Помоооооош масна коса!!!
Масната коса може да изгледа лошо и несредено и тоа секако доведува до незадоволство кај луѓето кои се соочуваат со оваа проблематика. Без разлика колку и да ја мијат, косата се масти веќе после вториот ден, така да луѓето се принудени се повеќе да ја мијат и на тој начин се влегува во еден маѓепсан круг. Но дали конечно може да и ставиме крај на масната коса?
Со константна грижа и соодветни препарати дури и масната коса може да стане прекрасна и здрава. Јас лично имам нормална накај сува коса меѓутоа советите кои ќе ви ги дадам во продолжение се испробани од страна на една моја другарка која ја има истата проблематика и која успеа да ја подобри и држи под контрола масната коса. Можеби сите совети нема да функционираат за секого со оглед на тоа што секој организам е различен и тоа што одговара за еден немора да одговара и за другите, меѓутоа некои од нив сигурно многу ќе допринесат за подобрување на состојбата на вашата коса.
Совет бр. 1 Како прво правило (за сите видови на коса а особено за масната) СТОП НА СИЛИКОНИТЕ! Шампоните полни со силикони ја отежнуваат косата, ја задушуваат кожата на главата и допринесуваат за полош изглед на косата. Треба да се изберат што поприродни варијанти, полесни и добро избалансирани формули. Повеќе за силиконите ќе најдете во статијата за шампони http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/blog-post_12.html
Совет бр. 2 Не користете шампони наменети за масна коса затоа што честопати истите се премногу агресивни за косата, го зголемуваат лачењето на себумот и често пати се добива спротивен ефект а тоа не ни е целта. Се препорачува употребата на шампони за нормална коса кои се со добро избалансирана формула (за формулите веќе говорев во http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/blog-post_12.html ) и кои во својот состав содржат екстракти од коприва, рузмарин, зелен чај, чајно дрво и лаванда. Вака избалансираните шампони нежно ќе ја исчистат вашата коса без да го нарушат нејзиниот баланс.
Совет бр. 3 Обидете се да ја миете косата најмногу 2/3 пати неделно. Со честото миење на косата обично се постигнува спротивен ефект.
Совет бр. 4 Употребата на етеричните масла како на пример рузмарин, лаванда, чајно дрво и лимон, може многу да допринесе за убавината на масната коса. Употребувајте ги во шампоните за време на миењето на косата. Во малку шампон на раката додадете една капка етерично масло (доколку шампонот не го нанесувате директно на коса што е и подобро, ставете малку шампон во една пластична чашка растворен со малку вода и во неа додадете го етеричното масло) измијте ја косата и убаво исплакнете.
Совет бр. 5 К'ната е одлична за масната коса па затоа девојките кои имаат масна коса би требало да употребуваат маска за коса од к'на. Во зависност од бојата на вашата коса може да користите црна, црвена или безбојна к'на растворена со чај кој може да биде црн, црвен (rooibos) или чај од камилица. Вака подготвената маска држете ја најмалку 30 мин.
Совет бр. 6 Барем еднаш неделно измивајте ја косата со раствор од оцет, вода и етерично масло. Оцетот одлично ја чисти масната коса и ја прави посјајна. За овој рецепт веќе говорев во http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/blog-post_17.html меѓутоа не е на одмет да повторам:
во 500 мл деминерализирана вода се става една супена лажица јаболков оцет и се додава од 7 до 10 капки етерично масло (лаванда, лимон, рузмарин или комбинации). Со вака подготвената смеса се полева косата по шампонирањето како последно измивање. Резултатот е мека, сјајна и прекрасна коса. Со сушењето на косата мирисот на оцетот исчезнува, а останува оној на етеричните масла.
Совет бр. 7 Употребувајте што помала количина на балзам за коса и тоа само на врвовите никако на цела коса затоа што додатно ќе ја намасти. Доколку имате многу суви краеви а масен корен, пробајте го спрејот за коса без одмивање кој го предложив во овој пост http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/blog-post_4.html.
Совет бр. 8 СТОП за силиконските капки! Исто како и силиконите во шампонот и овие ја мастат и задушуваат косата. Силиконите толку многу се лепат за влакното што доколку редовно се употребуваат потребни се околу 15 до 20 миења со шампон без силикони за да се одлепат од влакното. И јас порано ги користев и со сигурност ви тврдам дека додатно ја сушат косата. Ако имате суви краеви додатно ќе ви ги исушат, меѓутоа ефектот е видлив откако ќе се престане со употребата, затоа што моменталниот ефект е мазна и сјајна коса ама воопшто не е така. Кај масната коса додатно ја отежнуваат и прават да изгледа уште помасна.
Се надевам дека еден или повеќе од советите кои ви ги предложив ќе ви помогне да ја подобрите состојбата на вашата коса. Не се откажувајте се е можно, за се има решение и спас, па дури и за масната коса.
Вики
Comments
Post a Comment