и се чувствува.

За едно масло да биде комплетно, во него се додава/ат и етерични масла во зависност од ефектот кој сакаме да го добиеме и целта на третманот.

Без разлика на тоа кое масло ќе го одберете, би сакала само да ви дадам неколку совети кои се однесуваат на сите видови на масла, односно на што да внимавате при нивниот избот:

- бирајте само чисти растителни ласно цедени масла и апсолутно избегнувајте ги производите на база на течен парафин или минерални масла. Нема ништо полошо отколку да ја мачкаме кожата со вакви нафтени деривати кои воопшто и не ја негуваат кожата, туку ја запушуваат и оневозможуваат истата правилно да дише.

- одредени видови на масла како маслиново, масло од сусам, сончогледово и масло од семки на грозје, може слободно да ги купите од супермаркетите (во одделот за масла за исхрана). Не само што премногу ќе заштедите (во супермаркетите литар ладно цедено масло ја има истата цена како 100 грама ладно цедено масло за козметчки цели), туку и самото масло ќе може да го користите како за надворешна, така и за внатрешна употреба.


- внимавајте на готовите масла за масажа кои се наоѓаат во продажба: голем дел од нив се на база на минерални масла.

Во продолжение би сакала да ви дадам неколку корисни информации за најчесто употребуваните масла за масажа.

БАДЕМОВО МАСЛО

Ова масло е едно од најупотребуваните масла и одлично за масажа со оглед на тоа што нема мирис и може да се користи само или во комбинација со други масла.

Друга позитивна работа околу ова масло е што истото доста трае и тешко ужегнува (односно се расипува).

Одлично ја негува сувата кожа на телото и има големо омекнувачко дејство.

КОКОСОВО МАСЛО


Ова масло одлично ја негува и храни кожата. Има благ мирис на кокос, па доколку не сте љубители на овој мирис ви советувам да одберете некое неутрално масло.

Ова е едно од моите омилени масла за масажа, особено еден вид на кокосово масло со мирис на монои од тахити кое едноставно го обожавам.

Единствена негативна страна е што зимно време се стврднува, па секогаш кога ќе сакате да направите масажа, потребно е претходно да го растопите на пареа или помеѓу дланките.

МАСЛО ОД СУСАМ

Ова е едно од најупотребуваните масла за масажа во ајурведската медицина. Содржи висок процент на есенцијални масни киселини ( на пример лонолеинска) и антиоскиданти.

Го подобрува тонусот на кожата, има благо прочистувачко дејство и одлично е како третман за грчеви во мускулите и проблеми со циркулацијата.

Ова масло може да се користи за масажа само или во комбинација со други масла.

МАСЛО ОД ЈОЈОБА


Маслото од јојоба исто така е многу лесно масло и е едно од маслата кое по структура е најблиску до нашата кожа. Одлично е како масажа на лицето доколку имате комбинирана или масна кожа.

Ова масло е одлична база за скоро сите етеични масла. Исто така е едно од најтрајните масла, со оглед на тоа што навистина многу тешко оксидира и ужегнува и е доста трајно.

Доколку сакате да прочитате повеќе за ова масло и да дознаете за што се може да го употребувате, ви предлагам да ја прочитате статијата масло од јојоба: вистински дар од природата.

МАСЛО ОД ПЧЕНИЧНИ НИКУЛЦИ

Ова масло е премногу густо за да се користи само за масажа, така да најчесто се користи како додаток (10%) во комбинација со други полесни масла како бадемово или сончогледово.

Маслото од пченични никулци е фантастично за сува и возрасна кожа затоа што има навистина висок процент на витамин Е.

За масажа на лицето ова масло видно ја подобрува структурата на кожата и ја подобрува нејзината еластичност.

Како масло за масажа на телото, особено е корисно кај спортистите со оглед на тоа што ја олеснува болката во мускулите.


 МАСЛО ОД АВОКАДО


За ова масло веќе имам пишувано во оваа статија, меѓутоа ќе напоменам дека компонентите присутни во ова масло го поттикнуваат клеточниот метаболизам на обновување на клетките на кожата, придонесуваат за задржување на еластичноста на самата кожа и имаат големо анти ејџ влијание.

Редовната апликација на ова масло на кожата на лицето ја намалува појавата на брчки на лицето и ја оддржува елстичноста на кожата, а со тоа и самиот сјај и свежина. Одлично е за сува или многу сува кожа, како и за возрасна кожа и кожа без сјај.

МАСЛО ОД ЛЕШНИК

Ова е многу убаво и лесно масло кое е одлично за проблематична и комбинирана кожа, со оглед на тоа што лесно се впива и воопшто не масти, меѓутоа одлично е и како база за антицелулитни третмани.

Може да се користи чисто или во комбинација со други масла.

СОНЧОГЛЕДОВО МАСЛО


Сончогледовото масло исто така е едно од најупотребуваните масла кога станува збор за масажа на телото со оглед на тоа што е без мирис, лесно и одлично се комбинира со скоро сите останати базни масла.

Може да се користи чисто или во комбинација со други масла.

МАСЛИНОВО МАСЛО

Ова масло е идеално за масажа на телото за многу сува кожа.

Може да се користи чисто, меѓутоа единствена маана му е силниот мирис кој не секој го поднесува.

АРГАНОВО МАСЛО


Наречено еликсир на природна убавина, маслото од арган има терапевтски, но пред се естетски бенефиции.

Маслото од арган е богат извор на витамините А, Е и Ф, како и омега 6 и 9 масни киселини. Токму поради овој свој состав маслото од арган е од голема важност за убавината на кожата: витаминот А е неопходен за убавината на нашата кожа, витаминот Е има антиоксидантно дејство и го забавува процесот на стареење на кожата, додека витаминот Ф е неопходен за задржување на еластичноста на кожата.

Најдорбо е доколку се користи чисто.

МАСЛО ОД МАКАДАМИЈА

Слично на маслата од јојоба и лешник, и маслото од макадамија одлично се впива во кожата без да ја масти. Според тоа и ова масло е одлично за оние кои имаат комбинирана до масна кожа со оглед на тоа што можеби е единствено кое содржи палмитолинска киселина која е природно присутна и во нашиот себум.

За масажа на телото, препорачливо е да се користи во комбинација (10%.) со бадемово масло или масло од лешник.

За на крај би сакала да ви посакам пријатна масажа и до следно читање.

Вики

 

Monday, September 19, 2016


Здрави и убави со маслото од семки од грозје


Освен плодот и сокот од грозјето, за целокупната состојба на нашиот организам а и здравје на кожата и косата, од огромна важност е и маслото од семки од грозје.

Помалку познато од останатите растителни масла, ова масло е богато со полифеноли и линолеинска киселина кои претставуваат извор на здравје и добросостојба, со оглед на тоа што имаат огромно антиоксидантно дејство и го забавуваат процесот на стареење не само кога станува збор за кожата, туку и за целокупниот организам.

Маслото од семки од грозје ја подобрува функцијата на кардиоваскуларниот систем и го намалува нивото на лошиот холестерол. Важно е да се напомене дека треба умерено да се користи во исхраната и дека не треба да претставува замена на маслиновото масло, туку негово надополнување.

Важно: кога ќе го купите маслото, добро прочитајте дали е наменето за конзумирање или само за козметички цели.

Како што кажува и самото име ова масло се добива од семките на грозјето. Секое зрно грозје содржи од една до четири семки внатре.


Во оваа статија ќе се задржиме на козметичките употреби на маслото од семки од грозје.

Масло од семки од грозје за кожа

Ова масло има антиоксиданто, омекнувачко и себо-регулирачко дејство врз кожата. Токму поради неговата лесна структура кожата веднаш го апсорбира и претставува едно од ретките масла кое одговара и за комбинирана до масна кожа. Ова дејство е зголемено доколку се користи во комбинација со некое етерично масло погодно за масна кожа со црнки и акни, на пример чајно дрво или рузмарин.

Исто така, ова масло е погодно и за сува кожа со оглед на тоа што ја храни и омекнува.

Благодарение на антиоксидантното дејство, ова масло го спречува дејството на слободните радикали и го забавува стареењето на кожата.

Маслото од семки од грозје одлично ја омекнува кожата и дава прекрасен сјај. Има благо избелувачко дејство и одлично е во третманите за темни дамки на кожата.

 Ова масло е погодно и како база за масажа, само или во комбинација со етерични масла. Ја подобрува циркулацијата и е одлично во антицелулитните третмани.

Со оглед на тоа што ја оддржува и еластичноста на кожата, маслото од семки од грозје е фантастино како превенција на кожата од стрии.


Домашни рецепти за кожа со масло од семки од грозје.

Во продолжение би сакала да ви дадам неколку интересни рецепти или начини како да го користите ова масло во козметички цели за нега на кожата.

Пилинг за лице 

Помешајте малку шеќер (или кокосово бражно доколку имате чувствителна кожа)  со малку масло од семки од грозје, и направете благ пилинг на лицето. Убаво иззмијте со млака вода и миењето звршете го со ладна за да ја подобрите циркулацијата.

Маска за лице за сува кожа

Оваа маска е идеална доколку имате сува кожа која затега и пецка, со оглед на тоа што ја омекнува и ја прави поеластична.

Земете две- три зрна грозје и убаво изгмечете ги се додека добиете убава густа смеса. Додадете малку масло од семки од грозје и малку мед и нанесете ја смесата на лицето.
Оставете да отстои 10 минути и измијте со млака вода. Миењето завршете го со ладна вода за да ја подобрите циркулацијата.

Маска за лице за комбинирана до масна кожа

Земете пет до шест зрна грозје и убаво изгмечете ги. Земете го само сокот и додадете малку масло до семки од грозје и малку зелена глина, сѐ додека не добиете убава смеса која не е ни многу течна ни многу густа.

Нанесете ја на исчистено лице околу 10 мин. и измијте со млака па со ладна вода. Доколку кожата ви е комбинирана, нанесете ја оваа маска само на Т зоната каде кожата се масти.

Анти ејџ серум за возрасна кожа

Помешајте две лажици масло од семки од грозје со една лажица масло од пченични никулци. Доколку имате додадете 4 капки етерично масло од лаванда. Префрлете ја смесата во едно празно шишенце и користете го серумот навечер на убаво исчистено лице.

Масло од семки од грозје за коса


Ова масло е одлично и за нега на косата, со оглед на тоа што длабински ја храни и го зголемува сјајот на влакното. Исто така ја штити косата од стрес при нагли промени на температура како ладно во зима и топло во лето.

За најдобро да се искористат позитивните влијанија на ова масло врз косата, потребно е барем еднаш во 10 дена да правите маслен третман со масло од семки од грозје.

Најнапред, благо навлажнете ја косата и нанесете од маслото. Завиткајте ја со кеса и врз неа ставете пешкир. Кратко загрејте со фен (околу 2-3 минути) и оставете да делува околу час време.

По истекот на времето, измијте ја косата како што обично правите.

Уште по првиот третман ќе забележите дека вашата коса е помека, посјајна и поубава.

Во случај на масен корен земете една лажица масло од семки од грозје и две капки етерично масло од жалфија. Со оваа смеса направете блага масажа на коренот на косата (без многу притискање или нагли движења), оставете да делува 10 мин. и измијте ја косата со убав благ шампон.

Дали досега го имате пробано ова масло и за што најчесто го користите?

Поздрав
Вики

 

Saturday, September 10, 2016

Пет фантастични третмани со грозје за кожа која зрачи со здравје и убавина


Во овие сиви есенски денови токму свежото грозје ќе направи нашата кожа да блеска благодарение на  високо корисните состојки како витамин А, витамини од групата Б, витамин Ц и минерали како потасиум, железо, фосфор, калциум, магнезиум.

Полифенолите и биофлавоноидите во грозјето се состојки кои имаат еден спектар на фантастични ефекти врз нашата кожа: ја хидрираат кожата, ја подобруваат еластичноста и имаат способност да ја регенерираат самата кожа.

Со други зборови, влијанието на грозјето е навистина од непроценлива вредност и не е ни чудо што сѐ повеќе производители го користат при подготовката на кремите и останатите козметички производи, а голем број на центри за убавина нудат маски и третмани токму на база на грозје.

Ајде максимално да го искористиме ова прекрасно мало овошје во сопствените домови, претворајќи ги барем еднаш неделно во приватен вистински СПА центар.

Пилинг за лице од грозје



Исцедете сок од малку грозје и помешајте го со една од овие смеси: сода бикарбона (доколку имате масна кожа), шеќер (доколку имате нормална кожа) и кокосово брашно (доколку имате исклучително чувствителна или сува кожа).

Со благи кружни движења, без многу притискање, нанесете ја смесата на убаво исчистено лице. Измијте со млака вода.

Овој пилинг ја ослободува кожата од мртвите клетки и го враќа убавиот изглед и сјај.

Маска за лице од грозје за комбинирана до масна кожа

Оваа маска е одлична за комбинирана до масна кожа, особено ако имате проширени пори и црнки на лицето.

- две три зрна грозје;
- малку јогурт
- малку мед

Во еден толчник убаво истолчете ги зрната грозје и претворете ги во каша што е можно повеќе. Додадете малку јогурт и мед и нанесете ја смесата на убаво исчистено лице.
Оставете да делува 15 мин. и убаво измијте го лицето со млака вода.


Маска за избелување на кожата

Оваа маска има благ избелувачки ефект и огромно антиоксидантно дејство. Ја регенерира кожата и ја прави посјајна и покомактна.

Истиснете го сокот од три зрна грозје и додадете малку сок од портокал, мед и јогурт. Нанесете ја смесата на убаво исчистено лице и држете ја околу 10 мин.

По истекувањето на времето убаво измијте го лицето со млака вода.

Маска за сува кожа

Убаво изгмечете две до три зрна, додадете малку млеко и масло (по ваш избор) и малку нишесте додека да добиете убава смеса ни многу густа ни многу течна.

Нанесете ја маската на убаво исчистено лице и оставете да делува околу 10 мин.
По истекот на времето измијте го лицето со млака вода и нанесете убав хранлив крем за лице.


Тоник за лице од грозје 

Ова не е класичен тоник за лице, туку претставува еден вид на тоник маска за лице. Сѐ што треба да направите е да исцедите сок од 3/4 зрна грозје и со помош на едно памукче да го нанесете на лицето (избегнувајќи ја зоната околу очите).

Оставете да делува 10 мин. и измијте го лицето со млака вода.

По овој третман кожата ќе ви стане посјајна, поздрава и секако тенот ќе биде подобрен.

За подобри резултати ви советувам да ги правите овие третмани еднаш неделно, во комбинација со конзумирање на сокот од грозје наутро на гладно срце како што ви предложив во оваа статија.

И виното исто така има прекрасно влијание врз убавината на кожата, па доколку сакате да дознаете како да го користите ви советувам даја прочитате статијата за влијанието на црвеното вино врз здравјето на нашата кожа.





Се надевам дека овие третмани ви се допаднаа, а вие доколку ги пробате пишете ваши импресии под самиот текст.

До следно читање
Вики

Thursday, September 8, 2016

Грозје: вистински еликсир за здравје и убавина


Есента ни дава различни видови на грозје, кое претставува одлична храна како за организмот, така и за убавината и здравјето на кожата.

Ова малечко овошје во своите слатки зрна го зачувало целото сонце од изминатиот летен и топол период, и претставува рудник на многу активни и ценети состојки како шеќери, танин, витамин А, витамини од групата Б, витамин Ц и минерали како потасиум, железо, фосфор, калциум, магнезиум.

Полифенолите и биофлавоноидите во грозјето се состојки кои имаат еден спектар на фантастични ефекти врз нашата кожа: ја хидрираат кожата, ја подобруваат еластичноста и имаат способност да ја регенерираат самата кожа.

Во денешнава статија ќе проговориме за корисните дејства на грозјето врз организмот (конзумирано внатрешно) а во наредната ќе се задржам на неговото влијание врз убавината на нашата кожа и ќе ви дадам многу рецепти за маски и пилинзи.

Најнапред, една од најголемите дилеми на сите е дали грозјето дебелее?

Калориски гледано грозјето има околу 61 kcal за 100 грама во споредба со останатите есенски овошја како јаболко 40  kcal, круша 60  kcal, слива 55 kcal, и секако не треба да се демонизира дека дебелее. Меѓутоа содржи голем број на шеќери и затоа треба сепак да не се претерува во конзумирањето на ова овошје.

Во секој случај треба да се знае дека грозјето претставува волшебно овошје кое доколку се вклопи во еден здрав стил на живот и правилна исхрана, може да даде неверојатни резултати.

Во следниов приказ може да ја видите хранливата вредноста на грозјето:


Не се препорачува на дијабетичарите, меѓутоа претставува одлична храна најнапред за спортистите, но и за останантите доколку се конзумира во умерени количини.

Трудниците може да го конзумираат, меѓутоа најдобро преку ден а не навечер со оглед на тоа што дава енергија.

Кои се бенефициите од конзумирањето на ова овошје?

- ги зајакнува коските: грозјето изобилува со голем број на минерали меѓу кои и бор кој ја помага апсорбцијата на калциум во коските. Може да го јадете во комбинација со сусам (кој е исклучиво богат со калциум), со оглед на тоа што борот од грозјето ќе помогне побрзо да се апсорбира калциумот од сусамот;

- го буди целиот организам: со доаѓањето на есента понекогаш се чувствуваме уморни и без енергија. Доколку наутро или за ужинка земете малку грозје, истото ќе го разбуди вашиот организам и ќе ви даде енергија;


- го штити срцето: грозјето (особено она црното) содржи ресвератрол, еден вид на полифенол кој е огромен антиоксиданс и има антиканцерогено дејство врз човековиот организам;

- го намалува нивото на лошиот холестерол и ги прочистува бубрезите, црниот дроб и системот за варење;

- ја подобрува работата на системот за варење на храната: грозјето има лаксативно дејство и е одлично доколку имате проблем со “мрзливи црева“;

- го подобрува видот: едно испитување на универзитетот во Мајами покажа дека грозјето одлично го зајакнува видот и го подобрува здравјето на нашите очи;

- го подобрува сјајот, здравјето и убавината на кожата: благодарение на многубројните вредни состојки, грозјето има одлично влијание врз нашата кожа. Ја оддржува еластичноста, го помага производството на колаген, има антиоксидантно дејство и ги контрастира слободните радикали и помага во избелување на дамките на кожата.

Подетално за овие дејства ќе говорам во следната статија.


Сфатвме колку грозјето е од непроценлива вредност за нашиот организам, меѓутоа како најдобро да го конзумираме со цел да ги извлечеме сите овие вредни состојки?

Освен тоа што може да се конзумира свежо за доручек или ужинка, би сакала да ви предложам два навистина оригинални начина за конзумирање на грозјето, или поточно неговиот сок, кој се надевам дека ќе ви се допаднат со оглед на тоа што го прочистуваат нашиот организам и пожелно е да се прават токму овој период на промена на годишните времиња.

Есенско прочистување на организмот со грозје

Во текот на целиот месец ви препорачувам да го прочистите вашиот организам на следниов начин: наутро на гладно срце земете свеж сок од грозје (во соковник ицедете го грозјето, најдобро доколку е црно) и додадете половина лажичка мед.

Пијте го на гладно срце 10 мин. пред доручекот.

Бенефициите од овој напиток се многубројни и тоа:

- го прочистува црниот дроб од токсини;
- го намалува лошиот холестерол во крвта;
- го зајакнува имунитетот и претставува вистинска вакцина против настинки и грипови која и те како е добредојдена во овие променливи температури.


Доколку внимавате на шеќерите во тој случај пробајте го следниов напиток: наутро направете си малку зелен чај и оставете малку да се олади.

Во една шоља ставете половина од чајот а другата половина цеден свеж сок од грозје. Додадете и половина лажичка мед и пијте го наутро на гладно срце 10 мин. пред појадокот.

Овој напиток има големо антиоксиданстно дејство благодарение на зелениот чај и сокот од грозје, а медот има големо антивоспалително и антивирусно влијание.

Го штити вашиот организам од надворешните влијание, го прочистува и секако претставува еден валиден напиток за зајакнување на организмот против првите настинки кои доаѓаат.

Јас навистина сакам многу грозје и мое омилено е црвеното. Зеленото го јадам многу поретко.

Кој е вашиот омилен вид на грозје и колку и како најчесто го конзумираѕе?

Вашите коментари се добредојдени под самиот текст.

Вики

 

Tuesday, August 9, 2016


Домашно масло од морков: синоним за убава, еластична и младешка кожа


Здраво драги мои,

како што можевте да прочитате од насловот во денешнава статија ќе говориме за маслото од мокров и тоа она кое нам најмногу ни се допаѓа, односно домашно подготвеното.

Ова масло е едно од најомилените на поголем број на девојки и жени со оглед на тоа што претставува фантастичен производ за регенерација, детоксификација и хранење на кожата. Особено е корисно кај возрасната кожа со оглед на тоа што е богато со витамин А и ја оддржува еластичноста на кожата и со самото тоа ја спречува појавата на брчки.

Исто така ова масло ја стимулира и циркулацијата, а одлично ја намалува мускулната напнатост и помага при проблеми со артритис и реума.

Ајде најнапред да го направиме, па потоа ќе проговорам на кој начин најдобро да ги искористиме неговите бенефиции.

Доколку се сеќавате во една моја статија ви дадов рецепт за домашни масла од лаванда и невен кои ги правев со ладен метод, односно исушената билка ја оставав потопена во масло на суво месо околу 40 дена. Ладниот метод ми е омилен, меѓутоа овде ќе ви предложам еден друг вид на метод со оглед на тоа што како база не користиме сува билка, туку свеж морков кој во својот состав содржи вода.


Кога правам домашни масла со свежи билки или (во случајов) зеленчук, секогаш го употребувам методот на пареа, со оглед на тоа што доколку го правиме со ладниот метод мала количина од водата може да остане во маслото и да придонесе до прбргу расипување (односно ужегнување) на истото.

За домашното масло од моркови потребни ви се:

- моркови;
- сончогледово масло;
- чиста тегла;
- поголемо тенџере;
- една крпа
- вода

Најнапред убаво измијте ги морковите и дколку морковот не е органски, малку исчистете го најгорниот дел гребејќи го со помош на еден нож. Измијте ги морковите и оставете ги врз една крпа убаво да се исушат.

Откако се исушиле со помош на едно ренде за храна изрендајте ги ситно, ставете ги во теглата и потопете ги со маслото. Сите моркови треба комплетно да бидат покриени со масло.


Во меѓувреме во едно големо тенџере ставете ја на дното крпата, ставете ја врз неа теглата и наполнете вода во тенџерето. Внимавајте водата да не ви влезе во тегличката со масло.


Вклучете ја ринглата и откако водата ќе почне да се загрева, ставете ја на најниска температура и оставете така да подврива околу 3 часа. Нивото на водата треба да биде онолку колку и маслото во тегличката.

Од време на време додавајте вода во тенџерето затоа што испарува.

По истекот на времето оставете го маслото со морковите да се излади (најдобро цела вечер) и утредента процедете го со помош на една цедилка за чај. Убаво стискајте ги морковите со едно мало лажиче за да испуштат што повеќе од убавите состојки.


Откако ќе го прецедите оставете го во шишето или теглата каде сте го прецедиле уште еден ден, па направете второ процедување со помош на една газа.

При второто процедување внимавајте да не го ставите она последното масло на крај, затоа што доколку има малку вода, токму таму ќе се собере.

Ете, вашето домашно масло од морков е готово и сега може да преминеме на употребата.


Како што веќе напоменав на почетокот, ова масло е фантастично за кожата затоа што има огромно ревитализирачко дејство врз самата кожа благодарение на витаминот А, одредени витамини од групата Б, потоа ПП и Д. Маслото од морков е познато по тоа што ја задржува еластичноста на кожата и ја намалува или подобро речено забавува појавата на брчки на лицето. Исто така одлично е и за сува кожа.

Се користи на тој начин што мала количина од маслото (неколку капки) се нанесува на убаво исчистена и благо навлажнета кожа, најдобро навечер со цел кожата што подобро да ги искористи сите хранливи состојки.

Може да го нанесувате и во комбинација со алое вера гелот.

Доколку имате проблем со болки во мускулите, во тој случај во 50 мл. масло од морков додадете 20 капки едно од следниве етерични масла (или комбинации): лаванда, рузмарин, еукалиптус, мента, и масирајте го пределот каде имате болки.
Доколку како единствено етерично масло користите само мента или само еукалиптус, во тој случај ставете само 10 капки со оглед на тоа што се доста силни.

Доколку сакате што подолго да го задржите бронзениот тен по летните одмори, после секое туширање на благо навлажнета кожа, нанесете масло од морков кое не само што ќе ја нахрани и ревитализира кожата, туку ќе го направи вашиот тен поинтензивен, а и самата кожа ќе добие прекрасен сјај.

Се надевам дека и оваа статија ви се допадна и дека ќе се обидете да направите едно вакво домашно масло кое ќе има безброј употреби во вашите козметички третмани.

Поздрав и до скоро читање.
Вики

 

Thursday, August 18, 2016


Домашен пилинг од зелен чај за проблематична кожа


Здраво драги мои,

во оваа статија за вас имам предлог за еден навистина многу лесен пилинг за лице, кој истовремено е многу ефикасен, особено ако имате комбинирана накај масна кожа со црнки.

Длабоко ја чисти кожата, а и состојките кои ќе ги употребиме во него имаат огромно позитивно дејство врз самата кожа.

Знам дека сте љубопитни да дознаете за што станува збор, така да веднаш ќе преминеме на подготовката.

За овој пилинг потрбни ви се:

- една супена лажица шеќер
- една ипол супена лажица кокосово брашно
- една супена лажица зелен чај
- малку кокосово масло (или друго по ваш избор)
- етерично масло од чајно дрво (или друго по ваш избор)

Најнапред во еден блендер ставете ги сите состојки и убаво изблендирајте. Откако сѐ убаво ќе се спои додадете малку масло (една ипол кафена лажичка) за да смесата убаво се спои.
Јас користев кокосово масло, меѓутоа вие може да користите некое друго (она што имате дома).


Откако сѐ убаво ќе се спои префрлете ја смесата во едно чисто празно кутивче и ете вашиот пилинг е готов.

Зошто токму овие состојки.

Шеќерот во комбинација со кокосот даваат скраб ефект на самиот производ. Намерно ги помешав двата заедно за да го направам пилингот понежен со оглед на тоа што шеќерот е малку поагресивен додека кокосовото брашно е поделикатно за кожата.

Зелениот чај е моќен антиоксиданс со оглед на тоа што полифенолот во него успева да го намали лошото влијание на слободните радикали врз кожата, а со самото тоа и да го спречи предвременото стареење.

Исто така, зелениот чај помага во чистењето на црнките на лицето. Секако резултатите нема да ги видите по една апликација, меѓутоа доколку сте постојани ќе видите подобрување.
Многу помага доколку истовремено го конзумирате и внатрешно.


Маслото од кокос јас го користам затоа што мене одлично ми одговара и ми помага во чистење на лицето. Секако доколку имате масна кожа може да користите и масло од јојоба или арган на пример, додека ако ви е нормална може и бадемово или било кое друго коe го имате дома.

Етеричното масло од чајно дрво е антибактериско, антивоспалително и одлично во случај на нечиста кожа. Повеќе информации за ова масло ќе најдете во статијата Етерично масло од чајно дрво за здравје и убавина .

Се надевам дека и овој краток рецепт ви се допадна и дека ќе ви биде од корист.

Вие доколку го пробате, оставете коментар под самиот текст колку и како ви се допадна.

Поздрав
Вики

 

Wednesday, August 3, 2016


6 совети како да го задржите бронзениот тен подолго


Здраво драги мои,

оваа статија е за сите вас кои се вративте од летните одмори сo прекрасен чоколаден тен и се прашувате на кој начин да го задржите што подолго.

Верувајте, со овие неколку корисни совети не само што ќе го задржите подолго прекрасниот летен тен, туку истовремено ќе го подобрите здравјето и убавината на вашата кожа.

Совет бр. 1 Хидратација на кожата

Од огромна важност за убава кожа и секако подолго оддржан бронзен тен е правилната хидратација на кожата како внатрешно така и надворешно.

Важно е да се пие многу вода со оглед на тоа што ја оддржува правилната хидратација внатрешно и го спречува сушењето на кожата.

Под дејство на сончевите зраци за време на сончањето, кожата сепак малку се суши и затоа важно е да ја хидрираме пред сѐ од внатре и да го спречиме додатното сушење. Пијте најмалку литар ипол дневно.

Освен внатрешната хидратација, потребно е кожата да ја хидрираме и надворешно со помош на убави високо хидратантни креми без силикони.

Совет бр. 2 Исхрана


Од голема помош во продолжувањето на бронзениот тен е и конзумирањето на голема количина овошје и зеленчук особрно оние со портокалова боја. Тука спаѓаат: морков, диња, кајсии, праски, тиква и.т.н. Сите овие содржат бетакаротен кој делува како аниоксиданс и ја оддржува убавата потемнета боја на кожата.

Исто така од огромна важност е и конзумирањето на црвено овошје како на пример малини кои се богати со витамините А и Ц и претставуваат одлични антиоксиданси.

Совет бр. 3 Туширање наместо топла бања

Многумина сметаат дека честото миење придонесува да го загубите побрзо бронзениот тен, меѓутоа ова мислење не е сосема точно.

Мој совет ви е да преферирате туширања со млака вода наместо топли бањи, и секогаш да користите нежни производи за миење на кожата.

Овде се подразбира нежни гелови за миење на база на глукозиди или добро избалансирани формули, со оглед на тоа што премногу агресивните гелови се непријатели не само на убавата кожа туку и на бронзениот тен.

Совет бр. 4 Тапкајте ја кожата со пешкир

Откако ќе се истуширате, не ја тријте кожата со пешкир туку благо тапкајте ја. На тој начин го апсорбирате вишокот на вода од кожата без да правите механички пилинг на истата.

 Совет бр. 5 Природни состојки за продолжување на бронзениот тен


Како нега на кожата по секое туширање може да нанесете масло од морков кое одлично ја негува кожата и го продолжува убавиот бронзен тен. Може да купите веќе готово масло од морков, во сите продавници за здрава храна, или сами да го направите дома.

Детален рецепт со слики ќе ви дадам во една од наредните статии.

Алое вера гелот е исто така една од најдобрите состојки за вашата кожа, со оглед на тоа што длабоко ја хидрира и ја задржува потемнетата боја.

Шеа путерот има одличн дејство во продолжувањето на бронзениот тен со оглед на тоа што длабоко ја храни кожата и ја оддржува еластична.

Совет бр. 6  Производи кои го истакнуваат бронзениот тен на кожата

Добар начин да го оддржите тенот што подолго е да користите и производи кои помагаат во истакнувањето и оддржувањето на бронениот тен како гелови и масла со светки. Внимавајте на состојките кои ги содржат овие производи и избегнувајте да користите производи со силикони и нафтени деривати.

Во една од наредните статии ќе говорам и за овој вид на производи.

Ова беа моите 6 совети за продолжување на прекрасниот летен тен кој на сите премногу ни се допаѓа.

Се надевам дека оваа статија ви беше од корист.

Како вие најчесто го оддржувате тенот по враќањето од летните одмори?

Вашите коментари се добредојдени под текстот.

Monday, August 1, 2016


Прекрасна антиоксидантна маска со избелувачки ефект


Здраво драги мои,

честопати експериментирам со домашните маски, па затоа во оваа статија сакам да ви дадам рецепт за еден мој недамнешен експеримент, односно прекрасна маска со повеќекратно дејство врз кожата.

Го подобрува тенот на самата кожа, благо ја избелува и секако има огромно антиоксидантно дејство и го спречува дејството на слободните радикали.

Многу е лесна за подготовка, а состојките може многу лесно да ги најдете.

Важно е да ве предупредам дека оваа маска најдобро е да ја правите навечер и да избегнувате директно изложување на сонцето по нанесувањето, затоа што дел од состојките се фотонестабилни.

Ајде да преминеме на подготовката. Состојките кои ви се потребни за оваа маска се:

- три до четири малини
- едно до две мали парченца јаболко
- малку сок од портокал
- малку јогурт
- малку мед

Во еден мал блендер ставете ги сите состојки и почнете да ги работите се додека не добиете убава изедначена смеса. Со помош на една четкичка нанесете ја на убаво исчистено лице и оставете да делува околу 10 мин.



Многу е тешко да се направи мала пропорција само за лицето, така да ви советувам да си направите повеќе за пиење и да одвоите мал дел кој ќе го нанесете на лицето.

Јас се обидов да направам мала количина, меѓутоа ми остана повеќе од половина маска која ја помешав со маслиново масло и ја нанесов како маска на косата.

Зошто откму овие состојки:

- Малините се вистински концентрат на витамин Ц и А кои се од огромно значење за убава и здрава кожа. Го намалуваат воспалението и иритациите на кожата и имаат анти ејџ ефект благодарение на една состојка во самите малини која во допир со кожата го стимулира производството на колаген и еластин.

- Јаболкото е богато со витамин Ц и има сличен ефект како малините, односно има големо антиоксидантно дејство и го подобрува производството на колаген. Освен тоа јаболкото е одлично и доколку имате масна кожа со акни.

- Медот ја омекнува и храни кожата и има благо избелувачко дејство.

- Јогуртот ја храни кожата и има кислекаста ph вредност. Ја прочистува кожата и одличен е во случај на акни. Цинкот кој е доста застапен во јогуртот ги намалува порите на лицето и ја прочистува самата кожа.

- Сокот од портокал е богат со витамин Ц и има големо антиоксидантно дејство врз кожата. Благо ја избелува, со спречува влијанието на слободните радикали, го подобрува тонусот и тенот на самата кожа.

Се надевам дека и оваа статија ви се допадна.

Поздрав и до скоро читање.
Вики


 

Tuesday, June 28, 2016


Најчесто поставувани прашања за алое вера гелот




Здраво драги мои,

од време на време знаете дека ви подготвувам и статии од овој вид каде се обидувам да одговорам навашите прашања поврзани со одредена тема или состојка. Овојпат на ред дојде и гелот од алое вера.

Во продолжение на оваа статија ќе се обидам да одговорам на сите прашања кои досега ми ги иате поставено во врска со оваа состојка и да разјаснам некои работи. Вие секако продолжете да ми пишувате и прашувате, затоа што не постојат глупави прашања и сѐ е од корист.

1. Како се вади алое вера гелот од свежата билка?


За да извадите природен алое вера гел директно од вашата билка на терасите, сѐ што треба да направите е да исечете еден лист (оној подебелиот дел) од билката. Со помош на еден нож отстранете ги краевите на листот и пресечете го надолжно. Со помош на една лажичка извадете го гелот и употребете го директно на лицето или косата или пак употребете го во некоја маска.

2. Дали свежиот гел од билката и оној во продажба се користат на ист начин?

Доколку алое вера гелот го користите во козметички цели, употребата на двата видови на гел е иста. Меѓутоа доколку ви треба за внатрешна употреба, во тој случај треба да знаете дека свежиот гел од билката не се препорачува за внатрешна употреба. Во еден дел од билката присутна е една состојка која се нарекува алоин која има иритирачко дејство врз системот за варење. Затоа доколку ви треба за внатрешна употреба подобро е да земете веќе конфекциониран производ затоа што сами за жал не можеме да го извлечеме само “најдоброто“ од оваа билка.

3. Дали свежиот гел од билката може да се користи во домашните козметички производи?


Свежиот гел од билката слободно може да се користи за кожата и косата, меѓутоа само во маски кои треба да бидат употребени во моментот на правењето. Во никој случај не го ставајте во оние производи кои ги гледате како рецепт на мојот блог, затоа што гелов не е конзервиран и производот ќе ви се расипе по три дена.

4. Зошто кожата ме “затега“ по нанесувањето на алое вера гелот? Дали ја суши?

