Направи сам: природен спреј од лаванда

Колку е прекрасно кога домот убаво мириса, а постелнината е свежа и миризлива.
Голем е бројот на освежувачите кои се нудат на пазарот и вистина е дека фантастично мирисаат, но голем дел од нив се полни со хемиски состојки кои се доста токсични за нашето здравје, а испрскувајќи ги низ домот ние секојдневно ги вдишуваме.
Овие токсични состојки може да бидат причина за голем број на алергиски реакции. Меѓутоа не грижете се, постојат и природни начини на освежување на домот, постелнината и облеката, и што е најдобро од се, може да си ги направиме сами според нашиот сопствен вкус.



Денес во рубриката направи сам со вас ќе споделам еден навистина многу лесен рецепт за природен спреј од лаванда кој може да го употребувате за многу нешта во вашиот дом.

Подготовка

 За реализација на овој спреј потребни ви се само три состојки и тоа:


- една супена лажица вотка
- 25 капки етерично масло од лаванда (или друго по ваш избор, но користете чисти етерични масла)
-100 мл дестилирана вода
- чисто спреј шише од 125 мл.

Доколку сакате да направите поголема количина секако зголемете ги состојките во зависност од грамажата на вашето шише.

Најнапред во празното спреј шише ставете го етеричното масло од лаванда, а потоа додадете ја вотката. Целта на алкохолот во овој рецепт е подобро да ги врзе етеричното масло и водата.
Откако убаво ќе ги измешате овие две состојки додадете ја водата и убаво протресете го шишето. Како што гледате, беа потребни само 5 мин. за да направите прекрасен природен освежувач на простории и ткаенини. Сетете се убаво да го протресете шишенцето пред секоја употреба.

Употреба

Како што веќе напоменав овој спреј може да го употребувате за многу работи и тоа:

1. Освежувач на просториите во вашиот дом:
испрскајте мала количина од овој спреј во просторијата која сакате убаво да мириса.

2. За убав мирис на постелнина:
по местењето на постелнината на креветот, испрскајте ја со овој спреј доколку сакате истата поубаво да мириса.



3. За подобар сон:
пред спиење, испрскајте мала количина од спрејот на перницата. Мирисот на лавандата не само што ќе ве релаксира и опушти, туку и значајно ќе го подобри квалитетот на сонот (секако важно е да не се претерува со количината, затоа што може да се постигне спротивен ефект).

4. За убав мирис на алишта:
испрскајте малку од овој спреј во плакарот или фиоките каде чувате облека. Вашите алишта прекрасно ќе мирисаат.

5. За пеглање:
испрскајте ги алиштата со овој спреј и потоа поминете со пеглата. Мирисот на лавандата ќе остане во вашите алишта.

6. За убав мирис на перничиња и завеси низ домот
доколку сакате вашите завеси и перничиња на каучот да мирисаат прекрасно, испрскајте ги со овој спреј.



7. Спреј за тело:
доколку направите варијанта без алкохол, може да го користите и како спреј за тело.

напомена: имам прочитано дека мачките се алергични на мирисот на лаванда. Јас незнам дали е тоа така, меѓутоа доколку имате мачка пожелно е претходно да се консултирате со ветеринар околу изборот на етеричното масло. 

Зошто да купуваме готови производи кои се ем многу токсични ем многу скапи, кога сами може да си направиме прекрасен природен производ.

Дали би ви се допаднало да направите еден ваков спреј?
Кое етерично масло би го одбрале?
Слободно ве поканувам да оставите ваши коментари под самиот текст.


Вики

Comments