Кожа

Tuesday, May 31, 2016


Ајде да се бањаме во боја :) !!!!!


Здраво драги мои,

да, да токму така. Туширањето и бањањето може да бидат и во боја благодарение на гелот за миење во форма на пластелин. Идејата за ова повторно ја добив од фамозниот Lush, од кој веќе направив доста домашни верзии за оние производи кои ми се допаѓаат.

Оригиналниот производ на Lush се нарекува Lush Fun и не знам дали го има кај нас, меѓутоа е навистина интересен, необичен и забавен.

Како и секогаш да започнеме со оригиналната декларација на  Lush Fun (има околу 7 производи со разни бои и мириси, меѓутоа во прилог ви давам декларација само на еден затоа што базата останува иста кај сите)

Talc, Cornflower (Zea mays), Glycerine, Sodium Laureth Sulfate, Fair Trade Vanilla Absolute, Perfume, Gardenia extract.

Како што може да забележите од декларацијата состојките на овој производ се: пудра, пченкарно брашно, глицерин, сурфактант (кој во случајов е  Sodium Laureth Sulfate), екстракт од ванила и екстракт од гарденија.

Со оглед на тоа што мене не ми се допаѓа воопшто пудрата, како прашкаста база ќе користам само нишесте со оглед на тоа што има многу убава структура и кожата ја прави прекрасно мека и свиленкасто мазна.


Сурфактанти сигурно по дома немаме, така да на место на сурфактантот употребен од Lush ќе користиме нежен гел за туширање.

Јас ставив и растителен глицерин, меѓутоа доколку немате може и само гелот за туширање.

Наместо екстракти од ванила и гарденија, јас ќе користам етерично масло од лаванда кое го обожавам. Вие може да користите било кое етерично масло кое го имате, или пак екстракт за слатки како ванила, чоколадо и др.

За да го обојам како оние оригиналните на Lush, користев прехрамбена лила боја за торти. Доколку немате боја може да користите какао во прав за кафена боја, или спирулина во прав за зелена. Јас имав малку лила боја за торти и сакав да ја дотрошам, а и производот да биде лила во склад со мирисот на етеричното масло од лаванда.

Да започнеме со подготовката

Во еден сад најнапред ставете 4 супени лажици нишесте и додадете малку прехрамбена боја по ваш избор (доколку имате), какао во прав или спирулина во прав. Убаво мешајте со прстите да се обои нишестето (носете ракавици за една употреба да не си ги обоите рацете).



Смесата јас ја префрлив во поголем сад за да ми биде полесно за работа.

Додадете потоа малку гел за туширање (количината ставете ја вие самите) и доколку сакате (или имате) малку глицерин и убаво мешајте.


Доколку смесата е премногу течна додадете нишесте, доколку е премногу тврда уште малку гел. Треба да добиете смеса слична како онаа за леб или кифлички.


Дадете и форма која во се допаѓа и завиткајте ја во проѕирна фолија, онаа која ја користиме за храна. Обавезно треба да ја завиткате во фолија за да не се суши производот.


Секогаш кога ќе посакате да го употребите, доволно е да искинете мало парче од смесата, да го натопите со малку вода и нежно да поминете низ кожата при туширањето. Доколку се бањате ставете мало парче во кадата во моментот кога тече водата.


Дали ќе има помалку или повеќе пена зависи од типот на гел кој сте го користеле. Јас употребив многу нежен гел без сулфати, па мојот прави помалку пена.




Прекрасно мириса, ја остава кожата неверојатно мека, толку мека што ќе ви се чини дека нема потреба да нанесувате крем по туширањето (иако јас секогаш советувам да ставате).

Сигурно оние на Lush се фантастични во поглед на мирис со оглед на тоа што имаат цел еден спектар на етерични масла и екстракти, додека ние сме малку ограничени и користиме она што имаме по дома.

Се надевам дека ви се допадна овој навистина лесен туторијал за еден волку забавен производ.

Се читаме наскоро.
Вики


 


 

Monday, May 23, 2016

Домашни шумливи таблетки за парење на лицето


Здраво драги мои,

Третманите за лице кои ги правиме еднаш во две недели со парење на лицето се вистинска уживанција за нашата кожа. На тој начин со пареата ги отвораме порите, со пилингот ја ослободуваме нашата кожа од мртвите клетки, а со маската и даваме одредени хранливи состојки во зависност од типот на кожата.

Во досегашните статии ви имам предложено неколку видови на парни бањи (кога го париме лицето врз тенџере со врела вода) и тоа: со етерични масла, со разни билки и парење со мед.

Во оваа статија ќе ви предложам нешто навистина прекрасно, едноставно, а сепак многу функционално за вашата кожа, односно шумливи таблетки за парење на лицето слични на оние на Lush.

Убавото нешто е што овие шумливи таблетки ги правите еднаш и може да ги конзервирате повеќе месеци и секојпат кога ќе ви текне да направите парна бања како третман за лицето сѐ што треба да направите е да извадите една таблетка и да ја ставите во тенџерето со вода за парење.

Како што реков навистина се едноставни за подготовка, а ќе ви дадам две варијанти: за нормална до сува кожа и за комбинирана до масна кожа. Рецептот е многу сличен (ако не и ист) со бомбите за бањање на Lush за во када, со оглед на тоа што како база ќе ги користиме истите состојки.

1. Таблетки за нормална до сува кожа


Потребни состојки за овие таблетки се:

4 супени лажици сода бикарбона
2 супени лажици лимонтус (citric acid)
1 полна супена лажица масло по ваш избор
1 кафена лажичка мелена сува лаванда
10 капки етерично масло од лаванда
10 капки етерично масло од сладок портокал

Во еден сад најнапред ставете ја содата, лимонтусот и мелената лаванда, па додадете го маслото и етеричните масла и убаво мешајте со рацете сѐ додека да добиете смеса која е како влажен песок. Кога ќе ја стиснете меѓу рацете треба да ја задржи формата без да се рони.

Ставете ја смесата во силиконски калапчиња со помала димензија и оставете да се зацврснат.


Овде додадов мелена лаванда поради убавата лила боја која ја дава на производот, меѓутоа и поради мирисот, па така да не мора да ставате многу етерично масло. Доколку немате лаванда може да додадете цветови од камилица (земете две филтер ќесички чај, отворете ги и ставете една лажичка прав од камилица директно во смесата).

2. Шумливи таблетки за комбинирана до масна кожа

4 супени лажици сода бикарбона
2 супени лажици лимонтус (citric acid)
1 полна супена лажица масло по ваш избор
1 кафена лажичка спирулина во прав
10 капки етерично масло од чајно дрво
10 капки етерично масло од лимон
5 капки етерично масло од рузмарин


Во еден сад најнапред ставете ја содата, лимонтусот и спирулината во прав, па додадете го маслото и етеричните масла и убаво мешајте со рацете сѐ додека да добиете смеса која е како влажен песок. Кога ќе ја стиснете меѓу рацете треба да ја задржи формата без да се рони.

Ставете ја смесата во силиконски калапчиња со помала димензија и оставете да се зацврснат.

Тука ставимве спирулина во прав поради убавата зелена боја која ја дава на производот, без да мора да користиме бои за храна, Исто така спирулината има големо корисно дејство во третманите против акни.

Зацврснувањето на таблетките може да го направите на три начина и тоа:

на собна температура покриени со еден пешкир да стојат 24 часа
во фрижидер (калапот треба да биде покриен со проѕирна фолија за храна да не навлезе влага) околу 12 часа
во замрзнувач околу 20 до 30 минути (додека да се заледат)

Откако ќе се зацврснат внимателно извадете ги од калапчето, завиткајте ги посебно во проѕирна фолија за храна и ставете ги во една стаклена тегличка.



Како да ги користиме?

Земете едно тенџере со врела вода и во него ставете ја таблетката. Во контакт со водата таа веднаш ќе почне да се топи и да шушти. Вие веднаш ставете го лицето над тенџерето и покријте ја главата со еден пешкир. Внимавајте само да не бидете премногу близу до пареата за да не се изгорете. Парете го лицето околу 3 до 5 минути и потоа нежно истапкајте го со пешкир и продолжете со вашиот третман.

Се надевам дека ви се допадна овој лесен, а сепак многу корисен туторијал.

Доколку се обидете да го направите, споделете ги овде вашите импресии.

Поздрав
Вики

Saturday, May 21, 2016

Домашен балзам за совршено меки и негувани усни


Голем обожавател сум на балзамите и лабелата за усни, со оглед на тоа што се од огромна важност за мека и негувана кожа на усните.

Обично балзамите за уста секогаш си ги правам сама и обожавам да експериментирам со разни состојки, комбинации и пропорции, сѐ додека ја најдам онаа која функционира за мене.

Во последно време многу имам слушано за балзамите на EOS иако никогаш ги немам пробано во оригинална верзија и не би можела да говорам за нивниот ефект. Со оглед на тоа што многу од критиките се позитивни, ме заинтересира многу декларацијата на производов и состојките кои ги содржи. Во продолжение ви го пишувам составот на два вида, иако е слична за скоро сите видови:
Sweet Mint
Olea Europaea (Olive) Fruit Oil*, Beeswax (Cire D'abeille)*, Cocos Nucifera (Coconut) Oil*, Simmondsia Chinensis (Jojoba) Seed Oil*, Mentha Piperita (Peppermint) Oil*, Butyrospermum Parkii (Shea Butter)*, Stevia Rebaudiana Leaf/Stem Extract*, Tocopherol, Limonene, Linalool.


Strawberry Sorbet
Olea Europaea (Olive) Fruit Oil*, Beeswax (Cire D'abeille)*, Cocos Nucifera (Coconut) Oil*, Simmondsia Chinensis (Jojoba) Seed Oil*, Natural Flavor, Butyrospermum Parkii (Shea Butter)*, Stevia Rebaudiana Leaf/Stem Extract*, Tocopherol, Helianthus Annuus (Sunflower)Seed Oil, Fragaria Vesca (Strawberry) Fruit Extract, Limonene, Linalool.

Базата на овие балзами за уста е: маслиново масло, пчелин восок, кокосово масло, масло од јојоба и шеа путер. Екстрактите и мирисите се разликуваат од балзам до балзам.

Се обидов да го направам во домашна варијанта и затоа во оваа статија со вас ќе го споделам мојот рецепт, ќе ви кажам кои замени може да ги направите (доколку немате одредени состојки) и ќе го изнесам моето мислење за сруктурата и ефектот на оваа домашна варијанта.

Еве ги состојките и пропорциите кои јас ги употребив


2 кафени лажички маслиново масло
1 кафена лажичка кокосово масло
2 кафени лажички рендан пчелин восок
половина кафена лажичка масло од јојоба
половина кафена лажичка шеа путер
малку арома на чоколадо
2 капки етерично масло од портокал

Најнапред во една чашка на пареа загрејте ги маслата, шеа путерот и пчелиниот восок сите заедно. Откако сѐ убаво ќе се стопи, тргнете го од пареата, додадете ја аромата и веднаш ставете го во едно празно кутивче за балзам.


Оставете го производот убаво да се олади и зацврсне и вашиот домашен балзам за усни е готов.

Го користам веќе неколку дена и еве ги моите импресии.

Структурата не е ни многу тврда ни многу мека, би рекла идеална. Кога го земам од кутивчето во контакт со кожата се топи и лесно се нанесува на усните. Дава многу убав сјај кој вопшто не е нападен. Досега немам направено балзам за усни со шеа путер, меѓутоа ми се допаѓа ефектот врз усните.


Со овие пропорции кои ви ги предложив добивате две кутивчиња балзам како она на сликата.

Од состојките кои ги употребивме, маслиновото масло, пчелиниот восок, кокосовото масло и шеа путерот се обавезни затоа што заедно го даваат хранливиот ефект и структурата на производот. Маслото од јојоба го ставив затоа што го има во оригиналната декларација, меѓутоа доколку го немате може да го замените со арган или сончогледово масло.

Доколку немате етерични масла (најдобро е портокал затоа што останатите може да имаат горчлив вкус на устата), ви советувам да ставите малку ванила во прав. Одлично ќе го прикрие мирисот на маслиновото масло со оглед на тоа што е многу моќна како арома.

Јас освен етерично масло од сладок портокал користев и арома од чоколадо, меѓутоа мојата е маслена специјално формулирана за ваков вид на производи. Обично во супермаркети се наоѓа арома на чоколадо (како и други видови на арома) меѓутоа сите тие се на водена база и не се баш погодни за овој балзам. Токму затоа ви советувам да ставите малку ванила во прав или евентуално какао во прав кој исто така е растворлив во масло. Какаото во прав ставете го заедно со маслата, путерот и восокот додека ги топите на пареа.


Доколку ги немате сите овие состојки,да ве потсетам на трите други рецепти кои ги имам објавено на блогот и тоа

балзам со пчелин восок и мед

многу лесен балзам со чоколадо

балзам со какао путер 

Балзамот за усни нанесете го секогаш кога ќе почувствувате потреба од него. За подобар ефект ви советувам да го нанесете навечер пред спиење. Утредента ќе се разбудите со неверојатно мека кожа на усните.

Поздрав
Вики

Thursday, May 19, 2016

Домашен производ 3 во 1: кремаст руж, кармин и сенка за очи


Драги мои читателки,

колкумина од вас имаат сенки за очи кои не ги користат или кои не се интензивни како што сте очекувале? Јас дома имам неколку и баш пред некој ден кога правев преуредување на шминките се мислев како да ги “преобразам“ и да им дадам нов живот и употреба.

Во зависност од боите кои ги имав на располагање, се решив да направам кремасти производи кои на некој начин ќе бидат универзални: може да се користат како руж, кармин и евентуално (во зависност од бојата секако) сенка за очи.

Навистина е многу лесно да се подготви, а ќе ја претвори вашата здодевна сенка во нешто многу позабавно. Сѐ што ви е потребно за да го резлизирате овој производ е:

сенка за очи во прав или компактна
една кафена лажичка масло од јојоба
една полна кафена лажичка рендан восок
едно празно кутивче од пудра, сенка или руж


Јас искористив едно кутивче од камена пудра, кое го измив и оставив да се исуши.

Во една чашка ставете ја најнапред сенката и маслото и убаво промешајте. Количината на сенка која ја користев јас е околу 2, 5 грама (така пишува на опаковката од самата сенка). Користев компактна сенка која со помош на едно стапче ја изгребав од кутивчето.

Како масло користев јојоба со оглед на тоа што е едно од најтрајните масла и потешко оксидира. Може да користите и некое друго масло како сончогледово или арганово, ама според мене јојобата е најадекватна.

Додадете го и восокот и стопете ги сите состојки на пареа додека восокот комплетно не се стопи. Веднаш префрлете ја смесата во празното кутивче и оставете да се излади.



Откако ќе се олади ставете ја околу 30 мин. во фрижидер за убаво да се зацврсне и вашиот домашен кремаст производ е готов.



Бојата на финалниот производ е многу поинтензивна отколку кога сенката е во прав. Кремастата структура го прави идеален како кармин со оглед на тоа што негува и дава висок сјај.


Исто така одличен е и како руж, само внимавајте да не претерате со количината и убаво да го размачкате на лицето. (се надевам добро се гледа на сликата, не успеав да го доловам убаво со апаратот).



Се надевам дека ви се допадна овој интересен и корисен предлог за рециклирање на здодевните сенки кои и онака веќе не ги користите.

Секако станува збор за бои како роза, црвена, кафена, месо боја и.т.н. Доколку имате сенки во зелена или сина боја на пример, може да ги користите само како кремасти сенки.

Поздрав и до скоро читање.

 

Tuesday, May 17, 2016

Направи сам: природен чистач со активен јаглен за масна кожа


Здраво драги мои,

во неколку статии ви имам предложено домашни варијанти на приозводите на Lush. Одредени нивни производи навистина многу ми се допаѓаат (како на пример чистачите за лице и свежите маски кои за жал ги нема во Мк) и се обидувам да ги направам во домашна верзија. Овојпат за вас подготвив една домашна варијанта на познатиот чистач за масна кожа Dark Angels.

Овој чистач се појави на пазарот како еден вид на одговор на чистачот Angels on Bare Skin кој лично го имам пробано и за кој направив и домашна варијанта во оваа статија

Овој  Dark Angels го немам пробано во оригинална верзија (од Lush), меѓутоа ја разгледав декларацијата и се обидов да го произведам во домашни услови.

Еве ја оригиналната декларација на производот:

Rhassoul Mud, Organic Cold Pressed Avocado Oil, Glycerine, Powdered Charcoal, Black Sugar, Sodium Lauroyl Sarcosinate, Perfume, *Linalool, Sandalwood Oil, Rosewood Oil.

Содржи глина, органско масло од авокадо, растителен глицерин (овде не е нагласено меѓутоа пишува на опаковката), активен јаглен, црн шеќер, сурфактант, парфем и етерични масла од сандал и роза.

Кога ја гледав декларацијава си велев: ок, глина имам (може да ја заменам со зелена), авокадо имам, глицерин имам....и.т.н. сѐ додека не дојдов до сурфактантот кој го немам и на негово место ставив малку гел за лице кој сепак содржи сурфактанти.

Еве ја мојата верзија на овој познат чистач за лице.


1 супена лажица зелена глина
1 ипол супена лажица растително масло од лаванда
половина супена лажица растителен глицерин
половина супена лажица кокосово брашно
3 до 4 таблетки активен јаглен
половина супена лажица нежен гел за миење на лице без сулфати

Како што можевте да забележите наместо Rhassoul ставив зелена глина, со оглед на тоа што најлесно се наоѓа кај нас (целта е нели да правиме проекти со состојки кои лесно може да ги најдеме низ аптеките во градот). Лажицата која ја гледате на сликата е онаа која ја корстев како мерка за овој производ (не толку полна секако). Да ве потсетам дека зелената глина не се зема со метална лажица.


Наместо црн шеќер ставив кокосово брашно кое е многу понежно за кожата. Шеќерот ми е малку агресивен, така да ви советувам да ставите или кокосово брашно или мелен бадем. На тој начин чистачов ќе биде поделикатен за кожата.

Наместо масло од авокадо ставив масло од лаванда. Овде не мислам на етерично масло, туку на домашно подготвено масло од лаванда (рецептот ќе го најдете во оваа статија). Имав и масло од авокадо, меѓутоа сакав да го ставам ова за производот да има подобар мирис без да користам етерично масло. Вие доколку немате масло од авокадо ставете било кое друго масло како маслиново, бадемово, арганово...она што имате дома и додадете (доколку имате секако) две капки некое етерично масло како лаванда, чајно дрво, рузмарин и.т.н.



Глицеринот не може да го замениме, па затоа ви советувам да го купите од аптека. Во првиот рецепт (оној за чистачот Angels on Bare Skin) јас лично глицеринот го заменив со алое вера гел, меѓутоа на тој начин производот помалку трае. Глицеринот, освен тоа што ја омекнува и навлажнува кожата, помага и во трајноста на овој производ.

Активниот јаглен може да го најдете во сите аптеки. Земете 3 до 4 таблетки (иако и 3 се доволни), убаво згмечете ги во ситна прав и ставете ги во овој рецепт. Всушност токму оваа состојка е главна состојка во овој чистач и одтука го добил и името.


Како што веќе кажав, наместо сурфактантот кој е користен од страна на Lush, ние ќе ставиме нежен гел за миење на лицето без сулфати. Гелот веќе содржи конзерванси, така да нема проблем.

Ајде да преминеме на изработката.

Најнапред во еден сад ставете ја глината, кокосовото брашно (или мелениот бадем) и јагленот.


Додадете го маслото, глицеринот и гелот за миење и убаво промешајте сѐ додека да добиете изедначена смеса. Овој домашен чистач има помека и потечна структура од купечкиот кој е многу посув.


Се користи на тој начин што со чисти раце или пластична лажичка се зема многу мал дел од производот, се меша со малку млака вода во рацете, и се нанесува на навлажнето лице. Навистина доволна е многу мала количина за да се покрие целото лице. Внимавајте да не го земате производов во влажни раце (да не влезе вода во него) затоа што побрзо ќе се расипе.

Со благи кружни движења се чисти лицето и потоа се измива со млака вода. Иако на оригиналниот производ пишува дека може да се користи секојдневно, сепак според мене најидеално е да се користи двапати неделно, со оглед на тоа што сепак претставува еден вид на ексфолиатор на кожата и не е добро да се претерува со ексфолиацијата секојдневно.


Ова е мое мислење, одлуката секако ја оставам на вас.

Евентуално доколку сакате да го користите како секојдневен чистач, во тој случај ставете мелени бадеми и откако мала количина ќе ја растворите со вода во раката, нежно тапкајте ја на навлажнето лице без триење и кружни движења (нешто слично како што се прави со чистачот на Др. Хаушка). На тој начин нема да предизвикате голем стрес на кожата, а сепак ќе ги искористите бенефициите на овој чистач за лице.

Идеално е да го користите навечер (по отстранувањето на шминката), со оглед на тоа што јагленот малку бои и потребно е малку подобро да се измие од кожата (а навечер имаме повеќе време за тоа). Постапката изведувајте ја врз лавабото во бањата за да не исцрните некој бел килим или светло килимче во вашите бањи.

Откако убаво ќе го остраните од лицето со млака вода, измијте се со ладна вода и нанесете убав хидратантен или хранлив крем (оној кој го користите за навечер).

Само да напоменам дека производов трае месец дена, со оглед на тоа што гелот веќе е конзервиран, а ставивме и глицерин кој исто така помага. Затоа и количината која ја направивме е мала. Ви советувам да го чувате во фрижидер.

Секако оваа варијанта можеби и не е како оригиналната на Lush (која како што кажав ја немам пробано), меѓутоа мене лично многу ми се допадна.

Се надевам дека и вам ви се допадна овој туторијал.

Дали вие досега имате пробано некој ваков сличен чистач и дали сте се обиделе да го направите сами дома?

Поздрав
Вики

 

Friday, May 13, 2016

Направи сам: тоник од чајно дрво за нормализирање на масната кожа


Мислам дека неделава е цела во знак на проектите направи сам...:)

Денес за вас имам еден навистина прекрасен проект кој ќе ги израдува сите девојки со комбинирана и масна кожа. Станува збор за еден тоник кој има нормализирачки ефект врз кожата, го спречува светењето и ја спречува појавата на акни.

Инспирација за овој тоник e всушност оној на Lush Tea Tree Water.
Еве ја декларацијата на оригиналниот производ:

Tea Tree Water (Melaleuca alternifolia), Grapefruit Water (Citrus grandis), Juniperberry Water (Juniperus communis), *Limonene, Perfume, Methylparaben.

 Lush најверојатно за реализација на овој тоник користи хидролати односно цветни и цитрусни води, меѓутоа со оглед на тоа што во Македонија е невозможно да се најдат, ние ќе користиме етерични масла во деминерализирана вода.

Како што можевте да забележите од декларацијата, Lush користи вода од чајно дрво, вода од грејпфрут и од смрека. Ние малку ќе го промениме рецептот, меѓутоа сепак ќе го направиме погоден за комбинирана до масна кожа.

Во зависност од етеричните масла кои ги имате на располагање ќе ви предложам две варијанти на овој тоник (со етерични масла кои лесно се наоѓаат кај нас, секако).

Варијанта бр. 1

100 мл. деминерализирана вода
5 капки етерично масло од чајно дрво
6 капки етерично масло од рузмарин
2 капки етерично масло од мента

Во едно чисто празно спреј шише ставете ја најнапред водата, а потоа додадете ги етеричните масла. Затворете и убаво протресете.


Варијанта бр. 2

100 мл. деминерализирана вода
5 капки етерично масло од чајно дрво
5 капки етерично масло од лаванда
3 капки етерично масло од рузмарин

Во едно чисто празно спреј шише ставете ја најнапред водата, а потоа додадете ги етеричните масла. Затворете и убаво протресете.

Јас лично ја направив и тестирав првата варијанта (го завршив етеричното масло од лаванда и немав кога го правев тоникот). Ми се допадна многу со оглед на тоа што сите три масла се одлични за масна кожа (јас имам комбинирана).
Чајното дрво ја намалува појавата на акни, рузмаринот исто така е одличен за комбинирана до масна кожа и ја прочистува кожата, а ментата дава освежувачки ефект.

Како мирис, овде предоминира ментата која, иако е во мала количина (ставив само две капки) сепак многу е моќна.


Го користам веќе две недели и еве ги моите импресии:

- кожата помалку свети
- има освежувачки ефект врз лицето
- делува и против акни

Секако ова е домашна верзија која не е како купечката (јас оригиналната ја немам пробано), меѓутоа според мене претставува една сосема пристојна домашна алтернатива.

Домашната верзија на овој тоник трае 3 недели во фрижидер.

Се нанесува на тој начин што се испрскува потрбната количина од тоникот на една памучна дискета за чистење на лице и се поминува лицето (избегнувајте го делот околу очите) наутро и навечер.

Сетете се убаво да го протресете шишенцето пред секоја употреба за да се спојат етеричните масла со водата.

Мене навистина ми се допадна како солуција, а би ми било мило да го дознаам и вашето мислење доколку се решите да го направите.

Важно: доколку сте бремени внимавајте со етеричните масла и пред употреба на истите, консултирајте се со вашите лекари. За повеќе информации разгледајте ја статијата за  ароматерапија.

Не ви советувам да ставате етерични масла како на пример лимон, портокал или други цитрусни ноти, затоа што се фотонестабилни (а одиме накај летниот период). Во оригиналниот производ на Lush има цитрусна вода која е различна од етерично масло. При дестилацијата се двојат на една страна етеричните масла, а на друга хидролатот (односно цитрусната вода). Водата не е фотонестабилна со оглед на тоа што не содржи етерични масла, а сепак содржи слични својства како нив. Во секој случај хидролатите се помалку агресивни од етеричните масла за кожата.

Поздрав
Вики

Wednesday, May 11, 2016

Направи сам: лесен тониран флуид за комбинирана до масна кожа


Летото се наближува а со него се зголемува потењето и секако се јавува најголемиот проблем на скоро сите девојки со комбинирана или масна кожа, а тоа е прекумерното светење на кожата. Понекогаш светењето се јавува како резултат на тешките креми и пудри кои ги нанесуваме на кожата.  Идеално е да користиме во летниот период полесни и матирачки производи кои ја остават кожата да дише.

Во оваа статија заедно ќе направиме токму еден ваков лесен производ, односно тониран флуид за комбинирана до масна кожа. Овој флуид го изедначува тенот, ја остава кожата да дише, воопшто не ја масти а сепак и ја дава потребната хидратација.

Навистина е многу лесен за подготовка, а сѐ што ви е потребо за да го направите е:


4 полни кафени лажички алое вера гел
2 кафени лажички масло од јојоба
на врвот од една кафена лажичка глицерин
4 кафени лажички минерална пудра во прав

Во една чашка најнапред ставете го алое вера гелот со маслото од јојоба и глицеринот и убаво промешајте. Потоа додадете ја минералната пудра во прав и продолжете енергично да мешате со една лажичка околу 5 мин. додека сѐ убаво не се спои. Доколку сакате, за да ви биде полесно може да употребите и мал рачен миксер (оној за нескафе).


Откако сите состојки убаво ќе се спојат земете едно празно чисто шишенце и со помош на една лажичка (или шприц без игла секако) префрлете ја смесата во него.



Ете колку беше лесно да се направи овој природен тониран флуид.

Трае два месеци на собна температура со оглед на тоа што алое вера гелот е веќе конзервиран, а ставив и малку глицерин.

Зошто токму овие состојки.

Алое вера гелот е фантастичен за масната кожа, затоа што ја навлажнува без да ја отежни. Има големо хидратантно и смирувачко дејство и не дозволува кожата да свети.

Маслото од јојоба е најпогодно за масната кожа. Неговата структура е многу слична на онаа на нашиот себум, така да на некој начин ова масло го нормализира производството на себум и ја нормализира масната кожа.

Глицеринот кој го користев во овој рецепт е од растително потекло (може да го најдете во аптеките) и има за улога најнапред да ја подобри текстурата на овој производ, а потоа да ја зголеми хидратантната моќ на алое вера гелот. Обично во производите за масна кожа глицеринот се додава околу 3 до 4% во вкупниот производ, затоа и ви предложив да ставите само малку на врвот на една кафена лажичка.

Еве ја структурата на овој производ


и откако го размачкавме на кожата


Го тестирам веќе недела дена и може да ви кажам дека кожата веднаш го впива, не свети, дава мат ефект на лицето, а сепак ја остава кожата хидрирана и нахранета. Со оглед на тоа што нема голема прикривачка моќ (само го изедначува тенот) доколку сакате, врз него може да ставите и малку камена пудра или во прав за подобар ефект.

Верувајте ми овој флуид е создаден за летно време затоа што кожата може слободно да дише, а сепак бојата на тенот е изедначена.

Јас и онака во овој период како дневна нега на кожата користам алое вера гел во комбинација со маслото од јојоба (ставам мал дел од двете на дланката промешувам и го нанесувам на лицето), па потоа ставам минерална пудра во прав. На овој начин е многу покомотно, затоа што со едно мачкање сум ги нанела сите три производи заедно.

Доколку ви се допаѓа овој предлог и се обидете да го направите, споделете ги вашите искуства и импресии од употребата.

Ве поздравувам и до скоро читање.
Вики

Tuesday, May 10, 2016

Направи сам: природен серум за поубави трепки и веги



Трепките и вегите кај една девојка се дефинитивно најважните адути за изразување на длабочината и интензитетот на погледот. Заводливиот и секси поглед е дефинитивно протагонист број еден на секој вид на шминка и окото изгледа поубаво со една долга низа на густи трепки, уоквирено од убаво обликувани и густи веѓи.

Меѓутоа многу често токму трепките и веѓите комплетно не излудуваат: ги сакаме погусти, подолги, поинтензивни, поцрни и.т.н. Постојат голем број на препарати за оваа намена, меѓутоа за среќа мајката природа ни дала на располагање многу природни состојки кои одлично помагаат во оддржувањето на здравјето и убавината на трепките и веѓите.

Во оваа статија ќе споиме неколку од нив заедно и ќе креираме домашен природен серум за веѓи и трепки.

За овој проект потребни ни се:

рицинусово масло
маслиново масло
масло од јојоба (или некое друго масло)
празно кутивче од потрошена маскара

Пред да преминеме на рецептот, најнапред мора да го подготвиме (исчистиме) кутивчето од маскара каде ќе го чуваме производот и полесно ќе го нанесеме со помош на четкичката.

Откако ќе ја потрошите маскарата, најнапред со помош на една игла или турпија за нокти (онаа железна со остар врв) отстранете го делот на врвот од кутивчето маската (она кое го регулира количеството на маскара која излегува со помош на честката).


Сите три дела (четкичката, малото делче и кутивчето) потопете ги во еден сад со топла вода околу 30 мин.



По истекот на времето доаѓа најтешката работа. Со помош на четкичката од самата маската чистете ја најнапред маскарата со помош на вода и сапун или сјај за садови. Убаво тријте и мијте се додека водата од кутивчето не биде чиста (за ова  ви треба многу трпение затоа што секогаш има многу производ внатре).

Потоа со помош на една мала четкичка за нанесување ајлајнер (доколку ја немате земете тенка четка за сликање, секако нова) убаво исчистете го дното на кутивчето. Ќе се изненадите уште колку маскара ќе излезе од доле.


Откако убаво сте исчистиле од сите страни наполнете го шишенцето со топла вода и оставете го така цела ноќ.

Убаво исчистете ја и четкичката, особено оној внатрешен дел кој се завртува кога ја затворате маскарата. И ова може да го направите со четкичката за ајлајнер или пак може да употребите и чепкалка за уши.

Утредента уште еднаш убаво проверете дали кутивчето е чисто (поминете го повторно со сапун или сјај и вода) и остевете да се исуши комплетно. Обично потребен е ден ипол убаво да се исуши кутивчето. Важно е да нема ниедна капка вода внатре затоа што може да придонесе до побрзо расипување на производот.


Откако ќе се исуши подготвени сме за експериментот.

Најнапред како база во кутивчето ставете маслку рицинусово масло (околу една кафена лажичка не многу полна). Доколку сакате да користите само маслиново како дополнување на рицинусовото додадете половина лажичка. Меѓутоа доколку сакате да направите комбинација од повеќе масла на пример маслиново со некое друго како масло како јојоба, арган, бадемово, невен или друго масло по ваша желб, важно е збирот на сите масла да биде половина кафена лажичка.

 Базата треба да биде рицинусовото масло, па затоа неговата количина е поголема.

За да ми биде полесно јас рицинусовото масло го ставив во едно вакво кутивче со пумпица и на тој начин го нанесував во кутивчрто, меѓутоа за да бидете сигурни дека нема да ви се истури може да купите шприц од аптека (секако без игла) и со него полека да го додавате маслото во кутивчето.



Откако ќе го наполните кутивчето, прво ставете го затворачот (она делче како кругче кое го извадивме), па потоа затворете го кутивчето со четкичката.

Ете вашиот домашен природен серум е готов.


Рицинусовото масло е фантастично за нега на трепките и веѓите со оглед на тоа што ги зајакнува и прави посјајни.

Малиновото масло е исто така едно од најдобрите масла за оваа намена и во рецептов го надополнува и подобрува ефектот на рицинусовото масло.

Јас додадов и масло од јојоба кое исто така е одлично, меѓутоа вие може да одберете друго масло или пак да ги оставите само маслиновото и рицинусовото.

Серумот се нанесува со помош на четкичката на веѓите и трпките навечер. Со редовна употреба навистина ќе забележите големо подобрување.

Вашите трепки и веѓи од ден на ден ќе бидат се поздрави, погусти и посјајни.

Се надевам дека ви се допадна овој навистина едноставен а сепак функционален рецепт.

Вики



Wednesday, April 27, 2016


Како до поубави и погусти веѓи


Веѓите се многу важен дел од лицето со оглед на тоа што на некој начин му даваат облик на самото лице и на шминката која ќе ја нанесеме. Убаво обликуваните веѓи дозволуваат да корстите помалку шминка а сепак да изгледате перфектно и многу природно. Од друга страна пак, лошо обликуваните веѓи даваат неприроден изглед на лицето и во некои случаи може да ве направат да изгледате постаро од она што сте.

Во текот на 90-те и првите неколку години од 2000-та во мода беа тенките веѓи. Што потенки тоа помодерни. Меѓутоа, густите веѓи изгледаат многу поприродно и даваат поголема длабочина на погледот.

И јас на времето имав навистина тенки веѓи, меѓутоа за среќа ги пораснав (со многу трпение), и токму затоа сакам да ви дадам корисни совети како побрзо да ги згуснете веѓите и правилно да ја изберете нивната форма.



Доколку вашите веѓи се природно тенки (не поради лошото обликување туку такви ви се од раѓање), во тој случај единствено решение е моливчето за веѓи со кое малку ќе ги обликувате.

СОВЕТ БР. 1 ИСТРАЈНОСТ

На сите ни се случило да при средувањето на веѓите отстраниме малку повеќе влакна и добиеме тенки веѓи. Многумина од нас продолжиле да ги обликуваат веѓите во таа насока со оглед на тоа што ако ги остават да растат ќе им изгледаат несредено.

Доколку сакате да го вратите вашиот поприроден изглед на веѓите престанете да ги истенчувате, туку оставете да пораснат. Знам на почеток ќе биде многу тешко и ќе ви се чини дека многу влакненца не се на свое место, меѓутоа истрајноста е клучот за убави и густи веѓи. Отстранувајте ги само оние влакненца кои се поблиску до окото (оние кои немаат врска со обликот на веѓата). Доколку веѓите навистина изгледаат лошо во смисла има делови кои не се покриени со влакненца, пополнете ги со моливче за веѓи. На тој начин ќе ги прикриете неправилностите, а сепак ќе им дозволите на веѓите да растат.


СОВЕТ БР. 2 КОРИСТЕТЕ ПРАВИЛНА ПИНЦЕТА

Има поголем број на пинцети меѓутоа не сите се погодни за секој вид на веѓи. Јас лично користам пинцета која на едниот крај оди малку накосо. Овој вид на пинцета одлично отстранува и поголеми и помали влакненца од веѓите со оглед на тоа што има две различни страни. Постојат повеќе видови на пинцети и треба да ја најдете идеалната за вашиот тип на веѓи. Доколку имате многу густи веѓи и долго влакно можеби повеќе ќе ви одговара рамна пинцета.