Кожата затега не затоа што алое вера гелот ја суши, туку затоа што откако ќе испари водата на лицето останува само густиот дел од гелот кој е всушност плод на згуснувачот кој е додаден или присуството на шеќери. Штом кожата повторно ќе прозведе себум ова чувство се намалува. Затоа не треба да се претерува со количината на гел која ја нанесуваме, или доколку имате посува кожа потребно е овој гел да се нанесе во комбинација со некое масло.

5. На кои начини може да го употребувам алое вера гелот?


Освен свежо подготвените маски за кожа и коса, алое вера гелот може да го користите и доколку вашиот крем за лице е премногу масен. Земете мала количина од кремот и во раката помешајте го со малку алое вера гел. На овој начин кремот ќе биде помалку масен за лицето и повеќе ќе одговара на вашата кожа.

Истово ова може да го направите и со некое масло. Во раката ставете неколку капки масло по ваш избор (во зависност од видот на вашата кожа) и додадете малку алое вера гел. Убаво промешајте и нанесете го на лицето како замена за крем.

Се надевам дека упеав да одговорам на најчестите дилеми поврзани со алое вера гелот.

Ве поканувам да ги прочитате и следниве статии (доколку ги имате пропуштено)

Волшебниот гел од алое вера

Три интересни рецепти со алое вера гел

Домашна маска за лице со алое вера гел и мед

Поздрав и до скоро читање.
Вики

 

Monday, May 30, 2016


Како да ги ублажиме агресивните производи за миење на кожата и косата


Здраво,

на сите нас ни се случило да купиме шампон или гел за туширање и по неколку употреби сме го фрлиле затоа што бил премногу агресивен за темето на косата или пак за нашата кожа. Ни предизвикал чешање, иритации или други проблеми.

И јас пред да почнам активно да ги истражувам не само состојките туку и формулите на она што може да го најдеме како производ во продажба, честопати бирав производи кои потоа се покажале агресивни за мојата кожа или темето на косата. Знам дека прво што ќе ви падне на памет е да ги фрлите, меѓутоа во оваа статија ќе ви покажам како истите може да ги ублажите.

Секако овде не станува збор за шампоните со силикони и нафтени деривати. Да не ме сфатите погрешно па да купувате производи со силикони со надеж дека ќе ги подобрите. Станува збор за поприроден производ кој меѓутоа има поагресивна формула.

Шампони за коса


Имам навистина многу говорено за шампоните и за состојките кои како примис пожелно е да се избегнуваат затоа што не се од корист за влакното ниту за темето на нашата коса. Меѓутоа понекогаш не е доволно шампонот да не содржи силикони и нафтени деривати, туку од голема важност е истиот да биде и добро формулиран во целост.

За формулациите на шампоните имам детално говорено во статијата на што да внимаваме при изборот на еден добар шампон која ја напишав во соработка со Дама.мк.

Меѓутоа, доколку веќе сте го купиле шампонот и за него сте платиле повеќе пари, секако жалосно е да го фрламе (уште пожалосно е да си предизвикаме чешање), така да ќе го ублажиме на следниов начин:

- за масна коса

во едно празно стаклено или пластично шише (може и од завршен шампон), земете околу 125 мл. производ кое одговара на половина паковање на обичните шампони од 250 мл. Додадете една ипол супена лажица сончогледово или (летно време кога е во течна состојба) кокосово масло, затворете и убаво промешајте. Доколку имате дома додадете и околу 10 капки етерично масло како на пример лимон, чајно дрво или рузмарин. Овие етерични масла се идеални за масна коса.

- за сува коса

во едно празно стаклено или пластично шише (може и од завршен шампон), земете околу 125 мл. производ кое одговара на половина паковање на обичните шампони од 250 мл. Додадете две супени лажици маслиново масло и убаво промешајте. Додадете неколку капки етерично масло од лаванда и сладок портокал (околу 10 вкупно) и повторно убаво промешајте (протресете).

Вака добиениот шампон трае околу 2 до 3 месеци, иако количината која ви ја предложив ќе ја завршите за еден месец. Пред секоја употреба убаво протресете го шишенцето. Се користи на тој начин што мала количина од овој шампон се раствора со малку вода (во една пластична чашка) и се нанесува на многу мокра коса. Се масира темето и се плакне со млака вода.

Гел за туширање


Доколку гелот за туширање е премногу агресивен и ја суши вашата кожа, во тој случај ублажете го на слeдниов начин:

земете околу 125 мл. гел за туширање (половина пакување од 250 мл) и додадете четири лажици било кое масло кое го имате дома: маслиново, бадемово, сончогледово или (летно време кога е во течна состојба) кокосово масло.

При секое туширање земете мала количина од производот и користете го на начинот на кој нормално ги користите овој вид на производи.


Се надевам дека статијава ви беше од корист и дека ќе успеете да го дотрошите производот кој веќе сте го купиле.

Поздрав
Вики




 

Thursday, June 23, 2016


Стар и функционален кинески метод


Пред извесно време  прочитав за еден стар кинески метод кој одлично помага во случај на бубуљички на лицето, односно оцетот од кромид.

Се решив да го пробам, меѓутоа малку го персонализирав рецептот и освен кромидот додадов и две други состојки, односно свежа мента и рузмарин.



Ајде најнапред да започнеме од подготовката

Во една стаклена тегличка се става еден сецкан кромид, едно гранче свеж рузмарин и едно гранче свежа мента. Се полни тегличката со јаболков оцет (убаво до горе) за билките и кромидот комплетно да бидат покриени (притиснете ги со лажичка кон дното).


Тегличката се става на темно и суво место (на пример креденец во кујната) и се остава да отстои најмалку 20 дена. Во текот на тие денови од време на време протресете ја тегличката.

Јас лично ја оставив 30 дена после кои ја прецедив течноста и ја ставив во едно мало рециклирано темно шишенце од вино.


Зошто се одлучив токму за овие состојки?

Едноставно, освен кромидот (кој постои во оригиналниот рецепт) се одлучив за рузмарин затоа што според мене е универзална билка која одлично помага не само при проблематична и масна кожа, туку и кај косата. Без разлика на тоа дали имате сува или масна коса, рузмаринот ја подобрува циркулацијата и дава поголем сјај на влакното.

Ментата исто така е одлична за кожата и косата.


Откако го направив производов, го пробав на повеќе начини за кои ќе прочитате во продолжение на овој текст.


Третман за бубуљички на лицето

Доколку на лицето имате по некоја бубуљичка (за време на циклусот или во период на стрес), сѐ што треба да направите е да земете една чепкалка за уши (онаа со памукче) и да ја натопите со овој оцет. Внимателно допрете ја само онаму каде имате бубуљичка и оставете да делува. Најдобро е ова да го направите навечер пред спиење и да оставите да делува преку ноќ.

Тоник за лице за масна кожа


Доколку вашиот проблем е комбинирана или масна кожа со црнки, во тој случај возможно е да направиме еден тоник за лице кој се користи откако ќе ја отстраните шминката од лицето и ќе го измиете со убав и нежен гел.

Земете едно шишенце од 100 мл. и наполнете го со деминерализирана вода до половина. Додадете половина кафена лажичка растителен глицерин (во аптека) и половина кафена лажичка од овој оцет. Убаво промешајте.

Користете го на тој начин што мала количина од овој тоник ќе испрскате на едно памукче и со него нежно ќе го исчистите лицето.

Ви препорачувам да го чувате во фрижидер и да го завршите во рок од три недели (доколку во меѓувреме смени боја или мирис фрлете го и направете нов).

Убаво протресете го шишенцето пред секоја употреба.

Масажа со оцет за подобар и поздрав раст на косата


Со оглед на тоа што кромидот, рузмаринот и нането се фантастични за подобрувањето на циркулацијата на косата, се обидов максимално да ги искористам нивните својства правејќи масажа која го подобрува растот на косата со оглед на тоа што ја стимулира циркулацијата на темето.

Ова не значи дека косата ќе ви се згусне веднаш, меѓутоа ќе расте поздрава и со подобар квалитет.

Се користи на тој начин што во една чаша вода се додава една третина оцет и две третини вода. Се нанесува на косата, се масира кратко и се остава да делува околу 10 минути. Потоа се измива со добар и благ шампон.

На овој начин освен тоа што ќе ја стимулирате циркулацијата, ќе го намалите и првутот, особено ако станува збор за масен првут.

Доволно е да го правите ова на секои две недели (не претерувајте со честа употреба).

Се надевам дека овој рецепт ви се допадна и дека ќе го пробате.

Поздрав и до скоро читање.

 

Monday, June 6, 2016


Домашен гел за миење на лице со мед


Здраво на сите,

во оваа статија со вас сакам да споделам еден рецепт кој мене лично премногу ми се допаѓа. Станува збор за гел за миење на лицето со мед, кој навистина е многу, благ и нежен за кожата, а згора на сѐ и прекрасно мириса.

Состојките за овој гел се навистина малку, оние најесенцијалните, и за неговата подготовка ќе потрошите нешто помалку од 5 минути.

Сѐ што ви е потребно за да го направите е:

2 кафени лажички гел за миење на лице
2 кафени лажички мед

Во едно празно и чисто шишенце (може и од завршен козметички производ) најнапред ставете го гелот за лице и медот. Убаво протресете го шишенцето за состојките да се спојат,(може и да промешате со едно дрвено стапче или лажичка) и вашиот домашен гел е готов.

Медот е одличен чистач на лицето кој е погоден за сите видови на кожа со оглед на тоа што омекнува, меѓутоа одличен алеат е и кога станува збор за црнки.

Имам читано многу за медот како чистач на лице кој се нанесува на кожата и се измива, меѓутоа со оглед на тоа што медот е еден вид на водена состојка, не верувам дека може да ги исчисти комплетно нечистотиите и вишокот на себум сам. Освен ако по миењето со мед убаво не го избришете лицето со пешкир и да направите еден вид на механички пилинг. Меѓутоа ова како метод ми изгледа малку поагресивно и не го препорачувам за секојдневна употреба секако.


Во оваа комбинација медот е одличен затоа што го ублажува гелот за миење на лице, кој секако има сурфактанти кои ги отстрануваат нечистотиите од лицето. Одличен е доколку дома имате некој гел за лице кој е малку поагресивен, затоа што го ублажуваат дејството и измивачката моќ на самиот производ.

Шеќерот во козметиката (бел шеќер, мед, фруктоза) е најдобрата состојка за хидратација на кожата исто како и глицеринот. Потребно е да се стави поголемо количество во готовиот производ за да ја помогне и стабилноста на производот односно конзервирањето. Мал процент може да биде царство за бактерии, додека поголема доза може многу да ја помогне конзервацијата.

Во зависност од густината на гелот кој ќе го користите како база во производот, структурата на овој производ може да биде погуста или потечна. Јас направив две, една за лице и една за тело.

Еве ја структурата на производот за лице:


И структурата на оној за тело


Се користи на тој начин што најнапред се отстранува шминката од лицето (со вашиот омилен отстранувач за шминка) и потоа на навлажнето лице се нанесува мала количина од овој производ. Се прави кратка масажа со благи кружни движења и се измива со многу вода.

Може да го користите двапати дневно (наутро и навечер) како дел од вашата секојдневна рутина.

Дозата која ви ја препорачав е доволна за недела дена употреба и ви советувам да правите секогаш помали дози (за тело секако направив малку поголема доза).

Доколку го пробате и сте задовони од ефектите, оставете ваш коментар под овој текст.

Поздрав
Вики
No comments:

Sunday, May 29, 2016


Убави со малку пари: 5 нискобуџетни домашни рецепти


Понекогаш немаме на располагање многу состојки за да направиме некој рецепт, или пак одненадеж сме останале без нашиот омилен производ и мора набрзина да направиме некаква негова замена.

Доколку и вие сте се нашле во една од овие ситуации, без гајле, во продолжение ќе ви дадам 5 навистина многу лесни и нискобуџетни рецепти за лице, тело и коса, кои може да ги подготвите секогаш кога ќе останете без вашиот омилен производ.

За нивната подготовка се потребни навистина малку состојки, а скоро сите веќе ги имаме во нашите кујни.


Домашна маска за коса

Доколку сте останале без вашата омилена маска за коса, а дома немате многу состојки, оваа која ќе ви ја предложам во продолжение е идеална за секој вид на коса. Ја враќа мекоста на косата, допринесува за поголем сјај и длабински чисти, што ја прави идеална и за сува коса и за масен корен.

Сѐз што ви е потребно е:

2 супени лажици млеко или јогурт
2 супени лажици нишесте
1 кафена кажичка мед

Во еден сад помешајте ги најнапред нишестето и јогуртот или млекото, па потоа додадете го медот. Нанесете ја смесата на благо навлажнета коса за полесна апликација. Се остава да отстои најмалку половина час и се мие со млака вода и шампон.

Нишестето одлично ја чисти косата ссо оглед на тоа што врз себе ги лепи сите масти и нечистотии, медот неверојатно омекнува а јогуртот придонесува за поголем сјај.


Домашна пудра за лице во прав за комбинирана до масна кожа

Оваа домашна пудра во прав е идеална доколку користите пудра во прав и одненадеж сте останале без неа. Многу лесно се подготвува, одлично го изедначува тенот на кожата и што е најважно ја остава кожата да дише.

Сѐ што ви е потребно за да ја подготвите е:

2 супени лажици нишесте
1 супена лажица цинк оксид (во аптека)
течна црвена боја за храна (ќе ја најдете во супермаркет)

Во еден сад најнапред ставете го нишестето и додадете ја бојата во прав (неколку капки) и убаво мешајте сѐ додека да добиете убава интензивна розева боја. Оставете го нишестето убаво да се исуши. Потоа додадете го и цинк оксидот и продолжете убаво да мешате додека да добиете убава розе боја како пудрите.

Цинк оксидот како што реков може да го најдете во аптека и служи за да ја подобри покривноста на пудрата, меѓутоа доколку го немате во тој случај може да користите само нишесте.


Како боја може да ги изберете следниве:

црвена: доколку имате жолтеникав тен и сакате да го подобрите

лила: доколку сакате нежно да ја избелите кожата

портокалова: доколку имате розевкаст тен и сакате да ја подобрите бојата

зелена: доколку имате некоја неправилност за прикривање (на пример црвенила)

со какао: доколку имате потемен тен или летно време кога сте потемнети

Пропорциите правете ги сами. Пробувајте колку боја одговара на вашиот тип на кожа и како сте задоволни од изгледот. За секој поединец е различно.

Доколку имате дома малку арома за торти и слатки (онаа течна) додадете неколку капки за вашата пудра да мириса убаво (доколку користите течна арома, оставете малку да се исуши нишестето). Доколку немате течна арома, може да користите малку ванила во прав.

Домашен крем за тело за сува кожа

Во последен момент сте сфатиле дека ви завршил вашиот омилен крем за тело и сега што ќе правите? Без гајле на помош доаѓа медот.

Земете една супена лажица масло (било кое масло, она што имате дома) и една супена лажица мед. Убаво помешајте ги во една чашка и нанесете ја смесата на кожата на телото по бањањето на благо навлажнета кожа.

Оваа смеса е идеална за сува кожа на телото со оглед на тоа што длабински ја храни и омекнува кожата. Не грижете се медот воопшто не лепи, а ќе добиете прекрасна мазна и мека кожа за две минути.


Миризлива пудра за тело за во лето

Освен пудра за лице, со нишестето може да направите и пудра за тело, доколку летно време  сакате кожата помалку да се поти, а сепак убаво да мириса.

Потребно ви е нишесте (количината одберете ја сами во зависност од тоа колку производ сакате да направите), течна црвена боја за храна и ванила во прав за подобар мирис.

Најнапред обојте дел од нишестето со црвената боја и оставете да се исуши. Потоа додадете уште нишесте во зависност од бојата и тоналитетот кој сакате да го добиете. Додадете ја ванилата во прав и убаво промешајте сѐ додека смесата да стане изедначена. Доколку имате етерични масла, наместо ванила може да ги користите нив или пак да ставите течна арома за слатки и торти.

Прфрлете ја смесата во едно кутивче и вашата миризлива пудра за тело е готова.

Домашен скраб за тело за сите видови на кожа


Доколку останете без вашиот омилен скраб најлесно нешто е да земете малку шеќер и некое масло што го имате дома. Убаво помешајте ги двете состојки и направете пилинг на целото тело.

Доколку сакате може да направите и комбинација од сол со шеќер.

Се надевам дека овие пет лесни рецепти ви се допаднаа и дека ќе се обидете да ги направите.

Поздрав
Вики

Friday, May 27, 2016


Огромната козметичка моќ на спирулината


Спирулината претставува микроалга со зеленкасто- сина боја, природно богата со аминокиселини, витамини, протеини и минерали. Позната е од времето на старите Римјани, меѓутоа во последно време станува сѐ попопуларна благодарение на хранливите својства и екстремно корисното дејство врз човековиот организам.

Содржи осум пати повеќе калциум од млекото, три пати повеќе протеини од гравот, тиресет и чертири пати повеќе железо од спанаќот и 20 пати повеќе бета- каротен од морковите.

Составот на спирулината во прав може да го видите од следниов приказ:


Протеините кои се присутни во спирулината се оние со висока биолошка вредност, односно оние кои содржат аминокиселини кои нашиот организам неможе сам да ги произведе и мора да бидат внесени преку храната.

Мастите се оние “добри масти“ кои го снижуваат нивото на холестеролот и триглицеридите во крвта.

Од витамини присутни се:

витамин Е кој има високо антиоксидантно дејство;

витамини од групата Б ( Б1, Б2, Б3, Б6, Б9, Б12)

витамин Ц кој има високо антиоксидантно дејство и го оддржува активен колагенот во кожата

Од минерали присутни се: железо, содиум, потасиум, јод, калциум, мегнезиум, манган и фосфор.

Исто така содржи и добар процент на бета каротен, зеаксантин и фикоцианин кои имаат огромно антиоксидантно дејство.

Како што веќе прочитавте од насловот во оваа статија ќе се задржиме на корисното својство на спирулината во козметички цели за кожата и косата.

Пред да преминеме на рецептите и ефектите врз кожата и косата, само да напоменам дека во козметички цели спирулината се користи од 1 до 30% од целокупната тежина на финалниот производ. Не претерувајте со количината.

Исто така важно е да напоменам дека спирулината е растворлива само во вода, така да маските (особено оние за коса) мора да содржат и воден дел


СПИРУЛИНА ЗА ПОГОЛЕМ ВОЛУМЕН И СЈАЈ НА КОСАТА


Благодарение на присуството на скоро сите витамини од групата Б, спирулината е одлична за убавината и здравјето на нашата коса особено ако станува збор за слаба и тенка коса без волумен и сјај.

Во продолжение ќе ви дадам еден рецепт за маска за коса кој лично го имам пробано и е фантастичен за сите оние кои имаат тенка коса на која и е потребен волумен и сјај.

За оваа маска потребни ви се:

1 супена лажица масло
1 супена лажица алое вера гел
1 кафена лажичка спирулина
1 кафена лажичка мед

Најнапред помешајте ги спирулината во прав со алое вера гелот, додадете го медот и на крај маслото. Јас користев масло од макадамија кое е одлично за косата, меѓутоа вие може да го користите она масло кое го имате дома како арган, маслиново масло, јојоба, кокосово масло и др. Во зависност од должината и густината на косата зголемете ги количините.


Се нанесува на влажна коса (за да биде полесна апликацијата) и се покрива со една пластична ќеса и пешкир. Се остава да делува најмалку 30 мин. и потоа се измива со шампон и млака вода. На крај миењето завршете го плакнејќи ја косата со ладна вода.

Доколку немате алое вера гел, ставете некој чај на пример камилица доколку сте русокоси или зелен чај доколку сте темнокоси. Иако маската има зелена боја, не ја бои ниту потемнува косата.

Уште по првата употреба, толку многу ќе се воодушевите од волуменот и сјајот на вашата коса  што оваа ќе стане вашата омилена маска за коса.

Спирулината според мене има ефект многу сличен на фитокератинот. Визуелно го здебелува влакното и на допир е подебело. Мој совет ви е откако ќе ја измиете оваа маска со шампон, да нанесете балзам за коса само по должината и врвовите. Еве го ефектот на маската



Откако ја измив маската со спирулина, на косата како и секогаш нанесов комбинација од една кафена лажичка балзам со една кафена лажичка мед. Ова е најдоброто средство кое, доколку имате многу сува коса и врвови, за месец дена неверојатно ќе ја подобри структурата на влакното.

Смесата од мед и балзам се измива само со вода како обичен балзам, по можност ладна, за да се затвори кутикулата на влакното.

Освен toa што дава поголем волумен и сјај, спирулината е спас и за масен корен со оглед на тоа што содржи витамин Б2. По оваа маска, косата ќе ви остане чиста повеќе денови.

СПИРУЛИНА ЗА ПОЗДРАВА И ПОСВЕЖА КОЖА

Спирулината има еден цел спектар на разни дејства врз кожата:

ја зголемува хидратацијата
го помага производството на колаген
ја подобрува еластичноста на кожата
одлична е во случај на акни
има високо антиоксидантно дејство
дава сјај и здрав изглед на кожата
погодна е и за чувствителна кожа


Маска со спирулина за комбинирана до масна кожа



половина кафена лажичка зелена глина
2 кафени лажички сок од краставица
половина кафена лажичка спирулина во прав
половина кафена лажичка мед
2 капки етерично масло од чајно дрво (доколку имате)

Најнапред изрендајте една краставица. Земете го ренданиот дел и од него убаво истиснете ја водата. Земете две лажички сок од краставица и во нив растворете ја убаво спирулината. Додадете го потоа медот, зелената глина и на крај етеричното масло од чајно дрво.

Доколку немате етерично масло не грижете се, маскава е успешна и без него. Етеричното масло од чајно дрво има големо антибактериско дејство и одлично е во случај на црнки и акни на кожата.

Мешајте убаво додека да добиете убава изедначена смеса. Маската нанесете ја на чисто лице и оставете да делува околу 15 минути. По истекот на времето отстранете ја со млака вода. Миењето звршете го со ладна вода, нанесете тоник и крем за лице.

Маска со спирулина за нормална до сува кожа

1 кафена лажичка јогурт или млеко
1 кафена лажичка маслиново масло
половина кафена лажичка мед
половина кафена лажичка нишесте
половина кафена лажичка спирулина во прав


Најнапред растворете ја спирулината во млекото. Потоа додадете го медот и на крај маслото. Доколку имате ставете една капка етерично масло од лаванда.

Добиената смеса ставете ја на убаво исчистено лице и држете ја околу 15 минути.
По истекот на времето отстранете ја со млака вода, миењето звршете го со ладна вода, нанесете тоник и крем за лице.

СПИРУЛИНА КАКО АНТИЦЕЛУЛИТЕН ТРЕТМАН

Благодарение на минералите присутни во неа, спирулината има големо прочистувачко и детокс дејство и одлична е во антицелулитните третмани.

За вас подготвив една навистина интересна антицелулитна маска која прочистува од токсини и помага во исфрлувањето на течноста од организмот.

За нејзината подготовка потребни ви се:

2 супени лажици зелена глина
1 супена лажица какао во прав
мало парче свеж ананас
2 до 3 супени лажици зелен чај
1 кафена лажичка спирулина во прав
5 капки етерично масло (доколку имате)

Во еден блендер најнапред ставете го ананасот и зелениот чај и убаво работете додека не добиете убава смеса. Потоа додадете ја спирулината и убаво промешајте. На крај додадете ги какаото, зелената глина и етеричното масло. По потреба додадете уште зелен чај доколку смесата е премногу густа. Од етерични масла може да користите лимон, рузмарин, лаванда, и сладок портокал. Доколку немате без грижа, маската сепак ќе биде делотворна.


Маската нанесете ја на чиста кожа, завиткајте со пластична фолија за храна и оставете да делува околу половина час.

По истекот на времето измијте ја со млака вода и на крај завршете со малку ладна вода за да ја подобрите циркулацијата.

Кожата ќе биде помека и помазна, а со редовна употреба ќе забележите и големо подобрување.



Козметика: што треба да знаеме за да ги избегнеме ризиците по нашата кожа


Здраво драги мои,

денес сакам да отворам една многу интересна тема за која вчера се говореше на италијанската телевизија РАИ 1 во емисијата Порта а Порта (Porta a Porta) на водителот Бруно Веспа. Темата на емисијата беше токму насловот на оваа статија односно:

“Козметика: што сѐ треба да знаеме за да ги избегнеме ризиците по нашата кожа“

Гости во студиото беа:

Министерката за здравство на Република Италија
Најпознатиот италијански мејкап артист Диего Де Палма
Претседателот на здружението на италијанската козметика
Претседателот на здружението на потрошувачи во Италија
Претседателот на здружението на дерматолози во Италија
Претставник на националниот центар за хемиски состојки
Еден италијански актер
Една италијанска водителка

Се говореше многу за козметиката и нејзиното влијание врз нашата кожа и имаше навистина доста дискусија особено помеѓу претставниците на зружението на козметика наспроти она на потрошувачите, меѓутоа овде ќе изнесам само неколку теми кои се во склад со она за кое се залагам, односно природна и органска козметика.

Најнапред изнесоа статистички информации:

за 2015 потрошени се 10 милијарди евра за козметика;
секоја четврта крема е купена од маж;
паднат е процентот на продажба на производи во козметичките и фризерските салони
зголемена е продажбата на производи во природните аптеки и супермаркети

На почетокот на емисијата дадоа еден прилог снимен во една ексклузивна стоковна куќа во одделот за козметика каде водителката отиде со еден експерт по козметика со скриена камера да ги разгледуваат декларациите и состојките на козметичките производи без да ја кажуваат марката на истите.

Експертот кажа дека потребно е да се бира козметика која на прво место не содржи силикони и нафтени деривати, не затоа што може да ја оштетат кожата (според него не постои производ кој може да ни го загрози здравјето или да ни наштети), туку затоа што овие состојки немаат никаква улога во негата на кожата и создаваат еден вид на маска кој прикрива сѐ, а не го решава проблемот за кој сме го купиле производот.


Потоа стана збор за цената на производите, скапата козметика наспроти евтината. Експертот разгледа повеќе креми за лице кои коштаа и по 350 евра и рече дека според состојките и декларацијата истиот крем би требало да има реална цена од најмногу 50 евра. Обратно, за еден крем од 40 евра рече дека има навистина добра декларација без силикони, нафтени деривати и парабени.

На прашањето на водителот во студиото зошто одредена козметика има толку всока цена, по многу дебата се воспостави дека скапите креми за лице имаат висока цена не затоа што состојките се поквалитетни во зависност од поевтината (не секогаш, секако има исклучоци, без да генерализираме), туку затоа што компанијата дава многу пари за маркетинг, реклами, истражувања, прави повеќе тестови за истиот крем и.т.н.

Секако, одредени компании произведуваат креми со екстремно ценети состојки кои се навистина доста скапи и ги набавува од проверени одгледувачи или сама ги произведува состојките во органска средина.

Гостите во студиото се изјаснија дека понекогаш имале многу подобар ефект со некој поевтин производ наспроти некој многу скап кој коштал и до 500 евра.

Потоа стана збор за маркетинг стратегијата на многу фирми, особено при промоција на козметика која има анти ејџ ефект.

Назнаките како “за месец дена се намалуваат брчките“ или “крем со активатор на младоста“ според гостите, па и според министерката се само маркетингшки трик кој има за цел да ги разочара купувачите доколку кремот не ги исполни очекувањата по неговата употреба.

Беше даден еден интересен пример односно:

просечна жена која има плата за едвај да стигне до крај на месецот, гледа реклама за крем кој ги брише брчките на лицето, каде манекенката која е заштитно лице е со пефектно лице и поправена со фотошоп на рекламата. Истава жена собира пари, ја купува козметиката, меѓутоа не го добива истиот ефект од рекламата.


Се говореше и за кремите за заштита од сонцето и нивната употреба. Кратко проговорија за хемиските наспроти физичките филтри, а повеќе се задржаа на огромната важност кожата убаво да се заштити за време на изложувањето на сончевите зраци.

Луѓето кои имаат светол тен обично многу подобро се штитат од сонцето со оглед на тоа што лесно горат, додека оние кои имаат потемен тен и веднаш поцрнуваат не посветуваат големо внимание.

Претседателот на здружението на дерматолози рече дека ова е голема грешка со оглед на тоа што без разлика на тоа што не горат и лицата со потемен тен мора да користат заштита почнувајќи од 50 затоа што ултравиолетовите зраци прават иста штета како и кај оние со светла боја на кожата само што таа штета не е видлива и може да се појави како проблем после неколку години во вид на некое заболување или голем проблем со кожата.

Она што е многу интересно да ви кажам е дека претставничката од националниот центар за хемиски состојки рече дека постојат 30 хемиски филтри кои се дозволени во употреба. Таа нагласи дека хемиските филтри се употребуваат само кога има потреба од тоа, односно за време на изложување на сончевите зраци, никако кога нема потреба од тоа (на пример пудра со заштитен хемиски филтер која ја ставате навечер за во дискотека).

Министерката за здравство рече дека ќе започне со кампањи во основните и средните училишта во Италија за едукација како правилно да се заштити од сонцето уште од најмала возраст.

Се говореше и за други теми како ботокс и инекции, меѓутоа не се од интерес за овој блог.

Драги мои, какво е вашето мислење на ова што досега го прочитавте?
Дали се согласувате со дел, сѐ или ништо од ова кое гостите во судиото го кажаа?
Дали е неопходно козметиката да има висока цена за да биде ефикасна или постојат и нискобуџетни козметички производи кои може да дадат одличен ефект врз кожата?

Вашите коментари како и секогаш се добредојдени под текстот.

Поздрав
Вики

Thursday, May 26, 2016


Како да ги рециклираме и чистиме потрошените козметички производи



Здраво драги мои,

еве една многу интересна тема која ќе им биде од корист на сите оние кои редовно сами си прават дома козметички производи, или пак сакаат да почнат да прават. Кај нас за жал многу ретко може да се најдат нови кутивчиња за козметички производи, така да една одлична идеа е да ги рециклираме оние од веќе потрошените козметички производи. На тој начин заштедуваме, не фрламе безпотребно пластика или стакло и имаме оригинални кутивчиња за нашите следни проекти.

Јас лично, не само што ги рециклирам моите, туку ги собирам и оние од моите роднини и пријатели. Кој како завршува некој производ ми го дава кутивчето и јас го чистам и подготвувам за некој следен мој рецепт.

Еве ви неколку совети како најдобро и најбрзо да ги рециклирате кутивчињата.


Стаклени кутивчиња за креми или теглички

Доколку сте го завршиле вашиот омилен крем за лице или тело и сакате убаво да ја исчистите тегличката или кутивчето и да го корстите за вашиот следен проект, најнапред со една салфетка убаво исчистете го остатокот од производот. Потоа убаво измијте ги тегличките со топла вода и детергентот кој го користите за садови. Исплакнете со многу топла вода. Потоа ставете ги да се сушат природно врз крпа превртени надолу. Оставете ги така неколку дена додека комплетно не се исушат (во тегличката не треба да има ниедна капка вода).


Спреј шишенца

Доколку во шишенцето имало чисто масло, во тој случај ставете многу топла вода со детергент за садови. Протресете го и почнете да испрскувате или испумпувате од течноста. Оваа процедура повторете ја трипати и потоа измијте со многу топла вода. За да убаво го исчистите самото шишенце користете четка за заби или стара четка од маскара доколку шишенцето е помало. На крај убаво исплакнете.



Доколку во шишето имало производ со силикони (на пример масло за коса со силикони) во тој случај процедурата повторете ја најмалку шест пати и со четкичката убаво исчистете ги ѕидовите на шишенцето.

Шишенца од лак за нокти

Откако сте го завршиле лакот за нокти или се исушил, а сакате шишенцето да го употребите за други проекти (на пример домашно масло или серум за поцврсти нокти), во тој случај потребно е да го исчистите. Лакот од ноктите го вадиме со помош на ацетонот, па исто така и овде.

Во шишенцето најнапред ставете ацетон (шишенцето наполнете го до половина), затворете со четкичката од лакот и убаво протресете. Оваа постапка повторете ја неколкупати со нов ацетон, сѐ  додека убаво не го отстраните целиот лак, па потоа убаво измијте со средство за миење садови и топла вода. Користете ја четкичката од самиот лак за убаво да го исчистите дното на шишенцето.

Кутивчиња од стара маскара


За ова веќе говорев во оваа статија каде имате детална постапка со слики, меѓутоа ќе повторам накратко. Најнапред со помош на една игла или турпија за нокти (онаа железна со остар врв) отстранете го делот на врвот од кутивчето маската (она кое го регулира количеството на маскара која излегува со помош на четката).

Сите три дела (четкичката, малото делче и кутивчето) потопете ги во еден сад со топла вода околу 30 мин. По истекот на времето со помош на сапун или сјај за садови и топла вода убаво чистете го кутивчето со помош на четкичката. Најдолниот дел исчистете го со помош на една четкичка за ајлајнер или тенка четка за сликање.

Ќистото кутивче наполнете го со вода и оставете го цела вечер. Утредента уште еднаш убаво исчистете и оставете да се исуши убаво врз една крпа.

Следен пат кога ќе завршите некој производ како крем, тоник, маскара или серум, не го фрлајте веднаш кутивчето или шишенцето. Доколку сте љубител на производите направи сам, убаво измијте го и подгответе го за вашиот следен рецепт.

Што сѐ може да рециклираме и користиме за нашите следни домашни проекти?


Освен оригинални шишенца од масла и кутивчиња од креми исто така може да рециклирате шишенца и од други производи. На пример како шишенца за вашите домашни масла може да рециклирате темни шишенца од сируп или мали шишенца од вино (330 мл), мали шишенца (500 мл) од масло или оцет и.т.н.

Шишенцата со темно стакло се многу корисни за чување на маслата со оглед на тоа што ги штитат од оксидација, особено ако станува збор за некое почувствително масло.

Исто така може да рециклирате и мали интересни теглички од мармалад или разни намази и сосови. Не мора секогаш да купувате нови теглички, штом некоја тегличка ви се допадне (во смисла на форма и големина) сѐ што е потребно да направите откако ќе го потрошите производот во неа е убаво да ја измиете како што ви опишав.

Јас обично откако ќе ги исчистам сите шишенца, ги поминувам со врела вода и ги оставам да се исушат превртени надолу. Откако ќе се исушат и пред да ги употребам за некој рецепт, обично испрскувам малку алкохол за внатрешна употреба како дезинфекција. Откако алкохолот испарил, шишенцата се подготвени за употреба.

Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист.
До следно читање.
Вики

Поздрав
Вики

 

Monday, May 16, 2016


Етерични масла: најчесто поставувани прашања

Здраво,

во последниов период добив навистина многу прашања во врска со етеричните масла, нивната употреба и дозирањето во зависност од типот на производот за кој станува збор. Со оглед на тоа што станува збор за високо концентрирани масла, треба секогаш да бидеме умерени и пред сѐ внимателни со нив.

Затоа се решив да напишам една статија каде ќе ги ставам најчесто поставуваните прашања во врска со ова со цел да ви помогнам во пронаоѓањето и употребата на етеричните масла.

Прашање бр. 1: КОЈА Е РАЗЛИКАТА ПОМЕЃУ БАЗНИ И ЕТЕРИЧНИ МАСЛА?

Оние кои јас во статиите постојано ги нарекувам базни масла, се всушност сите чисти растителни масла како маслиново, бадемово, арганово, кокосово, јојоба и.т.н. Овие масла се масла во вистинска смисла на зборот и се добиваат преку ладно цедење на семки (сончоглед, семка), плодови од маслинка или  јаткасти плодови (бадем, лешник). Овие масла може директно да се користат на кожата и богати се со масни киселини и витамини како Е, А, Д и К.

