Пробав за вас: анти ејџ крема за околу очи и уста Алоедермал


Со козметичката линија Алоедермал за прв пат се запознав во Италија, и ме воодушеви едноставноста на формулите на производите за нега на лицето и телото (барем оние кои јас ги имав пробано). Станува збор за една италијанска марка на природни производи специјално формулирани за многу чувствителна кожа, каде е сведен на минимум ризикот од иритации на кожата. Сите производи од оваа марка подлежат на клинички тестирања од страна на Универзитетот во Павиа (Северна Италија). Мора да напоменам дека линијата не е органска, меѓутоа како што реков формулите на самите производи се природни и прекрасно избалансирани.

Не може ни да замислите колку бев среќна кога истава козметичка линија ја забележав и во Скопје. Не можев да дочекам да ви направам рецензија на повеќе производи кои ги имам веќе користено, меѓутоа еве како за прв производ решив тоа да биде еден од моите најомилени производи Алоедермал, односно кремата за нега на кожата околу очите и усните со анти ејџ ефект.

Како и за секој производ, ајде да започнеме со анализа на состојките во декларацијата, со цел да утврдиме дали и на кој начин делува овој производ. 


Aqua, cetearyl alcohol, caprylic/capric triglyceride, glycerin, prunus amygdalus dulcis oil, cetearyl glucoside, butyrospermum parkii butter, glyceryl caprylate, propagermanium, ubiquinone, sodium hyaluronate, aloe barbadensis extract, brassica campestris (rapeseed) sterols, urea, glucose, sorbitol, sodium glutamate, sodium pca, glycine, lactic acid, hydrolyzed wheat protein, panthenol, tocopheryl acetate, retinyl palmitate, sodium phytate, tocopherol, helianthus annuus seed oil, sodium hydroxide

 Од самата декларација може да забележиме дека формулата е прекрасно урамнотежена и во неа се употребени многу убави состојки кои не само што ја негуваат и хранат нежната кожа околу очите, туку и видно ја измазнуваат кожата во тој предел. 

Во кремов е присутен и коензимот Q10 (не во голема количина), компонента која има огромно анти ејџ влијание и интервенира во процесот на стареење, и во декларацијата ќе го најдете под името ubiquinone. Во комбинација со витаминот А оваа крема е вистински спас за оние кои сакаат на некој начин да ги ублажат брчките околу очите. Гераниумот и хијалуронската киселина во оваа крема, делуваат и против знаците на замор кои доста често знаат да се појават на самата кожа.


Кремата е доста густа како структура што може да се забележи од високото присутсво на хранливи компоненти како cetearyl alcohol кој ќе го најдете на второ место во декларацијата и шеа путерот на седма позиција во декларацијата на состојки. Алое вера гелот ја прави самата крема погодна за оние кои имаат многу чувствителна кожа. Оваа крема е навистина доста богата со антиоксидансни компоненти кои се од огромна корист во анти ејџ терапијата, како и витамински комплекс кој помага во оддржувањето на еластичноста на самата кожа.

Со оглед на тоа што кремава ја имам веќе користено, можам да ја потврдам ефикасноста во израмнувањето на кожата на пределот околу очите и усните. Кожата делува позатегната и многу посвежа (секако потребна е редовна употреба).

Како што веќе напоменав оваа крема е доста богата и густа (што е одлично затоа што пределот околу очите е многу чувствителен и секогаш посув од остатокот на лицето), меѓутоа воопшто не остава бела трага, не ја масти кожата, ведаш се впива и дава чувство на олеснување и хидратација. Доколку имате сува кожа на која и е потребна длабока хидратација, или пак како мене сте вљубени во производи кои се многу хранливи, оваа крема може слободно да ја користите за преку ден затоа што не ја масти кожата. Доколку сте научени да користите лесни флуиди како дневна нега на кожата околу очите, оваа крема ви ја препорачувам како ноќен третман со оглед на тоа што во текот на ноќта кожата активно ги прифаќа сите хранливи состојки, кои имаат поголем ефект. Исто така многу важно да напоменам е фактот што оваа крема е скоро без мирис, што значи дека е погодна и за оние кои не поднесуваат јаки мириси особено на една чувствителна зона како онаа околу очите.

 

Кремата доаѓа во пакување од 30 мл. меѓутоа со оглед на тоа што е доста густа и концентрирана како производ, доволна е сосема мала количина (како зрно леќа) за да ја покриете целата зона околу очите, така да едно вакво пакување ќе ви трае до 4 месеци. Цената на овој производ е 448 денари и истиот може да го најдете во некои аптеки на Зегин и аптеката Ани Фарм во т.ц. Капитол.

Јас навистина топло ви ја препорачувам затоа што кај мене имаше огромен ефект во задржувањето на еластичноста на кожата.

Друга важна работа која ја обожавам кај оваа крема е пакувањето (односно амбалажата), специјално формулирано да го заштити производот од размножување на бактерии во допир со воздухот. Доколку се сеќавате кога говорев за природна и органска козметика ви напоменав дека голем број на фирми обрнуваат големо внимание на амбалажата на сопствените производи како еден од основните начини на оддржување на стабилноста на самиот производ и продолжување на трајноста на истиот. Еве овој производ е пример за тоа. Кремата има пумпица и преку истискување може да ја контролирате количината на овој производ, односно да земете онолку колку е потребно да се нанесе на пределот околу очите и усните. На овој начин се спречува можноста за ненамерно истурање на производот или испумпување на поголема количина од потребната.


Драги мои, се надевам дека и оваа статија ви се допадна и ви беше од корист. Доколку сте во потрага по една убава анти ејџ крема за околу очи и се мислите што да земете, еве ви еден предлог, па вие секако сами одлучете.

До скоро читање.
Вики

Comments

  1. После пола месец барање на кремава во Зегин, конечно ја начекав во нивната аптека во Лептокарија :). Ја користам неколку дена и можам да кажам дека е ОДЛИЧНА! Баш како што е опишана: нежна, без мирис и одлично ја потхранува кожата околу очите. Задоволна сум од квалитетот, а и од цената :), па затоа Вики би те замолила да направиш и некоја рецензија за нивните производи за нега на лице, секако доколку ги имаш користено. Блогот ти е одличен, обично не пишувам коментари, но овде морав :) Поздрав и со нетрпение чекам што ново ќе споделиш со нас!

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга Тања, ти благодарам многу за коментаров. Навистина многу сум среќна што кремава ти е погодена и што си задоволна. Имам во план да ви направам уште рецензии од истава марка, меѓутоа не веднаш. Секако дека ќе напишам нешто и за нивните креми за лице кои се добри. Благодарам уште еднаш за твоето учество и секако секогаш си добредојдена да го оставиш своето мислење и коментар и да си размениме искуства за козметиката. Поздрав до тебе и секое добро.

      Delete

Post a Comment