Здрава и лесна крем супа од тиквици
Знам, многумина од вас ќе речат супа??? Сега на 50 степени???
Да, токму така, меѓутоа не било каква супа... Ако продолжите да ја читате статијата ќе го промените мислењето. Станува збор за една детокс супа, која е одлична храна и во лето, со оглед на тоа што освежува, има диуретско својство, одлична е во летните жешки денови (секако млака или студена), и одлична е како оброк во летниот режим на исхрана кога ги избегнуваме мастите и конзумираме повеќе зеленчук и овошје. Но зошто е тоа така? Затоа што главната ѕвезда е токму нејзиното височество- тиквичката.
Тиквичката е зеленчук кој претставува база на било кој режим на исхрана, и има одлично дејство врз комплeтната добросостојба на организмот затоа што:
1. Составена е од 92% вода и содржи само 12 калории за 100 грама;
2. Има диуретско и лаксативно својство и ја регулира работата на системот за варење на храната;
3. Има висок процент на потасиум кој го намалува заморот во организмот, односно доколку тиквичката се конзумира по спортска активност, таа во организмот повторно ги враќа минералните соли и витамини кои се изгубиле во текот на вежбањето преку потта;
4. Има висок процент на витамин Е кој е одличен за кожата затоа што го забавува стареењето на кожата и се бори против слободните радикали, како и висок процент на витамините А, Б1, Б2, Б3, Б5 и Б6.
Мислам дека овие карактеристики се доволна причина да ги воведеме тиквичките во нашата исхрана. Мора само да напоменам дека со преголема термичка обработка голем дел од водата се губи и се зголемува енергетската вредност на тиквичката а со тоа и нејзината калориска вредност, така да се препорачува термичката обработка да се сведе на минимум.
Како што напоменав во самиот наслов а и на почетокот на статијата, денес ќе ви предложам една прекрасна и здрава крем супа од тиквички. Затоа да започнеме со рецептот. За неговата подготовка потребни ви се:
2 до 3 парчиња стар кромид, зависно од големината на кромидот (јас користев виолетов)
3 моркови
2 или 3 компири (во зависност од големината на компирот)
3 големи тиквички
Најнапред во едно тенџере ставете го кромидот, морковот и компирот, додадете малку маслиново масло и една супена лажица природна вегета (рецептот ќе го најдете на http://biodevojka.blogspot.com/2015/03/blog-post_9.html) и пропржете кратко само колку состојките да пуштат од својот вкус и додека кромидот не омекне малку. Додајте вода, намалете ја ринглата и покриено со капак варете околу 20 до 25 мин. се додека зеленчукот не омекне. На крај додадете ги тиквичките и варете некои 5 мин. (не премногу за да ги задржиме сите хранливи состојки на тиквичките).
Откако и тие ќе омекнат, тргнете го тенџерето од ринглата, оставете малку да се олади, префрлете ја смесата во еден блендер и блендирајте се додека не добиете убава густа каша.
Потоа сервирајте ја крем супата во еден тањир во комбинација со интегрални крекери, гризини или парче леб.
Супата може да ја збогатите со малку маслиново масло или пак малку пармезан за вкус.
Ете добивте едно прекрасно летно јадење, екстремно здраво и вкусно.
Се надевам дека ви се допадна овој рецепт и дека оваа крем супа од тиквички наскоро ќе стане дел од вашата летна исхрана.
Поздрав
Вики
Comments
Post a Comment