Здрави тестенини со крем од авокадо


Здраво драги мои,

одамна немаме направено некој убав, здрав и вкусен рецепт заедно, па си реков ајде да ви предложам еден од моите најомилени кремасти сосови за шпагети (или друг вид на тестенини) со авокадо.

Со оглед на тоа што е богато со потасиум и калциум, авокадото е од огромна корист за убава и здрава коса и кожа. Содржи и витамини како А, Б1, Б2, Д, Е, К, Х и ПП. Одлично го регулира нивото на холестеролот во организмот и го намалува лошиот холестерол.

Авокадото е составено од (во 100гр.):


  • Вода 64 g
  • Јагени хидрати 1,8 g
  • Протеини 4,4 g
  • Масти 23 g
  • Холестерол 0 g
  • Влакна 3,3 g
  • Содиум 2 mg
  • Потасиум 450 mg
  • Железо 0,6 mg
  • Калциум 13 mg
  • Фосфор 44 mg
  • Витамин Б1 0,09 mg
  • Витамин Б2 0,12 mg
  • Витамин Б3 1,1 mg
  • Витамин A 14µg
  • Витамин C 18 mg
  • Витамин E 6,4 mg
Во една од претходните статии зборував за авокадото во козметички цели, односно Маска од авокадо за прекрасна кожа и коса . Со оглед на тоа што убавината пред сѐ доаѓа од она што го комзумираме внатрешно, како што претходно напоменав, во оваа статија ќе ви предложам еден навистина многу лесен и интересен рецепт кој се прави за 10 мин., односно тестенини со авокадо.

Потребни состојки за 2 лица:

1 авокадо;
1 лимон;
Маслиново масло
Шпагети или друг вид на тестенини

Би сакала да напоменам дека кога купувате авокадо бирајте само зрели плодови. Како може да ги препознаете? Кога ќе го притиснете со прстите треба да биде меко. Земете го авокадото, исечете го на половина, изведете ја семката од внатре и со помош на една лажичка извадете ја цела полпа од кората.

Нанјапред ставете едно тенџере со вода и сол и оставете водата да почне да врие. Додадете ги тестенините и оставете да се варат како што е назначено на опаковката (разни видови на тестенини бараат различно време на варење).


Во меѓувреме со помош на една вилушка убаво згмечете го авокадото како кашичка, додадете го сокот од лимонот, малку маслиново масло, сол и убаво промешајте. Ова е основниот рецепт, вие доколку сакате додадете и магдонос или лукче во прав за подобар вкус.


Кога тестенините ќе бидат готови, процедете ги, додадете малку маслиново масло, додадете го подготвениот крем сос одозгора и убаво промешајте. Ете вашиот здрав оброк е готов.


Ова е наједноставната варијанта, кога немате многу состојки на располагање, а сепак сакате да си зготвите нешто. Дури и да сте уморни или кога немате многу време за подготовка на јадења, ова секако бара само 10 мин. и навистина згора на сѐ е многу здраво.

Се надевам дека овој едноставен рецепт ви се допадна и дека ќе се обидете да го направите.
Доколку е така, пишете под самиот текст ваши коментари и искуства.


Голем поздрав и до следно читање.
Вики

Comments