Салицилна киселина: што е, зошто се користи и како се употребува


Здраво драги мои,

како за прва статија оваа година, се решив да проговорам за една состојка која е присутна во голем број на производи за нега на проблематична кожа, односно салицилната киселина. Со оглед на тоа што е и период на овој вид на производи, се надевам дека информациите кои ќе ви ги преставам ќе ви бидат од корист.

Ќе се обидам детално да ви ја објаснам состојката, нејзиното дејство врз кожата, меѓутоа и ќе ви дадам совети како правилно да го изберете производот (крем, тоник, серум) и како правилно да го користите.

Што е всушност салицилната киселина?

Салицилната киселина потекнува од терминот “salix“ кој латинските народи го користеле како име за врбата со оглед на тоа што за првпат оваа состојка била добиена од еден сложен јаглен хидрат кој се наоѓа токму во кората на врбата. Во денешно време истата оваа состојка може да се добие и во лабораториите, така да тешко е да се одреди кој вид на салицилна киселина е користена во еден козметички производ, доколку тоа не е назначено. Спаѓа во групата на Бета хидроксидните киселини или БХА (BHA). Во чиста состојба, оваа состојка е еден вид на кристален бел прав кој е потешко растворлив во вода, а подобро растворлив во алкохол или масло.

Салицилната киселина има големо ексфолирачко дејство и најчесто во козметички цели се користи во третманите како хемиски пилинг.  Секако, се употребува и за подготовка на тоници, серуми или креми наменети за проблематична кожа (на пример акни или темни флеки).

Зошто е толку ефикасна и како всушност делува врз кожата?


Салицилната киселина има кератолитично влијание, односно го разградува најгорниот слој на клетки и кератинот. Нејзината молекула го “крши“ протеинскиот ланец на кератинот кој е присутен во поголема количина во најгорниот слој на кожата, меѓутоа со оглед на тоа што нема никакво влијание врз другите протеини, оваа киселина го разградува само површинскиот слој на клетки врз кожата и е добро толерирана од клетките под нив. Новите кератиноцити се посиромашни со меланински пигмент и токму затоа кожата изгледа поубава, посјајна и покомпактна.

Салицилната киселина исто така го зголемува производството на колаген со што кожата е поеластична и поздрава, а и ја намалува видливоста на темните флеки врз кожата. Оваа состојка има и големо антибактериско дејство и не само што ги “отпушува порите“ ако може така да се изразам (го отстранува оксидираниот дел од црнките на лицето), туку го намалува дејството на бактериите и воспалинието врз кожата. Токму затоа е одлична кога станува збор за проблематична кожа со акни и митесери.

Освен во случај на акни, оваа состојка одлично помага при проблеми со флеки на кожата, мелазма, како и проблеми со првут на косата.

Во колкав процент најчесто се користи во козметиката?



Салицилната киселина може да се најде во чиста форма или како течност која е веќе растворена (во зависност од тоа од каде ќе ја купите). Не сум сигурна дали во Македонија може да се најде во аптеките како состојка, меѓутоа во другите земји на пример Италија ја продаваат.

Во чиста форма (како прав) оваа состојка во козметиката има две функции и тоа: како конзерванс и како активна состојка.

Како конзерванс салицилната киселина се користи не повеќе од 0,5% и тоа во комбинација со други конзерванси. Доколку се стави како сама производот ќе ви трае до два месеци, не повеќе. Ова секако се должи на антибактериското влијание кое го има самата состојка.

Како активна состојка во козметичките производи се користи најчесто од 0,5% до 2% во серуми или креми на пример.

За да може да се користи во козметиката, потребно е претходно правот да се раствори. Најлесно се раствора во алкохол или масло, а потешко во вода (потребно е многу, ама навистина многу трпение).

Има и една варијанта на раствор на салицилна киселина каде процентот на употреба е поголем со оглед на тоа што не станува збор за чиста состојка.

Како да го избереме вистинскиот производ со салицилна киселина и како се нанесува?