Етеричните масла од друга страна, не претставуваат “масло“ во вистинска смисла на зборот, со оглед на тоа што се високо концентрирани супстанци, имаат многу силен мирис и испаруваат без да остават трага. Доколку на еден лист капнете една капка на пример маслиново масло а на друг една капка етерично масло од лаванда, лавандата ќе испари без да остави масна трага (доколку е чиста), додека маслиновото масло ќе остави масна трага на листот.
Овој метод е и најдобриот тест кој покажува колку и дали етеричните масла се чисти.




За да се добијат малку милилитри на етерично масло, потребни се килограми и килограми на цветови и билки, и токму поради тоа се доста скапи. Обично базните масла се продаваат во шишенца од 50 или 100 мл, доколку етеричните масла во шишенца од 5 или 10 мл.

Со оглед на тоа што се високо концентрирани, етеричните масла НИКОГАШ не се употребуваат чисти директно на кожата затоа што може да предизвикаат иритации и помали или поголеми реакции на кожата. Секогаш се употребуваат растворени во некое базно масло или во маски, тоници, пилинзи и.т.н. (за количината и дозата ќе говориме понатаму во текстот).

Прашање бр. 2: СИТЕ ЕТЕРИЧНИ МАСЛА СЕ ИСТИ?

Етеричните масла се делат на три групи и тоа:

етерични масла со долна нота
етерични масла со срцева нота
етерични масла со горна нота

Етеричните масла со долна нота имаат топол и многу силен мирис кој најдолго трае. Обично во една композиција овие етерични масла се користат за да на некој начин ги фиксираат сите други етерчни масла, односно да направат подолго да траат. Нивниот мирис не се чувствува веднаш во една композиција меѓутоа најдолго траат и последни испаруваат. Тука спаѓаат: мошус, абра, дрво од сандал, дрво од ќедар, патчули.

Етеричните масла со срцева нота имаат полесен цветен мирис (или мирис на билки во зависност од делот кој се употребува) и всушност претставуваат срцето на една композиција. Имаат големо ревитализирачко дејство и ослободуваат од емоции, така да се препорачуваат во мометни на душевно страдање или диcбаланс. Нивниот мирис се чувствува во една композиција и траат помалку од оние со долна нота, а повеќе од оние со горна нота (некаде на средина е трајноста). Тука спаѓаат: лаванда, роза, јасмин, ијанг ијанг, жалфија, рузмарин, чепрес и др.


Етеричните масла со горна нота се претежно сите цитрусни масла, кои први се забележуваат во една композиција и најкратко траат (во смисла први испаруваат). Имаат свеж мирис и даваат еден вид на позитивна енергија и чувство на среќа. Овде спаѓаат сите цитрусни масла како лимон, сладок портокал, горк портокал и др. (со исклучок на петитгран кој иако е цитрусно масло има срцева нота).

Прашање бр. 3: ВО КОЛКАВА КОЛИЧИНА ДА ГИ УПОТРЕБУВАМ?

Ова е едно од прашањата кои најчесто ми ги поставуваат сите оние кои се љубители на домашните проекти како пилинзи, маски за лице и коса. 

Најнапред дозата на етеричните масла зависи пред сѐ од намената (дали станува збор за масло за масажа, антицелулитен производ, тоник за лице, маска за коса и.т.н.), меѓутоа и од видот на етеричните масла. Некои етерични масла (на пример јасмин) се толку силни што навистина доволна е една до две капки во 100 мл. производ за истиот убаво да мирис и да има ефект врз кожата.

Во продолжение ќе се обидам да ви дадам дози на етеричните масла во најчесто употребуваните производи за нега на кожата и косата.



ТЕЛО

Во домашните путери, креми или масла за тело, идеалната количина е од 15 капки етерично масло (иако некогаш се доволни и многу помалку во зависност од состојките кои ќе ги употребиме во самиот производ).

Во антицелулитните производи или маслата специјално наменети за некоја проблематика (на пример реуматски болки), количината на етерични масла може да биде и поголема односно до најмногу 60 капки етерично масло за 100 мл. базно масло, иако јас препорачувам некаде околу 40 (особено кај антицелулитните масла).

домашно антицелулитно масло од какао

Доколку станува збор за масло за релаксирачка масажа, во тој случај доволни се 20 капки етерично масло во 100 мл. базно масло.

Кога станува збор за антицелулитните пилинзи, дозата зависи од количината на пилингот, меѓутоа горе долу до 15  капки етерично масло за 100 гр. производ.


домашен антицелулитен пилинг со кафе

домашен антицелулитен пилинг со црвено вино

Во кадата за бањање идеалната количина е од 10 до 15 капки етерично масло во кадата со вода. Се препорачува да лежите во кадата околу 15 минути, не повеќе.

ЛИЦЕ

Во кремите или маслата за лице идеалната доза е од 15 до 30 капки во 100 мл. крема или масло. Ова секако варира од видот на намената. За обично масло за лице би ви препорачала 15 капки или помалку. Доколку станува збор за масло кое треба да има ефект и против акни, во тој случај некаде околу 20 до 25 капки во 100 мл. базно масло.

Во маските за лице оние свежите за еден третман, доволни се најмногу 3 до 4 капки етерично масло.

Во тоник за лице најидеално би биле 5 до 6 капки во 100 мл. производ, доколку не станува збор за некој специфичен тоник со ефект против акни каде количината може да дојде и до 15 капки (зависи и од етеричните масла кои се користат).

 Во природните балзами за уста (оние домашните), идеалната доза на етерични масла е од 3 капки од производ.
Ве потсетувам на статиите за три домашни природни балзами:


природен балзам со мед

природен балзам со какао путер

природен балзам со чоколадо


КОСА

Во маските за коса оние за една употреба, доволни се најмногу до 5 капки етерично масло.

Исплакнувачи за коса се всушност оние течности кои се користат како последно исплакнување на косата, и во кои најчесто ставаме вода и јаболков оцет. Тука идеалната доза за 500 мл. вода со една супена лажица оцет е од 7 до 10 капки етерично масло.


Прашање бр. 4: КАКВО ДЕЈСТВО ИМААТ ЕТЕРИЧНИТЕ МАСЛА?

 Разни етерични масла имаат различно дејство врз нашиот организам:

смирувачко дејство: камилица, лаванда, сандал, портокал, мандарина;
антисептичко и антибактериско дејство: оригано, чајно дрво, лаванда, жалфија;
загревачко дејство (ја активираат циркулацијата): цимет, рузмарин, ѓумбир, лимон
ревитализирачки (даваат енергија): рузмарин, портокал, мента, босилек, жалфија
диуретски (детокс) ефект: лимон, мандарина, рузмарин, цитрон


Прашање бр. 5: КОЕ ЕТЕРИЧНО МАСЛО ОДГОВАРА ЗА МЕНЕ?

Во продолжение ќе ви дадам кратка листа на етеричните масла кои одговараат на одреден тип на кожа, меѓутоа и на одредена проблематика.

Етерични масла и типови на кожа

За нормална кожа: камилица, роза, лаванда, ијанг ијанг, нероли, портокал, јасмин;
За масна кожа: лимон, лаванда, рузмарин, сандал, нане, чајно дрво, еукалиптус, ylang ylang, кедар, лемонграс (lemongrass); 
За сува кожа: камилица, патчули, јасмин, роза, нероли, здравец;
За зрела (возрасна) кожа: лаванда, портокал, сандал, јасмин, лимон




Етерични масла за разни проблематики

Антицелултитни масла: мента, мандарина, лимон, рузмарин, лаванда, сандал, цитрон
Акни: камилица, лаванда, рузмарин, чајно дрво, лимон;
Кашлица: еукалиптус, бор;
Синуси: лаванда, бор, чајно дрво;
Ревматски болки: лаванда, камилица, рузмарин;
Убод од инсекти: лаванда, чајно дрво
Несоница: лаванда, камилица, цвет од портокал
Менструални болки: лаванда, камилица, жалфија
Лошење и повраќање: лаванда, камилица


Важно: 

Некои видови на етерични масла (лимон, портокал, бергамот, фенел) се фотосензибилни и доколку се нанесат на кожата истата не смее да се изложува на сонце 12 часа по нанесувањето на етеричното масло. 

За време на бременоста и доењето, се препорачува да се избегнуваат повеќето етерични масла како: анис, босилек, цимет, чемпрес, каранфилче, ким, коријандер, жалфија, семки од целер, москантно оревче, коријандер, темјан;

Кај децата пожелно е да се избегнуваат следниве етерични масла: босилек, ќедар, еукалиптус, рузмарин и жалфија.

Доколку сте бремени или доите, или при било каков здравствен проблем, за употребата на етеричните масла ве молам консултирајте се со вашите матични лекари или со стручни лица од полето на ароматерапијата. 

Се надевам дека успеав да одговорам на повеќето прашања поврзани со етеричните масла. Вие секако, доколку ве интересира нешто за кое не говорев во оваа статија слободно оставете коментар под самиот текст.

Поздрав
Вики
2 comments:

Friday, April 8, 2016


Подобрa e ладна или топла вода?


Можеби и не сте си го поставиле ова прашање, меѓутоа сигурно скоро секогаш сте одбрале многу топла вода за миење, особено зимно време, со оглед на тоа што грее и е попријатна. Водата е извор на живот и присутна е во голем процент во нашиот организам. Меѓутоа освен внатрешни бенефиции (знаеме дека е потребно да се пие околу два литри вода дневно за оддржување на правилната хiдратација на организмот) водата има и надворешни бенефиции врз нашата кожа и коса, а од огромна важност е на кој начин ја употребуваме и пред сѐ на која температура. Во продолжение ќе ги разгледаме ефектите од миење со топла и со ладна вода врз кожата и косата.

Миење на лицето


Јас лично, секогаш (зима или лето) лицето го мијам со ладна вода, прво затоа што подобро ме буди, а и затоа што не сакам многу топло на лицето.

Топлата вода предизвикува проширување на порите (а со тоа и зголемено лачење на себум), меѓутоа и црвенила кај оние кои имаат чувствителна кожа. Со честа употреба на топлата вода, кожата ја губи здравата боја и станува посива и без сјај. Од друга страна ладната вода ја затега кожата, ја подобрува циркулацијата и ги затвора порите на лицето. Помага во исфрлувањето на токсините од кожата преку порите и го оддржува младешкиот изглед на кожата.

Доколку шминката ја отстранувате со маслен отстранувач, во тој случај измијте го лицето со млака вода (затоа што ладната не може да го отстрани маслото), па потоа со ладна вода. Истото важи и кога треба да отстраните некоја маска од лицето. Најнапред отстранете ја маската со млака вода, а дури потоа измијте се со ладна вода.

Миење на косата


Многупати имам напоменато дека топлата вода е непријател на нашата коса со оглед на тоа што ја ослабнува, а според некои истражувања одговорна е и за губитокот на косата, односно опаѓањето. Топлата вода ги проширува порите на темето и го зголемува лачењето на масти во косата, со што се добива ефект на масна коса, или подобро кажано косата се масти побргу. Ладната вода од друга страна, ја затвора кутикулата на влакното и како резултат на тоа косата е сјајна и мазна. Ова е многу важен факт затоа што, на тој начин ја задржуваме природната влага во косата и на некој начин ја спречуваме појавата на расцветани врвови.

Ова секако не значи дека веднаш треба да почнете да ја миете косата со ладна вода, туку со млака. Јас еве, косата секогаш ја мијам со млака вода, а последното измивање го правам со ладна вода (онолку колку можам да издржам) и тоа не нагло туку постепено. Значи од млака вода постепено доаѓам до онолку ладна колку што ми е пријатно на главата.


Миење на телото

Што се однесува до туширањето, советите во продолжение се однесуваат во услови на нормална и добра здравствена состојба. Во случај на било каков здравствен проблем, ви советувам да се исконсултирате со вашите матични лекари и да не правите ништо на своја рака.

Топлата и многу топлата вода е пријатна за туширање, меѓутоа поладната вода има милион бенефиции не само врз кожата на нашето тело, туку пред сѐ и врз здравјето и добросостојбата на целиот организам.

Ладната вода вода го стимулира имунитетот и одбрамбената способност на нашиот организам. Спротивно на она што се верува, ладната вода е одлична за спречување на настинки со оглед на тоа што го зголемува бројот на лимфоцитите и моноцитите (резултат добиен од медицинско истражување во Прага).

Ладната вода ја подобрува циркулацијата, го забрзува метаболизмот (а со тоа го помага и губитокот на телесна тежина), ја ублажува депресијата и го зголемува нивото на енергија и добросостојба.

Јас најискрено за туширање користам секогаш млака вода, а кон крајот користам ладна. Сеуште не сум успеала комплетно да се истуширам со ладна вода.


За на крај важно е да напоменам дека не треба драстично да ја промените водата со која се миете или туширате со оглед на тоа што може да предизвикате стрес на целиот организам. Преминот треба да биде постепен (од топло, кон млако, кон ладно) и секако во консутација со вашите матични лекари (во случај на некој здравствен проблем). Правете разни проби со различна температура на водата и забележувајте како вашата кожа или коса реагира на таа промена. На крај вие самите најдобро може да процените која температура одговара за вас лично кога го миете лицето или косата, и што е она што ви дава најдобри резултати како на ниво на убавина, така и кога станува збор за добросостојба.

Со каква вода најчесто го  миете вашето лице или коса? Вашите коментари се добредојдени под самиот текст.

Вики


 

Tuesday, March 29, 2016


Масло од јојоба: вистински дар од природата


Маслото од јојоба претставува едно од најдобрите состојки за нега на кожата, косата и ноктите. Неговите корисни својства биле добро познати уште одамна, од времето на старите племиња во Северна Америка. Според хемиската структура маслото од јојоба всушност претставува “восок“, меѓутоа се нарекува масло затоа што за разлика од останатите природни восоци, јојобата е течна на собна температура и се добива од семките на билката Simmondsia chinensis на сличен начин како и другите растителни масла.

Маслото од јојоба е едно од најотпорните масла на оксидација, може да издржи до девет ипол часа на температура од 130С° без никаква промена во структурата. Богато е со витамини како Е, Б2 и Б3 и претставува одлична состојка за ублажување на било каков проблем со кожата. Во продолжение на оваа статија ќе разгледаме на кој начин и во кои случаи може да го користиме маслото од јојоба.

ДАР ОД ПРИРОДАТА ЗА КОЖАТА


Маслото од јојоба е едно од ретките масла кое има огромен позитивен ефект во третманите против акни, со оглед на тоа што го регулира производството на себум и ги чисти порите кај масната кожа. Себумот претставува масен микс кој е производ на лојните жлезди во самата кожа. Тој претставува дел од хидролипидниот филм на кожата кој има за цел да ја заштити кожата од надворешните влијанија.

Структурата на маслото од јојоба е многу слична на оваа на себумот и благодарение на ова кожата одлично го апсорбира ова масло, а притоа не настанува никаква алтерација на основните својства на хидролипидниот филм. Маслото од јојоба од една страна и помага на кожата да ја задржи водата присутна во самата кожа, меѓутоа од друга страна и дозволува да дише и не доаѓа до запушување на порите. Затоа ова масло масивно се користи во добро формулираните органски креми за масна кожа.

Како што веќе напоменав, кожата одлично го апсорбира ова масло и не свети. Истовремено маслото од јојоба има својство да ја чисти масната кожа, со оглед на тоа што го регулира производството на себум. Ова масло е одлично и во комбинација со зелена глина. Во 2012 година беа објавени резултати од едно испитување на ефектот на маслото од јојоба во комбинација со зелената глина (како маска) на 194 пациенти. Забележано е намалување на 54% на акните кај пациентите по 6 недели третман. Повеќе може да прочитате овде http://www.karger.com/Article/Abstract/338076


Маслото од јојоба исто така го забавува стареењето на кожата благодарение на големото антиоксидантно дејство. Кожата делува покомпактна, посјајна и позатегната. Одлично е како средство за нега на кожата околу очите со оглед на тоа што ја затега кожата и помага во измазнувањето на брчките. Нанесете ја на благо навлажнета кожа по тоникот или помешајте ја со малку алое вера гел за уште подобар ефект.

Ова масло може слободно да го користат и мажите пред и после бричењето со оглед на тоа што ја заштитува кожата и ја оддржува хидратацијата. Пред бричењето нанесете поголема количина и убаво втријте ја во кожата, додека после бричењето доволни се неколку капки на благо навлажнето лице. Ја оддржува кожата перфектно мека, хидрирана и сјајна.

За време на летниот период, за да го зголемите хидратантното дејство на кремите за сончање пред да ја нанесете заштитната крема нанесете малку масло од јојоба под неа. Добро нешто е што ова масло може да го нанесувате и зимно и летно време како заштита на кожата со оглед на тоа што не масти и лицето не свети.

ПРЕКРАСНА И ЗДРАВА КОСА


Маслото од јојоба е одлично и како третман за косата, особено доколку е сува и безживотна. Ја заштитува косата, го враќа нејзиниот сјај и има голем хранлив ефект.  Јас би ви препорачала да го користите наместо силиконски капки за коса на сува коса само на врвовите, или по должината на косата по миењето и пред сушењето на косата. Доколку сакате рецепт за домашни природни силиконски капки прочитајте ја оваа статија http://biodevojka.blogspot.mk/2015/10/blog-post_25.html


Доколку имате проблем со масна коса и себореичен дерматит, во тој случај маслото од јојоба може да биде од огромна корист. Сѐ што треба да направите е да нанесете малку масло од јојоба само на коренот на косата со блага масажа, и да го оставите околу 30 мин. Потоа измијте ја косата со благ добро формулиран шампон. На овој начин го спречува и опаѓањето на косата, секако доколку не постојат други хормонски проблеми за оваа појава.

СРЕДСТВО ПРОТИВ СТРИИ

Маслото од јојоба е одлично средство во спречување на стриите на кожата. Доколку редовно се аплицира на местата каде најчесто се појавуваат стрии како стомакот и градите, помага во намалувањето на веќе постоечките и секако ја спречува појавата на новите. Ја оддржува кожата еластична и хидрирана.

ЗДРАВИ И ЈАКИ НОКТИ


Маслото од јојоба има огромно позитивно дејство во негата на ноктите со оглед на тоа што ги зајакнува и ги прави поиздржливи. Исто така, доколку редовно се користи, ја омекнува и кожичката околу ноктите.

Се надевам дека информациите кои ги прочитавте без доволни да ве убедат во безбројте корисни својства на ова масло за секој вид на кожа и коса. Се надевам дека ќе му дадете можност и ќе се уверите во неговите бенефиции.

Вики

 

Корисни и лековити својства на маслото од невен


Невенот е една од најпознатите и најупотребуваните билки во природната козметика и медицина, поради огромните корисни својства врз организмот и кожата. Богат е сo флавоноиди, фитостероли, танин, етерично масло, салицилна киселина, календулин и каротеноид (витамин А). Токму благодарение на каротеноидот, ова масло ја подобрува регенерацијата на ткивото и го помага зараснувањето на раните. Има смирувачко и омекнувачко дејство и е особено погодно за сува и чувствителна кожа склона кон иритации и црвенила, како и за детската и бебешката кожа.

Во периоди на голем стрес, при промена на годишните времиња, или како резултат од преголемите грижи, нашата кожа го губи здравиот сјај и станува сива и безживотна. На помош доаѓа токму маслото од невен кое има способност да го врати здравиот изглед на кожата, особено на онаа возрасната, каде со текот на годините се гледа губиток на еластичноста и тонусот.

Во продажба може да најдете многу масла од разни марки, меѓутоа може и многу лесно да го подготвите сами дома. За процедурата на подготовка прочитајте ја оваа статија http://biodevojka.blogspot.mk/2016/03/blog-post_14.html


Ајде да видиме за што сѐ може да го употребуваме ова масло.

1. Изгореници и убод од инсекти

Местото каде сте се изгореле или каде имате убод од инсект, премачкајте го со малку масло од невен. Како што веќе напоменав ова масло има одлична способност да ја помага регенерацијата на кожата и делува антивоспалително. Може да го нанесувате и повеќепати во текот на денот, се додека не видите подобрување.


2. Иритации и црвенила кај бебешката и детската кожа

Маслото од невен е одлично за смирување на било каков вид на иритации или црвенила кај бебешката кожа, особено оние кои се појавуваат на бебешкото газе при промена на пелените. И во овој случај маслото може директно да го нанесете на она место каде се појавило црвенилото, или пак да го употребите во подготовката на некоја домашна крема за оваа намена. Ова масло е одлично и како масло за нега на кожата по бањањето на децата. Се нанесува на благо навлажнета кожа.


3. Стрии на кожата

Маслото од невен е одлично средство за стриите на кожата. Секако не прави стриите да исчезнат (особено ако се бели), меѓутоа ги ублажува веќе постоечките стрии и што е најважно ја спречува појавата на нови. Особено е погодно за жените во текот на бременоста кои сакаат да ја оддржат еластичноста на кожата и да го спречат пукањето на истата, како последица на ширењето на самата кожа. Еднаш до двапати дневно, ова масло треба да се нанесе на оние делови каде стриите се појавуваат најмногу, како на пример стомакот и градите, на благо навлажнета кожа.

4. Нега на гради за време на доењето

Маслото од невен е одлично и како нега на градите (односно пупките) за време на доењето, со оглед на тоа што ја омекнува кожата и го спречува испукнувањето. Пожелно е да се нанесе после секое доење и да се одмие пред секое следно доење.


5. Возрасна кожа

Маслото од невен е идеално доколку кожата е сива, безживотна, опуштена или во случај да со годините ја изгубила еластичноста. Благодарение на својот состав, ова масло може да биде вистински спас за овој вид на кожа и успешно да замени многу скапи производи на пазарот. Може да го користите чисто, директно на лицето и вратот на благо навлажнета кожа навечер, или пак да го употребите при подготовката на некој убав и богат крем за лице. Во една од наредните статии ќе ви дадам еден прекрасен рецепт за крем со масло од невен, со оглед на тоа што треба да го подготвам за мајка ми.

6. Лузни и црвенила пост акни

Маслото од невен е едно од најдобрите средства кога станува збор за лузнички и флеки кои остануваат на лицето како последица од бубуљичките или акните, со оглед на тоа што има смирувачко и омекнувачко дејство врз кожата и ја помага регенерацијата на ткивото. Во комбинација со витаминот Ц ова масло може да даде фантастични резултати.Се нанесува навечер на местата каде има флекички, само или во комбинација со алое вера гел.


7. Атопичен дерматит (егзема)

Маслото од невен е одлично и доколку имате проблем со атопичен дерматит. Ја смирува и омекнува кожата благодарение на својствата кои ги споменав претходно во статијата.

Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист и дека пред да потрошите пари на многу скапи производи, ќе му дадете можност на фантастичното масло од невен.

До скоро читање
Вики


Monday, March 14, 2016


Направи сам: домашни масла од невен и лаванда


Маслата кои се добиваат со потопување на одредени билки и растенија во базно масло се природни производи кои освен бенефициите од базното масло, ги земаат сите бенефиции од билката која сме ја користеле за нивната подготовка.

Во зависност од билката и базното масло, овие масла имаат најразлична примена во козметиката, може да се користат како отстранувачи на шминка, како масла за масажа, или да се користат во подготовката на најразлични креми и производи за нега на кожата и косата.

Подготовката е навистина многу едноставна, сѐ што ви треба е добро масло, билка по ваш избор и најважно многу трпение!!! Пред да ви кажам како да ги подготвите во домашни услови, да проговориме малку за изборот на базното масло како и за изборот на билката која ќе ја користиме во рецептот.
.

Маслото кое ќе го користиме за подготовката на овие билни масла (ако може така да ги наречам) е од огромна важност и како најпогодни за овој вид на производ би ги издвоила:

- маслиново: многу хранливо, богато со витамин Е и има доста јак мирис;
- сончогледово: многу богато со вит. Е, издржливо на оксидација и економично;
- масло од ориз: многу издржливо и лесно масло, меѓутоа тешко се наоѓа кај нас.

За подготовката на моите две масла (невен и лаванда) лично користев ладно цедено сончогледово масло, кое се покажа како одлично.

Изборот на билката која ќе ја користиме за подготовката на овој вид на масла е од основна важност, со оглед на тоа што маслото ќе ги земе карактеристиките на самата билка како на пример мирисот, како и лековитите својства на истата.


Како што веќе прочитавте од насловот, јас користев две билки и тоа:

- невен поради омекнувачките својства, намалува црвенила и иритации на кожата и ја штити чувствителната кожа, особено онаа детската;
- лаванда: поради смирувачките својства, а најмногу поради мирисот кој едноставно го обожавам, дефинитивно зависник сум од лаванда.

Маслата може да се подготват на два начина со ладен или топол метод. Јас го користев ладниот метод и токму сега ќе ви ја опишам процедурата.

За ладниот метод потребно е билката да биде добро исушена (доколку ја купите свежа, убаво исушете ја), затоа што и најмалото присуство на вода во билката може да предизвика проблеми на конзервирање на финалниот производ.


Во една празна и перфектно чиста тегла (мора ди биде апсолутно сува без ниедна капка вода) најнапред ставете ја билката, а потоа додадете го маслото. Според мене не постои точна пропорција затоа што најважно е кога ќе ја наполните теглата билката убаво да ја покриете со масло (да нема делови кои не се покриени затоа што ќе се расипе). Јас лично користев 80 гр. невен, а кога ја наполнив тегличката додадов 250 мл. масло. Маслото кое го добив е фантастично со прекрасен мирис на невен и доста концентрирано. Истата количина ја направив и кај маслото од лаванда.

Тегличките се ставаат на темно место (на пример во креденец во кујната) и се чуваат така од 30 до 40 дена. Во текот на тие 40 дена потребно е барем еднаш во два дена убаво да ја протресете тегличката.


По истекот на времето се филтрира маслото и тоа потребно е да се направат две филтрации. Првата е да се извади комплетно целото масло од билката. За ова ви е потребна цедилка (онаа најобична за чај) и една газа. При цедењето убаво притискајте ја билката со лажичка, или завиткајте ја во газата и убаво цедете, затоа што токму тука се наоѓа најконцентрираниот дел од маслото и сите својства на самата билка.



Откако ќе го направите првото процедување, вратете го маслото во истата тегличка (секако без билката) и вратете го во креденецот уште еден ден.


Утредента со помош на една газа повторно процедете го маслото (да се одлободите од малите парченца од билка кои останале во него), и вашето масло е готово за употреба. Најдобро е доколку го ставите во темно стаклено шише, меѓутоа доколку немате може и во обично стаклено шише, меѓутоа чувајте го на темно и суво место.



Не е потребен кознерванс со оглед на тоа што станува збор за масла, меѓутоа доколку имате пожелно е да ставите антиоксиданс како на пример витамин Е, за да ја здржите што подолго трајноста на маслото и да го спречите неговото ужегнување односно оксидација, а одлично е и за нашата кожа. Доколку користите вит. Е во формата tocopherol (на пример ампули) ставете една до две ампули (повеќе секако нема да нашкоди, ќе ви биде од корист). Доколку користите масло вит. Е кое најчесто е tocopheryl acetate ставете малку повеќе од токоферолот.


Овој вид на масла може слободно да се користат за масажа директно на кожата, со оглед на тоа што не се етерични масла, туку масла кои ги извлекле сите бенефиции од билката.

Ова е дефинитивно најекономичниот начин на подготовка на вакви прекрасни билни масла, кои знаеме дека се 100% природни и чисти и кои може да ги користиме за многу работи.

Дали и вие некогаш сте направиле природно домашно масло? Секое ваше искуство и коментар се добредојдени под самиот текст.

Вики



 

Friday, March 11, 2016


Направи сам: домашно ефикасно антицелулитно масло со какао


Со пристигнувањето на топлите денови започнуваме со антицелулитните третмани и масажи, и константно сме во потрага по иделната крема или масло за оваа намена. Според мене овој вид на третман би требало да го правиме во текот на целата година а не како last minute третман пред пристигнувањето на летото, така да оваа година уште од сега ќе подготвиме едно фантастично домашно антицелулитно масло и навреме ќе се подготвиме за претстојниот летен период.

Во продажба се нудат навистина многу производи како креми, гелови и масла, меѓутоа домашните рецепти мене на некој начин ми се најубави, затоа што најнапред се производ на наш сопствен труд, а потоа и затоа што знаеме што сме ставиле во нив. Доколку како мене сте љубители на производите направи сам, во тој случај продолжете да читате.

За подготовка на ова домашно антицелулитно масло потребно ви е:


- 3 супени лажици какао
- 250 мл. масло (по ваш избор, маслиново или сончогледово)

Во една чиста тегличка најнапред ставете го какаото, а потоа додадете го и маслото. Конкретно за овој рецепт користев ладно цедено сончогледово масло. Тегличката затворете ја и ставете ја на темно место (на пример креденец во кујната) и оставете така да стои од 30 до 40 дена. Сетете се барем еднаш во два дена да го протресете маслото (да ја протресете самата тегла).

По истекот на времето со помош на една памучна крпа или газа, прецедете го маслото.


Она што ќе ви остане како талог не го фрлајте туку искористете го како антицелулитна маска. Нанесете убава количина на бедрата и нозете, обвиткајте ги со пластична фолија и оставете да делува околу половина час. потоа измијте со вода. Доколку сте заинтересирани како сами да направите антицелулитна маска прочитајте овде http://biodevojka.blogspot.mk/2015/07/blog-post_7.html


Но ние да се вратиме на нашето масло. Откако ќе го прецедите, маслото ќе има прекрасен мирис на чоколадо, и време е да го збогатиме со етерични масла кои се наменети токму за оваа проблематика. Какаото во самото масло нема голем ефект врз целулитот, затоа што од него не може да успееме да ги извлечеме сите состојки за оваа намена како на пример кога би го нанеле директно на кожата (како маската која ви ја предложив погоре), и токму затоа и го збогатуваме со етерични масла. Во 100 грама масло од какао ќе ставиме 40 капки етерично масло и тоа:

- 10 капки етерично масло од лаванда;
- 8 капки етерично масло од рузмарин
- 8 капки етерично масло од лимон
- 7 капки етерично масло од портокал
- 7 капки етерично масло од мента


Откако ќе ги додадете етеричните масла убаво протресете и ете, вашето антицелулитно масло е готово. Ова е секако мој избор на антицелулитни етерични масла, вие доколку ги немате сите овие секако може да ставите она што имате дома, придржувајќи се до дозата на 40 капки (не повеќе). Доколку ве интересира кои етерични масла се најдобри за оваа проблематика прочитајте овде http://biodevojka.blogspot.mk/2016/03/blog-post_70.html.

Доколку не сакате да го направите маслото од какао, како базно масло може да користите бадемово, маслиново, јојоба, сончогледово, масло од лешник и.т.н., меѓутоа верувајте ми неодоливиот мирис на чоколадо ќе ве освои. Поради него вреди да се направи ова масло.


Маслото нанесете го на благо навлажнета кожа (најдобро навечер по туширање) и втријте го со блага масажа. Токму масажата е од огромно значење затоа што ја поттикнува циркулацијата и на некој начин го подобрува третманот.

Секако, запомнете дека ниеден производ сам по себе не прави чуда и дека од огромна важност е правилната исхрана, конзумирањето на течности и физичката активност.


 

Wednesday, March 9, 2016


Природни анти ејџ состојки за нега на нашата кожа


Со текот на годините кожата постепено ја губи способноста за регенерација, се намалува производството на колаген и еластин како и циркулацијата на самата кожа која веќе не е во можност да носи хранливи состојки во клетките на епидемот. Стареењето е секако природен процес и зависи пред сѐ од генетски фактори (кои за жал не може да ги смениме), меѓутоа и од надворешни фактори и влијанија кои не зависат од годините туку од начинот на живот, исхрана и она што го нанесуваме на самата кожа.

Најнапред сакам да ве потсетам на златното правило дека подобро е да спречиме, отколку да лечиме и дека процесот на стареење може да се ублажи доколку правилно ја негуваме нашата кожа уште од 30-тата година, со соодветни производи за таа намена. Од 30-та година се намалува способноста на кожата да ја задржува водата како резултат на губитокот на хијалуронската киселина природно присутна во нашиот организам, па затоа се препорачуваат производи за нега кои содржат токму хијалуронска киселина. Од 40-та година се намалува производството на колаген и еластин и кожата почнува полека да ја губи еластичноста. По 50-та година се случуваат повеќе промени и кожата почнува полека да се опушта. Ова секако не значи дека уште на 30 години треба да започнеме со јаки анти ејџ креми и состојки кои би ги користеле на 50 години, туку дека треба со соодветен производ наменет за нашот тип на кожа да ја храниме и хидрираме кожата и на тој начин да се обидеме што повеќе да ја оддржиме нејзината еластичност.


Анти ејџ производите не се сите исти и зависат пред сѐ од текстурата, состојките и секако формулацијата. Кога бирате производи за нега на возрасната кожа, најдобро е истите да содржат витамини како А, Ф и Б5 како и хијалуронска киселина која одлично ја задржува влагата во кожата . Овие витамини се од огромна важност во задржувањето на еластичноста на кожата. Исто така и состојката Q10 е од огромна важност кога станува збор за возрасната кожа. Оваа состојка е навистина доста скапа, така да производите кои ја содржат (кои се убаво формулирани) имаат повисока цена. Во едно истражување имам прочитано дека од бојата на кремот може да се препознае во колкав процент е ставена оваа состојка. Со оглед на тоа што состојката Q10 има природно портокалова боја кремите кои ја содржат во поголем процент треба да имаат жолтеникава боја. Оние кои се комплетно бели имаат мал процент на оваа состојка.


Секако, во продажба се нудат голем број на производи меѓутоа голем број од нив содржат состојки кои не се дермокомпатибилни како на пример нафтените деривати и силиконите, кои даваат лажен ефект на мазна и негувана кожа, а всушност воопшто немаат никаква улога во негата на кожата. Доколку сакате да дознаете кои состојки треба апсолутно да ги избегнувате во еден производ прочитајте овде http://biodevojka.blogspot.mk/2015/02/blog-post_35.html

Шеа путерот е одлична состојка за нега на возрасната кожа бидејќи е богат со сите витамини кои ви ги набројав претходно, односно  А, Б, Е и Ф. Овој путер одлично ја оддржува еластичноста на кожата. Може да го нанесете во комбинација со алое вера гел (доколку сакате и избелувачки ефект), или пак на благо навлажнета кожа, на пример по нанесувањето на тоникот.

Може и сами да направите природно масло/серум за нега на кожата како на пример следново кое ќе ви го предложам:

- две кафени лажички масло од пченични никулци;
- две кафени лажички масло од арган;
- две кафени лажички масло од авокадо;
- половина кафена лажичка масло вит. Е (или две ампули);
- 7 капки етерично масло од лаванда

Овој серум е комбинација од три многу ефикасни масла за нега на возрасната кожа кои во комбинација со витаминот Е одлично ја оддржуваат еластичноста на кожата. Етеричното масло од лаванда има смирувачки ефект. Нанесувајте го секогаш на благо навлажнето лице.


Како што веќе напоменав, генетските предиспозиции не може да ги промениме, меѓутоа може многу да делуваме кога станува збор за надворешните фактори кои предизвикуваат предвремено стареење. Стресот, цигарите, злоупотребата на алкохолот и прекумерното изложување на сончевите зраци без соодветна заштита, го зголемуваат бројот на слободните радикали во нашето тело. Доколку тој број е поголем од она што нашето тело може да контрастира, во тој случај слободноте радикали се во можност да ја оштетат структурата на клетките и да ја модифицираат нивната структура, со што предизвикуваат предвремено стареење. Клучна состојка во овој контекст се антиоксидансите.

Како што кажува и самиот збор, антиоксидансите се всушност состојки кои ја спречуваат оксидацијата и ги контрастираат слободните радикали, а како две најпознати антиоксидантни состојки од кои возрасната кожа навистина има потреба се: витаминот Ц (ascorbic acid) и витаминот Е (tocopherol).

