Што сé може да одгледуваме во саксија на нашите тераси


Го обожавам мирисот на зеленчукот и овошјето штотуку скинати од градината, силниот природен вкус, свежината и крцкавоста.
Прекрасно е да се има огромна градина каде можеме да садиме многу видови на зеленчук и овошје, меѓутоа доколку ја немаме, а сепак сакаме нешто свое, нема проблем може да ја создадеме и на нашите тераси.

За прв пат започнав да одгледувам зеленчук пред 3 години на терасата во станот во Рим. Имав огромна тераса и дел ја претворив во органска градина а во останатиот дел одгледував цвеќиња.

Бев пресреќна додека ги гледав зеленчуците како секојдневно растат, комплетно природни од органски семиња, а може да замислите каков е вкусот на свежо набрана салата, или свежи домати во сосот за шпагетите, колач со свежи јагоди и прекрасниот мирис на билките кои ги користев за зачинување на храната.

Кога раснете намирници на тераса во саксии, секако сте ограничени со простор, меѓутоа сè е возможно, потребно е доста сонце и секако посветеност и љубов кон растенијата.

Во продолжение ќе ви покажам што сè јас лично одгледував и одлично успеваше.

1. Јагоди

 Јагодите се одлични за одгледување во саксија и дури една мала билка може да даде многу плодови. Јас лично бев изненадена од мојата, даде навистина многу плод и, верувајте ми, последната јагода ја изедов на 6 октомври и беше преблага.





2. Домати


Имав посадено три билки домати кои ми дадоа доста плод, некаде околу 50 домати. Истата билка дава плодови повеќе месеци. Нема поубаво од свежо направен сос од домати на шпагети. Вкусот и мирисот е незаменлив.


 

3. Разни видови на зелена салата

Нема нешто повкусно од свежо набрана салата, убаво зачинета и крцкава. Салатите одлично успеваат на тераса во саксија и многу брзо растат. Еве погледнете ги сликите од моите.


4. Чили пиперчиња

Имаат потреба од многу сонце на терасата и една билка може да даде дури и до 100 пиперчиња (мојата нешто помалку, околу 40 поголемата и 15 малата). Може да ги исушите и да ги користите и зимно време како додаток во јадењето доколку обожавате малку лутко.

5. Нане

Една од моите омилени билки која дава одличен вкус на јадењата. Одлично успева во саксија и е доста издржлива.


6. Власец и мајчина душица со вкус на лимон (ги засадив во иста саксија)

Најнапред ми беше страв да ги ставам еден до друг, меѓутоа одлично “се дружеа“.
Власецот е фантастичен и многу ми се допаѓа неговиот вкус. Тоа е еден вид на зелено кромитче со поблаг вкус, кое одлично го збогатува вкусот на јадењата.
Мајчината душица со вкус на лимон е одлична како зачин за риба или морска храна.


7. Босилек (за жал немам слика)

Одгледував два вида на босилек зелен и виолетов кој се разликуваа во интензитетот на мирисот и вкусот. И двата вида одлично успеваат во саксија.

Во продолжение сакам да ви покажам уште слики од се она што одгледував на терасата.


Дали некогаш сте се обиделе да одгледувате зеленчук или овошје во саксија?
Што е она што најчесто го одгледувате на вашите тераси?
Ве поканувам слободно да ги споделите вашите искуства.


Вики

Comments

  1. Sekoja cest, dobro napraveno.
    Mnogu me potseka na kineska golema terasa :)
    Dobro - koga ke imam terasa ke si posadam i jas :)
    Jernej

    http://kumpideum.blogspot.com/
    http://www.tsu.co/jernej

    ReplyDelete
    Replies
    1. Ти благодарам многу за учеството и коментарот. Поздрав и секое добро.

      Delete
  2. Благодарение на твоите постови за штетноста на "обичните" креми и статиите за органска козметика и делувањата на маслата, лицето никогаш не ми било посвежо и поубаво, а црвенилото со кое се борев речиси и да исчезна :)
    А откако ја прочитав оваа статија, на балкон си засадив преубав босилек, нане, мајчина душица и чили пиперчиња. Дали можеби знаеш каде во Скопје може да се набави власец? Поздрав и продолжи со преубавите статии :)

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга, ти благодарам премногу на убавите зборови.Целта на овој блог е токму таа и пресреќна сум што ете на некој начин она што го пишувам ти помогнало. Ја скокам од радост кога секој поединец ќе ми пише дека преминува или веќе преминал кон природното и верувај ми секој еден од вас прави разлика во светот, капка по капка се полни морето :). Што се однесува до власецот, овде не сум видела, ама утре ќе го прашам татко ми (тој е ептен страствен одгледувач и сигурно знае ако има), и ќе те известам. Пред недела дена бев во Италија да знаев ќе ти донесев од таму едно коренче. Како и да е ќе се распрашам и ќе ти пишам. Голем поздрав и благодарам уште еднаш.за коментарот. Пријатна вечер.

      Delete
    2. Се распрашав ама за жал не успеав да најдам коренче од власец за садење тука кај нас. Поздрав

      Delete

Post a Comment