СОВЕТ БР. 3 ПРИРОДНА НЕГА СО МАСЛО

Во периодот кога ги пуштате веѓите да пораснат од огромна корист е да користите некое масло за нега на веѓите како на пример рицинусовото. Најдобро е да го нанесете навечер со помош на прстите или една чепкалка за уши (онаа со памукче). Ова секако може да го правите и доколку имате густи веѓи за да ја задржите нивната убавина.

Мене лично многу ми помогна рицинусовото масло, кое го нанесувам секоја вечер пред спиење. Вие секако може да одберете маслиново или кокосово како замена за рицинусовото.


СОВЕТ БР. 4 НЕ ГИ ПОВТОРУВАЈТЕ ГРЕШКИТЕ НА ДВЕТЕ ВЕЃИ

Многу често кога ги обликуваме веѓите, доколку на едната веѓа по грешка отстраниме неколку влакненца повеќе, истото го повторуваме и на другата за да изгледаат идентично. Доколку направите грешка на едната веѓа, не ја повторувајте и на другата туку прикријте ја со моливче за веѓи  се додека влакненцата кои по грешка сте ги отстраниле повторно пораснат. На овој начин нема да мора да прекривате две веѓи, а грешката полесно ќе ја камуфлирате на едната веѓа. Подобро е да направите една линија со моливчето и да покриете две три влакненца кои по грешка сте ги отстраниле, отколку да се обидете истата грешка да ја копирате на другата веѓа и да направите поголем проблем.

Како вие најчесто ги поправате грешките на веѓите и дали користите некој вид на масло како третман за истите?

Вики

Monday, April 25, 2016


Природни состојки за атопичен дерматитис кај бебињата


Во последниов период добив барања од многу мајки да направам една статија за природните состојки кои може да помогнат при атопичен дерматитис кај бебињата. Во нормални услови, според мене, што помалку производи за нега користите (оние есенциални секако) толку подобро, меѓутоа кога се појавува проблем од овој вид, во тој случај секако треба да се интервенира на време.

Најнапред да напоменам дека советите кои ќе ги прочитате во продолжение не се замена за лекарска консултација и секако, при поголеми проблеми консултирајте се со вашите педијатри. Исто така важно е да напоменам дека овие природни средства кои ќе ви ги предложам се веќе испробани, и кај голем број на бебиња а и дечиња дадоа одлични резултати во смирувањето или намалувањето на атопичниот дерматитис на природен начин.

Во едно интересно истражување имам прочитано дека на бебешката кожа потребни и се две години за адаптација од мајчината утроба до надворешната средина која не опкружува. Во текот на тие две години, можно е да се случат поголеми или помали промени на кожата, кои може да поминат сами од себе или да се претворат во нешто посериозно.

Атопичен дерматитис всушност претставува воспаление на кожата, кое може да биде доста непријатно и пропратено со чешање. Најчесто се појавува од вториот до шестиот месец и тоа најнапред во пределот на образите, а потоа и на други места како колена, лакти, нозе и раце. Оваа појава обично исчезнува кога детето ќе направи две или три години, меѓутоа доколку не е така тогаш педијатарот ќе ви препише соодветна терапија.

Причините за неговата појава најнапред се наследни, меѓутоа се појавуваат и како последица на преголема чувствителност на кожата.


Пред да преминам на природните состојки кои може да бидат од огромна помош при оваа проблематика, најнапред би сакала да дадам неколку навистина корисни совети кога станува збор за оваа појава.

1. Мијте ги бебињата најмногу двапати неделно и тоа со многу благи средства за миење за кои ќе говорам подолу во текстот. Бебешката кожа е толку нежна што сеуште нема потреба од премногу миење или обезмастување со агресивни производи.

2. Бебешките алишта перете ги одделно од алиштата на возрасните со многу благ детергент (по можност еколошки) и апсолутно без омекнувач. Наместо омекнувач за алишта ви препорачувам да користите малку бел оцет кој ќе направи дезинфекција на алиштата. Јас лично го користам овој метод наместо омекнувач со тоа што за мене додавам и етерични масла, иако во случајов  не би ви советувала никакви етерични масла. Направете обавезно две плакнења по перењето. Без грижа откако ќе се исушат алиштата мирисот на оцет комплетно ќе исчезне.


3. Секогаш бирајте памучни алишта за вашето бебе, со цел да и овозможите на бебешката кожа правилно да дише.

4. По секое бањање, нанесете добар производ за нега на бебешката кожа (и за ова ќе говорам подолу во текстот).

5. При високи температури (во лето) или ниски (во зима) дрматитисот се влошува како последица токму на температурата. Затоа се препорачува соодветна заштита во зависност од годишното време за кое станува збор.

Сега може да преминеме на природните состојки, но и на производите во продажба кои според мене се навистина нежни за бебешката кожа во присуство на атопичен дерматитис.

Во советот бр. 1 напоменав дека треба да се користат што понежни средства за миење на бебешката кожа. Бањањето на бебето, доколку е новороденче, може да го правите со нишесте или пак во една газа да ставите малку ориз, да ја заврзете и да ја ставите во водата. Ова е еден од најприродните и најблагите начини за измивање на бебешката кожа. Бебињата всушност и не може да бидат многу прљави, одат од една прегратка о друга, а и немаат потни жлезди поради кои треба да бидат бањати со средства кои премногу измиваат.


Во случај на атопичен дерматитис, мој совет ви е во никој случај бебето да не го миете со гелови кои содржат сурфактанти. Никаков вид на сурфактанти без разлика дали станува збор за сулфати или глукозиди. Она што јас ви го препорачувам се масни купки кои измиваат благодарение на маслата во нив, воопшто не се агресивни и ја оддржуваат хидратацијата на бебешката кожа.

Многу мајки ме прашале што да одберат за миење на децата од она што го има во продажба. Единствени препарати кои ги забележав без никаков вид на сурфактанти (станува збор секако само за органска козметика, неорганските марки не ги проверив) се масната купка на Alverde baby со екстракт од камилица

Glycine Soja Oil*,  Helianthus Annuus Hybrid Oil*, Olea Europea Fruit Oil*, Chamomilla Recuitata Flower Extract*, Polyglyceryl-3 Polyricinoleate, Butrospermum Parkii Butter, Tocopherol, Helianthus Annuus Seed Oil, Ascorbyl Palmitate, Parfum**, Citronellol**

како и маслената крем купка од Weleda baby со екстракт од невен.

Aqua, Prunus Amygdalus Dulcis Oil, Sesamum Indicum Seed Oil, Alcohol, Glycerin, Glyceryl Oleate, Calendula Officinalis Extract, Fragrance (parfum)*, Sodium Beeswax, Xanthan Gum, Limonene*, Linalool*.

Овие два препарати, како што може да забележите од самата декларација, воопшто не содржат сурфактанти, со оглед на тоа што сурфактантите во случај на атопичен дерматитис може додатно да ја исушат или ириртираат кожата. Благо измиваат, а она на Alverde може да се користи на два начина и како средство за бањање и како масло за тело.

Што се однесува до природните состојки кои помагаат во оваа проблематика мора да напоменам дека тука спаѓаат пред сѐ шеа путерот кој навистина е фантастична и многу ефикасна состојка, потоа маслиновото масло, маслото од невен и алое вера гелот.

Исто така од огромна корист е цинк оксидот кој има смирувачко, антивоспалително и антисептичко дејство. Кај нас тешко се наоѓа, меѓутоа го има во подобро снабдените аптеки и оние со галенска лабораторија. Доколку имате можност да го нарачате или некој да ви го донесе од надвор, сами може да направите многу убави природни креми особено погодни и за иритации на бебешкото газе.


Како наједноставна варијанта може да направите комбинација од шеа путер со алое вера гел. Земете многу мала количина од шеа путерот и стопете ја помеѓу прстите и исто толкава количина на алое вера гел. Убаво помешајте ги двете состојки во рацете и со таа смеса намачкајте го бебето таму каде има проблем со дерматитис.

Шеа путерот е одличен во случај на сува кожа со иритации, одлично храни и омекнува, а алое вера гелот смирува, хидрира и на некој начин го надополнува дејството на шеа путерот.

Истово може да го направие и со бадемово масло во комбинација со алое вера гел.

Доколку имате на располагање повеќе состојки и сте љубители на домашните производи може да направите еден од овие креми.

КРЕМ СО ШЕА ПУТЕР

30 гр. шеа путер
10 мл. маслиново масло
10 мл. масло од невен

Ви препорачувам домашно масло од невен, меѓутоа доколку не може да го најдете, купете готово, меѓутоа внимавајте да биде чисто без парафин или силикони. Исто така невеновото масло може да го замените со тоа што ќе ја зголемите количината на маслиновото масло (ставете 20 мл. чисто маслиново масло). Најнапред на пареа омекнете го шеа путерот и маслиновото масло, па (доколку користите невеново масло), додадете го на ладно маслото од невен и блендирајте со еден мини блендер (оној за нескафе). Доколку немате мал рачен блендер, мешајте постојано со една дрвена шпатула додека да добиете убава кремаста структура. Со овие дози добивате 50 гр. производ.

Овој крем трае околу година дена на собна температура.



КРЕМ СО ЦИНК ОКСИД

60 мл. маслиново масло
16 гр. пчелин восок
21 мл. масло од невен
3 гр. цинк оксид

Најнапред на пареа стопете го пчелиниот восок и маслиновото масло. Оставете малку да се излади (без да се стврне многу секако) и на ладно додадете го маслото од невен во кое претходно убаво сте го помешале цинк оксидот. Ова е одличен домашен производ особено погоден за пеленска регија (црвенило на газето при промена на пелена).

Овој крем јас лично го имам направено за себе и го користам како крем по депилација со оглед на тоа што одлично го намалува црвенилото.


Исто така може да направите и некој од рецептите во статијата за cold cream каде, секако, нема да ставате никакви етерични масла, а во вториот рецепт маслото од лаванда може да го замените со маслиново или невеново.


Се надевам дека овие природни вaријанти ќе ви помогнат, меѓутоа како што напоменав на почетокот, за поголеми проблеми сепак консултирајте се со стручно лице.

Поздрав

Вики

 

Tuesday, April 19, 2016


Направи сам: домашен сold cream


Многу одамна, пред скоро 2000 години, грчкиот доктор Гален го направил првиот крем користејќи вода и масло. Како што добро ни е познато овие две состојки меѓусебно не се мешаат, а во тоа време сеуште не постоеле емулгатори за правење на креми како што имаме денес, така да Гален го вметнал восокот со цел да ги спои овие две фази. На тој начин добил еден вид на многу масен крем кој денес го нарекуваме сold cream.

Оригиналниот рецепт на Гален се состоел во тоа што тој го топел восокот со три дела маслиново масло (во кое претходно потопувал пупки од роза) и на оваа смеса додавал една петтина вода. Неговите пропорции, кои се користеле многу долго по него и всушност претставуваат класичен рецепт за сold cream, се: 20% восок, 20% вода и 60% масти.

Ова претставува наједноставен метод на подготвување на еден козметички производ кога немаме на располагање многу состојки (како што видовте потребни се само три вида на состојки) каде голем удел има пчелиниот восок со оглед на тоа што претставува важен фактор за составот и структурата на овој вид на крем.

Употребата на сold cream е малку лимитирана, во смисла да одличен е како заштита за многу сува кожа, за кожата на петиците, лактовите, раце и.т.н. или како замена за вазелинот, меѓутоа не се препорачува како крем за лице доколку имате мешовита кожа или склона кон акни.


Овој вид на крем нема потреба од конзерванси со оглед на тоа што нема голем процент на вода (за разлика од “новата генерација“ на креми каде процентот на вода е и до 70%), и трае на собна темтература до 3 месеци. Овој период на траење може да биде и подолг доколку кремот го чувате во фрижидер, меѓутоа во тој случај дозите на истиот треба малку да се променат (односно да се намали процентот на восокот за кое ќе говориме понатаму во текстот) затоа што во спротивно многу ќе се зацврсне и нема да биде пријатен за нанесување.

Колку и да изгледна едноставна подготовката на овој вид на крем, кај многумина кои се обиделе да го направат по неколку дена им се појавиле ситни капки вода, меѓутоа без грижа, во продолжение ќе споделам со вас многу корисни совети како да направите еден добар сold cream.

Масниот дел од овој крем може да содржи разни масла или путери (шеа и какао). Изборот секако зависи од вас, вашиот вкус и намената на самиот производ.
Водениот дел од овој производ може да биде деминерализирана вода, ружина вода, комбинација на вода со алое вера сок, алое вера гел и мед. Доколку на водата сакате да и додадете мед или глицерин на пример, ви советувам да не е повеќе од 5% и секако да го одземете од вкупниот процент на водата. На пример доколку сакате да направите сold cream со мед со воден дел од вкупо 20%, во тој случај 15% треба да биде деминерализирана вода или ружина вода и 5% мед. Мој совет ви е да користите најмногу до 30% вода во производот не повеќе.


Процедурата за подготовка на сold cream е следнава: најнапред на пареа се топи пчелиниот восок со маслата кои сте ги одбрале, во друг сад се загрева водата и кога двете фази ќе имаат горе долу слична температура се додава водата во маслото, никако обратно (полека дел по дел со постепено блендирање со рачен миксер). 

Лично кога правам сold cream со масла кои обично не се загреваат, како на пример масло од невен, го правам на тој начин што овој вид на масла ги додавам кога производот малку ќе се олади меѓутоа да не се стврдне премногу.

Друга важна работа е да напоменам дека треба да имате трпение овој крем да го оставите да се олади сам природно (никако не го ставајте во фрижидер со цел побргу да го оладите), со оглед на тоа што веќе утредента ќе ви се создадат мали капки вода и може фазите и да се одвојат. Еднаш пробав да го забрзам овој процес со ладна купка, односно откако производот малку се олади при блендирањето го ставив садот во тенџере со ладна вода и постојано мешав додека составот да стане кремаст. Мислев дека упропастив сѐ и бев подготвена за неуспех, меѓутоа за чудо на овој начин кремот побргу се олади и не се создадоа капки, ниту пак фазите се одвоија.


Во продолжение ќе ви дадам три интересни рецепти за три различни вида на сold cream кој се навистина одлични и ќе ви бидат од голема корист.

COLD CREAM ЗА СВИЛЕНО МЕКИ СТАПАЛА

Овој вид на сold cream е навистина фантастичен кога станува збор за грубата кожа на петиците и онаа под прстите (како резултат на штиклите). Одлично ја омекнува кожата и веќе по недела дена употреба ќе забележите огромна разлика и кожа како свила. За подготовката потребно ви е:

30 мл. маслиново масло
20 мл. бадемово масло
10 мл. масло од невен
20 гр. пчелин восок
15 мл. деминерализирана вода

5 гр. растителен глицерин

Најнапред во еден сад стопете го восокот со бадемовото и маслиновото масло. Откако ќе се стопи оставете малку да се смлачи, меѓутоа не да се стврдне смесата, па додадете го маслото од невен и смесата од деминерализирана вода и глицерин малку стоплени. Додавањето на водата треба да биде постепено, малку по малку со постојано блендирање со рачен миксер (или она малечкото за нескафе). Со ладењето кремот ќе станува се погуст и покремаст и кога ќе се олади може да го префрлите во едно празно чисто кутивче. Користете го секоја вечер (пред да си легнете) за да има подобар ефект во текот на ноќта. 


COLD CREAM СО МИРИС НА ЛАВАНДА


Овој крем си го направив пред околу 10 дена и го користам како крем за тело. Ја остава кожата неверојатно мека и свиленкаста. Додадов етерично масло од лаванда затоа што го обожавам, меѓутоа вие може да ја направите по ваш вкус со некое друго етерично масло. Еве ја пропорцијата на состојките која ја користев

30 мл. деминерализирана вода
20 мл. маслиново масло
20 мл. масло од невен (домашно подготвено)
20 мл. масло од лаванда (домашно подготвено)
10 гр. пчелин восок
20 капки е.м. лаванда

Најнапред на пареа растопете го восокот со маслиновото масло. Откако малку ќе се олади додадете ги маслата од невен и лаванда (рецепт за домашни масла од невен и лаванда може да најдете овде). Потоа полека додавајте ја водата (малку стоплена) и постојано блендирајте. Мешајте со една дрвена шпатула додека убаво да се излади и згусне и на крај додадете го етеричното масло од лаванда, убаво промешајте и префрлете ја во едно празно чисто кутивче.

Као што ви реков претходно во текстот, доколку сакате да го чувате вашиот сold cream во фрижифер, во тој случај треба малку да ги промените дозите на маслото и восокот, односно вашиот сold cream треба да ги има следниве пропорции:

75% масла/путери
5% пчелин восок
20% вода

Доколку имате многу сува кожа на лицето или пак возрасна кожа на која и треба особена нега и сакате да направите едне убав ноќен крем за лице, пробајте го следниов рецепт на сold cream.


55 мл. сончогледово или кокосово масло
16 мл. маслиново масло
7 мл. масло од авокадо
11 мл. деминерализирана вода
11 гр. пчелин восок
10 капки е.м. лаванда

Процедурата е иста како досега, најнапред восокот со маслата стопете ги на пареа и откако ќе станат во течна состојба полека додадете ја загреаната вода малку по малку со постојано блендирање. Со дрвено стапче или шпатула мешајте додека смесата не се олади и потоа префрлете во празно чисто кутивче за крем.

Се надевам дека статијава ви се допадна и дека ќе се обидете да направите еден домашен сold cream. Не очајувајте доколку при првиот обид направите некоја грешка, колку повеќе експериментирате, толку подобри ќе станувате и секако вашите производи ќе бидат поуспешни.

Само да напоменам дека слободно може да додадете и витамин Е во смесата, со оглед на тоа што е антиоксиданс и помага во трајноста на овој производ, во смисла на оксидација на маслата. Пропорцијата која може да ја додадете е 2 гр.

Поздрав

Вики

 

Saturday, April 2, 2016


Стрии за време на бременоста? Да ги спречиме со 4 домашни производи


Стриите се појавуваат како резултат на кинењето на еластичните влакна во дермисот, односно колагенот и еластинот, кое настанува како последица на драстични диети, нагли промени во телесната тежина, и за време на бременоста. Се формираат линии кои на почетокот се розеви, а со текот на времето стануваат бели и претставуваат еден вид на лузнички со оглед на тоа што веќе не може да се избришат од кожата. Токму поради тоа што стриите се појавуваат како резултат на губитокот на еластичноста на кожата, прво правило за да ги спречиме е да ја оддржуваме секогаш кожата еластична со употребата на вистинските препарати и природни состојки. Верувајте ми добро нахранета и хидрирана кожа е клучот за кожа без стрии.
 
Како што веќе ни е добро познато, стриите не може да направиме да исчезнат (особено ако се бели) меѓутоа може да ги ублажиме и што е најважно да ја спречиме појавата на нови. Во некои од претходните статии на мојот блог веќе имам говорено за оваа проблематика и ви имам кажано кои состојки се добри. Доколку сте ја пропуштиле статијата прочитајте овде http://biodevojka.blogspot.mk/2015/07/blog-post_11.html.


Денес, ќе направиме 4 домашни производи (две масла, еден путер и еден гел) во кои ќе споиме повеќе состојки заедно, со цел максимално да ги искористиме сите квалитети и бенефиции на веќе добро познатите состојки кои помагаат при оваа проблематика. Состојките на овие произоди ќе бидат специјално наменети за жените за време на бременоста и ќе бидат без етерични масла, со оглед на тоа што голем број од етеричните масла не се дозволени за време на бременоста.

Масло за нега на кожата 1 варијанта

3 кафени кажици маслиново масло
2 кафени лажици масло од невен
2 кафени лажици масло од авокадо
1 кафена лажица масло од сусам

Сите масла помешајте ги во едно празно шишенце (најдобро доколку е темно) и добиеното масло користете го двапати дневно на стомакот, бедрата и градите, на благо навлажнета кожа.


Масло за нега на кожата 2 варијанта

3 кафени лажици сончогледово масло
2 кафени лажици невеново масло
2 кафени лажици масло од јојоба
1 кафена лажица бадемово масло

Сите масла помешајте ги во едно празно шишенце (најдобро доколку е темно) и добиеното масло користете го двапати дневно на стомакот, бедрата и градите, на благо навлажнета кожа.

И двете варијанти на масла содржат масла кои се одлични за оваа проблематика и богати со витамин Е. Со редовна употреба, кожата ќе ја оддржите еластична и нахранета, и на тој начин ќе ја спречите појавата на стриите на критичните места.


Путер за нега на кожата

Овој путер кој ќе ви го предложам е навистина премногу лесен за подготовка, а премногу ефикасен со оглед на тоа што содржи висок процент на шеа путер кој е од огромна помош при стриите затоа што е богат со витамините А, Б, Е и Ф. 
Сѐ што ви е потребно за да го направите е:

50 грама шеа путер
2 супени лажици масло по ваш избор од следниве (невеново, авокадо, јојоба, маслиново, сусам или комбинации).

Во еден сад ставете го путерот и маслото/ата и со помош на еден рачен миксер почнете да ја матите смесата сѐ додека да добиете убав кремаст состав. Префрлете ја смесата во едно чисто празно кутивче и вашиот путер против стрии е готов. Се нанесува двапати дневно на благо навлажнета кожа, на местата кои се најкритични за оваа проблематика како стомакот и градите. Производов трае и до 6 месеци, важно е да не се зема со влажни раце за да не навлезе вода во него која ќе предизвика побрзо расипување.



Гел за нега на кожата со алое вера

Последниов рецепт е во форма на гел со оглед на тоа што алое вера гелот има одлично дејство врз кожата, ја омекнува, ја смирува и ја остава кожата мека и прекрасна. Сѐ што ви е потребно за да го направите овој гел е:

3 супени лажици алое вера гел
3 супени лажици масло по ваш избор (невеново, авокадо, јојоба, маслиново, сусам или комбинации).

Во едно празно шишенце од 100 мл. најнапред ставете го алое вера гелот, па потоа маслото/ата и убаво промешајте.  Оваа смеса нанесувајте ја на стомакот и градите двапати дневно, на убаво чиста кожа. Нема потреба кожата да биде благо навлажнета со оглед на тоа што самиот производ содржи и воден дел, односно алое вера. Производот трае до месец дена и сетете се убаво да го протресете пред секоја употреба за да ги споите маслениот и водениот дел.


Без разлика што и да одберете, клучот е во упорноста и константноста. Со редовна употреба вашата кожа од ден на ден ќе биде сѐ помека и поеластична со што, секако, ќе ги спречите стриите за време на бременоста.

Поздрав
Вики

 

Sunday, March 27, 2016


Како успешно да го намалиме целулитот



Кои видови на третмани се најефикасни против целулит? Дали постои волшебен производ? Како еднаш засекогаш да се ослободам од оваа “кора од портокал“?

Ова се најчесто поставувани прашања на милиони жени кои секојдневно се во потрага по волшебниот производ или третман, кој едноставно ќе направи целулитот да исчезне. Иако станува збор за тешка борба, сепак е возможно целулитот да се намали и држи под контрола. Доколку и вие сте си ги поставиле овие прашања, во тој случај сте на вистинско место затоа што во продолжение на оваа статија ќе говориме за причините поради кои се јавува, третманите и кој вид на производи даваат одлични резултати.

Кога под површината на кожата се таложат масти кои го намалуваат калибарот на капиларите, циркулацијата се отежнува и се акумулираат течности помеѓу масните клетки, се формира најголемиот непријател на жените односно целулитот. Најчесто се формира во пределот на бедрата, задникот и стомакот. Ова не е секогаш поврзано со тежината на една жена, затоа што голем број на витки девојки и жени страдаат од оваа проблематика.

Многу е важно да сфатиме дека освен што претставува неестетска појава, целулитот е еден вид на патологија со оглед на тоа што е знак за проблем на циркулаторниот систем.

Не постои една причина за неговата појава, туку повеќе фактори се одговорни кога станува збор за оваа “кора од портокал“, па затоа за да го спречиме и победиме (онолку колку што можеме секако) треба да делуваме на повеќе полиња како исхраната, физичката активност, стилот на живеење и, секако, антицелулитните третмани и производи.
Друга важна работа е да сфатиме дека ова треба да го правиме во текот на целата година, не три месеци пред летниот одмор само затоа што треба да облечеме костим за капење.  Ако тој дел од телото не се гледа за време на зимскиот период, тоа не значи дека треба да го запоставиме.
Како што напоменав треба да делуваме на повеќе полиња и тоа:
1. ИСХРАНА

Сѐ започнува од трпезата, па затоа од огромно значење е она што го конзумираме, во колкава количина и со колкав процент на сол. Токму затоа се препорачува умерена исхрана (од сѐ по малку) пред сѐ богата  со овошје и зеленчук, а сиромашна со сол. Кога станува збор за  исхраната мора да напоменам дека од огромна важност е и конзумирањето на најмалку литар ипол течности во текот на целиот ден. Од голема помош може да бидат и антицелулитните чаеви кои имаат големо диуретско дејство и го стимулираат исфрлувањето на вишокот на течности од организмот, а со самото тоа и поголем дел од токсините присутни во самиот организам. Некои од овие чаеви, благодарение на дејството на одредени билки присутни во нив, освен диуретско дејство ја стимулираат и периферната циркулација. Значи имаат прочистувачко, диуретско и стимулирачко дејство врз нашиот организам. Прочитајте овде http://biodevojka.blogspot.mk/2016/03/5.html како да подготвите домашни навистина ефикасни антицелулитни чаеви.
2. АНТИЦЕЛУЛИТНИ ТРЕТМАНИ И ПРОИЗВОДИ
Антицелулитните третмани, како што кажува и самото име, се еден вид на техники за намалување на целулитот и подобрување на циркулацијата. Овде спаѓаат антицелулитните пилинзи, масла, креми и секако маски.
Антицелулитни пилинзи
Ексфолиацијата на кожата е од огромна важност за убава кожа, со оглед на тоа што на тој начин се ослободуваме од мртвите клетки на површинскиот слој на кожата. Кожата станува помазна, помека и покомпктна. Антицелулитните пилинзи во својот состав треба да содржат три вида на состојки и тоа: 
ексфолирачки состојки како шеќер, кафе, сол;
масна состојка (некое масло)
етерични масла со антицелулитен ефект (доколку сакате да дознаете кои етерични масла имаат најдобар ефект во антицелулитните третмани прочитајте овде http://biodevojka.blogspot.mk/2016/03/blog-post_70.html

Ваквите пилинзи пожелно е да се направат еднаш неделно и имаат за цел да ја подготват кожата за понатамошните третмани како на пример антицелулитна маска. Во продолжение ќе ви дадам рецепт за два типа на антицелулитен пилинг кои може многу лесно да ги направите сами:

АНТИЦЕЛУЛИТЕН ПИЛИНГ СО ЦРВЕНО ВИНО

2 лажици шеќер;
1 лажица сол;
1 лажица мед;
3 лажици црвено вино;
6 капки етерично масло по ваш избор (лимон, лаванда или рузмарин)
Во еден сад се мешаат шеќерот, солта  и медот и на оваа смеса се додаваат три лажици црвено вино и шест капки етерично масло од лимон. Смесата се нанесува на навлажнета кожа на местата каде има целулит со кружни движења, добро се масира неколку минути и се одмива со млака вода. Овој третман ја буди кожата, ја прави поеластична, ги елиминира мртвите клетки од кожата и видно ја подобрува состојбата на целулитот. Доколку го правите летно време, не користете етерично масло од лимон со оглед на тоа што е фотонестабилно.
АНТИЦЕЛУЛИТЕН ПИЛИНГ СО КАФЕ 
5 лажици кафе
5 лажици шеќер
10 лажици масло
13 капки етерично масло 


Во една чиста тегличка најнапред додавајте ги наизменично кафето со шеќерот. Убаво измешајте ги овие состојки и додадете го маслото кое може да биде едно од следниве: бадемово, кокосово, сончогледово, оризово, јојоба, маслиново итн. На крај додадете го етеричното масло и убаво промешајте. Детален рецепт со слики може да најдете овде http://biodevojka.blogspot.mk/2015/06/blog-post_27.html

Совет плус: пилингот правете го секогаш по туширањето. Најнапре истуширајте се со гел или купка, па потоа нанесете пилинг и само одмијте со млака вода. На тој начин состојките како етеричните масла ќе се задржат на кожата и ќе го продолжат своето влијание.
Антицелулитна маска 

После пилингот кожата е подготвена за антицелулитна маска која е составена од три дела и тоа:

цврст или прашкаст дел кој најчесто е зелена глина во комбинација со сол, сушени алги во прав, чоколадо, кафе или какао;

течен дел кој најчесто е вода или термална вода со оглед на лековитите својства која ги има врз кожата;

етерични масла, кои не само што даваат прекрасен мирис на самиот производ туку се од огромна помош при третманите на целулитот.
Овој вид на маски се нанесува на пределот кој е зафатен од целулит, се прикрива со пластична фолија и се остава околу 30 минути. По истекот на времето само се одмива со млака вода. Целта на овие маски е да ја подобрат циркулацијата и ја чистат кожата. Помагаат во исфрлувањето на вишокот на течности, а глината исто така ја прави кожата многу поеластична и позатегната. Доволно е да ги правите два пати неделно и ќе се воодушевите од крајниот резултат. 
Во продолжение ќе ви дадам рецепт за една навистина многу лесна антицелулитна маска од глина. Во едно празно кутивче помешајте 4 лажици зелена глина (сетете се да користите дрвена или пластична лажица, никако метална), 4 лажици какао (одберете го она горкото, без шеќер) и 2 лажици морска сол. Убаво измешајте ги сите состојки и ова ќе биде вашата база за антицелулитниот третман. Зелената глина е фантастична затоа што ја прочистува кожата, богата е со минерали и лечи разни проблеми кај самата кожа. Какаото е одлично како антицелулитен третман, а во некои случаи многу подобро и од кафето. Со овие дози добивате горе долу околу 200 гр. производ. Доколку дома имате некое етерично масло, ставете во целата смеса 12 капки по ваш избор (рузмарин, лаванда, портокал).
Секогаш кога ќе посакате земете помала или поголема количина од смесата (зависно од зоната каде сакате да нанесете) и  растворете ја со малку зелен чај или деминерализирана вода колку да добиете убава средно густа смеса. Потоа нанесете ја маската рамномерно со помош на една четкичка (или со помош на прстите), покријте со проѕирна фолија и оставете да делува 30 мин.
Антицелулитни производи
Многу девојки се двоумат дали е подобро да одберат антицелулитно масло или крем како секојдневен третман во борбата против целулитот. Мене лично многу повеќе ми се допаѓаат маслата со оглед на тоа што сместам дека не постои вошебен производ кој само ќе го намачкаш и ќе направи целулитот да исчезне, туку од огромна важност овде е масажата.Таа ја поттикнува циркулацијата и на тој начин помага во исфрлувањето на вишокот на течности од организмот. Масажата треба да ја правиме со благи но енергични кружни движења, без многу притискање. Се започнува од колениците па се масира нагоре кон бедрата.

Во продажба ќе најдете многу антицелулитни масла, меѓутоа доколку сте љубители на проектите направи сам, може многу лесно да направите антицелулитно масло и во домашни услови. За тоа ви се потребни:
100 мл базно масло (маслиново, бадемово, сончогледово)
40 капки етерично масло по ваш избор (рузмарин, лаванда, мента, портокал)
Предлог за едно ефикасно антицелулитно масло од какао може да најдете овде http://biodevojka.blogspot.mk/2016/03/blog-post_11.html
3. ФИЗИЧКА АКТИВНОСТ
Секако третманите сами по себе нема да направат чуда доколку не се помогнати од умерена физичка активност. Може да одберете она што вам ви се допаѓа и редовно да го практикувате. Мој совет ви е да не одбирате многу тешки спортови доколку не сте спортски тип или пак сте на почеток. Доволно е да започнете со пешачење 3о мин. дневно па постепено да зголемувате или преминете на нешто друго, како на пример возење на точак (од дома до работа). Доколку нагло започнете со нешто за кое не сте во можност да го оддржите до крај, брзо ќе се откажете, а тоа секако не ни е целта. 
Комбинацијата на сите овие работи кои ги набројав ќе ви донесе големи резултати, а со самото тоа и поголем ентузијазам и желба да продолжите на овој начин. Вие секако изберете го она кое ви одговара и за кое имате време. Со константност и трпение од ден на ден ќе гледате како вашата кожа станува се поубава, поеластична и поцврста.

 

Thursday, March 24, 2016


Фантастична маска за кожа без акни


Здраво драги мои,

секогаш во потрага по нови рецепти за малите несакани акни на нашето лице, во денешнава статија би сакала да ви предложам една навистина фантастична и многу функционална маска против акни, црнки и митесери наменета за масна и комбинирана кожа. Се нанесува само на она место каде сте склони кон акни (на пример Т зоната). Избегнувајте ја доколку имате сува или многу сува кожа.

Потребни состојки за оваа маска се:

2 до 2 ипол големи лажици зелена глина
2 големи лажици сода бикарбона
2 големи лажици деминерализирана вода
1 голема лажица мед
4 капки етерично масло од чајно дрво

Во еден сад (внимавајте да не биде метален со оглед на тоа што користиме зелена глина) ставете најнапред една лажица зелена глина (и лажицата исто така не треба да биде метална).


потоа додадете ја содата


па медот


и на крај двете лажици вода (полека додавајте ја водата, постепено затоа што содата ќе почне да реагира). Убаво промешајте ја смесата и додадете уште една или една ипол лажица глина додека да добиете убава смеса.


На крај додадете го етеричното масло од чајно дрво и повторно убаво промешајте.


Префрлете ја смесата во едно празно чисто кутивче и вашата домашна волшебна маска против акни е готова.

Состојките кои ги употребивме како зелената глина, содата, медот и етеричното масло од чајно дрво се одлични против акни, и со редовна употреба доста ефикасно ги намалуваат веќе постоечките и ја спречуваат појавата на нови. Оваа маска пожелно е да ја користите два пати неделно само на оние места каде има потреба (не на цело лице). Се нанесува на убаво исчистено лице и се остава 20 до 25 минути.


По истекот на времето нежно отстранете ја од лицето со помош на едно сунѓерче и млака вода.


Маскава нема потреба од конзерванси затоа што има алкална ph вредност и трае до два месеци. Важно е да ја земате со чиста дрвена лажичка или шпатула, а не со влажни раце за да не ја расипете. Со редовна употреба навистина ќе забележите разлика.


 Се надевам дека и овој рецепт ви се допадна и дека ќе се обидете да го направите. Толку едноставно, а сепак функционално.

Поздрав
Вики

 

Friday, March 18, 2016


Како до подолги и погусти трепки


 Важен дел за заводлив и подлабок поглед се секако долги и густи трепки кои се сон на секоја од нас. Како што многу работи зависат пред сѐ од генетските фактори, така и трепките се различни кај секоја од нас. Кај некои од нас се погусти, кај други убаво обликувани, или пак кај трети подолги. Како и да е, генетиката не може да ја промениме, меѓутоа со помош на мали природни методи и третмани, може да ги зацврснеме и многу да придонесеме за нивното здравје, а со тоа и убавина. Затоа во продолжение на овој текст ќе ви дадам мали совети како најдобро да ги негувате вашите трепки со цел истите од ден на ден да бидат сѐ поубави.


1. Темелно остранувајте ја шминката од трепките

Многупати имам напоменато колку е важно секоја вечер пред спиење темелно да се отстрани шминката од целото лице, па и трепките секако не треба да бидат исклучок. Доколку отидете на спиење со маскара (без разлика дали имате нанесено мала или голема количина) истата ги суши трепките и ги прави покршливи и послаби. Во зависност од видот на шминката која ја користите изберете отстранувач на шминка кој ви е најпогоден (бифазен, маслен или мицеларен раствор). Ставете го на едно памукче и допрете го до окото околу 5 до 6 секунди. Потоа со благи движења (без многу притискање) отстранете ја маскарата и шминката од окото. Доколку сакате да бидете сигурни дека темелно сте ја отстраниле шминката, со помош на едно стапче за чепкање на уши, на кое претходно сте нанеле отстранувач за шминка, нежно поминете низ трепките.


