Здраво и вкусно јадење: кус кус со зеленчук


Здраво драги мои,

со жешкото секако нашиот апетит се намалува и се повеќе и повеќе имаме потреба од освежувачка храна која за цел има да ни ги врати минералите изгубени преку потта, и на некој начин да го освежи нашиот организам. Затоа во денешнава статија би сакала да ви предложам едно прекрасно летно јадење кое е навистина лесно за подготовка, има огромни бенефиции  за самиот организам, со оглед на тоа што е лесно сварливо, и претставува одлична алтернатива на тестенините во летниот период. Станува збор за едно од моите најомилени јадења, односно кус кус.

Кус кус е всушност еден вид на житарица која претставува пченични гранули кои се веќе претходно малку сварени, така да за неговата подготовка потребно е навистина малку време. Една од главните карактеристики на кус кусот е големото присуство на хранливи влакна (а знаеме сите колку е важно во нашите диети да внесуваме намирници богати со диетални влакна), и е одличен алеат во регулирањето на целиот метаболизам и како помош во исфрлањето на непотребните материи од телото. Потоа, богат е со витамините од групата Б и витаминот А, како и потасиум, фосфор, магнезиум и калциум. Содржи навистина многу маслку масти. 



Ќе го најдете во специјализираните продавници за здрава храна. Јас лично го земав од продавницата на Beorg e fresh за која ви говорев веќе во статијата за органска храна http://biodevojka.blogspot.com/2015/06/beorg-e-fresh.html, каде искористив и да земaм свеж сезонски зеленчук за да ви го подготвам денешниов супер лесен летен рецепт. Може да го подготвите на разни начини комбинирајќи го со риба, месо или пак само со сезонски зеленчук. Во денешниов рецепт ќе ја направам третата варијанта, односно само со зеленчук, со цел да биде еден вид на универзален рецепт за сите оние што ме следат, па и за оние кои не конзумираат месо. 

За 4 до 6 лица потребни ви се:

- 2 до 3 парчиња кромид (во зависност од големината)
- 4 моркови
- 2 тиквички (или една поголема)
- 4 пиперки
- 2 модри патлиџани
- 1 црвен домат
- 250 грама кус кус


Најнапред на малку маслиново масло пропржете ги ситно исецканиот кромид, морков, пиперка и модар патлиџан додека не омекнат, додадете една лажичка природна вегета и малку водичка. Оставете зеленчукот да омекне на многу ниска температура. 


Откако зеленчукот убаво ќе омекне додадете ги тиквичките заедно со доматот и оставете да се вари уште околу 5 мин. Проверете го вкусот и ако е потребно додадете малку сол (со оглед на тоа што користам домашна веѓета која веќе има внатре сол, јас лично ретко додавам сол затоа што вкусот е во ред. Доколку ве интересира рецептот за природната веѓета погледнете ја статијата http://biodevojka.blogspot.com/2015/03/blog-post_9.html)

Кога зеленчукот ќе биде готов исклучете и тргнете го тенџерето од ринглата. Во посебно тенџерче ставете го кус кусот, и додадете малку маслиново масло и убаво мешајте со една лажица или вилушка, за да ги раздвоите зрната и да спречите да се залепат во текот на подготовката. 


На страна во едно друго тенџерче загрејте вода. Количината треба да биде пропорционална со количината на кус кусот кој го користите (во случајов 250 мл. вода). Додадете малку сол, која може да ја ставите во водата или пак во тенџерето со кус кус заедно со маслиновото масло. Јас ја ставам во водата уште кога е ладна. Откако водата ќе почне да врие, тргнете ја внимателно од ринглата и истурете ја во тенџерето со кус кус, покријте го и оставете го така од 5 до 7 мин. По истекот на времето, полека со една вилушка раздвојувајте ги зрната кус кус, и додадете го во тенџерето со зеленчукот и убаво промешајте.

На крај може да го зачините ова јадење со еден од следниве зачини: кари, гарам масала или пак да му додадете куркума и малку црн пипер (во зависност од вашиот вкус). Вака подготвеното јадење може да се конзумира топло, но уште е повкусно доколку го конзумирате ладно. Одозгора по ваш вкус може да додадете и маслинки кои одлично се сложуваат.



Се надевам дека овој летен, лесен и многу вкусен рецепт ви се допадна и дека ќе се обидете да го направите. 


Голем поздрав и до следната статија.

Вики

Comments