Бај бај целулит...со третманот на La Soy
Пред околу 2 недели напишав една интересна статија во која ви предложив неколку антицелулитни производи кои за мене одлично функционираат (еве ви линк доколку сте пропуштиле да ја прочитате http://biodevojka.blogspot.com/2015/05/blog-post_5.html). На крајот од самата статија реков дека обавезно ќе ги пробам антицелулитниот пилинг и масло на La Soy, со цел да ви дадам што поголем избор за производите кои се природни , а сепак доста функционални.
Затоа еве ме денес по околу две недели употреба, решив да ви ги кажам своите импресии за два многу интересни антицелулитни производи на La Soy и тоа пилингот од кафе и антицелулитното масло за масажа.
1. Пилинг од кафе
Од La Soy имав пробано и други пилинзи, меѓутоа ниеден не ме воодушевил како овој. Верувајте ми овој пилинг е единствен не само по својот состав, туку пред се поради ефектот кој го дава по употребата.
Составот на овој пилинг е: морска сол, шеќер,кафе, бадемово масло, масло од гроздови семки, афион, пченични никулци, цимет, мед, лецитин, вит. Е, етерични масла од цимет, агруми, клека и чемпрес.
Како што може да забележиме од самата декларација, овој пилинг е еден прекрасен спој на баш сите состојки кои помагаат во лечење на целулитот. Секоја од состојките има различно дејство врз кожата и помага при намалување на оваа неестетска појава, но сите заедно, вака прекрасно искомбинирани би рекла дека се бинго.
Комбинацијата од морската сол и шеќерот одлично ја ексфолираат кожата, маслата од бадем и гроздови семки имаат високо хранливо дејство врз кожата, ја негуваат и ја подобруваат нејзината структура. Циметот и кафето ја подобруваат циркулацијата, а со тоа помагаат и при исфрлувањето на вишокот на течности и токсини од телото. Премногу ми се допаѓа изборот на етеричи масла во овој производ кои претставуваат вистинско тајно оружје за лечење на целулитот и го зголемуваат ефектот на целиот производ.
Стуктурата на овој пилинг нормално е гранулеста, а што се однесува до мирисот на самиот пилинг доминира мирисот на кафето. Етеричните масла нежно се чувствуваат во овој производ меѓутоа не се премногу јаки.
Јас лично го нанесував два пати неделно и верувајте ми дава резултати. Се зема мала количина во раката и се нанесува на кожата на бедрата со блага масажа со кружни движења. Потоа тоа место се покрива со една проѕирна кеса (онаа која ја користиме за да ја завиткаме храната кога ја ставаме во фрижидер), и се остава да делува 10 мин. Потоа убаво се одмива со млака вода.
По употребата кожата веднаш ја чувствувате мека и нахранета. Ви велам јас се вљубив во овој пилинг, ми стана омилен од само 4 пати што го нанесов.
Цената на овој пилинг е 400 денари за 200 гр. и може да го најдете во продажните места на La Soy на штандот во Веро/Џамбо и во продавницата позади Соборниот Храм.
2. Антицелулитно масло за масажа
Ова масло за масажа е прекрасен микс од повеќе висококвалитетни масла и етерични масла специјално наменети за оваа проблематика.
Еве го составот на самото масло: бадемово масло, сафлорово масло (наречено и шафранка), витамин Е и етерични масла од клека, чемпрес, лимон и рузмарин.
Досега немав сретнато производ за масажа (барем кај нас во Мк), кој во својот состав го содржи и сафлоровото масло, кое е исклучително во третманите против целулитот со оглед на тоа што содржи голем процент на незаситени масни киселини.
Маслото има многу бледо жолтеникава боја и кожата навистина лесно го впива (не остава масни траги). Мирисот на ова масло не е силен и исчезнува веќе по 15 мин. од апликацијата. Се нанесува на чиста кожа (јас го нанесував секоја вечер во овие две недели) и благо се масира се до неговото впивање. Масажата е навистина од голема важност кога станува збор за еден антицелулитен производ. Не е доволно само да се намачка кремата или маслото, туку треба убаво да се измасира местото со благи кружни движења, почнувајќи од колениците накај бедрата (без големи притисоци). Секако не треба да се очекува чуда од еден производ, како што имам напоменато за видливи резултати, важна е и исхраната и физичката активност.
Според составот на маслата и етеричните масла, можам да ви кажам дека ова масло е одлично и за подобрување на циркулацијата на целите нозе и за затегнување на кожата, особено после напорен ден. Се што треба да направите е да ги измасирате нозете почнувајќи од глуждовите па нагоре. Веднаш ќе почувствувате дека циркулацијата е подобрена, а со тоа и благо олеснување во самите нозе. За подобар ефект по масажата, кренете ги нозете на една перничка додека се одморате на каучот или креветот.
Цената на ова масло е 350 денари за 100 мл. производ и истиот може да го купите во продажните места на La Soy на штандот во Веро/Џамбо и во продавницата позади Соборниот Храм.
La Soy направи едно изненадување за сите читателки на мојот блог кои ќе сакаат да ги пробаат овие два производи и да се уверат во квалитетот и функционалноста на истите. Доколку во наредните две недели од објавата на оваа статија, ги купите двата производи одеднаш, добивате попуст од 20% на целокупната цена.
Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист.
Голем поздрав и до скоро читање.
Вики
Comments
Post a Comment