Да се заштитиме од комарци на природен начин


Вчера во собата наидов на еден комарец мутант, верувајте ми беше толку голем што се исплашив! Со оглед на тоа што започна така наречената сезона на комарци и се повеќе луѓе (особено дечињата) страдаат од убодите на комарците, решив да посветам една статија токму на оваа проблематика.

Најнапред еден навистина интересен податок: некаде имам прочитано дека само женските комарци касаат, затоа што од нашата крв добиваат хранливи состојки кои им се потребни за созревање на сопствените јајца (за размножување). Машките комарци претежно се хранат со шеќери од природата.

Како и да е, со цел ова лето да ги држиме што понастрана од нас и нашите семејства, во продолжение сакам да ви предложам неколку рецепти за природни производи против комарци кои се многу функционални, и секако да ви дадам неколку важни совети во заштитата против комарците.

1. Природен гел за заштита од комарци

Состојките кои ви се потребни за реализација на овој гел се:

- две супени лажици алое вера гел;

- една супена лажица масло (може да изберете едно од следниве: невен, маслиново, бадемово, кокосово);

- 10 капки етерично масло од лаванда;


Помешајте ги сите состојки и ставете го гелот во едно празно и чисто шишенце.


Изборот на состојките не е случаен, а сега ќе ви објаснам зошто.

Алое вера гелот има смирувачки ефект и антибактериско дејство врз кожата.  Одлично ја хидрира и навлажнува кожата.

Маслата кои ви ги предложив се сите прекрасни, зависи од вас кое ќе сакате да го употребите. Маслото од невен смирува иритации и црвенила, кокосот има огромно антибактериско дејство, маслиновото и бадемовото ја хранат и омекнуваат кожата.

Етеричните масла се од голема важност, затоа што всушност нивниот мирис ги оддалечува комарците. Маслото од лаванда е едно од најсигурните и одговара за сите возрасти и состојби (за трудници, бебиња, дечиња). Секако постојат и други масла кои може да ги користите како лимонова трева, рузмарин, мента, чајно дрво и еукалиптус, меѓутоа на пример трудниците никако не би смееле да користат мента, додека за бебињата не е препорачлива лимонова трева. Затоа мојата цел беше еден производ за повеќе категории на луѓе, без компликации или пак специјални додатоци.

Сакам она што ќе ви го предложам да биде едноставно за правење, со сотојки кои лесно може да ги најдете и што е најважно истовремено да биде функционално. Не сме сите хемичари, а и отсекогаш ми се допаѓала едноставноста. Малку состојки, а сепак функционално.

Само внимавајте со етеричните масла и количината со оглед на тоа што станува збор за концентрирани состојки кои кај некои луѓе може да предизвикаат алергии.


Вака подготвениот гел доколку го чувате во фрижидер трае и до 3 месеци, а на собна температура до 1 месец.

Доколку сакате може да направите и поедноставна варијанта, односно да капнете неколку капки етерично масло од лаванда во бадемово масло и со таа смеса да ја намачкате кожата.

2. Природен спреј за заштита од комарци

Маслото од неем е едно од најефикасните природни средства за заштита од комарците. Неговиот мирис е толку специфичен и силен што верувајте ми комарците ќе бегаат на километри од вас. Со оглед на тоа што во Скопје немам сретнато чисто масло од неем, би сакала да ви го предложам маслото од неем за коса на Dr. Hauschka, кое освен за овој рецепт ќе може слободно да го користите и како третман за коса кој, верувајте ми, ќе направи чуда за вашата коса.Се што ви е потрбно за овој спреј е:

- едно празно спреј шишенце од 100 мл;

- 3 кафени лажички масло од неем на Dr. Hauschka;

- 1 кафена лажичка јабоклов оцет;

- дестилирана вода (колку да го наполните шишенцето);
                                                          
Во празното спреј шишенце најнапред ставете го маслото и оцетот и потоа додадете ја водата (оставете малку простор, не го полнете скроз до горе) и убаво протресете. Вашиот спреј е готов. Рок на трајност му е 1 месец, со оглед на тоа што нема конзерванси. Овој спреј исто така не содржи емулгатори, така да пред употреба секогаш добро протресете со цел да ги споите маслото со водата.

Оригиналниот рецепт, тој што го правев јас со чисто масло од неем беше 2 лажички чист неем со една лажичка друго масло, на пример бадемово, невен, маслиново и јаболков оцет. Со оглед на тоа што маслото на Dr. Hauschka веќе содржи микс од масла како пшенични ркулци, масло од кикирики, неем и екстракти од камилица и рузмарин, доволни се три лажици од самото масло.

Исто така ова масло може да го нанесете и директно на кожата, доколку не сакате да го направите овој рецепт.

Корисни совети за заштита од комарци

1. Комарците имаат потреба од топли и влажни амбиенти, особено таму каде има отстоена вода, со цел да ги размножат своите јајца. Во вакви услови, во рок од 10 дена успеваат да се размножат.  Затоа барем еднаш неделно празнете ги вазните или саксиите доколку во нив се задржала вода, доколку имате аквариуми или мали базенчиња, обавезно покријте ги со мрежа против комарци.

2. Друга важна работа е она што го јадеме. Дали сте се запрашале зошто некои луѓе воопшто не се жалат на убоди од комарците? Затоа што нивната крв и нивната пот ги одбива истите. Тоа е така поради храната која ја конзумираат која треба да биде богата со витамин Ц и витамини Б1 и Б6. Затоа конзумирајте што повеќе храна богата со витамин Ц, многу цитрусно овошје, а особено храната зачинувајте ја со свежи зачински билки кои коже да ги одгледувате на сопствените тераси. Особено корисно е конзумирањето на кромид, лук и чили пиперче, со оглед на тоа што нивниот мирис преку потта ги одбива комарците.



3. Одгледувајте лаванда на вашите тераси или во самиот дом. Мирисот на оваа билка,навистина ги одбива комарците. Доколку немате билка во тој случај користете етерично масло од лаванда како освежувач на простории, или пак направете го мојот омилен спреј за освежување на простории од лаванда. Рецептот ќе го најдете во оваа статија  http://biodevojka.blogspot.com/2015/03/blog-post_11.html.


Но што ако комарецот веќе не каснал?

Во тој случај на убодот од комарецот ставете една од овие работи со цел да го спречите чешањето и побрзо да го намалите отокот.

- гел од алое вера кој има антибакртериски дејства,смирува и негува;

- јаболков оцет: неколку капки на едно памукче директно врз убодот.;

- мед: мала количина од медот директно врз убодот

- лимон: го неутрализира чешањето од убодот. Внимавајте да не се изложувате на сонце откако ќе нанесете лимон, затоа што е фотонестабилeн и предизвикува флеки на кожата. Доколку се одлучите за оваа варијанта најдобро е да го направите дома навечер;

Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист и дека ова лето ќе успееме да ги држиме комарците што подалеку од нашите домови, тераси и градини.

Голем поздрав и до следната статија

Вики

Comments