Природни засладувачи како алтернатива за белиот шеќер
Пред да ви ги набројам природните алтернативи за замена на белиот шеќер, ајде најнапред да видиме зошто треба да го исфрлиме белиот шеќер од исхраната и како тој всушност делува врз нашиот организам.
Белиот шеќер, за да биде бел каков што ние го купуваме, поминува низ низа процедури на преработка и тоа: се прочистува, се преработува, се вари, се кристализира, се ценртифугира, и му се додава боја со цел да се направи да биде толку кристално бел.
Вака преработениот шеќер има низа на штетни влијанија врз нашиот организам како:
- создава гасови во цревата
- штетно влијае врз процесот на варење на храната
- има негативно влијание врз нервниот систем
- ги уништува витамините од Б групата во организмот
Природните засладувачи кои ќе ви ги наведам во продолжение на текстот, содржат голем број на состојки кои се од основна важност за нашиот организам, a не се воопшто присутни во белиот шеќер. Кога ќе се одлучите (доколку се одлучите) да го замените белиот шеќер со еден или повеќе од овие природни засладувачи, мој совет ви е да го направите тоа постепено, без нагла промена, со цел да не предизвикате стрес на самиот организам кој е веќе научен на белиот шеќер.
Е сега, јас не велам комплетно да го исфрлите и ако ве поканат на роденден воопшто да не пробате од тортата затоа што е правена со бел шеќер. Она што сакам да ви го кажам е да го замените со природните засладувачи на секојдневна база односно во кафето, чајот или колачите кои сами си ги правите. Како што напоменав тоа нека биде постепено (на пример од 3 шољи чај дневно, две нека бидат со кафеав шеќер една со бел, па потоа по две недели сите три со кафеав шеќер итн.).
Еве ви неколку здрави алтернативи на белиот шеќер
1. Кафеав шеќер
Овој вид на шеќер е најпрвичниот шеќер кој се добива од сокот на шеќерната трска и е нерафиниран. На пазарот има голем избор на кафеав шеќер, меѓутоа бидете внимателни. Вистинскиот кафеав шеќер има темно жолта или кафена боја и што е најважно од се е влажен. Значи, при изборот, сетете се дека ако шеќерот малку се лепи и е влажен тогаш станува збор за вистински интегрален шеќер.
2. Мед
Овој вид на засладувач е можеби еден од најупотребуваните, особено кога пиеме топло чајче. Важно нешто е да не се додава медот во напитоците кога се премногу жешки, затоа што премногу високите температури уништуваат дел од хранливите состојки во самиот мед. Се препорачува конзумирање на 20/30 гр. дневно како замена за белиот шеќер.
3. Малтекс
Просто го обожавам, има навистина многу убав сладок вкус и одличен е за подготовка на колачи, торти, бисквити и други слатки работи. Богат е со витамини и минерали како калциум, калиум и железо. Пробајте да го вметнете во колачињата наместо белиот шеќер, ќе бидете воодушевени од резултатот. Овој вид на засладувач претставува добра замена за медот за веганите.
4. Гроздов слад (маџун)
Изобилува со минерали (калиум, калциум, фосфор, железо) и витамини (Б1, Б2, Б3, Б6, Ц, Д, А). Може да се користи за засладување на чај или при подготовка на торти, колачи, бисквити и др.
5. Стевиа
Стевиата е еден вид на билка која потекнува од Јужна Америка, која во непреработена форма е 15 пати послатка од шеќерот, а екстрактот од стевиа од 100 до 200 пати посладок од белиот шеќер. Овој вид на засладувач најчесто е во прав и токму заради тоа има една маана, а тоа е дека не се раствора во течност.
6. Јаворов сируп
Јаворовиот сируп содржи голема количина на манган и цинк. Колку е потемен овој сируп, толку неговиот вкус е поинтензивен.
Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист. Дали и вие употребувате природни засладувачи како замена за рафинираниот бел шеќер? Кој е ваш омилен засладувач?
Како и секогаш вашите коментари се повеќе од добредојдени.
Вики
Comments
Post a Comment