Домашен намаз од маслинки и портокал


Лично обожавам разни домашни креми или намази, кои понекогаш, да си признаам, ги правам и како last minute кога ќе ми се најават гости. Еден од моите најомилени и многу специфични намази е оној од маслинки со сок од портокал. Верувајте ми, нема нешто поубаво и полесно за подготвување, а може да го користите за многу работи. Вкусот е многу специфичен, оригинален и освежителен. Ајде најнапред да дознаеме како се прави и кои состојки ни се потребни.

- 200 гр. маслинки
- сок од еден портокал
- маслиново масло
- лукче

Доколку бирате маслинки без семка во тој случај ставете ги директно во бледнер, во спротивно (како мене) најнапред извадете ги семките. Може да користите било каква маслинка по ваш вкус, меѓутоа од искуство ви кажувам дека најдобра е солена масна темна маслинка (барем според мој вкус). Во блендерот додадете го сокот од портокалот , малку маслиново масло (онолку колку е потребно да се добие убава смеса) и малку лукче и блендирајте. Јас додавам ептен малку лук едно парченце само за вкус, но доколку сте љубители на вкусот додадете повеќе. Блендирајте неколку минути и потоа пробајте ја смесата и по ваш вкус додадете она што недостига. Јас најчесто додавам уште малку сок од портокал. Ете вашата крема или намаз од маслинки е готов и чека на вас да го употребите како сакате.

Јас би сакала да ви предложам два начина на употреба кои мене лично ми се допаѓаат и тоа: како намаз на брускети (мали препечени лепчиња) или како сос за зачинување на паста.



За првиот начин потребно ви е едно француско лепче кое треба да го ставите во загреана рерна и малку да го потпечете колку да стане крцкаво. Откако ќе го извадите од рерната, земете половина лукче и премачкајте го лепчето и додадете една капка маслиново масло. Нанесете од намазот со маслинки и врз него по желба ставете она што ви се допаѓа (сирење, салама). Јас најмногу го сакам со парче димен лосос. Вака приготвените лепчиња или брускети имаат фантастичен вкус и одлични се како предјадење.

За втората варијанта потребни ви се тестенини (јас користев шпагети), пармезан, малку сецкано лукче, домати (јас користев шери) и неколку листови босилек.


 Додека се варат шпагетите, во еден сад помешајте го насецканото лукче, намазот од маслинки, ренданиот и пармезан.



Потоа додадете ги шпагетите, зачинете со маслиново масло и добро промешајте. Додадете ги шери доматите, уште малку рендан пармезан и неколку листови босилек, и вашето јадење е готово.


Се надевам дека ви се допаднаа овие навистина два лесни и здрави предлози за употреба на намазот од маслинки и дека ќе се обидете да го направите. Верувајте ми толку е едноставно, а премногу вкусно.

Поздрав и до следната статија.
Вики

Comments