Пробав за вас: масло од арган на Olival
Наречено еликсир на природна убавина, маслото од арган има терапевтски, но пред се естетски бенефиции и се употребува како во кујната, така и во рецептите за убавина на кожата, ноктите и косата. Корисните дјства на ова масло доаѓаат како резултат на неговиот состав, односно витамините кои природно ги содржи. Ајде подобро да го разгледаме ова масло и да утврдиме за што се може да го користиме.
Маслото од арган се добива од плодовите на дрвото Argania Spinosa кое расте во Мароко. За подготовката на 1л. масло од арган потребни се 100 кг. плод од ова дрво. До пред некое време, ова масло беше произведено исклучиво рачно од страна на мароканските жени, меѓутоа како расте интересот за ова “мароканско злато“ процесот се механизираше со цел да се задоволи побарувачката на пазарот. Некои мали фирми сеуште го произведуваат рачно.
Маслото од арган е богат извор на витамините А, Е и Ф, како и омега 6 и 9 масни киселини. Токму поради овој свој состав маслото од арган е од голема важност за убавината на кожата: витаминот А е неопходен за убавината на нашата кожа, витаминот Е има антиоксидантно дејство и го забавува процесот на стареење на кожата, додека витаминот Ф е неопходен за задржување на еластичноста на кожата.
Омега 6 и 9 масните киселини се неопходни за правилно функционирање на организмот, со оглед на тоа што нашиот организам не може да ги произведе сам по природен пат.
Постојат два вида на масло од арган: она за козметичка употреба, кое е само ладно цедено, и она за внатрешна употреба каде плодовите од арганот најнапред се печат. Во никој случај не треба да се користи за јадење, маслото од арган кое е за козметичка употреба, додека обратно, она за внатрешно конзумирање може слободно да се користи и за нега на кожата.
Денес за вас го пробав маслото од арган на Olival кое е 100% ладно цедено и органско. Навистина бев многу среќна кога го открив во продажните места на Tesori di Mare во трговските центри на Ramstor и City Mall.
Доколку се сеќавате во статијата за масла за лице http://biodevojka.blogspot.com/2015/03/blog-post_46.html ви дадов важни совети како правилно да ги бирате маслата ама еве повторно ќе ви кажам. Маслото мора да биде чисто и во декларацијата треба да стои само ботаничкото име на маслото и евентуално да има додадено витамин Е (токоферол), за поголема трајност на истото. Никако, ама никако не земајте мешавини со течен парафин (paraffinum liquidum) или пак со силикони како Cyclopentasiloxane, Dimethicone и Cyclomethicone. Контролирајте ја убаво декларацијата.
Еве погледнете маслото на Olival е токму такво односно во декларацијата како единствени состојки стојат Argania Spinosa Oil (масло од арган), Tocopherol (витамин Е) и Parfum (парфем).
Нешто што многу ми се допаѓа кај ова масло е амбалажата. Навистина обожавам хигиенски амбалажи кои придонесуваат за подобро зачувување и трајност на производот. Еве погледнете, оваа амбалажа има пумпица преку која не само што ќе ја задржиме хигиената на самиот производ, туку ќе ги спречиме и евентуалните штети од негово истурање како последица на наше невнимание.
Во продолжение сакам да споделам со вас корисни информации и рецепти, на кои се начини може да го користиме маслото од арган за нега на кожата, ноктите и косата.
1. Масло од арган за нега на кожата
Нанесено на кожата, ова масло има одлично навлажнувачко и анти ејџ дејство. Ја негува кожата, ја прави поздрава, веднаш се впива и што е најважно не ја масти кожата. Иако е препорачливо за сува кожа, одлично е и за комбинирана и масна кожа затоа што е одличен лек против акни на кожата. За ова лично ви гарантирам затоа што кај мене имаше голем ефект. Еве што се може да направиме со ова масло кога станува збор за нега на кожата:
- Може да се користи како дневен анти ејџ третман или пак како серум пред нанесувањето на дневната крема. Доволно е да се нанесат неколку капки од ова масло на чиста и навлажнета кожа. Доколку после него ставате крема, ве молам нека биде природна и без силикони.