2. Маслен или бифазен отстранувач на шминка

Доколку сакате отстранувач за маскара кој има двојно дејство, односно ја вади шминката и истовремено ги негува трепките, тогаш ви препорачувам маслен или бифазен отстранувач за шминка. И двата отстранувачи може да ги направите сами дома без да потрошите цело богатство за скапи производи од овој вид. Како маслен отстранувач може да користите било кое масло како бадемово, кокосово, маслиново и.т.н. Сѐ што треба да направите е да земете едно памукче или дискета и да ја намокрите со маслку водичка. Врз него ставете го маслото што се го одбрале и нежно отстранете ја маскарата.

И двофазниот отстранувач на шминка може многу лесно да го направите сами. За сите инструкции како да го направите во домашни услови прочитајте овде http://biodevojka.blogspot.mk/2015/02/blog-post_14.html


И во двата случаи следете го упатството за отстранување на шминка кое ви го дадов погоре.

3. Избор на маскара

Многу е важен и изборот на маскара со оглед на тоа што голем број на маскари содржат и штетни состојки како нафтени деривати и силикони. Моја препорака ви е да бирате што поприродни маскари, по можност органски, и да ги избегнувате оние водоотпорните, или да ги користите во посебни пригоди. Водоотпорните маскари тешко се отстрануваат од трепките и потребно е повеќе притискање и триење кое претставува стрес за самите трепки и ги ослабнува.


4. Третман со масла за погусти трепки

Не постои производ кој сите мора да го имаме, меѓутоа секоја од нас пронаоѓа барем едно нешто без кое не може повеќе. Ете за мене тоа нешто е рицинусовото масло. Откако почнав да го користам не можам да замислам една вечер а да не го нанесам на трепките. Како што нашата коса има потреба од специфични третмани за зајкнување и сјај, истата потреба ја имаат и нашите трепки. Ви препорачувам секоја вечер да нанесете некое масло како рицинусово, маслиново или арганово (бирајте секогаш чисти масла без парафински или силиконски додатоци) и оставете да делува преку ноќ. Може да го нанесете со помош на чепкалка за уши, или пак чиста четка од стара маскара. Со редовна употреба на маслата, од ден на ден ќе гледате како вашите трепки стануваат сѐ поздрави и посјајни.


Како вие се грижите за вашите трепки и дали користите природни масла како третман?

Вики
No comments:

 

Wednesday, March 16, 2016


Како сами да направиме парфимиран спреј за тело


Парфимираните спрејови за тело се навистина прекрасни затоа што претставуваат еден вид на алтернатива на парфемите, особено летно време кога сакаме да ја освежиме кожата и прекрасно да мирисаме. Домашната верзија на парфимираните спрејови е одличен начин да се забавуваме и на сопствен начин да ги галиме сетилата, обвивајќи ја нашата кожа со мирис кој ни се допаѓа и во кој уживаме.

Токму затоа во денешнава статија ќе ви кажам како сами дома на најлесен можен начин да подготвите персонализирани парфимирани спрејови за тело. Во зависност од состојките кои ги имате на располагање, ќе ви дадам три варијанти на парфимиран спреј (сите без алкохол), а мирисот секако ќе го изберете самите вие според вашиот сопствен вкус.

1. Парфимиран спреј од ванила

Оваа верзија е наједноставна која може да постои, доколку сте љубители на мирисот на ванила на вашата кожа. Сѐ што ви треба за да го подготвите овој навистина едноставен спреј е деминерализирана вода и екстракт од ванила (оној за правење колачи кој ќе го најдете во било кој супермаркет). Внимавајте само екстрактот да биде воден а не маслен.


Во едно празно спреј шише (може да рециклирате некое од завршен парфем или деодоранс) најнапред ставете околу 100 мл. деминерализирана вода и додадете малку екстракт од ванила. Количината на ванила зависи од вашиот сопствен вкус, меѓутоа не претерувајте, сепак е доста концентрирано. Протресете го шишенцето и вашиот спреј е готов. Може да го испрскате на кожата секојпат кога ќе посакате да ја освежите кожата и да уживате во прекрасниот мирис на ванила.


Вака подготвениот спреј ќе ви трае месец дена.

2. Парфимиран спреј со глицерин и етерични масла

За овој парфимиран спреј потребно е да имате глицерин (најдобро од растително потекло кој може да го најдете во аптека) и секако етерични масла по ваш избор. Глицеринот во овој рецепт ќе служи како фиксатор на мирисот, со цел истиот подолго да се чувствува на кожата. Освен тоа глицеринот има и прекрасен ефект на самата кожа со оглед на тоа што ја задржува влагата, ја спречува дехидратацијата и ја прави кожата помека.

Во едно празно спреј шишенце ставете 100 мл. деминерализирана вода, 5 гр. глицерин, односно една кафена лажичка (соодносот на глицеринот треба да биде 5%), и етерични масла по избор (20 капки етерично масло). Со оглед на тоа што го направив за една другарка, користев комбинација од цитрусни масла кои имаат горна нота со мал процент лаванда која има срцева нота за да мирисите подолго се задржат на кожата (ми фалеше некое етерично масло со долна нота).


Убаво протресете го шишето и вашиот парфимиран спреј е готов. Оставете производот да отстои еден ден, па проверете ја јачината на парфемот на вашата кожа. Доколку немате дома етерични масла, овој сореј може да го направите и со некој парфем кој ви е омилен (најдобро доколку е поприроден). Во смесата ставете една до две кафени лажички од самиот парфем и уживајте во неговиот мирис по целото тело.

Вака подготвениот спреј ќе ви трае месец дена, иако е без конзерванси, затоа што на некој начин глицеринот ќе се потруди производот да потрае подолго.

3. Парфимиран спреј со алое вера гел

Овој парфимиран спреј има огормо хидратантно и омекнувачко дејство врз кожата, меѓутоа не трае месец дена како претходниот.

Во една пластична чашка најнапред ставете половина супена лажица нишесте и 20 капки етерично масло од лаванда (или друго по ваш избор). Оставете малку мирисот на лаванда да се спои со нишестето (околу половина час) и потоа додадете една супена лажица алое вера гел. Додадете и 100 мл. деминерализирана вода и префрлете ја течноста во едно празно спреј шише. Убаво протресете и вашиот спреј е готов.


Трае од 10 дена до две недели.


Важно:  некои видови на етерични масла (лимон, портокал, бергамот итн.) се фотонестабилни и доколку се нанесат на кожата истата не смее да се изложува на сонце 12 часа по нанесувањето на етеричното масло. Доколку имате намера производот да го користите за време на летниот период, кога сме повеќе изложени на сончевите зраци, бирајте етерични масла кои се фотостабилни.

За на крај, ослободете ја вашата фантазија, набавете ги потребните состојки и почнете да експериментирате. Ќе се зачудите од задоволството кое ќе го почувствувате кога во рака ќе го држите вашиот прв домашен производ.

 

Thursday, March 10, 2016


Витамински третман за прекрасна кожа


Здраво драги мои,

пред недела дена чичко ми ми подари органски нетретирани киви од неговата градина. Мислам дека во неделата што измина изедов киви за цел живот :).

Со оглед на тоа што од сите природни состојки се обидувам да извлечам максимум (како внатрешно така и надворешно), се решив да направам еден комплетен третман за убава, здрава и сјајна кожа токму со едно киви. А секако, како што веќе знаете, сѐ што е интересно и корисно веднаш го споделувам со сите вас овде на блогот.

Ова овошје е навистина многу богато со витамин Ц, но и витамин Е, кои се од огромна важност во спречувањето на штетното дејство на слободните радикали врз кожата. Одлично е за сите оние кои имаат масна кожа склона кон акни и митесери, има благ избелувачки ефект врз самата кожа и секако, има анти ејџ ефект со оглед на тоа што го помага производството на колаген. Кивито е вистински рудник на витамини и минерали и дава огромен здрав сјај на кожата, кој и те како ни е потребен особено при преминот од зима кон пролет.


За овој третман да биде комплетен ќе ви предложам пилинг и маска од киви, кои се навистина многу едноставни за подготвување и имаат фантастично дејство врз кожата. Ајде да видиме што сѐ ни е потребно за нивната подготовка.

1. Пилинг за лице од киви

- половина зрело киви;
- две лажици шеќер;
- една лажица масло по ваш избор (бадемово, маслиново сончогледово)


Со помош на еден блендер (или рачен блендер) изблендирајте ја количината на киви која ви ја предложив. Доколку немате блендер земете навистина зрело киви и згмечете го со помош на една вилушка. Додадете го шеќерот и маслото и убаво промешајте. Со оваа смеса направете благ пилинг на кожата.

Семките од кивито се многу важни во овој пилинг затоа што заедно со шеќерот (ви советувам бел затоа што интегралниот е погруб и доколку имате чувствителна кожа може да предизвика проблем), одлично ги отстранува мртвите клетки од кожата, ја хидрираат кожата и го отстрануваат вишокот на себум.


Овој пилинг пожелно е да се прави еднаш неделно (не почесто).

2. Маска од киви

- половина зрело киви;
- една кафена лажичка мед (веганите може да користат малтекс или маџун);
- една лажица јогурт (веганите може да стават некое растително млеко);
- две кафени лажички зелена глина

Најнапред во блендер ставете го медот, кивито и јогуртот и убаво изблендирајте. Префрлете ја смесата во еден сад и додадете ја зелената глина (внимавајте да не користите метална лажица туку дрвена или пластична). Доколку маската не е доволно густа додадете уште малку зелена глина. Оваа маска нанесете ја на лицето по употребата на пилингот, држете ја 15 мин. и измијте ја убаво со млака вода. По неа нанесете тоник и вашиот омилен хидратантен крем за лице.


Во оваа маска главна ѕвезда е секако нашето омилено киви кое има анти ејџ и избелувачки ефект. Во комбинација со зелената глина и медот одлично ја прочистува кожата и делува како средство против акни, а јогуртот секако ја омекнува кожата.

Овој третман е навистина витаминска бомба за вашата кожа, ќе ги отстрани трагите на замор и ќе го подобри тенот доколку кожата ви изгледа сиво и безживотно.

Вие секако доколку ја направите, споделете ги овде вашите искуства.

Поздрав
Вики

Monday, March 7, 2016


Најдобрите етерични масла со антицелулитно дејство


Антицелулитните третмани пожелно е да се прават во текот на целата година, меѓутоа за време на зимскиот период некако сме помалку активни, покриени со еден куп облека и најчесто на оваа тема размислуваме со појавата на првите сончеви денови. Тогаш почнуваме со антицелулитни третмани, масажи, купуваме масла, креми и какви сѐ не производи за домашни третмани. Јас лично ги обожавам маслата како производ за третирање на оваа проблематика со оглед на тоа што при нивното нанесување се прави и кратка масажа, која го зголемува дејството на главните компоненти и секако ја поттикнува циркулацијата.

Голем број на антицелулитни масла содржат или екстракти или етерични масла кои се наменети за оваа проблематика, и токму во оваа статија ќе ги разгледаме најдобрите  антицелулитни етерични масла, и оваа година порано ќе се подготвиме за летниот период.


Етеричните масла се корисни во антицелулитните третмани затоа што ги содржат најдобрите активни состојки од растенијата од кои се извлечени. Без нив базното масло, преку кое истиве се аплицираат, не би имало толкаво дејство само по себе. Постојат поголем број на етерични масла кои се одлични како антицелулитен третман, со оглед на тоа што постојат голем број на билки богати со корисни состојки од овој вид, меѓутоа во продолжение ќе ви ги наведам оние најефикасните кои лесно може да се најдат и кај нас.

1. Етерично масло од рузмарин

Според мене, ова етерично масло е едно од најдобрите кога станува збор за антицелулитните третмани. Негово основно дејство е да ја подобри микроциркулацијата, а со самото тоа и да го спречува задржувањето на течности. Што помалку течности се задржуваат во организмот, толку помалку целулит се формира. Ова масло исто така има и липолитична активност, односно го помага топењето на мастите. Одлично е во комбинација со некое од цитрусните масла како портокал, лимон, мандарина или цитрон.



 2. Етерично масло од лимон

Етеричното масло од лимон е исто така одлично како антицелулитен третман со оглед на тоа што ја стимулира лимфната циркулацијата и помага во исфрлувањето на токсините од организмот. Сличен ефект има и етеричното масло од грејпфрут.


3. Етерично масло од горчлив портокал

Иако целулитот се нарекува кора од портокал и на сите слики е претставен токму со кора од портокал, малкумина знаат дека токму портокалот (односно етеричното масло) е голем алеат во антицелулитните третмани. Ова етерично масло ја прави кожата позатегната, покомпактна и помазна. Одлично се комбинира со скоро сите останати етерични масла кои служат за оваа намена.

4. Eтерично масло од лаванда

Освен атицелулитните бенефиции, ова етерично масло е од огромна корист и во третманите против стрии. Одлично ја измазнува и затега кожата, ја враќа еластичноста и има смирувачки ефект. Кожата е посвиленкаста и помека.



5. Етерично масло од цимет

Ова етерично масло има затоплувачко дејство врз кожата, ја подобрува крвната циркулација и го помага исфрлувањето на токсините.

6.  Етерично масло од мента

 За разлика од многу етерични антицелулитни масла кои згреваат, ова етерично масло дава разладувачки ефект врз кожата. Одлично е доколку страдате од подуеност во нозете со оглед на тоа што веднаш дава чувство на олеснување.



Секако постојат и многу други ефикасни етерични масла како: чемпрес, гераниум, ќедар, ѓумбир и др., меѓутоа потешко се наоѓаат кај нас, а мојата цел е да ви предложам нешто што лесно ќе го најдете во продавниците за здрава храна и аптеките низ републикава.

Одберете си едно или повеќе од горе предложените масла, затоа што во една од следните статии ќе ви предложам едно фантастично домашно антицелулитно масло, кое има огромен ефект.

Запомнете дека етеричните масла не се нанесуваат чисти на кожата туку растворени во некое базно масло во различна пропорција во зависност од намената. Доколку сакате да се информирате повеќе околу етеричните масла, ви советувам да ја прочитате и следнава статија http://biodevojka.blogspot.mk/2015/02/blog-post_16.html.

Доколку сте бремени, не е препорачливо да се прават антицелулитни масажи со оглед на тоа што голем дел од етеричните масла кои имаат токму антицелулитно дејство не се дозволени за време на бременоста.

Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист, а како што нагласив во една од следните статии заедно ќе направиме прекрасно антицелулитно масло кое дава одлични резултати во комбинација со умерена исхрана, многу течности и блага масажа.

Поздрав
Вики



 

Friday, March 4, 2016


Најефикасен и најевтин третман за избелување на дамки на кожата


Здраво драги мои,

во една од минатите статии говорев за природните состојки кои помагаат во избелувањето на дамките на кожата http://biodevojka.blogspot.mk/2015/04/blog-post_49.html. Денес сакам да говорам подетално за една од тие состојки, односно витаминот Ц, и да ви предложам еден фантастичен третман кој дава неверојатни резултати, не само како избелувач на флеките (без разлика дали се од сонцето или флеки пост акни), туку и како анти ејџ третман со оглед на тоа што витаминот Ц има способност да го регенерира ткивото и да го помогне обновувањето на клетките. Резултатите од овој вид на третман се видливи веќе по неколку апликаци.

Витаминот Ц е многу моќен антиоксиданс и го спречува дејството на слободните радикали, а со тоа го спречува и предвременото стареење на кожата. Го стимулира производството на колаген, ги намалува црвенилата и иритациите на кожата, одлично ги избелува дамките на лицето и го изедначува тенот на кожата. Во денешни услови на живот со стрес, смог и лош начин на исхрана, овој витамин и те како е од огромна важност не само за нашиот организам (внесен орално), туку и за нашата кожа (користен локално).


Овој третман го имам веќе пробано пред неколку години и најискрено веќе подолго време се мислев дали да ви го предложам или не, со оглед на тоа што витаминот Ц тешко се наоѓа кај нас во онаа форма во која јас го користев (чист во прав), меѓутоа со оглед на тоа што со малку пари добивате фантастични резултати во третманите на флеки и лузнички на кожата, не можев а да не споделам со сите вас нешто олку едноставно а сепак многу моќно. Токму затоа се решив да експериментирам со сите видови на витамин Ц кои се достапни кај нас и да ви кажам какви резултати добивате.

Најнапред само едно појаснување: станува сепак збор за киселина со која треба да бидеме навистина внимателни. Во третманите со витамин Ц важи правилото помалку е повеќе, затоа што различно реагира кај сите видови на кожа. Меѓутоа како што ќе ве водам во статијава за третманот, секако ќе ви кажам и како да ја бирате дозата во зависност од вашиот вид на кожа, а секако после самите вие во зависност од ефектот кој го дава лично кај вас ќе си ја одредите вистинската доза која одговара токму за вашиот тип на кожа.

Витаминот Ц (ascorbic acid) е многу нестабилен како состојка и во контакт со воздух, светлина итн. навистина многу брзо оксидира и го губи дејството. Негова постабилна варијанта која обично се користи во производите за нега на лицето е Ascorbyl palmitate. Како што веќе напоменав направив проба со разни форми на витaмин Ц кои лесно може да се најдат кај нас и тоа:


- обична таблетка на витамин Ц од 500 мг.
- ампула вит. Ц од 500 мг.
- шумлива таблетка вит. Ц
- капки вит. Ц

Најнапред ампулата со вит. Ц освен витаминот содржи и вода и додатни состојки за прочистување, меѓутоа од декларацијата воопшто не успеав да сфатам во колкав процент е растворена. Наменета е за внатрешна употреба, меѓутоа со оглед на тоа што овде станува збор за локално нанесување ја користев со тоа што мокрев едно памукче па ставав мал дел од течноста. Чувствував мало пецкање на лицето, најверојатно како резултат од некоја од пропратните компоненти. Со оглед на тоа што е течност и сепак не се користи цела одеднаш, не ми изгледаше многу комотна, затоа што во рок од два дена не може да се искористи цела, а потоа оксидира. Според мене не е многу практична за употреба.

Шумливата таблетка исто така освен вит. Ц содржи и други состојки, меѓу кои и лимонска киселина која може да ви создаде проблем особено ако имате чувствителна кожа. Процентот на вит. Ц во една таблетка е многу мал, така да и оваа не ми се допадна како метод.

Она што кај мене најдобро функционираше е најобичната таблетка вит. Ц од 500 мг (ова е сосема доволно не земајте од 1000 мг.). Јас ја користев на следниов начин: таблетката прво ја делев на два дела а потоа и на четири, една четвртинка ја дробев додека да се претвори во прав, па додавав малку деминерализирана вода (околу 2 прста) и мешав додека убаво да се раствори. Со помош на едно памукче го мачкав лицето не само каде што имам дамки туку комплетно целото лице. Оваа доза ви ја препорачувам како почетен третман.


Капките вит. Ц не успеав да ги пробам, меѓутоа доколку ги имате може да намокрите едно памукче со вода (најдобро деминерализирана) и да капнете три капки. Со ова памукче исчистете го лицето.

Доколку живеете во друга земја (знам дека има голем број на девојки кои ме следат од други земји), во тој случај од аптека купете чист вит. Ц во прав кој е најдобар, и растворете мала количина (на врвот на едно мало лажиче) во два прста деминерализирана вода. За жал во оваа форма го нема во Македонија, барем не во Скопје.

Еве како да извлечете максимум од овој третман и како правилно да го изведувате за да нема несакани последици:

- како што реков, според мене најдобро е да купите обична таблетка Ц витамин од 500 мг. и да почнете да ја користите најнапред една четвртина од таблетката во два прста деминерализирана вода. Користете ја секоја вечер откако убаво ќе го исчистите лицето. Откако ќе ја нанесете течноста почекајте најмалку 15 до 20 мин. пред да го нанесете кремот за лице. Доколку имате чувствителна кожа и почувствувате пецкање од оваа доза, во тој случај нанесете ја на секои три дена, меѓутоа доколку вашата кожа навистина негативно реагира не го правете воопшто третманов. Во наредните статии ќе пишувам и за други третмани за избелување кои функционираат.

- фреквенцијата со која треба да се прави е следнава: правете го третманов еднаш дневно (најдобро навечер) во рок од недела дена, направете пауза недела дена па повторно продолжете уште две недели со третманот. Повторно направете пауза од недела па користете го три недели по ред. Ќе видите дека уште од првата недела ќе имате првични резултати во избелувањето на дамките. Овој третман секако не треба да се прави постојано, само одредени периоди, односно додека имате потреба од него.

- што се однесува до дозата почнете со онаа што ви ја препорачав и забележувајте како вашето лице реагира на неа. Кај мене, идеалната доза е половина таблетка во еден ипол прст вода, меѓутоа постепено стигнав до оваа доза. Кај секоја кожа дозата е индивидуална и треба сами да ја пронајдете, меѓутоа внимавајте да не претерате, сепак станува збор за киселина и во случајов помалку е повеќе, не претерувајте со дозите. Максимум може да растворите половина таблетка во два прсти вода, откако веќе сте го направиле овој третман двапати по ред.


- најдобри резултати овој третман дава ако вит. Ц се користи во комбинација со витаминот Е или кај повозрасната кожа делува комбинацијата А+Ц+Е. Откако ќе го нанесете растворот на вит. Ц (овој раствор сам по себе нема никакво хидратантно дејство, целта му е да го нанесеме вит. Ц на кожата) почекајте 15 до 20 мин. па потоа нанесете убав крем за лице богат со вит. Е или пак мешавина на алое вера гел о некое масло богато со вит. Е како: масло од арган, масло од авокадо, масло од пченични никулци, рицинусово масло итн. Запомнете маслата да ги нанесувате со алое вера гел или пак да го навлажните лицето со малку вода пред да го нанесете самото масло.

- за да биде успешен овој третман сетете се да го правите “свеж“ пред секоја употреба, а течноста што ќе ви остане фрлете ја затоа што ќе оксидира.

Навистина резултатите од овој третман се фантастични, а со малку пари (60 денари за целиот третман) ќе добиете резултати кои ќе ве остават без зборови.

Поздрав
Вики


No comments:

 

Wednesday, February 24, 2016


Минерална пудра во прав наспроти компактна крем пудра


Откако ги објавив статиите каков тип на пудра одговара според типот на кожата и потребите, добив навистина многу прашања каква пудра подобро издржува на лицето во однос на трајност, прикривност и хидратација за кожата. Јас моментално имам две пудри (минерална во прав и компактна крем пудра) кои лично ги користам и одговараат како за комбинирана кожа така и за сува (многу е важен и начинот на апликација), па еве ги ставив на тест, за да ви покажам како делуваат врз кожата и секако крајниот ефект по цел изминат ден со нив.


Да започнеме со минералната пудра во прав. Онаа која јас ја имам ја има следнава декларација

Kaolin, Mica, Zinc Stearate, Silica, Magnesium Silicate, Prunus Armeniaca Kernel Oil*, Isoamyl Laurate, Tocopherol, Tourmaline, Aloe Barbadensis Leaf Juice Powder*, Helianthus Annuus Seed Oil, Ascorbyl Palmitate, Parfum**, [+/- CI 77891, CI 77499, CI 77492, CI 77491, CI 77163]

Пудрава дава мат ефект на лицето поради присуството на каолин и силика во самиот производ, меѓутоа одлично прикрива проширени пори, односно ја намалува нивната видливост. Може да ви кажам дека ги минимизира малите брчки на лицето, затоа што минералите присутни во овој тип на пудра на нежен начин ја рефлектираат  дневната светлина и даваат многу убав свиленкаст сјај и изедначен тен. Покривноста не е голема, би рекла дека има средна покривност и одлично ја оддржува кожата сува, во смисла дури и по цел ден со овој вид на пудра кожата нема воопшто да ви светне или пак минимално ќе светне (зависи од видот на вашата кожа). Ова е доколку ја користите пудрата таква каква што е, односно во прав со помош на една четка или пак сунѓерче (лично ги пробав двата методи и со четка апликацијата е доста полесна). Доколку имате комбинирана до масна кожа, нанесете ја пудрата на овој начин затоа што верувајте ми кожата многу минимално ќе светне и тоа веќе при крај на денот.

Еве слика од пудрата кога ја нанесов околу 12 часот на пладне


Еве слика од лицето во 23 часот навечер


На втората слика кожата е благо светната само на челото, меѓутоа е доста сува кај носот и образите, што верувајте ми не е секогаш случај со оглед на тоа што со некои пудри знам да светнам како лампион.

Доколку имате сува кожа, пробав два начини на апликација на овој производ кои се одлични за да го потенцираат крајниот ефект на сјајна и убаво изедначена кожа. Едниот е доколку пудрата ја нанесете со додаток на термална или обична вода или тоник за лице. Четката намокрете ја со малку вода или испрскајте малку термална вода или тоник, па земете малку од пудрата. На овој начин нема да ја чувствувате кожата дека ви затега, а сепак ќе имате убав изедначен тен и природен сјај.
Вториот начин е оној за кој веќе имам говорено, односно мал дел од пудрата помешајте ја со вашата дневна крема за лице и со помош на прстите нанесете ја на лицето. На тој начин кожата ја добива целата потребна хидратација од вашата крема плус сите бенефиции од минералната пудра во прав. Подобро не може да биде!!!

Кога станува збор за компактната пудра онаа која ја имам јас ја има следнава декларација



Helianthus Annuus Hybrid Oil*, Magnesium Silicate, Tricaprylin, Mica, Simmondsia Chinensis Seed Oil*, Euphorbia Cerifera Cera, Cera Alba, Prunus Amygdalus Dulcis Oil, Copernicia Cerifera Cera, Rhus Verniciflua Peel Cera, Silica, Hydrolyzed Silk, Tocopherol, Hydrogenated Palm Glycerides Citrate, Caprylic/Capric Triglyceride, Parfum**, Linalool**, CI 77891, CI 77492, CI 77491, CI 75470

Јас најчесто ја аплицирам директно со сунѓерчето кое е во самиот производ без да го мокрам со вода. Текстурата на оваа пудра е доста богата и кремаста и има одлична покривност (за нијанса подобра покривност од минералната), а делува сепак природно. Кожата има убав природен сјај. Што се однесува до светењето кое обично се појавува кај масната кожа, морам да напоменам дека кај мене лично добро издржува меѓутоа ова е секако индивидуално. Подобра од овој аспект е минералната пудра во прав која одлично ја оддржува кожата без да светне, затоа што оваа по неколку часа може да направи кожата малку да свети (доколку имате помасна кожа). Многу е важен и изборот на крема за лице која ја користите.

Еве ја апликацијата во 12 часот на пладне


Оваа крем пудра дава неверојантен сјај на кожата и изглед на здрава кожа.

И еве по скоро 11 часа односно во 23 часот навечер


На крај направив експеримент користејќи ги двете заедно. Најнапред ставив тенок слој на минерална пудра само на Т зоната, а врз неа малку од комактнава. Резултатот беше фантастичен. Пудрата навистина долго траеше, кожата светна минимално, а покривноста е поголема отколку двете пудри посебно. Секако ова е одлично за вечерно излегување или доколку имате потреба од поголема покривност.

Ете, ова е моето искуство со пудрите, а вие секако во согласност со вашите потреби и можности изберете една, или пак двете заедно за подобар ефект.

Поздрав и се читаме наскоро.
Вики

Monday, February 22, 2016


Направи сам: богат крем за нега на сувата кожа на рацете


На сите ни се допаѓаат прекрасни и убаво негувани раце со налакирани и убаво обликувани нокти, кои на некој начин се наша визит карта. Меѓутоа честопати кожата на рацете е сува, пецка и недоволно нахранета, а тоа се должи на многубројните миења на рацете со агресивни гелови, атмосферските услови или миењето на садови без заштитни ракавици.

Доколку сте во потрага по еден навистина богат крем кој одлично ќе ја негува кожата на вашите раце, а притоа е комплетно природен во тој случај продолжете да читате. Во денешнава статија ќе ви предложам еден навистина прекрасен крем за раце кој јас лично го обожавам. Може да го направите според она што го имате во сопствените кујни и секако да го персонализирате според вашиот сопствен вкус. Ајде да започнеме.

За овој рецепт потребно ви е:


- четири супени лажици маслиново масло;
- една ипол полна кафена лажичка шеа путер (ако немате може и кокосово масло);
- една супена лажица пчелин восок;
- една ипол супена лажица деминерализирана вода (или ружина вода);
- пет капки етерично масло по ваш вкус (доколку немате не мора)

Во една чашка ставете го шеа путерот (или кокосовото масло), маслиновото масло и пчелиниот восок и топете ги на пареа (врз тенџерче со вода).


Откако ќе се стопи ставете врз тенџерчето со пареа чашка во која ќе ја ставите водата и кратко стоплете ја за да и двете фази бидат приближно топли. Јас користев ружина вода.


Ставете ја водата во маслото и ставете ја чашката во едно тенџере со ладна вода.


Почнете енергично да мешате со една лажичка или пак, доколку сакате да си ја олесните процедурата, употребете мал миксер. Малку промешајте па доколку сакате додадете пет капки етерично масло по ваш избор. Јас користев етерично масло од роза.


Смесата како што се лади под дејство на ладната вода станува сѐ погуста и покремаста, и откако ќе ја добие посакуваната структура престанете да матите.


Префрлете ја смесата во едно чисто кутивче и ете вашиот крем е готов.

Овој крем е навистина многу хранлив и одлично ја негува кожата на рацете. Може слободно да го употребувате и како крем за нега на петиците, доколку имате суви петици. Доволна е сосема мала количина како оваа на сликата за да ги покриете двете раце.



На почетокот ќе ви се чини дека не се впива ама откако ќе ја нанесете почекајте околу минутка и ќе видите дека кожата ќе ја впие. Важно е што не остава бела трага како некои креми кога ќе ги намачкате на рацете.


Се надевам дека овој рецепт ви се допадна и дека ќе се обидете да го направите. Доколку е тоа така, оставете кометар под самиот текст.

Поздрав и до скоро читање.
Вики

 

Wednesday, February 17, 2016


Идеална пудра за комбинирана до масна кожа?


Здраво драги мои,

како што ви ветив, еве го и вториот дел посветен на совети при изборот на пудра која е одлична за комбинирана до масна кожа. Ќе говориме за состојките кои треба да ги содржи идеалната пудра за ваквиот тип на кожа, како да го избегнете светењето на кожата, а и да направите самата пудра да трае подолго.

При изборот на една одлична пудра за комбинирана до масна кожа треба да внимавате да производот има два квалитети истовремено и тоа: да хидрира и да има лесна структура. Фактот што кожата е масна и има вишок на себум не значи дека нема потреба од хидратација, туку баш напротив. Пудрата која ќе ја изберете треба да биде на база на алое вера гел или вода и со помал процент на маслени состојки.

Како прво правило и тука важи да се избегнуваат производи на база на силикони и нафтени деривати кои создаваат филм врз кожата и даваат лажен мазен изглед. Силиконите како што многупати имам напоменато се лепат за самата кожа и многу тешко може да се измијат доколку продолжите со употребата на силиконски производи.

Секоја кожа има свои потреби и се разликува една од друга, така да кај некои девојки подобар резултат ќе даде токму пудрата во прав (најдобро минералната пудра) која лесно ќе ја прикрие кожата, ке го регулира вишокот на себум кој придонесува до светење на кожата, а сепак ќе ја остави кожата да дише. Важен предуслов за една пудра (особено ако ја употребуваме секојдневно) е да не ја запушува кожата, туку напротив да ја остави да дише. Затоа иделна пудра би била минералната пудра.


Една од главните состојки кои треба да бидат присутни во една добра пудра за комбинирана до масна кожа е силика (во декларацијата ќе ја најдете како silica), која одлично ги апсорбира маснотиите, дава свиленкаст финиш и што е најважно одлично ги прикрива проширените пори, а сепак кожата е слободна да дише. Силиката го подобрува перформансот на пудрите и дава убава текстура. Навистина од искуство ви кажувам дека одлично ја држи под контрола Т зоната.

Доколку сакате мал трик како да имате перфектна кожа која нема да свети во текот на целиот ден, најнапред на Т зоната ставете малку пудра во прав, па дури врз неа течна пудра. Знам дека звучи чудно и дека е против сите правила, меѓутоа го испробав и навистина функционира.

Доколку имате убава течна пудра наменета за вашиот вид на кожа, а немате пудра во прав, во тој случај ќе ви помогне една состојка која сигурно ја имате во вашите кујни а тоа е нишесте или густин. Земете многу мала количина од густинот и нанесете го на Т зоната со помош на една четка за пудра, па врз него нанесете ја течната пудра. Резултатот ќе биде сличен на оној со пудрата во прав.


Внимавајте само на златното правило помалку е повеќе, особено кога станува збор за пудрата во прав. Спротивно на она што се мисли, поголемата количина нема да ви даде и подобри резултати, затоа бидете умерени во апликацијата. Кога нанесувате пудра во прав или густин пред нанесувањето на течната пудра, внимавајте да нанесете навистина мала количина.

Само да напоменам дека од голема важност е и кремот што ќе го нанесете под самата пудра кој треба да одговара на масната кожа и да биде лесен.

Се надевам дека советиве ви беа од корист и дека статијава ви се допадна.
Поздрав
Вики

Tuesday, February 16, 2016


Идеална пудра за сува кожа?


Здраво драги мои,

денес ќе говориме за важноста на изборот на добра и пред сѐ соодветна пудра за лицето. Советите во оваа статија ќе се однесуваат пред сѐ според типот на кожата, и што е најважно, состојките во една пудра. Токму состојките во пудрата ја прават фондаменталната разлика при изборот на една пудра за одреден тип на кожа.

Доколку редовно ме читате веќе знаете дека прво нешто што кажувам е СТОП на силиконите и нафтените деривати. Секако дека целта на шминката (и пудрата како составен дел од неа) е да прикрива, маскира, бои итн., меѓутоа кога ги прави овие свои функции наштетувајќи и на кожата со запушување на порите, со силиконски филм кој не може комплетно да се отстрани и се таложи врз кожата, или со потенцијално комедогено дејство на нафтените деривати (зависи од видот, процентот во производот и секако типот на кожата), во тој случај убавината може и да не биде толку “убава“.

Затоа во оваа статија ќе се задржам секако на природната и органската козметика и совети како правилно да ја изберете токму оваа во зависност од вашиот тип на кожа. Овие совети се базирани како што веќе напоменав пред сѐ врз база на состојките во производот, а голем дел и врз база на моето лично искуство експериментирајќи со разни производи наменети за разни типови на кожа. За да не биде статијата премногу долга, денес ќе се задржиме само на нормална накај сува кожа, а за некој ден ќе објавам и за кобинирана до масна кожа.



Вистински избор на пудра за нормална до сува кожа

Одличната пудра за сува кожа е онаа хранлива, на база на масла, но и хидратантни состојки како на пример алое вера гел.

Најдобро решение според мене е сите оние кои имаат сува кожа да користат ББ крем со оглед на тоа што ваквиот вид на производ храни, негува и истовремено прикрива. Ова е всушност еден вид на крем на кој се додаваат пигменти во боја. Улогата на овој крем е да го изедначи тенот и да даде свиленкаст сјаен финиш на кожата, односно да направи да сувата кожа на некој начин “живне“ ако може така да кажам.

Друг вид на пудра која одговара за оние кои имаат сува кожа е крем пудра која има густа структура, обично во својот состав има масла, но и мика за поубав ефект на кожата. Би сакала да ви дадам пример за една декларација на компактна пудра која лично ја користам, односно онаа на алверде. Овој производ не суши и дава неверојатен сјај на кожата. Формулата е следна:

Helianthus Annuus Hybrid Oil*, Magnesium Silicate, Tricaprylin, Mica, Simmondsia Chinensis Seed Oil*, Euphorbia Cerifera Cera, Cera Alba, Prunus Amygdalus Dulcis Oil, Copernicia Cerifera Cera, Rhus Verniciflua Peel Cera, Silica, Hydrolyzed Silk, Tocopherol, Hydrogenated Palm Glycerides Citrate, Caprylic/Capric Triglyceride, Parfum**, Linalool**, CI 77891, CI 77492, CI 77491, CI 75470


Формула без алкохол со сончогледово масло, масло од јојоба, бадемово масло, мика и  восоци. Според мене одговара и на комбинирана и за сува кожа затоа што миксот на состојки на некој начин е идеален (она што ќе направи разлика е кремот под самата кожа). Го испробав и јас која имам комбинирана кожа (во последно време накај нормална), сестра ми која исто така има комбинирана кожа и две другарки со сува кожа. Коментарите без позитивни од сите нас. Кај мене и сестра ми кожата не светеше (она класично светење кога има вишок на себум), меѓутоа имаше прекрасен сјај. Беше компактна, изедначена, прошиените пори одлично покриени и со здрав изглед.