 Витаминот Ц е многу моќен антиоксиданс и го спречува дејството на слободните радикали, а со тоа го спречува и предвременото стареење на кожата. Го стимулира производството на колаген, ги намалува црвенилата и иритациите на кожата, одлично ги избелува дамките на лицето и го изедначува тенот на кожата. Витаминот Ц е многу нестабилен како состојка и во контакт со воздух, светлина итн. навистина многу брзо оксидира и го губи дејството. Негова постабилна варијанта која обично се користи во производите за нега на лицето е Ascorbyl palmitate.

Овој витамин е растворлив во вода, така да доколку сакате максимално да ги искоритите неговите бенефиции, во тој случај направете си домашен третман кој освен анти ејџ ефект, ке има и избелувачки ефект на кожата. Кога за прв пат прочитав за овој третман и го применив, бев воодушевена од резултатите. Во два прста деминерализирана вода растворете четвртина таблетка вит. Ц од 500 мг. и нанесете го на лицето навечер. Почекајте околу 15 до 20 мин. и потоа нанесете го вашиот крем за лице. Течноста што ќе ви остане фрлете ја, затоа што ќе оксидира. Овој третман може да го правите само одреден период, не постојано, и како кожата ќе се навикнува така постепено може да стигнете до количината од половина таблетка витамин Ц во два прста деминерализирана вода. За повеќе информации околу овој третман и неговото дејство прочитајте овде http://biodevojka.blogspot.mk/2016/03/blog-post_4.html.


Витаминот Е е природно присутен во голем број на масла за лице како масло од пченични никулци и масло од авокадо. Некои масла во продажба го имаат додадено во својот состав (контролирајте ја декларацијата во која освен ботаничкото име на маслото треба да стои и зборот tocopherol или  tocopheryl acetate). За да извлечеме максимум од овој витамин, најдобро е ако го купиме од аптека (го има во форма на масло каде во декларацијата пишува tocopheryl acetate или во форма на ампули) и го додадеме на маслата за лице или пак го збогатиме кремот за лице. Јас секогаш го додавам овој витамин кога за себе подготвувам некое масло или домашен крем, затоа што доколку се додаде во маслото спречува истото да ужегне.

Доколку сакате да знаете кои масла одговараат за вашиот тип на кожа и какво влијание имаат ви советувам да прочитате овде http://biodevojka.blogspot.mk/2015/03/blog-post_46.html

Освен надворешна употреба на овие витамини директно врз кожата, од огромна важност е истите да му ги даваме и на организмот внатрешно, преку конзумирање на храна која ги содржи во голем процент, или во одредени случаеви преку додатоци во исхраната во согласност со мислењето на вашиот лекар.

За на крај би сакала да ви дадам неколку совети  за нега на кожата:

1. Секогаш темелно отстранувајте ја вашата шминка навечер пред да си легнете. Најдобар производ за отстранување на шминката од повозрасната кожа се маслените производи или богатите млека кои одлично ја отстрануваат шминката и притоа ја негуваат кожата. За оваа намена може да користите било кое масло како кокосово, бадемово, маслиново. Доволно е да навлажните едно памукче или дискета за отстранување на шминка со малку вода и врз неа да ставите маслку масло. Поминете со памукчето низ целото лице. Потоа убаво измијте го лицето со соодветен нежен гел (да ги отстраните трагите од масло и нечистотија од лицето) и на крај нанесете тоник и крем за лице.


2. Внимавајте на изложувањето на сончевите зраци и секогаш користете соодветна зашита со висок фактор. Моја лична препорака ви е секогаш да бирате производи со физички филтри, наместо оние со хемиски филтри. Повеќе совети за производите за заштита од сонцето прочитајте овде http://biodevojka.blogspot.mk/2015/04/k.html

3. Убавината пред сѐ доаѓа од внатре, така да производите за нега на кожата треба да бидат потпомогнати со што е можно поздрав живот, балансирана исхрана, умерена физичка активност и конзумирање на многу вода.

 

 

Thursday, March 3, 2016


Веган алтернативи за состојките од животинско потекло во рецептите за убавина


 Здраво драги мои,

во скоро сите домашни рецепти кои ги објавувам за кожа и коса, се наоѓа по некоја состојка од животинско потекло која, секако оние кои се веган ја избегнуваат, и честопати добивам прашања како истата да ја заменат или веганизираат во рецептот. Оваа статија е за сите читатели кои се веган, а кои сепак сакаат да ги прават домашните рецепти и маски, меѓутоа со мали замени или веган алтернативи.

Најчесто употребуваните состојки од животинско потекло во моите рецепти се: млако, јогурт, јајце и мед. Овие најчесто ги користам и јас самата (особено медот), па токму затоа денес ќе ви дадам неколку веган алтернативи токму на овие состојки.


1. Млеко


Кравјото млеко може многу лесно да се замени со некое од растителните млека како: оризово, соја, бадемово, кокосово итн. Овие млека може да ги најдете во сите продавници за здрава храна или во одделите за здрава храна во поголемите супермаркети. Секако може и сами да ги направите дома, а за таа цел ви оставам неколку статии за домашно приготвени растителни млека:

- оризово http://biodevojka.blogspot.mk/2015/03/blog-post_30.html
- бадемово http://biodevojka.blogspot.mk/2015/05/blog-post_99.html

2. Јогурт

Мислам дека во некоја од продавниците за здрава храна имам видено и јогурт од соја, меѓутоа, доколку не можете да најдете во тој случај земете го густиот дел од кокосовото млеко (она што се формира како путер) и користете го наместо јогурт во рецептите за убавина за кожа и коса. Кокосовото млеко има одлични бенефиции врз кожата и косата, ја храни и омекнува. За подготовка на ова млеко во домашни услови прочитајте ја статијата http://biodevojka.blogspot.mk/2016/02/blog-post.html

3. Мед


Медот навистина многу го користам во скоро сите рецепти затоа што има одлично влијание врз кожата и косата. Како замена за медот, односно како негова веган варијанта, би можела да наведам две состојки и тоа: малтекс и маџун (гроздов слад). Малтексот е богат со витамини и минерали како калциум, калиум и железо, а гроздовиот слад изобилува со калиум, калциум, фосфор, железо и витамини Б1, Б2, Б3, Б6, Ц, Д, А.

4. Јајце


Во моите рецепти јас најчесто ја користам жолчката од јајцето која, за жал, не успеав да ја заменам со ниеден веган производ. Се мислев со што би можела да се замени, ама за жал не најдов одговор. Доколку правите маски за коса, еве може да ви предложам да ја замените со малку маслиново масло (иако не е исто), меѓутоа подобро отколку ништо, секако.

Се надевам дека и оваа статија ви се допадна и ви беше од корист.
Поздрав и до скоро читање

Вики
No comments:

Friday, February 19, 2016


Колку е важна ph вредноста на козметичките производи?

Здраво,

еве ме со уште една многу корисна тема за здравјето и убавината на кожата, која се однесува на ph вредноста на козметичките производи кои ги користиме. Многупати на самите производи читаме “ја почитува ph вредноста на вашата кожа“ или “ph вредност во склад со вашата кожа“ и.т.н., но што всушност тоа значи и колку е навистина важна оваа вредност кога станува збор за козметика?

Рh всушност претставува хемиски симбол со кој се мери базната или киселата вредност на водата и обично ph вредност потребно е да се мери само во оние козметички производи во кои има поголем процент на вода (кога станува збор за путери, масла, кремите т.н. cold cream или емулзиите вода во масло ова не важи). Скалата со која се мери ph вредноста на производите оди од 0 (екстремно кисело) до 14 (екстремно алкално) каде 7 се смета за неутро и е всушност ph вредноста на самата вода.

Нашата кожа е благо киселкаста и има ph вредност од 5,5 (во интимната зона е покиселкаста) и тоа секако не е случајно. Киселкоста на кожата има функција да ја заштити кожата од бактериски реакции, да го спречи процесот на оксидација и секако да ја оддржи цврстината и структурата на кератинот.


Како што напоменав скалата на ph вредноста оди од 0 до 14 каде:

ph од 0 до 2 воопшто не се сретнува во козметиката;
ph од 3 до 4.5 се сретнува во производите за интимна хигиена и балзамот за коса;
ph од 5 до 6 во кремите за лице и тело, шампони, гелови за туширање и купки;
ph 7 во бебешките производи и кремите околу очи;
ph  од 8 до 9 креми за лице во кои како емулгатор се користи еден вид на сапун (за ова ќе говорам подоцна во самата статија);
ph од 8 до10 во природни сапуни (синтетичките т.н. syndet имаат ph вредност пониска од 8);
ph 12 во кремите за депилација
ph 13 до 14 обично не се користи во козметиката

За производите за интимна хигиена веќе говорев во статијата http://biodevojka.blogspot.mk/2015/08/aloedermal.html, меѓутоа еве ќе повторам дека ph вредноста зависи и од годините. Во здрави услови на интимната зона, за жените во плодните години идеалниот производ за интимна хигиена треба да биде со рh 4,5. Девојчињата пред пубертетот и жените во менопауза треба да користат производи со рh неутро.


 Кога станува збор за производите на измивање обично оние кои се во гел или млека за измивање најчесто имаат ph вредност која е блиску до природната ph вредност на кожата. Сапуните од друга страна забележавме дека имаат алкална ph вредост обично над 8, која е доста различна од природната ph вредност на самата кожа. Меѓутоа ова не значи дека треба да ги избегнуваме затоа што станува збор за производ на измивање. Во статијата во која говорев како да го препознаеме добриот сапун http://biodevojka.blogspot.mk/2016/01/blog-post_10.html напоменав дека многу е важен начинот на изработка и состојките кои се користени во еден сапун и дека не сите сапуни се исти. Постојат и многу убаво формулирани сапуни кои се одлични како производ. Сапуните (оние добрите) може слободно да се користат за измивање на лицето (со оглед на тоа што се производ на измивање), затоа што во здрави услови кожата има способност сама да ја поврати својата природна phвредност. Исто така и тониците за лице служат да ја повратат ph вредноста на кожата (повеќе говорев во статијата http://biodevojka.blogspot.mk/2015/11/blog-post_11.html).


Проблемот е кога се користат производи кои не се на измивање и кои се оставаат на кожата, како на пример кремите со ph вредност различна од онаа природната. Најдобар вид на крема е секако онаа со благо киселкаста ph (како и повеќето креми во продажба) или пак еве максимум неутро (иако е подобра онаа под 7). Во ретки случаи постојат и креми во кои како емулгатор се користи една алкална солуција слична на сапун со што ph вредноста на самата крема станува алкална (внимавајте, не е возможно да се спушти ph вредноста на еден вака емулзиониран проивод). Овој тип на креми апсолутно треба да се избегнуваат затоа што со текот на времето прават алтерација на ph вредноста на самата кожа и може да предизвикаат многу проблеми со кожата. Овие креми може многу лесно да ги препознаете од самата декларација, односно кога во декларацијата ќе ги видите овие две состојки заедно: stearic acid и triethanolamine.



Затоа следен пат кога ќе одите во потрага на производ за нега или хигиена внимавајте како на ph вредноста, така и на состојките (декларацијата) на производот.

Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист и дека ви се допадна.

Поздрав
Вики
No comments:

 

Wednesday, February 10, 2016


Листа на quaternium и polyquaternium во шампоните кои не се силикони


Кога говорев за тоа како да ги препознаеме силиконите во шампонот http://biodevojka.blogspot.mk/2016/02/blog-post_9.html, ви реков дека ќе направам една листа на најчесто употребуваните quaternium и polyquaternium во шампоните кои не се силикони. За ова доста истражував и читав разни статии, и пред да ја видиме листата, само уште еднаш да објаснам што се овие и како всушност делуваат врз косата, а и да дадам додатни информации кои не ги кажав во претходната статија.

За разлика од ПЕГ каде бројот до него значеше колку молекули на етилен оксид се употребени во формулата (претставуваат ознака за хемиската структура на самиот ПЕГ), броевите кои ќе ги најдете до quaternium и polyquaternium едноставно се регистарски броеви на самата состојка и немаат никаква врска со нивната хемиска структура. Без да ве замарам за хемиската структура на истиве, ќе се задржам само на ефектот и влијанието врз косата, со оглед на тоа што ова е сигурно нешто што ве интересира.

Како што веќе напоменав во претходната статија quaternium и polyquaternium (барем поголем дел од нив, а во продолжение ќе видите кои), не претставуваат силикони, иако на некој начин имаат сличен ефект врз косата, односно служат како кондиционатори во еден производ за коса како на пример шампон или балзам.


Како што веќе добро знаете (доколку ме читате редовно) силиконите имаат таква структура да се лепат за влакното, создаваат еден вид на филм кој го задушува самото влакно и многу тешко се вадат, односно измиваат од косата. Единствен начин да ги отстраните (за ова е потребно повеќе време во зависност од тоа колку долго сте користеле производи на база на силикони) е да косата ја измивате без силиконски производи и, воопшто, да ги исфрлите силиконските производи како на пример балзами, шампони, силиконски капки, пена, лак, спреј итн.

Од друга страна, quaternium и polyquaternium најчесто се користат затоа што придонесуваат косата подобро да се расчешла, даваат поголем сјај на влакното, ја омекнуваат косата и што е најважно полесно се отстрануваат од силиконите.

Меѓутоа внимавајте, поголемиот дел од quaternium и polyquaternium имаат т.н. ефект build up, односно со текот на времето се акумулираат на косата и го отежнуваат самото влакно. Ова може да го сфатите едноставно ако вашиот шампон кој не содржи силикон, меѓутоа содржи еден од долунаведените quaternium и polyquaternium, доколку по 6-то или 7-мо миење веќе ви ја отежнува косата, во тој случај овие состојки имаат build up ефект врз самото влакно, односно се акумулираат. Исто така девојките кои имаат виткана коса, можно е по долга употреба на овие кондиционатори да забележат дека локните им се помалку виткани што е секако дел од ефектот build up за кој веќе говорев и отежната коса.


Обично во шампоните процентот на quaternium и polyquaternium е низок, додека кога станува збор за силиконите се присутни во голем процент. Затоа и ви велам да ги гледате промените на вашата коса за време на употребата на одередени производи кои содржат quaternium и poliquaternium, со цел да знаете кој шампон или регенератор одговара за вашиот тип на коса.

Секако доколку ме прашате мене, јас би ви препорачала шампони без сите овие состојки (со убава органска формула), меѓутоа еве мора да бидам искрена и да кажам дека quaternium и polyquaternium се подобра варијанта од силиконите, иако имаат големо токсично влијание врз водниот свет штом ќе се исфрлат во водите.

Еве ви ја листата на несиликонски quaternium и polyquaternium

1. Несиликонски quaternium

quaternium 7, quaternium 14, quaternium 15, quaternium 16, quaternium 18, quaternium 22, quaternium 24, quaternium 26, quaternium 27, quaternium 30, quaternium 33, quaternium 43, quaternium 45, quaternium 51, quaternium 52, quaternium 53, quaternium 56, quaternium 60, quaternium 61, quaternium 62, quaternium 63, quaternium 70, quaternium 71, quaternium 72, quaternium 73, quaternium 75, quaternium 77, quaternium 78, quaternium 82, quaternium 83, quaternium 84, quaternium 85, quaternium 87

2. Несиликонски polyquaternium

polyquaternium 1, polyquaternium 2, polyquaternium 4, polyquaternium 5, polyquaternium 6, polyquaternium 7, polyquaternium 8, polyquaternium 9, polyquaternium 10, polyquaternium 11, polyquaternium 12, polyquaternium 13, polyquaternium 14, polyquaternium 15, polyquaternium 16, polyquaternium 17, polyquaternium 18, polyquaternium 19, polyquaternium 20, polyquaternium 22, polyquaternium 24, polyquaternium 28, polyquaternium 29, polyquaternium 30, polyquaternium 31, polyquaternium 33, polyquaternium 34, polyquaternium 35, polyquaternium 36, polyquaternium 37, polyquaternium 39, polyquaternium 42, polyquaternium 44, polyquaternium 45, polyquaternium 46, polyquaternium 47, polyquaternium 55

Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист и дека ви се допадна.
Поздрав
Вики

Tuesday, February 9, 2016


Одговори на вашите најчесто поставувани прашања

Здраво драги мои,

секојдневно добивам најразлични прашања што значи дека вашиот интерест расте што ме прави екстремно среќна. Со оглед на тоа што многу од нив се одлични како прашања, решив од време на време да објавувам вакви статии каде ќе ги собирам вашите прашања и ќе одговарам за сите да може да прочитате корисни информации. Како што реков редовно ќе пишувам вакви статии така да ова ќе биде само една од многу.
Ајде да почнеме.

1. Зошто секогаш советуваш маслата за нега на кожата (лице или тело) да се нанесуваат на благо навлажнета кожа?


Точно е дека секогаш во статиите ви велам маслото нанесете го на благо навлажнето лице од тоникот или по испрскување на термална вода, или пак маслото нанесете го на телото по туширање на благо навлажнета кожа затоа што кожата подобро го апсорбира и на некој начин добива сѐ што и е потребно. Верувајте ми има свое зошто.

Кожата има свој природен заштитен слој кој се нарекува хидролипиден слој. Самиот збор хидролипиден е составен од два збора и тоа хидро (вода) и липиди (масло) што значи дека природниот слој на кожата содржи воден и масен дел. Затоа, за една состојка убаво да навлезе во кожата и да ја нахрани но и хидрира треба во својот состав да има воден и масен дел.

Со оглед на тоа што маслото (како што кажува и самото име) е масна состојка, кожата нема да може комплетно да ги искористи сите убави состојки во самото масло со оглед на тоа што истото ќе остане на површината и нема да може убаво да навлезе во кожата доколку истата е сува.

Кожата може да ја навлажните со тоник за лице, термална вода или обична вода, важно е да биде благо навлажнета. На тој начин кожата ќе биде не само убаво награнета туку и хидрирана, а двете овие состојби се важен предуслов за убава кожа.


Доколку се сеќавате во статијата како да ја подобриме кремата за лице во случај да истата не одговара на нашиот тип на кожа, ви советував ако кремата ви е помасна да ја користите заедно со алое вера гел http://biodevojka.blogspot.mk/2015/05/blog-post_31.html. Истата таа техника може да ја примените и овде.

Доколку користите масло за нега на лицето, наместо да го ставите на благо навлажнето лице, пробајте да помешате мал дел од маслото со малку алое вера гел во вашата дланка, и смесата нанесете ја на убаво исчистено лице. Маслото не само што лесно ќе се впие благодарение на алое вера гелот, туку и двете заедно ќе имаат комплетно дејство во негата на кожата.

2. Зошто третманите со масла најдобро е да се нанесат на влажна коса?


За ова имам веќе говорено, ама еве ќе повторам доколку некој не прочитал. Во скоро сите статии препорачувам маслата да се нанесат на благо навлажнета коса затоа што маслото кога ќе се нанесе на косата се врзува со маслата природно присутни во влакното. При миењето со шампонот, маслата кои сме ги нанеле на косата како третман со себе ги носат и маслата кои се природно присутни во косата, за кои претходно се врзале, и резултатот може да биде сува коса, односно сув ефект.

Откако ќе се нанесат маслата на благо навлажнета коса, таа влага треба да се задржи со помош на една обична пластична ќеса (онаа од супермаркет) или пак пластична фолија за храна и врз неа да се стави пешкир. На тој начин ја задржуваме влагата во влакното и топлината за време на третманот.


Понекогаш сакам да ја исправувам косата, меѓутоа никогаш не користам пегла туку само фен и четка. Со оглед на тоа што имам тенко влакно кое е доста лесно за обликување косата лесно ја исправувам, меѓутоа мојот проблем е кога има поголема влага или ветар, по саат време откако сум излегла косата воопшто не личи на она што сум го направила пред да излезам.

И овде направив еден експеримент. Откако ја засушив малку косата (никогаш не чешлајте или фенирајте мокра коса, оставете ја да се исуши некаде околу 80%), на неа нанесов мешавина од алое вера гел со масло (малсата кои ги пробав беа кокосово, арганово и авокадо, секако наизменично не сите одеднаш). Потоа поминував со фен и четка за да ја измазнам и исправам дел по дел, и косата ми беше права и мазна во текот на целиот ден. На овој начин најдолго ми траеше фенираното.

Еве го ефектот од фенирањето по употребата на алое вера гел со масло на скоро исушена коса.



3. Како да ги препознаам силиконите во шампонот?


За силиконите имам говорено во многу статии и имам кажано дека обично завршуваат на наставките -one; -xiloxane; -silanoil. Во листата на штетни состојки која ја имам објавено во една од статиите на блогот има и еден силикон кој е quaternium 80 (претходно имав напишано polyquaternium, меѓутоа мислев на quaternium и ја поправив грешката во статијата)

Некои од вас кога ме прашуваа за шампоните ми покажуваа состојки како quaternium и polyquaternium каде одредени од нив се силикони, додека одредени не се. Многу важна улога имаат бројките до зборовите quaternium и polyquaternium и секако хемиската формула на истите. Доколку се двоумите дали еден quaternium или polyquaternium е силикон, мој совет ви е (секако доколку сакате) да ја побарате на интернет хемиската формула за тој quaternium или polyquaternium. Доколку во формулата е присутна ознаката Si во тој случај станува збор за силикон. Еве ви еден пример за quaternium 80

Immagine

како што може да забележите ја има ознаката Si така да станува збор за силикон.

Еве ви ознака на пример за polyquaternium 10

Immagine

овде нема Si така да не станува збор за силикон.

Е сега, која е разликата помеѓу силиконите и оние quaternium или polyquaternium кои не се силикони? Силиконите како што знаете создаваат филм врз косата односно врз влакното и на некој начин го задушуваат. Како структура се многу масни (нешто слично како масло) и остануваат залепен на косата дури и кога ќе го измиете производот (доколку се миете со силиконски шампони секако).

За разлика од силиконите оние quaternium или polyquaternium кои не се силикони исто така создаваат еден вид на филм на косата кој не е баш лесен за одмивање, меѓутоа многу полесно се отстрануваат од силиконите и што е најважно не мастат. Во еден шампон процентот на несиликонските quaternium или polyquaternium обично не е многу голем, додека најчесто силиконите се обилно присутни. 

Во една од следните статии ќе се обидам да ви направам една листа на некои quaternium и polyquaternium кои не се силикони (ќе ми треба секако малку повеќе време за да ги проверам формулите).

Како и да е, и двата типа на кондиционатори на косата воопшто не се во согласност со органската козметика и во добро формулираните органски шампони воопшто и нема да ги најдете.

Мислам дека ова беа доволно информации за една статија. Вие секако продолжете да прашувате сѐ она што ве интересира.

Ве поздравувам и се читаме наскоро.
Вики

 

Wednesday, January 20, 2016


Алкохол во козметичките производи: да или не???

Здраво драги мои,

еве уште една многу барана тема која се однесува на употребата на алкохолот во козметичките производи. За ова што денес ќе го прочитате истражував навистина подолго време и ќе се обидам, на најможен едноставен начин, да изнесам како факти од истражувања на стручни лица, така и свое лично искуство со производите кои го содржат. Употребата на алкохолот во козметиката од една страна има и свое зошто, иако сметам дека одредени производи не би требало воопшто да го содржат.

Најнапред да разјасниме нешто важно: станува збор за етил алкохол кој во декларацијата се пишува само како алкохол и кој не е воопшто иста работа со останатите имиња во кои ќе го најдете зборот алкохол како: cetyl alcohol, cetearyl alcohol, myrisyl alcohol, кои имаат сосема друга формула и функција во самиот производ:

-  myrisyl alcohol: има омекнувачко/смирувачко дејство
-  cetyl alcohol и cetearyl alcohol: се еден вид на масен восок со омекнувачко дејство
-  benzyl alcohol: алерген од парфемите
- stearyl alcohol: има омекнувачко/смирувачко дејство

Повеќето фирми (особено германските) алкохолот го користат најнапред како конзерванс во комбинација со етеричните масла, а потоа и затоа што некои екстракти се растворливи само во алкохол. Никогаш со сигурност не може да дознаеме во колкав процент е употребен алкохолот во козметичките производи, меѓутоа може горе доле да претпоставиме во согласност од состојките кои се наоѓаат пред него или после него. Алкохолот во козметиката често пати претставува и валидна замена за лесните силикони ако се земе предвид дека самите креми ги прави полесни. Проблемот е во тоа што алкохолот прави денатурација на протеините и можеби на почеток нема да даде никаков проблем или пак може видно да ја подобри состојбата на кожата (особено ако е масна), меѓутоа со редовна употреба во текот на времето од масна кожа на пример може да се најдете со сува кожа.


Меѓутоа како што веќе нагласив алкохолот различно се однесува на кожата и зависи пред сѐ од формулата на производот и состојките употребени во него, затоа во продолжение ќе ја разгледаме употребата на алкохолот во разни видови на козметички производи и соодносот со останатите состојки.

1. Алкохол во кремите за лице

Во многу креми за лице, особено оние за масна кожа се забележува присуство на алкохол и тоа на доста високи позиции како на пример втора позиција во декларацијата, веднаш по водата во самиот производ. Како што реков тешко е со прецизност да сфатиме во колкав процент е употребен од самата декларација, затоа што зависи од состојките со кои е комбиниран и/или присуството на други конзерванси во самиот производ. Пред да проговориме нешто повеќе ајде да ви кажам што се всушност содржи една крема:

- Фаза А или водена фаза;
- Фаза Б или масна фазa;
- Фаза Ц наречена фаза на ладно каде се користат најразни екстракти и масла кои не се термостабилни и доколку се загреат го губат своето дејство.


Ова е исто за сите креми за сите типови на кожа, она што се менува е процентот на секоја од состојките и фазите во една крема. Во некои креми за лице, веднаш по водата доаѓа алкохолот (може да не биде баш веднаш по водата туку да се најде и како четврта или петта состојка). Обично производителите кои во кремите ставиле алкохол, ја зголемуваат масната фаза на производот така да на некој начин дејството на алкохолот може да биде лимитирано, иако секако се чувствува неговото присуство и има одредено дејство врз кожата. На пример ако процентот на масла е 2 до 4% масленост во една крема за многу масна кожа, или 5 до 8% масленост за масна или комбинирана кожа, компаниите ќе стават повеќе и потоа со алкохолот ќе ја “ублажат“ таа масленост во производот.

Доколку алкохолот се користи како алтернатива за лесни силикони во кремата неговото присуство е обично околу 5% и на кремата и дава убава структура, ја прави полесна и подобро се размачкува. Како конзерванс процентот на алкохол е најмалку 15%, меѓутоа возможно е да се користи и помал процент за конзервирање доколку производот содржи одредени состојки кои го дозволуваат тоа.  Исто така многу е важно да напоменам дека голема улога во процентот на алкохолот има и опаковката на производот. Не е исто крем во туба и крем во кутивче со оглед на тоа што производот во кутивчето го земаме со прстите директно и можноста за бактерии е поголема.


Меѓутоа, ова што го напоменав секако не е за да ве исплаши, затоа што алкохолот во комбинација со водата во производот губи голем дел од агресивното дејство со оглед на тоа што се зголемува испарувачката моќ. Сепак делувањето врз кожата е индивидуално и според мене треба да ја пробате кремата и да ги следите промените на вашата кожа за да сфатите колкав процент на алкохол има во производот и како делува на вашата кожа. Доколку се одлучите за крема која содржи алкохол мој совет ви е да ја користите одреден период или наизменично со некоја која не содржи. Сепак имајте на ум дека во кремите алкохолот е помало зло со оглед на тоа што ги заменува на пример силиконите или тешките конзерванси.

Мое лично искуство

И јас користев производи со алкохол, меѓутоа еве за среќа (без да знам на времето) ги користев или наизменично со некој производ без алкохол или само одредено време па се префрлав на производи без алкохол. Со оглед на тоа што јас отсекогаш обожавав и сеуште обожавам чисти масла за лице, и ги користам или сами или како серум пред да ставам крема, можеби затоа и не сум видела некоја позначајна промена, или пак кремите имале низок процент на алкохол. Затоа и ве советував претходно да кремата ја користите одреден период или пак во комбинација со друга без алкохол.

2. Алкохол во шампоните за коса

Во шампоните алкохолот се користи затоа што испарува многу брзо без да ја отежни косата и без да остави преголема влага во неа, а секако и како конзерванс. Со оглед на тоа што алкохолот ги денатурира протеините, а со тоа и кератинот на косата, со честа употреба ја оштетува самата коса. За разлика од кожата која има телесна топлина косата нема, така да јас лично избегнувам било каков шампон во кој има алкохол на било која позиција. Ајде најнапред да видиме како всушност е направен еден шампон. За еден шампон добро да измива, односно да го врши она за кое е наменет, во својата формула мора да има сурфактанти. Овие се всушнот измивачи чија молекула е составена од два дела: едниот се врзува за маснотиите и нечистотиите во косата, а другиот за водата, така да кога ја миеме косата оној дел од молекулата кој се врзал за водата со себе го носи делот кој се врзал за маснотијата и резултатот е чиста коса.


Најнапред од основна важност е шампонот да не содржи само еден сурфактант (затоа што истиот ќе биде поагресивен), туку комбинација од сурфактанти, затоа што при правилната комбинација, истите се неутрализираат и надополнуваат со што се сведува на минимум агресивноста и иритирачката моќ на еден производ. Еден од сурфактантите треба да биде примарен, кој всушност и ќе ја дава измивачката моќ на производот, потоа секундарен(ни) кој ќе ја ублажат агресивната моќ на примарниот и останати сурфактанти кои ќе дадат густина, пенливост итн. Меѓутоа, ако ставиме само вода и сурфактанти во еден производ, истиот ќе претставува средство за миење на садови :), па затоа за еден шампон да биде квалитетен и да има одредена хранлива моќ, да ја негува и прави косата полесна за расчешлување, треба да содржи и други состојки како на пример протеини, масла и витамини.

Кога во шампоните се додава и алкохол (најчесто како конзерванс или пак како растварач на некои бини екстракти во самиот производ) тој уште додатно обезмастува (а тоа веќе го прават сурфактантите), така да шампонот може да биде многу поагресивен, да доведе до сушење на косата и појава на првут. Исто така и лосионите и ампулите за коса кои содржат алкохол и делуваат против опаѓањето на косата (доколку тоа е проблемот) одлично ја стимулираат циркулацијата, меѓутоа сушат. Екстрактите кога се растворени во алкохол многу побрзо навлегуваат во нашата кожа отколку кога истите се растворени во вода и имаат подобар и побрз ефект, меѓутоа понекогаш е подобро да се оди полека но сигурно отколку да се има побрзи резултати ама сува коса.


Мое лично искуство

Од шампони имам пробано еден и со оглед на тоа што имам сува коса природно кај мене даде лош ефект. Она што со сигурност ми даде најлоши резултати беше употребата на еден тоник за стимулација на растот на косата кој се обидував да го нанесувам само на коренот (иако во поголем број на случаи завршуваше и на косата) од која забележав значајно сушење на косата (не веднаш ама по месец дена беше доста видливо). Употребата на овие шампони секако зависи и од типот на косата и со која фреквенција ја миете косата. Доколку јас ја мијам косата два пати неделно и еднаш ја мијам со шампон со алкохол а другпат без, во тој случај косата нема веднаш да се исуши, меѓутоа ако косата ја мијам почесто само со шампон во кој има алкохол, во тој случај секако дека како резултат може да имам  сува коса, суво теме или во најлош случај и појава на првут. Затоа сѐ е индивидуално, иако јас би ви советувала да избегнувате шампони со алкохол без разлика на тоа како ги користите. Ова е секако мој совет и мислење, а не апсолутна вистина за вас и вашата коса, и секако вие сте слободни да изберете и користите она што според вас најдобро ви одговара и ви се допаѓа.

Мислам дека доволно напишав како за една статија (да не биде премногу долго) и секако, доколку има интерес, ќе продолжиме да говориме на оваа тема и за други производи.
Ви благодарам на сите за вниманието и се читаме наскоро.

Вики

 

Sunday, January 10, 2016


Мали совети при изборот на еден добар и квалитетен сапун


Пред некое време кога говорев за сапуните кажав дека не сите сапуни се исти и дека од огромно значење е начинот на кој е изработен еден сапун, состојките кои се употребуваат, и секако ефектот кој го дава врз кожата. Еден лош сапун може да има лошо влијание и да ја исуши кожата, додека убав и квалитетен сапун може убаво да ја хидрира и благо да ја измие кожата. Во продолжение на оваа статија ќе ви кажам како всушност се прават сапуните и на што да внимавате при изборот на еден добар сапун.

Најнапред да разјасниме што всушност претставува сапунот. Станува збор за еден производ кој настанува како резултат на хемиска реакција на природни растителни масла (или масла од животинско потекло) со жива сода во соодветен сооднос. При самиот процес на сапунификација се создава и глицерин. Ph вредноста на сапунот е базна што значи дека не е воопшто во склад со нашата кожа која има киселкаста ph вредност, меѓутоа доколку се земе предвид дека станува збор за производ кој е на измивање и во здрави услови кожата по кратко време може да ја поврати својата ph вредност, може да се користи без проблеми.

Како што веќе напоменав постојат многу видови на сапуни меѓутоа не сите се природни или нежни за кожата. Но како ќе ги препознаеме? Преку декларацијата секако. Во самата декларација каде се испишани состојките треба да стои зборот sodium и до него латинското име на маслото кое е користено на кое се додава наставката - ate. На пример:

Sodium Olivate: од маслиново масло
Sodium Palmate: од масло од палма;
Sodium Cocoate: од кокосово масло:
Sodium Shea Butterate: од шеа путер;
Sodium Ricate: од рицинусово масло итн.

Доколку во декларацијата наместо sodium стои зборот potassium не грижете се. Значи дека при процесот на сапунификација користен е потасиум хидроксид. Ако во сапунот има микс од повеќе масла во тој случај самиот сапун е поквалитетен со оглед на тоа што разни видови на масла имаат и различна функција врз кожата, а доколку во сапунот има само едно масло, во тој случај сапунот би можел да биде и агресивен за кожата (со исклучок на маслиновото кое може да стои само и одлично ја негува кожата).  Секако потоа одлично е доколку сапуните се збогатени и со други вредни состојки како на пример козјо млеко, витамин Е, етерични масла, или пак разни семки, житарици и иситнети растителни делови за пилинг ефект.


Доколку производителот сам го прави сапунот во тој случај во декларацијата ќе ја стави следнава ознака: најнапред латинското име на маслото кое го користел па потоа sodium hydroxide. На пример olea europaea, sodium hydroxyde. Доколку производителот купил веќе готова смеса за сапун, во декларацијата ќе го стави името на сапунот односно sodium olivate. Значи доколку јас сум го направила сапунот со маслиново масло и жива сода сама ставам olea europaea, sodium hydroxyde, а доколку сум купила готова смеса од некој производител ставам sodium olivate.

Едит: да не бидам погрешно разбарана и двете декларации се во ред, меѓутоа во последно време голем број на домашни производители во Италија  ја преферираат првата со цел да му дадат до знаење на купувачот дека сами прават производ за разлика од еден сапун кој се прави масовно каде на пример производителот купува готова смеса (само за да се разликува). Доколку станува збор за производители кои сами ги прават сапуните дома и се познати секако дека производот е нивни.

Кога во вашиот сапун ќе видите состојки како sodium lauryl sulfate или cocamide DEA, во тој случај не станува збор за вистински сапун туку за еден вид на синтетички производ (syndet) кој има ph вредност сличен на оној на нашата кожа, меѓутоа е многу поагресивен од вистинскиот сапун.

Запомнете дека конзервансите обично не се користат во сапуните (оние вистинските) со оглед на тоа што имаат базна  ph вредност, во цврста состојба се и присуството на вода е мало.