Колкава ќе биде фукционалноста на еден козметички производ кој содржи салицилна киселина зависи пред сѐ од процентот на истата во самиот производ и потоа од пх вредноста на самиот производ. Обично базна пх вредност не и дозволува на салицилната киселина да прави ексфолијација и затоа за да функционира потребно е производот да има пониска пх вредност, да речеме помеѓу 4 и 4,5. Правејќи пилинг на кожата (напоменавме дека го отстранува најгорниот слој на самата кожа), салицилната киселина и овозможува на кожата полесно да ги апсорбира другите активни состојки во производот, на пример оние со хидратантно дејство врз кожата. Токму затоа најдобро е доколку во кремот е присутен добар процент на хијалуронска киселина која ја оддржува правилната хидратација на кожата, или пак витамини на пример витамин Ц (секако во стабилна форма).

Ова ви го кажувам од искуство на моите професори, меѓутоа и од лично искуство. Јас направив крем за лице со 1,5% салицилна киселина. Во самиот крем ставив масла богати со витамин Ц (секако без да ги загревам, на ладно) и поголем процент на хијалуронска киселина, токму поради големото хидратантно и анти ајџ влијание врз кожата. Пх вредноста за почеток ја доведов на 4,5 (4 ми беше премногу со оглед на тоа што обично користам 5,5). Овој крем го тестирам врз себе и она што може да ви го кажам уште при првите апликации е дека кожата се матира во секунда (барем според мојата формула). Дава неверојатен мат ефект благодарение на сите масла и сооднос на масла со останатите состојки, нахранета и хидрирана. Исто така кожата е многу посјајна и посвежа од обично.



Јас она што би ви го препорачала лично (поврзано со употребата на овој вид на производи) доколку немате дерматолог или пак на производот не е нагласено како да се користи (иако секогаш мора да е нагласено) е да започнете постепено. Првата недела може двапати неделно навечер, втората недела една вечер да една не, и третата недела секоја вечер. Во останатите денови кога не го нанесувате производот може да користите хидратантен крем наменет за вашиот тип на кожа. Наутро може да користите хидратантен крем или серум на база на хијалуронска киселина.

Многу е важно да напоменам дека за време на третманот со салицилна киселина (кој обично се прави од октомври до февруари) никако да не се изложувате на сонце. Оваа состојка со оглед на тоа што прави пилинг и го разградува горниот слој на кожата, ја прави самата кожа чувствителна на УВ зраците. Доколку сте на место каде има повеќе сонце во тој случај обавезно користете креми со висок заштитен фактор на пример 50.

Драги мои, се надевам дека оваа статија ви се допадна и дека ви беше од корист.

Ние се читаме наскоро, а јас дотогаш ве поздравувам и гушкам.
Вики

Comments

  1. Како и секогаш,многу корисни информации...навистина,само пофалби.
    Сакам да те прашам дали оној прав што се продава во аптеките како Салицил (најчесто се користи како конзерванс за зимница) има врска со оваа салицилна киселина,или е сосема нешто друго? (не ми се смеј,ако треснав глупост :))

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга Викторија, благодарам многу за коментарот. Не се грижи не постојат глупави прашања, може слободно да прашувате сѐ. А и прашањево ти е на место да знаеш. Доколку не се лажам овие две состојки не се исти. Салицинот е алкохолен бета глукозид кој е помалку моќен од салицилната киселина. Мислам дека салицилната киселина се добива баш кога ќе се отстрани тој алкохолен дел. Дали може да провериш во аптека салицинот како состав што содржи? Можно е да станува збор и за оние мешавини од ацетилсалицилна киселина и аскорбинова киселина. Овде во Италија под терминот Салицина продаваат таква мешавина која е во вид на прав или таблети за внатрешна употреба. Баш сум љубопитна, доколку можеш провери па пиши ми. Така ќе утврдиме за каква состојка станува збор. Поздрав.

      Delete
  2. Здрави Вики! Најпрвин пофалба за новиот изглед на блогот,многу ми се допаѓа.
    Сeга,за салицилот :), денес купив од Зегин.Произведител е Фитофарм,а на кесичката пишува Salicylic acid -Салицилна киселина 10 g.,не пишува кој процент е,но аптекарката ми рече дека била чиста Салицилна киселина наменета за внатрешна употреба (како конзерванс за зимница,како што и знаев),изгледа ништо повеќе не знаеше да ми каже...Па чекам од тебе некој предлог за тоа како најкорисно да ја употребам.

