Направи сам: млеко од ориз


Млекото од ориз претставува здрава и хранлива алтернатива на кравјото млеко, кое е идеално за вегетаријанците, веганите или пак за оние кои не ја поднесуваат лактозата.
Има навистина одличен вкус и може да се користи како за пиење, така и при подготовката на голем број на слатки, торти, пудинзи и бисквити. Во продавниците кај нас има голем избор на млеко од ориз и цената на истите се движи од 105 денари до 268 денари за литар млеко кое не е баш и многу евтино и достапно за сите. Овој вид на млеко може многу лесно сами да си го направиме дома и притоа да потрошиме десет пати помалку, а верувајте ми квалитетот е ист ако не и подобар (домашно си е домашно), со оглед на тоа што голем број на млека од ориз на пазарот содржат поголема количина на масло и шеќер.

Ајде да започнеме. Се што ни е потребно за подготовка на ова млеко е:

- 50 гр. ориз (бел или интегрален по ваша желба)
- 1 литар вода


Во едно тенџере ставете ја водата и штом ќе почне да врие додадете го оризот и варете на ниска температура. Оризот треба да го варите 10 мин. повеќе од она што е означено на амбалажата. На пример ако користите бел ориз и на амбалажата од оризот пишува дека се вари за 10 мин. вие варете го 20. После првите 10 мин. додадете малку сол (два прста) и продолжете да варите уште 10 мин. Откако ќе помине потребното време тргнете го од рингла и со помош на блендер направете го како кашичка (односно течност).


Потоа процедете го, додадете му малку кафеав шеќер или мед (една лажица) и вака приготвеното млеко е готово за употреба. Секако по ваш вкус може да го збогатите со цимет, ванила или какао.




Вака подготвеното млеко ставете го во чисто шише и чувајте го во фрижидер.
Трае 4 дена. Може да го конзумирате за доручек со житарици, или како ужина со бисквити. Се што треба да направите пред да го конзумирате е да го загреете, или пак може да го пиете и без загревање доколку сакате ладен напиток, особено во лето.

Остатокот од млекото (откако ќе го процедите) не го фрлајте туку употребете го како маска за лице. Одлично ја затега кожата, ги затвара порите, има лифтинг ефект и што е најдобро(со редовна употреба) ги избелува темните дамки на кожата. Маската се нанесува на претходно убаво исчистено лице и се држи околу 10-15 мин.




Гледате колку беше лесно да се направи ова млеко. Не само што видно заштедивме, туку и направивме комплетно природен и домашен производ во кој точно знаеме што сме ставиле и кој може слободно да го направиме според сопствениот вкус.

Дали и вие сте љубители на млекото од ориз?
Дали често го купувате или сте се обиделе да го направите сами?
Слободно оставете ги вашите коментари под самиот текст, мене ми е секогаш мило да разменувам совети и искуства со сите читатели.


Вики

Comments