Совршен педикир во 3 чекори


Колку е прекрасно кога конечно ќе се ослободиме од затворените чевли и чизми и на нозете ќе ги нанесеме омилените сандали. Не само што ние се чувствуваме прекрасно туку и самите нозе имаат конечно можност да дишат. За убав изглед на нозете во сандали, од огромна важност е убавата и негувана кожа на стапалата, особено на петиците. Во продолжение на оваа статија, со вас ќе споделам 3 производи кои навистина ми се допаднаа, затоа што се доста практични, функционални и природни. Станува збор за купката, сапунот и балзамот за стапала од La Soy.


Ги забележав овие производи во продавницата на La Soy и решив да ги пробам со цел да им олеснам на девојките кои немаат време, или пак не се љубители на проектите направи сам, а сепак сакаат убави и негувани стапала со природни производи. Овие три производи се навистина многу едноставни за користење, убаво мирисаат, а во продолжение ќе ви кажам нешто за секој од нив посебно и за начинот на употреба.


1. Купка за нозе

Содржи сода бикарбона и бадемово масло за чистење и омекнување на кожата, магнезиум сулфат за опуштање и ублажување на нозете, витамин Е како природен анти-оксиданс, лимонска киселина и природни етерични масла. Има навистина освежувачки мирис, нешто помеѓу нане и чајно дрво. Структурата на оваа купка е во прав и доволна е една супена лажица во леген со топла вода.
 

Се оставаат нозете потопени околу 10 до 15 минути и потоа се преминува на следниот чекор. Количината на ќесичката е доволна за 3 до 4 нанесувања. Верувајте ми дека после оваа купка навистина ќе видите и почувствувате огромна разлика.



2. Сапун за петици

Обично како втор чекор кога станува збор за педикирот е отстранување на грубата кожа на петиците, и најчесто тоа се прави со пилинг и со турпија. Јас секогаш го модифицирам овој чекор, односно го избегнувам отстранувањето на кожата со турпија, затоа што имам лошо искуство со турпиите. Кај мене за чудо се појавува контра ефект. Секогаш кога сум користела турпија, наместо да ја остранам кожата таа некако се повеќе се зголемуваше и сфатив дека колку повеќе инсистирам и отстранувам, толку повеќе имам работа, односно се појавува нова кожа за вадење и се вртев во круг. Она што можам да ви го дадам како совет, од моето лично искуство, е дека кога станува збор за негата на петиците најважно нешто за спречување на појавата на грубата кожа на петиците е редовното хранење на кожата со богата масна крема. Верувајте ми само тоа е спас. Затоа и како втор чекор ќе ви го предложам сапунот за стапала кој воедно ги мие стапалата и на некој начин прави благ пилинг на кожата на стапалата.


Овој сапун во својот состав содржи: сапунифицирани масла (кокосово, палмино и маслиново масло), семе од афион, морска сол, етерични масла од еукалиптус, рузмарин, бор, чајно дрво, каранфилче и ѓумбир. Има навистина прекрасен мирис и прави нежна ексфолиација на кожата од стапалата. Етеричните масла од еукалиптус, чајно дрво и ѓумбир имаат антисептички ефект и ја забрзуваат циркулацијата, а зрнцата од афион и морска сол се одлични за одстранувањето на грубиот слој од кожата.


Се нанесува после купката. Јас најискрено најнапред ја поминав кожата на стапалата со долниот дел од сапунот, а потоа направив благ пилинг со горниот дела каде се зрнцата од афион и морска сол. Потоа стапалата убаво ги исплакнав со млака вода.



3. Балзам за петици



Како завршен чекор на овој мини третман секако е балзамот за петици, кој има за задача да ја нахрани кожата и да ја оддржи влажноста во самата кожа.

Структурата на овој балзам е навистина доста густа, меѓутоа многу мека и во допир со кожата (под дејство на топлината на нашата кожа) се топи. На изглед е многу масен, меѓутоа кожата одлично го впива и не остава масни траги. Во својот сосатв содржи пчелин восок, кокосово масло, шеа путер, масло од гроздови семки, маслиново масло, глицерин, витамин Е и етерични масла од лаванда и благ портокал. Според составот, а и како ефект од употребата, можам да ви кажам дека одлично ги омекнува и најсувите и најтврди делови од стапалата, и ја подобрува еластичноста на кожата. Како што веќе ви напоменав од огромна важност е редовно хранење на кожата на стапалата, доколку сакаме да ја здржиме еластичноста на самата кожа и да го подобриме нејзиниот квалитет, така да ви препорачувам да го нанесете овој балзам на чисти стапала секоја вечер (навечер кожата најдобро ги впива и искористува хранливите состојки), и одозгора ставете чорапчиња кои ќе помогнат во задржувањето на топлината и производот во самата кожа.



Како комплетен третман ви препорачувам да го правите еднаш неделно, а балзамот да го нанесувате секојдневно.

Дали и вие имате навика да си правите сами педикир во домашни услови? Како најчесто ја негувате кожата на вашите стапала?

Поздрав и до скоро читање.

Вики

Comments