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга, ти благодарам на убавите зборови. Мило ми е што ти се допаѓа новиот изглед на блогот. Што се однесува до салицилната, ако пишува Salicylic acid во тој случај е чиста салицилна киселина. Кажи ми дали имаш некои други козметички состојки на располагање? На пример Б витамин, пантенол, алое вера гел, глицерин или нешто слично? Конзерванси, емулгатори...и.т.н. Да знам што да ти предложам. Ќе треба прво јас да го направам тоа што ќе ти го предложам и да ја измерам пх вредноста па да ти ги кажам точните дози надевајќи се дека ќе биде истата пх вредност (сигурно немаш картиќки за мерење). Поздрав.

      Delete
    2. Имам се од ова,освен конзерванси и емулгатори.Немам ни картички за пх вредност.

      Delete
    3. Ок, остави ми малку да подразмислам и да ти направам некоја формула, па ќе ти пишам. Поздрав. п.с. колку ја плати салицилната во Зегин баш ме интересира? Поздрав.

      Delete
    4. Нема проблем,не ми се брза...:) Инаку,салицилната е ептен ефтина,не ми текнува точно,15 или 25 денари.Поздрав

      Delete
    5. Драга, дали може да ми кажеш дали кај нас се продава чист Б витамин во ампула или пантенол? Сакам да ти спремам некоја убава формула па ми треба оваа информација. Инаку салицилната во прав ќе ми стигне следната недела (јас моментало имам само раствор). Кога ќе ми стигне ќе испробам нешто и ќе ти пишам, додуше ќе направам статија. Поздрав.

      Delete
  3. Па,тас сум ги купувала оние ампули В1,В6 и В12,други не сум користела.Би требало да се чисти,со оглед на тоа дека ги даваат како терапија и се користат и за внатрешна употреба...А за пантенолот,јас го имам оној како раствор 125 мл. во шишенце(не со распрскувач,туку обично темно ) 5% на Dr.Plant. Верувам дека ќе смислиш нешто убаво.Поздрав

    ReplyDelete
    Replies
    1. Не сум те заборавила драга. Подготвувам цело видео за домашни производи со салицилна киселина. Поздрав.

      Delete
    2. Драга Викторија, штотуку објавив видео на јутубе каналот за салицилната киселина. Се надевам ќе ти се допадне!!! Поздрав.

      Delete
  4. Да,го гледав и многу ми се допадна.Во најскоро време планирам да го направам тоникот.Премногу ти благодарам!😘

    ReplyDelete
    Replies
    1. Во секое време. Поздрав и до тебе. :)

      Delete
  5. Здраво! Ми се допадна статијата и имам едно прашање! Дали ацетилсалицилната киселина(пр. столчен аспирин) би имало исто дејство како и салицилната киселина на кожа?

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драг/драга, аспиринот кој е всушност ацетисалицилна киселина(како што веќе напомена) е еден вид на дериват на салицилната киселина, односно естер (соединение) со ацетичната киселина. Не се иста работа и секако дејството не е исто. Салицилната киселина има за нијанса поголемо ексфолијантно дејство, додека ацетисалицилната киселина има антиинфјаматорно (антивоспалително) дејство врз кожата. Поздрав.

      Delete
  6. Дали салицилната киселина може да се користи кај сува иритирана кожа со акни?

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво, доколку кожата е многу сува и иритирана, јас не би ја препорачала или подобро кажано би ја препорачала меѓутоа на повисока пх вредност не на 4,5 (погледни го видеото на јутуб каналот за салицилна киселина каде говорам за пх вредноста). Зависи од состојбата на кожата. За сува иритирана кожа јас би започнала со масло од јојоба кое има за цел да го нормализира лачењето на масти и секако да ја подобри структурата на кожата во комбинација со етерично масло од чајно дрво. Потоа може некој крем со салицилна сдоколку е убаво искомбинирана со цинк оксид во самата формула, шеа путер и масла кои нема да отежнуваат ама сепак ќе хранат и со пХ вредност 5 или 5,5. Зависи сѐ од правилната комбинација на состојки. Поздрав.