Кај другаркиве со сува кожа по апликацијата на крем соодветен за сува кожа, прскаа многу малку вода (вие доколку сакате може и термална вода) и ставаа од пудрава, и секако сјајот беше задржан, кожата хидрирана и изедначена. Она што тие лично го забележаа е дека исчезнува ефектот на сива безживотна кожа, која често е слулај кај оние со сува кожа.

Што се однесува до оној сатенски изглед на лицето кој се добива благодарение на камената или пудрата во прав, многу девојки со сува кожа се откажуваат од него поради тоа што главното дејство на овој тип на пудри е најнапред да направи кожата да не свети, а секако и да го апсорбира вишокот на маснотии од лицето. Сувата кожа нема потреба од производ кој ќе направи да не свети (и онака е сиромашна со себум), туку напротив има потреба да изгледа посјајна и здрава.


Доколку сакате сатенски финиш на вашата кожа пудрата која треба да ја одберете мора да содржи како главна состојка мика (mica) еден вид на минерал кој има неверојатна способност да не се меша ниту со вода ниту со масло. Значи не апсорбира влага или себум што е огромна предност за сувата кожа со оглед на тоа што овој минерал останува на лицето и дава еден прекрасен финиш без воопшто да ги апсорбира мастите од кутрата сува кожа која и онака е без или со малку себум. Во зависност од формулата и останатите состојки во производот, овој минерал може да дава мат или светол сатенски финиш. Затоа пред да купите производ на база на мика, пробајте тестерче за да видите каков е ефектот врз кожата.

Обично овој минерал се наоѓа на доста високи позиции во минералните пудри, меѓутоа како што напоменав важен е и неговиот сооднос со другите состојки. Еве ви пример на минерална пудра која дава мат ефект, станува збор за марката алверде:

Kaolin, Mica, Zinc Stearate, Silica, Magnesium Silicate, Prunus Armeniaca Kernel Oil*, Isoamyl Laurate, Tocopherol, Tourmaline, Aloe Barbadensis Leaf Juice Powder*, Helianthus Annuus Seed Oil, Ascorbyl Palmitate, Parfum**, [+/- CI 77891, CI 77499, CI 77492, CI 77491, CI 77163]

Овде ефектот кој ќе го добиете е мат со оглед на тоа што минералот мика е во “друштво“ на каолин (бела глина) и силика (Silica) кои вака заедно комбинирани даваат свиленкаст изглед на кожата, меѓутоа со мат ефект. Ја прават кожата компактна, сјајна и мат.

Секако овој вид на пудра би го препорачала за нормална до комбинирана кожа, меѓутоа го дадов како пример за да знаете горе долу од што зависат карактеристиките на една пудра. Доколку оваа минерална пудра сакаат да ја користат и оние со сува кожа, препорачувам да ја мешаат со својот дневен крем за лице. Мала количина од кремот во едно кутивче помешајте со малку минерална пудра, и нанесете ја смесата на лицето. На тој начин ќе може да ги извлечете сите бенефиции од двата производи.

Ви го оставам рецептот за домашниот ББ крем кој го направив токму со крем и минерална пудра http://biodevojka.blogspot.mk/2015/07/bb-cream.html

Се надевам дека сте задоволни од статијава и, како што веќе напоменав, во наредната продолжуваме со советите за избор на пудра за комбинирана до масна кожа.

Ве поздравувам
Вики


 

Saturday, January 30, 2016


Неодолив чоколаден крем путер

Здраво на сите,

изгледа дека оваа недела сум во знакот на чоколадото, правам само рецепти со какао, па еве решив така и да ја завршам неделата со еден фантастичен чоколаден крем путер за нега на кожата. Состојките кои ќе ги употребиме се спас за сува кожа, даваат мекост на кожата, интензивно ја хранат и ја задржуваат нејзината еластичност. Со еден збор овој путер е вистинска храна за нашата кожа. Навистина е многу лесно да се направи, а сѐ што ви е потребно за неговата изработка е:


- две полни супени лажици шеа путер;
- две полни супени лажици какао путер;
- една ипол полна лажица кокосово масло;
- две супени лажици масло по ваш избор
- една супена лажица какао
- ептен малку цимет (на врвче на една кафена лажичка)
- две супени лажици густин
- 10 капки етерично масло од портокал (ако немате не мора)
- две ампули витамин Е (ако немате не мора)

Во еден голем сад на пареа ставете ги путерите, маслата, какаото и циметот и растопете ги на пареа додека да добиете течна смеса.



Само да напоменам дека јас користев масло од авокадо во овој рецепт, меѓутоа вие може да ставите она што имате дома, маслиново, бадемово, невеново итн. Ставете го садот со смесата во фрижидер околу 30 мин. и откако ќе го извадите почнете да фрулате со помош на миксер или блендер. Откако ќе добиете убава кремаста смеса повторно вратете го во фрижидер уште 10 мин. Извадете, додадете две лажици густин и продолжете да фрулате сѐ додека не добиете убава кремаста структура како вистински крем. Немојте да го пробувате или јадете иако ќе ви доаѓа силна желба да го направите тоа :))))


Потоа додадете го етричното масло и витаминот Е, доколку ги користите, уште малку блендирајте и вашиот крем путер е готов.

Структурата може да биде помалку или повеќе густа во зависност од тоа дали го чувате на собна температура или во фрижидер, а мирисот е неодолив мириса на чоколадо и портокал.


Се нанесува на кожата по туширање или секојпат кога за тоа имате потреба. Во контакт со телесната топлина веднаш се топи.



Овој путер е идеален и како маска за коса пред шампонирање. Може да ја нанесете на благо навлажнета коса, да ја оставите најмалку саат време и убаво да измиете со шампон.

Се надевам дека и овој рецепт ви се допадна и дека ќе се обидете да го направите.
Поздрав и до скоро читање.
Вики
 

 

Sunday, January 17, 2016


Направи сам: миризливи бомби за бањање во стилот на Lush


Здраво драги мои,

одамна не сме направиле еден интересен проект заедно, а овој кој имам да ви го понудам ќе ве израдува вас и вашите најмили, а воедно е мојот омилен проект со оглед на тоа што обожавам ваков вид на производи кои кога ќе ги ставиш во кадата прават шшшшшшшшшшшш.....
Станува збор за бомбите за бањање во стилот на Lush.

Секако во продажба може да најдете најразни производи од овој вид со прекрасни бои, форми и мириси, меѓутоа кога ќе си ги направиме сами прво заштедуваме, потоа може да ги направиме по сопствен вкус, а на крај и сигурни сме што сме ставиле во нив. Ајде да започнеме со подготовката.

Потребни состојки за овој рецепт се:



- пет супени лажици сода бикарбона;
- две ипол супени лажици лимонтус (citric acid);
- една супена лажица нишесте (густин);
- една супена лажица какао путер или кокосово масло;


 - една супена лажица масло по ваш избор (маслиново, арган, бадемово итн);
- 10 капки етерично масло по ваш избор и вкус;
- силиконски модли или лампиони на расклопување;


- сушени цветови од роза или лаванда за украс (може да користите и пластични цветови, бомбони во вид на срца или она што вам ви се допаѓа како украс). Оваа количина може да ја зголемите (на пример дуплирате) во зависност од големината на вашата модла и во зависност од тоа колку производи сакате да направите.


Во еден стаклен сад помешајте ги содата, лимонтусот и нишестето па потоа додадете ги маслата и етеричното масло на крај. Вие може да ставите и две лажици бадемово масло на пример, меѓутоа од личните експерименти сфатив дека подобро е доколку се стави едно масло кое се стврднува, на пример какaо путер или кокосово масло, поради цврстината на финалниот производ. Со рацете мешајте ја смесата додека да добиете смеса како влажен песок и кога ќе ја стиснете во раката ја задржува формата и не се рони.


Земете го кутивчето или силиконската модла каде ќе го правите овој производ и најнапред ставете малку суви цветови или она кое сте го одбрале како украс, и врз него ставајте од смесата.


Доколку користите лампион на расклопување или било какво пластично топче на расклопување, ставете обилна количина од смесата во двата дела и притиснете убаво за да се спојат.



Оставете го така околу минута-две и внимателно извадете ги деловите. Ете вашата мирисна бомба е готова. Доколку користите силиконски модли убаво стискајте ја смесата во нив за да избегнете создавање на воздушни меурчиња во производот.


Ставете ја на еден пешкир да се суши, покријте ја со пешкирот и оставете ја така 24 часа. Ова е неопхoднo затоа што ако има поголема влага, производов под дејство на влагата може да почне да шушка што би се рекло и да се растопи. Пешкирот на некој начин ќе го спречи тоа. По истекот на времето вашата миризлива бомба за бањање е готова и може да ја завиткате во целофан или во проѕирна хартија за храна за да го задржи мирисот. Доколку користите силиконски модли оставете ја смесата да се суши покриена со пешкир во самата модла. Извадете ги дури по 24 часа, инаку ќе ви се растурат.


Јас направив една со мирис на роза и една со мирис на лаванда. Во таа со лаванда додадов и малку боја за храна за да добијам благо виолетова боја, меѓутоа само малку затоа што премногу боја може да ви ја обои кадата, така да не ризикувајте!!!



Овие производи прекрасно мирисаат и да не ги користите за бањање одлични се како украс во купатилото, а и фантастично ќе ви мириса самото купатило. Прекрасни се како подарок за некого или пак за уживанција со саканата личност.

Без разлика на кој начин ќе ги употребите вашите сетила ќе ви бидат благодарни.
Се надевам дека и оваа статија ви се допадна, а ние се читаме наскоро со нови интересни содржини и предлози.

Вики

Friday, January 15, 2016


Бакни ме...органски. Мал водич при изборот на добар кармин


Здраво на сите

еве ме со една навистина интересна статија за која добив многу барања од страна на читателките: кармините и состојките во нив.

Карминот претставува еден од покомплицираните производи кога станува збор за формулата и состојките во него. Многу тешко се наоѓа добар производ, а особено е важно што има во него со оглед на тоа што го нанесуваме на устата и во текот на животот “јадеме“ поголем дел од него.

За да ја извршува својата функција, карминот во својот состав треба да содржи:

- комбинација на масла кои може да бидат природни или синтетички;
- масни густи состојки кои може да бидат разни путери (шеа, какао, манго) или ланолин;
- восок кој може да биде од растително (каруба) или животинско потекло (пчелин восок);
- боја која може да биде пигмент од природно или синтетичко потекло
- антиоксиданси
- конзерванси.

Маслата, особено рицинусовото, се корстат затоа што на карминот му даваат висок сјај кога ќе се нанесе на усните, путерите (особено природните) се користат за да дадат хранлив ефект на производот, пчелиниот восок служи за да го зацврсне производот и да му даде одредена структура. Во кармините на кои пишува long lasting, односно оние кои кога ќе ги нанесете на усните и траат 12 часа, а за да ги извадите поминувате два часа во вадење со најразлични млека и масла за чистење на шминка. присутни се силиконски деривати како на пример TRIMETHYLSILOXYSILICATE кој всушност претставува комбинација од триметилсилоксиликат со циклометикон.


Во голем дел од традиционалните кармини се користат синтетички масла кои се најчесто нафтени деривати во комбинација со рицинусово масло кое се користи за да му даде голем сјај на производот, силикони кои даваат измазнувачки ефект, ланолин, BHT како антиоксиданс и парабени. Секако постојат и традиционални кармини кои се добро формулирани и за тоа ќе говориме понатаму во статијата.

Јас лично би ви препорачала да ги избегнувате сите овие кои ги набројав, меѓутоа доколку во вашиот град постои мала можност да најдете добро формулиран кармин, во тој случај еве започнете одбирајќи кармин кој не содржи силикони, ланолин и нафтени деривати.


 Обично (скоро секогаш) добро формулираните органски или природни кармини немаат трајност како оваа од 12 часа, меѓутоа сепак даваат убав изглед на усните на природен начин, притоа ги негуваат и што е најважно се сигурни, барем повеќето од нив, затоа што постојат и многу органски кармини со ланолин кои според мене треба да се избегнуваат без разлика на тоа што се органски.

За оваа статија прошетав низ продавниците за да ги разгледам најчесто продаваните кармини и да ви кажам кои кармини се ок од аспект на декларација, кои се органски, а кои традиционални марки на кармини се без силикони.

Најнапред да започнеме со оние органските кои лесно може да ги најдете кај нас а тоа се кармините на Alverde. Одлично избалансирани со убав микс на масла, путери, восок и природни пигменти. Оние кои јас најчесто ги користам и ги имам проверено се оние од линијата Color and Care во зелена опаковка. За жал има и кармини кои содржат ланолин (имаат сребрена опаковка) и тие ги избегнувам. Кога говорев за ланолинот кажав дека пожелно е да се избегнува дури и во органските производи со оглед на тоа што не може комплетно да биде прочистен од пестициди. Не велам дека сите видови на ланолин се исти, меѓутоа без лабораторискиот тест за пестициди не може да бидеме сигурни дури ни кога станува збор за органски производ затоа најдобро да се избегнува. Значи одлични се Color and Care во зелена опаковка како овој на сликата.


 Исто така во Скопје ја имам видено и органската марка на кармини LaveraTrend Sensitive иако малку потешко се наоѓа. И овие кармини се одлични како состав.

Една традиционална марка на кармини која за среќа не ставила силикони и нафтени деривати во производите е Essence, иако кармините содржат доста синтетички состојки. Доколку немате можност да купите органски кармин секако ова е помалку штетна варијанта од обичните традиционални кармини.

Другите марки кои се продаваат во Скопје (барем оние најпродаваните кои успеав да ги прегледам) содржат сите силикони и/или ланолин.

Во исчекување на некоја нова марка на органски кармини, се надевам дека статијава ви беше од корист. Ние се читаме наскоро. Ве гушкам.

Вики

Wednesday, January 13, 2016


Домашен третман за чиста кожа со етерични масла


Здраво на сите

веќе сите знаеме дека етеричните масла може да бидат од огромна корист за кожа со проблематики како проширени пори, акни, митесери итн. Во една статија веќе говорев за етеричните масла кои се најприкладни за овие неправилности кај кожата и ви кажав на кој начин може да ги употребуваме (http://biodevojka.blogspot.mk/2015/08/blog-post_16.html). Затоа денес ќе ви предложам еден супер ефикасен домашен третман кој има фантастично дејство врз кожата. Станува збор за треман со етерични масла на пареа.

Како функционира третманот?

Јас обично досега само го парев лицето над тенџерето со вода во кое ставав свежи или суви билки или пак етерични масла. Целта на ова е да етеричните масла со помош на пареата допрат до кожата кога порите се отворени со цел таа да има поголеми бенефиции од истите. Во последниов месец дена експериментирав со малку поинаков начин на користење на етеричните масла и тоа директно на кожата (не чисти директно на кожата, туку претходно разредени во базно масло) и верувајте ми ефектот е многу подобар. Третманов кој ќе ви го предложам јас лично го правев еднаш неделно користејќи два вида на етерични масла. Еве за што станува збор.

Најнапред лицето го чистев од шминката, го миев и правев благ пилинг. На тој начин кожата е подготвена за третманот на пареа. Земав една кафена лажичка арганово масло (вие може да употребите бадемово, јојоба, арган, кокосово...она што го имате дома) и капнував една капка етерично масло. Смесата ја нанесував на лицето со благи и нежни движења и започнував со третманот на парење. Времетраењето на третманот треба да биде 5 мин.(не повеќе, затоа што 5 мин. се сосема доволни) со повремена блага масажа на лицето. По истекот на времето лицето го миев со млака вода и нанесував маска од зелена глина и чоколадо (може да нанесете маска која најмногу ви одговара, уште подобро доколку е природна).


Кои етерични масла ги користев за овој третман и какви резултати видов?

Јас лично направив обид со две етерични масла кои дадоа фантастични резултати особено кај црнките на лицето и проширените пори, а тоа се етеричното масло од жалфија и чајно дрво. Два третмани направив со жалфија, а другите два со чајно дрво. Во една кафена лажичка арганово масло капнував една капка етерично масло од жалфија (во првите две недели а во вторите жалфијата ја заменив со чајно дрво) и со него го намачкав лицето пред да го изложам истото на пареа. Од време на време во текот на петте минути под пешкирот правев блага масажа на лицето со маслото. Забележав подобрување на лицето од аспект на прошиени пори на лицето и секако кожата беше навистина многу чиста и мазна по самиот третман. Од недела во недела бројот на црнките беше многу помал (ги имаме сите да не се лажеме). Со самата пареа од тенџерето етеричните масла кои овојпат се на кожата а не во тенџерето одлично навлегуваат во самата кожа и си го прават своето.


Доколку ги немате овие етерични масла секако може да пробате етерично масло од лаванда, лимон или рузмарин кои исто така се одлични.
Се надевам дека ви се допадна статијата и доколку се одлучите да го направите овој третман секако сетете се да пишете ваши импресии под самиот текст.

Поздрав и до скоро читање
Вики


 

Tuesday, December 22, 2015


Направи сам: антицелулитен пилинг путер


Здраво на сите,

еве уште еден проект направи сам, овојпат станува збор за антицелулитен пилинг, малку поинаков од она што досега сме го правеле. Овој пилинг е во цврста форма со што ќе ви го олесни не само нанесувањето и употребата, туку е лесно да го носите со себе на патување, без да носите теглички кои може да се скршат. Навистина е многу едноставно да се направи, а се што ви е потребно за да направите 3 антицелулитни путерчиња пилинг е:

- 200 гр. кафе
- 30 гр. пчелин восок
- 60 гр. кокосово масло
- 20 капки етерично масло по избор (може а и не мора)

Најнапред на пареа растопете го восокот, и кога ќе биде скоро растопен додадете го кокосовото мало и продолжете да мешате. Со таа смеса потопете го кафето и убаво промешајте додека не се намокри целото кафе со смесата. Работете бргу затоа што восокот како што се лади ќе се стврднува сѐ повеќе. Во едно калапче со вашите омилени форми, ставете ја смесата и убаво притиснете за да стигне до дното на калапот. Оставете ја цела ноќ во фрижидер и изутрината извадете ги вашите пилинг путерчиња.


Јас рецептот малку го збогатив со шеа путер (направив комбинација од 40 гр. кокосово масло со 20 гр. шеа путер). Вие секако доколку сакате може да експериментирате според сопствениот вкус: да додадете сол или шеќер (секако одземете од количината на кафето).


Овие пилинг путери се употребуваат многу лесно. Едноставно во тушот или кадата на навлажнета кожа масирајте го путерчето се додека не го покриете убаво саканиот дел. Потоа нежно масирајте со рацете и на крај исплакнете со млака вода.


Се надевам дека ви се допадна и овој интересен и доста едноставен рецепт и ќе се обидете да го направите.

Поздрав и се читаме наскоро.
Вики

 

Saturday, November 28, 2015


Направи сам: кремаста сенка за очи


Мене многу често ми се случува да купам некоја палета на сенки и да не бидам задоволна од некоја нијанса (во смисла на трајност и интензитет на бојата), и тогаш што правам....ја претворам во кремаста сенка која доста трае на окото, има прекрасен интензитет и што е најважно не се прават линии кои на никој од нас не му се допаѓаат. Доколку и вие дома имате некои сенки од кои не сте баш најзадоволни, во тој случај следете ги советите од оваа статија и претворете ги вашите “досадни“ сенки во нешто навистина многу интересно. Ајде да започнеме.

За оваа кремаста сенка потребни ви се:


- една лажичка пчелин восок
- една ипол лажичка масло (одберете помеѓу арганово, сончогледово, јојоба, оризово)
- сенка во прав или доколку сенката е компактна во тој случај изгребете ја

Во една чашка најнапред ставете го восокот и маслото и стопете ги на пареа.



Откако ќе се стопат тргнете ги од топлото.


Во оваа смеса додадете ја сенката. Убаво промешајте и смесата префрлете ја веднаш во финалното празно кутивче каде ќе ја чувате. Работете бргу затоа што восокот веднаш ќе се стврдне.


Ете, вашата сенка е готова. На следниве слики сакам да ви ја покажам разликата во интензитетот кога сенката е во прав и кога е во кремаста состојба.

Сенката пред


Сенката потоа


Се надевам дека и оваа статија ви се допадна и дека, одсега, сите сенки од кои не сте задоволни, едноставно ќе ги претворите во интересна кремаста сенка.

Совет плус: ако го направите рецептот со количините кои ви ги предложив сенката ќе биде кремаста но не премногу затоа што доминира восокот и треба повеќе да притиснете кога земате од производот. Доколку сакате покремаста и помека сенка која полесно ќе се нанесува на окото во тој случај намалете го пчелиниот восок, а зголемете ја количината на маслото.

Се читаме наскоро
Вики

Thursday, November 26, 2015


Многу едноставен балзам за усни од чоколадо


Здраво драги мои,

обожавам да правам балзами за усни и многу често експериментирам со разни состојки како пчелин восок, какао путер, шеа путер итн. Секојпат добивам производ кој има различна текстура, мирис и боја, меѓутоа сите тие имаат едно нешто заедничко: одлична хранлива моќ врз кожата на усните.

Откако веќе објавив рецепти за два навистина фантастични балзами за уста од кои едниот со пчелин восок, а другиот со какао путер, многумина од вас не успеваа да најдат некоја од состојките, или пак рецептите им изгледаа малку комплицирано, во смисла многу состојки за купување. Затоа во денешнава статија ќе направиме балзам за усни во кој нема да ставиме ни пчелин восок, ниту пак какао путер, а сепак ќе биде екстра хранлив и со одлична структура користејќи само три состојки кои многу лесно може да ги најдеме и тоа: кокосово масло, рицинусово масло и погодете што...хммммммм чоколадо!!!

За овој рецепт потребни ви се:

една кафена лажичка кокосово масло
една кафена лажичка рицинусово масло
еден ред чоколадо (3 до 4 коцки)
малку цимет во прав, на врвот од лажичката (не е обавезно, ставете го доколку имате дома)

Во еден сад ставете ги сите состојки и стопете ги на пареа. Убаво помешајте и доколку сакате оригинален мирис и вкус додадете малку цимет во прав (на врвот од лажичката). Префрлете ја смесата во едно празно чисто кутивче и ете, вашиот балзам за усни е готов.

Кокосовото масло е многу хранливо и ја омекнува кожата на усните. Рицинусовото масло дава огромен сјај на производот и на усните, а чоколадото во случајов ги заменува пчелиниот восок, шеа путерот или какао путерот и освен што ја храни кожата пред сѐ го користиме за зацврснување на производот. Може да користите бело, темно или млечно чоколадо по ваш избор (во зависност од она што го имате дома).


Од аспект на функционалност, овој балзам одлично ја навлажнува, негува и храни кожата.

Секако, доколку имате состојки како пчелин восок, разни путери и масла, во тој случај ве потсетувам на балзамите кои веќе ги имам предложено во овие две статии:

http://biodevojka.blogspot.mk/2015/09/blog-post_27.html

http://biodevojka.blogspot.mk/2015/02/blog-post_24.html

 

Tuesday, November 17, 2015


За убава и здрава кожа, оддржувајте правилна хигиена на четките за шминка


Секако, веќе ни стана навика редовно да го миеме лицето, да ја отстрануваме шминката навечер и да оддржуваме перфектна хигиена за убава и здрава кожа. Но што правиме кога станува збор за четките кои секојдневно ги користиме за шминкање? Колкаво внимание посветуваме за оддржување на нивната хигиена, колку често тоа го правиме и дали оддржувањето на хигиената на приборот за шминкање делува врз убавината на кожата? Да, и тоа многу.

Важно е да напоменам дека ова што во продолжение ќе го прочитате го пишувам од аспект на обична девојка која како многумина од вас обожава да се шминка. Многу е позабавно да се извалкаат четките со шминка (додека се експериментира и се испробуваат разни стилови и бои), а колку е здодевно кога истите треба да ги чистиме (верувајте ми и мене ми се темни кога треба ова да го правам), меѓутоа откако ќе помислам како миксот од секојдневната нечистотија, прав, остатоци од шминка и бактерии претставуваат опасност за кожата, и те како засукувам ракави и се фаќам за работа.


За да бидат чисти, четките треба темелно да се измијат еднаш неделно и за тоа нема потреба да трошите цело богатсво на скапи средства специјално креирани за оваа намена, затоа што и најобичниот шампон или гел за лице и тело ќе заврши работа. Затоа заборавете ги скапите средства кои чинат цело богатство, најдете блег шампон или гел и да започнеме со чистењето.

Еве како јас лично ги мијам четките со цел да ја задржам не само формата и квалитетот, туку да направам истите повеќе да ми траат и да го избегнам нивното предвремено уништување. Не велам дека мојот метод е најправилен на цел свет, ама за мене функционира, а ќе ви ги кажам и грешките кои ги направив поради кои уништив доста четки.

Најнапред четката ја мокрам со вода (внимавајте да не го намокрите делот кој ја спојува четката со дршката затоа што може лепакот да попушти и истата да се одлепи, мене ми се случи двапати). намокрете го само делот каде се наоѓаат влакната.


Потоа на дланката ставам мала количина на гел (јас најчесто четките ги мијам со истиот производ кој го користам за миење на лицето) и со прстите многу нежно поминувам низ влакната. Е сега, немојте никако одоздола да притискате со раката (да ја смачкувате четката), туку нежно со прстите чистете ја четката помеѓу влакната одозгора (убаво секое влекно) за да избегнете промена во формата на вашата четка (верувајте ми ќе стане бушава па оди после опрај ја!!!).


Потоа нежно измивате со топла вода (под чешма) и ете вашата четка е чиста.

Е сега, тука има и една важна работа. Колку повеќе користите поприродни производи како пудра, сенка, руж и.т.н. без силикони, толку побрзо ќе успеете да ја измиете четката. И тоа е веднаш воочливо.
Дали ви се случило четката од течната пудра да ја миете цел ден или пак сунѓерчето за нанесување на пудра да го гланцате и гланцате, а сепак е валкано и пудрата никако не излегува? Епа тоа драги мои се силиконите и штом толку тешко излегуваат од четките и сунгерчињата, замислете каков ефект имаат врз кожата.

Што се однесува до сушењето никако не употребувајте фен, ниту пак треба да ја ставате врз парно мислејќи дека побрзо ќе се исуши. Оставете ја да се исуши природно легната хоризнотално, меѓутоа внимавајте влакната да не бидат сплескани на рамна површина за да не ја деформирате четката. Најдобро е да ја потпрете четката на некој повисок предмет, меѓутоа да оставите главата на четката (онаму каде се влакната) да висат во воздух а не потпрени на рамна површина. За да се исушат помалите четки доволни се два часа, додека за поголемите (како мојава на сликата) потребна е цела ноќ.



Знам што ќе помислите, леле изгледа премногу комплицирано, премногу работа, меѓутоа верувајте ми, повеќе ви се исплаќа да се потрудите, затоа што кожата на вашето лице ќе ви биде навистина благодарна.

Друго нешто кое го сфатив (откако фрлив две четки) е никако ама НИКАКО не користете балзам за коса за да ги омекнете. Мене еднаш четките ми беа малце тврди и ај си велам малку балзам за коса и се ќе биде во ред. Откако се исушија, четките не го примаа убаво правот од сенките, пудрата или руменилото и ќе треба да ги фрлите.



Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист, а секако доколку вие имате ваши начини на чистење на четките или пак сакате да додадете нешто, целиот празен простор под текстот е комплетно ваш.

Поздрав и до скоро читање.
Вики

Sunday, November 15, 2015


Природни алтернативи како замена за тоник за лице и домашни рецепти за сите видови на кожа

Здраво на сите,

во статијата http://biodevojka.blogspot.mk/2015/11/blog-post_11.html ви говорев за важноста на тоникот во нашата секојдневна нега и ви реков дека во една од наредните статии ќе ви предложам природни алтернативи за тоник и секако рецепти за домашен тоник кои може да ги направите сами.

Најнапред, како замена за тоник може слободно да ја користите чистата ружина вода. За ова веќе пишував во статијата http://biodevojka.blogspot.mk/2015/05/blog-post_11.html. Ружината вода е една од најдобрите работи кои може да и ги дадеме на нашата кожа, особено ако имаме проблем со масна кожа и акни, меѓутоа одговара и за нормална до сува кожа. Слободно испрскајте ја на лицето, а за поголема свежина чувајте ја во фрижидер.


За сува и чувствителна кожа како алтернатива на тоникот може да користите чиста термална вода која е богата со сулфур и ги спречува иритациите и црвенилата на кожата, ја хидрира и омекнува.


Во продолжение ќе ви дадам неколку рецепти за природен тоник кои може слободно да ги направите сами дома. Комплетно природни и без конзерванси овие тоници може да ги чувате во фрижидер одредено време, од недела дена па до две недели, во зависност од видот на тоникот и состојките.

Рецепти за сува кожа

1. Тоник со алое вера гел


- 50 мл. ружина вода (или дестилирана вода);
- половина кафена лажичка алое вера гел;
- 2 капки етерично масло од лаванда
- празно обично или спреј шишенце од 100 мл.

Ставете ја во едно празно спреј шише најнапред водата, додадете го алое вера гелот и на крај етеричното масло од лаванда. Убаво протресете пред секоја употреба. Овој тоник ви советувам да го чувате во фрижидер и трае 10 дена.
Ефектот од овој тоник е мазна, мека и хидрирана кожа.

2. Тоник за лице од камилица и пантенол

- 50 мл. чај од камилица или лаванда
- половина кафена лажичка пантенол
- празно обично или спреј шишенце од 100 мл. 

Ставете ги чајот и пантенолот во едно празно спреј шише. Пред секоја употреба убаво протресете. Вака подготвениот тоник трае 5 дена во фрижидер.
Овој тоник е навистина одличен за сите оние кои имаат многу сува кожа на лицето, затоа што одлично омекнува и хидрира. 

Рецепти за комбинирана до масна кожа

1. Тоник од црвен чај (ројбос)


- црвен чај (ројбос)
- деминерализирана вода
- етерично масло од лаванда
- празно обично или спреј шишенце од 100 мл. 

Во половина шоља врела вода (најдобро деминерализирана) потопете две лажички црвен чај и оставете да кисне околу 30 мин. Процедете го и префрлате го во чисто шишенце (кое може да биде спреј или обично) и додадете му една кафена лажичка јаболков оцет (најдобро ако имате органски) и 3 капки етерично масло од лаванда. Протресете го добро шишенцето пред секоја употреба. Вака подготвениот тоник се чува во фрижидер и трае 2 недели. 
Овој тоник одлично ја негува комбинираната и масната кожа (јас лично го имам користено многу и кај мене се покажа екстра). 

2. Тоник од јаболко, лимон и рузмарин

- едно јаболко
- кора од еден лимон (само доколку е органски)
- едно гранче рузмарин
- 500 мл. вода
- празно обично или спреј шишенце од 100 мл. 


Во едно тенџере ставете ја водата, јаболкото сецкано на парчиња (доколку е органско и непрскано оставете ја кората во спротивно излупете го), кората од лимон (само доколку е органски, во спротивно исфрлете го лимонот) и гранчето рузмарин. Варете на тивок оган околу 10 мин. и филтрирајте ја течноста. Вака приготвениот тоник ставете го во едно празно шишенце (обично или спреј) и најдобро е да го користите навечер. Летно време секако не ставајте лимон, поради настабилноста на оваа состојка во допир со сонцето. Е сега, доколку немате органски и непрскан лимон во тој случај варете ги само јаболкото и рузмаринот, а потоа откако тоникот ќе се олади и кога ќе го префрлите во шишенцето, додадете половина кафена лажичка цеден сок од лимон или 3 капки етерично масло од лимон. Вака подготвениот тоник трае недела дена во фрижидер. Овој тоник за лице има освежувачко, затегнувачко и избелувачко дејство врз кожата на лицето.

Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист и ви се допадна.
Поздрав до сите вас.
Вики

Wednesday, November 11, 2015


Дали е неопходно да се користи лосион или тоник за лице и како да го избереме правилно

Здраво на сите,

тоникот или лосионот за лице според голем број на девојки претставува непотребен дел од секојдневната нега на лицето и многумина воопшто и не го користат, затоа што не ги познаваат доволно бенефициите на ова средство. Понекогаш добивам прашања дали навистина е неопходен дел од секојдневната нега и како и во кои ситуации треба да се користи. Затоа и се решив да ја напишам оваа статија за да ви дадам некои појаснувања кои (според мене) се од огромно значење при изборот и користењето на тоникот за лице. Секако, повторувам дека ова е мое лично мислење и зборувам врз база на сопствено искуство со тониците воопшто.

Каква е всушност функцијата на тоникот за лице?

Тоникот или лосионот за лице претставува течност која содржи дестилирани билки и благо киселкасти состојки, и неговата примарна улога е да ја балансира ph вредноста на нашата кожа, односно и помага на кожата да ја задржи природната киселост. Нашата кожа има природна ph вредност која е благо киселкаста и доколку дојде до алтерација на таа вредност како резултат на користење на агресивни средства за миење, разни чистачи за лице или сапуни кои ја сушат кожата, може да се појават разни проблематики на самата кожа како на пример сува кожа, масна кожа, акни или црвенила. Млекото за чистење или гелот за миење ја вадат шминката и нечистотиите од кожата, меѓутоа ги отстрануваат и водата и себумот кои се всушност заштитиниот филм на кожата. Токму тука помага тоникот, кој ги отстранува евентуалните траги од млеко или гел и останати нечистотии, и повторно ја балансира ph вредноста на нашата кожа. На тој начин ја остава кожата чиста, истата може да дише и подготвена е за следниот чекор од нашата секојдневна рутина за нега на кожата, односно кремата.

Тоникот има за цел и да ги намали проширените пори на кожата, кои многумина од нас ги имаат на лицето, да ја освежи кожата и ја направи посјајна. Одлично ја хидрира нашата кожа и ѝ помага да ја задржи природната влага.


Како да го одбереме вистинскиот тоник за лице во зависност од видот на нашата кожа?

Со оглед на тоа што тоникот (за разлика од млекото, гелот, маслата или измивачите за лице) не се одмива од кожата туку останува на неа, треба да биде одлично формулиран (по можност органски), затоа што состојките во него остануваат на кожата и активно делуваат Во продолжение ќе ви дадам мали совети при избор на тоник во зависност од вашиот вид на кожа.

Тоникот за масна кожа треба да содржи билки кои имаат тонирачки и благо затегнувачки ефект врз кожата, меѓутоа без истата да ја сушат. Затоа сите оние кои имаат масна кожа треба да бираат тоник на база на рузмарин, лаванда, чајно дрво или жалфија, меѓутоа да внимаваат во тоникот да нема присуство на алкохол затоа што може додатно да ја исуши кожата и да ја влоши состојбата со зголемено лачење на себумот. Секако освен состојките кои имаат затегнувачки ефект, во тоникот мора да се најдат и состојки кои истовремено ќе ја навлажнуваат и хидрираат самата кожа, и на некој начин ќе го надополнуваат тонизирачкиот ефект на билките како на пример алое вера гел, глицерин, пантенол итн.


