Предлог за антицелулитен третман
Во статијата http://biodevojka.blogspot.com/2015/04/blog-post_26.html говорев за сите начини на прочистување на нашиот организам од внатре преку течности, храна и физичка активност. Во оваа статија сакам со вас да споделам неколку производи кои ги имам пробано и навистина функционираат. Со оглед на тоа што се ближи летото, мислам дека ќе ви биде од корист да ви предложам два препарати (пилинг и масло за масажа) од кои сум навистина многу задоволна и гледам резултати.
Антицелулитен пилинг
Пилингот е важен дел од негата на кожата, со оглед на тоа што ги отстранува мртвите клетки од телото и ја подготвува кожата за третманот со масло или крема која потоа сакаме да ја нанесеме. Постојат голем број на антицелулитни пилинзи, но денес ќе ви го претставам пилингот на Ulola.
Имаше голем избор на пилинзи од оваа марка, меѓутоа јас се одлучив да го испробам оној со етерично масло од портокал и лимон. Составот на пилингот е: морска сол. сончогледово масло, масло од семки од кајсија, етерично масло од сладок портокал и етерично масло од лимон.
Како што може да забележите, станува збор за природен производ (мора да напоменам дека не е органски) кој е на база на морска сол, масла и етерични масла. Навистина ми се допаѓа изборот на маслата, особено она од семки од кајсија, кое навистина многу ја омекнува кожата, а мирисот на самиот пилинг е прекрасен, цитрусен и многу освежувачки.
Пилингот доаѓа во стаклена тегличка и има доста интересна амбалажа. Структурата на овој пилинг е многу густа и пилингот може на прв поглед, односно допир, да ви изгледа многу сув. Меѓутоа тајната е да го нанесете на навлажнета кожа, и тој при самиот допир со водата омекнува и многу лесно се нанесува. Се масира нежно и се измива со вода. После овој пилинг кожата останува навистина мека, мазна и прекрасно мириса.
Сакам да напоменам дека производот е исклучително од растително потекло, така да може да го користат и вегани, и што е најважно, не е тестиран на животни.
Може да го најдете во продажните места на Tesori di Mare во тц. на Ramstor и City Mall.
Антицелулитно масло за масажа
Мое омилено антицелулитно масло е она на Alverde, ова е веќе трето шишенце кое го користам. Составот на маслото е:
Glycine Soja Oil*, Limonene**, Rosmarinus Officinalis Leaf Oil*, Citrus Limon Peel Oil*, Juniperus Communis Fruit Oil, Cupressus Sempervirens Oil, Simmondsia Chinensis Seed Oil*, Citrus Aurantifolia Oil, Prunus Amygdalus Dulcis Oil*, Prunus Persica Kernel Oil, Prunus Armeniaca Kernel Oil*, Alcohol*, Tocopherol, Ascorbyl Palmitate, Helianthus Annuus Seed Oil, Parfum**, Linalool**, Citral**, Citronellol**, Geraniol**, Farnesol**
* ingredients from certified organic agriculture
** from natural essential oils
Маслото има светло жолтеникава боја и амбалажата во која доаѓа е една од моите најомилени, односно со пумпица, која овозможува лесно дозирање на производот и оневозможува да истиот по грешка истече или се истури.
Ова масло има многу нтензивен мирис (благодарение на етеричните масла во него) и кога го нанесувам целата соба потоа мириса на цитрон, лимон и рузмарин. Ова ви го кажувам во случај да ви сметаат тешки мириси. Јас најискрено го обожавам ова масло и воопшто не ми смета јакиот мирис. Изборот на етерични масла е фантастичен и благодарение на одличната комбинација, по употребата на ова масло кожата е мека и видно се подобрува еластичноста и циркулацијата на самата кожа.
Како што веќе ви кажав ова е трето шишенце кое го купив, и во последниве 5 месеци редовно го нанесував скоро секоја вечер по туширање. Верувајте ми резултатите се видливи веќе по првиот месец (секако доколку сте упорни и редовни). Кожата е многу помазна и структурата на самата кожа ми е многу поизедначена. Секако голема заслуга имаат и исхраната и физичката активност (не може да се надеваме дека препаратите сами по себе може да прават чуда), меѓутоа навистина ова масло е многу функционално.
Се нанесува на чиста и малку навлажнета кожа со убава масажа (масажата е навистина важна) се додека кожата не го впие самото масло. Ви препорачувам да го нанесете на благо навлажнета кожа затоа што на тој начин кожата многу побрзо и подобро го впива самото масло и не остануваат масни траги.
Сакам да напоменам дека овој производ е органски, комплетно од растително потекло, идеален за вегани и не е тетсиран на животни.
Маслото може да го најдете во продажните места на ДМ Маркет.
Со цел да ви понудам што повеќе избор кога станува збор за антицелултините производи, решив да ги пробам и антицелулитниот пилинг и масло на La Soy. Дајте ми две недели и ќе ви напишам детална рецензија како сум задоволна и каков ефект имаат.
Голем поздрав до сите мои читатели и до следната статија.
Вики
Comments
Post a Comment