Mој домашен третман за чисто лице


За митесерите говорев во една од најраните статии на овој блог http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/1.html . Говорев за нивната појава, за состојките кои ја влошуваат состојбата на лицето и дадов неколку совети за важноста на секојдневната хигиена на лицето.Како и многу други и јас ги имам, и затоа најискрено да си кажам дека не е возможно да се добие војната против нив, меѓутоа возможно е да се победат многу битки и да се држат под контрола. Во продолжение би сакала да го споделам со сите вас мојот личен третман во домашни услови, како и мали совети за убава кожа.

1. Третман во домашни услови

Третманот ќе го опишам чекор по чекор:

- темелно чистење на лицето (и евентуално вадење на шминка доколку ја имате)

- благ пилинг:
со цел да ги отстраните мртвите клетки од лицето, направете многу благ пилинг со внимателно одбрани состојки според видот на вашата кожа (рецепти ќе најдете во статијата за пилинзи http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/blog-post.html). Пилингот кој јас го направив беше многу едноставен. Помешав малку јачменово брашно со кокосово и рицинусово масло.Со нежни и благи движења нанесете го на кожата и измијте со млака вода.



- парење на лицето:
загрејте едно тенџере со вода и во него капнете неколку капки етерично масло од лаванда, рузмарин или чајно дрво, или пак ставете цветови од камилица, гранчиња од рузмарин или цветови од невен и испарете го лицето околу 5 мин (не повеќе) со главата над тенџерето и пешкир врз неа, меѓутоа не многу блиску до водата за да не се изгорете. Јас лично ставив гранчиња рузмарин, суво нане, 3 капки етерично масло од лаванда и три капки етерично масло од лимон.




- маска од глина:
откако порите убаво ќе се отворат од пареата, на сцена стапува спасителот против митесери, односно маската од глина, која има за цел да ја исчисти кожата и ја балансира. Може да ја направите и сами а потребни ви се следниве состојки: зелена глина. зелен чај и мед (најосновна варијанта). 1 лажица зелена глина се меша со една лажица чај и на таа смеса се додава една лажица мед. Ако е прегуста смесата ставете уште малку чај ако е течна ставете уште малку глина додека да добиете убава смеса која лесно се нанесува на лицето. Се нанесува на чисто лице со помош на четкичка и се држи 10 мин. Освен овие состојки јас лично додавам и малку масло на пример маслиново или кокос или бадемово и една до две капки етерично масло од лаванда (ако немате немора). Маскава е навистина одлична убаво ја затегнува и чисти кожата. Важно нешто е зелената глина да не се зема со метална лажица затоа што реагира во допир со метал. Може да се користи пластична или дрвена лажица. Исто така и садот во кој ја мешате не треба да биде метален.


- тоник за лице:
по маската нанесете добар тоник за лице кој додатно ќе ја освежи и исчисти вашата кожа. Јас моментално го користам оној со црвен чај rooibos, јаболков оцет и етерично масло од рузмарин и лаванда. Рецептот за овој тоник може да го најдете во статијата за чаевите http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/blog-post_9.html

-крема за лице:
по целиот овој третман важно е да се нахрани кожата со добра крема за лице. Наместо крема јас ставив малку кокосово масло.

Препорачливо е да го правите овој третман еднаш месечно, но доколку осетите потреба, може и на 15 дена. 

 
2. Секојдневна хигиена на кожата

И за ова веќе говорев во  http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/1.html меѓутоа не е на одмет да повторам дека е од огромна важност правилната хигиена на лицето. Верувајте ниедна крема, па ни онаа од 1000 евра, нема да направи ништо доколку е нанесена на неисчистена кожа, дури и додатно ќе ја влоши состојбата на лицето. Од огромна важност е секојдневното миење на кожата со благи детергенти за чистење. Еден од моите најомилени е оној на Dr. Hauschka за кој подетално ќе говорам во рубриката пробав за вас. Исто така многу важно е да навечер, без разлика на тоа колку сте уморни, секогаш ја вадите шминката од лицето и очите. Нема ништо полошо од тоа да се заспие со неисчистена кожа и преку ноќта наместо кожата да дише и да се обновува таа ја впива целата нечистотија насобрана во текот на целиот ден.

3. Избор на добра крема

И за ова веќе говорев во статијата за кремите за лице http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/blog-post_97.html ама верувајте дека ако треба ќе го повторувам уште илјада пати. Многу е важно да се користат креми без силикони, нафтени деривати и останати штетни состојки. Кожата ќе ви биде премногу благодарна и толку среќна што ќе блиска од радост.

Секако како што напоменав за здравјето и убавината на кожата потребни се и здрав живот, здрава исхрана и физичка активност. Важно е да не очекувате чуда преку ноќ, за се е потребна упорност, грижа и посветеност. Слушајте ја вашата кожа, знаците кои ви ги дава и како реагира на одедени производи и третмани. Тоа што одговара за еден немора да биде ефикасно за сите.

Доколку сакате да го споделите вашето искуство со митесерите и вашиот начин на нега на кожата, ве поканувам да оставите ваш коментар под текстот.


Благодарам
Вики

Comments