- Ова масло е одлично како база за благ пилинг особено ако имате осетлива кожа. Помешајте малку од ова масло со оризово брашно (додека да добиете убава смеса), нанесете ја на исчистено лице со благи, кружни движења. Потоа измијте го со млака вода. Резултатот е прекрасна мазна и чиста кожа.
- Доколку имате суви усни, може да направите прекрасен пилинг за усни со една лажичка шеќер и една лажичка масло од арган. За подобри резултати, препорачливо е овој пилинг да го правите еднаш неделно. Аргановото масло може да го користите и како балзам за суви усни. Доволно е да нанесете мала количина навечер пред спиење и да го оставите да делува преку ноќ.
- Маслото од арган е одлично и како крема околу очи. Може слободно да го нанесете на пределот околу очите наутро и навечер.
- Доколку сакате лесна ноќна крема која нема многу да ја масти вашата кожа, помешајте малку од ова масло со алое вера гел и нанесете го навечер на исчистена кожа. Наутро ќе се разбудите со прекрасна здрава и одморена кожа.
- Маслото од арган е прекрасно и како масло за нега на кожата на телото, затоа што ја спречува појавата на стрии. После туширањето, на благо навлажнета кожа нанесете мала количина од ова масло и масирајте додека кожата не го впие.
- Ова масло е идеално и за нега на кожата на градите, затоа што ја враќа еластичноста на кожата и е 100% сигурно.
2. Масло од арган за нега на косата
Витамините и масните киселини присутни во ова масло, се спас за сува, кршлива и коса без сјај, затоа што и ја враќаат виталноста, ја прават косата сјајна и густа и значително го подобруваат нејзиното здравје, а со тоа и убавина. Може да го користите како третман пред шампонирање на косата или пак како здрава замена на силиконските капки. Ова масло одлично ја измазнува косата. Во продолжение ќе ви дадам неколку предлози за употреба.
- Како третман за сува и оштетена коса, земете две лажици масло од арган и додајте 6 капки етерично масло од лимон, лаванда, портокал или рузмарин (може и комбинации, важно е да бидат 6 капки). Вака придотвената маска нанесете ја на навлажнета коса, покријте ја со ќеса и пешкир, загрејте 2 мин. со фен и држете ја најмалку саат време. Потоа измијте ја со млака вода и благ шампон.
- Како природна замена за лошите силиконски капки за коса (прочитајте ја статијата каде говорам за штетното дејство на силиконите врз косата http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/blog-post_35.html). Нанесете неколку капки на влажна коса после шампонирање и потоа фенирајте ја косата, или пак на сува коса доколку сакате да и дадете екстра сјај и да ја направите вашата коса мазна.
- Доколку имате проблем со првутот, пред да ја измиете косата земете две три капки масло од арган и со него масирајте го темето на главата.
- Маслото од арган е спас за сува и виткана коса, убаво ги обликува локните и помага во хранењето на косата. Се нанесува исто како и серумот, неколку капки на влажна коса пред фенирање, или пак на сува коса по фенирањето за сјај.
3. Масло од арган за нега на нокти
Аргановото масло е одлично и за нега на ноктите, затоа што ги зацврснува кршливите нокти и го забрзува нивниот раст. Се нанесува навечер на чисти нокти (без лак) и се остава да делува преку ноќ.
Еве предлог за еден третман кој може да го правите еднаш неделно. Во еден мал сад ставете малку вода и во него додадете еднакви делови на арганово масло и сок од лимон. На пример една лажичка арганово масло и една лажичка сок од лимон. Потопете ги ноктите околу 10 мин.
Мора да напоменам дека ова масло може да го користат и мажите како масло после бричење, а идеално е и како масло после депилација, со оглед на тоа што ја смирува и негува кожата.
Доколку се одлучите да го купите ова масло, само како информација да ви кажам дека моментално е на 25% попуст во продажните места на Tesori di Mare.
Се надевам дека оваа статија ви беше од корист, особено на девојките кои често ме прашуваат за маслата.
Вики
Comments
Post a Comment