Направи сам: домашно млеко од бадеми


Млекото од бадеми е едно од највкусните растителни млека, а воедно и најхранливо. На пазарот постојат и готови производи, меѓутоа нивната цена е доста висока, односно за литар млеко цената се движи од 300 до 370 денари. Ова млеко може многу лесно да се направи и во домашни услови и постојат повеќе рецепти за неговото приготвување. Во продолжение на овој текст со вас ќе го споделам мојот рецепт кој е малку поразличен.

Ајде најнапред да видиме кои состојки ни се потребни за подготовката на ова млеко:

- 100 гр. непечени бадеми со лушпа

- 25 гр. шеќер (јас користам кафеав) или една полна лажица мед (а може и некој друг засладувач по ваш избор, погледнете ја статијата http://biodevojka.blogspot.com/2015/04/blog-post_29.html). Мене ми се доволни 25 грама, меѓутоа доколку сакате да биде послатко, во тој случај додадете 35 грама шеќер. се зависи од вашиот вкус.

- 1 литар вода


Како што веќе напоменав, постојат повеќе рецепти за подготовката на ова млеко и повеќето од нив предвидуваат да се користат излупени бадеми или пак доколку користиме бадеми со лушпа да се остават во вода преку ноќ, наутро да им се извади кожата и малку да се запечат.

Со оглед на тоа што лушпата е навистина многу богата со витамини и минерали, според мене жалосно е да се отстранува, а задржувајќи ја истата нема потреба бадемот да се потпекува. така да подготовката е многу поедноставна и побрза, а квалитетот на млекото е ист.

Во еден блендер ставете ги бадемите, шеќерот и дел од водата само колку да ги покриете бадемите и блендирајте.


Добиената смеса префрлете ја во еден подлабок широк сад врз кој имате ставено прво цедилка (онаа за макарони,) а над неа една чиста памучна крпа. Многу е важно крпата да не мириса на детергент за перење на алишта затоа што тој мирис ќе се префрли и врз млекото. Затоа ви советувам ден претходно крпата да ја извриете во вода со сода бикарбона, а потоа како второ вриење само во вода (без сода). На тој начин ќе ги отстраните евентуалните траги и мирис на било каков детергент. Оставете ја крпата да се исуши и утредента може да ја користите за рецептов.


Во садот префрлете ја добиената блендирана смеса, а остатокот од водата ставете го во блендерот за да ги растворите остатоците од смесата (да ја извлечете цела смеса, затоа што малку ќе остане во садот каде што сте блендирале) и додајте ја во садот со смесата.



Течноста полека ќе почне да се цеди во садот (и тоа е вашето млеко), а одозгора во крпата ќе ви останат само иситнетите парченца од бадеми.


Помогнете си рачно да ја исцедите целата течност од бадемите притискајќи ја крпата (цедејќи ја), се додека целата течност, односно млеко не заврши во садот.


Откако ќе завршите со цедењето, ќе добиете сад полн со млеко, а во крпата ќе останат иситнетите бадеми.


Никако не ги фрлајте овие бадеми затоа што може да ги искористите на повеќе начини во кујната и тоа: може да ги додадете при подготовката на вашите омилени колачи или торти, може да направите бисквити во кои ќе ги додадете овие трошки, или пак едноставно помешајте ги во малку јогурт или кисело млеко (може да биде и овошно) и ќе добиете прекрасен здрав оброк  кој може да го конзумирате за доручек или како ужина.
Јас најискрено ги употребив во доручекот помешани со мелена гранола, а во млекото од бадем додадов две лажички прав од јачмен, кој го пијам како замена за кафе (со оглед на тоа што воопшто не конзумирам кафе).


Млекото од бадеми чувајте го во фрижидер најмногу 4 дена. Со овие дози добивате околу 900 мл. млеко (нешто помалку од литар), а ќе потрошите околу 90 денари.
Енед трик кој сакам да го споделам со сите вас е следниов: доколку сте љубител на кафе со млеко, вака добиеното млеко ставете го во калап за лед и замзнете го. Секогаш кога ќе посакате да се напиете вкусно кафе со млеко од бадеми, доволно е да додадете една коцка од млекото во вашето кафе и да уживате во прекрасниот напиток.

Се надевам дека оваа статија ви се допадна, и како и секогаш ви благодарам за вниманието и ве поздравувам до следната статија.

Вики

Едит: пред употреба секогаш добро протресете го млекото, затоа што водата и мастите се двојат.


Comments

  1. Благодарам драга Анџи, голем бакнеж и пријатна вечер.

    ReplyDelete

Post a Comment