Чајот: наш сојузник во убавината


Топол или студен, во зима или лето, чајот е најраспостранетиот пијалок во светот по водата. И не е чудо што е така затоа што овој прекрасен напиток има безброј позитивни влијанија врз нашето здравје и убавина.
Под името чај се подразбираат листовите и лисните пупки добиени од грмушката Camellia Sinensis и сите типови на чај (како на пример зелениот, белиот, црниот) се всушност листови од истата билка, а се разликуваат според начинот на обработка.
Секој момент е добар да уживаме во една шоља чај и сите знаеме колку е корисен да се конзумира, меѓутоа она што можеби и не сме го знаеле е дека чајот е одличен и при подготовката на голем број на козметички препарати за нега на косата и кожата.
Во продолжение ќе видиме што се може да подготвиме со разни видови на чаеви со цел да се негуваме на најприроден можен начин.
1.      Зелен чај: постојат голем број на рецепти со овој чај како што се пилинзи и маски за кожа, но денес со вас решив да споделам еден рецепт за педикир кој лично го практикувам.
Во едно легенче со топла вода ставете една шоља веќе подготвен зелен чај и малку крупна морска сол. Потопете ги нозете околу 10 /15 мин. Навистина многу релаксира и ја омекнува кожата.
2.      Бел чај: прогласен за најелегантен и со префинет вкус, овој чај има највисоко ниво на антиоксиданси. Решив да споделам со вас еден многу корисен рецепт за маска за лице за подмладување на кожата, погоден за сите видови на кожа, особено осетливата.
Направете една шоља бел чај и откако ќе се олади помешајте три супени лажици од чајот со малку брашно од ориз додека да добиете смеса која не е премногу ретка нити премногу густа. Вака приготвената маска нанесете ја на чисто лице и оставете да делува околу 15 мин. Измијте ја маската со млака вода правејќи благи кружни движења со цел да направите и многу нежна ексфолиација и нанесете квалитетна хидратантна крема.

3.      Црн чај: има најголема количина на кофеин дури повеќе и од кафето (една шоља црн чај содржи од 40 до 100 мг додека едно еспресо содржи околу 80мг.). Мојот бјути предлог за овој тип на чај ќе им биде од корист на црнокосите девојки кои бојата на својата коса ја оддржуваат со помош на к'на за коса.
Во приготвувањето на к'ната за коса наместо вода користете црн чај кој што не само што ќе го зголеми ефектот на самата к'на, туку и ќе придонесе и за поубав сјај на косата. Остатокот од црниот чај може да се употреби и како средство за исплакнување на косата (се нанесува на чиста коса по шампонирањето и не се одмива).
4.      Црвен чај: наречен rooibos или African redbush, овој е единствен од чаевите кој не се добива од Camellia Sinensis туку од листовите на растението Aspalathus Linearis кое расте исклучиво во Јужна Африка.
Содржи витамин Ц и флавоноиди (како кверцетинот) кои се од исклучителна важност во борбата против слободните радикали.
Рецептот кој го одбрав е дефинитивно еден од моите најомилени. Станува збор за тоник за лице кој е идеален за комбинирана до масна кожа. Одлично ја чисти кожата, а има и анти-ејџ ефект.
Во половина шоља врела вода (најдобро деминерализирана) потопете две лажички црвен чај и оставете да кисне околу 30 мин. Процедете го и префрлате го во чисто шишенце (кое може да биде спреј или обично) и додадете му една лажичка јаболков оцет (најдобро ако имате органски) и 3 капки етерично масло (мојот избор е лаванда). Протресете го добро шишенцето и нанесете го тоникот на лицето со помош на памук или дискета двапати дневно, наутро и навечер на исчистено лице. 
Вака подготвениот тоник се чува во фрижидер и трае од 2 до 3 недели.

Ова се моите предлози за употреба на овие видови на чај, а дали и како најчесто вие ги употребувате?






 
 

Comments

  1. да се надоврзам на делотворностите на чајот...ни тоа за фрлање не е за фрлање остатоците кои остануваат кога ке се процеди чајот соберете ги и однив направете облоги...борите не ги отстрануваат но беспрекорно ги снемува модрите кругови кои на секој втор се појавуваат секојденвно
    Живееме во стресно време каде здравјето не моли да го чуваме здраво,,,некои нешта чинат малку а имат голема моќ.
    претежно користам мешавина од кантарион мајчина душица камилица,ајдучка трева и тегавец...природни билки од нашите поднебја ,чајот го косумирам место вода....и одлично се чуствувам
    направи пауза од се напиј се мала шољика чај

    ReplyDelete
  2. This comment has been removed by the author.

    ReplyDelete

Post a Comment