Пробав за вас: природен сапун од цимет La Soy


Многумина мислат дека сапуните се премногу агресивни и дека не е добро кожата да ја миеме со сапун. И јас бев една од нив се додека не сфатив дека сите сапуни не се исти. Добро формулиран сапун со внимателно избрани масла може во некој случај да биде подобар и од обичен гел или купка за миење на телото. Еве зошто.

Природните сапуни се подготвуваат со метод на сапунификација, односно со мешање на природни растителни масла и жива сода во соодветен сооднос. Доколку во сапунот има микс од повеќе масла во тој случај самиот сапун е поквалитетен со оглед на тоа што разни видови на масла имаат и различна функција врз кожата, а доколку во сапунот има само едно масло, во тој случај сапунот би можел да биде и агресивен за кожата (со исклучок на маслиновото кое може да стои само и одлично ја негува кожата). Значи и при изборот на сапун секогаш читајте ја декларацијата на производот. Во листата на состојки сапунифицираните масла се напишани со следниве имиња: Sodium Olivate (од маслиново масло), Sodium Cocoate (од кокосово масло), Sodium Palmitate (од палмино масло), Sodium Shea Butterate (од шеа путер), Sodium Ricate (од рицинусово масло) итн.

Секако потоа одлично е доколку сапуните се збогатени и со други вредни состојки како на пример козјо млеко, витамин Е, етерични масла, или пак разни семки, житарици и иситнети растителни делови за скраб ефект.


Мојата намера беше да ви презентирам еден добар и природен сапун, па затоа се одлучив за марката La Soy со оглед на тоа што сами на природен начин ги прават своите сапуни, а и сепак станува збор за еден македонски производ на кој што би требале да бидеме горди. Кога отидов во нивната продавница, изборот беше толку голем што не знаев што да одберам. Бев понесена од илјада бои и мириси, меѓутоа се решив за сапунот со цимет не само поради прекрасниот мирис (ми доаѓаше да го изедам), туку и поради својствата на циметот врз кожата особено за циркулација на самата кожа и благиот пилинг ефект. Еве го моето искуство со овој сапун.


Најнапред како што веќе напоменав доколку еден сапун содржи микс на повеќе масла во тој случај сапунот е подобар и поблаг за кожата. Овој сапун од цимет содржи микс од три масла и тоа кокосово (го подобрува пенењето), палмино (ја подобрува цврстината на производот) и маслиново (одлично ја негува кожата). Составот на сапунот од цимет е: сапунифицирани масла (кокосово, палмино, маслиново масло), вит .Е, етерично масло од цимет, какао, цимет во прав.

Како што може да забележите во самиот состав се присутни три масла кокосово, палмино и маслиново, што значи дека овој производ е благ за кожата. Присуството на витаминот Е (токоферол) е само квалитет плус, со оглед на тоа што овој витамин не само што одлично ја негува кожата, туку одлично го оддржува и производот, односно ја продолжува неговата трајност. Во самиот производ нема вештачки и синтетички мириси, туку ставено е етерично масло од цимет, како и цимет во прав кој ја освежува и тонира кожата.


Ароматерапевтските природни сапуни се употребуваат исто како и конвенционалните. Најдобро е да се започне туширањето со топла вода за да се отворат порите и се овозможи апсорпција на етеричните масла,после што се препорачува употреба на поладна вода заради затворање на порите и задржување на маслата во телото. За подобро делување најдобро е сапунот да се остави да делува 3-5 минути пред негово испирање.

 Најнапред имате чувство на благ пилинг благодарение на циметот во прав и какаото, а купатилото ќе ви мириса на цимет во наредните два часа по туширањето. Мирисот е толку убав што имате чувство дека пиете топло чоколадо со цимет или пак чај со цимет, мене лично некако ме потсетува на нешто празнично и убаво.


По миењето кожата е благо тонизирана, меѓутоа не затега, благодарение на добро избалансираниот микс на масла, глицерин и витаминот Е. Кожата ја чувствувам мазна а сепак чиста и миризлива. Беза разлика што овој сапун добро ја негува кожата, јас сепак ви препорачувам употреба на добро и хранливо млеко или масло за тело (лично секогаш користам млеко или масло без разлика дали кожата ја мијам со сапун или гел за туширање).

Она што ми се допаѓа кај сапуните La soy е фактот што не содржат токсични хемикалии, алкохоли, конзерванси, парабени ниту пак пенливи компоненти (Sodium Lauryl Sulfate- SLS). Тие се произведени рачно по ладна метода на сапунификација, а не од готово купена глицеринска база за сапуни направена од алкохол и пропилен гликол (антифриз).
При овој процес се ослободува природен глицерин кој останува во финалниот природен сапун и дава дополнителна хидратација на кожата. LaSoy сапуните се изготвени рачно по свои оригинални рецепти, во мали серии што овозможува подобра контрола на квалитетот на производот. Сечењето и пакувањето се изведуваат исто така рачно (поради што не се перфектно идентични), за да се добие облик кој е уникатен, убав на изглед и лесен за употреба.


Многу е важен и начинот на оддржување на сапуните доколку сакаме истите повеќе да траат и нивниот состав да остане непроменет.
По употребата, од огромна важност е темелно да ја отстраниме пената од сапунот (со водичка), и да му дозволиме на сапунот да се исуши. Најдобро е доколку имаме држач за сапун од решетки кој ќе му дозволи на истиот да се исуши или пак кутивче за сапун кое не ја задржува водата, туку напротив помага да истата излезе (преку дупчиња или помали отвори), дозволувајќи му на тој начин на сапунот убаво да се исуши. Како и да е, мој совет ви е да го чувате сапунот подалеку од тушот или кадата, односно подалеку од водата и на суво место.


За крај моето мислење на овој сапун е дека е прекрасен. Топло ви препорачувам да го пробате доколку сакате чиста, благо ексфолирана и тонизирана кожа. Секако дека по ова искуство, понатаму, ќе пробам и други видови на сапуни и ќе ви го дадам своето мислење и за нив.

Доколку имате искуство со сапуни или пак некогаш сте ги пробале сапуните на La Soy, слободно оставете ваш коментар под текстот.

Поздрав и до следната статија

Вики


Comments