Природна и органска козметика се едно исто?



Целта на денешниот пост е да ве доближам што повеќе до филозофијата на одреден тип на производи, односно што се подразбира под името природен производ, дали има разлика помеѓу природното и органското, кои производи се биодинамични и што е најважно да ви дадам совети на што треба да внимавате при изборот на добар органски производ.

Пазарот на органските производи е во голем пораст и голем е бројот на компаниите кои произведуваат органски производи (во Европа се забележани околу 200.000 компании). Најмногу пари во органската козметика вложува Германија, а после неа доаѓаат Италија, Франција и Англија. На полиците на голем број на парфимерии, продавници за козметика и супермаркети може да се најдат најразлични козметички линии, но за да се одбере вистинскиот производ треба да се познаваат некои основни разлики во термините кои најчесто се употребуваат за да се опише еден козметички препарат.



 Природна козметика е онаа во чиј состав се наоѓаат природни состојки добиени од било кој вид на земјоделство. Во овој вид на козметика може да се најде и по некоја хемиска состојка.

Органска козметика е онаа која почитува одредени стандарди од институтите и здруженијата за органски сертификати како на пример AIAB, ICEA, BIDH, EcoCert, Natrue и др. каде природните состојки употребени во неа доаѓаат од органско земјоделство, од контролирана средина, одгледувани без употреба на пестициди или хемиски ѓубрива. Овој вид на козметика во својот состав никако не смее да содржи нафтени деривати, синтетички конзерванси, синтетички бои, парабени, ПЕГ и нивните деривати, силикони, СЛС, СЛЕС итн.

За биодинамична козметика важат сите стандарди кажани за органската козметика, а плус во неа помал или поголем дел од состојките доаѓаат од биодинамичка култура. Но што всушност се подразбира под биодинамички раст? Оваа метода ја развил Dr. Rudolf Steiner, кој ја користи градината како затворен круг. Семето, компостот и земјата за сеидба доаѓаат од сопствено производство. Градинарите приготвуваат различни растителни додатоци за компост со цел тој да биде поделотворен и со тоа растенијата ги заштитува од разни штетници и болести. Ниту во еден сегмент на одгледување или производство не се користат синтетски хемиски средства.



Зошто да одбереме органска козметика?

Изборот на сертифициран органски производ значи гаранција за квалитетот на состојките и за комплетниот процес на обработка. Органските состојки во овие производи се компатибилни со нашата кожа и таа ги препознава. Поголемиот број на органски производи се и cruelty -free, односно не се тестирани врз животни.

На што да внимаваме при изборот на органска козметика?

Најнапред треба да се внимава на формулата на самиот производ и состојките кои се користени. Понекогаш без разлика дали станува збор за органски производ, доколку истиот е лошо формулиран, може да предизвика алергиска реакција кај кожата.
Затоа многу е важно да се одберат сертифицирани производи во кои компанијата која ги произведува гарантира дека ги извршила сите потребни тестови за ефикасноста и сигурноста на самиот производ и ги исполнува стандардите за органски сертификат.

Како да препознаеме дали една козметика е сертифицирана или не?

Како гаранција на самиот производ треба да е присутно лого за сертификат од страна на една од многуте интернационални компании за сертификат на органска козметика.

Меѓутоа и овде треба многу да се внимава. Со оглед на тоа што одредени од овие здруженија за сертификат (на пример ecocert) освен тоа што сертифицираат цел производ како органски, сертифицираат и одредени состојки од органското земјоделство како такви. Значи ако јас произведувам козметика и во својата крема ставам органска состојка која сум ја купила од некој одгледувач кој ја сертифицирал како таква, јас имам право да го ставам логото на сертификатот кој во случајов воопшто не се однесува на мојот производ како целина, туку на една единствена состојка во него. До логото обично мора да пишува дали се однесува на некоја состојка на пример мед или некој вид на масло кое е сертифицирано и во тој случај ознаката би била: лого и веднаш до него состојката која е сертифицирана како органска. Еве ви пример на сертификат кој не се однесува на целиот производ туку само на екстрактот од семки од грозје и компанијата тоа го навела на самиот производ. Значи производот како целина не е органски, туку од органско потекло е само таа состојка.


Еве ја и листата на состојки на самата крема:


Затоа јас секогаш ви велам контролирајте ја декларацијата. Таму сè доаѓа на виделина. За среќа постои закон кој ги обврзува производителите да изнесат што ставиле во своите производи и тоа значајно ни ја олеснува работата. Доколку се двоумите дали еден производ е органски во тој случај може да отидете и на вебсајтот на фирмата чие лого стои како сертификат за квалитет на производот да проверите дали во листата на официјални производи го има оној за кој сте заинтересирани.



Исто така од огромна важност е да се познава и филозофијата на една козметичка компанија од која сакаме да купиме производ и нивниот комплетен пристап кон органското.

Како да ја читам декларацијата?

Што се однесува до декларацијата или таканаречената листа на состојки ви оставам линк од една моја статија во која говорев за штетните состојки  http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/blog-post_35.html .

Како помош за сите оние кои сакаат да бидат сигурни за квалитетот на еден производ ви оставам линкови од три различни италијански сајтови кои лично ги консултирам (како што напоменав сеуште учам и целта ми е не само да го пренесам она што досега го имам научено, туку и да учам многу нови работи поврзани со оваа тематика). Станува збор за:

1. сајтот креиран од оснивачите на италијанската компанија за органска козметика Biofficina Toscana кој овозможува анализа на поединечни состојки (доколку состојката која не интересира се внесе во прозорчето од левата страна каде што пишува una sostanza) или комплетната декларација на производот (внесете ја во прозорчето од десна страна каде пишува un cosmetico) . Линкот е http://in-gredients.it/

unnamed (2)



2. Сајтот на италијанскиот институт ICEA каде имате две апликации, една за храна, а друга за козметика, кои може да се симнат гратис.
Линкот е: http://www.icea.info/it/icea-check

3. Сајтот на италијанскиот хемичар и консултант за органска козметика Проф. Фабрицио Заго наречен biodizionario каде може да барате објаснување на поединечни состојки од ваш интерес. Овој речник е креиран според личното искуство и мислење на Проф. Заго и е една од првите апликации која ја користев. (првите чекори во светот на органските производи ги направив токму со biodizionario). Линкот е http://www.biodizionario.it/ 

 

Ви објаснив како функционира во статијата за креми за лице: http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/blog-post_97.html 

Се надевам дека овие мали совети за избор на добар органски производ ќе ви бидат од корист и ќе ви помогнат во вистинскиот избор на добар козметички производ. Доколку е така споделете го истите со вашите пријатели.
Веста е информација, но кога за неа коментираме станува култура.


Вики

Comments