Тоникот за сува кожа мора да биде исклучиво благ, на база на камилица, невен или други билки кои имаат смирувачко дејство врз кожата, и освен смирувачко, треба да има и омекнувачко дејство врз кожата. И тука мој совет ви е да бирате тоници без алкохол. Верувајте ми и јас порано користев тоници кои во својот состав имале алкохол,(ги користев и до пред година дена) и во прво време имате убави резултати од истиот, меѓутоа доколку редосво го користите подолг временски период, истиот може да ја исуши кожата со текот на времето (малку по малку). Тоа го сфатив откако почнав да користам тоници без алкохол, за да ја увидам разликата. Затоа сега бирам само тоници без алкохол, а многу често и сама ги правам. Алкохолот во суштина и не е опасен доколку се користи во мал процент во целокупната формула (зависи и од видот на алкохол кој е употребен и умешноста на производителите), меѓутоа не може во никој случај да ја погодиме од декларацијата, дозата која ја употребиле производителите. А секако, доколку ги прашаме (имам исконтактирано повеќе производители) сите велат дека е присутен не повеќе од 10%, меѓутоа во тоа не може да бидеме баш и сигурни.


Како и кога да го нанесуваме?

Тоникот се нанесува наутро и навечер по миењето на лицето со гел или крема за миење, и пред употребата на крема за лице. Навечер, откако ќе ја отстраните шминката, поминете го лицето со тоникот за да ги отстраните евентуалните остатоци од чистачот за лице или шминка на вашата кожа.

Имам пробано уште три алтернативни употреби на тоникот кои кај мене лично се покажаа од огромна корист (особено онаа пред нанесувањето на маслото со оглед на тоа што често користам чисти масла како серум на кожата на лицето) и сакам да ги споделам со сите вас:

- откако ќе го нанесете тоникот на лицето и ќе избришете со памукче, нанесете уште еден слој (доколку е на прскање уште подобро) и на така навлажнета кожа од тоникот нанесете ја вашата крема или масло за нега на кожата. Кожата многу подобро ќе ја впие кремата и нема да треба премногу да мачкате или да имате масно лице (а и помала количина од кремата или маслото ќе ви биде доволна така што патем и заштедувате).

- доколку се шминкате и на лицето нанесувате најнапред крема, па течна пудра, па коректор итн., пред секој од нив испрскајте го лицето со малку тоник (наменет за вашиот тип на кожа). На тој начин не само што кожата ќе биде навлажнета и мека, туку и шминката ќе ви трае подолго.


- доколку користите пудра во прав, по шминкањето и нанесувањето на пудрата во прав испрскајте го лицето со маслку тоник (секако од далеку и мала количина) за да го избегнете прашкастиот ефект на кожата од самата пудра (тоникот ќе направи пудрата помалку да се приметува а сепак ќе ви трае).

Навистина доста е тешко да се најде еден убав тоник за лице во продажба кој нема да ја иритира кожата, а сепак ќе ја извршува својата функција, односно она за што е наменет. Затоа во една од следните статии ќе ви предложам неколку вида на тоник, каква замена може лесно да се најде во продажба, и секако, ќе ви дадам рецепти за домашни тоници кои лесно може да ги направиме сами дома, комплетно природни и без конзерванси (ако ги ставам рецептите во оваа статија ќе читате три дена :)).

Поздрав и до скоро читање.
Вики

 

Saturday, October 17, 2015


На кој начин и со каков производ правилно да ја отстраниме шминката во зависност од типот на нашата кожа?


Здраво на сите

Шминката е една убава навика на сите нас (жените), преку која ги истакнуваме убавините на нашето лице, прекриваме по некој недостаток и секако уживаме експериментирајќи со разни стилови, бои и производи. Колку и да е убава, на крајот од денот шминката треба сепак да се отстрани од лицето и еден од предусловите за здрава и убава кожа е токму чистата кожа.

Секој од нас има свој тип на кожа и она што одговара за еден не одговара за друг, затоа во продолжение ќе ви кажам како најдобро и правилно да ја отстраниме шминката во зависност од типот на нашата кожа и каков производ треба да избереме за таа намена. Секако ќе ви дадам два навистина лесни рецепти за природни и домашни отстранувачи на шминка кои навистина многу лесно се прават, а одлично ја отстрануваат шминката и ја хранат, омекнуваат и штитат кожата. Двата отстранувачи се идеални за ладниот зимски период кој допрва доаѓа.

1. Сува до многу сува кожа


Овој тип на кожа има потреба од интензивна нега не само кога станува збор за кремите, туку и за отстранувачите на шминка кои, не само што ќе ја отстранат шминката, туку и ќе ја подготват кожата за понатамошните чекори како тоникот и кремата. Затоа според мене, најдобар производ за остранување на шминката од сувата кожа е богат кремаст производ на база на масло или путери со убава густа и кремаста структура. Овој вид на производ најдобро се нанесува на навлажнета кожа, со помош на прстите нежно се масира на целото лице со многу благи движења, со едно памукче или дискета се отстранува шминката од лицето и очите и потоа обилно се измива со млака вода. На овој начин не се трие лицето многу и кожата ја задржува еластичноста.

Во продолжение, како што веќе напоменав, ви оставам рецепт за еден прекрасен домашен отстранувач на шминка, специјално наменет за сува кожа, кој е многу лесен за подготовка, а состојките веќе ги имате дома. Одлично ја отстранува шминката, благ е за очите и нежен за кожата. По употребата кожата е перфектно исчистена и мазна. Секако, за да биде природен и квалитетен, користете убав гел или крема за измивање на лице со природна формула и благи сурфактанти (по можност органски). Еве што сѐ ви е потребно за неговата подготовка.


- половина супена лажица дестилирана вода;
- половина супена лажица мед;
- една ипол супена лажица убав органски или природен гел за измивање на лице со благи сурфактанти (без сулфати);
- четири супени лажици кокосово масло;
- едно празно стерилно кутивче за крем

Во една мала чашичка ставете го гелот за миење на лице, медот и водата. Во меѓувреме стопете го кокосово масло (да го доведете во течна состојба) и ставете 4 лажици од него во друг сад. Загрејте го садот каде го ставивте гелот и водата затоа што двете фази- масната (кокосово масло) и водената треба да бидат топли, инаку доколку водената фаза е ладна, штом ќе го ставите кокосовото масло тоа веднаш ќе почне да се стврднува и да прави грутки, а тоа не ни е потребно. Откако ќе ги стоплите помешајте ги и почнете да мешате. Доколку имате мал миксер (оној за правење нескафе) мешајте со него сѐ додека да добиете убава кремаста смеса. Доколку немате, постојано мешајте ја смесата со лажица и повремено ставајте ја во фрижидер на 10 мин и пак продолжете со мешање. Откако структурата ќе стане кремаста (како вистински крем) префрлете ја во чисто стерилизирано кутивче. Вака подготвениот отстранувач на шминка трае и до месец дена на собна температура.


Како да го употребувате

Најнапред навлажнете го лицето со вода, земете мала количина од производот и со благи нежни движења со помош на прстите чистете го лицето. Потоа, со помош на памучна дискета за отстранување на шминка нежно поминете да ја отстраните шминката од лицето и очите. На крај, убаво измијте го лицето со млака вода и убав гел за миење за да ги отстраните остатоците од шминка и нечистотија на лицето.


2. Комбинирана до масна кожа


Овој тип на кожа има потреба од лесни и едноставни немасни формули на производи за отстранување на шминката, кои имаат за цел нежно да ги отстранат вишокот на нечистотии и масти од самата кожа, но сепак да ја остават кожата мазна, мека и хидрирана. Ако кожата е комбинирана или масна не значи дека нема потреба од хидратација. Најдобри производи, според мене, се оние на водена база како течни отстранувачи на шминка или мицеларни води, кои одлично ја вршат својата работа, а притоа многу негуваат и хидрираат.

Овие видови на отстранувачи на шминка најчесто се користат на тој начин што се навлажнува една дискета за отстранување на шминка и со неа на благ начин се отстранува шминката од лицето. Што се однесува на пределот околу очите, овде мора да бидеме многу внимателни, така да мој совет ви е откако ќе ја навлажните дискетата, да ја допрете до окото, да оставите така неколку секунди додека кожата од тој дел убаво не се навлажни и потоа со многу нежни и благи движења да ја отстраните шминката без многу триење. Во продолжение ќе ви дадам еден рецепт за отстранувач на шминка погоден токму за овој вид на кожа, кој ќе го направите за 2 мин. Ова е перфектен производ за вадење на шминка кој воопшто не ја масти кожата, а одлично ја хидрира и негува. Погоден е за сите видови на кожа, особено за комбинирана до масна со оглед на тоа што е лесен и веднаш се измива. Кожата ја остава перфектно мазна, исчистена и мека.


Во едно шишенце од 100 мл. ставете две кафени лажички нежен гел за миење на лице со благи сурфактанти, малку алое вера гел (една кафена лажичка) и наполнете го со деминерализирана вода (не го полнете скроз до горе, оставете малку место). Убаво протресете го шишенцето и ете, вашата производ е готов. Наместо вода може да ставите и чај од камилица или зелен чај доколку сакате оригинален производ. Мојот отстранувач на шминка е бел затоа што гелот за миење на лице кој го користев е кремаст, а не проѕирен и користев само деминерализирана вода. Доколку користите проѕирен гел ќе имате безбојна течност, а доколку користите чај бојата ќе зависи од самиот чај кој што сте го употребиле.

Овој отстранувач може да го чувате на собна температура до две недели, доколку сте користеле чај, а издржува и до три доколку сте ставиле само деминерализирана вода. 

Како да го употребувате

Земете едно памукче или дискета за отстранување на шминка, на него нанесете од мицеларната вода и убаво исчистете го лицето. За пределот околу очите, ставете ја доскетата врз окото, оставете неколку секунди додека убаво не се навлажни кожата во тој дел и нежно отстранете ја шминката. Убаво измијте со млака вода и нежен гел за миење.


Еден од најважните чекори е секако доброто миење на кожата, така да без разлика на тоа каков отстранувач на шминка користите, мој личен совет ви е сепак да ја измиете кожата на лицето со убав благ детергент за да ги отстраните евентуалните остатоци од шминка и нечистотии. Потоа, секако нанесете убав тоник за лице и на крај крема која одговара на вашиот вид на кожа.

Се надевам дека оваа статија ви беше од корист. Доколку се обидете да направите еден од овие отстранувачи на шминка, оставете коментар под самиот текст дали и колку ви се допаднале.

Секако, добредојдени се и вашите коментари кои се однесуваат на вашиот личен начин на отстранување на шминката, и производите кои ги користите.


Поздрав и до скоро читање.
Вики

 

Thursday, November 5, 2015


Природни начини за ублажување на подочници


Здраво драги мои,

очите се огледало не само на душата, туку и на општата здравствена состојба на организмот. Сите ние сакаме убав и свеж поглед и одморени очи, иако секогаш и не е баш така. Понекогаш се будиме со темни подочници или подуени очи и тоа воопшто не е пријатно, не само од естетска причина, туку истата таа појава укажува на некој проблем како бубрези, задржување на течноста во организмот или пак периоди на зголемен стрес. Пред да ви ги откријам природните методи со кои оваа проблематика може да се ублажи, ајде најнапред да ги разгледаме причините за оваа појава.

Најнапред подочниците се појавуваат како резултат на стресот, што е разбирливо со оглед на темпото на живот и начинот на кој живееме.

Потоа, тука како фактор доаѓа и начинот на исхрана, односно претстрога диета, недостаток на витамини или дехидратација, или пак обилен оброк навечер.

Честото триење на очите или алергија на некоја состојка може да доведе до подуеност на очите.

Откако ги разгледавме најчестите причини мора да напоменам дека постојат два типа на подочници и тоа:

 - темни вдлабнати подочници кои најчесто се резултат на дехидрираност на организмот;
- подуени подочници кои се знак на задржување на водата во организмот.

Најдобар начин е најнапред да се делува внатрешно во нивното подобрување, односно да се конзумира многу вода која помага во прочистувањето на организмот, да се намали или избегнува конзумирање на салами, солена храна, бел шеќер и путер. Треба да се зголеми внесувањето на свежо овошје и зеленчук кои го стимулираат исфрлањето на течностите и го подобруваат варењето на храната.


Еве неколку природни методи кои успешно ги ублажуваат и ја спречуваат нивната појава

-  млеко
Земете две памукчиња или дискети за вадење на шминка и намокрете ги во ладно млеко (од фрижидер). Ставете ги на пределот околу очите околу 5 мин. и измијте со ладна вода. Млечната киселина помага во намалувањето на подуеноста како и на темната боја на подочниците.

- компир
Исечете еден компир на тенки парчиња и ставете две на пределот околу очите. Оставете ги да делуваат од 15 до 20 мин. Измијте го лицето со ладна вода.

-  алое вера гел
Ставете на две памукчиња малку гел од алое вера (по можност ладен од фрижидер) и ставете го на пределот околу очите околу 15 мин. Освен што помага при оваа проблематика, алое вера гелот ги спречува евентуалните иритации и ја хидрира кожата.


- краставица
Исечете две кругчиња од свежа краставица и ставете ги врз затворени очи. Ова е одличен метод кој ја освежува кожата околу очите и ја ублажува оваа проблематика.

- филтер кесички од чај
Намокрете две филтер кесички од чај (најдобро зелен чај или камилица) и ставете ги во замрзнувач околу 15 мин. Потоа нанесете ги на пределот околу очите. Ова е одлично средство за моментален ефект на свежи очи кој одлично помага доколку имате некој важен настан и сакате да изгледате одморено.

Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист. Голем поздрав и до скоро читање.
Вики


 

Wednesday, October 7, 2015


Домашен СПА третман за неверојатно убава кожа


Здраво драги мои,

во оваа статија сакам да ви дадам идеа за еден фантастичен домашен спа третман кој буквално ќе ја препороди вашата кожа на лицето. Веднаш по третманот кожата ќе ви биде исклучително мека и нахранета со прекрасен тен и здрава боја. Ќе ви дадам варијанти за нормална до сува и комбинирана до масна кожа, со цел да ги задоволам сите читателки на мојот блог и да не изоставам некого. Ајде да не должам многу, запалете по некоја свеќа, пуштете си релаксирачка музика, исклучете го мобилниот и да започнеме со третманот.

1. Скраб за лице на пареа

Пред две години во еден спа центар во Рим имав неверојатен третман кој е уникатен, многу функционален, а неверојатно лесен за правење. Третманот се состоеше во тоа што ти даваат смеса од кафеав шеќер и мед која ја мачкаш на лицето и телото. Влегуваш така намачкана во турска бања и сама правиш пилинг на телото под дејство на топлината и пареата. Добро, во домашни услови немаме сауни или турски бањи (блазе си им на оние кои имаат), меѓутоа сите имаме кујни со тенеџериња и шпорети :), така да ќе направиме домашна верзија само за лицето.

Во едно тенџере загрејте вода како што обично правите кога треба да го парите лицето. Тенџерето ставете го на масата каде ќе го правите третманот (секако врз една крпа или даска да не ја уништите масата) и ставете врз него пешкир. Во меѓувреме помешајте две мали лажички шеќер со мед додека да добиете убава густа смеса и нанесете ја на лицето. Внимателно изложете го лицето врз тенџерето со вода (не многу блиску за да не се изгорете, ве молам внимавајте пареата да не биде многу жешка) и ставете го пешкирот врз главата. Под дејство на пареата медот и шеќерот ќе почнат да се топат и порите на лицето да се отвораат. Вие со многу благи и нежни кружни движења направете пилинг. Постапката треба да трае околу 5 мин. на следниов начин: направете малку пилинг, па оставете го така лицето некоја минута, потоа пак пилинг па пак почекајте. Немојте постојано да правите пилинг во текот на тие 5 мин. за да не претерате. По истекот на времето измијте го лицето со малака вода. Кожата ќе ви биде толку неверојатно мека и нежна што ќе бидете воодушевени. Значи повторувам движењата нека бидат благи (не притискајте) и не се доближувајте многу блиску до пареата. Скработ е ист за сите типови на кожа.

2. Маска за лице од чоколадо


По прекрасниот скраб, кожата на лицето е подготвена за една прекрасна антиоксидантна маска која има голем анти ејџ ефект и буквално ќе ја препороди вашата кожа.

Варијанта за нормална до сува кожа

- 1 кафена лажичка мед;
- 1 кафена лажичка павлака;
- 2 коцки чоколадо (претходно стопено на пареа) или 1 кафена лажичка какао


Помешајте ги сите состојки и нанесете ги на лицето. Оставете ја маската да делува 10 мин. и измијте со млака вода.
Медот одлично ја омекнува кожата, павлаката ја храни и хидрира, а какаото има огромно антиоксидантно дејство и помага во спречувањето на слободните радикали, а со тоа има и анти ејџ ефект врз кожата.

Варијанта за комбинирана до масна кожа

- 1 кафена лажичка зелена глина;
- 1 кафена лажичка мед;
- 1 кафена лажичка цеден сок од портокал;
- 2 коцки чоколадо(претходно стопено на пареа) или 1 кафена лажичка какао

Помешајте ги сите состојки и нанесете ги на кожата (сетете се глината да ја земате со пластична или дрвена лажичка). По потреба додадете некоја од состојките додека да добиете густа смеса која лесно се нанесува на лицето. Оставете да делува околу 10 мин. и измијте со многу млака вода.
Зелената глина  ја прочистува масната кожа и помага во отстранување на митесерите на лицето. Сокот од портокал е богат со Ц витамин кој го изедначува тенот и дава убава здрава боја на кожата, медот омекнува, а какаото има огромно антиоксидантно дејство и помага во спречувањето на слободните радикали, а со тоа има и анти ејџ ефект врз кожата.

Совет плус: маската пригответе ја пред да го правите пилингот, за веднаш потоа да не губите време да ја правите туку веднаш по парната бања да ја нанесете директно на кожата кога порите се сеуште отворени.


По овој третман на кожата на лицето нанесете некое хранливо масло според типот на вашата кожа, или пак вашата омилена крема. Ово третман доволно е да го правите еднаш месечно или евентуално на 15 дена.

Се надевам дека и оваа статија ви се допадна и дека ќе бидете воодушевени од резултатите. Доколку е тоа така, споделете ги вашите импресии и мислења.
Ние се читаме наскоро, а дотогаш ве гушкам силно и ви праќам огромен баќнеж.

Вики

 

Sunday, September 27, 2015


Направи сам: балзам за уста со какао путер


Температурата е сѐ пониска и се наближуваат студените денови, а студот и не е баш најголем пријател на усните. Доколку се сеќавате лани објавив еден интересен рецепт за домашен балзам за усни со мед кој одлично ги омекнува и заштитува усните од студот http://biodevojka.blogspot.mk/2015/02/blog-post_24.html.

Во денешнава статија сакам да ви покажам еден поинаков балзам за заштита на усните од ладното каде наместо мед ќе користиме како путер. Овој путер има фантастично омекнувачко дејство, навистина одлично ја негува и храни кожата на усните и одлично ги заштитува од надворешните услови. Згора на сѐ фантастично мириса.

За подготовката на овој балзам потребни ви се:


- 3 кафени лажички како путер;
- 3 кафени лажички пчелин восок;
- 3 кафени лажички рицинусово масло
- 6 капки етерично масло од порткал

Во еден стаклен сад (претходно стерилизиран) ставете ги какао путерот и пчелиниот восок и ставете ги да се стопат на пареа (ставете ги врз едно ѓезве со вода). Откако ќе преминат во течна состојба, додадете го рицинусовото масло и етеричното масло од портокал. Убаво помешајте и смесата и веднаш префрлете ја во едно празно стерилизирано кутивче за балзам.


Како што напоменав какао путерот има прекрасно хранливо дејство и  одлично ги заштитува усните од ладното.
Како масло може да користите она кое вам најмногу ви се допаѓа. Јас одбрав рицинусово поради тоа што е фантастично кога станува збор за производи кои се нанесуваат на усните како балзами и кармини, затоа  што дава голем сјај на производот, одлично ја омекнува кожата на усните и има огромно заштитно дејство.
Од етеричното масло го одбрав портокалот затоа што ми е омилено кога станува збор за еден ваков производ.

Овој рецепт претставува здрава алтернатива на комерцијалните балзами кои честопати се полни со штетни состојки како парафин, минерални масла и др.


Рецептов е навистина доста лесен за реализација, а правите комплетно природен произод и барем сте сигурни во она што го нанесувате на усните.
Доколку немате какао путер, направете ја верзијата со медот која ја предложив во претходната статија.

Разликата помеѓу двата балзами е прво во густината: оној со мед е помек додека овој со какао путер е поцврст, и секако во мирисот.

Ви благодарам за вниманието и доколку се обидете да направите било кој од овие два балзами, оставете коментар под текстот како ви излегло и колку сте задоволни со овој производ.

Поздрав и до скоро читање.
Вики

 

Tuesday, September 8, 2015


Мојот личен режим на нега на кожата


Здраво на сите

Досега пишував статии во кои ви давав идеи за природни начини на нега на кожата, совети за вашиот вид на кожа или пак ви предложував лесни рецепти направи сам со сотојки кои ги имате во сопствените кујни. Денес се одлучив да напишам една поинаква статија, односно да ви го откријам мојот личен режим за нега на кожата, што е она што за мене функционира и производите кои моментално ги користам. Мојата кожа не е совршена, меѓутоа има здрав сјај, убава боја и што е најважно се обидувам да ја оддржувам здрава и чиста со добро формулирани производи. Негата ќе ја поделам на два дела и тоа: утринска и вечерна.

Утринска нега на кожата

1 чекор: миење на лицето
Наутро обавезно го мијам лицето со благ крем за миење. Миењето на лицето е најважниот и базичен чекор кога станува збор за убава и здрава кожа, затоа што на пример наутро има за цел да ја измие маснотијата насобрана на кожата во текот на ноќта.

2 чекор: тонизирање
Нанесувам убав тоник кој си го правам сама и го менувам во зависност од она што ми се допаѓа во моментот. (во една од следните статии ќе ви дадам предлог за три вида на домашни тоници). Последните неколку недели направив еден експеримент и наместо тоник наутро ставав чиста термална вода која знаеме дека е богата со сулфур и одлично влијае врз кожата и нејзиното здравје. Едноставно ја испрскував и ја оставав да се исуши и верувајте ми резултатот беше фантастичен.

3 чекор: хидратација
Од големо значење е добрата хидратација на лицето со убава крема врз која нанесувам крема со заштитен фактор 50. Секако да не заборавам користам и крема околу очи.

Вечерна нега

1 чекор: чистење на шминката
Колку и да сум уморна, прво правило е обавезно вадење на шминката од лицето. Никако не легнувајте со шминка да спиете. Моментално како отстранувач на шминка користам домашен производ со алое вера гел и масло кој сама го правам.

2 чекор: миење на лицето
Откако ќе ја отстранам шминката лицето го мијам со кремот за миење, затоа што на тој начин ја отстранувам маснотијата од производот за отстранување на шминка и ги мијам нечистотиите од кожата.

3 чекор: тонизирање
Потоа нанесувам тоник за лице.

4 чекор: хранење на кожата
На навлажнета кожа навечер ставам масло од пченични никулци во кое имам помешано етерично масло од рузмарин и врз него (откако кожата ќе го впие) нанесувам крема. Ставам крема за околу очи и на трепките нанесувам чисто рицинусово масло кое верувајте ми прави чуда за здрави и погусти трепки.


Производите кои моментално ги користам се:

Дневен и ноќен крем за избелување на кожата од Gamarde

Масло од пченични никулци на Икаров

Крем за миење на лице од Gamarde
 http://biodevojka.blogspot.mk/2015/08/gamarde.html

Крема за околу очи на  Aloedermal
 http://biodevojka.blogspot.mk/2015/07/blog-post_23.html

Домашен отстранувач на шминка со алое вера гел
http://biodevojka.blogspot.mk/2015/07/blog-post_86.html

Домашен тоник (правам разни видови, наскоро ќе ви направам една статија)

Термална вода на Gamarde

Крема со заштитен фактор 50 на Gamarde
http://biodevojka.blogspot.mk/2015/05/spf-50-gamarde.html

Еднаш неделно правам пилинг и маска на кожата. Од пилинг во последно време ми се допаѓа оној со кокосово брашно за чувствителна кожа кој многу убаво ми одговара. http://biodevojka.blogspot.mk/2015/07/blog-post_26.html
Доста експериментирам со маските за лице, меѓутоа  најчесто ја правам онаа со зелена глина, а многу ми се допаѓа и онаа со црвено вино која ја прави кожата мазна и блескава. http://biodevojka.blogspot.mk/2015/02/blog-post_20.html

Каква е вашата рутина за здрава и убава кожа и кои производи најчесто ги користите?

Вики

Saturday, September 5, 2015


Природни состојки и производи за отстранување на бебешка круста (корупки или теменици)


Бебешката круста (корупки или теменици) е еден вид на себореичен дерматит, кој најчесто се појавува на главчето на бебињата и има жолткаста боја (потсетува на првутот). Иако оваа појава исчезнува сама по себе, од естетска причина, а и како превенција и нега на самата кожа, од огромна важност се производите за нега на бебешката кожа во тие неколку месеци. Во продолжение на оваа статија би сакала да ви дадам неколку мали совети кои ќе ви помогнат при оваа проблематика:

1. Масла за нега на кожата

Половина час пред бањањето, со помош на едно памукче намокрено со масло, нежно поминете ја бебешката глава. Од маслата може да ги користите и наједноставните како бадемово или оризово. Внимавајте маслото да биде чисто, односно на етикетата да го пишува само ботаничкото име на маслото (на пример маслото од бадеми ќе го најдете како Prunus Amygdalus Dulcis Oil, додека она од ориз како Oryza Sativa Bran Oil) и тоа треба да биде единствена состојка во самиот производ. Во никој случај не ги земајте мешавините на масла со парафинско масло кое во декларацијата ќе го најдете како Parrafinum liquidum или во некои декларации и како mineral oil, затоа што ја запушуваат кожата, не и дозволуваат да дише и ја влошуваат состојбата на бебешките корупки наместо да ги лечат. Доколку сакате, во едно од горенаведените масла (бадемово или оризово), може да ставите малку чај од камилица кој секако ќе го зголеми ефектот на маслото.


2. Од огромна важност е и производот кој ќе го користите за бањање на бебето кој мора да биде нежен, да не ја суши бебешката кожа и пред се да не ја иритира.  Многу е важно да ја читате декларацијата на производите и да ги избегнувате оние агресивните кои може да ја влошат состојбата. Пожелно е производот за измивање како сурфактант да има глукозиди кои нежно измиваат, а воопшто не ја иритираат детската кожа. Еден пример за убав нежен производ е дерматолошкиот гел за бебиња и деца од Gamarde кој како состојки има: термална вода од Гамард, која е богата со сулфур и ги намалува иритациите на кожата, и вода од лаванда која има смирувачки ефект врз кожата. Содржи многу нежни сурфактанти за измивање како lauryl glucoside, coco-glucoside и decyl glucoside. На самата декларација пишува дека е од огромна помош при бебешките корупки. Детална рецензија на овој производ ќе најдете во статијата http://biodevojka.blogspot.mk/2015/06/blog-post_17.html.


3. Оставете ја бебешката кожа да дише

Секако дека во лето и зима кога излегувате надвор со мало бебе мора да ја заштитите главата со соодветно капче, меѓутоа во домашни услови, обавезно оставете ја кожата да дише. Особено зимно време волнените капчиња понекогаш може да ги зголемат иритациите на кожата. 

4. Отстранување на корупките

Во никој случај немојте насилно да ги отстранувате бебешките корупки, иако на моменти ќе добиете нагон да го сторите тоа. Доколку ги следите советите за маслото и доколку користите убав производ, сами од себе ќе паднат. Важно е да не се прави притисок со насилно отстранување, затоа што тоа на некој начин може и да се зголеми појавата.

Се надевам дека овие совети ви беа од корист и дека ќе се обидете да примените еден или повеќе од нив. Секако секое бебе е различно и она што одговара за едно бебче, може и да не функционира за друго. 

Поздрав и до скоро читање.

Вики

Едит: секако за поголеми проблеми консултирајте се со вашите педијатри.
No comments:

 

Wednesday, August 26, 2015


На која возраст да се почне со кремите анти ејџ?


Во изминатиов период најголем број на прашања добив токму за оваа тема: кога е вистинско време да се почне со третмани анти ејџ? Каква крема да се одбере? Долго време се подготвувам да напишам нешто токму на оваа тема, поради многубројните прашања, но и поради фактот што кога шетам низ продавници во потрага по нови препарати, гледам многу млади девојчиња кои се двоумат каква крема да изберат, дали уште од сега да започнат со производите кои содржат Q10, колаген и други активни состојки против брчки. Еве, се надевам дека ова што ќе го прочитате на некој начин ќе ви помогне во изборот на вистинскиот производ, и ќе ве насочи во правилна насока.

Најнапред да одговорам на прашањето на која возраст треба да се започне со анти ејџ кремите:  не можам да одредам одредена возраст. Сѐ зависи од начинот на живеење, исхраната, генетската предиспозиција, дали пушите или не, видот на кожата и секако негата која ја посветувате на самата кожа. Меѓутоа ова не значи дека уште на 20 години треба да се користи крема со колаген и Q10, туку дека треба да се направат некои промени и подобрувања во начинот на живеење.

Нашата кожа има способност за константна регенерација и старите клетки изумираат и се заменуваат со нови. Овој процес е поактивен во помладите години, додека со текот на времето се забавува, под дејство на слободните радикали, што допринесува до појава на брчки и стареење на кожата. За да ја спасиме кожата и да го забавиме овој процес и да и помогнеме на кожата во својата обнова,  од голема важност е да на некој начин им се спротивставиме на слободните радикали.

1. Чистење на кожата


Загадениот воздух во поголемиоте градови многу влијае врз предвремено стареење на кожата, и затоа од огромна важност е правилната нега на кожата. Сѐ започнува од доброто чистење на кожата со благ производ кој има за цел да ја исчисти, меѓутоа да не ја обезмасти, туку напротив да ја нахрани и на некој начин да ја задржи влагата и еластичноста на кожата. Чистењето на кожата е важен предуслов за било која возраст, само чистата кожа е здрава кожа. Исто така, од огромна важност е да ја вадите комплетно вашата шминка пред да одите на спиење. Без разлика колку и да сте уморни, ве молам сторете го тоа. Кожата навечер е најактивна и кога ние спиеме, таа всушност се буди. Активно прима се она што сме нанеле пред да си легнеме и доколку легнеме со нечиста кожа со шминка, таа кутрата ќе ги впие сите нечистотии.


2. Заштита на кожата

Од огромна важност е адекватна заштита од сончевите зраци во текот на целиот летен период, и тоа не само на плажа, туку и кога шетаме по улица во нашиот град. Сонцето не бира дали сме на плажа или на улица, како и да е ќе го направи своето. Неконтролираното и неправилното изложување на сончевите зраци и тоа како придонесува за предвремено стареење на кожата. Затоа ви препорачувам добра заштитна крема со висок фактор, по можност органска и со физички филтри. Сонцето е од огромна корист за нашиот организам и расположение, ама не треба да се претерува. Исто така, немојте никако да одите во солариум. Верувајте  ми нема ништо полошо за кожата од ова. Знам дека повеќето од вас сакаат убав потемнет тен, ама скапо ќе го платите со предвремено остарена кожа.


3. Правилен производ за нега на кожата

Многу е важен и производот кој ќе го нанесеме на кожата кој треба да одговара на нашиот вид на кожа и да содржи одредени состојки кои имаат ефект во борбата против слободните радикали. Ова секако не подразбира дека веднаш треба да нанесеме крема со  Q10. Чистите масла (арганово, кокосово, јојоба) и шеа путерот претставуваат одличен производ за нега на кожата и кремите кои ги содржат се од огромна помош. Длабински ја хранат кожата, ја навлажнуваат и ја оддржуваат еластичноста на самата кожа, а со самото тоа го спречуваат и предвременото стареење. Потоа, кремите богати со витамин Ц и витамин Е, може да бидат од огромна корист. Помладата кожа има потреба од едноставни креми без многу анти ејџ состојки, кои сепак се прикладни за видот на кожата и имаат за цел да ја оддржат влажноста и да ја хидрираат самата кожа. Позрелата кожа има потреба од повеќе активни состојки како на пример колагенот или коензимот Q10 кој помага во оддржување на еластичноста на кожата.


4. Правилна исхрана

Како што напоменав на почетокот, кожата старее не само од неправилна нега, туку и од лош начин на живот (цигари, алкохол) и неправилна исхрана. Од голема важност е да се конзумира што повеќе свежа и сирова храна како зеленчук и овошје, потоа гоџи бобинки кои се богати со антиоксиданси и витамин Ц, јаткасто овошје, риба и интегрални житарици. Исхраната мора да биде избалансирана и разновидна.

5. Пилинг и маска за лице

Од време на време пожелно е да се направи благ пилинг и маска на лицето (во зависност од видот на кожата), со цел да се отстранат мртвите клетки од кожата и убаво да се нахрани. Секако не треба да се претерува и да се прави често затоа што може да се постигне спротивен ефект.


Драги мои, следен пат пред да истрчате во продавница за да купите некоја моќна анти ејџ крема, пробајте да примените некои од овие совети. Ќе видите дека полека состојбата на вашата кожа ќе се подобрува и ќе видите прекрасни резултати. Секако предност дајте им на органските производи со убаво избалансирани формули, без штетни состојки и со благи измивачи во својот состав.

Голем поздрав и до скоро читање.

Вики

 

Tuesday, July 21, 2015


Домашна маска за лице со алое вера гел и мед

Здраво драги мои,

во неколку статии веќе ви напоменав дека алое вера гелот е една од моите омилени состојки и дефинитивно must have за здрава и убава кожа, а тоа секако не е случајно. Овој волшебен гел ги намалува иритациите, го спречува црвенилото и ја навлажнува и хидрира кожата.

Многумина од вас кои се вратија од одмор можеби кожата на лицето ја чувствуваат малку позатегната или посува, како резултат од изложувањето на сончевите зраци. Ете токму тука на помош доаѓа волшебната маска за лице од алое вера гел која не само што длабински ќе ја хидрира вашата кожа, туку и видно ќе ја омекне. Оваа маска е навистина многу лесна за правење и потребно е:

- 1 кафена лажичка алое вера гел;
- 1 кафена лажичка мед:
- 1/2 кафена лажичка масло по ваш избор (арган, кокос, јојоба, пшенични никулци)
- 1 капка етерично масло (лаванда, чајно дрво, цимет, рузмарин сладок портокал)


Во еден мал сад помешајте ги сите состојки. Со помош на една четкичка или пак со прстите нанесете ја маската на претходно добро исчистено лице и држете ја околу 10 мин. По истекот на времето измијте го лицето со млака вода и нанесете убава крема.

Уште по првата апликација ќе почувствувате колку кожата ви е помазна и поубава, а со редовна употреба вашата кожа ќе се прероди. Состојките кои ги одбравме се вистински коктел за здрава и убава кожа и тоа:


- aлое вера гелот како што веќе напоменав, ја смирува кожата, го спречува црвенилото и длабински ја хидрира самата кожа:
- медот одлично ја храни кожата, има блага избелувачка моќ, корисен е против акни и ја прави кожата неверојатно мека:
- јас одбрав масло од пшенични никулци затоа што е едно од најбогатите масла со витамин Е и одлично ја храни и негува кожата;
- како етерично масло ставив сладок портокал (малку да променам само лаванда ви препорачувам). Јас најискрено ставив две капки, меѓутоа сфатив дека доволна е само една, некако е премногу јако со две капки.

Се надевам дека ви се допадна оваа едноставна, но многу корисна маска за лице. Доколку се одлучите да ја направите, оставете ваши впечатоци под самиот текст.

Поздрав и до скоро читање.
Вики

Sunday, July 19, 2015


Направи сам: BB Cream



Здраво на сите,

летно време кога сакаме кожата што повеќе да дише а сепак да има изедначена и убава здрава боја и прекрасен тен што правиме? Одиме во потрага на една прекрасна BB Cream. Оваа крема не претставува пудра и нема покривачка моќ како пудрите, туку за цел има да го изедначи тенот,  да даде убава здрава боја на кожата и секако да не ни ги запуши кутрите пори во лето.

Ех, тука започува и целата потешкотија...во продажба има премногу BB Cream од разни марки и брендови, меѓутоа поголемиот број од нив се полни, ама преполни со силикони. Верувајте ми барав навистина многу и тешко е да се најде една добра природна BB Cream без разни нафтени деривати или силиконски мешавини (во некои ги најдов сите можни силикони, цел микс или коктел како еден да е малку), така да целта на оваа статија е да ви предложам една лесна и многу здрава домашна варијанта која ќе ја направите за помалку од 5 мин. Се што ви треба се три производи (по можност природни или органски инаку џабе ни е се), чисто стерилизирано кутивче и желба за проектите направи сам.

