Масла за лице



Иако маслата имаат големо влијание врз убавината на кожата, сепак голем е бројот на луѓето кои не ни помислуваат на нив, особено оние кои имаат масна кожа. И јас бев една од нив затоа и го пишувам ова што го читате. Се плашев од самата помисла на масло и буквално бегав штом ќе видев дека некој производ содржи масла а не да Боже да ми текне да нанесам чисто масло на лицето. Имав и сеуште имам комбинирана кожа која за среќа ја држам под контрола. Меѓутоа откако почнав да ги користам, она што го открив е дека мојата кожа без разлика на тоа што е комбинирана, не само што одлично ги поднесува маслата туку буквално ги обожава.

Многу важна работа кога станува збор за негата на масна кожа ( и спротивно на тоа што се верува)  е да не се користат производи кои треба да ја “сушат“ ниту пак да се ексфолира агресивно кожата со цел да се “исчисти“ маснотијата од неа, затоа што на тој начин се зголемува проблемот. Како резултат од честото миење со несоодветни производи кои имаат за цел да ја “обезмастат“, кожата лачи уште повеќе себум бидејќи на тој начин се брани од нас.  Маслото е нормално присутно како заштитен филм на кожата и таа мора да го произведува за да се заштити од надворешната околина, а доколку ние и го одземаме, кожата ќе лачи двоструко па и троструко и така се навлегува во еден маѓепсан круг од каде нема излез.



Многупати имам напоменато дека по професија не сум експерт во ова поле, меѓутоа говорам за работи кои ги имам искусено на своја кожа. Она што го сфатив од сопствено искуство е дека кога почнав да нанесувам масла на кожата, таа почна самата да се нормализира, а претходно користев секакви препарати, креми, тоници многу од нив повеќе ми штетеа отколку користеа затоа што беа полни со штетни состојки. Важно е да се напомене дека не сите масла одговараат за сите типови на кожа и од огромна важност е да се знаат неколку основни правила при изборот на маслото кое ќе го нанесеме на лицето. Во продолжение ќе се обидам да разјаснам неколку важни работи за маслата и нивната употреба, ќе ви кажам кои масла одговараат за каков тип на кожа и како се употребуваат.


Масло
Вид на кожа
Дејство
Јојоба
Идеално за комбинирана и масна кожа
Делотворно против акни, ја балансира кожата и има анти ејџ ефект
Кокос
За сите видови на кожа
Многу лесно масло, не остава масни траги на кожата, лесно се впива и има одличен мирис
Семки од кајсија
Сува, уморна и кожа со брчки
Го јакне заштитниот филм на кожата, ја спречува појавата на брчки на лицето и одлично  ја храни кожата
Арган
Сува и осетлива кожа (јас лично го имам користено, и без разлика на тоа што имам комбинирана кожа одлично ми одговараше)
Многу делотворен антиоксиданс, ефикасен против брчки, одлично ја храни кожата и ја брани од надворешните влијанија, богато со витамин Е и омега 6 масни киселини.
Невен
Чувствителна кожа подложна на купероза и црвенило
Смирува секаков вид на црвенило и иритации на кожата.
Пшенични никулци
Сува кожа
Одлично против брчки
(Ова е едно од најосетливите масла па затоа треба да се држи во фрижидер)
Макадамија
Сува и чувствителна кожа
Одлично ја храни кожата и делотворно е против лузни
Бадем
Сува кожа
Храни, навлажнува и смирува
Лешник
Комбинирана и масна кожа
Длабински ја храни и балансира кожата
Сусам
Сува кожа
Одлично ја храни кожата, многу се користи во кремите за заштита од сонце благодарение на неговата способност да ги филтрира  UV зраците


Како да ги избереме маслата?

Во статијата за масла за коса http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/giveaway.html веќе дадов совети како правилно да се изберат ама еве пак ќе повторам. Најважно нешто при изборот е маслото да биде чисто. Значи во декларацијата треба да стои само ботаничкото име (под секое од маслата намерно ви го напишав и ботаничкото име за да ви помогнам при изборот) и евентуално до него да стои и зборот токоферол кој е всушност витамин Е кој се користи за да се збогати маслото и да се продолжи рокот на траење. Никако не земајте комбинации каде е присутен течен парафин или силикони. Нема никаква корист од такво масло. Уште подобро доколку на маслото пишува “за внатрешна употреба“ затоа што е гаранција плус дека маслото е чисто. Еве ви пример на чисто органско масло од арган . На производот пишува масло од Argania Spinosа BIO a, а со помали букви е напишано дека е ладно цедено 100 % органско и во декларацијата (ingredients) како единствена состојка е Argania Spinosa Kernel Oil (ботаничко име за арганот).



Како се нанесуваат на лицето?

Се нанесува многу мала количина од маслото кое сте го избрале, доволни се 3/4 капки за цело лице (ве молам не претерувајте со количината за да не се добие спротивен ефект), на благо навлажнета кожа (на пример после тоникот за лице) и со нежни движења благо се масира лицето.

