Направи сам: гел за коса од ленено семе
Лененото семе содржи висок процент на минерали како фосфор, магнезиум и бакар, 20 % на протеини и 40% масти. Ова семе има безброј корисни дејства врз организмот и може да се конзумира во супи, салати и како чај, меѓутоа од него може да се направи и гел за нега на косата. Со редовна употреба на овој гел, косата буквално ќе се препороди, ќе стане поздрава и посјајна. Се што ви е потребно за подготовката на овој гел е:
- 30 гр. ленено семе (најдобро од органско потекло)
- 200 мл вода
Во едно тенџере ставете ја водата и лененото семе, поклопете и оставете да стои преку ноќ.
Изутрината, тенџерето ставете го на рингла и откако водата ќе почне да врие варете околу 5 мин.
По истекувањето на времето тргнете го тенџерето од рингла и со помош на една цедилка прецедете го гелот (со оглед на тоа што овој гел е доста густ треба да бидете упорни во прецедувањето, мешајте и со лажичка додека не истече целиот гел). Почекајте да се олади.
Овој гел нанесете го на сува коса и оставете да делува најмалку саат време или преку ноќ, доколку сакате подобри резултати. Потоа измијте ја косата како што обично правете и исушете ја. Уште по првото нанесување ќе забележите дека косата е помека, подобро се расчешлува и имам огромен сјај.
Лененото семе кое сте го прецедиле никако не го фрлајте. Може слободно да се употреби во веќе приготвени супи, салати или други јадења.
Ова е основниот рецепт за гел кој одговара на сите видови на коса, но доколку сакате да направите нешто повеќе, во тој случај при варењето на гелот и во зависност од бојата на вашата коса додадете:
- една кесичка чај од камилица или две лажици суви цветови од камилица за руса коса;
- една кесичка црн чај (руски чај) за црна коса;
- една кесичка или две лажици црвен чај rooibos, за црвена коса.
Со оглед на тоа што ова е природен гел без никаков конзерванс, рокот на траење му е една недела доколку го чувате во фрижидер. Ако сакате да направите поголема доза одеднаш може да користите 60 гр. ленено семе со 400 мл. вода и добиениот гел да го ставите во пластичен сад за лед и да го замрзнете. На тој начин имате веќе готов производ и секогаш кога ќе сакате да го нанесете на косата доволно е да одмрзнете една коцка и да ја нанесете на косата, без повторно да ја правите целата процедура за подготовка.
Го држев на косата околу 4 саати и ова беше крајниот резултат
Се надевам дека ви се допадна овој рецепт и дека ќе се обидете да го направите. Верувајте ми ќе бидете многу задоволни, а со малку пари добивате 100% природен производ кој никако не се споредува со сé она што се продава на пазарот.
Вики
Comments
Post a Comment