      Delete
  7. Здраво, многу корисна статија. Би сакала да ве прашам дали салицилната киселина може да помогне со проблематична кожа на горниот дел од нозете. Имам проблем со многу поткожни влакна и црвени точки на кожата, буквално како секоја пора да ми се познава. Пилинг некогаш правам со турпија за пети, целата кожа ми се перути, а притоа, може чудно, но немам ниту една гребаница. Дали би можеле да ми кажете некаков рецепт со салицилна киселина со кој би можела да го решам овој мој проблем? Ви благодарам!

    ReplyDelete
    Replies
    1. Драга за поткожни влакна ден пред депилација прави пилинг на кожата. Потоа следниот ден депилација и веднаш потоа за црвенилото да се тргне намачкај се со крем крем на база на цинк оксид според следниов рецепт: 25 гр. дестилирана вода, 25 гр, растителен глицерин, 25 гр. цинк оксид, 25 гр, козметички талк (чист без мириси). Пет дена по депилацијата повторно направи пилинг и нема да имаш поткожни влакна затоа што мртвите клетки се тргнати и тие ќе растат над кожата. Поздрав и прости ми ама не добив нотифика дека си ми пишала. За било што слободно пиши повторно.

      Delete
  8. Користам пилинг гел и тоник со салицилна киселина дали треба да ставам и крема на лицето и дали салицилна киселина може да користат тинејџери?

    ReplyDelete
  9. Имам проблем со т-зоната имам многу црнки но не се сите надворешни има и внатрешни кој тешко излегуваат на површина што треба да користам и дали салицилната киселина се препорачува за млада кожа?

    ReplyDelete
  10. Здраво, сакам да прашам дали салицилната киселина помага при лекување на брадавици? Оние тврдине со бела "глава" и црни точки мислам дека ме разбираш за кои ти викам. Сопругот има на дланките и прстите и читав дека се употребува при лечење на истите. Доколку е ефикасна, каде и како може да се набави за таа намена? Благодарам однапред.

    ReplyDelete
    Replies
    1. Драга да бидам икрена за тоа не знам. Тоа е веќе надвор од мојот домен. Можеби најдобро е да се консултираш со лекар/дерматолог за оваа проблематика. Поздрав.

      Delete
  11. Здраво, сакам да прашам дали откако ќе се нанесе салицилната киселина, веднаш потоа се става и крема , исто и за хијалуронската ,и дали хијалуронската киселина може да се нанесува во пределот околу очите? Благодарам

    ReplyDelete
    Replies
    1. Јас лично хијалуронската ја нанесувам и околу очи. Инаку може секако крем потоа, дури е пожелно за кожата. Поздрав.

      Delete
  12. Здраво,

    Ме интересира дали во форма на серум, салицилната киселина може да се користи на други делови од тело (на нозете, на потемнета лузна од поткожно влакно) за да се осветли?

    Благодарам однапред, одличен текст

    ReplyDelete
    Replies
    1. Драга јас кај лузна не би користела ама зависи од видот, бојата итн.

      Delete
  13. Ова сведоштво го споделувам со партнерите кои страдаат во нивните врски бидејќи постои трајно решение. Мојот сопруг ме остави мене и нашите две деца за друга жена три години. Се обидов да бидам силна само за моите деца, но не можев да ја контролирам болката што го мачеше моето срце. Бев повреден и збунет. Ми требаше помош, па истражував на интернет и наидов на една страница каде што видов дека д-р Елен, која работи на правопис, може да помогне да се вратат саканите. Ја контактирав и таа ми направи посебна молитва и магии. На мое изненадување, мојот сопруг повторно се врати дома по 2 дена. Така се обединивме и имаше многу љубов, радост и мир во семејството. Можете исто така да контактирате со д-р Елен, моќен магија за решенија
    1) Врати се дечко
    2) Повторно обединете маж или жена
    3) Ако имате кошмари
    4) Исцелување на ХИВ и рак
    5) Моќен магичен прстен
    6) Магија за среќа
    7) Раскинување на опсесијата
    8) Проблеми со породувањето и бременоста
    9) среќен лотарски број
    Контакт преку е-пошта: ellenspellcaster@gmail.com Можете исто така да го Whatsapp +2349074881619

    ReplyDelete

Post a Comment