Направи сам: BB Cream



Здраво на сите,

летно време кога сакаме кожата што повеќе да дише а сепак да има изедначена и убава здрава боја и прекрасен тен што правиме? Одиме во потрага на една прекрасна BB Cream. Оваа крема не претставува пудра и нема покривачка моќ како пудрите, туку за цел има да го изедначи тенот,  да даде убава здрава боја на кожата и секако да не ни ги запуши кутрите пори во лето.

Ех, тука започува и целата потешкотија...во продажба има премногу BB Cream од разни марки и брендови, меѓутоа поголемиот број од нив се полни, ама преполни со силикони. Верувајте ми барав навистина многу и тешко е да се најде една добра природна BB Cream без разни нафтени деривати или силиконски мешавини (во некои ги најдов сите можни силикони, цел микс или коктел како еден да е малку), така да целта на оваа статија е да ви предложам една лесна и многу здрава домашна варијанта која ќе ја направите за помалку од 5 мин. Се што ви треба се три производи (по можност природни или органски инаку џабе ни е се), чисто стерилизирано кутивче и желба за проектите направи сам.

Ако ги изанализираме поголемиот дел од најпознатите BB Cream, (секако ако ги исфрлиме силиконите и останатите штетни состојки), ќе забележиме дека скоро сите BB Cream имаат три основни дела и тоа: хидратација, блага покривност и заштитен фактор. Ете токму овие три состојки ќе ги искористиме за нашата персонализирана BB Cream.

Може да ја направите на два начина (во зависност од тоа кои состојки ги имате на располагање) и тоа:

BB Cream варијанта 1 со минерална пудра во прав


- една кафена лажичка минерална пудра во прав
- една кафена лажичка крема за заштита од сонцето
- 2 до 3 кафени лажички крема за лице (онаа која обично ја користите и која одговара на вашиот тип на кожа).

Во едно чисто кутивче најнапред помешајте ја пудрата со заштитниот фактор, и откако ќе добиете убава изедначена смеса, додадете ја кремата за лице. Количината на кремата зависи од нијансата која сакате да ја добиете (две лажички за потемна или средна нијанса, или три за светла нијанса). убаво измешајте ги сите состојки и ете, вашата BB Cream е готова.


BB Cream варијанта 2 со течна пудра

Доколку немате минерална пудра во прав, сигурно нема да ве терам да одите и да ја купите специјално за овој проект, може да ја искористите и течната пудра која досега сте ја користеле, или пак комбинација од повеќе нијанси ако имате дома.

- една кафена лажичка течна пудра
- една кафена лажичка крема за заштита од сонцето
- 2 до 3 кафени лажички крема за лице (онаа која обично ја користите и која одговара на вашиот тип на кожа).


Процедурата е иста како и за првата варијанта, така да следете ги инструкциите напишани погоре. Кога ќе ја мешате кремата за лице во смесата, ви советувам тоа да го правите постепено малку по малку и да ја проверувате нијансата на вашата кожа, со цел да ја најдете онаа која најмногу одговара на вашиот тен. Запомнете може секогаш да додадете, ама не може да одземете ако сте ставиле повеќе.

Предностите на една ваква домашна BB Cream се многубројни и тоа:

- заштедувате доста пари, затоа што готовите производи знаат да бидат навистина многу скапи:
- правите производ кој сте сигурни дека е природен и без штетни состојки (секако доколку користите убави и природни производи како што ве учев досега :)
- со еден чекор нанесувате три производи за кои би изгубиле повеќе време доколку би ги нанеле посебно:
- сами одлучувате за нијансата која комплетно одговара на вашиот тен, што не е случај кога купувате, со оглед на тоа што голем број на производи немаат тестери, па одите на тепка!

Еве како излезе мојата нијанса:



Навистина прекрасно ја изедначува кожата и што е најважно не ја отежнува. Според мене е идеална за овие жешки денови, а потрошив помалку од 5 мин. од моето време за да ја направам.

Ете драги мои, се надевам дека овој навистина едноставен и лесен рецепт ви се допадна и дека ќе се обидете да го направите. Секако вашиот производ може да го збогатите со малку прајмер или серум, ама јас најискрено ја сакам вака: едноставна, а сепак доста функционална.

Поздрав и до скоро читање
Вики

Comments

Post a Comment