Три интересни рецепти со алое вера гел
За овој прекрасен и навистина волшебен гел веќе говорев нашироко во статијата http://biodevojka.blogspot.com/2015/03/blog-post_28.html, па затоа ви советувам да ја прочитате доколку веќе не сте го сториле тоа. Во денешнава статија сакам да ви предложам три навистина прекрасни рецепти во кои главната ѕвезда е секако неговото височество гелот од алое вера. Овие рецепти се навистина многу лесни за правење, а имаат прекрасен ефект врз кожата или косата. Ајде да започнеме со рецептите.
1. Спреј за коса (за зацврснување и сјај)
Овој спреј е навистина прекрасен за косата, ја зацврснува косата и и дава голем сјај, а за неговата подготовка потребни се само 3 состојки.
- 2 супени лажици алое вера гел;
- 2 супени лажици зелен чај;
- 5 капки етерично масло од лаванда (или друго по ваш избор како лимон, рузмарин, сладок портокал);
Помешајте ги сите состојки во едно чисто спреј шишенце и добро промешајте. Овој спреј користете го после миење, на чиста коса и исушете ја косата како и обично. Ќе се изненадите од вашата коса, од тоа колку ќе свети после овој навистина едноставен спреј, а најдоброто е тоа што по секоја апликација косата ќе ви биде појака. Сетете се убаво да протресете пред секоја употреба. Спрејот чувајте го во фрижидер околу 2 недели.
2. Гел за бричење (за мажи)
Еве конечно еден рецепт и за мажите. Овој гел за бричење, не само што ќе им го олесни бричењето, туку и фантастично ќе ја омекне кожата на лицето. За подготовка на овој препарат потребни ви се:
- 3 супени лажици алое вера гел;
- 1 супена лажица кокосово масло (може и маслиново масло)
Убаво помешајте ги состојките и ставете ги во едно празно шишенце. Користете го овој гел за време на бричењето. Вака подготвениот гел чувајте го во фрижидер до 3 недели.
3. Пилинг за тело од алое вера
Овој пилинг е фантастичен и кожата на телото, ја прави нежна, мека и перфектно мазна. Потребни ви се следниве состојки:
- 4 супени лажици шеќер;
- 2 супени лажици алое вера гел;
- 1 кафена лажица масло по ваш избор (кокосово, бадемово, арган, маслиново);
- 1 супена лажица мед;
- 10 капки етерично масло по ваш избор;
Помешајте ги убаво сите состојки (етеричните масла додадете ги на крај) и доколку смесата ви изгледа претечна додадете уште малку шеќер. Нанесете го пилингот на навлажнета кожа и убаво масирајте со благи кружни движења од глуждовите па нагоре. Ќе бидете воодушевени од крајниот резултат.
Се надевам дека ви се допаднаа овие навистина лесни и едноставни рецепти.
Вики
Comments
Post a Comment