Може да одберете едно масло според видот на вашата кожа и посакуваниот резултат, или пак да направите микс од повеќе масла и во него да додадете и етерични масла кои ќе го зголемат ефектот на самото масло и видно ќе ја подобрат состојбата на кожата. Повеќе информации за  изборот и дејството на етеричните масла ќе најдете во статијата http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/blog-post_16.html. Јас лично ги обожавам и ги додавам во сите мешавини кои ги правам без разлика дали станува збор за нега на лице или коса.



Се надевам дека оваа статија ќе ви биде од помош и се надевам дека (без разлика на видот на кожата), ќе се одлучите да пробате едно масло, чисто да го видите ефектот врз вашата кожа. Јас секогаш велам дека потребно е и да се експериментира се додека не се најде она нешто кое најдобро одговара на нашата кожа.

Доколку имате искуство со маслата за лице, слободно оставете коментар и споделете го и со останатите читатели, кое можеби ќе им биде од корист. Секое искуство и совет се добредојдени за сите.

И како за крај, слушајте ја вашата кожа. Научете да ги препознавате сигналите кои ви ги праќа и како реагира на одедени производи. Сепак нашата кожа претставува наша почва и од нас зависи со што ќе ја нахраниме.


Вики

Comments

  1. Каде би можеле да ги најдеме природните органски масла?

    ReplyDelete
  2. Здраво драг читателу, органските масла јас најчесто ги набавувам од биокулт (во ГТЦ на 2 спрат) и од биокосмос (ТЦ Буњаковец). Рицинусовото го земам од галафарм (го имаш во сите аптеки и во ДМ маркет). Доколку те интересира некое одредено масло слободно пиши ми. Поздрав и благодарам за коментарот.

    ReplyDelete
  3. Имам сува кожа склона на бубулици и купив невеново масло.Како правилно да го користам и дали може да се користи ова масло?

    http://edea.mk/sites/edea/docs/image_1406984283_66.jpg

    ReplyDelete
  4. Здраво драг анонимус, невеновото масло е препорачливо за кожа која е склона кон црвенила, многу сува кожа, за изгореници од сонце, убод од инсекти, меѓутоа е одлично и за кожа која нема никакви поголеми проблеми. Се нанесува мала количина на претходно чиста и благо навлажнета кожа (неколку капки), се размачкува додека да се впие. Внимавај на количината, преголема количина има спротивен ефект, не треба да се претерува. Кога станува збор за масла помалку е повеќе, Јас би ти препорачала да го нанесеш навечер, како алтернатива на ноќна крема. Е сега доколку кожата ти е склона кон бубулички или акни, масла против акни се и јојоба, лешник и арган. Начинот на нанесување е ист. Ова масло на фитофарм е ок. За било каква информација или совет, слободно пиши. Поздрав

    ReplyDelete
  5. Здраво,
    имам комбинирана кожа,па ме интересира кое масло е најдобро за мене,освен јојоба и лешник? Затоа што нив веќе ги имам користено.
    Се мислам помеѓу масло од арган,авокадо и семки од кајсија :)
    Кое од овие масла е најефикасно и "најбезбедно" за комбинирана кожа?

    Поздрав :)

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга, ти благодарам за учеството и коментарот. Доколку ги имаш пробано јојоба и лешник, пробај арган. Јас многу го користев а и моментално го користам како серум под дневната крема и лично сум многу задоволна. Одлично е и против акни. Пробај па кажи ми колку си задоволна. Секако се користи мала количина (неколку капки) на чиста и благо навлажнета кожа за подобро да се впие. Поздрав и секое добро.

      Delete
    2. Здраво,
      Дали може да се користи кокосово масло на тело, ама кожта ми е масна и по телото??

      Delete
    3. Здраво, кокосовото масло може слободно да се користи и како замена за крема за тело. Треба само да видиш дали тебе ќе ти одговара. Јас имам комбинирана кожа на лицето и го користев долго време на лице и кожата одлично го прифати, а исто и кај сестра ми која има комбинирана кожа (а сепак станува збор за лице). Затоа мој совет ти е да пробаш, доколку видиш дека не ти одговара, може да користиш некоја полесна крема за тело или пак чист гел од алое вера кој освен што ќе ја освежи твојата кожа, ќе ја навлажни и нема да ја масти. Се надевам ти помогнав. Поздрав.
      п.с. Да не заборавам се нанесува на благо навлажнета кожа на телото за да може кожата побрзо и подобро да го впие кокосовото масло.

      Delete
  6. Здраво, имам масна проблематична кожа, на вечер ставам алое гел, како може да го вклопам маслото од чајно дрво?

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга Бојана,
      маслото од чајно дрво секогаш се користи растворено во некое базно масло, а никако директно на кожа. Јас би ти препорачала да го користиш со масло од јојоба (со оглед на тоа што имаш проблематична кожа) на следниов начин: во 50 мл. масло јојоба капни 7капки етерично масло од чајно дрво. Навечер земи мала количина од оваа смеса и помешај ја со иста количина алое вера гел. Нанеси на убаво исчистена кожа. Кожата на тој начин добива сѐ и хранење и хидратација. Пробај па кажи ми колку си задоволна. Поздрав

      Delete

Post a Comment