Направи сам: природен анти ејџ гел за околу очи
Нежната кожа на пределот околу очите бара особена нега и грижа, а многу често токму овој дел од лицето го занемаруваме или забораваме.
Кој од нас барем еднаш не се разбудил со подочници или благо подуени капаци, и со цел да ја прикрие оваа непријатна појава бил принуден да нанесува коректори кои само прикриваат а не го решаваат проблемот?
Секако причините за оваа појава може да бидат разни: недоволен или лош сон, хронична несоница, преобилен оброк навечер (а со тоа лошо или недоволно варење на храната), меѓутоа, наместо да ги прекриваме, подобро ќе биде на овој дел од лицето да му посветиме соодветно внимание.
Во продолжение на оваа статија, со вас ќе споделам еден навистина многу едноставен рецепт за гел околу очи кој може да го направите сами дома за помалку од 10 мин. Се што ви е потребно е:
1 супена лажица гел од алое вера
половина кафена лажичка рицинусово масло
половина кафена лажичка масло од арган
Процедурата е едноставна: во едно чисто и празно кутивче или шишенце, ставете го гелот од алое вера и маслото, и добро помешајте.
Ете, вашиот анти ејџ гел е готов за употреба. Ви советувам да го чувате во фрижидер не само поради подобрата трајност, туку и поради лифтинг ефектот врз кожата околу очите.
Пред секоја употреба добро протресете го шишенцето и нанесете го на зоната околу очите наутро и навечер на чиста кожа. Вака подготвениот гел трае најмногу месец дена.
Ајде сега да ви објаснам зошто токму овие состојки.
Гелот од алое вера има големо освежувачко дејство врз кожата и благо затега (има благ лифтинг ефект), ја подобрува еластичноста на кожата и ги намалува малите брчки околу очите. Повеќе за алое вера гелот говорев во статијата: http://biodevojka.blogspot.com/2015/03/blog-post_28.html
Рицинусовото масло одлично ја храни кожата, ја спречува појавата на брчките и видно го подобрува изгледот на самата кожа. Повеќе за ова масло ќе прочитате во статијата: http://biodevojka.blogspot.com/2015/04/blog-post_9.html
Маслото од арган е еликсир за убава кожа. Богат извор е на витамините А, Е и Ф, како и омега 6 и 9 масни киселини. Токму поради овој свој состав маслото од арган е од голема важност за здравиот изглед на кожата: витаминот А е неопходен за убавината на нашата кожа, витаминот Е има антиоксидантно дејство и го забавува процесот на стареење на кожата, додека витаминот Ф е неопходен за задржување на еластичноста на кожата. Повеќе за ова масло говорев во http://biodevojka.blogspot.com/2015/04/olival.html
Се надевам дека и оваа статија ви се допадна и дека ќе се обидете да го направите овој навистина едноставен, а многу функционален гел. Доколку се обидете да го направите оставете коментар за тоа колку сте задоволни и како делува врз вашата кожа.
Голем поздрав и до следната статија.
Вики
Comments
Post a Comment