Поинаков начин на употреба на козметичките производи со лоша декларација


Дали ви се случило да купите производ за кој дури подоцна сте утврдиле дека е полн со штетни состојки кои само и штетат на вашата кожа и коса? Дали сакате да преминете на органската козметика и не знаете што да правите со сите класични производи кои само ви седат по дома? Дали сте купиле производ кој не ви се допаѓа, а не сакате да го фрлите со оглед на тоа што сте го платиле скапо? Не грижете се. Целта на овој пост е да видиме за што сé можете да ги искористите непотребните производи кои само ви седат по дома.

Кога лично преминав на органската козметика најнапред сакав да ги фрлам сите штетни производи кои само така седеа без никој да ги користи, меѓутоа открив многу интересни начини како правилно да ги искористам. Во продолжение истите ќе ги споделам со вас.

1. Млеко за чистење на лице

Доколку имате млеко за чистење на лицето кое не ви одговара на кожата или пак е полно со штетни состојки како силикони и нафтени деривати, не грижете се. Може да го искористите како чистач на предмети од кожа како каучи, ташни, чевли. Се што треба да направите е да го ставите на памукче и со него да ја преминете кожата.

2. Балзам за коса

Доколку вашиот балзам за коса не ги задоволува вашите потреби и воопшто не одговара за вашиот вид на коса, тогаш употребете го како омекнувач за алишта. Доволна е мала количина во одделот за омекнувач во машината за перење.


3. Шампон или гел за туширање

Доколку сте купиле шампон или гел за туширање кои не ви одговараат и се премногу агресивни за вашата кожа и коса, тогаш користете ги како средство за чистење на подот. Доволно е да растворите многу мала количина во кофа со вода и со крпа или џогер поминете врз подот. Исто така се одлични и како средство за миење на колата.

4. Масло за тело или коса

Доколку сте купиле масло за тело или коса на база на течен парафин и не сакате да го нанесувате на вашата кожа или коса, во тој случај користете го за да ги светнете металните површини или пак за нега на мебелот. Со оглед на тоа што главното дејство на нафтените деривати е да создава заштитен филм на површината каде се нанесува, ем ќе го потрошите производот кој не ви се допаѓа, ем ќе ги заштитите металните или дрвените површини.

5. Влажни марамици

Доколку имате влажни марамици кои не ви се допаѓаат или пак оние за вадење на шминката кои не одговараат на вашиот вид на кожа, тогаш користете ги за бришење на прашината. Верувајте ми одлично бришат прашина од скоро сите видови на површини.

6. Крема за тело

Доколку имате креми за тело полни со силикони, користете ги за светнување на кожните чевли или ташни. Силиконот е одличен за оваа работа.


Се надевам дека овие совети ви беа од корист.

Вики

Comments

  1. Благодарам драга на учеството и коментарот. Поздрав и пријатен ден.

    ReplyDelete
  2. Wow навистина интересни совети :D I needed this :D Поздрав!

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво Анџи, фала многу драга, баш ми е мило што ти се од корист. Поздрав

      Delete

Post a Comment