Ако ги изанализираме поголемиот дел од најпознатите BB Cream, (секако ако ги исфрлиме силиконите и останатите штетни состојки), ќе забележиме дека скоро сите BB Cream имаат три основни дела и тоа: хидратација, блага покривност и заштитен фактор. Ете токму овие три состојки ќе ги искористиме за нашата персонализирана BB Cream.

Може да ја направите на два начина (во зависност од тоа кои состојки ги имате на располагање) и тоа:

BB Cream варијанта 1 со минерална пудра во прав


- една кафена лажичка минерална пудра во прав
- една кафена лажичка крема за заштита од сонцето
- 2 до 3 кафени лажички крема за лице (онаа која обично ја користите и која одговара на вашиот тип на кожа).

Во едно чисто кутивче најнапред помешајте ја пудрата со заштитниот фактор, и откако ќе добиете убава изедначена смеса, додадете ја кремата за лице. Количината на кремата зависи од нијансата која сакате да ја добиете (две лажички за потемна или средна нијанса, или три за светла нијанса). убаво измешајте ги сите состојки и ете, вашата BB Cream е готова.


BB Cream варијанта 2 со течна пудра

Доколку немате минерална пудра во прав, сигурно нема да ве терам да одите и да ја купите специјално за овој проект, може да ја искористите и течната пудра која досега сте ја користеле, или пак комбинација од повеќе нијанси ако имате дома.

- една кафена лажичка течна пудра
- една кафена лажичка крема за заштита од сонцето
- 2 до 3 кафени лажички крема за лице (онаа која обично ја користите и која одговара на вашиот тип на кожа).


Процедурата е иста како и за првата варијанта, така да следете ги инструкциите напишани погоре. Кога ќе ја мешате кремата за лице во смесата, ви советувам тоа да го правите постепено малку по малку и да ја проверувате нијансата на вашата кожа, со цел да ја најдете онаа која најмногу одговара на вашиот тен. Запомнете може секогаш да додадете, ама не може да одземете ако сте ставиле повеќе.

Предностите на една ваква домашна BB Cream се многубројни и тоа:

- заштедувате доста пари, затоа што готовите производи знаат да бидат навистина многу скапи:
- правите производ кој сте сигурни дека е природен и без штетни состојки (секако доколку користите убави и природни производи како што ве учев досега :)
- со еден чекор нанесувате три производи за кои би изгубиле повеќе време доколку би ги нанеле посебно:
- сами одлучувате за нијансата која комплетно одговара на вашиот тен, што не е случај кога купувате, со оглед на тоа што голем број на производи немаат тестери, па одите на тепка!

Еве како излезе мојата нијанса:



Навистина прекрасно ја изедначува кожата и што е најважно не ја отежнува. Според мене е идеална за овие жешки денови, а потрошив помалку од 5 мин. од моето време за да ја направам.

Ете драги мои, се надевам дека овој навистина едноставен и лесен рецепт ви се допадна и дека ќе се обидете да го направите. Секако вашиот производ може да го збогатите со малку прајмер или серум, ама јас најискрено ја сакам вака: едноставна, а сепак доста функционална.

Поздрав и до скоро читање
Вики

Friday, July 17, 2015


Моите 5 омилени производи за ова лето


Здраво на сите

Летото сеуште трае и температурите секој ден се сѐ повисоки. Доколку сте во потрага по вистинскиот производ за нега на кожата и косата во лето, еве ви кратка листа од 5 производи кои на некој начин за мене се обележје на ова лето. Јас ги обожавам, а се надевам дека доколку се обидете да ги пробате ќе ви се допаднат и на вас. Ајде да започнеме.

1. Флуид за сончање на Gamarde SPF 50


Дефинитивно бр. 1 производ за заштита од сонцето ова лето. Просто го обожавам. Овој флуид е 100% составен од физички филтри, не ја масти кожата и одлично заштитува од UVA и UVB зраците. Има прекрасен летен мирис, потесетува на плажа и што е најважно не остава бела трага на кожата (со оглед на тоа што има само физички филтри кои се минерали во прав). Одличен е како подлога за шминка, а слободно може да го употребуваат и дечиња и бебиња. Јас го користам секојдневно како заштита од сонцето и врз него слободно ставам пудра која перфектно стои цел ден на лицето. Со оглед на тоа што имам светол тен, секогаш одбирам фактор 50 и може да ви кажам дека еве трет месец како го користам и кожата ми е префектно заштитена преку текот на целиот ден. Доколку сте веќе потемнети од сонцето или пак имате природно потемен тен, може да одберете и фактор 30. Производот е природен и органски, како и сите производи од линијата на Gamard. Комплетна рецензија на овој производ ќе најдете на http://biodevojka.blogspot.com/2015/05/spf-50-gamarde.html). Да повторам дека цената на овој производ е 1375 ден. и истиот може да го најдете во аптеките на Еурофарм.



2. Пудра за лице на Dr. Hauschka


Оваа пудра е создадена за во лето. Иако содржи прекрасни масла како кокосово и макадамија, оваа пудра воопшто не масти , не ги запушува порите, не ја отежнува кожата и дава прекрасен природен изглед. Не покрива многу, во смисла не претставува маска на лицето, туку доста нежно ги прикрива недостатоците и дава свеж изглед на кожата. Ја има во 5 нијанси. Јас ја користам нијансата бр. 2 која не е ни многу светла ни многу темна, еден вид на златна средина. Комплетно е природна и органска (како и целата колекција). Вреди да се проба! Детална рецензија прочитајте на http://biodevojka.blogspot.com/2015/04/dr-hauschka_23.html). Цената на оваа пудра е 1168 ден. и истата може да ја најдете во аптеките на Еурофарм и Зегин.



3. Деодоранс рол он на Gamarde


Летно време потењето е зголемено поради високите температури, и од неопходна важност е добрата и сигурна заштита и неутрализација на непријатните мириси. Во последно време зависник сум од деодорансот на Gamarde со мирис на цвеќе кој е без алуминиум и не ја запушува кожата под пазувите, ја остава да дише, а го неутрализира лошиот мирис. Може слободно да го нанесете онолку пати колку што имате потреба во текот на денот и да уживате во вашата 100% природна, здрава, органска и сигурна заштита во топлите летни денови. Повеќе за овој производ ќе најдете во статијата http://biodevojka.blogspot.com/2015/07/gamarde.html Цената на овој рол он е 775 ден. а ќе го најдете во продажните места на аптеките Еурофарм.



4. Путер за коса на Alverde

Овој путер за коса е дефинитивно must have за ова лето. Фантастично ја негува и храни косата, благодарение на маслата во самиот производ. Не ја масти косата, и дава висок сјај и неверојатна мекост на самото влакно. Косата полесно се расчешлува и едноставно е полна со живост, која и те како ни е потребна ова лето кога сонцето не е баш и најголем пријател на самата коса. Се користи на два начини како третман за коса и како серум за оштетени врвови. Повеќе за начинот на употребата и бенефициите ќе дознаете доколку ја прочитате статијата http://biodevojka.blogspot.com/2015/07/alverde.html. Цената на овој путер е 209 ден. и истиот го има во продажните места на ДМ маркет.



5. Термална вода на Gamarde

Замислете колку е убаво да имаме секогаш свежа и навлажнета кожа дури и во лето кога температурите се високи. Ете тука доаѓа на помош чистата термална вода од марката Gamarde. Оваа термална вода (името доаѓа од изворот Gamarde во Франција) е богата со сулфур и призната е од француската академија за медицина како една од најлековитите води во Франција екстремно богата со сулфур. Одлично ја смирува кожата, ги спречува евентуалните иритации и црвенила и прави нашата кожа да блеска од здравје и убавина. Јас ја користам и по неколку пати во текот на денот, па дури и врз шминка. Едноставно ги испраскувам лицето, вратот и деколтето, и мојата кожа е повторно навлажнета и хидрирана. Дефинитивно треба да ја пробате. Цената на оваа термална вода е 495 ден и истата може да ја најдете во аптеките на Еурофарм.


Ете, ова се дефинитивно 5-те најпотребни производи за ова лето, барем според мене. Кои се вашите производи без кои не можете ове лето? Слободно оставете ги вашите коментари и мислења под текстот.

Вики

 

Tuesday, July 28, 2015


Природни и економични начини на вадење на шминка


На повеќе наврати имам споменато дека од огромна важност е кожата на лицето да се оддржува чиста и навлажнета, затоа што тоа ќе се одрази потоа и врз убавината на самата кожа. Затоа секогаш пред легнување обавезно темелно исчистете ја шминката од лицето и очите.

Доколку ви се случи да во последен момент останете без вашиот омилен отстранувач на шминка, или пак сте од оние девојки кои обожаваат природни состојки за отстранување на шминката, тогаш продолжете да читате затоа што оваа статија е токму за вас. Природата ни дала на располагање толку многу убави и хранливи состојки кои слободно може да ги користиме за отстранување на шминката па дури и од најчувствителниот дел на лицето (околу очите). Во продолжение ќе ви ги наведам оние најефикасните, кои ги имам испробано и се навистина многу нежни, а и лесни за подготовка.

1. Масла за отстранување на шминката


Маслата се бр. 1 доколку сакаме нежно и без црвенила да ја отстраниме шминката од лицето и очите. Се што треба да направиме е да ставиме малку масло на едно памукче и со него да ја извадиме шминката. Јас би ви советувала малку да го навлажните памукчето за  да си ја олесните процедурата. Имам пробано и само масло и  малку масло со вода и според мене овој вториов метод е пофункционален, а на тој начин и нема претерано да го трошите маслото, со оглед на тоа што памукчето ќе впие добар дел од производот ако врз него не капнете малку водичка. Најдобро масло (според мене) е кокосовото, меѓутоа слободно може да користите и едно од следниве: маслиново, арганово, оризово, масло од невен и масло од јојоба.

2. Двофазен отстранувач на шминка со камилица


Ова е навистина многу ефикасен а екстремно економичен начин на отстранување на шминката. Се што ви е потребно за да го направите е:

1. 55 мл вода (најдобро деминерализирана);
2. една лажица цветови од камилица или една филтер кесичка;
3. 20 мл. масло (маслиново, кокосово, ориз невен) кое е всушност две супени лажици;
4. 8 мл. рицинусово масло (или две кафени лажички);
5. едно празно шишенце;

Во зовриената вода се додава камилицата и се остава да отстои околу 15 мин. Се прецедува и се остава да се олади. Откако ќе се олади течноста се префрла во шишенцето.
Во една пластична чашка се мешаат маслата и се додаваат во шишенцето. Со оглед на тоа што маслото и водата не се мешаат, сетете се убаво да го протресете шишенцето пред секоја употреба.

Доколку не сакате чај од камилица може да користите зелен чај, ружина вода или пак само дестилирана вода.

3. Двофазен отстранувач на шминка со алое вера гел


Не знам баш дали да го наречам двофазен, ама малку експериментирав и наместо водата ставив алое вера гел во комбинација со маслата. Навистина се воодушевив од резултатот затоа што овој гел додатно ја хидрира и навлажнува кожата и ја смирува онаа чувствителна кожа околу очите. Рецептот е следниов:

1. 55 мл алое вера гел
2. 20 мл. масло (маслиново, кокосово, ориз невен), кое е всушност две супени лажици;
3. 8 мл. рицинусово масло (или две кафени лажички);
4. едно празно шишенце;

Во шишенцето најнапред ставете го алое вера гелот, па потоа додадете ги и маслата. Убаво протресете за да се измешаат состојките. Овој производ одлично ја вади шминката и за разлика од првиот рецепт каде користевме вода, има погуста структура. Секако убаво протресете пред секоја употреба.

Мали совети:

- Без разлика на тоа дали ќе го одберете првиот, вториот или третиот начин на вадење на шминката, од огромна важност е, по отстранувањето на шминката, убаво да ја измиете кожата на лицето за да ги остраните вишокот на масла од лицето и евентуалната нечистотија која се залепила за нив;

- За полесно вадење на шминката од очите, најнапред памукчето допрете го до самото око и оставете неколку секунди додека течноста која ја користите не го навлажни убаво целиот тој дел. Потоа само нежно поминете со памукчето онолку пати колку е потребно да се отстрани шминката без многу триење или притискање врз окото;

- Чистењето на чицето завршете го со убав тоник кој ќе ги отстрани евентуалните остатоци од производот за вадење на шминката:

- Третманот завршете го со нанесување на убава крема според видот на вашата кожа.

Се надевам дека ви се допаднаа овие едноставни, природни и пред се економични начини за отстранување на шминката од лицето и дека ќе се обидете да пробате барем еден од нив. Ќе бидете доста изненадени и воодушевени од ефикасноста и резултатот. Кожата ќе ви остане мека, нежна нахранета и хидрирана.

Поздрав и до скоро читање.
Вики

Sunday, July 26, 2015


Благ пилинг за чувствителна кожа на лицето


Во една од поранешните статии кога говорев за видови на ексолиација и за пилинзи кои сами може да ги направиме, споменав дека за чувствителна кожа најдобри се пилинзите направени со брашно од ориз или кокос. Епа токму второво ќе го употребиме во денешнава статија за пилинг за нежна кожа.

Кокосовото брашно е едно од најблагите видови на пилинг (за разлика од содата, пченкарното брашно итн), нежно го ексфолира лицето без да го надразни. Ја остава самата кожа комплетно чиста, мазна и што е најважно прекрасно мириса.

За подготовката на овој многу едноставен пилинг потребни се само две состојки и тоа: кокосово брашно и растително масло по ваш избор.


Јас во овој рецепт користев кокосово масло затоа што го потенцираше мирисот на кокосот и затоа што одлично навлажнува и храни, меѓутоа доколку сакате може да користите и други масла како бадемово, масло од ориз, јојоба итн. Важно е да не користите масла кои имаат јак мирис (како на пример маслиново), затоа што во спротивно ќе го покријат убавиот мирис на кокосот.

Во една чиста тегличка ставете неколку лажици кокосово брашно и додадете онолку масло колку е потребно да се направи убава пилинг смеса.


Вака подготвениот пилинг е доста траен, важно е да го земате со чиста лажичка и да не ви навлезе вода внатре во производот.

Се нанесува на навлажнета кожа со благи и кружни движења и се одмива со млака вода.
Вреди да се проба.


Се надевам дека и овој рецепт ви се допадна, а ние се читкаме наскоро.

Вики

 

Saturday, July 11, 2015


Природни лекови против стрии


Стриите претставуваат неестетска појава која претставува проблем на многу девојки и жени. Се појавуваат како резултат на кинењето на еластичните влакна во дермисот, односно колагенот и еластинот кое настанува како последица на драстични диети, нагли промени во телесната тежина, како и за време на бременоста.

Кога ќе се појават имаат розева боја, а со текот на времето стануваат бели. за жал белите стрии не може да се избришат од телото ни со најскапата крема од 200 евра, меѓутоа со вистинската нега и вистинските производи, може да се ублажат и да се спречи појавата на нови стрии (а како се вика подобро да се спречи отколку да се лечи).

Што всушност подразбираме под правилна нега на кожата? Со оглед на тоа што стриите се појавуваат како резултат на губитокот на еластичноста на кожата, прво правило е да ја оддржуваме секогаш кожата еластична со употребата на вистинските препарати и природни состојки. Верувајте ми добро нахранета и хидрирана кожа е клучот за кожа без стрии.

На пазарот постојат милион препарати кои се наменети за оваа проблематика, меѓутоа верувајте ми кога ви велам дека кожата може да се одржува еластична и со најобично масло од 100 денари. Нема потреба да се трошат многу пари на скапи производи кога тајната е во хидратацијата и хранењето на кожата.

Во продолжение на оваа статија, со вас ќе споделам кои состојки одлично ја хранат кожата и на тој начин ја спречуваат оваа неестетска појава.

1.Чисти масла за нега на кожата


Маслата се мелем за спречување на стриите. За да ја спречите појавата на стриите прво нешто што треба да направите е да користите чисти масла за нега на вашата кожа. Голем број од маслата се богати со витамин Е, Б и минерали кои одлично ја оддржуваат еластичноста на кожата. Малкумина знаат дека дури и чистото бадемово масло кое е едно од најевтините и може да се најде скоро секаде, доколку се користи редовно дава фантастични резултати. Другарка ми се мачкаше два пати дневно со ова масло во текот на целата бременост и нема воопшто стрии од бременоста, а од неа излегоа близнаци. Па сега вие видете. Други масла кои лесно може да ги најдете и се достапни за сите, а се одлични за оваа преблематика се: масло од невен, кокосово масло, масло од авокадо, масло од ленено семе и масло од пшенични никулци кое е екстремно богато со витамин Е. Маслата се нанесуваат по туширањето на чиста благо навлажнета кожа.

2. Шеа путер


Една од најквалитетните состојки која природата ни ја дава за нега на кожата без сомнение е шеа путерот.  Овој путер содржи состојки кои одлично ја оддржуваат еластичноста на кожата и е богат со витамините А, Б, Е, Ф.  Овој путер е во состојба да ја омекне и најсувата кожа или дел од телото. Со редовна употреба се гледаат одлични резултати. Најдобро е доколку се нанесе по туширањето на чиста кожа кога порите се сеуште отворени.

3. Алое вера гел


Гелот од алое вера е фантастичен производ затоа што одлично ја хидрира кожата, а воопшто не ја масти. Веднаш се впива и ја остава кожата мека и мазна. Како и маслата, така и оваа состојка треба да се користи со константна и редовна употреба на чиста и сува кожа.

4. Какао путер


Ова е еден од моите омилени путери затоа што го обожавам мирисот, структурата и ефектот врз самата кожа.  Има слични бенефиции и ефекти како шеа путерот и се нанесува на ист начин. Може да го најдете во продавниците за здрава исхрана.

 Доволно е да одберете една од горенаведените состојки и да ја користите упорно секојдневно, или пак, може да направите и микс од повеќе масла или масла со путер и да додадете етерични масла за подобар ефект. 

Доколку сте љубители на производите направи сам, во продолжение заедно ќе направиме еден путер за масажа на телото, во кој ќе ставам повеќе состојки кои се одлични за оваа проблематика и се мелем за здрава, нахранета и убава кожа.

 Она што ви е потребно да го направите овој масажен путер е:

- една ипол лажица пчелин восок
- половина лажица шеа путер
- една лажица какао путер
- една лажица кокосово масло
- половина лажица масло од пшенични никулци
- една до две коцки бело чоколадо (доколку сакате инаку не е обавезно)

(количините се за еден масажен путер)



Ова е малку покомплициран рецепт, во смисла не е комплициран за изработка, меѓутоа потребни се повеќе состојки. Што се однесува до маслата може да употребите било кое масло како бадемово, маслиново, јојоба...она што имате дома. Јас ги одбрав овие две затоа што кокосовото го обожавам, а маслото од пшенични никулци е најбогатое од сите масла со витамин Е и одлично ја негува сувата кожа. Лецитинот присутен во ова масло и дава огромна еластичност на кожата. Обавезно мора да имате барем еден од путерите (јас сакав комбинација од двата), но вие доколку имате само какао путер или само шеа путер нема никаков проблем рецептот ќе биде супер (само зголемете ја количината). Пчелиниот восок е обавезен, затоа што ќе му даде цврстина на производот инаку на високи температури ќе ви се стопи. Етеричното масло не е неопходно, меѓутоа го зголемува ефектот на самиот производ и даваат прекрасен мирис. Намерно додадов бело чоколадо за убав мирис на производот и поголема хранливост. Внимавајте црното чоколадо малку ќе ви ја обои кожата при употреба на производот.

Јас направив 6 масажни путери, така да ја зголемив дозата за 6 пати на секоја од состојките.

Еве ја процедурата:

Најнапред во еден сад на пареа растопете го пчелиниот восок со какао путерот, шеа путерот и белото чоколадо. Откако ќе станат течни додадете ги маслата и доколку сакате, на крај додадете и етерични масла. Неколку од овие путери ги правев специјално за да и ги подарам на една бремена жена затоа во дел од нив и не ставив етерични масла, а во останатите три ставив етерично масло од портокал (кое одлично се сложува со мирисот на чоколадо) вкупно 8 капки во остатокот од смесата за трите путери. Потоа сето ова излијте го во еден силиконски калап. Доколку сакате вашиот производ да изгледа поинтересно, може да додадете чоколадни трошки, кокосово брашно или зрна од кафе на дното на калапот пред да ја излиете смесата во самиот калап. 



Оставете ја смесата саат време да се олади на собна температура, па потоа префрлете ја во фрижидер и оставете ја 2 часа убаво да се зацврсне. По истекувањето на двата часа, извадете ги масажните путери од калапот и оставете ги цела ноќ да отстојат пред употреба. Еве како изгледаат кога ќе се извадат од калапот:




На два од нив ставив малку чоколадни трошки (сама си изрендав мало парченце чоколадо), а другите имат по некоја трошка која случајно завршила во калапот. Другиот ден вашите масажни путери се готови за употреба и изгледаат вака:


Се користат многу едноставно, односно со нив се поминува оној дел од нашето тело кој сакаме да го третираме, или пак цело тело. Путерот во допир со кожата, односно со нашата телесна топлина се топи и на тој начин производот навлегува во нашата кожа и ја храни. Најдобро е да го нанесувате после туширање на чиста кожа кога порите се малку отворени од туширањето.



  
Кожата ја остава перфектно мазна и нахранета. 

За на крај, дали ќе одберете едноставно едно од предложените масла или пак ќе се обидете да направите нешто покомплицирано, оставам на вас. Како и да е, и во двата случаи кожата ќе има огромни бенефиции и корист. 

Се надевам дека ви се допаднаа овие мали но корисни совети за нега на кожата и спречување на појавата на стриите. Поздрав и до скоро читање.

Вики 

 

Tuesday, July 7, 2015


Антицелулитна маска од глина


Здраво,

маската од глина била позната уште од дамна како најдобар пријател на кожата во подобрувањето на структурата на кожата, особено при лекувањето на акните или пак во подобрувањето на неестетската појава која најчесто го зафаќа пределот околу бедрата и нозете, односно целулитот. Ете токму на оваа проблематика ќе се задржиме во денешнава статија.

Во продажба постојат навистина голем број на препарати и антицелулитни маски од глина, и се наоѓаат навистина добри и доста функционални производи, меѓутоа доста скапи со оглед на тоа што содржат многу хранливи и скапи состојки.  Целта на денешнава статија е да ви покажам како сами во домашни услови може да произведеме антицелулитна маска од глина, и тоа ќе ви дадам неколку варијанти во согласност со економската состојба, и секако состојките кои ги имаме на располагање.

Најнапред, ако разгледаме повеќе антицелулитни готови маски ог глина, поточно, ако го разгледаме нивниот состав во декларацијата, ќе забележиме дека се составени од 3 дела и тоа:

1. цврст или прашкаст дел кој најчесто е зелена глина во комбинација со сол, сушени алги во прав, чоколадо, кафе или какао;

2. течен дел кој најчесто е термална вода со оглед на лековитите својства која ги има врз кожата;

3. етерични масла, кои не само што даваат прекрасен мирис на самиот производ туку се од огромна помош при лекувањето на целулитот;

Ете откако утврдивме што треба да содржи една добра антицелулитна маска, ајде да видиме како може да ја направиме сами без да потрошиме цело богатство на готовите производи. Во продолжение ќе ви предложам една многу функционална антицелулитна маска. Количините се за две до три нанесувања, а течноста се подготвува пред самата употреба со цел производот убаво да се оддржи без конзерванси.


Состојки за антицелулитна маска:

- 4 лажици зелена глина (сетете се да користите дрвена или пластична лажица, никако метална);
- 4 лажици какао (одберете го она горкото, без шеќер);
- 2 лажици морска сол;

убаво измешајте ги сите состојки во едно чисто кутивче од крема или пак тегличка, и ова ќе биде вашата база за антицелулитниот третман. Зелената глина е фантастична затоа што ја прочистува кожата, богата е со минерали и лечи разни проблеми кај самата кожа. Какаото го одбрав намерно наместо кафето, затоа што во некои случаеви се покажало многу поефикасно во лечењето на целулитот. Со овие дози добивате околу 200 гр. производ.


Секогаш кога ќе посакате земете помала или поголема количина од смесата (зависно од зоната каде сакате да нанесете) и  растворете ја со една од следниве течности или комбинации:

- зелен чај: одличен во третманите против целулит. Направете чај и со него растворете ја базата за антицелулитна маска. Чајот нека биде топол меѓутоа не врел.

- дестилирана вода која сепак дава убави резултати. Јас во дестилираната вода додавам и малку термална вода затоа што е богата со сулфур и дава прекрасни резултати. Ја користам онаа на Гамард и тоа не само за ваков вид на рецепти туку и ја испрскувам на лицето во жешките денови како освежувач за лице. Меѓутоа доколку немате не грижете се, слободно користете и дестилирана вода која претходно малку ќе ја загреете (да биде топла).


Доколку сакате може да додадете и некоја капка етерично масло, меѓутоа не е обавезно со оглед на тоа што маската функционира одлично и без нив. Етеричните масла само го зголемуваат антицелулитниот ефект на истата. Јас лично ставив 3 етерични масла во самата смеса (во целата смеса од 200 гр.) со цел смесата подобро да ги впие и користев: 5 капки етерично масло од портокал, 5 капки етерично масло од лаванда и 2 капки етерично масло од рузмарин во целата смеса и убаво промешав. Меѓутоа повторувам, доколку немате дома етерично масла, без грижа рецептот е доволно функционален и без нив.

Доколку сакате поголема хидратација на самата кожа, при приготвувањето на смесата додадете и малку гел од алое вера (секако доколку веќе го имате дома).

Ете, ви дадов повеќе опции, па вие секако изберете го она што најмногу ви одговара. Маската не треба да биде ни многу течна ни многу густа, лесна за размачкување а да не ни тече по кожата. Количината на течностите регулирајте ја вие самите, се додека не добиете изедначена смеса која лесно се нанесува.


Маската се користи на чиста кожа, најдобро доколку претходно направите снтицелулитен пилинг како оној кој ви го предложив со кафе http://biodevojka.blogspot.com/2015/06/blog-post_27.html, или пак оној со црвено вино кој ќе го најдете во статијата http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/blog-post_20.html. Потоа нанесете ја маската рамномерно со помош на една четкичка, покријте со проѕирна фолија и оставете да делува од 20 до 30 мин. За тоа време слушајте музика, читајте книга или пак читајте ги статиите на мојот блог :)


По истекот на времето, измијте ја маската со млака вода и звршете го миењето со малку поладна вода за подобра циркулација на кожата. Како за на крај, нанесете добро антицелулитно масло.

Овој третман дава навистина одлични резултати, а и доста е лесен за правење. Доволно е да го правите два пати неделно и ќе се воодушевите од крајниот резултат. Ја подобрува циркулацијата и ја чисти кожата. Помага во исфрлувањето на вишокот на течности, а глината исто така ја прави кожата многу поеластична и позатегната. Ќе заштедите време, а богами и пари за скапи третмани.

Се надевам дека ќе се обидете да го направите овој третман и доколку е тоа така, кажете како ви се допаднал и каков ефект има кај вас.

Секако важно е да напоменам дека ваквите третмани секогаш се прават во комбинација со здрава исхрана и урамнотежена физичка активност. Сам по себе ниеден производ не прави чуда доколку ги занемариме останатите работи.

Поздрав и до следната статија
Вики

Sunday, July 5, 2015


Меки усни со домашен скраб од мед


Убавите и меки усни изгледаат прекрасно кога на нив ќе се нанесе кармин. На пазарот постојат голем број на скраб или пилинзи за усни и повеќето од нив се прекрасни и природни и вистински спас за усните. Меѓутоа, овој вид на производ е толку лесен за подготовка, што за помалку од 5 минути може да си го направите сами во домашни услови и тоа според сопствен и личен вкус. Домашниот скраб е еднакво ефикасен како и купечкиот, а десет пати поекономичен. Потребни ви се само 3 состојки (основни), кои секако веќе ги имате во сопствените кујни. Епа драги мои, ајде брзо во вашите мали лаборатории и да се фатиме за работа!!!

Се што ви е потребно за да го направите овој скраб е:

- едно мало чисто кутивче за скраб;
- една полна лажичка шеќер;
- една лажичка масло по ваш избор (маслиново, јојоба, сончогледово, кокосово, рицинусово, арган итн.);
- четврт лажичка мед
- етерично масло (доколку немате не е обавезно);


Во чистото кутивче најнапред ставете го шеќерот,


 потоа внимателно додадете го медот и на крај маслото. Доколку имате етерично масло, капнете две капки од него. Сето ова убаво промешајте го и ете вашиот скраб е готов. Како етерично масло ви препорачувам едно од следниве: портокал, лаванда и мента.

Овој скраб користете го два пати неделно, најдобро навечер пред спиење, и по него ставете добар природен домашен балзам за усни (како на пример овој http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/blog-post_24.html), кој одлично ќе ги нахрани и негува усните во текот на ноќта. Една од најважните работи за меки усни е постојаната нега, така да ви препорачувам да користите балзам секоја вечер пред легнување, затоа што во текот на ноќта кожата најдобро ги прима хранливите состојки. Ве молам избегнувајте балзами кои содржат течен парафин затоа што само додатно ги сушите усните, а дел од парафинот и го голтате со оглед на тоа што половина од балзамите завршуваат внатре во организмот.


Се надевам дека овој прелесен рецепт ви се допадна и ќе се обидете да го направите. Лично, мене ми е омилен еден друг рецепт за балзам со путер од какао, меѓутоа, мојата цел е секогаш да ви предложам рецепти кои се лесни и достапни за повеќето од вас и со состојки кои лесно може да се најдат, а секако во некоја од наредните статии, доколку има интерес,  ќе го објавам рецептот и со какао путер кој е фантастичен.

Едит: скработ е доста издржлив и нема потреба од конзерванс, внимавајте само да го земате со чиста лажичка и да не дојде вода внатре во производот, затоа што ќе се расипе.

Поздрав и до скоро читање.
Вики

 

Saturday, June 20, 2015


Сакам органски лак за нокти...постои???





Здраво драги мои,


многупати го имам слушнато ова прашање и многумина ме прашуваат, дали како органската шминка и козметика може да се најдат и органски и природни лакови кои не се толку штетни за нашите нокти, и пред се за нашето здравје (со оглед на тоа што ги дишеме при нанесувањето). Одговорот е НЕ. Такво нешто не постои.

Во Рим навистина многу барав еден органски производ и многу производители на органска козметика направија обид за еден поприроден лак, меѓутоа ниедна од нив го нема сертифицирано како органски, со оглед на тоа што таква формула барем сега за сега, не е измислена. Едноставно не постои.

Е сега, ќе си речете ок, не постои органски лак, Вики нема што да ни предложи, значи може да користиме што сакаме. Одговорот повторно е НЕ.
Мора да напоменам дека сите лакови за нокти кои може да ги најдете на нашиот пазар не се исти и секако дека има опасни верзии (каде се присутни високо токсични материи), и помалку опасни верзии, каде производителите за среќа исфрлиле поголем дел од опасните состојки.


Ајде најнапред да видиме кои состојки пожелно е да се избегнуваат во еден лак:

1. Formaldehyde состојка која на некој начин прави ноктот да изгледа поцврст и затоа најчесто се користи во третманите за зацврснување на ноктите. Но верувајте ми ова е состојка бр.1 која треба да се избегне во лаковите и третманите за нокти затоа што е многу токсична. Меѓународната агенција која врши истражувања за ракот, оваа состојка ја класифицираше како канцерогена која има можност дури и да влијае и врз ДНК.

2. Toulene е втора состојка која дефинитивно треба да ја избегнуваме во лаковите за нокти затоа што во моментот кога ќе ја нанесеме на ноктите веднаш испарува и е многу штетна за дишните патишта. Европскиот закон за козметика дозволува нејзина употреба не повеќе од 25%, меѓутоа и во овој процент може да предизвика иритација кај оние кои имаат многу чувствителна кожа.

3. Formaldehyde Resin (или Tosylamide Resin) е дериват на формалдедидот кој се користи во лаковите затоа што дава голем сјај на самиот лак, меѓутоа неговото присуство може да предизвика иритации и алергиски реакции кај кожата.

4. Dibutyl Phthalate е состојка која му дава флексибилност на лакот, меѓутоа и таа е доста токсична за организмот и кожата.

5. Camphor е состојка коа исто така му дава флексибилност на лакот при нанесувањето, меѓутоа предизвикува алергиски реакции и иритации, а исто така може да предизвика и главоболка.


Па добро тогаш кои лакови се сигурни и без сите овие штетни состојки? Дефинитивно треба да се бираат лакови без Formaldehydе и Toulene, како две најтоксични состојки, меѓутоа сепак лаковите се поделени во 3 категории според останатите состојки и тоа:

3 free се оние кои не содржат Formaldehydе, Toulene и Dibutyl Phthalate

4 free се оние кои не содржат Formaldehydе, Toulene, Dibutyl Phthalate и Camphor

5 free се оние кои не содржат Formaldehydе, Toulene, Dibutyl Phthalate, Camphor и Formaldehyde Resin (или Tosylamide Resin)

 Значи при купувањето на лаковите за нокти многу е важно да се чита декларацијата (која за жал е минијатурна и најчесто скриена под ливчето залепено на самиот лак). Знам ќе си речете, леле кој ќе чита сега еден куп на лакови, тешко е да ве заболе глава....без гајле, јас го сторив тоа за вас. Прошетав низ сите продавници со лист и пенкало, ги разгледав најпродаваните лакови, ги разгледав внимателно состојките и еве само за вас комплетна листа на лакови според категориите 3 free, 4 free, или 5 free:



1. Лакови за нокти 3 free: OPI, Maybelline Colorama, Maybelline Salon Expert и Maybelline Express Finish

2. Лакови за нокти 4 free:  L'Oreal Colour Riche;

3. Лакови за нокти 5 free: Essence I love trends, Max Factor Gel Shine Laquer, Max Factor Glossfinity, Rimmel London 60 Seconds, Golden Rose Rich Colour, Golden Rose Matte, Golden Rose Paris, како и следниве лакови од линијата S-he: Glitter Top Coat, Cracking Top Coat, All in One Nail Power, French Manicure, Quick Dry и Acqua Shine (овие успеав да ги проверам).

Важно: внимавајте затоа што една иста марка во еден лак можеби не ставила штетни состојки, а во друг да. Затоа ви ја нагласив марката и името на самиот лак.

Како што може да забележите, без разлика на тоа што не постојат органски лакови за нокти, добрата вест е што поголемиот број на компаниите, за среќа, произведуваат лакови 5 free. Некои од овие лакови лично ги проверив на лице место во продавниците во Скопје, а на некои за среќа состојките им беа напишани на самите веб страници.


Како што веќе ви напоменав голем број од третманите за зацврснување на ноктите содржеа формалдехид, затоа јас лично би ви го препорачала гелот за нокти на Alverde, кој има убав ефект (секако не се забележува веднаш, потребно е време, меѓутоа како се вели полека но сигурно). Знам дека сите сакаме брзи резултати и цврсти нокти веднаш, меѓутоа тоа не треба да биде по секоја цена.

Секако има уште многу лакови на кои не успеав да им ги најдам состојките, така да доколку нешто ве интересира, а не сум го вметнала во статијата, слободно оставете коментар и ќе се потрудам да ви одговорам. Исто така ве поканувам да споделите ваши искуства околу лаковите за нокти.

За на крај, неколку корисни совети за сите вас:

- кога нанесувате или вадите лак за нокти, правете го тоа близу до отворен прозор, со цел да не ги вдишувате штетните состојки;

- бирајте секогаш лакови 5 free;

- наместо третманите за нокти кои содржат формалдехид користете убаво масло за нега на ноктите (најдобро маслиново) со етерично масло од лимон кое може да го купите или направите сами, или пак третмани за нокти без формалдехид;

Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист и ви благодарам за времето кое го одвоивте да ја прочитате. Поздрав и до следно читање.

