Пробав за вас: течен ајлајнер (flashing star) на Аlverde



Откако почнав да рецензирам разни природни и органски производи, добив навистина многу приватни пораки во кои ме прашувавте каква шминка користам, која шминка на пазарот е природна и не содржи нафтени деривати и силикони, а сепак модерна и убава. Во изминатиов период тестирав голем број на производи кои се природни и органски, а сепак трајни, убави и што е најважно сигурни за нашето лице и очи. Едвај чекам да ви ги презентирам сите.

Во денешнава статија се одлучив да ви го презентирам мојот најомилен производ кога станува збор за шминката, односно ајлајнерот. За вас го одбрав ајлајнерот на Аlverde, а во продолжение ќе ви објаснам зошто.


Ајде најнапред да го разгледаме составот на овој производ: 

Aqua, CI 77499, Sucrose*, Alcohol*, Mica, Glycerin, Calcium Aluminium Borosilicate, CI 77891, Simmondsia Chinensis (Seed Oil)*, Glycine Soja (Oil)*, Aloe Barbadensis (Leaf Extract), Prunus Amygdalus Dulcis (Seed Extract)*, Dehydroxanthan Gum, Silica, Tocopherol, Helianthus Annuus (Seed Oil), Ascorbyl Palmitate, Parfum**, Limonene**, Linalool**, Citral**, Citronellol**, Geraniol**. 

* ingredients from certified organic agriculture 
**natural essential oils 

Од самиот состав може да забележиме дека овој производ не содржи силикони ниту нафтени деривати кои доста често се наоѓаат во декоративната козметика (јупиииииии), туку во својот состав вклучува прекрасни масла како јојоба, сончогледово масло, потоа екстракти од алое вера и семка на сладок бадем, витамин Е и глицерин, а секаде каде што ќе видите една ѕвездичка, станува збор за состојка од органско потекло.  



Од оваа марка имаше вкупно три ајлајнери (или барем толку имаше кога бев јас во ДМ маркет), од кои два беа течни, а третиот беше гел ајлајнер. Лично го одбрав овој flashing star, затоа што многу нежно светка кога ќе се нанесе на очите. Ќе ги пробам и другите два со цел да ви направам споредба помеѓу трајноста, бојата и јачината. Според мене оној во гел беше најцрн, односно имаше најинтензивна црна боја, меѓутоа и овој е доволно црн со нежни светки.

Внатрешноста на ајлајнерот е следнава


Има тенка и мала четкичка која е навистина многу практична и прецизна, и без разлика на тоа што секојдневно го нанесувам четкичката воопшто не го промени составот, ниту пак почна да губи влакна или да се расчупкува, туку остана мазна како првиот ден кога го отворив овој ајлајнер. Овозможува исцртување дури и на тенка линија (иако јас сакам подебела линија за подраматичен изглед). Она што ми се допаѓа кај овој производ е што има убав нежен мирис и многу лесно се нанесува. Со оглед на тоа што постојано го користам и можеби веќе сум навикната веднаш и многу лесно да го нанесам на очите, ја прашав сестра ми (која исто така го користи) дали има проблем при нанесувањето, и таа ми потврди дека лесно се нанесува.


Друга работа која сакам да ја напоменам, и според мене е многу важна, е фактот што овој ајлајнер е навистина многу траен. Верувајте ми, имам пробано навистина многу органски ајлајнери додека живеев во Рим, и тоа од најразлични марки, меѓутоа ретко кој имал ваква трајност како овој на Аlverde. Фасцинирана сум. Воопшто не се размачкува или брише на краевите од окото. Со цел да ви докажам дека навистина трае направив слики на истата шминка наутро во 10 часот и навечер во 21:30 мин. после цел ден поминат надвор со истата шминка. Верувајте ми кога се вратив дома, воопшто не ја поправив или допрев шминката, се сликав онака како што се вратив без никаква корекција.

Еве го ајлајнерот кога го нанесов наутро во 10 часот




и еве го истиот мејкап навечер во 21:30



Ова го направив со цел да им докажам на девојките кои понекогаш мислат дека само традиционалната козметика е трајна, дека не е баш секогаш така. Еве станува збор за природен производ кој навистина долго трае. Верувајте ми воопшто не користам никаков фиксатор за шминка, ниту пак некоја специјална подлога (а да си бидам најискрена не се разбирам многу во тие работи). Ако ми верувате сенката која ја имам ја нанесов со прсти (во принцип сенката ја нанесувам со прстите затоа што така ми е најзгодно и најлесно), а ја користев палетата на Аlverde бр. 46



Мојата оцена за овој производ е чиста 10-ка, и топло ви препорачувам да го пробате.

Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист при изборот на вистинската декоративна козметика и дека ќе се одлучите да и дадете шанса на природната козметика наспроти традиционалната. Како што веќе напоменав наскоро ќе ги пробам и останатите два ајлајнери и ќе направам споредба помеѓу сите три со цел да ви олеснам при изборот и ефектот кој сакате да го постигнете со шминката.

Голем поздрав и до скоро читање.

Вики




Comments