Природни лекови за кожа со проширени пори и акни
Проширените пори на лицето и акните се проблем на голем број на девојки кои секојдневно бараат лекови против овие непријатни промени на кожата. Најнапред да кажам дека во одреден период, сите имаме проширени пори на лицето и акни, кои се помалку или повеќе видливи. Ваквите појави и состојби на кожата не може комплетно да се излечат, меѓутоа може видно да се подобри состојбата на кожата со неколку природни третмани и производи кои многу лесно може да си ги направиме сами. На тој начин не само што правиме 100% природни производи кои се одлични за нашата кожа, туку и видно заштедуваме со оглед на тоа што на пазарот ваквите производи и третмани се премногу скапи. Во продолжение со вас ќе споделам 3 рецепти за прекрасна и здрава кожа кои лично ги имам пробано и гарантирам за ефикасноста на истите.
1. Маска за затворање на порите
Ова е еден многу ефикасен лек за проширени пори кој 100% функционира. Навистина е многу едноставен и за неговата подготовка ви се потребни:
една мала чашка јогурт
половина краставица
половина лимон
една лажичка мед
малку свеж ѓумбир
Исецкајте ја краставицата (доколку користите непрскана може да ја оставите кората, во спротивно ви советувам да ја излупите) и ставете ја во блендер заедно со јогуртот, сокот од половина лимон, медот и малку рендан ѓумбир (доколку немате свеж може и мала количина ѓумбир во прав, ама ептен малку на врвот од лажичка за кафе). Сите состојки убаво измиксирајте ги се додека да добиете кашеста смеса. Вака подготвената смеса ставете ја во калап за лед и ставете го во замрзнувач.
Секогаш кога ќе посакате да нанесете од оваа маска доволно е да извадите една коцка од заледената смеса и со неа да ги поминете оние делови од лицето каде имате проширени пори (ледената структура додатно ќе ги затвори порите). Оставете ја маската да делува околу 5 до 10 мин. и измијте со млака вода.
Со оглед на тоа што во оваа маска има сок од лимон ви препорачувам да ја користите навечер, а во летно време избегнувајте го лимонот (затоа што реагира во допир со сонцето и може да предизвика флеки на кожата) така да ако го исфрлите лимонот, во рецептот наместо половина краставица ставете цела.
Доколку имате навистина многу масна кожа и порите ви се видно проширени, во текот на првата недела користете ја оваа маска секојдневно како ударен третман, а потоа само еднаш неделно (навечер).
2. Масло за чиста кожа
Во статијата за маслата за лице http://biodevojka.blogspot.com/2015/03/blog-post_46.html напоменав дека не сите масла одговараат за сите видови на кожа и дека постојат специфични масла кои помагаат против акни, ја регулираат масната кожа и секако помагаат во затворањето на проширените пори. Во продолжение со вас ќе го споделам својот омилен рецепт за масло за чиста кожа. За првпат ова масло го направив пред околу 4 години, откако ги простудирав состојките на еден фантастичен производ за лице за кој плаќав 50 евра од шишенце. Било толку лесно да се направи, а сепак доста ефикасно за кожата. Потребни ви се следниве состојки:
50 гр. од едно од следниве масла: јојоба, арган, ориз или лешник (овие масла имаат одлично нормализирачко дејство за масната кожа која е најчесто подложна на проширени пори).
5 капки етерично масло од лаванда
5 капки етерично масло од рузмарин
5 капки етерично масло од чајно дрво
1 гр. витамин Е (токоферол) (не е обавезно, меѓутоа помага во правилно оддржување на производот, ја зголемува неговата трајност, и секако, витаминот Е е одличен за кожата).
Убаво измешајте ги сите состојки и ставете ги во едно стаклено шишенце. Наместо етеричното масло од чајно дрво може да користите етерично масло од лимон (избегнувајте го летно време). Се смета дека етеричното масло од чајно дрво има најголема моќ на чистење на лицето. Јас лично користев лимон затоа што го обожавам мирисот.
Вака подготвеното масло е доста концентрирано и може да го користите на неколку начини и тоа:
- како ноќен третман нанесен на чиста и благо навлажнета кожа, на оние делови каде кожата е нечиста и каде порите се проширени (може да се нанесува секоја вечер);
- како ноќен третман во комбинација со алое вера гел: верувајте ми оваа комбинација е бинго, најдобар можен лек за проширени пори кој одлично ја чисти кожата. Гелот од алое вера ја смирува кожата и ги избелува евентуалните флеки на кожата, додека маслото ја негува и чисти кожата. На раката помешајте мала количина од гелот со неколку капки од ова масло и нанесете го на оние делови од кожата каде имате акни или проширени пори (може да се нанесува секоја вечер);
- како третман за чистење на лицето: нанесете од ова масло на исчистена кожа и парете го лицето над едно тенџере со врела вода (не многу блиску до тенџерето за да не се изгорете). На овој начин порите на лицето се отвораат и маслото продира длабоко во нив и ја чисти кожата. Овој третман правете го еднаш или двапати месечно.
3. Тоник за лице од ројбос (rooibos)
За овој тоник веќе говорев во http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/blog-post_9.html меѓутоа еве уште еднаш ќе го повторам рецептот. Верувајте ми овој тоник е навистина многу ефикасен, јас го користев долго време и кај мене лично даде екстра резултати. Потребни состојки за да го направите овој тоник се:
половина шоља врела вода (најдобро деминерализирана, доколку имате)
2 кафени лажички црвен чај или ројбос
1 кафена лажичка јаболков оцет (најдобро од органско потекло)
3 капки етерично масло од лаванда или рузмарин (по ваша желба)
Ставете го чајот во врелата вода и оставете да стои 30 мин. Процедете го, додатете го оцетот и етеричното масло и убаво измешајте. Префрлете ја течноста во едно празно шишенце и користете го секој ден по чистењето на лицето. Вака подготвениот тоник трае најмногу до 3 недели и се чува во фрижидер.
Се надевам дека ви се допаднаа овие природни начини на нега на проширените пори и дека ќе пробате барем едно од нив. Негувајте ја кожата секако без претерување за да не ја збуните. Пробајте повеќе видови на лекови и изберете го она што најмногу одговара за вашиот вид на кожа. Кога ќе забележите подобрување направете пауза или пак намалете ја употребата на препаратите. Нашата кожа има потреба од разни третмани во разни периоди од животот.
Како и секогаш доколку имате искуство со слични домашни производи или пак сакате да споделите ваш сопствен метод за чиста кожа без акни и проширени пори, оставете ваш коментар под самиот текст.
Вики
Comments
Post a Comment