Природни и економични начини на вадење на шминка


На повеќе наврати имам споменато дека од огромна важност е кожата на лицето да се оддржува чиста и навлажнета, затоа што тоа ќе се одрази потоа и врз убавината на самата кожа. Затоа секогаш пред легнување обавезно темелно исчистете ја шминката од лицето и очите.

Доколку ви се случи да во последен момент останете без вашиот омилен отстранувач на шминка, или пак сте од оние девојки кои обожаваат природни состојки за отстранување на шминката, тогаш продолжете да читате затоа што оваа статија е токму за вас. Природата ни дала на располагање толку многу убави и хранливи состојки кои слободно може да ги користиме за отстранување на шминката па дури и од најчувствителниот дел на лицето (околу очите). Во продолжение ќе ви ги наведам оние најефикасните, кои ги имам испробано и се навистина многу нежни, а и лесни за подготовка.

1. Масла за отстранување на шминката


Маслата се бр. 1 доколку сакаме нежно и без црвенила да ја отстраниме шминката од лицето и очите. Се што треба да направиме е да ставиме малку масло на едно памукче и со него да ја извадиме шминката. Јас би ви советувала малку да го навлажните памукчето за  да си ја олесните процедурата. Имам пробано и само масло и  малку масло со вода и според мене овој вториов метод е пофункционален, а на тој начин и нема претерано да го трошите маслото, со оглед на тоа што памукчето ќе впие добар дел од производот ако врз него не капнете малку водичка. Најдобро масло (според мене) е кокосовото, меѓутоа слободно може да користите и едно од следниве: маслиново, арганово, оризово, масло од невен и масло од јојоба.

2. Двофазен отстранувач на шминка со камилица


Ова е навистина многу ефикасен а екстремно економичен начин на отстранување на шминката. Се што ви е потребно за да го направите е:

1. 55 мл вода (најдобро деминерализирана);
2. една лажица цветови од камилица или една филтер кесичка;
3. 20 мл. масло (маслиново, кокосово, ориз невен) кое е всушност две супени лажици;
4. 8 мл. рицинусово масло (или две кафени лажички);
5. едно празно шишенце;

Во зовриената вода се додава камилицата и се остава да отстои околу 15 мин. Се прецедува и се остава да се олади. Откако ќе се олади течноста се префрла во шишенцето.
Во една пластична чашка се мешаат маслата и се додаваат во шишенцето. Со оглед на тоа што маслото и водата не се мешаат, сетете се убаво да го протресете шишенцето пред секоја употреба.

Доколку не сакате чај од камилица може да користите зелен чај, ружина вода или пак само дестилирана вода.

3. Двофазен отстранувач на шминка со алое вера гел


Не знам баш дали да го наречам двофазен, ама малку експериментирав и наместо водата ставив алое вера гел во комбинација со маслата. Навистина се воодушевив од резултатот затоа што овој гел додатно ја хидрира и навлажнува кожата и ја смирува онаа чувствителна кожа околу очите. Рецептот е следниов:

1. 55 мл алое вера гел
2. 20 мл. масло (маслиново, кокосово, ориз невен), кое е всушност две супени лажици;
3. 8 мл. рицинусово масло (или две кафени лажички);
4. едно празно шишенце;

Во шишенцето најнапред ставете го алое вера гелот, па потоа додадете ги и маслата. Убаво протресете за да се измешаат состојките. Овој производ одлично ја вади шминката и за разлика од првиот рецепт каде користевме вода, има погуста структура. Секако убаво протресете пред секоја употреба.

Мали совети:

- Без разлика на тоа дали ќе го одберете првиот, вториот или третиот начин на вадење на шминката, од огромна важност е, по отстранувањето на шминката, убаво да ја измиете кожата на лицето за да ги остраните вишокот на масла од лицето и евентуалната нечистотија која се залепила за нив;

- За полесно вадење на шминката од очите, најнапред памукчето допрете го до самото око и оставете неколку секунди додека течноста која ја користите не го навлажни убаво целиот тој дел. Потоа само нежно поминете со памукчето онолку пати колку е потребно да се отстрани шминката без многу триење или притискање врз окото;

- Чистењето на чицето завршете го со убав тоник кој ќе ги отстрани евентуалните остатоци од производот за вадење на шминката:

- Третманот завршете го со нанесување на убава крема според видот на вашата кожа.

Се надевам дека ви се допаднаа овие едноставни, природни и пред се економични начини за отстранување на шминката од лицето и дека ќе се обидете да пробате барем еден од нив. Ќе бидете доста изненадени и воодушевени од ефикасноста и резултатот. Кожата ќе ви остане мека, нежна нахранета и хидрирана.

Поздрав и до скоро читање.
Вики

Comments