Природно осветлување на косата


На барање на неколку верни читателки, еве една статија за сите природни состојки кои може да помогнат при осветлување на косата. Најнапред едно важно појаснување, станува збор за осветлување на коса најмногу до две нијанси од природната, значи ако сте темни по природа и сакате да станете платинасто блонд, тоа нешто не е возможно со природните состојки. За жал само хемијата може да направи една таква драстична разлика во бојата. Меѓутоа доколку сакате да ја осветлите косата до две нијанси од природната боја, во тој случај се што ви треба е некоја од состојките за кои ќе говорам и многу трпение.

Состојки кои помагаат при осветлување на косата се:

1. Камилица

Оваа билка дава прекрасен сјај доколку имаме природно руса коса и може да се користи на два начини: како чај за исплакнување на косата по шампонирањето и како маска за коса со ленено семе.

2. Мед



Освен што ја негува косата, во комбинација со други состојки дава убав сјај на русата коса.

3. Шеа путер



Овој путер е еден од природните осветлувачи на веќе природно руса коса. И дава убав сјај, одлично ја негува косата и ја прави исклучително мека.

4. Масло од пшенични никулци

И ова масло е одлично за нега на природно русата коса и во комбинација со други состојки доста ја осветлува косата.

5. Цимет

Во комбинација со други состојки одлично ја осветлува косата и дава жолтеникав сјај.

6. Ѓумбир



Овој зачин во комбинација со други состојки одлично ја осветлува косата и за разлика од циметот, дава прекрасни ладни тонови на косата.

Корисни комбинации на горенаведените состојки

1. Камилица и ленено семе

Овој гел не само што ќе и даде прекрасен сјај туку и видно ќе го подобри влакното на косата. За неговата подготовка веќе говорев во статијата http://biodevojka.blogspot.com/2015/03/blog-post_23.html).

2. Камилица и мед 

Направете јак чај од камилица и додадете мед. Оваа смеса нанесете ја на косата, држете најмалку саат време и измијте со благ шампон.

3. Неутрална к'на со чај од камилица

Пимешајте ја к'ната со чај од камилица и нанесете ја на чиста коса. Оставете најмалку саат време и измијте ја косата со благ шампон. К'ната е одлична за девојките кои имаат масна коса.

4. Камилица со шеа путер

Помешајте малку чај од камилица со малку шеа путер (во зависност од должината на косата) и оставете да делува најмалку саат време. Потоа измијте ја косата со благ шампон.

5. Масло од пшенични никулци, мед и камилица

Помешајте малку чај од камилица со една лажица масло и една лажица мед и нанесете го на косата околу саат време (а може и повеќе).



Како што веќе напоменав, со сите вас сакам да споделам еден многу корисен рецепт кој за мене лично функционираше. Овој рецепт ќе ја осветли нежно вашата коса (значи не очекувајте драстична промена) и тоа за две нијанси посветла од вашата природна. Најдобро функционира кај оние кои имаат природно руса коса, или светло кафена коса. Тие со потемна коса може да пробаат, ама треба да бидат упорни (минимум 8 апликации). Еве го рецептот:

6 супени лажици дестилирана вода
1 супена лажица мед
половина супена лажица маслиново масло
1 мала лажичка цимет или ѓумбир (а може и комбинација пола пола)

Состојките се мешаат и се оставаат во еден сад (со херметички затворач) да отстојат саат време. Потоа смесата се нанесува на целата коса и се остава да делува најмалку саат време (најмногу колку можете. Јас издржав до 4 саати ). Ставете си некој пешкир околу вратот а косата прво покријте ја со кеса и врз неа ставете пешкир. Нема потреба да се загрева со фен.

Зошто функционира овој рецепт?