Вики


Thursday, June 18, 2015


Детска кожа: какви производи да користиме и кои состојки да ги избегнуваме


Бебешката и детската кожа видно се разликува од кожата на возрасните поради тоа што од раѓањето па се до 12-та година, децата имаат кожа без себум, односно нивната кожа има тенденција да биде секогаш посува. Исто така, најгорниот слој на епидермот кај децата е многу потенок отколку кај возрасните, кој ја прави детската кожа многу почувствителна на надворешните влијанија. Затоа во овој период од огромна важност е да се употребуваат само неопходните производи кои за цел имаат да ја заштитат, хидрираат и нахранат детската кожа.

За жал компаниите за конвенционална козметика, не само што не се грижат за нас, туку немаат милост ни кон овие мали суштества, ставајќи најтоксични состојки во производите за нега на децата како минерални масла, течен парафин, силикони и што се не.

За штетноста на овие состојки веќе говорев во статијата http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/blog-post_35.html, меѓутоа еве накратко ќе повторам со цел да ви објаснам како овие состојки делуваат врз кожата и зошто треба да се избегнуваат.

1. Нафтени деривати (во декларацијата на производите ќе ги најдете под следниве имиња)

- Mineral oil
- Petrolatum
- Paraffinum liquidum
- Cera microcristallina или Microcrystalline Wax
- Vaselina
- Paraffina

Во козметичките препарати главната цел на нафтените деривати е задржување на влажноста на кожата. Значи, кога ќе се намачка на кожата парафинот формира тенок слој, еден вид на заштитен филм кој ја задржува водата во кожата спречувајќи ја на тој начин дехидратацијата на кожата. Меѓутоа, на тој начин кожата неможе да дише. Ако губи премногу вода секако дека се суши тоа е повеќе од сигурно, меѓутоа доколку таа не успее да размени вода со надворешните услови постои ризик да со преголемото задржување на водата на површинскиот слој на кожата се формираат бактерии, кои одлично се развиваат во услови на преголема влага, и се појавуваат инфекции, црвенила и иритации.  Многу важно е да се напомене дека сите овие деривати воопшто не се компатибилни со кожата, односно со нејзината структура и немаат никакво хранливо дејство.


2. Силикони (сите оние кои завршуваат на -thicone; -oxane; )

- Dimethicone 
- Amodimethicone 
- Cyclomethicone 
- Ciclopentasiloxane 
- Dimethiconol 
- Trimethylsiloxysilicate  
- poliquaternium 80

Силиконот се добива по хемиски пат од силициумот и во зависност од начинот на комбинација на самите хемиски елементи се добиваат разни видови на силикони кои се масовно користени во козметичките производи. Силиконите се антистатички, отпорни на високи температури и што е најлошо не се биоразградливи. Главната улога на силиконите е таа да ја омекнат структурата на еден производ, односно, кога истиот е нанесен на кожата даваат ефект на мазна кожа кој всушност е лажен и краткотраен. Силиконот нема никаква улога во негата на кожата, Дејството му е да створи заштитен филм (маска) на кожата меѓутоа не ја негува, дури во одредени случаеви ја суши уште повеќе. Значи ако кожата ви е сува, силиконот прави еден слој врз неа, на допир изгледа мазна и прекрасна, меѓутоа после неколку миења (доколку не го употребувате повеќе) кожата ќе ви остане сува. 


Може да замислите каков ефект имаат овие состојки врз нежната бебешка и детска кожа, која има потреба од хидратација, заштита и нега. Знајте дека голем број од иритациите и алергиите кај децата се должи токму на овие состојки.

За да преживееме во големиот пазар на производи за нега на кожата, треба пред се да ги познаваме вистинските потреби на бебешката и детската кожа. Како што нагласив на почетокот, детската кожа има потреба од малку производи меѓутоа внимателно одбрани и квалитетни, така да моја цел е денес да ви предложам еден неизбежен и прекрасен, комплетно природен и органски производ од линијата Gamarde, односно дерматолошкиот гел за миење на бебиња и дечиња.


Како и целата линија на Gamarde, станува збор за 100% природен и сертифициран органски производ, кој нежно ја мие детската кожа, почитувајќи го нејзиниот природен Ph баланс. 

Производот е високохигиенски и доаѓа во пакување од 400 мл. со пумпица која е многу практична. Составот на овој производ е следниов: 


Gamarde aqua (Gamarde Water), Lavandula hybrida (Lavandin) flower water*, lauryl glucoside, coco-glucoside, Glycerin, cocamidopropyl betaine, aqua (Water), glyceryl oleate, xanthan gum, decyl glucoside, glyceryl caprylate, dicaprylyl ether, lauryl alcohol, Cinnamomum camphora (Camphor) bark oil, Citrus aurantium amara (Bitter Orange) leaf/twig oil*, Cymbopogon martini (Palmarosa) oil*, Lavandula angustifolia (Lavender) oil*, geraniol, limonene, linalool.

*ingrédient d’origine Biologique


Од декларацијата може да се забележи едноставноста и функционалноста на овој производ, односно на секоја компонента во него: термалната вода од Гамард е богата со сулфур и ги намалува иритациите на кожата, водата од лаванда има смирувачки ефект врз кожата, етеричните масла од лаванда, портокал и палмароза имаат антибактериско дејство и ја омекнуваат кожата. Содржи многу нежни сурфактанти за измивање како lauryl glucoside, coco-glucoside и decyl glucoside. Навистина идеален производ кој убаво ја мие, хидрира и омекнува детската кожа и коса. 


Структурата на самиот производ е многу убава и кремаста, а мирисот е фантастичен и што е најважно не е синтетички, туку добиен од етеричните масла во самиот производ. Дома го истестиравме на внука ми која просто го обожава, а со нејзина дозвола го пробав и јас и верувајте ми се вљубив во производот. Кожата ја остава навистина многу мека, перфектно чиста и навлажнета. Одличен е како за бебчиња, така и за деца (а и за тетки ако добијат дозвола од внуците).



Затоа мој совет ви е доколку сакате да му пружите максимална природна нега на вашето дете, да го пробате овој производ. Верувајте ми ќе бидете повеќе од задоволни, просто воодушевени. Мојата оцена за овој производ е чиста 10-ка.


Цената на овој производ е 1190 денари за 400 мл. 

Gamarde не би бил Gamarde доколку и овојпат не подготви за вас едно прекрасно изненадување. Со секој купен гел за туширање на подарок добивате крема за пеленска реакција. Оваа крема е високо квалитетна и природна, и освен за пеленска реакција може да ја користите и како лек за иритации од сонцето и црвенила кај децата и возрасните. Во својот состав содржи: термална вода од Гамард која прочистува и смирува, масло од арган кое храни и навлажнува, масло од коноп кое ја храни кожата, шеа путер кој многу ја омекнува кожата и е богат со витамините А,Д и Е, и етерични масла од лаванда и палмароза, како и цинк оксид. Навистина доста практичен производ потребен за негата на најмалите, а богами и поголемите.

 
Оваа промоција важи во следниве денови и аптеки:

                  Ден
             Аптека
             Час
19/06/2015    Петок
Еурофарм- Веро/Џамбо
12:00-15:00
20/06/2015    Сабота
Ани Фарм -Капитол   
12:00-15:00
Еурофарм- Рамстор
18:00-21:00
21/06/2015    Недела
Ани Биомаркет-Козле
11:00-14:00
24/06/2015    Среда
Еурофарм- Плоштад
11:00-14:00
25/06/2015   Четврток
Еурофарм- Веро 2
16:00-19:00
26/06/2015    Петок
Еурофарм- Веро/Џамбо
12:00-15:00
27/06/2015    Сабота
Ани Фарм-Капитол             
12:00-15:00
Еурофарм- Рамстор
18:00-21:00
28/06/2015    Недела
Ани Биомаркет- Козле
11:00-14:00
Се надевам дека и оваа статија ви се допадна, и ви беше од корист .
До скоро читање.

Вики
2 comments:

 

Sunday, May 24, 2015


Да се заштитиме од комарци на природен начин


Вчера во собата наидов на еден комарец мутант, верувајте ми беше толку голем што се исплашив! Со оглед на тоа што започна така наречената сезона на комарци и се повеќе луѓе (особено дечињата) страдаат од убодите на комарците, решив да посветам една статија токму на оваа проблематика.

Најнапред еден навистина интересен податок: некаде имам прочитано дека само женските комарци касаат, затоа што од нашата крв добиваат хранливи состојки кои им се потребни за созревање на сопствените јајца (за размножување). Машките комарци претежно се хранат со шеќери од природата.

Како и да е, со цел ова лето да ги држиме што понастрана од нас и нашите семејства, во продолжение сакам да ви предложам неколку рецепти за природни производи против комарци кои се многу функционални, и секако да ви дадам неколку важни совети во заштитата против комарците.

1. Природен гел за заштита од комарци

Состојките кои ви се потребни за реализација на овој гел се:

- две супени лажици алое вера гел;

- една супена лажица масло (може да изберете едно од следниве: невен, маслиново, бадемово, кокосово);

- 10 капки етерично масло од лаванда;


Помешајте ги сите состојки и ставете го гелот во едно празно и чисто шишенце.


Изборот на состојките не е случаен, а сега ќе ви објаснам зошто.

Алое вера гелот има смирувачки ефект и антибактериско дејство врз кожата.  Одлично ја хидрира и навлажнува кожата.

Маслата кои ви ги предложив се сите прекрасни, зависи од вас кое ќе сакате да го употребите. Маслото од невен смирува иритации и црвенила, кокосот има огромно антибактериско дејство, маслиновото и бадемовото ја хранат и омекнуваат кожата.

Етеричните масла се од голема важност, затоа што всушност нивниот мирис ги оддалечува комарците. Маслото од лаванда е едно од најсигурните и одговара за сите возрасти и состојби (за трудници, бебиња, дечиња). Секако постојат и други масла кои може да ги користите како лимонова трева, рузмарин, мента, чајно дрво и еукалиптус, меѓутоа на пример трудниците никако не би смееле да користат мента, додека за бебињата не е препорачлива лимонова трева. Затоа мојата цел беше еден производ за повеќе категории на луѓе, без компликации или пак специјални додатоци.

Сакам она што ќе ви го предложам да биде едноставно за правење, со сотојки кои лесно може да ги најдете и што е најважно истовремено да биде функционално. Не сме сите хемичари, а и отсекогаш ми се допаѓала едноставноста. Малку состојки, а сепак функционално.

Само внимавајте со етеричните масла и количината со оглед на тоа што станува збор за концентрирани состојки кои кај некои луѓе може да предизвикаат алергии.


Вака подготвениот гел доколку го чувате во фрижидер трае и до 3 месеци, а на собна температура до 1 месец.

Доколку сакате може да направите и поедноставна варијанта, односно да капнете неколку капки етерично масло од лаванда во бадемово масло и со таа смеса да ја намачкате кожата.

2. Природен спреј за заштита од комарци

Маслото од неем е едно од најефикасните природни средства за заштита од комарците. Неговиот мирис е толку специфичен и силен што верувајте ми комарците ќе бегаат на километри од вас. Со оглед на тоа што во Скопје немам сретнато чисто масло од неем, би сакала да ви го предложам маслото од неем за коса на Dr. Hauschka, кое освен за овој рецепт ќе може слободно да го користите и како третман за коса кој, верувајте ми, ќе направи чуда за вашата коса.Се што ви е потрбно за овој спреј е:

- едно празно спреј шишенце од 100 мл;

- 3 кафени лажички масло од неем на Dr. Hauschka;

- 1 кафена лажичка јабоклов оцет;

- дестилирана вода (колку да го наполните шишенцето);
                                                          
Во празното спреј шишенце најнапред ставете го маслото и оцетот и потоа додадете ја водата (оставете малку простор, не го полнете скроз до горе) и убаво протресете. Вашиот спреј е готов. Рок на трајност му е 1 месец, со оглед на тоа што нема конзерванси. Овој спреј исто така не содржи емулгатори, така да пред употреба секогаш добро протресете со цел да ги споите маслото со водата.

Оригиналниот рецепт, тој што го правев јас со чисто масло од неем беше 2 лажички чист неем со една лажичка друго масло, на пример бадемово, невен, маслиново и јаболков оцет. Со оглед на тоа што маслото на Dr. Hauschka веќе содржи микс од масла како пшенични ркулци, масло од кикирики, неем и екстракти од камилица и рузмарин, доволни се три лажици од самото масло.

Исто така ова масло може да го нанесете и директно на кожата, доколку не сакате да го направите овој рецепт.

Корисни совети за заштита од комарци

1. Комарците имаат потреба од топли и влажни амбиенти, особено таму каде има отстоена вода, со цел да ги размножат своите јајца. Во вакви услови, во рок од 10 дена успеваат да се размножат.  Затоа барем еднаш неделно празнете ги вазните или саксиите доколку во нив се задржала вода, доколку имате аквариуми или мали базенчиња, обавезно покријте ги со мрежа против комарци.

2. Друга важна работа е она што го јадеме. Дали сте се запрашале зошто некои луѓе воопшто не се жалат на убоди од комарците? Затоа што нивната крв и нивната пот ги одбива истите. Тоа е така поради храната која ја конзумираат која треба да биде богата со витамин Ц и витамини Б1 и Б6. Затоа конзумирајте што повеќе храна богата со витамин Ц, многу цитрусно овошје, а особено храната зачинувајте ја со свежи зачински билки кои коже да ги одгледувате на сопствените тераси. Особено корисно е конзумирањето на кромид, лук и чили пиперче, со оглед на тоа што нивниот мирис преку потта ги одбива комарците.



3. Одгледувајте лаванда на вашите тераси или во самиот дом. Мирисот на оваа билка,навистина ги одбива комарците. Доколку немате билка во тој случај користете етерично масло од лаванда како освежувач на простории, или пак направете го мојот омилен спреј за освежување на простории од лаванда. Рецептот ќе го најдете во оваа статија  http://biodevojka.blogspot.com/2015/03/blog-post_11.html.


Но што ако комарецот веќе не каснал?

Во тој случај на убодот од комарецот ставете една од овие работи со цел да го спречите чешањето и побрзо да го намалите отокот.

- гел од алое вера кој има антибакртериски дејства,смирува и негува;

- јаболков оцет: неколку капки на едно памукче директно врз убодот.;

- мед: мала количина од медот директно врз убодот

- лимон: го неутрализира чешањето од убодот. Внимавајте да не се изложувате на сонце откако ќе нанесете лимон, затоа што е фотонестабилeн и предизвикува флеки на кожата. Доколку се одлучите за оваа варијанта најдобро е да го направите дома навечер;

Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист и дека ова лето ќе успееме да ги држиме комарците што подалеку од нашите домови, тераси и градини.

Голем поздрав и до следната статија

Вики

Saturday, May 23, 2015


Лелеееее....ја погрешив кремата за лице!!!


Многупати имам напоменато дека од голема важност е она што го нанесуваме на лицето и дека колку една крема е поприродна со добро избалансирана формула и по можност органска, толку е подобра за кожата затоа што не само што ја штити од надворешните влијанија, туку  и ја негува и навлажнува нашата кожа во зависност од потребите и видот на кожата.
Најнапред само да потсетам дека освен кремата, за убавиот и здрав изглед се потребни и здрава исхрана, физичка активност и добросостојба на организмот, значи кремата за лице е само еден дел од мозаикот за човековото здравје и убавина.
За изборот на кремите, состојките кои треба да се избегнуваат и нивното дејство ве поканувам да ги прочитате следниве статии (доколку веќе не сте го сториле тоа)
На секој од нас барем еднаш му се случило да купи една крема да си ја донесе дома, да ја нанесе на лицето и...да сфати дека е премногу масна или премалку масна. Понекогаш понесени од желбата да пробаме нешто ново или следејќи го советот на најдобрата пријателка дека одреден крема е супер, може лесно да одбереме производ кој не е секогаш прикладен и за нашата кожа.

  
Во денешнава статија би сакала да ви дадам мали совети или трикови како да ја корегираме кремата која погрешно сме ја одбрале за нашиот вид на кожа. Во случајов погрешно одбрана крема не се однесува на онаа полна со силикони, туку на убава органска или природна крема која едноставно сме откриле дека не ни одговара на видот на кожата (верувајте ми кремите со силикони ништо не може да ги поправи).
    1.       Кремата што сте ја одбрале е премасна за вашето лице и целата кожа ви свети.
Сте купиле нова крема за која сте платиле и доста пари за потоа да откриете дека не одговара на вашата кожа затоа што ја масти или пак кожата ви свети? Без грижа, на помош доаѓа волшебниот гел од алое вера. Земете мала количина од кремата во дланката и помешајте ја со мала количина гел од алое вера. Водената структура на гелот на некој начин ќе ја ублажи маснотијата на кремата и кожата на лицето убаво ќе ја впие без притоа да има видлива масна трага. Вака помешаната смеса воопшто не ја масти кожата, затоа што гелот и маслото меѓусебно на некој начин се компензираат и надополнуваат.

     2.       Кремата што сте ја купиле не е доволно масна за вашето лице
Во случај лицето да ве затега по употребата на една крема, односно кога кремата не е доволно масна за вашата сува кожа, процесот е обратен: додајте маслку масло за да ја збогатите кремата. Значи мала количина од кремата помешајте ја со неколку капки чисто масло по ваш избор (прочитајте ја статијата за масла за лице http://biodevojka.blogspot.com/2015/03/blog-post_46.html) и нанесете ја на кожата на лицето. Вака збогатената крема ќе ја остави вашата кожа мазна и нахранета.

Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист.
Благодарам и до следната статија.
Вики
 



Thursday, May 14, 2015


Направи сам: природен гел за дезинфекција на рацете



Рацете се најподложни на секаков вид на бактерии, со оглед на тоа што со нив се поздрвавуваме, допираме разни предмети и ги користиме за да си помогнеме во секојдневните обврски. Од голема важност е тие да се оддржуваат чисти и негувани, но не секогаш имаме можност да ги измиеме во текот на денот, така да многумина користат гел за дезинфекција на рацете. Во зависност од составот и формулата, овој гел може да биде добар, меѓутоа и штетен за самата кожа на рацете, доколку е премногу агресивен или со лоша формула. Доколку сакате ефикасен гел за дезинфекција на рацете, кој притоа нема премногу да ја суши кожата, тогаш јас имам решение за вас. 
Во денешнава статија со вас ќе споделам еден навистина многу лесен рецепт за гел за дезинфекција на рацете, кој сами може да го направите за 10 минути. Овој гел е навистина едноставен за подготовка, меѓутоа многу ефикасен. Јас честопати си го правам и го носам во ташната за секој случај.
Еве што сѐ ви е потребно за подготовката на овој гел:
3 супени лажици алое вера гел
1 кафена лажичка маслиново масло (може да користите бадемово или рицинусово масло)
1 кафена лажичка ракија
3 капки етерично масло од лаванда
3 капки етерично масло од лимон
Зошто токму овие состојки?
Гелот од алое вера одлично ја навлажнува кожата и ја дезинфицира;
Употребата на едно од горенаведените  масла е многу важно затоа што ја храни и негува кожата. Јас се одлучив за маслиново масло, меѓутоа вие може да одберете и друго или пак да направите микс од две масла, на пример половина лажичка маслиново со половина лажичка рицинусово или пак со бадемово.
Алкохолот е исто така одличен кога станува збор за дезинфекција. Мора да напоменам дека алкохолот ја суши кожата, меѓутоа внесен во оваа формула, не би требало да ви прави проблеми. Сепак количината е мала, и добро е избалансиран со останатите состојки.
Изборот на етеричните масла не е случаен. И двете масла имаат антибактериско дејство (особено лавандата) одлично се сложуваат, и го подобруваат мирисот и функционалноста на овој гел.

Подготовката е едноставна: во едно чисто шишенце најнапред ставете го алое вера гелот, потоа додадете го маслото, алкохолот и на крај етеричните масла. Мешајте додека убаво не се спојат сите состојки, (протресете убаво). Вака подготвениот гел има рок на траење од 1 месец.

Секогаш кога ќе сакате да ги дезинфицирате рацете, а не сте во можност темелно да ги измиете со сапун и вода, земете малку од производот и нанесете го на рацете. Секако ова не треба да стане навика и да го замени класичното миење на рацете, ниту пак треба да стане опсесија и да ги дезинфицираме рацете на секои 10 минути. Ова нека ви претставува еден вид на SOS во одредени случаеви (на пример во автобус), затоа што ништо не може да ја замени водата и сапунот (секако квалитетен сапун).
Дали ви се допадна овој навистина едноставен рецепт? Доколку одговорот е да, и доколку се обидете да го направите, оставите коментар за тоа колку сте задоволни од истиот.
Голем поздрав и до следната статија
Вики

 

Friday, May 8, 2015


Совршен педикир во 3 чекори


Колку е прекрасно кога конечно ќе се ослободиме од затворените чевли и чизми и на нозете ќе ги нанесеме омилените сандали. Не само што ние се чувствуваме прекрасно туку и самите нозе имаат конечно можност да дишат. За убав изглед на нозете во сандали, од огромна важност е убавата и негувана кожа на стапалата, особено на петиците. Во продолжение на оваа статија, со вас ќе споделам 3 производи кои навистина ми се допаднаа, затоа што се доста практични, функционални и природни. Станува збор за купката, сапунот и балзамот за стапала од La Soy.


Ги забележав овие производи во продавницата на La Soy и решив да ги пробам со цел да им олеснам на девојките кои немаат време, или пак не се љубители на проектите направи сам, а сепак сакаат убави и негувани стапала со природни производи. Овие три производи се навистина многу едноставни за користење, убаво мирисаат, а во продолжение ќе ви кажам нешто за секој од нив посебно и за начинот на употреба.


1. Купка за нозе

Содржи сода бикарбона и бадемово масло за чистење и омекнување на кожата, магнезиум сулфат за опуштање и ублажување на нозете, витамин Е како природен анти-оксиданс, лимонска киселина и природни етерични масла. Има навистина освежувачки мирис, нешто помеѓу нане и чајно дрво. Структурата на оваа купка е во прав и доволна е една супена лажица во леген со топла вода.
 

Се оставаат нозете потопени околу 10 до 15 минути и потоа се преминува на следниот чекор. Количината на ќесичката е доволна за 3 до 4 нанесувања. Верувајте ми дека после оваа купка навистина ќе видите и почувствувате огромна разлика.



2. Сапун за петици

Обично како втор чекор кога станува збор за педикирот е отстранување на грубата кожа на петиците, и најчесто тоа се прави со пилинг и со турпија. Јас секогаш го модифицирам овој чекор, односно го избегнувам отстранувањето на кожата со турпија, затоа што имам лошо искуство со турпиите. Кај мене за чудо се појавува контра ефект. Секогаш кога сум користела турпија, наместо да ја остранам кожата таа некако се повеќе се зголемуваше и сфатив дека колку повеќе инсистирам и отстранувам, толку повеќе имам работа, односно се појавува нова кожа за вадење и се вртев во круг. Она што можам да ви го дадам како совет, од моето лично искуство, е дека кога станува збор за негата на петиците најважно нешто за спречување на појавата на грубата кожа на петиците е редовното хранење на кожата со богата масна крема. Верувајте ми само тоа е спас. Затоа и како втор чекор ќе ви го предложам сапунот за стапала кој воедно ги мие стапалата и на некој начин прави благ пилинг на кожата на стапалата.


Овој сапун во својот состав содржи: сапунифицирани масла (кокосово, палмино и маслиново масло), семе од афион, морска сол, етерични масла од еукалиптус, рузмарин, бор, чајно дрво, каранфилче и ѓумбир. Има навистина прекрасен мирис и прави нежна ексфолиација на кожата од стапалата. Етеричните масла од еукалиптус, чајно дрво и ѓумбир имаат антисептички ефект и ја забрзуваат циркулацијата, а зрнцата од афион и морска сол се одлични за одстранувањето на грубиот слој од кожата.


Се нанесува после купката. Јас најискрено најнапред ја поминав кожата на стапалата со долниот дел од сапунот, а потоа направив благ пилинг со горниот дела каде се зрнцата од афион и морска сол. Потоа стапалата убаво ги исплакнав со млака вода.



3. Балзам за петици



Како завршен чекор на овој мини третман секако е балзамот за петици, кој има за задача да ја нахрани кожата и да ја оддржи влажноста во самата кожа.

Структурата на овој балзам е навистина доста густа, меѓутоа многу мека и во допир со кожата (под дејство на топлината на нашата кожа) се топи. На изглед е многу масен, меѓутоа кожата одлично го впива и не остава масни траги. Во својот сосатв содржи пчелин восок, кокосово масло, шеа путер, масло од гроздови семки, маслиново масло, глицерин, витамин Е и етерични масла од лаванда и благ портокал. Според составот, а и како ефект од употребата, можам да ви кажам дека одлично ги омекнува и најсувите и најтврди делови од стапалата, и ја подобрува еластичноста на кожата. Како што веќе ви напоменав од огромна важност е редовно хранење на кожата на стапалата, доколку сакаме да ја здржиме еластичноста на самата кожа и да го подобриме нејзиниот квалитет, така да ви препорачувам да го нанесете овој балзам на чисти стапала секоја вечер (навечер кожата најдобро ги впива и искористува хранливите состојки), и одозгора ставете чорапчиња кои ќе помогнат во задржувањето на топлината и производот во самата кожа.



Како комплетен третман ви препорачувам да го правите еднаш неделно, а балзамот да го нанесувате секојдневно.

Дали и вие имате навика да си правите сами педикир во домашни услови? Како најчесто ја негувате кожата на вашите стапала?

Поздрав и до скоро читање.

Вики

 

Thursday, May 7, 2015


Направи сам: природен анти ејџ гел за околу очи


Нежната кожа на пределот околу очите бара особена нега и грижа, а многу често токму овој дел од лицето го занемаруваме или забораваме.

Кој од нас барем еднаш не се разбудил со подочници или благо подуени капаци, и со цел да ја прикрие оваа непријатна појава бил принуден да нанесува коректори кои само прикриваат а не го решаваат проблемот?

Секако причините за оваа појава може да бидат разни: недоволен или лош сон, хронична несоница, преобилен оброк навечер (а со тоа лошо или недоволно варење на храната), меѓутоа, наместо да ги прекриваме, подобро ќе биде на овој дел од лицето да му посветиме соодветно внимание.

Во продолжение на оваа статија, со вас ќе споделам еден навистина многу едноставен рецепт за гел околу очи кој може да го направите сами дома за помалку од 10 мин. Се што ви е потребно е:

1 супена лажица гел од алое вера

половина кафена лажичка рицинусово масло

половина кафена лажичка масло од арган

Процедурата е едноставна: во едно чисто и празно кутивче или шишенце, ставете го гелот од алое вера и маслото, и добро помешајте.

Ете, вашиот анти ејџ гел е готов за употреба. Ви советувам да го чувате во фрижидер не само поради подобрата трајност, туку и поради лифтинг ефектот врз кожата околу очите.
Пред секоја употреба добро протресете го шишенцето и нанесете го на зоната околу очите наутро и навечер на чиста кожа. Вака подготвениот гел трае најмногу месец дена.

Ајде сега да ви објаснам зошто токму овие состојки.

Гелот од алое вера има големо освежувачко дејство врз кожата и благо затега (има благ лифтинг ефект), ја подобрува еластичноста на кожата и ги намалува малите брчки околу очите. Повеќе за алое вера гелот говорев во статијата: http://biodevojka.blogspot.com/2015/03/blog-post_28.html



Рицинусовото масло одлично ја храни кожата, ја спречува појавата на брчките и видно го подобрува изгледот на самата кожа. Повеќе за ова масло ќе прочитате во статијата: http://biodevojka.blogspot.com/2015/04/blog-post_9.html




Маслото од арган е еликсир за убава кожа. Богат извор е на витамините А, Е и Ф, како и омега 6 и 9 масни киселини. Токму поради овој свој состав маслото од арган е од голема важност за здравиот изглед на кожата: витаминот А е неопходен за убавината на нашата кожа, витаминот Е има антиоксидантно дејство и го забавува процесот на стареење на кожата, додека витаминот Ф е неопходен за задржување на еластичноста на кожата. Повеќе за ова масло говорев во http://biodevojka.blogspot.com/2015/04/olival.html


Се надевам дека и оваа статија ви се допадна и дека ќе се обидете да го направите овој навистина едноставен, а многу функционален гел. Доколку се обидете да го направите оставете коментар за тоа колку сте задоволни и како делува врз вашата кожа.

Голем поздрав и до следната статија.

Вики

 

Tuesday, May 5, 2015


Предлог за антицелулитен третман


Во статијата http://biodevojka.blogspot.com/2015/04/blog-post_26.html говорев за сите начини на прочистување на нашиот организам од внатре преку течности, храна и физичка активност. Во оваа статија сакам со вас да споделам неколку производи кои ги имам пробано и навистина функционираат. Со оглед на тоа што се ближи летото, мислам дека ќе ви биде од корист да ви предложам два препарати (пилинг и масло за масажа) од кои сум навистина многу задоволна и гледам резултати.

Антицелулитен пилинг


Пилингот е важен дел од негата на кожата, со оглед на тоа што ги отстранува мртвите клетки од телото и ја подготвува кожата за третманот со масло или крема која потоа сакаме да ја нанесеме. Постојат голем број на антицелулитни пилинзи, но денес ќе ви го претставам пилингот на Ulola.

Имаше голем избор на пилинзи од оваа марка, меѓутоа јас се одлучив да го испробам оној со етерично масло од портокал и лимон. Составот на пилингот е: морска сол. сончогледово масло, масло од семки од кајсија, етерично масло од сладок портокал и етерично масло од лимон.


Како што може да забележите, станува збор за природен производ (мора да напоменам дека не е органски) кој е на база на морска сол, масла и етерични масла. Навистина ми се допаѓа изборот на маслата, особено она од семки од кајсија, кое навистина многу ја омекнува кожата, а мирисот на самиот пилинг е прекрасен, цитрусен и многу освежувачки.

Пилингот доаѓа во стаклена тегличка и има доста интересна амбалажа. Структурата на овој пилинг е многу густа и пилингот може на прв поглед, односно допир, да ви изгледа многу сув. Меѓутоа тајната е да го нанесете на навлажнета кожа, и тој при самиот допир со водата омекнува и многу лесно се нанесува. Се масира нежно и се измива со вода. После овој пилинг кожата останува навистина мека, мазна и прекрасно мириса.


Сакам да напоменам дека производот е исклучително од растително потекло, така да може да го користат и вегани, и што е најважно, не е тестиран на животни.

Може да го најдете во продажните места на Tesori di Mare во тц. на Ramstor и City Mall.

Антицелулитно масло за масажа


Мое омилено антицелулитно масло е она на Alverde, ова е веќе трето шишенце кое го користам. Составот на маслото е:

Glycine Soja Oil*, Limonene**, Rosmarinus Officinalis Leaf Oil*, Citrus Limon Peel Oil*, Juniperus Communis Fruit Oil, Cupressus Sempervirens Oil, Simmondsia Chinensis Seed Oil*, Citrus Aurantifolia Oil, Prunus Amygdalus Dulcis Oil*, Prunus Persica Kernel Oil, Prunus Armeniaca Kernel Oil*, Alcohol*, Tocopherol, Ascorbyl Palmitate, Helianthus Annuus Seed Oil, Parfum**, Linalool**, Citral**, Citronellol**, Geraniol**, Farnesol**
* ingredients from certified organic agriculture
** from natural essential oils

Маслото има светло жолтеникава боја и амбалажата во која доаѓа е една од моите најомилени, односно со пумпица, која овозможува лесно дозирање на производот и оневозможува да истиот по грешка истече или се истури.

Ова масло има многу нтензивен мирис (благодарение на етеричните масла во него) и кога го нанесувам целата соба потоа мириса на цитрон, лимон и рузмарин. Ова ви го кажувам во случај да ви сметаат тешки мириси. Јас најискрено го обожавам ова масло и воопшто не ми смета јакиот мирис. Изборот на етерични масла е фантастичен и благодарение на одличната комбинација, по употребата на ова масло кожата е мека и видно се подобрува еластичноста и циркулацијата на самата кожа.


Како што веќе ви кажав ова е трето шишенце кое го купив, и во последниве 5 месеци редовно го нанесував скоро секоја вечер по туширање. Верувајте ми резултатите се видливи веќе по првиот месец (секако доколку сте упорни и редовни). Кожата е многу помазна и структурата на самата кожа ми е многу поизедначена. Секако голема заслуга имаат и исхраната и физичката активност (не може да се надеваме дека препаратите сами по себе може да прават чуда), меѓутоа навистина ова масло е многу функционално.

Се нанесува на чиста и малку навлажнета кожа со убава масажа (масажата е навистина важна) се додека кожата не го впие самото масло. Ви препорачувам да го нанесете на благо навлажнета кожа затоа што на тој начин кожата многу побрзо и подобро го впива самото масло и не остануваат масни траги.

Сакам да напоменам дека овој производ е органски, комплетно од растително потекло, идеален за вегани и не е тетсиран на животни.


Маслото може да го најдете во продажните места на ДМ Маркет.

Со цел да ви понудам што повеќе избор кога станува збор за антицелултините производи, решив да ги пробам и антицелулитниот пилинг и масло на La Soy. Дајте ми две недели и ќе ви напишам детална рецензија како сум задоволна и каков ефект имаат.

Голем поздрав до сите мои читатели и до следната статија.

Вики

 

Sunday, April 19, 2015


Kреми за сончање...дали се сите исти?


Здраво драги читатели

Под влијание на изминативе прекрасни сончеви денови (се надевам дека ќе ги има се повеќе и повеќе) решив да проговорам за препаратите за заштита од сонцето. Можеби ќе ви се чини рано да се говори на оваа тема, меѓутоа со оглед на тоа што се ближи месец мај и деновите се сè потопли и посончеви (а токму на вакви денови може лесно да изгореме доколку не внимаваме), не е на одмет уште од сега да почнам да информирам како правилно да ги избереме кремите за сончање, што е она на кое треба да внимаваме и кои состојки апсолутно да ги избегнуваме во еден производ за сончање. Важно е да се напомене дека кожата треба да се штити и преку ден доколку сме постојано во движење, не само на плажа. Со оглед на тоа што ќе пробам и некои производи за сончање со цел да ви напишам рецензија, уште од одма се фатив за работа и почнав да шетам по сите аптеки и продавници со надеж дека ќе најдам нешто прекрасно...и за среќа најдов.
Ајде најнапред да проговорам малку за кремите и маслата за сончање, факторите кои овие креми ги содржат и секако кои состојки се добри за кожата, а кои апсолутно треба да ги избегнуваме.
За жал многу често при изборот на една крема за сончање, обрнуваме големо внимание само на две работи и тоа: бројот на SPF (факторот за заштита против сонцето) и дали производот е отпорен на вода, а потполно ги занемаруваме состојките во самата крема.
Кремите за заштита од сонцето, за да може да ја извршуваат својата функција и навистина да не штитат од сонцето, односно од UVA и UVB  зраците, во својот состав мора да содржат сончеви филтри. Епа токму тука започнуваат сите проблеми затоа што не сите филтри се исти и сигурни за здравјето на нашата кожа.
Постојат два основни вида на филтри или блокатори за заштита од сончевите зраци и тоа: физички (или минерални), кои ги одбиваат сончевите зраци и не дозволуваат да истите навлезат во кожата, и хемиски, кои всушност претставуваат хемиски состојки и ги апсорбираат сончевите зраци. Ајде да ги разгледаме подобро.

Физички филтри

Во органските креми за заштита од сонцето присутни се само физички филтри и тоа: цинк оксид (Zinc Oxide) и титаниум диоксид (Titanium Dioxide) и во декларацијата најчесто се наоѓаат под следниве латински имиња: Titanium Dioxide, Zinc Oxide и Trimethoxycaprylylsilane.
Кремите во кои се користат само физички филтри бараат доста работа и труд од страна на производителот, затоа што, со оглед на тоа што станува збор за минерали во прав, производителот треба добро да ги усогласи во една формула, како за заштита од сончевите зраци, така и за лесно нанесување односно размачкување на кожата.
 Во 2009 год. Европската Унија донесе нов закон според кој во сите козметички производи цинк оксидот не може да биде присутен повеќе од 25%, а со оглед на тоа што во Европа кремите за сончање се дефинирани како козметички производи ова правило важи и за нив. Затоа во голем број на креми од органско потекло може да забележите само титаниум диоксид.
Физичките филтри како што веќе напоменав имаат улога на огледало кое ги одбива зраците и не им дозволува да навлезат во кожата.

