Прочистување на организмот




Пролетта веќе пристигна, деновите се сѐ поубави и потопли, сонцето влијае на нашето расположение и убавина. Во овој период целиот наш организам како да се буди од зимскиот сон во изминатите ладни месеци, а ние треба да му помогнеме токму во тоа. Добро е познато дека во пролет се активираат прецесите на прочистување и детоксификација на организмот и затоа е многу важно да и ние му помогнеме на организмот во оваа многу важна функција за здравјето, а богами и убавината.

Што е всушност прочистување на организмот?

Прочистување или пурификација на организмот значи елиминирање на токсините од телото кои всушност претставуваат штетни состојки кои се насобрале како последица од неправилна исхрана или лоша работа на системот за варење на храната. Се е одлично кога квантитетот на внесените токсини е еднаков на оние кои се исфрлаат од телото, меѓутоа кога бројот на внесените токсини е поголем од оној на исфрлените, тогаш овие состојки се таложат во ткивото и ослободуваат слободни радикали кои водат до оксидативен стрес. 




Како да дознаеме каде е проблемот?

Одговорот на ова прашање е набљудувајте го јазикот. Тој е огледало на целокупната здравствена состојба, почеток е на целиот дигестивен тракт на организмот. Еве неколку состојби на јазикот според кои ќе знаете кој орган ви праќа сигнал за помош.
-        
            Доколку јазикот ви е обложен со жолтеникава или зеленикава трага, во тој случај е јасен знак дека метаболизмот не функционира најдобро;
-        
           Доколку трагата на јазикот има бела боја, во тој случај токсините се присутни во системот за варење на храната. Доколку оваа трага е поевидентна на коренот на јазикот, значи дека проблемот е во дебелото црево, ако се наоѓа на средината на јазикот проблемот е во стомакот и панкреасот, додека доколку целиот јазик е прекриен, во тој случај станува збор за хроничен проблем со варењето на храната.

Со прочистувањето на организмот овие траги полека исчезнуваат и јазикот добива убава розева боја. Ова не значи дека треба да станете опседнати со јазикот и секој ден да го набљудувате, најнапред видете ја вашата состојба, започнете со прочистување на организмот и после некоја недела видете го повторно јазикот со цел да утврдите дали има некаков ефект.

Кога веќе говориме за јазикот, би сакала да споделам со вас еден многу корисен начин на чистење на токсините од самиот јазик, кој е добро познат на сите оние кои долги години се занимаваат со јога, на сите инструктори и професори.

Наутро по будењето со една метална лажичка, со страничниот дел на лажичката, полека поминувајте по јазикот (многу нежно) чистејќи го белиот слој кој се формирал во текот на ноќта. Правете го ова се додека на лажичката забележите бел слој. Овој слој се всушност сите токсини кои во текот на ноќта се излачиле и доколку не ги исчистиме со доручекот или течностите повторно ќе ги внесеме во организмот. Бенефициите од овој вид на прочистување се:

- го подобрува дишењето
- го подобрува здивот во устата
- го подобрува чувството за вкус во устата
- го намалува бројот на бактериите

Како да започнеме да се прочистуваме?

Многу е важно да процесот на прочистување го сфатиме како еден вид на самоспознавање, односно да научиме да се познаваме себе си и да бидеме свесни дека овој процес се однесува не само на телото туку и на духот.

Постојат многу начини на прочистување и навистина многу рецепти, но целта на ова што денес го пишувам за вас е да ги споделам моите начини на прочистување на организмот, она што јас лично го правам и она што сум го пробала и сум 100% сигурна дека функционира (барем кај мене. Сите сме различни и токму затоа ќе споделам повеќе работи, така да секој може да си одбере она што најмногу му одговара). Советите ќе ги поделам во три дела и тоа: прочистување со помош на чаеви и напитоци, прочистување преку правилна исхрана и прочистување преку физичка активност (во мојот случај јогата).