Прашањето е како може да знаеме дали еден сапун кој не е индустриски (рачно изработен) е добар за нашата кожа, доволно пени или го дава посакуваниот ефект? За жал не може да знаеме од самата декларација, може само да го увидиме ефектот користејќи го. Во декларацијата не е назначен точниот процент на масла и доколку во еден сапун има на пример поголем процент на кокосово масло сапунот ќе има поголема измивна моќ, со повеќе маслиново масло ќе има поголема хидратантна моќ итн. Единствен совет кој можем да ви го дадам е да гледате колку реално сапунот има измивачка моќ и колку пена прави. Тоа е единствено нешто кое прави разлика помеѓу еден сапун и друг.


Во последно време се појавија и сапуни кои се проѕирни и имаат внатре парченца од овошје или кора од овошје и изгледаат прекрасно. Мој личен совет ви е да ги избегнувате затоа што не се баш вистински сапун. Претставуваат еден вид на глицерински сапун кој внатре може да содржи и состојки кои се премногу агресивни за кожата. Подобро е да земете убав обичен сапун кој ќе биде деликатен за кожата отколку модерен сапун кој претерано ќе измива.

Секако најдобро нешто е доколку си ги правиме сапуните сами дома и знаеме што сме ставиле внатре. Провесот на правење сапуни не е лесен ама не е ни тежок еднаш кога ќе влезете во игра. Кога ќе почнете да произведувате сами сапуни и да ги правите по сопствен вкус нема да престанете, верувајте ми. Во една од наредните статии (не знам точно која да не ветувам) ќе направам еден вид на туторијал како во домашни уалови да се направи хидратантен сапун за сува кожа со точен процент на состојки.

Се надевам дека статијава ви беше од корист и дека горе доле знаете на што да обрнете внимание доколку сакате да го одберете вистинскиот сапун за вашата кожа.

Ве поздравувам и се читаме наскоро.
Вики 

 

Monday, December 28, 2015


Ланолин во козметичките производи и алтернативи за доилките


Здраво на сите,

денешнава статија ја посветувам на една многу интересна тема за која доста ме прашуваа во изминатиов период, особено бремените жени и доилките, а тоа е ланолинот и неговата употреба во козметички цели.

Што е всушност ланолинот?
Ланолинот претставува еден вид на природен восок со жолтеникава боја и многу интензивен мирис кој може да се неутрализира со процесот на преработка. Тoj е производ на лојните жлезди на овцата и се собира во волната од самата овца и има заштитно дејство. Човекот го добива ланолинот по пат на преработка на волната. Структурата на ланолинот е одлична за нега на нашата кожа и тоа не е спорно. Честопати се препорачува како нега на градите кај трудниците, меѓутоа има една многу важна работа за која би сакала да проговорам а тоа е чистотата на оваа состојка, а со самото тоа и сигурноста за нејзината употреба.

Проблемот е во тоа што честопати ланолинот е полн со пестициди. Овците кога шетаат по полињата доколку истите се третирани со пестициди од најразличен вид, ги собираат пестицидите во волната која за жал не може комплетно да се прочисти при процесот на преработка. Голем дел од тие пестициди завршуваат во ланолинот, а секако и во козметичките производи кои го содржат. Мора да напоменам дека не сите видови на ланолин се исти и постојат и видови на ланолин кои се навистина чисти под услов овците да се одгледувани во органско земјоделство, ранети со соодветна храна и во услови каде земјиштата не се прскани со пестициди. Проблемот е што не може да бидеме сигурни за потеклото на ланолинот со оглед на тоа што производителите го купуваат од набавувачите кои го набавуваат од пазарот за голема потрошувачка каде го носат одгледувачите. Многу тешко е да се открие потеклото на ланолинот освен ако директно не се земе од одгледувачите кои своите овци ги одгледуваат специјално за оваа намена.


Во Италија хемичари направија лабораториски тест на три вида на ланолин кој беше купен од аптеките: едниот беше чист, вториот имаше мал процент на пестициди, додека третиот беше рудник на пестициди. Обично ланолинот кој има потекло од Нов Зеланд се смета за еден од најчистите, меѓутоа сепак пред употреба потребно е да го видите картонот од лабораторискиот тест а тоа е малку невозможно кога ги купуваме производите. Затоа никогаш со сигурност не може да знаеме за каков ланолин станува збор.

Да бидам најискрена јас избегнувам и органски производи во кои има ланолин (а ги има навистина многу), токму поради ова што претходно го напоменав, а верувајте ми голем број на производи за нега на брадавиците кај доилките или пак органски кармини содржат токму ланолин. Во САД постои закон според кој на производите кои содржат ланолин мора да биде напишано “внимание содржи ланолин“ кој се подразбира како производ со потенцијално алергиско дејство.

Многу луѓе го препорачуваат ланолинот како нега на брадавиците во текот на доењето, меѓутоа има и такви кои воопшто не го препорачуваат со оглед на тоа што дел од ланолинот останува во брадавицата и после миењето и бебето преку цицањето може многу лесно да внесе дел од пестицидите кои ги содржи ланолинот. Со оглед на тоа што многу мајки во последно време ме прашаа што да корстат за оваа намена, се одлучив да дадам неколку алтернативи за нега на брадавиците.


Како алтернатива бр.1 може да го користите чистиот шеа путер кој е одлична замена за ланолинот, меѓутоа во Македонија многу ретко може да се најде чист шеа путер, така да негова замена би можела да биде какао путер кој може да го најдете во сите продавници за здрава исхрана.

Понатаму валидна алтернатива се и чистите растителни масла како бадемово, масло од невен, кокосово, маслиново и др. кои одлично го омекнуваат тој дел од женските гради. Уште подобро доколку истиве масла се од органско потекло.

За оние кои сакаат да направат сопствен оригинален производ за нега на брадавиците може да пробаат комбинација од масло од невен со какао путер или пчелин восок. Во наредната статија ќе ви дадам еден многу лесен рецепт за масен крем од невен кој може да се користи и за илјада други намени.

Дали ќе користите масла или ланолин, изборот го оставам на вас. Важно е да знаеме со што се мачкаме.

Се надевам дека статијава ви беше од корист и ви благодарам за вниманието со кое ја прочитавте.

Поздрав
Вики





Saturday, December 26, 2015


Дали чистите масла и путери се комедогени за кожата?


Во една од претходните статии напоменав дека не треба да се плашиме од чистите масла затоа што не сите масла или путери се исти.  Дали постојат состојки кои се “главни виновници“ за создавањето на црнки на лицето, како да ги препознаваме и што треба да избегнуваме? На оваа тема истражував веќе подолго време, читав разни испитувања од стручни лица на ова поле, а со одредени состојки експериментирав врз сопствената кожа со цел да го воочам ефектот и дејството особено на маслата кои се сметаат за комедогени.
Ајде најнапред да разјасниме (на наједноставен можен начин без стручни зборови и термини) што всушност се подразбира со зборот комедогено.

Комедонот може да биде бел (отворен) или црн (затворен) и претставува запушување на порите на површината на кожата. Значи комедоните се формираат затоа што порите се полнат со “материјал“ кој може да биде производ на самата кожа или пак понекогаш под влијание на состојки кои се аплицираат врз самата кожа. Значи една состојка може да се нарече комедогена, само доколку премногу ја масти кожата и предизвикува појава на акни.


Според она што досега го научив истражувајќи на оваа тема и она што го искусив на сопствената кожа, може да кажам дека комедогено е различно за секој од нас и многу зависи од видот на кожата на секој поединец. Затоа јас сум од оние типови кои велат дека ниедна состојка не е комедогена и секоја состојка е потенцијално комедогена. Сѐ зависи од кожата на која ја нанесуваме и каква реакција ќе предизвика врз самата кожа. Ако јас имам сува кожа, крем со маслиново масло на втората позиција ќе биде повеќе од добредојдено, доколку кај масна кожа би можело да биде многу комедогено.

Во продолжение на оваа статија ќе говориме само за чистите масла и путери со оглед на тоа што се главни состојки во органската козметика (нема да се задржиме на синтетичките состојки или нафтените деривати)

Што се однесува до комедогеноста на чистите масла, путери и восоци, имам прочитано еден куп статии па дури и листи со оцена за комедогеност од 0 до 5. Стручњаците кои долги години истражуваат на оваа тема не може да се согласат околу потенцијалната комедогеност на секоја состојка поединечно и секако мислењата се подвоени.


Според мене кога станува збор за комедогеност на овие состојки важи правилото дека секоја кожа реагира различно на состојките. Еве на пример, во едно американско истражување прочитав дека кокосовото масло има оцена 4 за комедогеност и сите се плашат да го мачкаат затоа што ќе им предизвика појава на акни. Јас лично го нанесував лани во текот на зимскиот период секојдневно, по двапати дневно наместо крем за лице, и мене комплетно ми го исчисти лицето и одлично ја заштити кожата за време на огромните студови. Истиот ефект го имаше и кај сестра ми. Кај некои девојки на кои им го препорачав имаше ист ефект како кај мене, додека кај други обратен ефект. На некои од нив воопшто не им одговараше и кожата брзо им се мастеше. Исто и со маслото од роза москета. Се смета за високо комедогено со оглед на тоа што е доста хранливо, меѓутоа еве веќе цел месец го користам и кај мене лесно се впива и одлично ја храни кожата. Имам забележано дека маслиновото масло е потешко за мојата кожа и светеше откако ќе го нанесев, ама тоа не значи дека сироткото масло веднаш го доби епитетот комедогено, туку дека мојата кожа не го прифаќа. Можеби кај некој друг со многу сува кожа ќе биде спас.


Во продолжение сакам да ви дадам една табела на сите масла и путери во која ќе ги поделиме состојките на лесни, медиум и тешки со цел да имате една претстава за нивната густина.


Многу лесни масла (густина до 0.900)
          1.      Јојоба 0,865
          2.      caprylic / capric triglycerides 0,900
Лесни масла (густина од 0,901 до 0, 915)
         1.      Арганово 0,908-0,913
         2.      Бадемово 0,913
         3.      Маслиново 0,913
         4.      Кокос 0,915
         5.      Макадамија 0,915
         6.      Лешник 0,915
         7.      Палма 0,915
Медиум (густина од 0, 916 до 0. 925)
         1.      Семки од кајсија 0,920
         2.      Авокадо 0,918
         3.      Ориз 0,918
         4.      Сусам 0, 919
         5.   Пченка 0.920
         6.      Пшенични никулци 0,921
         7.      Сончоглед 0,921
         8.      Роза москета 0, 925
         9.      Соја 0,925
         10.   Грозје 0,925
Тешки масла (густина од 0,926 па нагоре)
          1.      Ленено семе 0,929
          2.      Витамин Е (Токоферол) 0,960
          3.      Рицинус 0,962
Густина на путери
          1.      Какао путер 0,900
          2.      Манго путер 0,900
          3.      Шеа путер 0,910
          4.      Путер од кокос 0,915


Кога станува збор за кремите, во тој случај огромно влијание има и комбинацијата на масла со останатите состојки и позицијата на маслата во самата крема (како и процентот секако).

Па добро тогаш, како да препознаеме која состојка или производ може да бидат потенцијално комедогени за нашиот тип на кожа? Едноставно, откако ќе го намачкате производот или состојката доколку по два часа кожата почне да ви свети, во тој случај кремот или маслото не одговараат за вашиот тип на кожа.


 Затоа пред да купите некоја крема или состојка, најнапред земете едно тестерче и испробајте го на вашето лице (кај маслата ок и да го утнете може секогаш да го користите за нега на косата или кожата на телото, како и во разни маски).
Доколку веќе кремата која сте ја купиле е премалку или премногу масна за вашиот тип на кожа, прочитајте ја статијата како да ја “поправите“ кремата за лице http://biodevojka.blogspot.mk/2015/05/blog-post_31.html

Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист.
Поздрав и до скоро читање.

 

Thursday, December 17, 2015


Совршена маска од авокадо за сува кожа и коса


Здраво на сите

пред некој купувајќи намирници во супермаркет наидов на промоција на авокадо и се решив да земам за да си направам сос за шпагети. Она што остана решив да го претворам во една маска, најнапред за косата а потоа (остатокот) и за лицето. Бев воодушевена од резултатите кои ги добив врз косата, верувајте ми беше толку мека што немав потреба ни од балзам (иако секогаш го ставам). Нешто пто многу ми се допадна освен мекоста на косата беше и сјајот кој го добив по сушењето. Ајде најнапред да ви кажам како ја направив.

Земав половина зрело авокадо и го згмечив во еден сад сѐ додека не стана како крема. Му додадов една супена лажица маслиново масло и една супена лажица јогурт. Смесата убаво ја промешав и ја нанесов на благо навлажнета коса околу саат ипол. Смесата која што остана ја искористив како маска на лицето со тоа што додадов и малку свеж сок од лимон (не знам точно колку, исцедив малку во садот со смесата).


После саат ипол ја измив косата како што нормално правам и верувајте уште кога ја миев беше толку мека и лесно се расчешлуваше кога ќе поминев со прстите  низ неа. Иако, како што реков, немаше потреба за балзам јас сепак имам навика да го ставам. Ја исушив косата со фен и еве го резултатот:


Решив дефинитивно барем еднаш месечно да ја правам.

Што се однесува до маската за лице, ја нанесов на убаво исчистено лице на кое претходно направив благ пилинг. Ја држев околу 15 мин. измив со млака вода и кожата ми беше навистина многу мека и мазна.

Доколку имате многу сува кожа или коса во тој случај ви ја советувам оваа маска која навистина ќе направи чуда.

Се надевам дека рецептов ви се допадна и се читаме многу скоро.
Вики

 

Monday, November 9, 2015


Неверојатните својства на маслото од макадамија


Помалку познато од останатите масла како арган, јојоба или кокос, маслото од макадамија има неверојатно ревитализирачко дејство не само врз кожата и косата, туку и врз целокупниот организам доколку се конзумира по внатрешен пат. Се добива од плодовите на едно дрво кое расте во Австралија и е откриено пред повеќе од 500 години од страна на аборџините.

Содржи 60% олеинска киселина, 19% палмитолеинска киселина, 2,8% линолеинска киселина, 6% омега 3 и 6 масни киселини и витамини како А, Б1 и Б2 кои се пријатели на правилната циркулација и на лимфниот систем. Ова масло одлично ја регулира и работата на тироидната жлезда, а благодарение на омега 3 и 6 масните киселини, одлично е како превенција на кардиоваскуларните болести.

Благодарение на палмитолеинската киселина која е многу слична на онаа на нашиот себум во кожата, ова масло е идеално и многу компатибилно за нега на кожата. Нашата кожа го апсорбира со неверојатна леснотија и брзина, затоа што на некој начин го препознава и успева да ја задржи нејзината природна еластичност. Особено е наменето за сува, чувствителна и дехидрирана кожа и има големо анти ејџ влијание. 


Во денешнава статија ќе се задржам на употребата на ова масло за убавина на косата (со оглед на тоа што најчесто го користам за таа намена) и ќе ви објаснам како да го користите и какви ефекти дава на самата коса.

Маслото од макадамија е ектремно ефикасно и функционално кога станува збор за убавината, здравјето и негата на косата. Спас е за сува, оштетена и коса без сјај, благодарение на големиот процент на витамин Е во самото масло, кој го помага кератинот во влакното и на тој начин го забрзува обновувањето на косата и длабински ја храни косата. По употребата на ова масло косата ќе добие неверојатен сјај, станува помазна и полесна е за чешлање. Со оглед на тоа што ова масло активно и ефикасно ја ревитализира косата, таа побрзо расте и е поздрава.

Јас најчесто ова масло го користам на следниов начин: благо ја навлажнувам косата и нанесувам доволна количина за да ја покријам целата коса. На веќе намачкана коса со маслото ставам најнапред обична пластична ќеса, а врз неа пешкир. Ја држам така најмалку саат време а најмногу преку ноќ (во зависност од времето кое го имам на располагање) и потоа убаво ја измивам косата со благ органски шампон. На овој начин косата комплетно се ревилализира, исчезнува ефектот на сува и разлетана коса и добива висок сјај.


Маслото кое го гледате на сликата најчесто го земам од Рим, и освен макадамија содржи и масло од ленено семе, витамин Е и етерично масло од лимон (кои го зголемуваат ефектот на макадамијата и сјајот на косата). Наменето е само за коса. Доколку сакате да најдете чисто масло од макадамија, во тој случај се продава едно од марката bioplanète во продавниците на Биокулт, а цената ако не се лажам е некаде околу 380 денари за 100 мл. производ.

Еве го резултатот на косата по употребата како маслен третман пред шампонирање. Го нанесов на начинот на кој ви говорев погоре и го држев околу 5 часа.



Се надевам дека оваа статија ви се допадна и дека, доколку сеуште не сте го нашле идеалното масло за вашата кожа и коса, ќе му дадете шанса на маслото од макадамија. Резултатите може да ве остават без зборови.

Ве гушкам сите и до скоро читање.

Вики

 

Saturday, November 7, 2015


Мирен сон, кожа без акни и прекрасна коса со етерично масло од лаванда


Едно од најпознатите етерични масла кое на некој начин нема контроиндикации и може да се употребува на илјада начини и во многу разни ситуации, е секако етеричното масло од лаванда. Благодарение на антибактериското, антисептичкото, релаксирачкото, антидепресивното и смирувачкото дејство, ова масло е идеално за зравјето, убавината на кожата и косата и како средство за оддржување на хигиената во домот. Ова масло одлично делува и на психичката состојба на организмот, и претставува најдобро средство за прва помош при некои ситуации кои ќе ги разгледаме во продолжение на овој текст. Според мене ова етерично масло би требало да биде присутно во сечиј дом, и секако е must have за сите оние кои се доближуваат до ароматерапијата.

Постојат разни видови на етерични масла од лаванда како на пример Lavanda Vera, Lavanda Officinalis, Lavanda Hybrida кои се најпознати и најраспространети во продажба, и сите потекнуваат од истата фамилија на билката. Има прекрасен и неодолив мирис, која смирува и ги гали сетилата. Јас лично го обожавам.

Без да одолговлекувам многу, во продолжение би сакала да ви кажам на кои се нчини може да го користите ова етерично масло како средство за подобро здравје, убавина и добросостојба на организмот.


1. Етерично масло од лаванда во служба на нашето здравје

Доколку се сеќавате, во статијата за ароматерапија http://biodevojka.blogspot.mk/2015/02/blog-post_16.html, објаснив како правилно да се користат етеричните масла и зошто истите не може во никој случај да се користат чисти директно на кожата. Епа етеричното масло од лаванда е исклучок, и во одредени случаеви може да се користи директно на кожата, а во некои случаеви помешано со базно масло или алое вера гел.

- во случај на убод од инсект, возможно е да се користи ова масло директно врз убодот на кожата и тоа чисто. На едно памукче или стапче за чистење на уши, се капнува една до две капки етерично масло од лаванда и нежно се нанесува врз убодот.

- во случај на многу силна главоболка, капнете една до две капки етерично масло од лаванда врз прстите, размачкајте го и со нив направете кратка масажа во пределот кај слепоочниците (каде што започнува косата). На овој начин етеричното масло од лаванда ја ослободува тензијата, делува на болкта, но и смирува. Доколку сакате додатно да се релаксирате, слободно помирисајте ги прстите.

- во случај на несоница, капнете една капка етерично масло од лаванда врз вашата перница (некаде на крајот од перницата) пред да одите на спиење. Мирисот на лавандата ќе ве опушти, релаксира и ќе ви помогне побрзо да заспиете.


- во случај на разни изгореници (сонце, оган), исекотини или изгребаници, може да се користи етеричното масло од лаванда во комбинација со алое вера гелот. 10 капки етерично масло од лаванда се раствораат во 10 мл. гел од алое вера и со таа смеса се поминува местото каде имате изгореница на пример од рерна, оган или сонце.

- доколку имате проблеми со циркулација, во тој случај одлична е масажа на телото со етерично масло од лаванда. 30 капки етерично масло од лаванда се додаваат во 100 мл. базно масло како на пример сончогледово, бадемово, оризово итн. Со оваа смеса масирајте ги нозете и глуждовите за да ја подобрите циркулацијата на телото.

- доколку вашите дечиња се вознемирени, во гелот за бањање (земете мала количина на раката) додадете една капка етерично масло од лаванда, или пак растворете го директно во водата во кадичката каде го бањате заедно со гелот за бањање. Ова масло одлично ќе делува врз смирувањето на дечињата, особено ако го направите пред спиење. Доколку сакате готов производ кој е наменет за деца и во својот состав веќе содржи етерично масло од лаванда и вода од лаванда, тогаш земете го дерматолошкиот гел на Gamarde за кој веќе говорев во http://biodevojka.blogspot.mk/2015/06/blog-post_17.html.


- доколку сакате смирувачка купка за вас самите во која ќе уживате после напорен ден или заедно со вашите партнери, во тој случај наполнете ја кадата со вода (не премногу жешка) и во неа додадете етерично масло од лаванда на следниов начин: во еден сад ставете две големи лажици крупна морска сол во која ќе капнете од 30 до 40 капки етерично масло од лаванда. Убаво промешајте и додадете ја солта во кадата со вода. Потопете го телото во неа и уживајте опуштени во наредните 10 до 15 минути. За уживањето да биде поголемо, запалете по некоја свеќа и пуштете си релаксирачка музика.

- во случај на настинка или кашлица, направете инхалација со врела вода и неколку капки од лаванда. Во едно тенџере со врела вода капнете од 5 до 10 капки етерично масло од лаванда. Не само што ќе имате бенефиции за подобрување на настинката, туку и вашата кожа на лицето ќе извлече корисни дејства од самата инхалација.

2. Етерично масло од лаванда за прекрасна кожа и коса

- во случај на проблеми со целулит или стрии растворете 30 капки етерично масло од лаванда во 100 мл. масло од бадем, лешник или друго базно масло, и со него мачкајте ја зафатената зона секојдневно. Секако при нанесувањето направете и блага масажа за кожата подобро да го прими маслото и истото да има подобар ефект.

- доколку сакате да направите анти ејџ серум, во тој случај растворете 15 капки етерично масло од лаванда во 50 мл. масло од арган, јојоба, или друго масло во зависност од видот на кожата.

- доколку страдате од акни и масна кожа, етеричното масло од лаванда е спас за оваа проблематика, благодарение на антибактериските својства на ова масло. Начинот на кој може да го користите ова масло веќе го објаснив во статијата за најдобрите етерични масла за акни и бубуљички http://biodevojka.blogspot.mk/2015/08/blog-post_16.html. Од огромна помош во третирањето на оваа проблематика се и маските за лице на база на зелена глина во која се додаваат неколку капки етерично масло од лаванда. Помешајте малку зелена глина со една кафена лажичка мед, малку зелен чај и две до три капки етерично масло од лаванда. Нанесете ја маската на убаво исчистено лице и оставете да делува околу 10 мин. Измијте обилно со млака вода.


- за здрава и сјајна коса, етеричното масло од лаванда може да го употребите во шампонот (доколку користите неутрален шампон), во третманите со масла пред шампонирање (додадете две три капки етерично масло од лаванда во една супена лажица базно масло од бадем, рицинус, ленено семе или било кое друго масло кое најчесто го употребувате за третман на косата). Исто така од голема корист се и исплакнувањата на косата со вода, оцет и етерично масло од лаванда. Во 500 мл деминерализирана вода (или доколку сакате појак раствор во една чаша деминерализирана вода), додадете една супена лажица јаболков оцет (најдобро ако е органски) и 7 до 10 капки етерично масло од лаванда. Со оваа течност измијте ја коста по шампонирањето како последно плакнење. Косата ќе добие неверојатен сјај и мекост. Овој третман е одличен и доколку имате масна коса.

3. Етерично масло од лаванда во служба на домот

- доколку пешкирите станале тврди од честото перење, еве ви еден природен омекнувач на база на лаванда или етерично масло од лаванда. Верувајте не само што ги омекнува пешкирите, туку им дава прекрасен мирис. Овој препарат може да го подготвите на два начина а потребни ви се следнива состојки:

прв начин:

1 шоља свежа лаванда или половина шоља сува
бел дестилиран оцет

Во една тегла се става лавандата и комплетно се покрива со оцетот. Пред да се затвори капакот од теглата доколку е метален прво ставете еден целофан со ластик па потоа металниот капак затоа што металот реагира со оцетот. Доколку ставите пластичен капак не е потребно да се стави целофан. Вака подготвената тегличка треба да стои 3 до 4 недели на суво и темно место со повремено протресување. По истекот на времето на отсојување течноста се процедува и се чува во фрижидер во пластично или стаклено шише.

втор начин:

етерично масло од лаванда
бел дестилиран оцет

Ова е најбрзиот начин кој може да го подготвите пред секое перење. Потребна ви е супена лажица бел оцет во која ќе додадете две до три капки етерично масло од лаванда (во зависност од количината на пешкирите што ќе ги перете може да ја удвостручите дозата ако станува збор за поголема количина значи две лажици оцет со 5-6 капки етерично масло од лаванда). Повеќе за ова пишував во http://biodevojka.blogspot.mk/2015/02/blog-post_17.html



- доколку сакате природен освежувач за простории, може многу лесно да направите еден сами. Во едно празно спреј шише од 100 мл. ставете 25 капки етерично масло од лаванда, а потоа додадете една супена лажица вотка. Убаво промешајте ги овие две состојки. Наполнете го остатокот од шишето со деминерализирана вода (оставете малку простор не до горе). Целта на алкохолот во овој рецепт е подобро да ги врзе етеричното масло и водата. Овој спреј може да го користите за освежување на простории или како спреј за мирис на постелнини, облека и останати ткаенини.  Сетете се убаво да го протресете шишенцето пред секоја употреба. Повеќе за постапката може да прочитате на http://biodevojka.blogspot.mk/2015/03/blog-post_11.html

- наместо вештачките мириси кои се повеќе штетни отколку корисни, зимно време во порцеланските садови за освежување на простории кои обично ги држиме до парното, во водата додадете неколку капки етерично масло од лаванда која не само што ќе направи домот убаво да мириса, туку и позитивно ќе делува врз психата и ќе ве релаксира.

- доколку сакате вашите фиоки со долен веш, или вашите шифоњери со облека убаво да мирисаат, во тој случај купете суви цветови од лаванда и ставете ги во една украсна платнена (или од друг материјал) торбичка и ставете ја во фиоките или шифоњерите. За да го зголемите мирисот, во самата лаванда додајте и неколку капки етерично масло од лаванда.


Ете драги мои, се надевам дека сега сфативте зошто етеричното масло од лаванда треба да се најде во секој дом. Се надевам дека ви се допаднаа овие совети и дека ќе ги примените.

Вие како и секогаш оставајте ваши коментари под самиот текст доколку имате искуство со ова етерично масло, доколку за нешто го користите, или пак доколку имате било какво прашање во врска со оваа тема.

Ве гушкам сите и до следната статија.

Вики

 

Tuesday, October 20, 2015


За што сѐ може да ја употребуваме зелената глина


Зелената глина претставува едно од најдобрите природни средства не само за нега на кожата и косата, туку и за оддржување на целокупната добросостојба на организмот. Благодарение на присуството на голем број на минерали во својот состав, таа има огромно регенерирачко дејство. Секој дел од нашето тело е во состојба да извлече многубројни бенефиции од употребата на зелената глина: го прочистува организмот, ги исфрла токсините, ја подобрува работата на цревата, одлична е во случај на анемија, ја намалува болката во мускулите, го забавува стареењето на кожата....
Ова се само дел од својствата која зелената глина ги има врз нашиот организам и тело, а во продолжение ќе ви кажам на кои сѐ начини може да ја употребувате и што се може да направите со неа.

Маска за лице:


Зелената глина е одлична како маска за подобрување на состојбата на масната кожа и во третманите на акни. Рецептот е следниов: се мешаат една лажичка зелена глина, една лажичка мед, малку зелен чај и, доколку имате, една капка етерично масло од чајно дрво. Се нанесува на убаво исчистено лице, се држи 10 мин. и се измива со млака вода.

Антицелулитен третман



Зелената глина е одлична и во ублажувањето на целулитот. Во комбинација со какаото дава одлични резултати кај оваа неестетска појава, а одлични ефекти дава и во намалувањето на стриите.

Во едно пластично кутивче или тегличка, помешајте 4 лажици зелена глина, 4 лажици какао и 2 до 3 лажици сол. Додадете 12 капки етерично масло во самата смеса по ваш избор (лаванда, рузмарин, лимон, портокал). Убаво промешајте и ова е базата за вашиот антицелулитен третман. Секогаш кога ќе посакате да го направите, земете неколку лажици од смесава (во зависност од тоа кој дел сакате да го третирате) и помешајте го со малку деминерализирана вода или зелен чај, се додека да добиете убава смеса. Еве како јас обично ја правам оваа маска http://biodevojka.blogspot.mk/2015/07/blog-post_7.html

Маска за болки во мускулите или реуматски болки


Зелената глина одлично ги ублажува болките во мускулите и реуматските болки и многу често се користи во професионалните центри за терапија низ целиот свет. Маската која помага се состои од следниве состојки: зелена глина, маслиново масло и топла деминерализирана вода или зелен чај. Помешајте ги овие три состојки (густината на смесата одредете ја сами додавајќи една или повеќе од состојките) и нанесете ја на болното место од 30 до 40 мин. Важно е маската да биде топла, меѓутоа не премногу, за да не се изгорете. Третманите правете ги месец дена секој втор ден.

Облоги за воспалени очи

Во еден чаша со вода ставете една лажица зелена глина и оставете да стои 15 мин. Префрлете ја во еден сад и додадете малку чај од камилица. Во таа смеса потопете две стерилни гази и ставете ги врз очите во случај на воспаление.

 Облоги за главоболка

Зелената глина е одлично средство за ублажување на главоболката. Се што треба да направите е следново: во една чаша млака вода растворете две лажици зелена глина и додадете од 5 до 10 капки етерично масло од лаванда. Потопете една газа во оваа течност и ставете ја врз главата околу 5 до 10 мин. Овој вид на облоги навистина се доста ефикасни и помагаат во ублажувањето на главоболката.

Маска за масна коса


Доколку имате проблем со масна коса, направете ја следнава маска: помешајте 2 лажици зелена глина со чај од коприва и (доколку имате) малку алое вера гел или пак мед. Нанесете ја на мокра коса на коренот, масирајте две минути и оставете да делува 30 мин. Потоа измијте ја убаво косата со квалитетен шампон и нанесете добар регенератор по должината и врвовите на косата (избегнувајќи го коренот секако).

Нега на нокти

Зелената глина е одлична и за омекнување на заноктиците. Во едно мало легенче или сад со топла вода ставете 2 лажици зелена глина. Потопете ги рацете околу 5/10 мин. и продолжете со маникирот како што обично правите.

Прочистување на организмот

За оваа намена (за внатрешна употреба) постои посебен вид на зелена глина која е прочистена и сигурна за конзумирање по внатрешен пат. Се прави на тој начин што во една чаша млака вода се става една кафена лажичка глина, се остава да отстои околу 10 мин. и се пие наутро на гладно срце. секако за внатрешна употреба консултирајте се најнапред со вашите матични лекари, кои во зависност од вашата здравствена состојба и потребите на вашето тело ќе ви го одредат вистинскиот третман и времетраење.


ВАЖНО: веќе имам напоменато, но не е на одмет да повторам дека зелената глина треба секогаш да се зема со пластична или дрвена лажица (никако метална). Зелената глина реагира во допир со метал и доаѓа до алтерација на составот. Исто така и садовите кои се користат за да се приготват третманите не треба да бидат метални.

Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист, а доколку е така и доколку ви се допадна оставете ваш коментар под текстот.

Поздрав
Вики

 

Wednesday, October 28, 2015


Направи сам: природен чистач за лице


Здраво драги мои,

денес за вас имам еден навистина необичен туториал, односно како да го направите сами дома познатиот чистач за лице на Lush Angels on bare skin. За оние кои никогаш не го користеле, ова е еден вид на чистач без сапун кој убаво ја отстранува маснотијата и нечистотиите од лицето, на природна база е и прави нежен пилинг на самата кожа. Навистина е лесен да се направи во домашни услови (а и доста заштедувате), така да вреди да се обидеме. Еве ја декларацијата на оригиналниот производ на Lush:

Мелени бадеми, каолин (бела глина), глицерин, етерично масло од роза, етерично масло од лаванда, цветови од лаванда.

Ние во домашни услови малку ќе го промениме рецептот (со оглед на тоа што некои од состојките како на пример каолинот, етеричното масло од роза или растителниот глицерин не може да се најдат лесно кај нас, а и сакам да ви понудам производ кој сите ќе може да го направите дома), а ќе направам две варијанти една за оние кои имаат сува и чувствителна кожа и една за оние кои имаат масна кожа. Ајде да започнеме.

1. Чистач за лице за комбинирана до масна кожа

- една полна супена лажица зелена глина
- една ипол супена лажица мелени бадеми
- една супена лажица алое вера гел
- 6 капки етерично масло од лаванда
- малку суви цветови од лаванда (моите беа мелени затоа не се познаваат)
- малку вода од рози, термална вода или тоник за лице

Во еден сад  најнапред помешајте ги мелените бадеми, зелената глина и сувите светови од лаванда (сетете се да мешате со пластична или дрвена лажица поради зелената глина) и потоа додајте го алое вера гелот. Во смесата додадете малку ружина вода, термална вода или тоник за лице (навистина малку прснете еднаш па ако е потребно уште еднаш затоа што треба да добиете густа смеса). Додадете го етеричното масло и убаво промешајте.


Зошто ги одбрав овие состојки: алое вера гелот го одбрав како алтернатива на глицеринот затоа штое многу понежен за кожата, омекнува и спречува иритации, а и полесно може да се најде од глицеринот (јас барав растителен глицерин во Скопје и не најдов никаде, во ниедна аптека). Зелената глина е како замена за белата со оглед на тоа што во Македонија не успеав никаде да ја најдам, а етеричното масло од рози ретко се наоѓа кај нас и има екстремно висока цена.

2. Чистач за лице за сува и чувствителна кожа

- една полна супена лажица нишесте или брашно од ориз
- една ипол супена лажица. мелени бадеми
- една супена лажица алое вера гел
- 6 капки етерично масло од лаванда
- суви цветови од лаванда
- маслку вода од рози, термална вода или тоник за лице

Постапката е иста како за чистачот бр. 1.

Овде зелената глина ја заменивме со нишесте или доколку имате брашно од ориз уште поубаво, затоа што е поблаго за кожата.

Како да го употребуваме?

Откако ќе го направите ставете го во една тегличка или кутивче. Наутро или навечер кога ќе го миете лицето, наместо класичното средство за миење, земете мал дел од оваа смеса на раката. Додајте малку вода за да направите еден вид на кремаста смеса и нанесете ја со благи кружни движења на навлажнето лице. Убаво измијте со млака вода.



Колку трае и како да го чуваме?

Овој производ со оглед на тоа што е природен и без конзерванси, најдобро е да го чувате во фрижидер и ќе ви трае околу 10 дена (најмногу до две недели). Тоа на Lush е исто така без конзерванси, но трае подолго затоа што има глицерин кој ја впива водата и го прави производот потраен, а ние ставивме алое вера гел кој е водест и може да доведе до расипување. Затоа и дозите кои ви ги предложив се мали и доволни за овој временски период.

Се надевам дека и оваа статија ви се допадна.

Голем поздрав
Вики

Monday, October 26, 2015


Како да мериме без вага?

Здраво на сите,

многупати кога ви ги пишувам рецептите за разни маски, креми и други производи, се обидувам состојките да ви ги дадам во лажици, лажички и чашки, меѓутоа со оглед на тоа што јас имам дигитална вагичка која е многу прецизна понекогаш се заборавам и дозите ви ги давам во грама или милилитри.

