Направи сам: домашен леден чај (Ice Tea)



Ледениот чај е еден од најомилените напитоци во лето. На пазарот постојат многу видови на ледени чаеви, меѓутоа голем број од нив содржат вештачки бои, засилувачи на вкусови или пак рафинирани шеќери (оние кои не содржат шеќер содржат аспартам што е уште полошо).

Со правењето на овој вид на напиток дома, не само што заштедуваме, туку ние одлучуваме како ќе го засладиме, колку ќе го засладиме и што е најважно од се, вкусот е природен без вештачки ароми и бои, а верувајте ми и подобар од купечките.

Многу е лесно да се направи природен леден чај, ќе потрошите само 10 мин. од вашето време. Во продолжение ќе споделам со вас неколку рецепти на моите најомилени видови на леден чај.

1. Леден чај од лимон

Потребни состојки за овој леден чај се:

- 1 литар вода
- 3 супени лажици кафеав шеќер
- 2 лажици црн чај, или доколку користите филтер кесички тогаш 3
- 1 лимон

Ставете ја водата во едно тенџере, покријте ја со капак и ставете ја на рингла. Кога водата малку ќе почне да врие додајте го шеќерот, повторно и оставете убаво да почне да врие водата. Откако водата убаво ќе почне да врие исклучете ја ринглата, тргнете го тенџерето и ставете го чајот. Оставете го околу 4 мин. и потоа процедете. Откако чајот комплетно ќе се излади, додадете го исцедениот сок од лимон, ставете го во стаклено шише и ставете го во фрижидер околу 2 часа. Потоа може да го конзумирате.


2. Леден чај од праска

Подготовката е иста како оној од лимон, само откако ќе го ставите сокот од лимон, додајте една зрела праска исечена на парчиња и оставете да отстои околу половина час. Потоа извадете ги парчињата од овошје и ставете ја течноста во стаклено шише.

3. Зелен чај со нане


Е, овој чај ми е омилен, одлично ја гаси жедта, а и најискрено обожавам нане во комбинација со зелен чај. Потребни ви се следниве состојки:

- 1 литар вода
- 3 супени лажици кафеав шеќер
- 2 лажици зелен чај (или 3 филтер кесички)
- неколку гранчиња свежо нане

Ставете ја водата во едно тенџере, покријта со капак и ставете ја на рингла. Кога водата малку ќе почне да врие додајте го шеќерот и оставете убаво да почне да врие водата. Откако водата убаво ќе почне да врие исклучете ја ринглата, тргнете го тенџерето и ставете го чајот и нането. Оставете го околу 4 мин. и потоа процедете. Откако чајот комплетно ќе се излади, ставете го во стаклено шише ставете го во фрижидер околу 2 часа. Потоа може слободно да го конзумирате. Количината на нането зависи од вас, може да ставите повеќе доколку сакате поинтензивен вкус или помалку за послаб вкус.

4. Леден чај од ѓумбир


За подготовката на овој чај потребни ви се:

- 1 литар вода
- 5 см. свеж ѓумбир
- 4 лажици зелен чај
- мед
- сок од 1 лимон


Излупете го ѓумбирот, насецкајте го на тенки парченца и ставете го во тенџерето со вода. Откако ќе почне убаво да врие исклучете и додадете го зелениот чај. Оставете го да отстои околу 4 мин. По истекот на времето процедете го чајот, додадете го медот и оставете да се олади. Не го додавајте медот кога чајот е премногу вруќ, затоа што големата топлина уништува дел од хранливите состојки во самиот мед. Откако ќе се олади ставете го во стаклено шише во фрижидер околу 2 часа и вашиот чај е готов за пиење.

5. Леден чај од ананас

Доколку сте љубители на егзотични вкусови, овој чај е идеален за вас. Се што ви треба да го подготвите е:

- 1 литар вода
- 2 лажици црн чај
- 2 чаши свеж сок од ананас (може да користите и веќе готов сок)
- сок од половина лимон
- 1 лимон
- 1 стапче цимет
- 6 каранфилчиња (зачин)

Во едно тенџере ставете ја водата да врие и откако ќе почне да врие исклучете и ставете го чајот. Оставете да отстои околу 3 мин. Во меѓувреме помешајте го сокот од ананас со сокот од половина лимон, циметот, тенките парчиња од целиот лимон и каранфилчето. Варете околу 5 мин. Потоа помешајте ги двете течности, процедете и оставете да се олади. Откако ќе се олади може да го сервирате. Со оглед на тоа што во чајот има сок од ананас според мене нема потреба да се заслади, но доколку сметате дека не е доволно сладок, слободно засладете го по ваш вкус со кафеав шеќер, мед, малтекс, пченкарен сируп или било која друг засладувач по ваш вкус.(за изборот на природни засладувачи прочитајте ја статијата http://biodevojka.blogspot.com/2015/04/blog-post_29.html )

Ова се само неколку предлози на чаеви кои многу се вкусни и освежувачки. Вие секако може да експериментирате со овошјето, со видот на чајот и билките според вашиот сопствен вкус.



Природно подготвениот чај доколку не го испиете цел во еден ден, може да го чувате во фрижидер најмногу 4 дена, во стаклено шише со херметички затворач.

Дали и вам ви се допаѓаат ледените чаеви и кој вид најчесто го конзумирате? Дали сами ги приготвувате или земате веќе готови од продавница?

Вики

Comments