Ружина вода: еликсир за здравје и убавина


Нашите баби и прабаби немале на располагање препарати за нега на лицето и телото како ние денес, и секако немале производи со напредни формули, а сепак кожата на нивните лица била перфектна, мазна, сјајна и што е најважно чиста. Секако мора да споменам дека и времињата биле други, помалку загаденост, повеќе зеленило, помирен живот и.т.н., меѓутоа најголемата тајна за убавината на нивната кожа била воедно и наједноставна: ружина вода.

Како може една толку навидум обична течност да биде воедно и толку функционална? Ајде заедно да го разгледаме нејзиниот состав, бенефиции и употреба.

Што е всушност ружина вода?

Оваа прекрасна миризлива и многу корисна течност, се добива преку дестилација со пареа на листови од роза. На тој начин ги задржува сите хранливи состојки. Во VIII и IX век, оваа течност претставувала највредниот производ во трговијата помеѓу византиското царство и Кина. Мене мирисoт на роза секогаш ме потсетува на парфемот на баба ми кој беше многу интензивен и се ширеше насекаде низ станот.


Едни од најголемите одгледувачи на рози, а воедно и производители на производи кои го содржат овој мирис, се Бугарија и Авганистан. И токму производот кој ќе ви го претставам денес е ружината вода на бугарската фирма Casyopea.

Веќе подолго време сакав да пишувам на оваа тема и бев во потрага по еден идеален производ чист и органски, и кога конечно го најдов во продажните места на Tesori di Mare (во трговските центри на Ramstor на приземје и City Mall на 1 спрат до Јуск), бев навистина среќна што конечно можам да говорам за овој производ и што е најважно од се, да ви кажам на кои се начини може да го употребувате.


Најнапред да нагласам дека станува збор за органски производ кој е комплетно чист. Со оглед на тоа што веќе кажав како се добива еден ваков производ, ајде да видиме за што се може да го користиме и во какви комбинации.

1. Кожа

Ружината вода е една од најдобрите работи кои може да и ги дадеме на нашата кожа, особено ако имаме проблем со масна кожа и акни. Во досегашните статии не ви ја споменав како лек за оваа проблематика од проста причина што бев во потрага по еден убав производ. Сега кога го најдов, еве на кои се начини може да го користите за поубава и поздрава кожа:

- може да се користи наместо тоник, со оглед на тоа што има големо освежително дејство врз кожата, ја чисти, благо ја затегнува и тонизира. За ефектот да биде уште поголем, чувајте ја ружината вода во фрижидер и по потреба испрскувајте ја на лицето. На овој начин кожата добива додатна свежина. Не ви препорачувам да користите памукче или дискети, затоа што така губите доста од производот. Преку директното испрскување на кожата на лицето, можете да бидете сигурни дека целиот производ ќе заврши токму таму каде треба. Се употребува секогаш на чиста кожа. Идеална е летно време, кога поради високите температури на кожата и е потребна додатна хидратација;

- како средство за отстранување на шминка. Доколку се сќавате, пред околу два месеци, имав објавено еден рецепт за домашен двофазен отстранувач на шминка. Еве ви го оставам линкот доколку сакате да го погледнете
http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/blog-post_14.html Наместо чајот од камилица, може слободно да користите ружина вода. Ефектот врз кожата ќе биде ист, ако не и подобар;


- ружината вода може слободно да ја користите и при подготовката на пилинзи. Еве ви рецепт за еден многу едноставен, а ефикасен пилинг: помешајте иста количина на шеќер, мед и ружина вода (на пример по две лажици од сите три состојки). Нанесете го на чиста кожа со блага масажа и измијте. Оваа смеса ви ја препорачувам како пилинг за тело, а доколку сакате за лице во тој случај заменете го шеќерот со оризово, кокосово или пченкарно брашно, или пак со сода бикарбона;

- како маска за лице: помешајте 2 лажички зелена глина со една лажичка мед и малку ружина вода колку да се направи убава смеса. Вака добиената маска нанесете ја на исчистена кожа и држете ја околу 15 мин. Внимавајте само глината да не ја земате со железна лажица, затоа што реагира во контакт со метал. Користете пластична или дрвена лажица;

- како лек за подочници, намокрете две памукчиња или дискети со ружина вода и држете ги околу 10 мин. на пределот околу очите;

- ружината вода е одличен лек доколку имате воспалена кожа со црвенила или пак против изгореници од сонцето. Се што треба да направите е да ја испрскате кожата на лицето или телото каде имате црвенило или воспаление;

- со редовна употреба на ружината вода, значајно ќе ги намалите флеките на лицето и ќе ја спречите појавата на нови. (секако нема комплетно да исчезнат);


2. Коса

Се верува дека ружината вода го забрзува растот на косата и ја подобрува структурата на косата. Исто така, оние кои страдаат од црвенило или алергии на темето од главата, со редовна употреба на оваа вода, видно ќе ја подобрат состојбата. Го намалува косопадот и ја зацврстува косата. Може да се користи како третман пред шампонирање, или пак да се испрска на косата по шампонирањето. На тој начин косата не само што добива прекрасен сјај, туку и нежен мирис на рози.



3. Здравје

- ружината вода е одлична доколку имате проблеми со главоболка. Се што треба да направите е да намокрите една крпа со ружина вода и да ја држите на челото околу 30 до 45 мин;

- ружината вода е спас за воспалените непца во устата. Намокрете едно памукче или дискета со ружина вода и со него поминете ги непцата, онаму каде се воспалени. Исто така може да се користи како исплакнувач за уста по миењето на забите. Во овој случај, видно го подобрува здивот и здравјето на целата уста;

- доколку додадете малку ружина вода во кадата со вода и легнете во неа 10 мин., ќе се релаксирате, а со тоа и ќе се ослободите од стресот;


Важно:

1. Доколку имате премногу чувствителна кожа, бидете внимателни со употребата на ружината вода. Ви советувам прво да ја пробате на мал дел од кожата за евентуални реакции.

2. Ружината вода и етеричното масло од роза не се едно исто. Водата може да се користи чиста директно врз кожата и косата, додека етеричното масло мора да биде растворено во друго масло како на пример бадемово, јојоба, арган, маслиново итн.


Вики

Comments