Оваа статија е за сите вас кои немате дигитална вага во вашите домови и се чудите колку лажици би дошле 30, 40 или 50 гр одредена состојка. Затоа во продолжение ќе ги наведам најчесто користените состојки во моите рецепти и како да ги мерите во домашни услови без вага, а како мерка ќе користам кафена лажичка. Супената лажица обично одговара на три кафени лажички. Вредностите кои ќе ги видите подолу ги мерев лично со мојата вага за секоја состојка посебно. Ајде да започнеме.



Мед
1 лажичка = 7 гр.
Масла
1 лажичка = 5 мл.
Ситна сол
1 полна лажичка = 10 гр.
1 рамна лажичка =5 гр.
Крупна сол
1 лажичка = 8 гр.
Шеќер
1 полна лажичка = 8 гр.
1 рамна лажичка =4 гр.
Вода (Млеко, Сок, Чај)
1 лажичка = 4 мл.
Алое вера гел
1 лажичка = 5 гр.
Шеа путер
1полна лажичка = 5 гр.
Пчелин восок
1 полна лажичка = 3 гр.
1 рамна лажичка  = 1 гр.
Какао
1 полна лажичка = 7 гр.
1 рамна лажичка  = 4 гр.

Нишесте
1 полна лажичка = 7 гр.
1 рамна лажичка  = 4 гр.
Ете драги мои, следен пат кога ќе најдете некој и нтересен рецепт за убавина на интернет и сакате да го направите а немате вага дома, слободно претворете ги мерките како гр. и мл. во лажички, лажици и.т.н. Ако ве интересира уште некоја состојка а сум ја заборавила, слободно пишете.

Ве гушкам сите.
Вики

 

Tuesday, September 22, 2015


10 најчесто поставувани прашања за кокосовото масло

.Здраво на сите,

идејата за оваа статија ја добив откако во изминатиов период добив навистина илјадници прашања во врска со кокосовото масло и неговата употреба, како во козметички цели, така и во исхраната. Се решив да ги соберам сите најчесто поставувани прашања, да одговорам на нив и јавно да ги објавам за да ја разрешам дилемата кај многу девојки поврзана со квалитетите и употребата на ова масло. Ајде да започнеме.

Прашање бр. 1

Имам читано дека кокосовото масло е како путер или маст, но јас го купив и е течно како масло. Дали се расипало?

Не, кокосовото масло при високи температури е во течна форма како и сите останати масла, додека на ниски температури (во зима) се стврднува и наликува на маст.

Прашање бр. 2

Кога е многу жешко во лето, дали е подобро кокосовото масло да го чувам во фрижидер?

Ова потполно зависи од вас самите. Доколку го користите во козметички цели на пример како крема за лице и тело, во тој случај е покомотно да го држите во фрижидер, но само поради практичност. Што се однесува до квалитетот или составот на маслото, со оглед на тоа што кокосовото масло одлично поднесува високи температури, може слободно да го чувате и на собна температура.


Прашање бр. 3

Во моето кокосово масло има мала бледа трага на површината на маслото. Дали тоа значи дека се расипало?

Не, тоа е нормален дел од самото масло, доколку вашето кокосово масло е екстра девично ладно цедено. Може да претставува и делови кои потешко се стопиле кога маслото преминало во течна состојба.

Прашање бр. 4

Како да препознаам кое кокосово масло е квалитетно ладно цедено?

Обично на самото масло пишува ладно цедено, меѓутоа како главен показател нека ви биде декларацијата на која мора да има напишано само една состојка и тоа Cocos Nucifera Oil. Во никој случај не ги земајте мешавините со други масла или течен парафин со оглед на тоа што не добивате чисто кокосово масло.


Прашање бр. 5

Кога кокосовото масло е во тврда состојба, како да го земам од тегличката?

Со помош на една чиста лажичка земете ја онаа количина од маслото која ви е потребна. Внимавајте да не го земате со мокри раце затоа што доколку во него навлезе вода може да предизвика до расипување на маслото.

Прашање бр. 6

Слушнав дека кокосовото масло е одлично да се конзумира и по внатрешен пат. Како да го конзумирам?

Наједноставно може да додадете една лажичка кокосово масло во шоља чај или кафе или пак во колачи. Со оглед на тоа што ова масло дава енергија, не е препорачливо да се конзумира навечер за да не ви го поремети сонот.


Прашање бр. 7

Слушнав дека кокосовото масло е одлично за нега на лицето. Како треба да го нанесувам?

Кокосовото масло е одлично за нега на лицето како во летниот така и во зимскиот период, кога на кожата и е потребна дополнителна нега и влажност. Едноставно се зема мала количина од маслото и се нанесува на благо навлажнето лице наместо крема. Може да го нанесете и на суво лице, меѓутоа на благо навлажнета кожа полесно се впива во кожата.

Прашање бр. 8

Дали ова масло е комедогено?

Многу често го слушам ова прашање,и претставува дилема на многу девојки. Мое лично мислење ѐ дека е индивидуално и зависи од секоја кожа посебно. Кај мене лично кокосовото масло даде одлични резултати и не само што за време на зимскиот период ја заштити мојата кожа, туку и ја исчисти и воопшто не беше комедогено. Според мене тајната е во количината. Доколку нанесувате голема количина, било кое масло може да се покаже како комедогено. Следете ги советите во претходното прашање за нанесување на кокосовото масло на лице.

Прашање бр. 9

Дали е подобро да го нанесам на влажна или сува коса?

Доколку го користите како третман за коса (маска за коса), на благо навлажнета коса нанесете ја потребната количина (во зависност од должината и густината на вашата коса), ставете една ќеса и врз неа пешкир. Зимно време загрејте две мин. со фен, додека летно време нема потреба. Вака подготвениот третман држете го најмалку час време а најмногу преку ноќ. Косата треба да биде благо навлажнета затоа што кокосовото масло (како и било кое друго масло) доколку се нанесе на сува коса се врзува со маслата природно присутни во косата и со измивањето ги носи со себе. Ефектот ќе биде сува коса. Водата претставува еден вид на бариера која му дозволува на маслото да го негува влакното од надворешноста, меѓутоа го спречува да навлезе длабоко во внатрешноста на самото влакно . Доколку го користите како серум за заштита на врвовите, многу мала количина (две три капки) нанесете ја само на врвовите на сува или влажна коса пред фенирањето.

Прашање бр.10

Дали е вистина дека кокосовото масло може да се користи и како отстранувач на шминка?

Да, ова масло е еден од најекономичните отстранувачи на шминка кој одлично ја вади дури и водоотпорната шминка, а притоа е деликатно за очите. Ставете мала количина од маслото на едно памукче кое претходно го навлажнивте со малку вода, доближете го до оној дел од каде сакате да ја отстраните шминката (на пример окото), оставете да маслото неколку секунди го навлажни самото око, и потоа со многу нежни движења отстранете ја шминката.



Ете ова беа 10-те најчесто поставувани прашања во врска со кокосовотo масло и неговата употреба. Доколку имате уште некое прашање на кое не сум одговорила, слободно оставете коментар под текстот. Доколку ја немате прочитано мојата претходна статија за кокосовото масло еве ви линк http://biodevojka.blogspot.mk/2015/02/k.html.

Поздрав

Вики

 

Monday, September 14, 2015


Направи сам: прекрасен домашен путер за коса и кожа


Здраво драги мои,

одамна сакав да објавам една ваква статија за домашен путер кој може да го користите за коса (како маска, но и како серум за оштетени врвови) и како хранлива крема за тело. Има огромна потхранувачка и хидратантна моќ, дава прекрасен сјај на косата, а кожата ја прави екстра мазна и мека. Потребни ви се само три состојки кои, доколку редовно правите производи сами, сигурно веќе ги имате во вашите домови. Ајде најнапред да разгледаме како се прави, а потоа ќе ви објаснам како најдобро да го користите.

За подготовката на овој домашен путер потребни ви се:


- 5 лажици какао путер (или шеа путер);
- 5 лажици алое вера гел;
- 5 лажици кокосово масло (или друго по ваш избор);
- 20 капки етерично масло (јас користев комбинација од рузмарин и портокал)

Доколку користите шеа путер нема потреба да го загревате, меѓутоа за путерот од какао пожелно е малку да го омекнете за да биде полесен за работа. Во еден пластичен сад ставете ги путерот, алое вера гелот и маслото и со помош на рачен блендер почнете да ја матите смесата се додека не стане кремаста.


Откако ќе ја добиете посакуваната структура на овој путер додадете ги и етеричните масла и префрлете ја смесата во едно празно и стерилизирано кутивче за крема. Може да рециклирате и некое од веќе завршена крема, доколку убаво го измиете и стерилизирате.

Маслото може да го одберете сами според вашите потреби и според намената на путерот. Доколку сакате универзален путер кој ќе го користите и за тело и за коса ви советувам кокосово, бадемово, арганово или оризово масло. Ако вашата намера е производ кој исклучиво ќе го користите за коса во тој случај може да ставите масло од ленено семе, макадамија или пак мешавина од рицинус со бадемово масло. Исто така и изборот на етеричните масла зависи од намената. Јас сакам да го користам само за коса (за тело си направив друго и наскоро со вас ќе го споделам рецептот), затоа ставив рузмарин кој одлично влијае на циркулацијата на косата и секако на сјајот на самата коса, и портокал кој има за цел да го неутрализира силниот мирис на рузмаринот и секако придонесува за сјај на косата. Пропорцијата која јас ја употребив беше 8 капки етерично масло од рузмарин со 12 капки етерично масло од портокал.
Резултатот беше овој


Структурата на овој путер е доста густа, меѓутоа се топи под дејство на нашата телесна топлина, така да е многу лесен за нанесување.


Како третман за коса може да го користите на два начини и тоа:

- како маска за коса пред шампонирање: нанесете го на благо навлажнета коса и оставете да делува најмалку саат време;
- како серум за оштетени врвови: многу мала количина од производот нанесете го на влажна коса пред фенирање на врвовите, или на сува коса на врвовите за да ја измазните косата и да и дадете висок сјај, а воедно и заштита од надворешните услови.

Како крема за тело нанесете го после туширање со благи кружни движења и уживајте во прекрасно мазната и мека кожа.

Како што напоменав, јас го направив специјално за коса и веднаш го пробав за да ви го покажам резултатот. Го нанесов на благо навлажнета коса, го оставив да делува околу два ипол саати и потоа ја измив косата. Резултатот беше неверојатно мека и пред се сјајна коса. Еве, може да забележите и сами од сликите кои ги направив по сушењето на косата.


Еве како мојата коса изгледаше изутрината. Обично наутро косата ми е цела прекршена од спиењето, меѓутоа овојпат за среќа изгледа прекрасно како штотуку фенирана.


Се надевам дека ви се допадна овој навистина едноставен, а многу функционален, ефикасен и прекрасен домашен рецепт. Згора на сѐ е 100% природен без штетни состојки, така да сигурни сте дека вашата кожа и коса го добива само најдоброто.


Поздрав и до скоро читање.

Вики

ЕДИТ: Вака подготвениот путер трае месец дена и може да се чува на собна температура. 

Saturday, September 12, 2015


Четири совети како да се снајдеме во декларацијата на козметичките производи на пазарот


По многуте објавени статии за штетните состојки во козметичките производи и нивното лошо влијание врз кожата и косата, секојдевно добивав голем број на пораки од девојки кои имаа потешкотии да се снајдат со декларациите ме прашуваа како нејлесно да ја дешифрираат декларацијата на еден козметички производ и како да оценат дали истиот е добар или не. Затоа во оваа статија за цел имам да ви дадам мали, но многу корисни совети, како на најлесен начин да сфатите дали еден козметички производ е штетен или не и како да се снајдете во морето на козметички производи на пазарот.

Како правилно да ја дешифрираме декларацијата на производот наречена INCI

        Совет бр. 1:   распоред на состојките во декларацијата

Оние состојки кои се наоѓаат на почетокот на листата се всушност база на производот и нивната застапеност е најголема (90% од производот), оние во средината имаат помала застапеност, додека оние на крајот на листата се присутни во минимални количини (1% или 2% од целокупниот производ). Така може и да сфатиме кои состојки се најмногу присутни во еден производ а кои помалку.

       Совет бр. 2:  јазикот на кој се испишани самите состојки

Доколку во еден производ состојките се напишани во оригинал, односно со латинските имиња, значи дека се вметнати чисти во производот без никаква хемиска обработка. Ова пред сѐ се однесува на чистите масла или водени екстракти од етерични масла кои доколку се напишани со самото латинско име во тој случај се навистина чисти и користени во таа форма. Значи во декларацијата најнапред треба да стои латинското име на билката од која потекнува состојката (маслиново масло olea europea), после кое следи англиското име на делот од билката која е користена (root, leaf, fruit), и накрај видот на производот кој е секогаш напишан на англиски (extract, oil, water). На пример масло од арган: Argania spinosa kernel oil, масло од маслинка: Olea europea fruit oil, вода од лаванда: Lavandula angustifolia flower water и така натаму. Оние состојки кои се хемиски обработени, напишани  се комплетно на англиски јазик. 


Совет бр. 3: внимание на штетните состојки

Доколку е потребно и по стопати ќе ги повторам штетните состојки во еден производ кој мора да ги избегнувате доколку сакате убава и здрава кожа и коса. Тоа се:

1. Нафтени деривати
 -   Вазелин (Vaselina)
-   Парафин (Paraffina)
-   Минерално масло (Mineral oil)
-   Течен парафин (Paraffinum liquidum)
-   Петролатум (Petrolatum)
-   Cera microcristallina или Microcrystalline Wax

2. Силикони
- Dimethicone
- Amodimethicone
- Cyclomethicone
- Ciclopentasiloxane
- Dimethiconol
- Trimethylsiloxysilicate
- poliquaternium 80
 
3. Парабени
 - метилпарабен (methylparaben)
- етилпарабен (ethylparaben)
- пропилпарабен (propylparaben)
- бутилпарабен (butylparaben)
- бензилпарабен (benzylparaben)

4. Конзерванси (еве ги најштетните)
 -   imidazolidinyl urea,
-   DMDM hydantoin,
-   5-bromo-5-nitro-1,3-dioxane,
-   2-bromo-2-nitropropane-1,3-diol,
-    bronopol,
-    bronidox,
       -    diazolidinyl-urea
 

Совет бр. 4 внимание на последните состојки во листата

Како што ви кажав во советот бр. 1 колку една состојка е подолу во листата, толку нејзиното присуство во производот е помало. Последните неколку состојки во листата се присутни во процент понизок од 1%, и токму тука некои козметички фирми играат валкани игри. Според законот кога една состојка е присутна во процент помал од 1% во декларацијата на производот, производителот не мора да ги означи тие состојки по редослед на нивното присуство во производот, туку може да ги напише како сака. Она што сакам да го кажам е дека ако на пример една убава состојка како екстракт од камилица се наоѓа како прва од четирите крајни состојки во декларацијата и после неа следат парфемот и конзервансот, никој не ви гарантира дека процентот на камилицата е повисок од оној на парфемот, затоа што производителот има право да ги нареди последните состојки така како што сака со оглед на тоа што, како што веќе напоменав, нивниот процент е помал од 1%.

Овие четири совети на некој начин треба да ви помогнат во изборот на еден добар козметички производ. Секако од огромна важност е и самата формула на производот, но тоа е веќе друга тема и ќе говориме во некоја наредна прилика.

Како и секогаш ви благодарам за вниманието и ви посакувам фантастичен викенд.

Вики


 

Wednesday, September 2, 2015


Од тегличка па директно на нашата кожа и коса: 4 начини на употреба на медот


Познат по својата голема хранлива моќ и одлично влијание врз нашето здравје, медот се смета и за состојка бр. 1 кога станува збор за убавината на нашата кожа и коса. Има омекнувачка моќ врз кожата, длабоко ја храни и хидрира. Рецептите кои следат многу ми се допаѓаат токму поради тоа што за нивната подготовка потребна ви е само една состојка, односно медот, кој може да го користите од глава до пети. Нема да мора да мешате разни состојки или да правите комплицирани рецепти. Одлични се доколку немате некои посебни состојки дома, а сепак сакате да направите нешто убаво за вашата кожа или пак сакате да направите комплетен третман на целото тело. Епа драги мои, земете ја вашата тегличка мед и да започнеме.

1. Маска за лице

Земете малку мед и со него премачкајте го лицето (претходно убаво исчистено) со благи кружни движења. Оставете да делува околу 15 мин. и измијте со млака вода. Оваа маска ќе и даде неверојатен сјај на кожата, длабоко ќе ја хидрира, нахрани ќе го изедначи вашиот тен, и што е најважно, има огромен ефект во лечењето на акните. Исто така има и благо избелувачко дејство врз кожата.

2. Купка за нозе

Во еден леѓен со топла вода ставете 1до 2 лажици мед и потопете ги вашите стапала околу 10- 15 мин. Медот неверојатно ќе ја омекне кожата на стапалата, особено онаа груба кожа на петиците.


3. Балзам за уста

Доколку сакате прекрасни меки и мазни усни, нанесете многу мала количина мед на вашата уста и оставете кожата комплетно да го впие. Ова е одличен лек особено зимно време, кога температурите знаат драстично да паднат и усните побрзо се сушат како резултат на ладното.

4. Исплакнувач за коса

Доколку сакате косата да ви биде исклучиво мека и сјајна, а притоа да биде и нахранета, во тој случај во 5 чаши топла вода ставете една полна мала лажичка мед. Водата треба да биде топла за медот полесно да се стопи, меѓутоа вие пред да ја нанесете на косата оставете да се олади. По шампонирањето и балзамот, како последно исплакнување користете ја оваа вода со мед и не исплакнувајте повеќе. Ќе бидете воодушевени од резултатите.


Се надевам дека ви се допаднаа овие навистина едноставни, а сепак многу корисни начини на употребата на медот. Понекогаш доволна е само една состојка за да направиме одличен третман од кој нашата кожа и коса ќе имаат огромни бенефиции.

Голем поздрав и до следната статија.

Вики

 

Saturday, August 22, 2015


Етерично масло од чајно дрво за здравје, убавина и како помош во домот


Познато под името чајно дрво, ова етерично масло е екстрахирано од австралиската билка Мелалеука алтернифолиа, преку дестилација со водена пареа Има огромно антибактериско, антифугално, антивирално и антивоспалително дејство, од огромна корист е во третманите за здравје, убавина и како помош во домовите. Ова етерично масло е многу концентрирано како структура и состав и затоа се препорачува да се биде многу внимателни при неговата употреба и скоро секогаш да се употребува растворено во базно масло, алое вера гел, мед и др. (во зависност од намената).

Ова етерично масло спаѓа меѓу оние најценетите во ароматерапијата кој го балансираат организмот (на физичко и психичко ниво), и според филозофијата на ароматерапијата, ова етерично масло е во можност да им помогне на одредени личности да се справат со проблемите од психофизичка природа.

Етеричното масло од чајно дрво обично се продава во мало темно шишенце затоа што е чувствително на светлина и на тој начин ги задржува квалитетот и составот. Пред да преминам на оној дел во кој ви кажувам на кои сѐ начини може да го користите ова етерично масло, би сакала да кажам збор два за едно многу убаво етерично масло од чајно дрво кое го открив неодамна и го купив пред некој ден со цел да го истестирам, односно етеричното масло од чајно дрво на ESI. Како што веќе знаете јас секогаш ги купувам етеричните масла на марката Флора, меѓутоа со оглед на тоа што сакам да ви дадам повеќе избор и да пробам нешто ново, се решив да го истестирам ова етерично масло.


Ова етерично масло доаѓа во пакување од 10 мл. во темно шишенце со многу мал отвор кој дозволува контролирана употреба на самото масло со оглед на тоа што, како што веќе реков, е доста концентрирано и доволна е сосема мала количина.


На самата опаковка пишува дека станува збор за 100% чисто етерично масло и сега ќе направиме тест за да се увериме дали е така. Доколку се сеќавате во статијата за етеричните масла ви откив еден мал трик како да препознаете дали едно етерично масло е чисто или продолжено со друго масло. Тестот се состои во следново: на еден лист се капнува една капка од етеричното масло и доколку капката веднаш се рашири на самиот лист е прв знак за чистотата на маслото. Листот се остава цела вечер така и изутрината, доколку дамката потполно е исчезната значи дека маслото е чисто. Доколку има масна дамка (како онаа од зејтин) на местото каде сте капнале, во тој случај етеричното масло не е чисто и разредено е со некое друго базно масло. Еве ги резултатите од ова етерично масло:

вечерта капнав една капка на еден бел лист која веднаш се рашири на самиот лист


изутрината дамката комплетно ја немаше.


Ова е одличен знак за чистотата на етеричното масло, како што и пишува на самата опаковка. Интересен е фактот што овој вид на етерично масло содржи повеќе од 100 супстанции, од кои онаа која е присутна во најголема количина е терпинен-4-ол кој претставува најмалку 30% од составот на маслото. Во ова етерично масло, назначено е дека оваа состојка е присутна повеќе од 38%. Има многу јак мирис.


Откако ги разгледавме составот и откако се уверивме во чистината на ова етерично масло од ESI, ајде да ви објаснам на кои се начини може да го користите во домовите, како лек за подобрување на здравјето и како состојка во третманите за убавина.

1. Здравје

- Во случај на настинка и кашлица, растворете од 10 до 20 капки етерично масло во када со топла вода (секако не премногу топла), или пак 5 капки во сад со топла вода за инхалации (оваа може да биде повеќе топла). Неколку капки растворени во дифузер за ароматерапија, може да ја прочисти куќата и да го оддржи просторот чист за нашите дишни патишта. Исто така може да се конзумира и по орален пат, односно 2 до 3 капки етерично масло од чајно дрво во една мала лажичка мед. Секако за орална употреба најнапред консултирајте се со вашите матични лекари.

- Во случај на мали рани или каснување на кожата, растворете 2 до 3 капки од ова етерично масло во една супена лажица базно масло (на пр. бадемово) и со помош на едно памукче нанесете го само на местото каде имате проблем.

- Ова етерично масло е одличен лек и против кандида. Меѓутоа, начинот на употреба и дозите зависат од видот на случајот и не се исти за сите. Затоа ви советувам да се консултирате со вашите гинеколози.

- Во случај на реума или болки во мускулите, од огромна помош се масажите со маслото од чајно дрво. Во 20 мл. базно масло како на пример бадемово, додадете 6 капки етерично масло од чајно дрво и со таа смеса правете масажа на оној дел каде чувствувате болка.

- Во случај на лесни изгореници најнапред убаво измијте го делот каде сте се изгореле со ладна вода. Почекајте неколку минути, па потоа на местото нанесете смеса од една мала лажичка мед со 4 капки етерично масло од чајно дрво.


2. Убавина

- Ова етерично масло е одличен лек против акни и бубуљички и спас е за масна кожа. Доколку имате една до две бубуљички во тој случај може да капнете една капка од ова етерично масло на едно памучно стапче (она за чистење уши) и да го допрете само врз бубуљичката, избегнувајќи ја зоната околу за да не ја оштетите или иритирате кожата. Во случај на нечисто лице склоно кон акни, митесери и бубуљички, најдобро е да се користи раствор од 50 мл. базно масло (најдобри за масна кожа се јојоба, арган и лешник) во кое ќе додадете 10 капки етерично масло од чајно дрво. Доколку имате многу чувствителна кожа ви советувам да додадете не повеќе од 7.

- Како лек против првут, растворете 10 капки од ова етерично масло во едно шише базен шампон (неутрален). Овој метод одлично ја прочистува кожата на главата и со самото тоа помага во лечење на првутот. Како добри базни шампони би ви ги препорачала: шампонот неутро на Aloedermal и шампонот на Alverde Ultra Sensitiv (и двата ги немам пробано ама според составот одговараат).

- Доколку сакате природен исплакнувач за уста, во една чаша вода растворете две капки етерично масло од чајно дрво. Со оваа смеса исплакнете ја устата навечер по миењето на забите и бидете многу внимателни во никој случај да не ја проголтате.

- Ова етерично претставува и природно средство за чистење на вошките кај децата и за спречување на истите (ќе посветам една цела статија за природни начини на спречување на оваа проблематика).

3. Хигиена на домот


- Етеричното масло од чајно дрво е одлично средство против муфла во домот. Во еден литар вода ставете половина чаша оцет и 15 капки етерично масло од чајно дрво. Префрлете го во едно празно спреј шише (може и да рецилкирате некое од потрошено средство за чистење, отакако убаво ќе го измиете, или пак да купите ново празно спреј шише).
Истиов производ може да го користите и за чистење на огледала, стакло, па дури и за плочките во купатилото. Може да додадете 10 капки етерично масло од лимон за да го подобрите мирисот.

- Доколку во една голема кофа со вода растворите половина чаша сода бикарбона и 20 капки етерично масло од чајно дрво, може да добиете одличен детергент за чистење на подовите во вашиот дом, која не само што убаво ќе ги светне, туку пред сѐ и ќе ги дезинфицира.

- Додадете 10 капки етерично масло од чајно дрво во прашокот за перење на алишта за да ги дезинфицирате алиштата и да ја зголемите моќта на самиот прашок за перење.

- Во случај да сакате да ја исчистите вашата рерна или пак шпорет на природен начин, 4 големи лажици сода бикарбона помешајте ги со 5 капки етерично масло од чајно дрво и ставете онолку вода колку што е потребно за да добиете густа кремаста смеса. Со помош на еден сунѓер исчистете ги рерната или шпоретот и исплакнете со многу вода.


Ете драги мои, се надевам дека успеавте да дознаете нешто повеќе за својствата и бенефициите на етеричното масло од чајно дрво и пред се за начинот на употреба на истото.

Ви благодарам многу за вниманието и се читаме многу наскоро.

Вики

Едит: за малку ќе заборавев цената на ова етерично масло е 190 денари и истото го купив во аптеката Ани Фарм во т.ц. Капитол. 

 

Tuesday, August 18, 2015


Природни начини на отстранување на флеки од облеката


Прекрасна вечера во друштво или со партнерот, свеќи, вино, вкусна храна и...упс по некоја мала флека на чаршафот за јадење, или пак уште полошо на омилената кошула. И тогаш што правиме? Посегнуваме по најприродните состојки кои за среќа сите горе доле ги имаме во нашите домови.

Во текот на изминативе години открив многу начини на отстранување на флеките, истражував по интернет и читав. Многу од тие природни методи лично ги пробав и затоа сакам да ги споделам со сите вас во оваа статија. Навистина се скономични и доста функционални и ќе заштедите пари на скапи хемиски производи кои во некои случаи и не функционираат добро. Во продолжение ќе ги разгледаме најчестите флеки и методите со кои може многу лесно да ги отстраниме. Природата има решение за сѐ.

1. Црвено вино


Доколку за време на вечерата дома со гости некој истури несакајќи малку црвено вино на вашиот нов бел чаршаф, најдобар метод е да сипете одозгора веднаш (додека флеката е мокра и тазе) бело вино. Белото вино го неутрализира црвеното и како што ќе испари алкохолот така со себе ќе го однесе и црвеното вино. Ќе остане само мала бледа трага која лесно се вади со перење.

Доколку флеката од црвено вино е стара и засушена, во тој случај врз неа најнапред ставете обична сол, па потоа оцет или сок од лимон (доколку материјалот е деликатен ви советувам оцет затоа што лимонот е многу агресивен) и оставете така да отстои околу саат време пред да преминете со перењето. Истово важи и доколку се искапете со црвено вино на облеката.


2. Кафе

Флеките од кафе може да ги отстраниме со оцет доколку се стари флеки. Врз флеката намачкајте малку оцет и оставете да стои така околу саат време пред да ја перете како што обично правите.

Во случај на свежа флека од кафе има еден метод со жешка вода, односно во едно ѓезве се загрева вода и кога ќе почне да врие се зема облеката или чаршафот и се става во мијалникот и од поголемо растојание се излива водата директно врз флеката. Овој метод е познат како жешка вода под притисок која моментално ќе ја отстрани флеката.

3. Доматен сос


Доколку сме дома и несакајќи на чаршафот или пак на кошулата ни капне малку сос од домати, може флеката многу лесно да ја отстраниме додавајќи врз неа (додека сеуште е свежа, значи не се исушила) малку минерална (односно кисела) вода. По една минута нежно поминете со една чиста крпа врз флеката за да ја отстраните и таа многу лесно ќе излезе. Ќе остане сосема бледа трага, која потполно ќе исчезне кога ќе ставиме чаршафот во машина за перење на алишта. Истава постапка може да се примени и доколку сме во ресторан и се искапеме врз нашата омилена кошула.

Доколку станува збор за стара флека од доматен сос која веќе се засушила, во тој случај пред да го ставите чаршафот или кошулата во машина за перење на алишта, ставете одозгора малку оцет и оставете да делува саат време. Потоа ставете ја да се пере и флеката потполно ќе исчезне.

4. Чоколадо

Знаеме дека децата обожаваат да јадат чоколадо и откако ќе го изедат обавезно се бришат од чаршафот или пак од сопствените маици. И што да правиме? Земаме една коцка лед и со неа ја поминуваме флеката се додека, под дејство на ладното, убаво не се заледи и потоа лесно ја отстрануваме гребејќи ја со ноктот.

5. Масло


Доколку чаршафот го искапете со масло, во тој слушај веднаш врз него ставете многу бебешка пудра. Оставете го чаршафот или облеката врз која сте истуриле масло заедно со пудрата од 8 до 10 часа. Потоа, со помош на една четка за облека полека отстранете ја пудрата (која веќе го впила маслото) и флеката ќе излезе заедно со неа. Потоа секако материјалот може да го исперете во машина или рачно, како што обично правите.

Се надевам дека советиве ви беа од корист. Следен пат кога ќе искапете некоја блуза или чаршаф со една од овие состојки, пред да истрчате во продавница да купите специјален производ за отстранување на флеки, пробајте со еден од горенаведените природни методи. Ќе бидете воодушевени од резултатот.

Дали и вие имате некој посебен природен начин на отстранување на флеките? Што е она што за вас фумкционира?

Поздрав и до скоро читање

Вики

 

Sunday, August 16, 2015


Најдобри етерични масла против акни и бубуљички


Еден од најпознатите алтернативни начини на лечење на многу неправилности кај масната кожа на лицето е токму употребата на етеричните масла. Меѓутоа при овој метод треба секогаш да се биде многу внимателни со оглед на тоа што етеричните масла се чисти и многу концентрирани, и нивната погрешна употреба може да доведе до сушење на кожата во најмала рака, или пак во најлош случај до изгореници. Затоа никогаш не треба да се користат чисти на кожата, туку секогаш разредени во базно масло и тоа во различен процент во зависност од тоа дали ги користиме за лице, тело или коса.

Во денешнава статија ќе говорам за четирите најпознати и најделотворни етерични масла (барем според мене) како лек за неправилностите кај масната кожа, односно: чајно дрво, лаванда, рузмарин и лимон.

1. Етерично масло од чајно дрво е можеби и најпознато како лек против акни и бубуљици. Има прочистувачка и антивоспалителна моќ и не само што ги суши евентуалните бубуљички, туку истовремено ја прочистува кожата и го спречува воспалението на кожата.

2. Лавандата има омекнувачко својство врз кожата, ја смирува, чисти и делува антибактериски. Ја подобрува обновата на клетките на кожата. Ова е можеби единственото етерично масло кое во одредени случаи може да се користи и директно на кожата, во случај на убоди од инсекти, болки во главата или мигрена (подетално ќе говорам во некоја од следните статии).


3. Етеричното масло од лимон има големо прочистувачко, дезинфекциско и антибактериско дејство врз кожата, помага кај лузничките предизвикани од акни и се користи и како природен лек за избелување на кожата.


4. Етерично масло од рузмарин има тонизирачки и прочистувачки ефект врз кожата, и затоа е доста употребувано како лек против акни. Одлично ги затвара порите на лицето, а исто така ова масло дава одлични резултати и во избелување на темните дамки од кожата кои може да настанат како резултат од сонцето или за време на бременоста.


Откако ги разгледавме четирите најделотворни етерични масла, барем според мене, ајде да ви објаснам на кој начин може да ги употребувате.

1. Третман за испарување на лице

Овој третман има огромна прочистувачка моќ на кожата. Еднаш во две недели направете една парна купка од литар вода во која ќе додадете околу 6 капки етерично масло по ваш избор, или пак микс од две масла на пример 3 капки лимон и 3 капки лаванда. Кожата на лицето треба претходно да биде убаво исчистена и шминката секако извадена. Мој личен совет ви е откако ќе ја загреете водата да капнете 6 капки во неа и покријте го тенџерето и оставете да отстои така околу две три минути. Потоа многу внимателно (не го доближувајте лицето многу блиску до тенџерето), на поголема далечина наведнете го лицето врз тенџерето и покријте ја главата со пешкир и стојте така околу 5 мин. Пареата со етеричните масла ќе заврши во вашата кожа која секако ќе има многу бенефиции од третманот за прочистување. Како што напоменав, овој третман доволно е да правите еднаш месечно доколку немате поголеми проблеми или евентуално на две недели.

2. Тоник за лице

Од 3 до 5 капки етерично масло се раствораат во 100 мл. дестилирана вода и со оваа смеса се чисти лицето навечер, тапкајќи ја кожата со едно памукче. Доколку сакате одличен тоник за масна кожа кој навистина прекрасно функционира во тој случај еве ви еден рецепт кој веќе го имам објавено, ама во случај да сте го пропуштиле не е на одмет да го повторам. Станува збор за тоник со чај од ројбос.

Во половина шоља врела вода (најдобро деминерализирана) потопете две лажички чај од ројбос и оставете да кисне околу 30 мин. Процедете го и префрлете го во чисто шишенце (кое може да биде спреј или обично) и додадете му една лажичка јаболков оцет (најдобро ако имате органски) и 3 капки етерично масло (јас секогаш користам лаванда). Протресете го добро шишенцето и нанесете го тоникот на лицето со помош на памук или дискета на исчистено лице. Вака подготвениот тоник се чува во фрижидер и трае од 2 до 3 недели. Сетете се убаво да го протресете шишенцето пред секоја употреба со цел етеричните масла да се спојат со течноста.


3.Масло за лице

Растворете 10 капки од едно од горенаведените етерични масла во 50 мл. базно масло како на пример јојоба, арган или лешник кои се одлични како третман за масна кожа.

4. Маска за лице

Доколку сакате овие масла да ги употребите во една убава маска за лице, во тој случај капнете 2 капки (не повеќе од 3) од едно од горенаведените масла во дозата потребна за една маска за лице. Еве ви еден рецепт за супер прочистувачка маска за лице на база на глина.

1 лажица зелена глина се меша со една лажица зелен чај (или дестилирана вода), и на таа смеса се додава една лажица мед, една лажица масло по ваш избор (маслиново, кокос, јојоба, арган) и 2 капки етерично масло (од горенаведените). Ако смесата е прегуста ставете уште малку чај ако е течна ставете уште малку глина додека да добиете убава смеса која лесно се нанесува на лицето. Се нанесува на чисто лице со помош на четкичка и се држи 10 мин. Маскава е навистина одлична убаво ја затегнува и чисти кожата. Важно нешто е зелената глина да не се зема со метална лажица затоа што реагира во допир со метал. Може да се користи пластична или дрвена лажица. Исто така и садот во кој ја мешате не треба да биде метален.


Доколку имате чисто лице, а од време на време ви излегува по некоја бубуљичка (една до две за време на циклусот) на едно памучно стапче (она за чистење на уши) капнете една капка етерично масло (едно од четирите етерични масла кои ви ги предложив) и ставете го стапчето директно врз бубуљичката. Овој метод може да ви помогне многу брзо да ја исушите самата бубуљичка. Бидете навистина многу внимателни, допрете го стапчето само врз бубуљичката никако врз остатокот од кожата, за да нема несакани последици. Не претерувајте, доволно е еднаш дневно да го направите ова, се додека не видите дека бубуљицата почнала да се суши. Никако не ги стискајте бубуљиците затоа што на тој начин ја инфекцирате кожата наоколу и предизвикувате создавање на повеќе несакани бубуљици. Секако доколку имате нечистo лице и станува збор за повеќе бубуљици, во тој случај користете го методот со раствор на етеричните масла во базно масло.

