4 едноставни рецепти за убавина со камилица



Камилицата е една од најупотребуваните и најпознатите билки со оглед на тоа што сите ние често ја употребуваме како чај за смирување на стомакот и навечер за полесен сон.
Во денешнава статија би сакала да говорам за камилицата како состојка во третманите за убавина и да ви предложам неколку навистина лесни, а сепак многу корисни рецепти за убавина на кожата и косата. 

1. Тоник за лице од камилица

Овој тоник за лице е идеален за многу осетлива кожа, која е подложна на чести иритации и црвенила. Се подготвува навистина многу лесно и потребно е:

- 150 мл вода (најдобро деминерализирана)

- 2 супени лажици суви цветови од камилица или 2 филтер кесички

- етерично масло од лаванда

Ставете ја водата во едно мало тенџерче и кога ќе почне да врие додадете ги двете лажици камилица, оставете да врие 1 мин. и потоа тргнете го тенџерчето од ринглата. Покријте го тенџерчето и оставете ја камилицата внатре се додека не се излади. Процедете го чајот од камилица (убаво истискајте ги цветовите за да ја извлечете целата течност од нив), префрлете го во едно чисто шишенце  и додадете две капки етерично масло од лаванда. Вака добиениот тоник трае една недела во фрижидер.

Се нанесува наутро и навечер на претходно чиста кожа со памукче (или пак доколку го ставите во спреј шишенце може и директно да го испрскате врз кожата).

Овој тоник одлично ја смирува кожата, ја негува чувствителната кожа и ја намалува појавата на црвенила.

2. Двофазен отстранувач на шминка од камилица


Станува збор за еден навистина прекрасен и нежен комплетно природен отстранувач на шминка, кој истовремено е многу ефикасен и успешно ја остатранува дури и водоотпорната шминка. За овој рецепт веќе говорев во статијата http://biodevojka.blogspot.com/2015/02/blog-post_14.html, така да доколку сакате да видите чекор по чекор како се прави (со слики), ви советувам да ја прочитате. Тука уште еднаш ќе го повторам рецептот.

Еве кои состојки ви се потребни за реализација на овој отстранувач на шминка:

- 55 мл вода (најдобро деминерализирана);

- една лажица цветови од камилица или една филтер кесичка;

- 20 мл. масло од ориз (може да го најдете во поголемите супермаркети);

- 8 мл. рицинусово масло (може да го најдете во сите аптеки);

-  едно празно шишенце;

Во зовриената вода се додава камилицата и се остава да отстои околу 15 мин. Се прецедува и се остава да се олади. Откако ќе се олади течноста се префрла во шишенцето.
Во една пластична чашка се мешаат маслата (ако сакате може да додадете и една капка етерично масло на пр. од лаванда или портокал кое служи само за мирис, но доколку немате може и без него) и се додаваат во шишенцето.

Пред употреба убаво протресете го шишенцето додека двете смеси не се спојат, ставете од производот на една дискета и исчистете ја шминката. Камилицата има смирувачко дејство на кожата, маслото од ориз е многу лесно масло препорачливо за сите типови на кожа, а рицинусовото масло во смесава ќе ви ги зајакне трепките.

Рокот на траење му е до две недели доколку се чува на суво и темно место.


3. Шампон за коса од камилица и брашно од наут

Ова е навистина прекрасен благ шампон кој идеално ја мие косата, го отстранува вишокот на маснотија и нечистотија од косата. Комплетно природен без суфрактатни. Еве што ви е потребно за да го направите:

- 2 супени лажици брашно од наут (може да го најдете во продавниците за здрава храна)

- 1 супена лажица мед

- 2 супени лажици чај од камилица

- 3 капки етерично масло по избор (лаванда, лимон, рузмарин, ама ако немате не мора)

Во еден сад најнапред ставете го брашното, потоа додадете го медот и на крај чајот од камилица. Помешајте ги сите состојки додека добиете една убава кремаста структура и нанесете го вака добиениот шампон на мокра коса. Ви советувам пред да ја намокрите косата убаво да ја исчешлате, па потоа мокра да ја шампонирате со овој природен шампон. Нанесете го целиот шампон на косата и нежно масирајте исто како кога би користеле нормален шампон. Многу важна работа е убаво и темелно да го измиете шампонот од косата, за да не ви останат мали зрнца од брашното во косата. По миењето нанесете уба и квалитетен балзам и исушете ја косата како што правите обично.

Овој шампон е навистина многу функционален, затоа што брашното од наут одлично ја отстранува маснотијата од косата и во контакт со водата прави еден навистина многу нежен шампон кој одлично мие, а комплетно е природен. Медот ја негува и омекнува косата, и го ублажува обезмастувачкиот ефект на брашното од наут.

Овој шампон е идеален за девојките кои имаат масна коса (може да го прават еднаш во неделата или на секои две недели во зависност од тоа колку е масна косата), а доколку имате долга или сува коса, не ви препорачувам да го правите често, можеби еднаш месечно за да ја исчистите косата темелно.


4. Маска за коса од камилица и лелено семе

Оваа маска за коса одлично ја негува косата, и дава фанстастичен сјај, косата е лелеава, мека и лесно се расчешлува. За подготовката на овој рецепт видете ја статијата http://biodevojka.blogspot.com/2015/03/blog-post_23.html, каде при подготовката во водата ќе додадете и две супени лажици камилица.

Значи потребно е :

- 30 гр. ленено семе (најдобро од органско потекло)

- 200 мл вода

2 супени лажици цветови од камилица

Во едно тенџере ставете ја водата и лененото семе, поклопете и оставете да стои преку ноќ. Изутрината, тенџерето ставете го на рингла и откако водата ќе почне да врие додадете ја камилицата и варете околу 5 мин. По истекувањето на времето тргнете го тенџерето од рингла и со помош на една цедилка прецедете го гелот (со оглед на тоа што овој гел е доста густ треба да бидете упорни во прецедувањето, мешајте и со лажичка додека не истече целиот гел). Почекајте да се олади.

Овој гел нанесете го на сува коса и оставете да делува најмалку саат време или преку ноќ, доколку сакате подобри резултати. Потоа измијте ја косата со благ шампон и исушете ја. Уште по првото нанесување ќе забележите дека косата е помека, подобро се расчешлува и има огромен сјај.
 

Се надевам дека овие едноставни, а сепак функционални рецепти ви се допаднаа.

Како и секогаш ви благодарам што и денес одвоивте време да го посетите мојот блог. Голем поздрав и до следната статија.

Вики

Comments