    1.       Важноста на течностите за целиот организам

Сите знаеме дека водата е најмногу застапена во нашето тело, и дека од огромна важност е правилната хидратација на организмот и клетките. Затоа мој прв совет ви е да пиете што повеќе вода. Јас лично пијам 2 литри вода дневно.
Што се однесува до начините на прочистување на организмот со помош на течностите еве што се јас имам лично испробано во текот на 7-те изминати години

           -          Пијте млака превриена вода на гладно срце (10 мин. пред доручекот). Ова е наједноставниот начин на прочистување на организмот, а верувајте ми доста функционален. Според Ayurveda, водата треба да се врие од 10 до 15 мин. затоа што на тој начин се разбиваат молекулите на водата и таа навлегува длабоко во ткивото и во клетките и има неверојатно хидрирачко и прочистувачко дејство.На овој начин организмот има огромна корист, односно:

·         Го помага празнењето на цревата
·         Го подобрува варењето на храната
·         Ги чисти и хидрира клетките
·         Ја подобрува циркулацијата на крвта
·         Ја подобрува еластичноста на кожата и нејзиниот тен
·         Го забавува процесот на стареење

            -          Друг начин на прочистување е ако во чаша вода навечер ставите две ѕвездички анисон и ги оставите поклопени преку ноќ. Наутро извадете го анисот, испијте ја течноста на гладно срце (10 мин. пред доручек). Вака подготвената течност има интересен вкус и е пријатна за пиење. Мене ми се допадна.
   
          Доколку сакате повкусен начин на прочистување (не само обична вода) може да приготвите некој пијалок од овошје во комбинација со зеленчук како на пример сок од едно јаболко, два моркови и половина лимон. Ставете ги сите состојки во соковник и направете си убав освежителен пијалок кој ќе го испиете на гладно срце 10 мин. пред доручекот. 
        
      

          
             -          Копривата е одличен прочистувач на крвта. Затоа препорачливо е во овој период да се конзумира чај од коприва (доколку ја најдете свежа уште подобро, во спротивно може и сушени листиви). Препорачаната доза е две/три шољи дневно во времетраење од две недели. На овој начин телото многу лесно ќе се ослободи од старите токсини, а вие ќе имате многу повеќе енергија во пресрет на летните денови. Инку копривата е многу корисна и за следново:

·         Како лек против анемија, со оглед на тоа што ја чисти крвта
·         За прочистување на уринарните канали
·         Од голема помош е при алергии од било каков вид
·         Помага при проблеми со црниот дроб
·         За регулирање на производството на себум во косата и за зајакнување на темето на косата


             -          Би сакала да ви дадам и рецепт за еден чај кој може да го конзумирате по јадењето, доколку страдате од надувување на стомакот, гасови, или пак доколку се прејадете. Се што ви е потребно за чајот е: 

половина лажица семки од ким
половина лажица семки од коморач
половина лажица семки од анисон
една лажица сушено нане

Убаво измешајте ги сите состојки и ставете ги во една тегличка. Земете една кафена лажичка од смесата и потопете ја со една шоља врела вода. Оставете да стои 10 мин. и потоа процедете го чајот. Се конзумира една шоља после ручек и вечера во период од 15 дена. 


          Зелениот чај е фантастичен прочистувач на организмот. Јас го конзумирам секојдневно, 2 шољи на ден. Има повеќе видови на зелен чај, лично мојот најомилен е сенча (sencha) кој има многу рафиниран мирис и вкус и не е многу јак. 
 