Медот во комбинација со дестилираната вода испушта хидроген пероксид во минимална количина односно 2 до 3 %. Оваа количина е доволна за постепено да ја осветли косата без да ја оштети, напротив медот и маслиновото масло само може да ја нахранат косата. Што се однесува до изборот на зачините, морам да ве предупредам дека доколку имате чувствителна кожа на главата подобро е да користите само ѓумбир, затоа што циметот може да ви предизвика реакција или вцрвенување на темето (со оглед на тоа што ја подобрува циркулацијата). Јас лично имам пробано и со двата зачина посебно, а и мешавина, ама кај мене за среќа нема реакција. Меѓутоа ферски е да ги предупредам сите читателки за да нема несакани последици.

Друга важна работа е што резултатите нема да дојдат преку ноќ, па затоа соберете го сето трпение на овој свет. Колку ви е посветла косата толку резултатите ќе бидат видливи по само 2/3 апликации. Јас имам природно светло костенлива коса и првите резултати ги видов дури по 5 апликации, затоа бидете навистина трпеливи и не се откажувајте.


Помеѓу природните осветлувачи е и лимонот, ама најискрено не го споменав затоа што ја суши косата, а мојата цел е да ви понудам нешто што ќе функционира без да ви ја исуши косата. Џабе е посветлена коса, ако истата е сува и без сјај. Исто така и пивото е доста корисно, ама за жал и тоа ја суши косата поради алкохолот. Во Италија користев еден вид на пиво во кое немаше воопшто алкохол (го немам забележано во Скопје, доколку некој го видел или знае каде се продава нека остави коментар) и беше фантастично за косата затоа што даваше прекрасен сјај. Го користев во комбинација со жолчка од јајце и масло од пшенични никулци.

Една од следните статии ќе ја посветам на темнокосите и црвенокосите девојки. Ќе говорам за сите природни состојки со кои може да се затемни косата и да и се даде црвенкаст сјај.

Сега за сега, ви испраќам голем поздрав и како и секогаш премногу ви се заблагодарувам за вниманието.

Доколку сте пробале некој природен начин за осветлување или знаете некоја друга состојка која ја немам споменато, слободно оставете коментар под самиот текст.

До следната статија

Вики

Comments

  1. лимон да се исцеди и да се нанесе на косата ,после само неколку часа поминати на сонце косата ке иде за 2 -3 нијанси посветла

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво да точно и лимонот доста осветлува, само како што кажав јас не го користам затоа што доста ја суши косата. Ти благодарам за учеството. Поздрав.

      Delete
  2. navistina si glupava , pa i komentarite brises , samo kopisas od net sto ke najdes i pisuvas bezvrska

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво, мислам дека нема потреба да се навредуваме, како што гледаш блогов е отворен за сите (инаку немаше воопшто да имаш пристап како анонимус) и секој може да коментира. Во живот не сум избришала ниеден коментар и немам намера. Секако дека не мора да им се допаѓам на сите тоа не е спорно, само доколку на некого не му се допаѓа тоа што го пишувам секако не мора воопшто да ме следи и да коментира. Поздрав и до тебе.

      Delete
  3. Sakam da ve pozdravam i da ve ohrabram za ponatamoshna vakva rabota. Mnogu od vashite statii mi se dopadnale i sum gi primenila vo sekojdnevieto. Od golema pomosh e koga nekoj na gotovo ti servira informacii koi te interesiraat, taka da ti blagodaram, shto negubam vreme na net za surfanje i baranje soveti za prirodna nega. Ve ohrabruvam da prodolzite so vashata rabota, veruvajte ne ima i onakvi na koi ste im osvezuvanje, na koi im godi vashata kultura i rabota. Golem pozdrav

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво, многу ти благодарам на убавите зборови. Секојдневно примам пораки и маилови каде се повеќе и повеќе читатели го кажуваат истово што и ти и навистина тоа многу ми значи. Секако дека ќе продолжам и понатаму со совети и интересни статии, ова го работам со голема љубов и навистина сум среќна што имам можност да правам нешто што сакам. Уште денаш голема благодарност и секое добро.

      Delete

Post a Comment