Направи сам: спреј за нега и сјај на косата
Здрава и убава
коса полна со сјај и волумен...колку само прекрасно звучи...
Секоја девојка
или жена посакува прекрасна здрава коса и затоа постојано сме во потрага по
нови средства. На пазарот може да најдете голем број на препарати за коса, меѓутоа ајде овојпат да си направиме еден сами. Во продолжение со вас ќе споделам еден рецепт што јас лично го правам веќе подолго време и многу сум задоволна од резултатите.
Мојата коса има преубав сјај и лесно се
расчешлува. Навистина е
едноставно, потребни се само неколку состојки и 10 мин. од вашето време. Ајде
да почнеме.
Се што ви е
потребно за да го направите овој спреј е:
- 1 кафена лажичка добар регенератор за коса (ве молам изберете некој квалитетен регенератор без силикони и штетни средства);
- 90 мл деминерализирана вода;
- 5 капки етерично масло по избор (најдобри етерични масла за коса се лаванда, розмарин и лимон), но доколку немате може и без нив;
- едно чисто спреј шишенце од 100 мл;
Процедурата е
многу едноставна. Во една чашка ставете го регенераторот и додадете го
етеричното масло (може да одберете само едно или микс од етерични масла,
јас најчесто користам микс од лаванда (3 капки) и розмарин(2 капки) затоа што
даваат прекрасен сјај на косата а покрај тоа лавандата мириса фантастично).
Потоа додадете ја водата постепено, не цела наеднаш, и постојано мешајте додека
состојките комплетно не се соединат. Префрлете ја течноста во шишенцето.
Затворете го шишенцето и добро протресете пред употреба.
Јас имам тенко
влакно и многу нежна коса затоа ги користам само овие состојки. Доколку имате
екстремно сува коса или многу дебело влакно, во оваа течност може да додадете четврт лажиче од едно од
следниве масла (кокосово, макадамија, јојоба) кои ке ви ја омекнат косата без
да ја измастат или пак една лажичка чист гел од алое вера кој додатно ке ја нахрани.
Како се нанесува?
Можете да го
нанесете на два начина: на влажна коса за полесно да ја расчешлате или на сува доколку
сакате косата да ја освежите и да и дадете сјај. Влажната или сува коса се
испрскува (количината зависи од должината на косата, секако без да се претера со количината) и
се обликува со фен или прсти.
Каков е ефектот
по употребата?
Го нанесов токму денес откако ја измив косата за да ви покажам каков ефект има (сите слики кои ги објавив се всушност мојата коса. и ги направив пред малку со цел да ја покажам процедурата и крајниот ефект). Мене одлично ми прилега, лесно ја обликувам косата и ми се допаѓа сјајот кој го дава откако ќе ја исушам. Можете слободно да го употребувате при секое миење како што би правеле со било кој друг регенератор кој не се одмива.
Колкав е рокот на
траење?
Трае најмногу три недели, затоа и ви советувам да правите мали дози како оваа од 100 мл.
Comments
Post a Comment