Совети за правилен избор и користење на органските шампони


Најтежок премин од конвенционалната кон органската козметика е изборот на вистинкиот органски шампон и потребни се многу обиди, издржливост и упорност за да се видат резултати. Откако ги оставиле традиционалните шампони полни со силикони и го купиле првиот органски шампон, многу девојки се пожалиле дека косата им е уште посува, или дека органскиот шампон не мие добро, или пак дека косата почесто се масти. Јас лично бев една од оние кои по првото миење мислеа дека органскиот шампон не функционира и дека ми ја суши косата, меѓутоа за среќа сфатив зошто оваа појава е нормална на почеток и научив трикови како правилно да ја мијам косата и да ги употребувам овие шампони. Во продолжение со вас ќе споделам се она што имам научено и што за мене функционира.



Зошто на почетокот се забележува влошување на состојбата на косата?

Одговорот на ова прашање е еден и единствен...СИЛИКОНИ!!! Сите оние волшебни традиционални шампони кои по две миења ни ја прават косата како свила и за кои не убедуваат дека имаат дејство преку ноќ, се полни со силикони и нафтени деривати кои со текот на времето и редовната употреба буквално ја затрупуваат косата со токсини. Малкумина знаат дека силиконот е бр. 1 причина за сува коса и за оштетени врвови. Веќе имам објаснето како функционира ама еве повторно ќе споменам. Силиконот создава еден филм кој го обложува влакното кое на изглед е префектно, мазно и сјајно ама вистината е сурова. Под тој лажен сјај кутрото влакно е задушено, неможе да дише и со текот на времето се суши, ослабнува и пука.
Колку повеќе користите силиконски производ толку повеќе косата се суши и вие сте принудени да користите двојно па и тројно повеќе силикони за да го прекриете проблемот, и така се навлегува во маѓепсан круг.
Верувајте ми единствениот пат до здрава коса и прекрасни мазни врвови е да  им кажете збогум на силиконите засекогаш. 

Од друга страна пак, органските шампони имаат благи сурфактанти, комплетно се без силикони и нафтени деривати, а како хранливи состојки имаат масла, етерични масла и екстракти од билки кои за разлика од силиконите навистина ја негуваат косата.

Е сега кога ќе почнете да ја миете косата само со органски шампони се случува следново: шампонот ги одмива силиконите насобрани до сега (потребно е околу 15 до 20 миења за да се извадат од косата, барем за мене беше така) и косата ви е посува, но не како резултат на состојките во органскиот шампон, туку како резултат на состојките во шампоните пред него. Тоа е вистинската состојба на вашата коса. Влакното е конечно слободно меѓутоа за греота е толку изнамачено што нема ни сила да ви се заблагодари. Со упорна употреба на органските шампони и адекватна нега на косата со масла, третмани и маски на природна база ќе дојдете до прекрасна, сјајна и здрава коса која овојпат е навистина ваша.

Друга важна работа за органските шампони е фактот што истите се многу поконцентрирани од обичните. Значи доволна е многу помала доза за да се измие убаво целата коса.


Како правилно да го одбереме вистинскиот органски шампон?

Како што веќе напоменав, силиконите создаваат филм на косата и честопати вие немате претстава за вистинската состојба на косата. Затоа најдобар совет што можам да ви го дадам е да на почетокот одберете многу благ шампон наменет за често миење. Целта на овој шампон е да ги одмие силиконите од вашата коса и штом ќе успее во тоа дури тогаш ќе сфатите каква е вистинската состојба на вашата коса и каков вид на шампон ви е потребен. Во зависност од состојбата на косата ќе знаете дали е сува или пак масна, и ќе знаете дали да изберете шампон кој има за цел да ја нахрани, да ја регенерира, да ја нормализира косата итн.  Откако ќе сфатите што е она што и е потребно на вашата коса во прво време користете ги давата шампони наизменично. Ова ви го кажувам со цел да ви помогнам да го избегнете стравот и стресот кога ќе ја видите косата сува, и што е најважно да издржите во вашата намера. Меѓутоа доколку косата ви е навистина сува и покрај употребата на шампони со силикони, во тој случај може и директно да одберете пампон за сува коса, меѓутоа имајте на ум дека нема да биде лесно во првиот период и дека треба да бидете упорни.


Откако го пронајдовме, како правилно да го употребуваме органскиот шампон?

Иако станува збор за благ шампон, со благи сурфактанти кои не ја иритираат косата, сепак мој совет ви е да не го нанесувате директно на темето од косата туку претходно да го растворите со малку вода во една пластична чашка. Вака растворениот шампон нанесете го на многу мокра коса (не е доволно косата да биде само навлажнета, туку треба да биде навистина мокра). На тој начин полесно ќе направи пена на косата (иако органските шампони прават помалку пена од нормалните, во зависност од формулата на самиот шампон и состојките употребени во него), ќе биде поблаг за косата и убаво ќе ја остстрани нечистотијата и маснотијата од самата коса. Процентот на разредување на шампонот е индивидуален и различен за секој од нас. Треба сами да експериментирате со количеството на шампон и вода.  Јас за мојата коса (должината ми е нешто под раменици, имам тенко влакно меѓутоа здраво и негувано) ставам еден прст шампон и чашката ја полнам со вода нешто повеќе од половина чаша. Тоа е мојот идеален раствор. Вие експериментирајте ако имате подолга коса ставете повеќе шампон (не претерувајте затоа што сепак е концентриран) и на секое миење ставајте различна количина на вода, се додека не ја пронајдете формулата која најмногу ви одговара.
Доколку се користи голема количина од органските шампони директно на косата, ќе имате потешкотија да го измиете од косата со оглед на тоа што е поконцентриран и косата ќе делува помасна, како да не сте ја измиле правилно. Верувајте тука важи златното правило “помалку е повеќе“.


Секако треба да ги промените и останатите производи за коса, затоа што нема ефект ако го промените шампонот, а потоа користите регенератор за коса со силикони, или пак уште полошо силиконски капки. Доколку по прочистувањето косата ви резултира сува, ви советувам употреба и на третмани со масла (повеќе за ова говорев во статијата http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/giveaway.html ).
Во зависност од типот на коса ви советувам да ги погледнете и статиите каде што говорев за сува коса http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/blog-post_26.html и масна коса http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/blog-post_23.html.

Се надевам дека оваа статија ќе ви биде од корист. Доколку ги усвоите овие совети и започнете правилно да се грижите за вашата коса, употребувајќи вистински и функционални препарати, косата ќе ви стане поздрава, поубава и што е најважно ќе има здрав и природен сјај. 


Вики

Comments