Најискрено моето омилено масло од овие е секако лавандата и најчесто него го употребувам во третманите за чистење на кожата, само или во комбинација со рузмаринот.  Секако сите сме различни и можеби на вас подобро ќе ви одговара етеричното масло од лимон или чајно дрво. Само да напоменам дека лимонот никако не треба да го користите летно време затоа што е фотонестабилен и реагира во контакт со сонцето создавајќи темни флеки на лицето. Користете го само зимно време.

Исто така за време на бременоста мора да се биде многу внимателни со употребата на етеричните масла. На пример етеричното масло од рузмарин мора да се избегнува во текот на целата бременост и за време на доењето, додека дозволена е употребата на лавандата и тоа во многу мали количини. Максималната дозволена концентрација за употреба е 0.5% раствор за нега на телото, односно од 12 до 15 капки етерично масло во 100 мл. базно масло. За нега на лицето (со оглед на тоа што оваа статија се однесува токму на тоа), лично препорачувам 4 капки етерично масло од лаванда во 50 мл. базно масло како јојоба, лешник или арган. Сепак најдобро е да се биде умерени. Секако за било што консултирајте се со вашите гинеколози.

Се надевам дека оваа статија ви беше од корист.

Голем поздрав и до скоро читање.

Вики

 

Friday, July 24, 2015


Кои состојки најчесто ги користам во рецептите и од каде ги набавувам


Здраво на сите,

откако почнав редовно да ви објавувам рецепти кои сами може да ги направите дома, добив барање од страна на повеќе девојки да наведам каде точно ги набавувам состојките кои најчесто ги употребувам во проектите направи сам.

Токму затоа целта на денешнава статија е да ви кажам кои состојки најчесто ги користам, каде ги набавувам и која е нивната цена.

1. Алое вера гел


Овој гел навистина многу го користам во рецептите кои сама ги правам, без разлика дали станува збор за креми околу очи, спреј за коса или маска за лице. Лично го користам алое вера гелот на Botanicals кој може да го најдете во аптеките на Зегин и Еурофарм. Цената е околу 1100 денари за литар производ. Лично го одбрав овој затоа што згуснувачот употребен во него е од природно потекло. Освен за рецептите може секако и да го употребувате внатрешно затоа што пред се тоа и му е намената.

2. Шеа путер


Многу често овој путер го земам од Италија, меѓутоа кај нас открив еден добар од марката Ikarov кој може да го најдете во продажните места на La Soy. Цената на овој шеа путер е 220 денари за пакување од 60 мл.

3. Масла


- Kокосовото масло кое најчесто го користам е она на Bioсosmos кое може да го најдете во скоро сите аптеки и поголеми супермаркети како Веро, Тинекс и Рамстор во одделот за здрава храна. Цената на малата тегличка е 280 денари. Станува збор за нерафинирано ладно цедено кокосово масло.


- Mасло од арган - доколку сакате чисто арганово масло без никаков додаток или мирис, тогаш одберете го она на Bioсosmos кое чини 399 денари за 50 мл. и може да го најдете во продавниците на биокосмос. Доколку не ви пречи благиот цитрусен мирис во тој случај одберете го на Olival. Цената му е 785 денари за 60 мл. и може да го најдете во продажните места на Tesori di Mare во трговските центри на Ramstor и City Mall.


- Останатите масла како макадамија, лешник, јојоба итн. ќе ги најдете во продавницата на Биокулт гтц. 2 спрат. Цената е различна во зависност од видот на маслото, меѓутоа се многу чисти како производ и поголем дел од нив се и за внатрешна употреба што е доказ плус за квалитетот. Марката која најчесто ја земам е Bioplanete.

4. Етерични масла


Најчесто овие масла ги набавувам од продавницата на Биокулт гтц. 2 спрат. Станува збор за етеричните масла од марката Primavera (Flora) и тврдам за нивната чистина и квалитет. Во продажба имам видено и други етерични масла, меѓутоа не се 100% чисти затоа што не го поминаа мојот тест дома за чистина на маслата. Затоа доколку сакате да одите на сигурно, земете едно од овие етерични масла. Цената варира во зависност од видот на маслото и се движи од 290 до 700 денари. Оние кои јас ви препорачувам да си ги купите затоа што ќе може да ги користите за скоро сѐ се: лаванда, рузмарин, лимон и сладок портокал. Овие 4 масла за мене се база на секој рецепт и одговараат и за кожа и за коса, а одлични се и во антицелулитните третмани.Секако различен е процентот на употреба на овие масла во разни рецепти и комбинацијата со останатите состојки.

5. Какао путер


Овој путер е фантастичен во подготовката на путери за масажа на телото затоа што дава цврстина на производот, но и одличен мирис на чоколадо. Има огромна навлажнувачка и хранлива моќ врз кожата и се топи во допир со природната топлина на нашата кожа. Оној кој јас го користам е од марката Bioсosmos кој е и за внатрешна употреба (може слободно да го користите доколку правите колачи или домашни бисквити). Може да го најдете во продавниците на биокосмос и поголемите супермаркети во одделот за здрава храна.

6. Ружина вода


Онаа која јас најчесто ја користам е на марката Casyopea, цената е околу 400 денари и може да ја најдете во продажните места на Tesori di Mare во трговските центри на Ramstor и City Mall.


Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист. Ако нешто сум заборавила да наведам, слободно пишете коментар за она што ве интересира и ќе ви одговорам.

Поздрав
Вики

 

Thursday, July 9, 2015


Моите 5 must have природни состојки за убавина


Здраво на сите

денешнава статија би сакала да ја посветам на природните производи кои секогаш ги имам дома, за кои тврдам дека се фантастични, кои на некој начин се must have и според мене би требало да се најдат во секојдневната нега на повеќето од вас. Станува збор за комплетно природни производи кои може да ги користите на милион начини и кои дефинитивно ќе придонесат за убавината на вашата кожа и коса. Ајде да започнеме.

1. Кокосово масло

Многупати имам напоменато дека е бр. 1 масло за мене и го користам скоро за се од глава до пети. Спас е за сува кожа и коса, дава огромен сјај на косата, а кожата ја прави навистина мека. Основна состојка на ова масло е лауринската киселина која има огромно антивирусно и антибактериско дејство. Друга состојка е капринската киселина која има способност да ги уништи паразитите во цревата. За бенефициите на ова масло и неговата употреба веќе говорев во статијата http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/k.html.



2. Зелена глина

Зелената глина дефинитивно е бр.2 must have за мене, затоа што навистина ја користам за многу работи, како за маска на лицето, така и во антицелулитните рецепти. Зелената глина е фантастична затоа што ја прочистува кожата, богата е со минерали и лечи разни проблеми кај самата кожа.Доколку сакате да разгледате некои од рецептите со зелена глина прочитајте ги овие статии:

http://biodevojka.blogspot.com/2015/07/blog-post_7.html,
http://biodevojka.blogspot.com/2015/03/m.html.


3. Алое вера гел

Оние кои редовно го следат мојот блог знаат дека овој гел го употребувам за скоро се. Во многу случаи е состојка бр. 1 за моите рецепти за убавина на кожата и косата. Внесен преку орален пат или преку надворешна употреба, гелот од алое вера има оргомно корисно дејство врз човековиот организам, здравје и убавина. Неверојатно ја омекнува косата и кожата, ги спречува и лечи иритациите. Повеќе за бенефициите на овој гел и корисните ефекти прочитајте ги следниве статии:

http://biodevojka.blogspot.com/2015/03/blog-post_28.html
http://biodevojka.blogspot.com/2015/05/blog-post_26.html,
http://biodevojka.blogspot.com/2015/05/blog-post_14.html,
http://biodevojka.blogspot.com/2015/05/blog-post_7.html


4. Етерични масла

Дефинитивно мој омилен начин на разубавување на домашните препарати за лице, тело и коса, како и состојка бр. 1 во подотовката на освежувачи за простории. Етеричните масла кои секогаш ги имам дома се: дефинитивно лаванда како едно од моите најомилени, потоа сладок портокал, лимон и рузмарин. Овие етерични масла најчесто ги употребувам и според мене е доволно да ги имате само овие 4 со оглед на тоа што ќе може да ги употребувате за скоро се.
Поопширно за етеричните масла, начинот на одбирање и употреба веќе говорев во:

http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/blog-post_16.html
http://biodevojka.blogspot.com/2015/03/blog-post_11.html


5. Масло од арган

Мароканското злато е секако едно од моите омилени масла кое прави чуда за лицето доколку го нанесете како серум под кремата или пак како третман навечер, и дефинитивно е чудесно за косата нанесен како серум на самите врвови пред да ја исушите косата. Повеќе информации за ова масло и начинот на употреба ќе најдете во http://biodevojka.blogspot.com/2015/04/olival.html


Ете ова би биле моите 5 must have производи. Секако има и многу други кои ги обожавам и користам, многу други масла за кои тврдам дека се супер, ама на некој начин кога би морала да издвојам само 5, би ги издвоила овие како најомилени.

Кои се вашите must have производи без кои навистина не можете?

Вики

 

Monday, June 29, 2015


Направи сам: масло од лимон за поцврсти нокти

Здраво на сите,

многупати како третман за поцврсти нокти имам споменато дека е одлично маслиновото масло со неколку капки етерично масло од лимон, или пак малку сок од лимон. Ова масло дава одличен резултат во кратко време, и неверојатно го зајакнува ноктот и ја обновува структурата на самиот нокт. Во продажба може да се најдат повеќе видови на масла од лимон, меѓутоа повеќето од нив се направени со етерично масло од лимон. Затоа целта на оваа статија е да ви покажам како сами, во домашни услови може да си направиме едно прекрасно 100% природно и ефикасно масло од лимон, користејки маслиново масло и секако кора од лимон. Еве што ни е потребно за реализација на ова масло:

-  кора од 5 до 6 лимони (обавезно да бидат непрскани, инаку џабе ни е се);
- маслиново масло
- чиста и стерилизирана тегличка



Кората од лимон оставете ја убаво да се исуши околу 3 дена, и кога ќе биде сува ставете ја во чистата тегличка. Потоа додадете маслиново масло колку да ги покриете сите кори. Не смее некоја од корите да излегува од маслиновото масло, затоа што постои ризик производот да фати муфла и да се расипе.


Затворете ја теглата со капачето, завиткајте ја во алиминиумска фолија и ставете ја во некое шкавче во кујната (на суво и темно место), што подалеку од директна сончева светлина.


Тегличката треба да стои вака од 30 до 40 дена, меѓутоа многу е важно секојдневно барем еднаш да ја протресувате, со цел лимонот убаво да го пушти своето природно етерично масло. Јас ја чував точно 40 дена, и резултатот по истекот на тоа време беше следниов:


Откако ќе помине времето на отстојување, прецедете ја течноста, односно отстранете ја кората од лимон и оставете ја во шкавчето уште еден ден.


Следниот ден процедете ја уште еднаш со помош на една газа и ставете го вака добиеното масло во едно темно шишенце, или пак доколку немате, тогаш во друга чиста тегличка, меѓутоа убаво завиткајте го со алуминиумска фолија, затоа што лимонот е чувствителен на сонце. Вака добиеното масло има фантастичен природен мирис на лимон и може да го користите за многу работи:

1. Како зацврснувач за нокти:
навечер на чисти нокти се масира малку од ова масло и се остава да делува преку ноќ. Во некоја од следните статии ќе ви покажам како да направите балзам за нокти користејќи го ова масло;
2. Како третман за избелување на флеки на кожата:
ова правете го само зимно време и тоа во комбинација со други масла (никако само ова), или пак може да го додадете на вашата крема за лице. Доколку сте заинтересирани за рецепт оставете коментар под текстот;
3. Како антицелулитно масло:
ова масло е идеално како антицелулитен третман збогатен со други масла, меѓутоа никако не го нанесувајте летно време за преку ден;

Се надевам дека оваа статија ви беше од корист и дека доколку имате свои непрскани лимони, ќе се обидете да го направите ова прекрасно повеќенаменско масло од лимон.

Поздрав
Вики


Saturday, June 27, 2015


Направи сам: антицелулитен пилинг од кафе

Здраво на сите,

во продавниците може да најдеме многу антицелулитни пилинзи на база на кафе, и јас самата ви рецензирав два навистина добри, меѓутоа доколку како мене сте љубители на проектите направи сам и сакате да бидете мали хемичари во сопствените кујни, тогаш ова е вистинскиот рецепт за вас. Станува збор за еден навистина многу лесен рецепт за антицелулитен пилинг или скраб, кој е многу функционален и одличен како за неестетските проблеми со целулитот, така и за поткожните влакна кои често се формираат по депилацијата. Кожата ја остава мека и перфектно мазна, а за подготовката потребни се 10 минути од вашето време и следниве состојки:

- 5 лажици кафе
- 5 лажици шеќер
- 10 лажици масло
- 13 капки етерично масло
- една чиста и стерилизирана стаклена тегличка


 Во тегличката најнапред додавајте ги наизменично кафето со шеќерот. Јас користев кафеав шеќер затоа што таков имав дома и само таков конзумирам, меѓутоа вие може да ставите и бел шеќер без проблем. Може шеќерот да го замените и со сол доколку повеќе го сакате како пилинг. Мене лично повеќе ми се допаѓа шеќер. Убаво измешајте ги овие состојки во тегличката и додадете го маслото кое може да биде едно од следниве: бадемово, кокосово, сончогледово, оризово, јојоба, маслиново итн. Јас лично ставив масло од лешник само затоа што го имав дома а сакав да го завршам, и затоа што маслото од лешник е добро и како антицелулитно масло.


Изборот на етеричните масла нека биде според вашиот сопствен вкус, меѓутоа еве кои масла се одлични за ваков вид на пилинг: сладок портокал, рузмарин, лаванда, лимон, мента, лемонграс и чепрес. Јас лично користев етерични масла од рузмарин и сладок портокал кои одлично одат заедно како мирис и тоа во следнава пропорција: 9 капки етерично масло од портокал и 4 од рузмарин, со оглед на тоа што рузмаринот има многу јак мирис и во овој сооднос повеќе се чувствува портокалот. Не ви советувам да користите етерично масло од лимон летно време, затоа што е фотонестабилно.

Резултатот кој ќе го добиете е следниов:



Овој пилинг се употребува на следниов начин: на навлажнета кожа се масира со кружни движења и се остава да делува од 5 до 10 мин. Потоа се измива со топла вода и кружни движења, и на крај туширањето се завршува со поладна вода за подобро тонизирање на кожата и за поттикнување на циркулацијата. Мој совет ви е да не претерувате со ексфолиација на кожата и овој третман е доволно да го направите два пати неделно.


По третманот кожата ќе ви биде толку мека и мазна што верувајте ми нема да имате воопшто потреба од крема за тело, меѓутоа вие сепак ставете. Јас го направив веќе неколку пати и навистина сум премногу задоволна од резултатот. Овој третман секогаш го завршувам со добро антицелулитно масло.

Пилингот нема потреба од конзерванс и е доста издржлив, меѓутоа внимавајте да го земате секогаш со чиста и сува лажичка за да не влезе вода во него. Доколку сакате може да ги дуплирате состојките со цел да направите поголема количина одеднаш.

Се надевам дека оваа статија ви се допадна и дека ќе се обидете да го направите овој току едноставен а функционален пилинг за тело.

Благодарам за вниманието и до скоро читање.

Вики

 

Monday, June 22, 2015


Направи сам: природен пилинг за тело со лаванда


Лавандата е дефинитивно мојата најомилена билка, просто го обожавам нејзиниот мирис кој освежува, смирува и релаксира. Се чувствувам прекрасно кога во домот се чувствува мирис на лаванда, затоа и најчесто во рецептите кои сама ги правам го користам токму етеричното масло од лаванда.

Денешниот предлог за еден фантастичен пилинг за тело е токму од лаванда. Овој пилинг не само што прекрасно ќе ја омекне вашата кожа, туку потполно ќе ги релаксира вашите сетила и ќе ве опушти после напорен ден. Навистина е многу лесен за подготовка, освен етеричното масло ќе користиме и суви цветови од лаванда за екстра природен мирис. Ајде да започнеме.


Се што ќе ви треба за реализација на овој пилинг е:

- шеќер
- суви цветови од лаванда
- масло по ваш избор
- етерично масло од лаванда
- интересни теглички


Најнапред со помош на електрична машинка за кафе, сомелете ги сувите цветови од лаванда. Она што го гледате на лажицата на сликата е токму мелената лаванда. За овој рецепт користев прочистена лаванда (онаа за внатрешна употреба), која ја купив во продавницата на Ани Биомаркет во Козле. Земете една чиста и стерилизирана тегличка и во неа наизменично ставајте малку шеќер, малку лаванда и мешајте. Полнете ја тегличката се додека не стигнете до крај (не баш ептен до крај сепак оставете маслку место за маслото).
Е сега, изборот на маслото комплетно зависи од вас и вашиот личен вкус. Јас употребив ладно цедено сончогледово масло, кое малку го утнав затоа што имаше малку потежок мирис. Затоа би ви советувала да земете некое неутрално масло како на пример она од ориз (може да го најдете во поголемите супермаркети), или пак некое друго масло без мирис. Малото од ориз е доста издржливо како масло. Маслиновото не би ви го препорачала затоа што има тежок мирис, а бадемовото како масло не е најиздржливо. Значи може да користите јојоба, оризово масло, сончогледово (без мирис). Откако ќе го одберете маслото, сипете го внимателно во тегличката и мешајте додека целата течност не го впие добро. на крајот додадете уште масло за да ја покриете смесата. Додадете најмногу до 10 капки етерично масло од лаванда и убаво промешајте.

Затворете ја тегличката и оставете околу 2 до 3 дена се додека смесата убаво не ги впие маслата. Потоа може слободно да го користите.
Верувајте ми овој пилинг кожата ја остава супер мазна, перфектно исчистена, а маслото во неа одлично ја негува кожата. По употребата кожата е мека и што е најважно прекрасно мириса.


Се надевам дека овој рецепт ви се допадна и дека ќе се обидете да го направите. Какви пилинзи за тело најчесто користите? Дали сами ги подготвувате дома или купувате веќе готови? Вашите коментари се повеќе од добредојдени.

Поздрав
Вики

 

Saturday, June 13, 2015


Парабени во козметичките производи


Здраво драги мои

Овој блог го креирав пред околу 4 месеци со цел да ви ја претставам целата вистина за штетните состојки во козметичките производи, да на некој начин до вас го доближам концептот за природната и органската козметика, филозофијата и предностите која оваа козметика ги има пред се за нашето здравје, а потоа и за нашата убавина. За секоја од темите за која пишував детално се информирав, читав голем број на научни истражувања на одредени теми од страна на професионалци и хемичари кои лично ги почитувам. Пред извесен период напишав една статија за листа на состојки кои апсолутно треба да ги избегнуваме во козметичките производи (еве ви линк http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/blog-post_35.html).

Во изминатиов период добив многу пораки од читателки кои се интересираа за оваа тема, ме прашуваа за парабените во козметиката, повеќето од нив беа загрижени, а некои пак сметаа дека станува збор за нафтени деривати. Целта на денешната статија е да разјасниме што всушност се парабените и како влијаат врз организмот. Ќе се обидам ова да го објаснам на наједноставен можен начин, затоа што пред се мојата цел е да ги доближам информациите без многу филозофирање.

Парабените не се нафтени деривати како што мислат многумина, туку станува збор за синтетички конзерванси кои за цел имаат да го заштитат козметичкиот производ од расипување, формирање на бактерии и муфла. Едни од најчесто употребуваните парабени се:

- метилпарабен (methylparaben)
- етилпарабен (ethylparaben)
- пропилпарабен (propylparaben)
- бутилпарабен (butylparaben)
- бензилпарабен (benzylparaben)


Направени се голем број на истражувања на оваа тема од страна на реномирани хемичари и светски познати и признати научни институции, и мислењата, за жал, се поделени: некои сметаат дека не е опасно да се користат овие конзерванси во козметичките производи, додека други сметаат дека се опасни и дека имаат поврзаност со појавата на ракот во организмот, особено оној на дојката.

Верувајте ми оваа проблематика ја следам веке 6 години и знаете што, од ден на ден се менуваат мислењата на сите овие кои тврдат дека парабените не се опасни.
Еден од најпознатите италијански хемичари Др. Фабрицио Заго чиј речник biodizionario (http://www.biodizionario.it) го сметам за еден од најточните речници за хемиските состојки во козметичките производи, пред околу 4 години ги имаше класифицирано methylparaben и ethylparaben со зелено светло, а сега ако погледнете имаат црвено светло. Значи нешто се променило во меѓувреме.

Како што реков голем број од научниците сметаат дека подобро е да се користи еден производ добро конзервиран и сигурен, па макар и со парабени, отколку еден производ еко био (односно органски) каде производот се заштитува на поинаков начин. Истите научници тврдат дека процентот на парабените во производите е низок и во согласност со европската директива за козметички производи.

Европската комисија за козметика дозволи употреба на methylparaben и ethylparaben, доколку нивниот процент во еден козметички препарат е 0,4 % посебно или 0,8% во пар, додека научно е докажано дека propylparaben и butylparaben антибактериското дејство во кремите го имаат токму преку намалувањето на ефектот на естрогените. Секако овој ефект се појавува доколку се внесуваат во поголема количина во организмот. Друга важна работа е што парабените навлегуваат длабоко во кожата и не мора да предизвикаат реакција веднаш, туку нивното дејство може да се забележи и на дистанца од 20 до 30 години доколку редовно се мачкаат.


Се е ова во ред, сепак стручњаците знаат повеќе од мене со оглед на тоа што цел живот се занимаваат со хемија и истражуваат, само си поставувам едно прашање: ако тие сметаат дека со зголемената количина се појавуваат штетни ефекти и ако процентот се контролира во секој производ посебно, дали некој од нив се запрашал каков ефект има целокупниот нивни збир? Она што сакам да го кажам е: доколку јас се бањам со купка во која има парабени, плус користам шампон со парабени, потоа мачкам убава крема полна со парабени, ставам деодоранс со парабени, пудра со парабени и.т.н. и тоа го правам секојдневно, според вас ја преминувам ли “сигурната доза“ на дозволени парабени? Ете ова би сакала да ги прашам сите оние кои тврдат дека органската козметика не е доволно конзервирана.

Верувајте ми веќе 9 години користам само органски производи и ниедна крема не ми се расипала ниту пак била лошо конзервирана. Во органската козметика постојат друг вид на оддржувачи на стабилност на самиот производ, како што јас ги нарекувам, а тука спаѓаат на пример етеричните масла во комбинација со органскиот алкохол кои одлично ја оддржуваат стабилноста на производот и најчесто се употребуваат од страна на германските компании за органска козметика, потоа екстракт од семките од цитрон, Benzyl Alcohol и многу други сега да не ги набројувам сите. Некои фирми посветуваат огромно внимание и на конфекциите на самите производи, кои додатно ја оддржуваат хигиената на производот и го штитат од расипување.


Друго нешто што е важно да ви напоменам е дека постојат и традиционални козметички производи каде пишува paraben free или без парабени, меѓутоа верувајте ми наместо парабените во истите производи се користат многу поопасни конзерванси како на пример:
imidazolidinyl urea,
DMDM hydantoin,
5-bromo-5-nitro-1,3-dioxane,
 2-bromo-2-nitropropane-1,3-diol,
 bronopol,
bronidox,
diazolidinyl-urea
кои испуштаат мали количини на формалдехид.

Затоа драги мои, внимателно читајте ја декларацијата и бирајте органска и природна козметика, барем за оние производи кои секојдневно ги користите како на пример деодорансите (прочитајте ја статијата за деодорансите http://biodevojka.blogspot.com/2015/04/blog-post_22.html), кремите за лице и тело кои секојдневно ги користите.

Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист и дека на некој начин успеав да ви ја објаснам разликата и да ви го доближам моето лично гледиште за парабените.

Голема благодарност за времето кое го одвоивте да ја проследите оваа статија.

Вики



 

Monday, May 18, 2015


4 едноставни рецепти за убавина со камилица



Камилицата е една од најупотребуваните и најпознатите билки со оглед на тоа што сите ние често ја употребуваме како чај за смирување на стомакот и навечер за полесен сон.
Во денешнава статија би сакала да говорам за камилицата како состојка во третманите за убавина и да ви предложам неколку навистина лесни, а сепак многу корисни рецепти за убавина на кожата и косата. 

1. Тоник за лице од камилица

Овој тоник за лице е идеален за многу осетлива кожа, која е подложна на чести иритации и црвенила. Се подготвува навистина многу лесно и потребно е:

- 150 мл вода (најдобро деминерализирана)

- 2 супени лажици суви цветови од камилица или 2 филтер кесички

- етерично масло од лаванда

Ставете ја водата во едно мало тенџерче и кога ќе почне да врие додадете ги двете лажици камилица, оставете да врие 1 мин. и потоа тргнете го тенџерчето од ринглата. Покријте го тенџерчето и оставете ја камилицата внатре се додека не се излади. Процедете го чајот од камилица (убаво истискајте ги цветовите за да ја извлечете целата течност од нив), префрлете го во едно чисто шишенце  и додадете две капки етерично масло од лаванда. Вака добиениот тоник трае една недела во фрижидер.

Се нанесува наутро и навечер на претходно чиста кожа со памукче (или пак доколку го ставите во спреј шишенце може и директно да го испрскате врз кожата).

Овој тоник одлично ја смирува кожата, ја негува чувствителната кожа и ја намалува појавата на црвенила.

2. Двофазен отстранувач на шминка од камилица


Станува збор за еден навистина прекрасен и нежен комплетно природен отстранувач на шминка, кој истовремено е многу ефикасен и успешно ја остатранува дури и водоотпорната шминка. За овој рецепт веќе говорев во статијата http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/blog-post_14.html, така да доколку сакате да видите чекор по чекор како се прави (со слики), ви советувам да ја прочитате. Тука уште еднаш ќе го повторам рецептот.

Еве кои состојки ви се потребни за реализација на овој отстранувач на шминка:

- 55 мл вода (најдобро деминерализирана);

- една лажица цветови од камилица или една филтер кесичка;

- 20 мл. масло од ориз (може да го најдете во поголемите супермаркети);

- 8 мл. рицинусово масло (може да го најдете во сите аптеки);

-  едно празно шишенце;

Во зовриената вода се додава камилицата и се остава да отстои околу 15 мин. Се прецедува и се остава да се олади. Откако ќе се олади течноста се префрла во шишенцето.
Во една пластична чашка се мешаат маслата (ако сакате може да додадете и една капка етерично масло на пр. од лаванда или портокал кое служи само за мирис, но доколку немате може и без него) и се додаваат во шишенцето.

Пред употреба убаво протресете го шишенцето додека двете смеси не се спојат, ставете од производот на една дискета и исчистете ја шминката. Камилицата има смирувачко дејство на кожата, маслото од ориз е многу лесно масло препорачливо за сите типови на кожа, а рицинусовото масло во смесава ќе ви ги зајакне трепките.

Рокот на траење му е до две недели доколку се чува на суво и темно место.


3. Шампон за коса од камилица и брашно од наут

Ова е навистина прекрасен благ шампон кој идеално ја мие косата, го отстранува вишокот на маснотија и нечистотија од косата. Комплетно природен без суфрактатни. Еве што ви е потребно за да го направите:

- 2 супени лажици брашно од наут (може да го најдете во продавниците за здрава храна)

- 1 супена лажица мед

- 2 супени лажици чај од камилица

- 3 капки етерично масло по избор (лаванда, лимон, рузмарин, ама ако немате не мора)

Во еден сад најнапред ставете го брашното, потоа додадете го медот и на крај чајот од камилица. Помешајте ги сите состојки додека добиете една убава кремаста структура и нанесете го вака добиениот шампон на мокра коса. Ви советувам пред да ја намокрите косата убаво да ја исчешлате, па потоа мокра да ја шампонирате со овој природен шампон. Нанесете го целиот шампон на косата и нежно масирајте исто како кога би користеле нормален шампон. Многу важна работа е убаво и темелно да го измиете шампонот од косата, за да не ви останат мали зрнца од брашното во косата. По миењето нанесете уба и квалитетен балзам и исушете ја косата како што правите обично.

Овој шампон е навистина многу функционален, затоа што брашното од наут одлично ја отстранува маснотијата од косата и во контакт со водата прави еден навистина многу нежен шампон кој одлично мие, а комплетно е природен. Медот ја негува и омекнува косата, и го ублажува обезмастувачкиот ефект на брашното од наут.

Овој шампон е идеален за девојките кои имаат масна коса (може да го прават еднаш во неделата или на секои две недели во зависност од тоа колку е масна косата), а доколку имате долга или сува коса, не ви препорачувам да го правите често, можеби еднаш месечно за да ја исчистите косата темелно.


4. Маска за коса од камилица и лелено семе

Оваа маска за коса одлично ја негува косата, и дава фанстастичен сјај, косата е лелеава, мека и лесно се расчешлува. За подготовката на овој рецепт видете ја статијата http://biodevojka.blogspot.com/2015/03/blog-post_23.html, каде при подготовката во водата ќе додадете и две супени лажици камилица.

Значи потребно е :

- 30 гр. ленено семе (најдобро од органско потекло)

- 200 мл вода

2 супени лажици цветови од камилица

Во едно тенџере ставете ја водата и лененото семе, поклопете и оставете да стои преку ноќ. Изутрината, тенџерето ставете го на рингла и откако водата ќе почне да врие додадете ја камилицата и варете околу 5 мин. По истекувањето на времето тргнете го тенџерето од рингла и со помош на една цедилка прецедете го гелот (со оглед на тоа што овој гел е доста густ треба да бидете упорни во прецедувањето, мешајте и со лажичка додека не истече целиот гел). Почекајте да се олади.

Овој гел нанесете го на сува коса и оставете да делува најмалку саат време или преку ноќ, доколку сакате подобри резултати. Потоа измијте ја косата со благ шампон и исушете ја. Уште по првото нанесување ќе забележите дека косата е помека, подобро се расчешлува и има огромен сјај.


Се надевам дека овие едноставни, а сепак функционални рецепти ви се допаднаа.

Како и секогаш ви благодарам што и денес одвоивте време да го посетите мојот блог. Голем поздрав и до следната статија.

Вики

 

Monday, June 8, 2015


Направи сам: природна ружина вода


Здраво на сите,

во една претходна статија веќе зборував за корисното дејство на ружината вода и нејзината се поголема употреба во козметиката и козметичките производи. Ви го оставам линкот од таа статија, за да не се повторувам http://biodevojka.blogspot.com/2015/05/blog-post_11.html.

Целта на денешнава статија е да ви кажам како сами може да си ја направиме во домашни услови. Идејата за овој рецепт ми дојде кога видов колку пораснале ружите кои татко ми ги одгледува, и со оглед на тоа што не се хемиски третирани решив да си направам ружина водичка која ќе ја користам како тоник за лице во комбинација со етерично масло од лаванда, и како измивач за коса во комбинација со етерични масла од лаванда, рузмарин и лимон.


Се што ви е потребно за подготовката на оваа домашна ружина вода е:

- ружи (јас имав некаде околу 20 мали ружички);
- деминерализирана вода (нешто помалку од литар);


Најнапред петалите се одвојуваат од цветот и се ставаат во едно тенџере.


Во друго тенџере на рингла се загрева деминерализираната вода, меѓутоа не да врие туку баш пред вриење (некаде околу 80 степени). Со таа вода се поливаат ружите, убаво се притискаат со лажица за да се потопат сите со вода, се покрива тенџерето со капак и се остава така цела ноќ.

 
Наутро смесата се филтрира со помош на една цедилка и газа, и се става во шишенца за понатамошна обработка (во завосност од намената).

Како што веќе напоменав, јас ја направив за да ја користам како тоник за лице кој одлично ја негува кожата и го подобрува тенот. Во едно празно спреј шишенце нанесов од ружината вода и додадов неколку капки етерично масло од лаванда кое лично го обожавам (4/5 капки). Со оваа смеса се испрскува лицето наутро и навечер наместо тоник. Со оглед на тоа што нема конзерванс, течноста чувајте ја во фрижидер најмногу недела дена. Доколку не ставите етерично масло, течноста ќе издржи околу 4 дена. етеричното масло освен што му дава прекрасен мирис, ја продолжува трајноста на овој производ за некој ден. Запомнете дека обавезно е да се чува во фрижидер, а и одлично е затоа што на тој начин течноста е ладна и уште подобро ја затегнува, освежува и тонизира кожата на лицето.


Остатокот од смесата решив да го употребам како исплакнувач за коса и тука додадов неколку капки етерични масла од лаванда, рузмарин и лимон (6 капки од секое етерично масло). Со оваа течност се измива косата после шампонирањето како последно плакнење. Косата добива прекрасен сјај, станува посвежа, пожива и секако мека на допир.


Важно е да напоменам дека овој производ нема силен мирис на ружи како купечките со соглед на тоа што не додадов никаква есенца или парфем од рози како оние во продажба. Нежно мириса на ружи, меѓутоа не претерано, а секако ги има истите својства врз кожата и косата. Доколку сакате ова да го направите дома, ве молам користите ружи кои не се хемиски третирани, инаку џабе е се доколку оваа течност ја правиме со третирани ружи и си мачкаме хемикалии на лицето и косата. Доколку имате сопствени ружи во вашите градини или тераси - одлично, во спротивно ви советувам да си купите веќе готов производ како на пример оној од Casyopea кој е од органски рози и веќе го рецензирав во горе наведената статија (види го линкот погоре).



Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист, доколку сте љубители на проектите направи сам и доколку уживате да експериментирате со состојките и препаратите.

Голема благодарност за вниманието и до скоро читање.

Вики

 

Tuesday, May 26, 2015


Три интересни рецепти со алое вера гел


За овој прекрасен и навистина волшебен гел веќе говорев нашироко во статијата http://biodevojka.blogspot.com/2015/03/blog-post_28.html, па затоа ви советувам да ја прочитате доколку веќе не сте го сториле тоа. Во денешнава статија сакам да ви предложам три навистина прекрасни рецепти во кои главната ѕвезда е секако неговото височество гелот од алое вера. Овие рецепти се навистина многу лесни за правење, а имаат прекрасен ефект врз кожата или косата. Ајде да започнеме со рецептите.

1. Спреј за коса (за зацврснување и сјај)

Овој спреј е навистина прекрасен за косата, ја зацврснува косата и и дава голем сјај, а за неговата подготовка потребни се само 3 состојки.

- 2 супени лажици алое вера гел;

- 2 супени лажици зелен чај;

- 5 капки етерично масло од лаванда (или друго по ваш избор како лимон, рузмарин, сладок портокал);

Помешајте ги сите состојки во едно чисто спреј шишенце и добро промешајте. Овој спреј користете го после миење, на чиста коса и исушете ја косата како и обично. Ќе се изненадите од вашата коса, од тоа колку ќе свети после овој навистина едноставен спреј, а најдоброто е тоа што по секоја апликација косата ќе ви биде појака. Сетете се убаво да протресете пред секоја употреба. Спрејот чувајте го во фрижидер околу 2 недели.



2. Гел за бричење (за мажи)

Еве конечно еден рецепт и за мажите. Овој гел за бричење, не само што ќе им го олесни бричењето, туку и фантастично ќе ја омекне кожата на лицето. За подготовка на овој препарат потребни ви се:

- 3 супени лажици алое вера гел;

- 1 супена лажица кокосово масло (може и маслиново масло)

Убаво помешајте ги состојките и ставете ги во едно празно шишенце. Користете го овој гел за време на бричењето. Вака подготвениот гел чувајте го во фрижидер до 3 недели.


