Многу вкусна торта со мармалад- кростата


Здраво драги мои,

еве уште еден рецепт кој апсолутно го обожавам и го правам навистина многу често. Идејата за овој рецепт ја добив од еден многу познат италијански слаткар чии рецепти ги обожавам, меѓутоа јас малку ја променив со оглед на тоа што ги исфрлив маргаринот и шеќерот и на нивно место додадов масло и малтекс. Исто така и квасецот во оригиналниот рецепт го заменив со пекарска сода и оцет. Навистина е многу лесна како храна, не го оптоварува организмот, а идеална е за доручек, ужинка или пак како десерт. Многу лесно се приготвува а од состојки потребни ви се:

- 300 гр. брашно (јас користев микс од повеќе брашна пченично интегрално, брашно од хељда, ржано брашно и брашно од соја);
- две големи лажици масло;
- една мала лажичка пекарска сода;
- една голема лажица оцет;
- 3 големи лажици малтекс (доколку сакате послатко, може да ставите и 4);
- вода;


Во еден сад најнапред со помош на едно сито иситнете го брашното и додадете ја содата. Потоа додадете го оцетот, маслото, малтексот и на крај водата. Како масло најнапред користев неутрално (сончогледово), меѓутоа еднаш пробав и со маслиново и воопшто не е силно и не се чувствува мирисот. Така да доколку ви се допаѓа маслиновото слободно може да го користите. Смесата убаво спојте ја и на една побрашнета површина со помош на сукало развлечете го тестото нешто поголемо од вашата тава во која ќе го печете.

Откако ќе го сместите тестото во тавата (и ќе го тргнете вишокот на тесто од страните кое виси), еве ви еден трик како вашата торта да биде успешна и многу лесна. Со помош на една вилушка направете дупчиња по целото тесто со цел да може воздухот слободно да навлезе и тестото да остане што пониско. Доколку не го сторите ова тестото под дејство на оцетот и содата кои ги користиме како замена за квасец ќе нарасне и ќе добиете леб наместо убава ниска торта, а тоа не ни е целта, секако.


Одозгора намачкајте го џемот. Може да одберете било каков вид на џем. Јас овојпат одбрав еден навистина многу вкусен џем, кој честопати го гледав и конечно се решив да го пробам. Станува збор за манастирки мармалад кој го прават во манастирот Св. Јован и верувајте ми навистина е превкусен. Овој мармалад може да го најдете во продавницата на Beorg e Fresh (мислам дека само таму и го има, не сум го видела на друго место), меѓутоа верувајте ми навистина вреди да се проба. Има повеќе вкусови, а јас го избрав овој од вишни.


Откако ќе го нанесете мармаладот, од остатокот на тестото кое го извадивте додека го сместувавте тестото во тавата, направете мали ленти со кои делумно ќе ја покриете оваа торта или кростата.



Откако ќе го сторите тоа ставете ја да се пече во загреана рерна. Јас ја ставам на 200 степени затоа што мојата рерна е послаба, меѓутоа доколку имате понова и поубава рерна довлно е на 180. Откако ќе се испече извадете ја, оставете ја да се олади и ете, вашата кростата е готова и може да ја конзумирате како што сакате вие.


Гледате ли колку беше лесен овој рецепт, веднаш се прави, не се потребни многу состојки или време, а сепак добивате здрава, диетална и многу вкусна варијанта на класичната кростата.


Се надевам дека уживавте и во оваа статија, а ние се читаме многу наскоро.
Поздрав

Вики

Comments