Кои состојки најчесто ги користам во рецептите и од каде ги набавувам


Здраво на сите,

откако почнав редовно да ви објавувам рецепти кои сами може да ги направите дома, добив барање од страна на повеќе девојки да наведам каде точно ги набавувам состојките кои најчесто ги употребувам во проектите направи сам.

Токму затоа целта на денешнава статија е да ви кажам кои состојки најчесто ги користам, каде ги набавувам и која е нивната цена.

1. Алое вера гел


Овој гел навистина многу го користам во рецептите кои сама ги правам, без разлика дали станува збор за креми околу очи, спреј за коса или маска за лице. Лично го користам алое вера гелот на Botanicals кој може да го најдете во аптеките на Зегин и Еурофарм. Цената е околу 1100 денари за литар производ. Лично го одбрав овој затоа што згуснувачот употребен во него е од природно потекло. Освен за рецептите може секако и да го употребувате внатрешно затоа што пред се тоа и му е намената.

2. Шеа путер


Многу често овој путер го земам од Италија, меѓутоа кај нас открив еден добар од марката Ikarov кој може да го најдете во продажните места на La Soy. Цената на овој шеа путер е 220 денари за пакување од 60 мл.

3. Масла


- Kокосовото масло кое најчесто го користам е она на Bioсosmos кое може да го најдете во скоро сите аптеки и поголеми супермаркети како Веро, Тинекс и Рамстор во одделот за здрава храна. Цената на малата тегличка е 280 денари. Станува збор за нерафинирано ладно цедено кокосово масло.


- Mасло од арган - доколку сакате чисто арганово масло без никаков додаток или мирис, тогаш одберете го она на Bioсosmos кое чини 399 денари за 50 мл. и може да го најдете во продавниците на биокосмос. Доколку не ви пречи благиот цитрусен мирис во тој случај одберете го на Olival. Цената му е 785 денари за 60 мл. и може да го најдете во продажните места на Tesori di Mare во трговските центри на Ramstor и City Mall.


- Останатите масла како макадамија, лешник, јојоба итн. ќе ги најдете во продавницата на Биокулт гтц. 2 спрат. Цената е различна во зависност од видот на маслото, меѓутоа се многу чисти како производ и поголем дел од нив се и за внатрешна употреба што е доказ плус за квалитетот. Марката која најчесто ја земам е Bioplanete.

4. Етерични масла


Најчесто овие масла ги набавувам од продавницата на Биокулт гтц. 2 спрат. Станува збор за етеричните масла од марката Primavera (Flora) и тврдам за нивната чистина и квалитет. Во продажба имам видено и други етерични масла, меѓутоа не се 100% чисти затоа што не го поминаа мојот тест дома за чистина на маслата. Затоа доколку сакате да одите на сигурно, земете едно од овие етерични масла. Цената варира во зависност од видот на маслото и се движи од 290 до 700 денари. Оние кои јас ви препорачувам да си ги купите затоа што ќе може да ги користите за скоро сѐ се: лаванда, рузмарин, лимон и сладок портокал. Овие 4 масла за мене се база на секој рецепт и одговараат и за кожа и за коса, а одлични се и во антицелулитните третмани.Секако различен е процентот на употреба на овие масла во разни рецепти и комбинацијата со останатите состојки.

5. Какао путер


Овој путер е фантастичен во подготовката на путери за масажа на телото затоа што дава цврстина на производот, но и одличен мирис на чоколадо. Има огромна навлажнувачка и хранлива моќ врз кожата и се топи во допир со природната топлина на нашата кожа. Оној кој јас го користам е од марката Bioсosmos кој е и за внатрешна употреба (може слободно да го користите доколку правите колачи или домашни бисквити). Може да го најдете во продавниците на биокосмос и поголемите супермаркети во одделот за здрава храна.

6. Ружина вода


Онаа која јас најчесто ја користам е на марката Casyopea, цената е околу 400 денари и може да ја најдете во продажните места на Tesori di Mare во трговските центри на Ramstor и City Mall.


Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист. Ако нешто сум заборавила да наведам, слободно пишете коментар за она што ве интересира и ќе ви одговорам.

Поздрав
Вики

Comments

  1. Здраво Вики,
    Видов дека во некои креми употребуваш ампули Е витамин. За нив имам читано дека се многу добри во примената на креми за лице и тело. Па ако можеш да пишеш од каде ги набавуваш би било супер. Јас имам барано во неколку аптеки, но таму кај што прашав немаа.

    Поздрав :)

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга, јас ги земав од Зегин. Поздрав.

      Delete

Post a Comment