Коприва за погуста и поздрава коса
Позната како тревка која предизвикува непријатно пецкање на кожата доколку ја допреме, копривата е всушност едно многу корисно растение, кое има огромна примена во медицината и козметиката. Бенефициите на ова растение се толку многубројни што би можела да напишам цел реферат, меѓутоа денес ќе се задржиме на корисното дејство врз косата: ќе ви објаснам зошто е толку корисна, како може да ја искористите во рецептите за поздрава и погуста коса, и секако на крај ќе ви предложам и еден навистина лесен и вкусен рецепт, со оглед на тоа што убавината пред се доаѓа од внатре.
Копривата е богата со хранливи состојки како: витамините А, Ц и К, минерални соли, калциум, силициум, магнезиум, фосфор, хлорофил, танин и хистамин. Токму хистаминот го предизвикува пецкањето на кожата доколку ја допреме. Нанесена на темето од косата, ја подобрува циркулацијата на крвта во тој дел и секако придонесува за подобар раст на косата. Многу важна работа која мора да ја напоменам е дека, на копривата не треба да се гледа како волшебно растение кое ќе ги излечи сите проблеми со косопадот, особено ако станува збор за генетика или хормонален дисбаланс. Во нормални услови, при промена на годишните времиња или во услови на стрес, каде се забележува поголемо опаѓање на косата од нормалното, копривата може да биде од голема помош.
Јас најискрено ја користев еден период како исплакнувач на косата и како третман за масажа на темето, и навистина покажа резултати особено во зцврснување на косата. Меѓутоа кај мене лично се појави еден друг проблем, односно со редовна употреба (особено кога ја исплакнував косата со чај од коприва) косата почна да ми се затемнува. Ова е важна информација, особено за природните русокоси или пак девојките со светло костенлива коса. Имајте предвид дека со редовна употреба, копривата за нијанса ќе ви ја затемни косата. Кај темнокосите девојки го нема овој проблем, напротив, копривата ќе ви даде прекрасен сјај на косата, освен тоа што и ќе ја зацврсне.
Еве на кои се начини може да ја употребите како третман за зацврснување на косата.
1. Исплакнувач за зајакнување на косата од коприва и јаболков оцет
Овој исплакнувач е многу ефикасен и со редовна употреба дава навистина добри резултати.
Се што ви е потребно да го направите е:
- една шака листови коприва
- 2 шољи вода
- две супени лажици јаболков оцет
Ставете ја водата на рингла и откако ќе почне да врие тргнете ја од огинот, додадете ја копривата и оставете да одстоти најмалку 20 мин. (јас ја оставав половина час до 40 мин.). Потоа прецедете ја течноста, додадете го оцетот и со оваа смеса исплакнете ја косата по шампонирањето како последно исплакнување.
Совет плус: јас лично откако ќе ја процедев копривата не ја фрлав туку, по шампонирањето, најнапред го масирав темето на главата со сварените листови од коприва (правев блага масажа со кружни движења), а потоа ја плакнев косата со течноста. Исто така во течноста може да додадете 6 капки етерично масло на пример од рузмарин или лаванда.
2. Исплакнувач за зајакнување на косата од коприва, рузмарин и камилица
Овој рецепт според дејството врз косата е сличен на првиот само што како состојка се додаваат рузмаринот и камилицата. Еве што се ви е потребно за да го подготвите овој исплакнувач:
- 500 мл вода
- 100 гр коприва
- 2 гранчиња рузмарин
- една шака цветови од камилица
Ставете ја водата во тенџере, и овојпат во ладната вода ставете ги сите состојки и ставете го тенџерето на рингла. Откако ќе почне да врие водата, намалете ја јачината на ринглата и оставете да се вари околу 30 мин. Прецедете ја течноста, оставете да се олади и со неа исплакнете ја косата по шампонирањето.
Како што веќе напоменав на почетокот од статијата, со вас ќе споделам еден навистина вкусен рецепт за рижото со коприва (ориз со коприва), кој е многу хранлив, а воедно и вкусен.
Во едно тенџере или тава исецкајте малку кромид и пропржете го кратко заедно со оризот за да пушти убав мирис. Потоа варете го оризот додавајки малку по малку вода. Јас лично правам еден вид на супа каде мешам литар вода со една до две лажици природна вегета (еве ви линк доколку сакате да дознаете како ја подготвувам вегетата http://biodevojka.blogspot.com/2015/03/blog-post_9.html) и малку по малку го додавам во оризот (колку да биде покриен), за постојано да има вода додека се вари. Само да напоменам дека јас обожавам интегрален ориз и тој го користам секогаш кога готвам. Додека оризот се вари, измијте ја убаво копривата (ставете ракавици за една употреба за да не ве испецка копривата).
Додадете малку маслиново масло и пропржете ја копривата само неколку минути додека да омекне. Не мора да додавате вода, затоа што самата коприва ќе пушти вода. Откако ќе омекне, ставете ја копривата во блендер и убаво испасирајте.
При крајот на варењето на оризот, додадете ја смесата од коприва и упте малку вода (доколку е потребно) и варете уште 10 мин. Резултатот е едно многу вкусно и здраво јадење кое не пецка (ахахаха), затоа што копривата откако ќе се преработи термички го губи својството на пецкање.
На готовото јадење може да му додадете по желба малку куркума, или гомасио (сусам со сол), или пак да го украсите по ваша желба. Еве го крајниот резултат.
Како и секогаш голема благодарност за вниманието и до следната статија.
Вики
Comments
Post a Comment