     2.       Полна уста витамини

      За среќа доаѓа период каде имаме се повеќе разновиден свеж зеленчук и овошје кои се рудник на витамини и минерали, од неопходно значење за нашето здравје и убавина. Пред се ние сме она што јадеме. Пред неколку дена напишав една интересна статија за намирници за убава коса, кои не служат само за тоа туку и за целокупното здравје воопшто (линк). Конзумирајте што повеќе свеж зеленчук и овошје, риба и јаткасти плодови. Помеѓу зеленчукот и овошјето најмоќни прочистувачи на организмот се:


·         Јаболко
·         Боровница
·         Коморач
·         Цвекло
·         Брокула
·         Карфиол
·         Ананас
·         Лимон (навистина добар прочистувач на организмот е лимонот конзумиран растворен во вода наутро на гладно срце, меѓутоа не ви го предложив затоа што може да предизвика проблеми кај оние кои имаат киселини во желудникот и страдаат од гастритис).





         3.       Хармонија помеѓу телото и духот

Огромен љубител сум на јогата, ја практикувам веќе долго време од својата 20-та година, значи вкупно 16 години...упс штотуку се издадов колку години имам :)
За мене оваа техника или подобро речено дисциплина е најкомплетното нешто што може да постои за склад помеѓу телото и духот, ослободува од стресот (а со тоа придонесува и до подобро расположение), ја подобрува работата на сите органи во телото (има посебни вежби за секој вид на проблематика). 


Наскоро ќе напишам една убава статија за јогата, односно кои се моите причини зошто ја практикувам, и зошто според мене би требало да се занимаваме со оваа дисциплина. А секако ќе ви предложам и некои вежби кои воедно се и многу корисни и ефикасни.  Овде би сакала секако да се задржам на темата која ја отпочнав и да ви предложам една вежба на дишење која е прикладна за сите, може да ја изведете во било кое време (според мене најдобро е доколку имате 10 мин. наутро, затоа што имам забележано дека за мене лично има најголем ефект). 


Зошто токму вежба за дишење? Затоа што правилното дишење е клуч за се. Ние обично дишеме плитко и користиме навистина многу мал капацитет. Со вежбите за дишење кои вклучуваат дишење бенефициите за нашиот организам се огромни.


Еве ја вежбата која сакам да ви ја предложам:

Сместете се комотно, во убав и тивок амбиент, без никој да ве вознемирува. Седнете со прекрстени нозе и добро исправен 'рбетен столб, меѓутоа не бидете стегнати, ослободете се. Затворете ги очите и сконцентрирајте се на вашето дишење. Најнапред само набљудувајте го начинот на кој дишете. Потоа обидете се да дишете со стомакот. Вдишете длабоко на нос, а при издишувањето контрахирајте ги долните стомачни мускули. Сите ние имаме премногу мисли и постојано нешто ни се врти во главата. Верувајте дека дишењето е единственото нешто што може да ги избрка мислите, моментално ја прочистува главата, затоа што концентрирајќи се на дишењето не ни се вртат други мисли во главата и на тој начин не само што се ослободуваме од стресот и се релаксираме туку и не мислиме на ништо, што е навистина многу важно затоа што е една од најтешките работи за правење. 

Откако ќе ја повторите оваа вежба неколкупати, подготвени сме да преминеме на втората вежба. Начинот на дишење е истиот објаснет претходно, а вежбата е следнава:

додека вдишувате бројте до 4, задржете го воздухот броејќи до 4, издишете броејќи до 4 и држете броејќи до 4. Направете пауза и повторете ја вежбата неколкупати. Доколку ви е тешко да издржите броејќи до 4 почнете со 3, а доколку сте во форма бројте и до 5 или 6. Се зависи од вас, убавото во јогата е што нема натпревар, тука сте вие и вашето тело и се што ќе направите е еден чекор напред . Резултатите доаѓаат постепено и најважно нешто е да го слушате вашето тело.

Ова е се што ви подготвив за денес, меѓутоа веќе подготвувам една статија во која ќе ви предложам комплетен третман за прочистување со природни производи кои за вас ги одбрав и испробав. Ќе го прочистиме нашето тело и кожа како од внатре така и од надвор.

Се надевам дека уживавте и во оваа статија и секако доколку сакате да споделите ваши методи на прочистување на организмот, ваши милења или совети, слободно оставете коментар под самиот текст.

Вики

 





Comments