Пробав за вас: купка за интимна хигиена на Aloedermal со камилица


Оддржувањето на правилната интимна хигиена е од огромно значење не само поради свежината и мирисот, туку пред се и поради бактериските промени во тој дел од телото. Од огромна важност е и производот кој ќе го одбереме за нега и хигиена на интимните делови, затоа што погрешниот производ може да предизвика претерано сушење, бактериска промена и инфекции. Ајде најнапред да дознаеме што сѐ треба или не треба да содржи еден добар интимен гел за хигиена и како да го препознаеме добриот производ кој нежно и деликатно ќе ја оддржува хигиената на интимната зона од телото.

Прво нешто при изборот на еден добар производ е да неговата рh  вредност е во склад со природната рh вредност на интимната зона. Важно е да ја познаваме рh вредноста на интимните делови која не е иста за сите возрасти. Ph е индикатор кој го мери степенот на киселост во интимните делови, и може да биде неутро доколку е 7, кисел доколку е под 7 и алкален за вредностите над 7. Во здрави услови на интимната зона, за жените во плодните години идеалниот производ за интимна хигиена треба да биде со рh 4,5. Девојчињата пред пубертетот и жените во менопауза треба да користат производи со рh неутро.

Понатаму при изборот на добар интимен гел дефинитивно мора да внимаваме на состојките кои ги содржи. Овој вид на производ апсолутно не треба да содржи агресивни сурфактанти (колку еден производ прави повеќе пена толку е поагресивен) или пак формули за измивање. Како што ви напоменав во една од претходните статии, сурфактантите се неопходен дел од скоро сите производи за хигиена и претставуваат измивачи кои за цел имаат да ја измијат нечистотијата или маснотиите. Оваа нежна зона со оглед на тоа што има и сопствен систем на самозаштита, нема потреба од агресивни и високоизмивачки формули, така да од огромна важност е да се внимава на деликатноста на една формула. Не е доволно да се напише на опаковката деликатен или нежен производ, а во декларацијата да видиме нешто друго. Верувајте агресивниот производ може да ги ослабне лактобацилите кои нема да можат да ја оддржат киселоста на интимната зона, и на тој начин да им ја олеснат работата на бактериите.

И како трето нешто, од огромна важност се состојките во самиот производ, кои треба да бидат што поприродни.

Токму затоа денес имам еден предлог за одлична интимна купка од марката Aloedermal (има два вида, овде станува збор за онаа со деликатна формула со камилица), која веќе ја имам користено и од која навистина сум многу задоволна.


Најнапред да нагласам дека станува збор за производ кој има рh 4,5, што значи дека е добар за оние кои се во плодните години. Производот не е органски, меѓутоа е природен. Ајде најнапред да го разгледаме составот на овој производ и заедно да се увериме во деликатната формула на истиот.


Aqua, Glycerin, Decyl Glucosyde, Capryloyl Glycine, Sodium Lauroyl Sarcosinate, Aloe Barbadensis, Chamomilla Recutita Extract, Salvia Officinalis Extract, Menthol, Melaleuca Alternifolia Oil, Citrus Aurantium Oil, Citrus Medica Limonum Oil, Eucalyptus Globulus Oil, Rosmarinus Officinalis Oil, Pinus Palustris Oil, Xanthan Gum, Sodium Hydroxide, Lactic Acid, Limonene.

Од декларацијата може да забележиме дека во формулата како сурфактанти или измивачи во овој производ присутни се два и тоа: Decyl Glucosyde и Sodium Lauroyl Sarcosinate. Ако ја разгледаме нивната позиција и комбинацијата со останатите состојки може да заклучиме дека благодарение на глицеринот на втората позиција и Capryloyl Glycine на четвртата, процентот на сурфактантите е доста мал во овој производ и одлично избалансиран и самиот производ е навистина деликатен и благ, и според мене идеален за секојдневна употреба. Значи измивачката моќ на оваа купка е минимална што е одлично затоа што станува збор за една деликатна зона која нема потреба од многу “обезмастување“.


Во самиот производ присутни се етерични масла и природни екстракти. Ми се допаѓа комбинацијата и взаемното дејство на состојките: алое вера гелот и екстрактот од камилица кои имаат смирувачко и навлажнувачко дејство, прекрасно се избалансирани од убавиот микс на етрични масла со освежувачко и антибактериско својство. Мене навистина одлично ми одговара како производ, меѓутоа мора да напоменам да бидете внимателни доколку сте алергични на некоја од состојките. Како што секогаш велам не сме сите исти и различно реагираме на различни производи и состојки.


Откако го разгледавме составот на самиот производ, ајде да преминеме на структурата, мирисот и функционалноста на истиот.

Купката е безбојна како гел, а мирисот не е премногу јак, меѓутоа доста добро се чувствуваат природните етерични масла и екстракти. Како производ е навистина доста концентриран, така да доволна е навистина многу мала количина за да се измие убаво интимната зона. Едно вакво пакување од 250 мл. ќе ви трае навистина многу долго.


Се нанесува на навлажнета кожа, деликатно се измива зоната со движења од напред кон задниот дел (никако обратно) и се измива со многу млака вода. Лично го употребувам еднаш дневно затоа што сѐ што е претерано не чини. Ни претераната грижа ниту пак запуштеноста не се добри, така да, според мене идеално е златна средина. Секако вие за хигиената на интимниот дел консултирајте се со сопствените гинеколози (кои знаат сигурно повеќе од мене), особено доколку имате некој проблем или пак бактериска промена, како и за време на циклусот. Во нормални услови, сметам дека еднаш дневно е сосема доволно. Воопшто не прави пена, што е доказ плус за деликатноста на формулата и состојките употребени во него. По употребата, овој производ дава благо чувство на свежина кое не е претерано што особено ми се допаѓа.

Опаковката на овој производ е навистина практична, се отвора и затвора преку еден мал отвор на горниот дел од капакот, кој ви дозволува да истискате онолку производ колку ви е потребно.


Како што веќе напоменав овој производ доаѓа во амбалажа од 250 мл. и може да го најдете во некои од аптеките на Зегин и аптеката Ани Фарм во т.ц. Капитол по цена од 280 денари.

Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист во изборот на еден убав, пристапен и деликатен производ за интимна хигиена. Ние се читаме наскоро, а дотогаш ве поздравувам и ви посакувам пријатен ден.

Вики

Comments