Антицелулитна маска од глина


Здраво,

маската од глина била позната уште од дамна како најдобар пријател на кожата во подобрувањето на структурата на кожата, особено при лекувањето на акните или пак во подобрувањето на неестетската појава која најчесто го зафаќа пределот околу бедрата и нозете, односно целулитот. Ете токму на оваа проблематика ќе се задржиме во денешнава статија.

Во продажба постојат навистина голем број на препарати и антицелулитни маски од глина, и се наоѓаат навистина добри и доста функционални производи, меѓутоа доста скапи со оглед на тоа што содржат многу хранливи и скапи состојки.  Целта на денешнава статија е да ви покажам како сами во домашни услови може да произведеме антицелулитна маска од глина, и тоа ќе ви дадам неколку варијанти во согласност со економската состојба, и секако состојките кои ги имаме на располагање.

Најнапред, ако разгледаме повеќе антицелулитни готови маски ог глина, поточно, ако го разгледаме нивниот состав во декларацијата, ќе забележиме дека се составени од 3 дела и тоа:

1. цврст или прашкаст дел кој најчесто е зелена глина во комбинација со сол, сушени алги во прав, чоколадо, кафе или какао;

2. течен дел кој најчесто е термална вода со оглед на лековитите својства која ги има врз кожата;

3. етерични масла, кои не само што даваат прекрасен мирис на самиот производ туку се од огромна помош при лекувањето на целулитот;

Ете откако утврдивме што треба да содржи една добра антицелулитна маска, ајде да видиме како може да ја направиме сами без да потрошиме цело богатство на готовите производи. Во продолжение ќе ви предложам една многу функционална антицелулитна маска. Количините се за две до три нанесувања, а течноста се подготвува пред самата употреба со цел производот убаво да се оддржи без конзерванси.


Состојки за антицелулитна маска:

- 4 лажици зелена глина (сетете се да користите дрвена или пластична лажица, никако метална);
- 4 лажици какао (одберете го она горкото, без шеќер);
- 2 лажици морска сол;

убаво измешајте ги сите состојки во едно чисто кутивче од крема или пак тегличка, и ова ќе биде вашата база за антицелулитниот третман. Зелената глина е фантастична затоа што ја прочистува кожата, богата е со минерали и лечи разни проблеми кај самата кожа. Какаото го одбрав намерно наместо кафето, затоа што во некои случаеви се покажало многу поефикасно во лечењето на целулитот. Со овие дози добивате околу 200 гр. производ.


Секогаш кога ќе посакате земете помала или поголема количина од смесата (зависно од зоната каде сакате да нанесете) и  растворете ја со една од следниве течности или комбинации:

- зелен чај: одличен во третманите против целулит. Направете чај и со него растворете ја базата за антицелулитна маска. Чајот нека биде топол меѓутоа не врел.

- дестилирана вода која сепак дава убави резултати. Јас во дестилираната вода додавам и малку термална вода затоа што е богата со сулфур и дава прекрасни резултати. Ја користам онаа на Гамард и тоа не само за ваков вид на рецепти туку и ја испрскувам на лицето во жешките денови како освежувач за лице. Меѓутоа доколку немате не грижете се, слободно користете и дестилирана вода која претходно малку ќе ја загреете (да биде топла).


Доколку сакате може да додадете и некоја капка етерично масло, меѓутоа не е обавезно со оглед на тоа што маската функционира одлично и без нив. Етеричните масла само го зголемуваат антицелулитниот ефект на истата. Јас лично ставив 3 етерични масла во самата смеса (во целата смеса од 200 гр.) со цел смесата подобро да ги впие и користев: 5 капки етерично масло од портокал, 5 капки етерично масло од лаванда и 2 капки етерично масло од рузмарин во целата смеса и убаво промешав. Меѓутоа повторувам, доколку немате дома етерично масла, без грижа рецептот е доволно функционален и без нив.

Доколку сакате поголема хидратација на самата кожа, при приготвувањето на смесата додадете и малку гел од алое вера (секако доколку веќе го имате дома).

Ете, ви дадов повеќе опции, па вие секако изберете го она што најмногу ви одговара. Маската не треба да биде ни многу течна ни многу густа, лесна за размачкување а да не ни тече по кожата. Количината на течностите регулирајте ја вие самите, се додека не добиете изедначена смеса која лесно се нанесува.


Маската се користи на чиста кожа, најдобро доколку претходно направите снтицелулитен пилинг како оној кој ви го предложив со кафе http://biodevojka.blogspot.com/2015/06/blog-post_27.html, или пак оној со црвено вино кој ќе го најдете во статијата http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/blog-post_20.html. Потоа нанесете ја маската рамномерно со помош на една четкичка, покријте со проѕирна фолија и оставете да делува од 20 до 30 мин. За тоа време слушајте музика, читајте книга или пак читајте ги статиите на мојот блог :)


По истекот на времето, измијте ја маската со млака вода и звршете го миењето со малку поладна вода за подобра циркулација на кожата. Како за на крај, нанесете добро антицелулитно масло.

Овој третман дава навистина одлични резултати, а и доста е лесен за правење. Доволно е да го правите два пати неделно и ќе се воодушевите од крајниот резултат. Ја подобрува циркулацијата и ја чисти кожата. Помага во исфрлувањето на вишокот на течности, а глината исто така ја прави кожата многу поеластична и позатегната. Ќе заштедите време, а богами и пари за скапи третмани.

Се надевам дека ќе се обидете да го направите овој третман и доколку е тоа така, кажете како ви се допаднал и каков ефект има кај вас.

Секако важно е да напоменам дека ваквите третмани секогаш се прават во комбинација со здрава исхрана и урамнотежена физичка активност. Сам по себе ниеден производ не прави чуда доколку ги занемариме останатите работи.

Поздрав и до следната статија
Вики

Comments