Направи сам: бојадисување на јајца со природни бои плус идеа за кошничка подарок


До велигденските празници не дели нешто помалку од месец и можеби ќе помислите дека е рано уште од сега да се говори за тоа, меѓутоа продавниците низ градот веќе почнаа да продаваат разни велигденски украси, така да, некако добив инспирација за овој пост. Со оглед на тоа што денешниов предлог се однесува на природен начин на боење на јајца за кој состојките треба да почнеме да ги собираме уште од сега, не е на одмет да го објавам порано. Освен природното боење на јајца, ќе споделам со вас и еден интересен предлог за кошничка во која можете да ги ставите јајцата и да ги подарите. Многу лесно се прави, а толку прекрасно изгледа и претставува многу оригинален подарок со кој ќе ги израдувате вашите најблиски за време на велигденските празници. Ајде да започнеме.

 Природно боење на јајца

Оваа техника на боење на јајца им била многу добро позната на нашите баби и прабаби кои на располагање немале бои за јајца како што има денес. Единствено нешто кое го имале на располагање била природата, односно одредени состојки кои имаат способност да бојат. На почетокот од мојот престој во Рим беше навистина многу тешко да се најде боја за јајца, меѓутоа во последните години се појави тренд за боење на јајца кој најверојатно беше предизвикан и од многубројните иселеници во Италија, така да се појавија многу бои на пазарот. Ги пробав сите ладно боење, топло боење,техника на шарање на јајца, техника со кристали, меѓутоа минатата година за прв пат, сакав да пробам нешто ново, односно наместо купените бои решив јајцата да ги исфарбам природно како што тоа го правеле нашите баби и, верувајте ми, после тоа искуство веќе не се враќам на готовите бои (кога ќе ги видите сликите ќе сфатите и зошто). Со природниот метод на боење на јајца се добиваат прекрасни интензивни бои а притоа немора да се грижите доколку јајцето пукне и бојата влезе во него, затоа што станува збор за состојки од природата кои секојдневно ги употребуваме во нашата исхрана.

Оние кои јас лично ги употребив се лушпи од кромид (црвен и жолт), виолетовата зелка и зачинот куркума.

Постојат голем број на процедури при подготовката на боите и начинот на боење на самите јајца, меѓутоа јас лично направив вака.

1. Боење на јајца со кромид

Од кромидот извадете го најгорниот слој, оние суви листови кои не се јадат и соберете ги во една кеса. Токму затоа и го пишувам овој пост уште од сега со цел да имате време да полека ги собирате сувите делови без да мора да купувате 10 кила кромид одеднаш кој можеби и нема да го искористите. Или пак доколку имате познати продавачи замолете ги да ви ги дадат сите оние лушпи кои ќе испаднат од самиот кромид (јас така направив).
Потребно е да соберете навистина многу лушпи од кромид и да ги ставите во едно големо тенџере со многу вода. Ставете ги на рингла и откако ќе почне да врие водата, варете околу 15/ 20 мин. (ставете капак за да ја спречите водата да испарува), исклучете ја ринглата и оставете да се олади.


Откако ќе се олади течноста во истото тенџере, без да го вадите кромидот ставете бели јајца, кои може да бидат обични или пак со листови од билки врзани со хулахопка.
Повторно вклучете ја ринглата на ниска темепература и чекајте водата да почне да врие. Избегнувајте високи температури затоа што белото јајце е многу чувствително и може лесно да пукне. Варете ги јајцата околу 10 мин. и потоа исклучете и оставете ги внатре во водата додека да се излади. Оваа процедура повторете ја за сите јајца. Бојата која ќе ја добиете е следнава:


Јас и за годинешното боење на јајца веќе си се снабдив со лушпи од кромид:


2. Боење на јајца со виолетова зелка

Кој би рекол дека јајцата боени со овој вид на зелка добиваат прекрасна интензивна сина боја.
Процедурата за подготвување на течноста е следна: исецкајте една глава виолетова зелка, ставете ја во длабоко тенџере со многу вода и откако ќе почне да врие варете околку 20 мин. покриена со капак. Исклучете и оставете да се олади. Откако ќе се олади процедурата е иста како и со кромидот, ставете ги внатре белите јајца и на тивок оган варете ги околку 10 мин.
Исклучете и оставете да се олади. Извадете само едно јајце и видете дали сте задоволни од интензитетот на бојата, доколку сакате поинтензивна боја, извадете ги јајцата, процедете ја течноста во еден голем пластичен или стаклен сад, ставете ги внатре јајцата ставете капак на садот и ставете го во фрижидер (никако на собна температура) најмногу до 6 саати. Јас лично ги имав оставено некаде околу 4 саати и бојата која ја добив беше следнава:






3. Боење на јајцата со куркума



Куркумата е зачин кој лично многу го употребувам во кујната, затоа што е многу здрав и дава одличен вкус на јадењата. Неговата интензивна боја одлично ги бои јајцата во жолто.
Процедурата е иста како и за кромидот. Со оглед на тоа што куркумата има навистина интензивна боја нема потреба јајцата да се ставаат во фрижидер по ладењето во течноста. Количината на зачинот куркума (која е во прав) зависи од интензитетот на бојата која сакате да ја добиете. Ви советувам да експериментирате се додека не го добиете резултатот со кој ќе бидете задоволни. Јас лично во мало тенџерче ставив околу 3 големи лажици куркума и добив доста убава жолта боја која изгледаше вака:




Добиените јајца секако премачкајте ги со зејтин за да имаат поголем сјај.
 

4. Украсување на јајцата

За украсување на јајцата кои ги видовте на сликате погоре користев две техники на украсување и тоа:

- со билки завиткани на самото јајце со хулахопка, кој се надевам на сите ви е добро познат. Земаме еден лист кој ни се допаѓа, го навлажнуваме и го ставаме на јајцето онаму каде сакаме да остане бела шара. Врз него ставаме стара хулахопка (бојата на хулахопката не е важна, јас користев и проѕирна и црна, тоа што имав на располагање), убаво се стега (внимавајте да не ви пукне јајцето при стегањето) и се врзува со самата хулахопка (јас пробав и со ластик меѓутоа не ви советувам затоа што ластикот ми се стопи во водата при варењето).

- техника со салфетка
Одберете една убава салфетка со велигденски мотив (зајче, јајца, цветови) извадете го само најгорниот слој на салфетката, оној најтенкиот, исечете ја саканата форма од салфетката, премачкајте го јајцето со белка (никако не користете лепак затоа што е токсичен и може да навлезе под лушпата на јајцето) и врз премачканото јајце ставете ја салфетката и премачкајте уште еднаш одозгора (не користете премногу белка).



Кошничка за јајца

Оваа кошничка за јајца е толку едноставна, а толку убава, интересна и идеална за подарок. Многу е лесно да се направи. Се што ви треба е :


- балон
- волнен или памучен конец со средна дебелина (никако не употребувајте синтетички затоа што не се суши убаво)
- бел лепак vinilik (ќе го најдете во џамбо)


Надувајте го балонот (во зависност од тоа колкава сакате да биде вашата кошничка, одберете поголем или помал балон.).
Во еден пластичен сад растворете малку лепак со вода. Јас лично ставам повеќе лепак, а многу малку вода, затоа што ми се случило неколкупати да добијам многу мека кошничка која се распаѓа. Ви советувам да направите мала количина само за еден балон и да пробате на еден балон за да видите дали на крај резултатот е задоволувачки.
Во таа смеса (вода и лепак) убаво намокрете го волнениот конец не цел одеднаш туку дел по дел како што го нанесувате на балонот и нанесувајте го во различен правец како што ќе ви дојде. Немора да биде совршено, сепак станува збор за производ направен од вас и убавината е во тоа да биде оригинален. Откако ќе го прекриете целиот балон, уште еднаш убаво премачкајте го со остатокот од смесата од лепак ( со помош на прстите или четкичка за сликање) и оставете го да се суши цела ноќ.

Утредента проверете дали конецот е комплетно сув и цврст, и доколку е така со една игличка дупнете го балонот. Конецот ќе остане во форма на балонот и со помош на ножички исечете отвор. Украсете ја кошничката по ваша желба.
Еве ги кошничките кои ги направив лани за Велигден (и сите ги подарив):









Се надевам дека ви се допаднаа овие предлози и дека барем нешто од ова ќе се обидете да направите сами дома. Доколку веќе сте боеле јајца на природен начин или пак сте направиле некој интересен велигденски проект, слободно оставете кометар за вашите искуства.


Вики

Comments