3. Пилинг за тело од алое вера

Овој пилинг е фантастичен и кожата на телото, ја прави нежна, мека и перфектно мазна. Потребни ви се следниве состојки:

- 4 супени лажици шеќер;

- 2 супени лажици алое вера гел;

- 1 кафена лажица масло по ваш избор (кокосово, бадемово, арган, маслиново);

- 1 супена лажица мед;

- 10 капки етерично масло по ваш избор;

Помешајте ги убаво сите состојки (етеричните масла додадете ги на крај) и доколку смесата ви изгледа претечна додадете уште малку шеќер. Нанесете го пилингот на навлажнета кожа и убаво масирајте со благи кружни движења од глуждовите па нагоре. Ќе бидете воодушевени од крајниот резултат.

Се надевам дека ви се допаднаа овие навистина лесни и едноставни рецепти.

Вики

 

Friday, May 15, 2015


Коприва за погуста и поздрава коса


Позната како тревка која предизвикува непријатно пецкање на кожата доколку ја допреме, копривата е всушност едно многу корисно растение, кое има огромна примена во медицината и козметиката. Бенефициите на ова растение се толку многубројни што би можела да напишам цел реферат, меѓутоа денес ќе се задржиме на корисното дејство врз косата: ќе ви објаснам зошто е толку корисна, како може да ја искористите во рецептите за поздрава и погуста коса, и секако на крај ќе ви предложам и еден навистина лесен и вкусен рецепт, со оглед на тоа што убавината пред се доаѓа од внатре.

Копривата е богата со хранливи состојки како: витамините А, Ц и К, минерални соли, калциум, силициум, магнезиум, фосфор, хлорофил, танин и хистамин. Токму хистаминот го предизвикува пецкањето на кожата доколку ја допреме. Нанесена на темето од косата, ја подобрува циркулацијата на крвта во тој дел и секако придонесува за подобар раст на косата. Многу важна работа која мора да ја напоменам е дека, на копривата не треба да се гледа како волшебно растение кое ќе ги излечи сите проблеми со косопадот, особено ако станува збор за генетика или хормонален дисбаланс. Во нормални услови, при промена на годишните времиња или во услови на стрес, каде се забележува поголемо опаѓање на косата од нормалното, копривата може да биде од голема помош.


Јас најискрено ја користев еден период како исплакнувач на косата и како третман за масажа на темето, и навистина покажа резултати особено во зцврснување на косата. Меѓутоа кај мене лично се појави еден друг проблем, односно со редовна употреба (особено кога ја исплакнував косата со чај од коприва) косата почна да ми се затемнува. Ова е важна информација, особено за природните русокоси или пак девојките со светло костенлива коса. Имајте предвид дека со редовна употреба,  копривата за нијанса ќе ви ја затемни косата. Кај темнокосите девојки го нема овој проблем, напротив, копривата ќе ви даде прекрасен сјај на косата, освен тоа што и ќе ја зацврсне.


Еве на кои се начини може да ја употребите како третман за зацврснување на косата.

1. Исплакнувач за зајакнување на косата од коприва и јаболков оцет

Овој исплакнувач е многу ефикасен и со редовна употреба дава навистина добри резултати.
Се што ви е потребно да го направите е:

- една шака листови коприва

- 2 шољи вода

- две супени лажици јаболков оцет

Ставете ја водата на рингла и откако ќе почне да врие тргнете ја од огинот, додадете ја копривата и оставете да одстоти најмалку 20 мин. (јас ја оставав половина час до 40 мин.). Потоа прецедете ја течноста, додадете го оцетот и со оваа смеса исплакнете ја косата по шампонирањето како последно исплакнување.

Совет плус: јас лично откако ќе ја процедев копривата не ја фрлав туку, по шампонирањето, најнапред го масирав темето на главата со сварените листови од коприва (правев блага масажа со кружни движења), а потоа ја плакнев косата со течноста. Исто така во течноста може да додадете 6 капки етерично масло на пример од рузмарин или лаванда.

2. Исплакнувач за зајакнување на косата од коприва, рузмарин и камилица

Овој рецепт според дејството врз косата е сличен на првиот само што како состојка се додаваат рузмаринот и камилицата. Еве што се ви е потребно за да го подготвите овој исплакнувач:

- 500 мл вода

- 100 гр коприва

- 2 гранчиња рузмарин

- една шака цветови од камилица

Ставете ја водата во тенџере, и овојпат во ладната вода ставете ги сите состојки и ставете го тенџерето на рингла. Откако ќе почне да врие водата, намалете ја јачината на ринглата и оставете да се вари околу 30 мин. Прецедете ја течноста, оставете да се олади и со неа исплакнете ја косата по шампонирањето.





Како што веќе напоменав на почетокот од статијата, со вас ќе споделам еден навистина вкусен рецепт за рижото со коприва (ориз со коприва), кој е многу хранлив, а воедно и вкусен.

Во едно тенџере или тава исецкајте малку кромид и пропржете го кратко заедно со оризот за да пушти убав мирис. Потоа варете го оризот додавајки малку по малку вода. Јас лично правам еден вид на супа каде мешам литар вода со една до две лажици природна вегета (еве ви линк доколку сакате да дознаете како ја подготвувам вегетата http://biodevojka.blogspot.com/2015/03/blog-post_9.html) и малку по малку го додавам во оризот (колку да биде покриен), за постојано да има вода додека се вари. Само да напоменам дека јас обожавам интегрален ориз и тој го користам секогаш кога готвам. Додека оризот се вари, измијте ја убаво копривата (ставете ракавици за една употреба за да не ве испецка копривата).


Додадете малку маслиново масло и пропржете ја копривата само неколку минути додека да омекне. Не мора да додавате вода, затоа што самата коприва ќе пушти вода. Откако ќе омекне, ставете ја копривата во блендер и убаво испасирајте.





При крајот на варењето на оризот, додадете ја смесата од коприва и упте малку вода (доколку е потребно) и варете уште 10 мин. Резултатот е едно многу вкусно и здраво јадење кое не пецка (ахахаха), затоа што копривата откако ќе се преработи термички го губи својството на пецкање.
На готовото јадење може да му додадете по желба малку куркума, или гомасио (сусам со сол), или пак да го украсите по ваша желба. Еве го крајниот резултат.



Како и секогаш голема благодарност за вниманието и до следната статија.

Вики

 

Monday, May 11, 2015


Ружина вода: еликсир за здравје и убавина


Нашите баби и прабаби немале на располагање препарати за нега на лицето и телото како ние денес, и секако немале производи со напредни формули, а сепак кожата на нивните лица била перфектна, мазна, сјајна и што е најважно чиста. Секако мора да споменам дека и времињата биле други, помалку загаденост, повеќе зеленило, помирен живот и.т.н., меѓутоа најголемата тајна за убавината на нивната кожа била воедно и наједноставна: ружина вода.

Како може една толку навидум обична течност да биде воедно и толку функционална? Ајде заедно да го разгледаме нејзиниот состав, бенефиции и употреба.

Што е всушност ружина вода?

Оваа прекрасна миризлива и многу корисна течност, се добива преку дестилација со пареа на листови од роза. На тој начин ги задржува сите хранливи состојки. Во VIII и IX век, оваа течност претставувала највредниот производ во трговијата помеѓу византиското царство и Кина. Мене мирисoт на роза секогаш ме потсетува на парфемот на баба ми кој беше многу интензивен и се ширеше насекаде низ станот.


Едни од најголемите одгледувачи на рози, а воедно и производители на производи кои го содржат овој мирис, се Бугарија и Авганистан. И токму производот кој ќе ви го претставам денес е ружината вода на бугарската фирма Casyopea.

Веќе подолго време сакав да пишувам на оваа тема и бев во потрага по еден идеален производ чист и органски, и кога конечно го најдов во продажните места на Tesori di Mare (во трговските центри на Ramstor на приземје и City Mall на 1 спрат до Јуск), бев навистина среќна што конечно можам да говорам за овој производ и што е најважно од се, да ви кажам на кои се начини може да го употребувате.


Најнапред да нагласам дека станува збор за органски производ кој е комплетно чист. Со оглед на тоа што веќе кажав како се добива еден ваков производ, ајде да видиме за што се може да го користиме и во какви комбинации.

1. Кожа

Ружината вода е една од најдобрите работи кои може да и ги дадеме на нашата кожа, особено ако имаме проблем со масна кожа и акни. Во досегашните статии не ви ја споменав како лек за оваа проблематика од проста причина што бев во потрага по еден убав производ. Сега кога го најдов, еве на кои се начини може да го користите за поубава и поздрава кожа:

- може да се користи наместо тоник, со оглед на тоа што има големо освежително дејство врз кожата, ја чисти, благо ја затегнува и тонизира. За ефектот да биде уште поголем, чувајте ја ружината вода во фрижидер и по потреба испрскувајте ја на лицето. На овој начин кожата добива додатна свежина. Не ви препорачувам да користите памукче или дискети, затоа што така губите доста од производот. Преку директното испрскување на кожата на лицето, можете да бидете сигурни дека целиот производ ќе заврши токму таму каде треба. Се употребува секогаш на чиста кожа. Идеална е летно време, кога поради високите температури на кожата и е потребна додатна хидратација;

- како средство за отстранување на шминка. Доколку се сќавате, пред околу два месеци, имав објавено еден рецепт за домашен двофазен отстранувач на шминка. Еве ви го оставам линкот доколку сакате да го погледнете
http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/blog-post_14.html Наместо чајот од камилица, може слободно да користите ружина вода. Ефектот врз кожата ќе биде ист, ако не и подобар;


- ружината вода може слободно да ја користите и при подготовката на пилинзи. Еве ви рецепт за еден многу едноставен, а ефикасен пилинг: помешајте иста количина на шеќер, мед и ружина вода (на пример по две лажици од сите три состојки). Нанесете го на чиста кожа со блага масажа и измијте. Оваа смеса ви ја препорачувам како пилинг за тело, а доколку сакате за лице во тој случај заменете го шеќерот со оризово, кокосово или пченкарно брашно, или пак со сода бикарбона;

- како маска за лице: помешајте 2 лажички зелена глина со една лажичка мед и малку ружина вода колку да се направи убава смеса. Вака добиената маска нанесете ја на исчистена кожа и држете ја околу 15 мин. Внимавајте само глината да не ја земате со железна лажица, затоа што реагира во контакт со метал. Користете пластична или дрвена лажица;

- како лек за подочници, намокрете две памукчиња или дискети со ружина вода и држете ги околу 10 мин. на пределот околу очите;

- ружината вода е одличен лек доколку имате воспалена кожа со црвенила или пак против изгореници од сонцето. Се што треба да направите е да ја испрскате кожата на лицето или телото каде имате црвенило или воспаление;

- со редовна употреба на ружината вода, значајно ќе ги намалите флеките на лицето и ќе ја спречите појавата на нови. (секако нема комплетно да исчезнат);


2. Коса

Се верува дека ружината вода го забрзува растот на косата и ја подобрува структурата на косата. Исто така, оние кои страдаат од црвенило или алергии на темето од главата, со редовна употреба на оваа вода, видно ќе ја подобрат состојбата. Го намалува косопадот и ја зацврстува косата. Може да се користи како третман пред шампонирање, или пак да се испрска на косата по шампонирањето. На тој начин косата не само што добива прекрасен сјај, туку и нежен мирис на рози.



3. Здравје

- ружината вода е одлична доколку имате проблеми со главоболка. Се што треба да направите е да намокрите една крпа со ружина вода и да ја држите на челото околу 30 до 45 мин;

- ружината вода е спас за воспалените непца во устата. Намокрете едно памукче или дискета со ружина вода и со него поминете ги непцата, онаму каде се воспалени. Исто така може да се користи како исплакнувач за уста по миењето на забите. Во овој случај, видно го подобрува здивот и здравјето на целата уста;

- доколку додадете малку ружина вода во кадата со вода и легнете во неа 10 мин., ќе се релаксирате, а со тоа и ќе се ослободите од стресот;


Важно:

1. Доколку имате премногу чувствителна кожа, бидете внимателни со употребата на ружината вода. Ви советувам прво да ја пробате на мал дел од кожата за евентуални реакции.

2. Ружината вода и етеричното масло од роза не се едно исто. Водата може да се користи чиста директно врз кожата и косата, додека етеричното масло мора да биде растворено во друго масло како на пример бадемово, јојоба, арган, маслиново итн.


Вики

 

Friday, April 24, 2015


Органска козметика во Скопје


Како што ветив, еве и статија за органскиte козметички линии кои може да ги најдете во Скопје. Прошетав низ сите продавници со тефтер и пенкалце (како да бев од инспекција само запишував), и можам да кажам дека изборот е голем. Колекциите ќе бидат наведени по продажните места за да има подобра прегледност.

1. Во аптеките на Еурофарм може да ги најдете следниве козметички линии:

- Dr. Hauschka
- Gamarde
- Weleda
- Vivo Oleo
- Fleurance



2. Во аптеките на Зегин ги забележав:

- Dr. Hauschka
- Fleurance
- Logona
- Gamarde

3. Во продавниците на ДМ Маркет

- Alverde
- Natuderm
- Vivo Oleo
- Lavera
- Kneipp




4. Во продавниците на Космо ги има следниве органски брендови:

 - Lavera
- Dr. Scheller
- Love Your Planet (од оваа линија забележав само гел за туширање и крема за раце. Моментално се на промоција 2 за цена од 1.)

5. Во продавниците на Биокулт

-  Weleda
- Dr. Hauschka
- Dr. Scheller
- Маслата од марката Bioplanète (многу девојки во приватни пораки ме прашуваат за масла, па еве ви пример. Овие масла ги обожавам затоа што се и за внатрешна и за надворешна употреба што е знак плус дека се чисти, во спротивно не би смееле да ги конзумираме. Лично ги имам пробано оние од арган, авокадо и лешник).


Исто така бо Биокулт може да најдете и етерични масла од марката Flora (Primavera) кои се 100% органски и чисти. Повеќе за изборот на етеричните масла може да прочитате во статијата  http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/blog-post_16.html



Кога сме кај маслата мора да ги споменам и оние од Биокосмос кои се 100% органски и чисти. Лично ги имам пробано од бадем, арган и семки од кајсија.




Ова се козметикчките линии кои јас успеав да ги забележам. Како и секогаш, доколку сум заборавила нешто, или пак сум пропуштила некоја органска линија, оставете коментар и јас ќе одам да ја пробам за вас.

Благодарам за вниманието и огромен поздрав до сите.

Вики

Wednesday, April 22, 2015


Природни деодоранси? Да, благодарам.


Здраво драги мои.

На пазарот се нудат голем број на деодоранси кои прекрасно мирисаат, го регулираат потењето и имаат антиперспирант ефект, меѓутоа колку истите се сигурни за нашата кожа, а пред се нашето здравје? Поголем број од нив содржат штетни состојки кои се опасни за нашето здравје и тоа:

1. Алуминиум
оваа состојка се користи како антиперспирант, меѓутоа проблемот е во тоа што оваа состојка организмот не може да ја преработи, ниту пак да ја исфрли, и се насобира, односно се акумулира во нашиот организам. Се смета дека алуминиумот е една од состојките која предизвикува рак на дојката кај 1 од 10 жени.

2. Парабени
според некои испитувања, овие вештачки конзерванси, апсорбирани по надворешен пат (преку кожата), во организмот прават ефекти слични на оние на естрогените хормони, и имаат огромно влијание врз целокупниот хормонален баланс.

3. Пропилен гликол (Propylene Glycol)
според некои научници оваа состојка (доколку често се користи), може да предизвика штета на централниот нервен систем, црниот дроб и бубрезите. 

4. Триклосан (Triclosan)
оваа состојка е класифицирана како пестицид и претставува голем ризик за човековото здравје и околината. Се смета дека предизвикува рак. 

Со оглед на тоа што деодорансите ги нанесуваме на еден многу чувствителен дел од нашето тело, каде се преплетуваат голем број на жлезди, од основна важност е да одбереме добар и природен деодоранс кој ја негува нашата кожа, и пред се е сигурен за нашето здравје.


Во продолжение ќе ви предложам неколку деодоранси кои според мене се одлични и лесно може да се најдат, а за оние кои сакаат свој производ кој е 100% природен, ќе предложам два рецепти за домашен деодоранс кој е нежен и сигурен за нашето здравје и околината.


Предлог бр. 1 рол он деодоранс на алверде со алое вера и бисер

Во последно време го користам деодорансот на алверде со алое вера и бисер кој буквално го обожавам. Еве го составот на самиот деодоранс: Aqua, Aloe Barbadensis Leaf Juice, Zinc Oxide, Cellulose, Glyceryl Caprylate, Glycerin, Xanthan Gum, Triethyl Citrate, Maris Sal, Zinc Ricinoleate, Silica, Hydrogenated Palm Glycerides, Hydrolyzed Pearl Extract, Hydrated Silica, Hydrogenated Lecithin, Caprylic/Capric Triglyceride, Parfum, Limonene, Benzyl Salicylate, Linalool, Geraniol, Cinnamyl Alcohol, Citral, Citronellol, Benzyl Benzoate, Benzyl Alcohol, Farnesol

Не знам кој е хемичарот кој ја осмислил оваа формула, ама дефинитивно е генијалец! Состојките се прекрасно избалансирани, нивниот микс не дозволува развој на бактерии, не содржи алуминиум и е комплетно нежен и сигурен за кожата. Присуството на состојките од природните етерични масла само го зголемува позитивниот ефект на самиот производ. Јас го користам веќе месец дена и презадоволна сум. Уште кога го видов на полиците во ДМ и ја разгледав декларацијата, верувајте, ми се пееше од среќа (има и други деодоранси од оваа линија, ама најискрено ги немам пробано, па да не говорам пред да ги пробам).



Предлог бр. 2 рол он деодоранс на La Soy со јасмин

Овој деодоранс го користев пред оној на алверде и со него бев многу задоволна. Составот на деодорансот е: алое вера, хидролат од лаванда, натриум хидроген карбонат, желатин, глицерол, масло од невен, масло од гроздови семки, комбинација на етерични масла.
Алое вера гелот делува смирувачки на кожата, хидролатот од лаванда деодорира и хидратира, а етерично масло од чајно дрво ги штити пазувите со своето антибактериско, антифунгално и антивирално дејство. Овој деодоранс не го спречува потењето (така и треба да биде, кожата треба да биде слободна да се поти и на тој начин да исфрла дел од токсините од телото), меѓутоа одлично го неутрализира лошиот мирис.


Предлог бр. 3 рол он деодоранс на Dr. Hauschka (верзијата delicate)

Овој деодоранс го имам користено многу одамна и верувајте ми, бев презадоволна од него. Составот на деодорансот е: Acqua, Alcohol, Triethyl Cirate, Glycerin, Ricinus Communis, Parfum, Zinc Ricinoleate, Bentonite, Salvia Officinalis, Melia Azadirachta, Graniol, Linalool, Citral, Citronellol, Limonene, Farnesol, Benzyl Benzoate, Eugenol, Benzyl Alcohol, Buxus Chinensis, Sucrose Laurate, Cetearyl Alcohol, Lecithin, Sodium Magnesium Silicate, Xanthan Gum, citric Acid, Rosa Damascena

Оваа формула е уникатна, и како производ овој деодоранс е навистина деликатен за кожата. Составот е фантастично избалансиран, ми се допаѓа изборот на етеричните масла. Според мене е идеален за оние кои имаат многу чувствителна кожа. И овој деодоранс како и претходните два, ја остава кожата да се поти, меѓутоа го неутрализира мирисот на потта. Ја прави кожата навистина мека и воопшто не ја суши. Мирисот на овој деодоранс е оној класичниот типичен за сите производи на Dr. Hauschka, односно мириса на тревки во комбинација со цитрус. Постои и верзија fresh, ама сеуште ја немам пробано.




Е сега да преминеме на рецептите за природни деодоранси кои многу лесно може сами да ги направите дома (секако доколку сте љубители на проектите направи сам и сакате да експериментирате). Како што веќе напоменав ќе ви предложам две варијанти на природен деодоранс и тоа: во стик и спреј верзија (за секого по нешто).

Природен деодоранс бр. 1


Ова е еден одличен деодоранс во стик кој навистина фантастично реагира и ја прави кожата многу мека. Кога најпрво го направив според оригиналниот рецепт, во зима функционираше екстра, меѓутоа штом дојдоа потопли денови погодете што ми се случи....токму така, мојот деодоранс се стопи (со оглед на тоа што во оригиналниот рецепт како стврднувач на производот имаше само кокосово масло кое, нормално, на високи температури преминува во течна состојба). И јас што направив? Додадов пчелин восок кој одлично го држеше цврсто овој производ. Еве ви ја мојата рецепта:

- 4 супени лажици сода бикарбона
- 4 супени лажици нишесте (пченкарно)
- 3 супени лажици кокосово масло
- 1 супена лажица пчелин восок
- 5 капки етерично масло од чајно дрво
- 5 капки етерично масло од лаванда



Најнапред на пареа растопете ги кокосовото масло со пчелиниот восок и откако ќе се стопат додадете ја содата и нишестето. На крај додадете го етеричното масло (или масла). Мора бргу да работите затоа што восокот брзо се лади и стврднува. Излијте ја оваа течност во празно кутивче од потрошен стик (претходно добро измиено), или пак во силиконски калап и откако ќе се стврдне извадете го од калапот, и користете го како деодоранс.

Природен деодоранс бр.2

Ова е мојот омилен затоа што лесно се подготвува (не мора ништо да топите на пареа), а одлично функционира. Се што ви е потребно е:

- половина чаша деминерализирана вода
- една супена лажица алое вера гел
- 8 капки етерично масло (јас лично употребив 5 капки лаванда и 3 портокал)

 
Помешајте ги сите состојки, префрлете ја течноста во едно чисто спреј шише и вашиот деодоранс е готов за употреба. Полесно здравје.

Важно:
Етеричните масла кои се најдобри за ваков вид на производ се: лаванда, чајно дрво, жалфија (бремените жени никако не смеат да користат жалфија), портокал, јасмин или комбинации.


Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист и ве молам следниот деодоранс кој ќе го изберете (без разлика дали ќе го купите или направите сами), нека биде што е можно поприроден.


Поздрав

Вики

21 comments:

 

Friday, April 17, 2015


Органска козметика низ Македонија


Здраво на сите

Како што веќе добро знаете ова е блог во кој говорам за органската козметика, за природните начини на нега на кожата и косата и за проекти направи сам.
Целта на денешнава статија ја добив како резултат на многубројните пораки од страна на читателките од другите градови од Македонија кои во своите градови не можат да најдат многу од производите за кои ги говорев, кои ги имам пробано и ги препорачав.

Со оглед на тоа што мојата цел е да им помогнам на сите оние кои сакаат да стават крај на силиконите и нафтените деривати кои на никого добро не му направиле, решив да отидам низ продавниците, да ги најдам органските производи за нега на лице, тело и коса, кои лесно може да се најдат низ поголемиот број на градови во Македонија. Како и да е, голема благодарност до девојките од аптеките на Зегин и Еурофарм кои ми помогнаа во оваа моја мисија и ми кажаа во кои нивни аптеки низ Македонија може да се најдат одредени органски производи. Исто така, голема благодарност и до многу читателки на мојот блог од другите градови, кои исто така ми кажаа кои линии на органска козметика ги забележале во своите градови, така да оваа статија е плод на тимска работа.

Пред да го започнам списокот на органските производи само сакам да напоменам дека  колекциите за кои ќе говорам сеуште ги немам пробано на себе (со исклучок на Dr. Hauschka) , значи не го знам нивното дејство врз кожата, меѓутоа го проверив составот на самите производи, односно декларацијата, и мојата препорака се базира токму врз тоа. Наскоро ќе започнам да тестирам некои од овие производи и ќе направам комплетна рецензија за истите, со цел да ви олеснам при изборот.



1. Dr. Hauschka

Како што знаете, ова е една од моите најомилени козметики за нега на лице и лично имам пробано скоро се. За жал не може да се најде насекаде низ Македонија, меѓутоа од Зегин ме информираа дека ја има во следниве градови: Охрид и Прилеп.


2. Gamarde

Лично ја немам пробано оваа козметичка линија, меѓутоа составот навистина многу ми се допадна. Ќе се обидам да пробам нешто од оваа линија за да направам рецензија. Може да ја најдете во аптеките на Зегин во следниве градови: Битола, Велес, Гостивар, Кичево, Кочани, Струмица, Гевгелија, Прилеп, Струга и Охрид.

3. Logona

Оваа органска козметика која има навистина убав состав може да ја најдете во аптеките на Зегин во следниве градови: Куманово, Прилеп, Гевгелија, Струмица, Велес и Битола.

4. Fleurance

Француска органска козметика која може да се најде во аптеките на Зегин во следниве градови: Битола, Тетово, Кичево, Велес, Кочани, Неготино, Гевгелија, Струмица, Прилеп, Охрид и Струга.

5. Vivo Oleo

Органска козметика која ја има во аптеките на Еурофарм во следниве градови: Крушево, Кратово, Кичево, Струмица, Кочани, Велес, Кавадарци и Гевгелија.



Девојките од останатите градови каде не се застапени горенаведените козметички линии, како алтернатива може да користат кокосово масло како замена за дневна крема (или некое друго масло во согласност со видот на кожата http://biodevojka.blogspot.com/2015/03/blog-post_46.html) , може да си направат сами некој тоник за лице како оној од ројбос кој го предложив http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/blog-post_9.html, или пак може да отидат до најблискиот град каде ги има органските колекции за да ги земат (доколку студираат во во тие градови или пак имаат роднини или пријатели кои често патуваат тука).

Се надевам дека оваа статија ви беше од корист, се обидов да им помогнам на сите читателки кои ми пишаа. За било какво прашање, информација или препорака, слободно пишете под самиот текст, и секако, доколку во вашиот град има и други органски колекции кои можеби сум ги пропуштила, оставете коментар и споделете го тоа и со останатите читатели.

Што се однесува до Скопје, ситуацијата е одлична, затоа што има голем број на аптеки и продавници каде може да се најде квалитетна органска козметика. Една од следните статии ќе биде посветена токму на Скопје и сите органски производи и продавници.


Како и секогаш ви благодарам за вниманието и до следната статија.

Вики

 

Thursday, April 9, 2015


Рицинусово масло за убавина


Уште одамна, од времето на древните Египјани, рицинусовото масло било познато како средство за здравје и убавина. Ова масло има многу густа структура, благо жолтеникава боја и интензивен мирис. Се добива од семките на растението ricinus communis. Богато е со омега 6 и омега 9 масни киселини, витамин Е и затоа има огромна примена во козметиката за нега на кожата, ноктите и косата. Ајде заедно да видиме на кои сé начини може да го употребуваме.

За трепки и веѓи



Ова масло ги згуснува трепките и веѓите, и го поттикнува нивниот раст. Се нанесува навечер на трепките и веѓите со помош на една четкичка и се остава да делува преку ноќ. Првите резултати се видливи веќе после две недели.

За нокти и заноктици



Рицинусовото масло е спас за нежни и кршливи нокти и суви заноктици. Се нанесува на чисти нокти (без лак) секоја вечер и се остава да делува преку ноќ. Може да го нанесете со помош на прстите (со блага масажа) или пак доколку имате некое празно шишенце од лак (убаво исчистено), може да го наполните со рицинусово масло и со помош на четкичката од лакот да го нанесете на ноктите. Доколку сакате ударен третман на рицинусовото масло може да му додадете и етерично масло од лимон, кое додатно ќе ги зајакне ноктите и ќе им даде голем сјај.
Резултатите се видливи веќе по 4 дена.

За нега на коса



Благодарение на големата количина на омега 6 и омега 9 масни киселини, рицинусовото масло е спас за за слабата и кршлива коса. Го спречува косопадот, ја зацврснува косата, ја храни и видно ги подобрува изгледот и структурата на влакното. Со оглед на тоа што ова масло е доста густо може да го нанесете чисто како третман за оштетени врвови само од средината на косата кон врвовите (секогаш на навлажнета коса никако на сува), или пак да го помешате со бадемово масло, јојоба или арган, доколку сакате да го нанесете на цела коса (во случај на многу сува коса). Исто така рицинусовото масло многу помага и при првут во косата помешано со масло од јојоба или арган.
Како што многупати имам напоменато, маслото нанесете го секогаш на благо навлажнета коса, ставете кеса и одозгора пешкир (или капа), загрејте 2 мин. со фен и оставете така да делува најмалку еден саат или пак преку ноќ доколку сакате одлични резултати. Убаво измијте ја косата за да го отстраните маслото од неа. За повеќе информации за нанесување на маслата и нивното корисно дејство погледнете ја статијата http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/giveaway.html

За нега на лице

Малкумина знаат дека рицинусовото масло е одлично во спречувањето на брчките на кожата и видно го подобрува изгледот на самата кожа. Како анти ејџ ова масло се нанесува во многу мала количина само на она место каде имаме видливи брчки како на пример челото, или покрај усните, навечер на убаво исчистена кожа.






Веќе многупати имам напоменато ама ќе повторам уште еднаш: купувајте само чисти масла кои во својот состав го содржат само маслото кое сакате да го купите. Во овој случај на опаковката на рицинусовото масло треба да пишува само ricinus communis. Избегнувајте ги мешавините каде пишува paraffinum liquidum.

 Дали и на кој начин го користите рицинусовото масло?


Вики

 

Saturday, March 28, 2015


Волшебниот гел од Алое Вера


Внесен преку орален пат или преку надворешна употреба, гелот од алое вера има оргомно корисно дејство врз човековиот организам, здравје и убавина. Шетајќи низ аптеките во Скопје бев навистина зачудена и изненадена колку видови и марки на алое вера гел може да се најдат, и токму ова не натера да напишам еден ваков пост затоа што не сите производи кои се наоѓаат во аптеките се добри. Целта ми е да им олеснам и помогнам на сите оние кои се заинтересирани да го користат овој производи, како правилно да го одберат и на што да внимаваат. Секако после советите за вистински и согирен избор на овие производи, ќе ги споделам со вас сите можни употреби на гелот и сокот од алое вера.

Совети за правилен избор

Правило бр.1 (како и за било кој друг производ) е КОНТРОЛИРАЈТЕ ЈА ДЕКЛАРАЦИЈА. Добриот и квалитетен гел од алое треба да има навистина малку состојки кои освен сокот од алое (кој би било пожелно да е од органско потекло) би требало да содржи само згузнувач и конзерванс. Еве ви пример на една етикета на добар гел од алое вера:


Значи во овој гел на прво место е органскиот сок од алое вера, по него следи згуснувачот и потоа конзервансите. Едни од најприродните конзерванси се Potassium Sorbate и Sodium Вenzoate, додека најлоши се оние кои може да испуштат и мали количини на formaldeide како на пример dmdm hydantoin, imidazolidinil urea,diazolidinil urea, sodium hydroxymethyl glycinate.

Што се однесува до згуснувачите во самиот гел постојат два типа на згуснувачи и тоа: природни (xantan gum, carragenina) и синтетички (carbomer или pemulem кој во декларацијата ќе го најдете под името acrylates/C 10-30 alkylacrylate crosspolymer).
Јас лично претпочитам природни згузнувачи, иако морам да напоменам дека и снтетичките не се штетни за кожата (немаат штетно влијание за надворешна употреба).
Еве ви пример на гелови со природни згуснувачи кои според мене се најдобри и слободно може да ги користите: Lily of the Desert Aloe Vera Gel и Aloe Botanicals Aloe Vera Gel. Од геловите со синтетички згуснувачи кај нас ги забележав се оние од марката ESI.

Е сега, друга многу важна работа што морам да ја нагласам е фактот што на поголемиот број на производи ќе ја најдете фразата “чист алое вера гел 98% или па на некои дури и 100%“, но што всушност тоа значи? Прво нешто што ни паѓа на памет е дека во производот застапеноста на алое вера сокот е 98% нели? Епа не е баш така. Овој процент означува чистотата на сокот, кој во производот може да биде застапен и 12%. Затоа ви повторувам читајте ја декларацијата.
Алое вера треба да биде на првата позиција, без присуство на вода во производот.
Како гаранција плус е доколку на производот го има логото на International Aloe Science Council кое изгледа вака:


inernational-aloe-science-council.gif


Како на пример ова:


Употреба на алое вера гел

Е сега откако разјаснивме на што се да внимаваме при изборот на гелот, да видиме за што се може да го употребуваме.

1. Коса:
гелот од алое вера е фантастичен за нега на сите видови на коса, особено за сувата коса без сјај или пак за девојките кои имаат виткана коса. Јас најчесто го користам на два начини и тоа:

- како маска за коса го нанесувам на сува коса и го оставам да делува најмалку саат време и потоа ја мијам косата со благ шампон;

- како балзам за коса нанесувам многу мала количина на веќе измиена влажна коса (само на должината на косата и краевите, не на коренот) и ја сушам косата.
Навистина ќе забележите дека косата е помека, посјајна и лесно се мести. Според некои испитувања докажано е дека го лечи првутот и помага против опаѓање на косата.


2. Кожа: 
кога станува збор за нега на кожата, гелот од алое вера е навистина “must have“. Се употребува на илјада начини и во многу ситуации:

- како дневна крема во лето (особено ако имате масна кожа или пак ако Т зоната многу ви свети летно време а не сакате да употребите тешки креми). Исто така ја подобрува еластичноста на кожата и ги намалува малите брчки околу очите и устата;

- како ноќен третман на кожата со оглед на тоа што има водеста структура и не ја масти кожата;

- како крема околу очи со оглед на тоа што алое вера има огромно навлажнувачко дејство и одлично ја негува дури и осетливата кожа околу очите, и се препорачува за оние кои не поднесуваат масни креми околу очите;

- како маска за лице нанесете голема количина на лицето и кога ќе почне да се суши измијте ја со млака вода;

- во третманите за лечење на флеки или лузнички на кожата на лицето;

- како крема за иритирана кожа после депилација или при изгореници од сонцето;

- како крема за ублажување на болката после убод од инсект или медуза

- како крема после сончање која одлично ја храни кожата после цел ден поминат на плажа;

- како интензивен третман за кожата на рацете доколку ви се склони кон сушење или пак во зимно време. Во тој случај навечер пред легнување, нанесете поголема количина од гелот на чисти раце и ставете памучни ракавици. Верувајте ми го имам пробано овој третман и нависина ви тврдам дека ќе бидете воодушевени од резултатите.

- како гел за масажа на воспалени мускули на нозете помешан со етерично масло од лаванда;


Доколку имате сопствена билка од алое знајте дека слободно може да го користите природниот гел од неа за надворешна употреба (за горе споменатите начини на нега на кожата и косата), меѓутоа не се препорачува за внатрешна употреба затоа што во еден дел од билката присутна е една состојка која се нарекува алоин која има иритирачко дејство врз системот за варење. Затоа доколку ви треба за внатрешна употреба подобро е да земете веќе конфекциониран производ затоа што сами за жал не можеме да го извлечеме само “најдоброто“ од оваа билка.

Е сега неколку предлози за добар алое вера гел. Моја препорака ви е секогаш да земате природен гел за внатрешна употреба без разлика дали потоа ќе го употребувате надворешно.

Во аптеките кај нас забележав две одлични марки на алое вера гел и тоа: Lily of the Desert Aloe Vera Gel и Aloe Botanicals Aloe Vera Gel. Двата се органски, за внатрешна употреба, во шише од литар и со добри компоненти. Друг кој не е лош како производ е алое вера гелот на Equilibra кој секако е само за надворешна употреба и е во мало пакување, тубичка, меѓутоа потешко се наоѓа кај нас, така да ви советувам еден од претходните предложени.

Какво е вашето искуство со оваа билка? Дали го имате користено гелот од алое во вашите третмани за убавина или како додаток во исхраната за подобрување на вашето здравје? Дали сами одгледувате билка на алое вера? Сите коментари и искуства се добредојдени.



Вики


Comments