Хемиски филтри
Хемиските филтри претставуваат сложен вид на молекули кои предизвикуваат хемиски реакции, кои ги асорбираат зраците и им дозволуваат да пенетрираат во кожата.  Некои од хемиските филтри се навистина штетни за кожата и имаат влијание врз хормоните во човековиот организам. Особено на овие филтри треба да внимаваат бремените жени и мајките кои ги дојат бебчињата, затоа што докажано е дека со навлегувањето во кожата на некои од овие филтри истите се пренесуваат во млекото, а преку цицањето и кај доенчето. Има два вида на хемиски филтри и тоа: фотостабилни и оние кои не се фотостабилни. Е сега со оглед на тоа што некои филтри кои не се фотостабилни, може да се стабилизираат доколку се вметнат во добра формула со други стабилни филтри (се зависи од формулата на производот), не би сакала да ви ги пишувам сите филтри и формули, меѓутоа дефинитивно ќе ги наведам имињата на оние најопасните кои никако не би требало да ги мачкаме на кожата со оглед на тоа што се сметаат за токсични и што поголем број од нив се смета дека имаат влијание врз естрогените. Тоа се следниве:
    1. 4-Methylbenzyliden Camphor (4-MBC) : UVB и делумно UVA филтер, фотостабилен, меѓутоа сеуште е под испитување од страна на европската комисија поради евентуална моќна токсичност на истиот. Дозволена е негова употреба само до 4% исклучиво во производи кои се мачкаат на кожата како на пример креми или млека, додека не е воопшто дозволено во производи кои се испрскуваат (спреј призводи) затоа што може да навлезе во организмот преку дишењето.
2.
Octyldimethyl-PABA (OD-PABA)
3. Benzophenone-3(Bp-3)
4. Homosalate (HMS)
5. Octyl-Methoxycinnamate (OMC
)

 

      Откако ги разгледавме филтрите ајде да разјасниме што е всушност SPF.

      SPF (Sun Protection Factor или фактор за заштита од сонцето)всушност пртставува фактор за продолжување на времетраењето на изложување на кожата на сончевите зраци пред истата да почне да реагира. Со прости зборови: ако јас не ставам никаков заштитен фактор мојата кожа по 15 мин. ќе поцрвене од сонцето. Ако пред изложувањето на сонце ставам крема со заштитен фактор 10, мојата кожа ќе почне да црвенее после 150 мин (односно 15х10),ако ставам фактор 20 времетраењето се дуплира на 300 мин. и така натаму. Секако ова зависи и од бојата на кожата, типот на кожата, и е различно и индивидуално за сите, меѓутоа горе доле во глобала вака би било објаснето.



       Па тогаш што да избереме?

       Постојат многубројни полемики дека физичките филтри не штитат добро како хемиските и дека хемијата во некој случај е подобра, меѓутоа од искуство ви кажувам дека не е така. Во последниве 5 год. користам исклучиво креми за сончање со физички филтри и сум премногу задоволна затоа што успевам да добијам убава боја на кожата со максимална заштита. Мој совет ви е да бирате органски креми за заштита од сонцето кои содржат исклучиво физички филтри и се посигурни за кожата, меѓутоа доколку сакате некоја крема која е микс од физички и хемиски филтри, во тој случај бирајте крема која како хемиски филтри ги има следиве: Tinosorb S и Tinosorb M, како и  Mexoryl XL и Mexoryl SX.   

         Исто така од огромна корист при изборот на креми за заштита од сонцето нека ви бидат филтрите за заштита од зраците UVA, кои треба да бидат повисоки, но како да ги препознаеме? Европската комисија во септември месец 2006 година, донесе еден правилник според кој производителите треба да внесуваат филтри за заштита од UVA зраците кои треба да бидат еднакви или поголеми од 1/3 од SPF назначен на самиот производ. На пример, доколку една крема има SPF 30 во тој случај заштитниот филтер од UVA зраците е минимум 10 или повеќе, доколку кремата има SPF 50 во тој случај заштитниот филтер од UVA зраците е минимум 15, а може и повеќе. Ова е причина повеќе зошто да бираме креми за заштита од сонцето со повисок заштитен фактор. Би сакала само да напоменам дека не постои тотална заштита од сончевите зраци (ниту со физички, ниту со хемиски филтри), така да не верувајте на производите кои на својата опаковка имаат напишано total block, затоа што такво нешто не е возможно. Научно е докажано дека најефикасните филтри и комбинации на филтри стигнуваат максимум до 95%.
      
  



      Како што напоменав на почетокот, прошетав низ нашите аптеки и продавници  во потрага по органски креми за заштита од сонце и најдов две комплетно органски и добро избалансирани колекции (исклучиво со физички филтри) и тоа: кремите за заштита од сонце од линијата Eco Cosmetics (комплетна линија за заштита на целото семејство, има креми за бебиња, дечиња и возрасни, како за лице така и за тело) и кремата за заштита од сонце на Gamarde (најдов само една за лице со фактор 50). И двете колекции се продаваат во аптеките на Зегин.
       И двете колекции ми се допаднаа, така да решив да ги пробам и двете и штом го сторам тоа, ќе напишам детална рецензија за истите, со цел да ви олеснам при изборот.

За на крај еве неколку важни совети за заштита од сонцето:
    1. Секогаш нанесувајте заштита од сонцето и тоа повеќе пати во текот на сончањето, особено после капењето во морето или езерото или доколку многу се потите;


    2. Не се изложувајте на сончевите зраци во периодот од 10 до 16 часот;  
    3. Не е вистина дека сонцето е непријател доколку правилно се изложуваме. Сонцето е една од најважните работи за нашето тело, помага при производство на витаминот Д во организмот (ги штити коските, а со самото тоа е корисно и против остеопорозата) и видно го подобрува расположението. Сончевата светлина е апсолутно фондаментална за живот, а како и сите убави работи, доколку се претера се добива спротивен ефект;  

    4. После изложување на сончевите зраци СЕКОГАШ темелно измијте ја кремата за заштита од сонцето. Никако не ја оставајте на лицето и во никој случај не легнувајте да спиете со кремата на лицето или телото;  
    5. По туширањето обавезно користете убава богата крема за после сончање или пак наједноставно чисто бадемово или кокосово масло кое додатно ќе ја навлажни и омекне вашата кожа;
    6. Пијте многу вода за хидратација на организмот и секако кожата;    
    7. Како последно (меѓутоа не и помалку важно) јадете многу зеленчук и овошје кое содржи витамин Ц и бетакаротен, кои се од основно значење за убав тен и здрава кожа како на пример: дињи, кајсии, моркови, портокал и др.  
Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист и дека ќе примените дел од советите во неа, а секако доколку сакате да споделите свое мислење за одреден производ или ваше искуство со сонцето, слободно оставете коментар под текстот. Исто така доколку сакате да дознаете нешто повеќе за некој производ или имате да ми посочите производ кој можеби сум го пропуштила, слободно пишете.
 
      Вики
 

 

Wednesday, April 15, 2015


Природни методи за флеки и лузни на лицето

Здраво на сите

Денес сакам да отворам една тема за која добив навистина многу барања и приватни пораки. Станува збор за природните методи на лечење на флеките на лицето и лузничките кои остануваат после акните.

Флеките на лицето се доста честа појава кај многумина и тие може да се појават како последица од сонцето (доколку не сме се заштитиле добро од сончевите зраци), во текот на бременоста или да останат после третмани од акните. За среќа постојат природни состојки и природни производи со кои видно може да се намали нивната појава и да се држат на некој начин под контрола.
 
Најнапред еден важен совет. На пазарот постојат голем број на производи кои ви ветуваат чуда за два дена и блискава и бела кожа. Меѓутоа бидете внимателни и секогаш контролирајте ја декларацијата на производите. Не се залажувајте со маркетингот, туку внимателно читајте што таа крема содржи.

Еве ги основните состојки кои се од огромна помош за оваа проблематика.

Витамин Ц 

Корисна состојка во борбата против флеките на лицето е витаминот Ц, кој има фантастично дејство врз кожата и добро е да се конзумира и внатрешно а не само надворешно. Во декларацијата на кремите ќе ја најдете под името Sodium ascorbyl phosphate или Ascorbyl palmitate. Не знаете колку се обидував да произведам сама серум од чист витамин Ц, меѓутоа за жал овој витамин во неговата чиста форма ascorbic acid не е стабилен и многу е тешко да се вметне во една формула, затоа што брзо оксидира, а по оксидацијата веќе го губи своето дејство врз кожата. Затоа квалитетните и природни производи како креми и серуми на база на витамин Ц се доста скапи. Ви советувам да конзумирате доста овошје и зеленчук богати со витамин Ц.




Шеа путер 

Шеа путерот е фантастичен за кожата и многу помага во ублажувањето на флеките на лицето. Најдобро е да земете чист шеа путер или пак во комбинација со други состојки кои додатно го зголемуваат неговото дејство. Важно е да во составот нема нафтени деривати или силикони. Шеа путерот е еден од ретките производи кои може да се користат и за време на бременоста, а одличен е и како крема за нега на бебешката кожа, особено на бебешкото газенце како крема против црвенило. Еве еден предлог за шеа путер од марката la soy кој моментално го тестираме дома кај мене и за кој наскоро ќе напишам детална рецензија.




Алое вера 

Алое вера има неверојатно хидратантно дејство врз кожата, ублажува и лечи секаков вид на црвенила и иритации. При изборот, гледајте гелот да биде од органско потекло и внимавајте што содржи во својот состав. Најдобро е да го нанесете на чиста кожа навечер. Поопширно за алое вера говорев во http://biodevojka.blogspot.com/2015/03/blog-post_28.html
Јас лично го користам овој гел од алое вера и сум многу задоволна.



Неем

Маслото од неем е навистина многу делотворно кога станува збор за лечењето на лузни и флеки од лицето, така да производите кои го содржат (секако природни) се од голема помош. Единствениот производ со неем кој го имам пробано и тврдам дека функционира е маслото за лице на Dr. Hauschka, кое успешно ги ублажува дури и лузничките кои обично се појавуваат на лицето после третманите за акни. Освен неем во овој производ има и други состојки кои помагаат кај оваа проблематика а тие се: невеново масло и масло од морков.

 Невен

Невенот е исто така многу корисен како лек за кожа без флеки и лузнички. Може да се употребува како масло кое се нанесува на чиста кожа само на оние места каде има флеки на кожата, или пак да се купи веќе готова крема од невен (природна без штетни состојки).
Многу ми се допадна кремата на la soy од невен, затоа што во својот состав освен маслото од невен содржи и други состојки кои одлично ја негуваат кожата и помагаат при оваа проблематика како на пример маслото од кајсија, ружината водица, витаминот Е, етеричното масло од грејпфрут. Доколку се одлучите за чисто невеново масло, најдобро би било да го збогатите со некое етерично масло како лаванда или лимон (избегнувајте лимон летно време) и користете го на исчистена кожа навечер.



Рицинусово масло

И рицинусовото масло е одлично кога станува збор за флеки на лицето. Поопширно за ова масло веќе говорев во статијата http://biodevojka.blogspot.com/2015/04/blog-post_9.html Јас лично го користам во комбинација со алое вера гелот. Навечер на исчистена кожа, нанесувам малку алое вера гел помешан со рицинусово масло. И двете состојки се одлични за кожата и може да се употребуваат сами, а според мене овој микс е идеален затоа што рицинусовото масло не ја масти кожата (со оглед на тоа што е помешано со алое вера). Јас имав многу флеки на челото (како последица од сонцето, еднаш лошо изгорев и скапо го платив тоа), меѓутоа на овој начин успеав многу да ги ублажам.



Се надевам дека оваа статија ви беше од корист.
Голем поздрав и се читаме наскоро.

Вики

Tuesday, April 7, 2015


Природни лекови за кожа со проширени пори и акни


Проширените пори на лицето и акните се проблем на голем број на девојки кои секојдневно бараат лекови против овие непријатни промени на кожата. Најнапред да кажам дека во одреден период, сите имаме проширени пори на лицето и акни, кои се помалку или повеќе видливи. Ваквите појави и состојби на кожата не може комплетно да се излечат, меѓутоа може видно да се подобри состојбата на кожата со неколку природни третмани и производи кои многу лесно може да си ги направиме сами. На тој начин не само што правиме 100% природни производи кои се одлични за нашата кожа, туку и видно заштедуваме со оглед на тоа што на пазарот ваквите производи и третмани се премногу скапи. Во продолжение со вас ќе споделам 3 рецепти за прекрасна и здрава кожа кои лично ги имам пробано и гарантирам за ефикасноста на истите.

1. Маска за затворање на порите

Ова е еден многу ефикасен лек за проширени пори кој 100% функционира. Навистина е многу едноставен и за неговата подготовка ви се потребни:



една мала чашка јогурт
половина краставица
половина лимон
една лажичка мед
малку свеж ѓумбир

Исецкајте ја краставицата (доколку користите непрскана може да ја оставите кората, во спротивно ви советувам да ја излупите) и ставете ја во блендер заедно со јогуртот, сокот од половина лимон, медот и малку рендан ѓумбир (доколку немате свеж може и мала количина ѓумбир во прав, ама ептен малку на врвот од лажичка за кафе). Сите состојки убаво измиксирајте ги се додека да добиете кашеста смеса. Вака подготвената смеса ставете ја во калап за лед и ставете го во замрзнувач.

Секогаш кога ќе посакате да нанесете од оваа маска доволно е да извадите една коцка од заледената смеса и со неа да ги поминете оние делови од лицето каде имате проширени пори (ледената структура додатно ќе ги затвори порите). Оставете ја маската да делува околу 5 до 10 мин. и измијте со млака вода.


Со оглед на тоа што во оваа маска има сок од лимон ви препорачувам да ја користите навечер, а во летно време избегнувајте го лимонот (затоа што реагира во допир со сонцето и може да предизвика флеки на кожата) така да ако го исфрлите лимонот, во рецептот наместо половина краставица ставете цела.

Доколку имате навистина многу масна кожа и порите ви се видно проширени, во текот на првата недела користете ја оваа маска секојдневно како ударен третман, а потоа само еднаш неделно (навечер).
 

2. Масло за чиста кожа



Во статијата за маслата за лице http://biodevojka.blogspot.com/2015/03/blog-post_46.html напоменав дека не сите масла одговараат за сите видови на кожа и дека постојат специфични масла кои помагаат против акни, ја регулираат масната кожа и секако помагаат во затворањето на проширените пори. Во продолжение со вас ќе го споделам својот омилен рецепт за масло за чиста кожа. За првпат ова масло го направив пред околу 4 години, откако ги простудирав состојките на еден фантастичен производ за лице за кој плаќав 50 евра од шишенце. Било толку лесно да се направи, а сепак доста ефикасно за кожата. Потребни ви се следниве состојки:


50 гр. од едно од следниве масла: јојоба, арган, ориз или лешник (овие масла имаат одлично нормализирачко дејство за масната кожа која е најчесто подложна на проширени пори).
5 капки етерично масло од лаванда
5 капки етерично масло од рузмарин
5 капки етерично масло од чајно дрво
 1 гр. витамин Е (токоферол) (не е обавезно, меѓутоа помага во правилно оддржување на производот, ја зголемува неговата трајност, и секако, витаминот Е е одличен за кожата).

Убаво измешајте ги сите состојки и ставете ги во едно стаклено шишенце. Наместо етеричното масло од чајно дрво може да користите етерично масло од лимон (избегнувајте го летно време). Се смета дека етеричното масло од чајно дрво има најголема моќ на чистење на лицето. Јас лично користев лимон затоа што го обожавам мирисот.



Вака подготвеното масло е доста концентрирано и може да го користите на неколку начини и тоа:

- како ноќен третман нанесен на чиста и благо навлажнета кожа, на оние делови каде кожата е нечиста и каде порите се проширени (може да се нанесува секоја вечер);

- како ноќен третман во комбинација со алое вера гел: верувајте ми оваа комбинација е бинго, најдобар можен лек за проширени пори кој одлично ја чисти кожата. Гелот од алое вера ја смирува кожата и ги избелува евентуалните флеки на кожата, додека маслото ја негува и чисти кожата. На раката помешајте мала количина од гелот со неколку капки од ова масло и нанесете го на оние делови од кожата каде имате акни или проширени пори (може да се нанесува секоја вечер);

- како третман за чистење на лицето: нанесете од ова масло на исчистена кожа и парете го лицето над едно тенџере со врела вода (не многу блиску до тенџерето за да не се изгорете). На овој начин порите на лицето се отвораат и маслото продира длабоко во нив и ја чисти кожата. Овој третман правете го еднаш или двапати месечно.

3. Тоник за лице од ројбос (rooibos)



За овој тоник веќе говорев во http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/blog-post_9.html меѓутоа еве уште еднаш ќе го повторам рецептот. Верувајте ми овој тоник е навистина многу ефикасен, јас го користев долго време и кај мене лично даде екстра резултати. Потребни состојки за да го направите овој тоник се:

половина шоља врела вода (најдобро деминерализирана, доколку имате)
2 кафени лажички црвен чај или ројбос
1 кафена лажичка јаболков оцет (најдобро од органско потекло)
3 капки етерично масло од лаванда или рузмарин (по ваша желба)

Ставете го чајот во врелата вода и оставете да стои 30 мин. Процедете го, додатете го оцетот и етеричното масло и убаво измешајте. Префрлете ја течноста во едно празно шишенце и користете го секој ден по чистењето на лицето. Вака подготвениот тоник трае најмногу до 3 недели и се чува во фрижидер.

Се надевам дека ви се допаднаа овие природни начини на нега на проширените пори и дека ќе пробате барем едно од нив. Негувајте ја кожата секако без претерување за да не ја збуните. Пробајте повеќе видови на лекови и изберете го она што најмногу одговара за вашиот вид на кожа. Кога ќе забележите подобрување направете пауза или пак намалете ја употребата на препаратите. Нашата кожа има потреба од разни третмани во разни периоди од животот.

Како и секогаш доколку имате искуство со слични домашни производи или пак сакате да споделите ваш сопствен метод за чиста кожа без акни и проширени пори, оставете ваш коментар под самиот текст.



Вики

 

Monday, March 9, 2015


Природна и органска нега на бебешката кожа


Чинот на нанесување на производи за нега на бебешката кожа претставува волшебен момент за секој родител, преку кој се смирува бебето а и се зацврстува врската помеѓу родителот и бебето. На пазарот денес се нудат навистина многу производи за нега на бебешката кожа, меѓутоа поголемиот дел од нив содржат многу штетни состојки.  Верувајте ми козметичките куќи не само што немаат милост кон нас возрасните па ставаат се и сешто во производите за нега на нашата кожа, туку немаат милост ни кон бебињата. Полиците во продавниците се преполни со производи кои содржат нафтени деривати (најупотребуван е течниот парафин), силикони и што уште не, кои предизвикуваат алергиски реакции на кожата и родителите после панично трчаат по педијатри и купуваат безброј производи за да ги лечат овие појави. Меѓутоа не е ли подобро да спречиме отколку да лечиме? Секако дека да. Со помош на природните препарати и органската козметика, ќе успееме да му ја овозможиме правилната нега на нашето бебе. Во продолжение ќе ви дадам совети на што да внимавате при изборот на препаратите за нега, ќе ги разгледаме сите природни начини за нега на нашите бебиња и ќе ви предложам некои препарати кои се без штетни состојки.



1. Што да избегнуваме во бебешките препарати.

- Како што веќе напоменав бр.1 непријател на бебешката кожа е парафинот (paraffinum, paraffinum liquidum), како и останатите нафтени деривати. За парафинот поопширно говорев во статијата за штетните состојки во козметичките производи http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/blog-post_35.html. Најчесто се употребува во маслата за нега на бебешката кожа. Затоа секогаш кога купувате производ не се залажувајте со рекламата или марката на производот, туку обавезно контролирајте ја декларацијата на производите.


- Силиконите се исто така доста присутни во производите за нега на бебешката кожа. И за нив говорев во статијата http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/blog-post_35.html. Како и нафтените деривати, така и овие треба да се избегнуваат затоа што немаат никаква функција за нега на кожата туку ја задушуваат и создаваат само проблеми е алергиски реакции.

- Синтетички бои, кои на етикетата на производите се означени со назнаката “Ci“ исто така треба да се избегнуваат, затоа што можат да предизвикаат алергиски реакции.

- Вештачките парфеми кои се присутни во голем дел од производите со цел да направат да нашето бебе мириса прекрасно (а што може да мириса попрекрасно од самиот природен мирис на бебешката кожа). Доколку секако сакате производ кој мириса, одберете ги оние со природен мирис од чисти органски билки.

 2. Природна нега на бебешката кожа

За бањање на бебето доколку сакате многу природен препарат, може да ја користите оризовата вода. Во една чиста ленена торбичка ставете една шака ориз и потопете ја во кадичката со топла вода каде ќе го бањате бебето. Оваа вода нежно ја чисти бебешката кожа, а што е најважно не ја суши.



Бадемовото масло одлично ја негува бебешката кожа, ја навлажнува, храни и заштитува. Доколку се одлучите за оваа варијанта одберете чисто ладно цедено бадемово масло (уште подобро доколку е органско). Може да се користи и масло од ориз, кое ги има сите својства како бадемовото со таа разлика што е без мирис и многу поиздржливо. Освен за нега на кожата, маслото може да го користите и за отстранување на бебешките крусти.



Шеа путерот е навистина корисен за спречување на иритациите и црвенилото на бебешкото газе или пак како лек доколку се појави црвенило. Исто така овој путер може да се користи и летно време доколку се појави црвенило на кожата од сонцето или пак доколку бебето се исфрла како последица од потењето. Одберете 100% чист шеа путер (најдобро од органски потекло).


Оризовиот скроб може комплетно да ја замени пудрата која понекогаш може да ги затвори порите на кожата.

3. Проверени органски производи


1.  Како најдобра би ја споменала бебешката линија на WELEDA. Целата колекција за бебе е на база на невен 100% органска, со неагресивни и одлично избалансирани формули

2. Alverde baby со шеа путер и камилица, исто така е органска и убаво избалансирана.


Се надевам дека овие совети ќе ви бидат од корист, а доколку сте пробале некој природен производ или природен начин за нега на бебешката кожа, слободно споделете го со сите нас.

Вики



Tuesday, March 3, 2015


Масла за лице



Иако маслата имаат големо влијание врз убавината на кожата, сепак голем е бројот на луѓето кои не ни помислуваат на нив, особено оние кои имаат масна кожа. И јас бев една од нив затоа и го пишувам ова што го читате. Се плашев од самата помисла на масло и буквално бегав штом ќе видев дека некој производ содржи масла а не да Боже да ми текне да нанесам чисто масло на лицето. Имав и сеуште имам комбинирана кожа која за среќа ја држам под контрола. Меѓутоа откако почнав да ги користам, она што го открив е дека мојата кожа без разлика на тоа што е комбинирана, не само што одлично ги поднесува маслата туку буквално ги обожава.

Многу важна работа кога станува збор за негата на масна кожа ( и спротивно на тоа што се верува)  е да не се користат производи кои треба да ја “сушат“ ниту пак да се ексфолира агресивно кожата со цел да се “исчисти“ маснотијата од неа, затоа што на тој начин се зголемува проблемот. Како резултат од честото миење со несоодветни производи кои имаат за цел да ја “обезмастат“, кожата лачи уште повеќе себум бидејќи на тој начин се брани од нас.  Маслото е нормално присутно како заштитен филм на кожата и таа мора да го произведува за да се заштити од надворешната околина, а доколку ние и го одземаме, кожата ќе лачи двоструко па и троструко и така се навлегува во еден маѓепсан круг од каде нема излез.



Многупати имам напоменато дека по професија не сум експерт во ова поле, меѓутоа говорам за работи кои ги имам искусено на своја кожа. Она што го сфатив од сопствено искуство е дека кога почнав да нанесувам масла на кожата, таа почна самата да се нормализира, а претходно користев секакви препарати, креми, тоници многу од нив повеќе ми штетеа отколку користеа затоа што беа полни со штетни состојки. Важно е да се напомене дека не сите масла одговараат за сите типови на кожа и од огромна важност е да се знаат неколку основни правила при изборот на маслото кое ќе го нанесеме на лицето. Во продолжение ќе се обидам да разјаснам неколку важни работи за маслата и нивната употреба, ќе ви кажам кои масла одговараат за каков тип на кожа и како се употребуваат.


Масло
Вид на кожа
Дејство
Јојоба
Идеално за комбинирана и масна кожа
Делотворно против акни, ја балансира кожата и има анти ејџ ефект
Кокос
За сите видови на кожа
Многу лесно масло, не остава масни траги на кожата, лесно се впива и има одличен мирис
Семки од кајсија
Сува, уморна и кожа со брчки
Го јакне заштитниот филм на кожата, ја спречува појавата на брчки на лицето и одлично  ја храни кожата
Арган
Сува и осетлива кожа (јас лично го имам користено, и без разлика на тоа што имам комбинирана кожа одлично ми одговараше)
Многу делотворен антиоксиданс, ефикасен против брчки, одлично ја храни кожата и ја брани од надворешните влијанија, богато со витамин Е и омега 6 масни киселини.
Невен
Чувствителна кожа подложна на купероза и црвенило
Смирува секаков вид на црвенило и иритации на кожата.
Пшенични никулци
Сува кожа
Одлично против брчки
(Ова е едно од најосетливите масла па затоа треба да се држи во фрижидер)
Макадамија
Сува и чувствителна кожа
Одлично ја храни кожата и делотворно е против лузни
Бадем
Сува кожа
Храни, навлажнува и смирува
Лешник
Комбинирана и масна кожа
Длабински ја храни и балансира кожата
Сусам
Сува кожа
Одлично ја храни кожата, многу се користи во кремите за заштита од сонце благодарение на неговата способност да ги филтрира  UV зраците


Како да ги избереме маслата?

Во статијата за масла за коса http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/giveaway.html веќе дадов совети како правилно да се изберат ама еве пак ќе повторам. Најважно нешто при изборот е маслото да биде чисто. Значи во декларацијата треба да стои само ботаничкото име (под секое од маслата намерно ви го напишав и ботаничкото име за да ви помогнам при изборот) и евентуално до него да стои и зборот токоферол кој е всушност витамин Е кој се користи за да се збогати маслото и да се продолжи рокот на траење. Никако не земајте комбинации каде е присутен течен парафин или силикони. Нема никаква корист од такво масло. Уште подобро доколку на маслото пишува “за внатрешна употреба“ затоа што е гаранција плус дека маслото е чисто. Еве ви пример на чисто органско масло од арган . На производот пишува масло од Argania Spinosа BIO a, а со помали букви е напишано дека е ладно цедено 100 % органско и во декларацијата (ingredients) како единствена состојка е Argania Spinosa Kernel Oil (ботаничко име за арганот).



Како се нанесуваат на лицето?

Се нанесува многу мала количина од маслото кое сте го избрале, доволни се 3/4 капки за цело лице (ве молам не претерувајте со количината за да не се добие спротивен ефект), на благо навлажнета кожа (на пример после тоникот за лице) и со нежни движења благо се масира лицето.

Може да одберете едно масло според видот на вашата кожа и посакуваниот резултат, или пак да направите микс од повеќе масла и во него да додадете и етерични масла кои ќе го зголемат ефектот на самото масло и видно ќе ја подобрат состојбата на кожата. Повеќе информации за  изборот и дејството на етеричните масла ќе најдете во статијата http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/blog-post_16.html. Јас лично ги обожавам и ги додавам во сите мешавини кои ги правам без разлика дали станува збор за нега на лице или коса.



Се надевам дека оваа статија ќе ви биде од помош и се надевам дека (без разлика на видот на кожата), ќе се одлучите да пробате едно масло, чисто да го видите ефектот врз вашата кожа. Јас секогаш велам дека потребно е и да се експериментира се додека не се најде она нешто кое најдобро одговара на нашата кожа.

Доколку имате искуство со маслата за лице, слободно оставете коментар и споделете го и со останатите читатели, кое можеби ќе им биде од корист. Секое искуство и совет се добредојдени за сите.

И како за крај, слушајте ја вашата кожа. Научете да ги препознавате сигналите кои ви ги праќа и како реагира на одедени производи. Сепак нашата кожа претставува наша почва и од нас зависи со што ќе ја нахраниме.


Вики

 

Monday, March 2, 2015


Mој домашен третман за чисто лице


За митесерите говорев во една од најраните статии на овој блог http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/1.html . Говорев за нивната појава, за состојките кои ја влошуваат состојбата на лицето и дадов неколку совети за важноста на секојдневната хигиена на лицето.Како и многу други и јас ги имам, и затоа најискрено да си кажам дека не е возможно да се добие војната против нив, меѓутоа возможно е да се победат многу битки и да се држат под контрола. Во продолжение би сакала да го споделам со сите вас мојот личен третман во домашни услови, како и мали совети за убава кожа.

1. Третман во домашни услови

Третманот ќе го опишам чекор по чекор:

- темелно чистење на лицето (и евентуално вадење на шминка доколку ја имате)

- благ пилинг:
со цел да ги отстраните мртвите клетки од лицето, направете многу благ пилинг со внимателно одбрани состојки според видот на вашата кожа (рецепти ќе најдете во статијата за пилинзи http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/blog-post.html). Пилингот кој јас го направив беше многу едноставен. Помешав малку јачменово брашно со кокосово и рицинусово масло.Со нежни и благи движења нанесете го на кожата и измијте со млака вода.



- парење на лицето:
загрејте едно тенџере со вода и во него капнете неколку капки етерично масло од лаванда, рузмарин или чајно дрво, или пак ставете цветови од камилица, гранчиња од рузмарин или цветови од невен и испарете го лицето околу 5 мин (не повеќе) со главата над тенџерето и пешкир врз неа, меѓутоа не многу блиску до водата за да не се изгорете. Јас лично ставив гранчиња рузмарин, суво нане, 3 капки етерично масло од лаванда и три капки етерично масло од лимон.




- маска од глина:
откако порите убаво ќе се отворат од пареата, на сцена стапува спасителот против митесери, односно маската од глина, која има за цел да ја исчисти кожата и ја балансира. Може да ја направите и сами а потребни ви се следниве состојки: зелена глина. зелен чај и мед (најосновна варијанта). 1 лажица зелена глина се меша со една лажица чај и на таа смеса се додава една лажица мед. Ако е прегуста смесата ставете уште малку чај ако е течна ставете уште малку глина додека да добиете убава смеса која лесно се нанесува на лицето. Се нанесува на чисто лице со помош на четкичка и се држи 10 мин. Освен овие состојки јас лично додавам и малку масло на пример маслиново или кокос или бадемово и една до две капки етерично масло од лаванда (ако немате немора). Маскава е навистина одлична убаво ја затегнува и чисти кожата. Важно нешто е зелената глина да не се зема со метална лажица затоа што реагира во допир со метал. Може да се користи пластична или дрвена лажица. Исто така и садот во кој ја мешате не треба да биде метален.


- тоник за лице:
по маската нанесете добар тоник за лице кој додатно ќе ја освежи и исчисти вашата кожа. Јас моментално го користам оној со црвен чај rooibos, јаболков оцет и етерично масло од рузмарин и лаванда. Рецептот за овој тоник може да го најдете во статијата за чаевите http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/blog-post_9.html

-крема за лице:
по целиот овој третман важно е да се нахрани кожата со добра крема за лице. Наместо крема јас ставив малку кокосово масло.

Препорачливо е да го правите овој третман еднаш месечно, но доколку осетите потреба, може и на 15 дена. 

 
2. Секојдневна хигиена на кожата

И за ова веќе говорев во  http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/1.html меѓутоа не е на одмет да повторам дека е од огромна важност правилната хигиена на лицето. Верувајте ниедна крема, па ни онаа од 1000 евра, нема да направи ништо доколку е нанесена на неисчистена кожа, дури и додатно ќе ја влоши состојбата на лицето. Од огромна важност е секојдневното миење на кожата со благи детергенти за чистење. Еден од моите најомилени е оној на Dr. Hauschka за кој подетално ќе говорам во рубриката пробав за вас. Исто така многу важно е да навечер, без разлика на тоа колку сте уморни, секогаш ја вадите шминката од лицето и очите. Нема ништо полошо од тоа да се заспие со неисчистена кожа и преку ноќта наместо кожата да дише и да се обновува таа ја впива целата нечистотија насобрана во текот на целиот ден.

3. Избор на добра крема

И за ова веќе говорев во статијата за кремите за лице http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/blog-post_97.html ама верувајте дека ако треба ќе го повторувам уште илјада пати. Многу е важно да се користат креми без силикони, нафтени деривати и останати штетни состојки. Кожата ќе ви биде премногу благодарна и толку среќна што ќе блиска од радост.

Секако како што напоменав за здравјето и убавината на кожата потребни се и здрав живот, здрава исхрана и физичка активност. Важно е да не очекувате чуда преку ноќ, за се е потребна упорност, грижа и посветеност. Слушајте ја вашата кожа, знаците кои ви ги дава и како реагира на одедени производи и третмани. Тоа што одговара за еден немора да биде ефикасно за сите.

Доколку сакате да го споделите вашето искуство со митесерите и вашиот начин на нега на кожата, ве поканувам да оставите ваш коментар под текстот.


Благодарам
Вики

Friday, February 27, 2015


Направи сам: природен балзам за уста

Балзамот за уста е едно од моите омилени производи. Го користам навистина многу, особено навечер пред спиење затоа што во текот на ноќта феноменално ја омекнува кожата. На пазарот постојат голем број на базами за уста, меѓутоа поголемиот број се навистина повеќе штетни отколку корисни, затоа што содржат течен парафин кој веќе многупати напоменав дека не е компатибилен со кожата, предизвикува проблеми и е доста штетен (види листа на штетни состојки  http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/blog-post_35.html )
Во продолжение ќе ви покажам како сами и на многу лесен начин, да направите комплетно природен балзам за уста. Верувајте поедноставно е отколку што изгледа, а барем сте 100% сигурни дека тоа што го мачкате е природно и нема ништо штетно во својот состав.

Потребни состојки за овој рецепт се:



- 3 кафени лажички пчелин восок (може да го најдете кај производителите на мед)
- 1 кафена лажичка мед
- 6 кафени лажички масло (сончогледово, јојоба, рицинус, ориз)
- 6/7 капки етерично масло (лимон, портокал, лаванда)


Доколку восокот е големо парче како моето, најнапред изрендајте го за да добиете што помали парчиња кои се полесни за топење (целото парче многу потешко ќе го стопите и ќе изгубите доста време).



Земете три лажички од восокот и во една поголема шоља од кафе помешајте го со 6 лажички масло. За овој рецепт јас користев рицинусово масло. Врз загреана рингла (или плинска боца) ставете едно ѓезве со вода и откако ќе почне да врие врз него ставете ја шољата за да го стопите восокот на пареа.


Откако ќе се стопи тргнете ја смесата, ставете една лажичка мед и 6-7 капки етерично масло по ваш избор (јас овојпат користев етерично масло од портокал затоа што ми се допаѓа како се сложува со мирисот на медот). Убаво мешајте цело време затоа што во спротивно медот веднаш ќе се стврдне и ќе ви се појават грутки. Смесата треба да изгледа вака:


Веднаш ставете ја смесата во мали кутивчиња за балзам. Од оваа смеса се добиваат околу 6. Јас имав само три на располагање (со разни големини), а остатокот го ставив во една помала тегличка.


Вака добиениот балзам оставете го да мирува најмалку 20 мин. додека да се стврдне и потоа слободно користете го секојпат кога ќе имате потреба за тоа.

Совет плус: доколку сакате балзам во боја при подготовката на смесата, кога таа е сеуште во течна состојба, додадете мало парче од кармин (ве молам некој органски или природен без силикони инаку џабе ни е се). Јас повеќе го сакам безбоен и затоа не додадов ништо.

Се надевам дека рецептов ви се допадна и доколку се одлучите да го пробате оставете коментар како ви испаднал и дали ви се допаѓа.


Благодарам
Вики



Comments