Сува коса: корисни трикови и совети за нега
Сувата коса е проблем со кој се соочуваат многумина, вклучувајќи ме и мене (имам нормална накај сува коса). Особено сувите врвови може да изгледаат многу неестетски а и придонесуваат косата да се кине штом стигне до одредена должина (а вам ви се чини дека не расте што не е точно). Во продолжение би сакала да споделам со вас корисни трикови и совети кои лично ги употребувам и за мене одлично функционираат.
1. Како што веќе пишав кога говорев за масната коса така и за сувата како прво правило е СТОП ЗА СИЛИКОНИТЕ.
Навистина откако почнав да користам шампони без силикони забележав огромна разлика. На почетокот кога ќе направите премин косата може да ви изгледа многу сува, но тоа е верувајте резултат на силиконите кои постојано ја задушувале. Треба да издржите во својата намера. Јас лично имам пробано многу шампони и секогаш гледам да во нив се застапени одредени состојки кои ја хранат и негуваат косата како масла, етерични масла екстракти од авокадо итн.
2. Намалена употреба на фен, преса за коса и фигаро.
Една од најглавните причини за сувата коса и испукани врвови е топлината, особено онаа од пресата. Во зима секако неизбежна е употребата на фенот, меѓутоа мој совет е да се вклучува на пониски температури и да се држи што подалеку од главата при сушењето. Што се однесува до пресата за коса и фигарото, за среќа ги користам дали два пати годишно. Имам тенко влакно и честата употреба на овие алатки за исправување и виткање на косата многу би ја уништиле мојата коса. Постојат и многу природни методи за виткање и исправување на косата, за кои ќе говорам во некоја наредна прилика, кои даваат доста слични резултати (секако ништо не го заменува резултатот на пресата при исправувањето), а воопшто не се штетни за косата.
3. Редовна нега на косата со масла за коса.
Маслата за коса се вистински спас за сувата коса, затоа барем еднаш неделно се препорачува третман со масла за коса кој го навлажнува влакното, го храни и го прави посјајно. Во зависност од резултатот кој сакате да го постигнете одберете едно масло или комбинација од повеќе. (повеќе за маслата говорев во http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/giveaway.html). Обично јас правам вака: еднаш неделно нанесувам кокосово масло на навлажнета коса, убаво го масирам коренот за да ја поттикнам циркулацијата, го оставам да делува преку ноќ и утредента го мијам со благ шампон. Маслата исто така ги користам наместо силиконски капки на врвовите на косата (загревам ептен мала количина во рацете и ја нанесувам на врвовите). За разлика од силиконите кои ви даваат лажен ефект, маслата навистина ја штитат косата и притоа го потхрануваат влакното.
4. Миење на косата
Девојките кои имаат сува коса би требало да ја мијат најмногу два пати неделно со многу благ шампон. Честото миење ја ослабнува косата и ја прави кршлива. Што се однесува до начинот на миењето, јас лично шампонот многу ретко го нанесувам директно на косата, најнапред го растворам во една пластична чашка со малку вода и потоа го нанесувам на косата. Предлагам да ја пробате оваа техника затоа што без разлика на тоа колку е благ еден шампон сепак најдобро е да не се нанесува директно на главата.
5. Балзами за коса
По шампонирањето (за разлика од девојките кои имаат проблем со масната коса) сувата коса има потреба од додатна хидратација така да употребата на добар балзам е од огромна важност. Уште подобро доколку станува збор за производ кој не се измива затоа што неговото влијание е поголемо. И овде би сакала да го предложам спрејот за коса за кој говорев во статијата http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/blog-post_4.html . Во самата статија напоменав варијанта за тенка коса и за подебело влакно. Јас лично овој спреј го употребувам после секое миење на косата. Одлично помага во расчешлување на косата, а забележав и дека ја штити од топлината на фенот.
6. Четки за коса и чешлање на косата
Треба навистина многу да се внимава при изборот на добра четка за коса. Подобро е да купиме некоја квалитетна затоа што станува збор за инвестиција што се исплаќа. Јас лично користам четка од природни влакна затоа што најдобро ми одговара. Исто така одлични се и дрвените четки. Избегнувајте метални четки, јас лично имам многу лошо искуство со нив. Многу важен совет кој сигурно ќе ви биде од корист е: НЕ ја чешлајте косата додека е мокра, затоа што е најчувствителна и влакното е многу подложно на кршење. Откако ќе ја измиете косата и нахраните со добар балзам или спреј за коса, поминете со прстите низ косата како четка (за да ги одвоите прамените) и засушете ја малку (природно или со фен). Откако косата ќе се исуши барем 70-80% може да почнете да ја чешлате, внимателно од врвовите па нагоре затоа што во спротивно може да се појават чворчиња и вие влечејќи одозгора само додатно ќе го оштетите влакното.
Ова беа моите начини за нега на косата, а кои се вашите? Доколку имате предлози кои сакате да ги споделите со останатите читатели слободно оставете коментар. Сите учиме едни од други.
Comments
Post a Comment