Направи сам: комплетен третман со ориз
Оризот е број еден протагонист во секојдневната исхрана на многу народи кој зависно од земјата на потекло го конзумираат на најразлични начини. Порцеланскиот тен и свиленкастата коса на јапонските жени е токму резултат на секојдневната употреба на оризот, меѓутоа не само како главна состојка во исхраната туку и како основна состојка во секојдневните ритуали за убавина. Оризот ја омекнува кожата, има избелувачка моќ и што е најважно успешно ја задржува влажноста во самата кожа со што ја прави поздрава и помека.
Уште од дамнешни времиња гејшите го користеле оризот како основа на пудрите кои ги нанесувале на лицето со цел да имаат пефектен порцелански тен. И ден денес јапонските жени сеуште својата кожа ја мијат со оризова вода кои ја купуваат или сами ја прават.
Во продолжение мој предлог за комплетен третман од ориз кој е навистина многу едноставен, а видно ќе ја разубави вашата кожа.
1 чекор - темелно чистење на лицето со добар детергент за лице (и вадење на шминката доколку сте нашминкани)
2 чекор- пилинг со брашно од ориз
земете една лажица брашно од ориз и помешајте го со малку масло од ориз (доколку немате ставете било кое друго масло кое го имате како маслиново, бадемово или кокосово) додека не добиете кремаста смеса. Нанесете ја на навлажнета кожа на лицето и нежно масирајте со кружни движења. Потоа исплакнете го лицето со млака вода.
3 чекор -маска за лице
оваа маска за лице е навистина волшебна. Преубаво ја омекнува и навлажнува кожата на лицето a е толку едноставна за приготвување. Земете 50 грама ориз и потопете го со половина литар вода. Убаво промешајте оставете да отстои околу 10 минути, поклопете го и ставете го на рингла да врие околу 20 минути, доколку користите бел ориз, или пак 40 минути ако користите интегрален. Јас користам интегрален затоа што е необработен и име повеќе витамини од белиот. Откако ќе се свари оставетеја смесата да се олади па со помош на блендер измиксирајте ја. Нанесете ја на лицето со помош на една четкичка и оставете да делува околу 15 минути. Потоа измијте го лицето со млака вода.
Вака подготвената смеса можете веднаш да ја користите или пак да ја чувате во фрижидер три дена. Јас лично дел од смесата ја употребив за маска а во остатокот додадов какао и малку мед и го конзумирав како еден вид на десерт од ориз со какао.
4 чекор - тоник за лице
ова е еден од најлесните тоници за правење ја омекнува кожата, ја чисти и се верува дека помага и при митесери. Овој тоник заедно со тоникот од чај од rooibos (за кој пишував во http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/blog-post_9.html ), ми се омилени и често ги правам.
Се подготвува на следниов начин: во една шољичка кафе ставете малку ориз (половина шоља), покријте го со вода (деминерализирана) и оставете да стои најмалку 15 мин. до половина час (повремено мешајте). Процедете ја течноста, ставете ја во едно шишенце и со памукче нанесете ја на лицето наутро и навечер. Уште по првите неколку употреби ќе ја почувствувате разликата. Овој тоник видно го подобрува тенот и кожата изгледа свежо и одморно.
Ви советувам да подготвувате мала количина (затоа и ви предложив шољичка за кафе) затоа што вака приготвениот тоник се чува во фрижидер и трае најмногу до 10 дена.
5 чекор - масло од ориз
после целиов третман со ориз кој го направивте секако на крајот ни треба добар навлажнувач на кожата а да останеме во тема со оризот, предлагам оризовото масло кое може да го најдете во сите поголеми супермаркети. Ова масло ги има истите својства како и бадемовото, одлично ја негува кожата само што за разлика од бадемовото е без мирис и е едно од најдолготрајните и најотпорните масла. Може да го нанесете чисто или да го збогатите со една капка етерично масло по ваш избор.
За време на овој третман секако почастете се со едно прекрасно рижото, салата од ориз или било кое јадење од ориз кое ви се допаѓа. Убавината пред се доаѓа од внатре.
Вики
Comments
Post a Comment