Етерично масло од чајно дрво за здравје, убавина и како помош во домот
Познато под името чајно дрво, ова етерично масло е екстрахирано од австралиската билка Мелалеука алтернифолиа, преку дестилација со водена пареа Има огромно антибактериско, антифугално, антивирално и антивоспалително дејство, од огромна корист е во третманите за здравје, убавина и како помош во домовите. Ова етерично масло е многу концентрирано како структура и состав и затоа се препорачува да се биде многу внимателни при неговата употреба и скоро секогаш да се употребува растворено во базно масло, алое вера гел, мед и др. (во зависност од намената).
Ова етерично масло спаѓа меѓу оние најценетите во ароматерапијата кој го балансираат организмот (на физичко и психичко ниво), и според филозофијата на ароматерапијата, ова етерично масло е во можност да им помогне на одредени личности да се справат со проблемите од психофизичка природа.
Етеричното масло од чајно дрво обично се продава во мало темно шишенце затоа што е чувствително на светлина и на тој начин ги задржува квалитетот и составот. Пред да преминам на оној дел во кој ви кажувам на кои сѐ начини може да го користите ова етерично масло, би сакала да кажам збор два за едно многу убаво етерично масло од чајно дрво кое го открив неодамна и го купив пред некој ден со цел да го истестирам, односно етеричното масло од чајно дрво на ESI. Како што веќе знаете јас секогаш ги купувам етеричните масла на марката Флора, меѓутоа со оглед на тоа што сакам да ви дадам повеќе избор и да пробам нешто ново, се решив да го истестирам ова етерично масло.
Ова етерично масло доаѓа во пакување од 10 мл. во темно шишенце со многу мал отвор кој дозволува контролирана употреба на самото масло со оглед на тоа што, како што веќе реков, е доста концентрирано и доволна е сосема мала количина.
На самата опаковка пишува дека станува збор за 100% чисто етерично масло и сега ќе направиме тест за да се увериме дали е така. Доколку се сеќавате во статијата за етеричните масла ви откив еден мал трик како да препознаете дали едно етерично масло е чисто или продолжено со друго масло. Тестот се состои во следново: на еден лист се капнува една капка од етеричното масло и доколку капката веднаш се рашири на самиот лист е прв знак за чистотата на маслото. Листот се остава цела вечер така и изутрината, доколку дамката потполно е исчезната значи дека маслото е чисто. Доколку има масна дамка (како онаа од зејтин) на местото каде сте капнале, во тој случај етеричното масло не е чисто и разредено е со некое друго базно масло. Еве ги резултатите од ова етерично масло:
вечерта капнав една капка на еден бел лист која веднаш се рашири на самиот лист
изутрината дамката комплетно ја немаше.
Ова е одличен знак за чистотата на етеричното масло, како што и пишува на самата опаковка. Интересен е фактот што овој вид на етерично масло содржи повеќе од 100 супстанции, од кои онаа која е присутна во најголема количина е терпинен-4-ол кој претставува најмалку 30% од составот на маслото. Во ова етерично масло, назначено е дека оваа состојка е присутна повеќе од 38%. Има многу јак мирис.
Откако ги разгледавме составот и откако се уверивме во чистината на ова етерично масло од ESI, ајде да ви објаснам на кои се начини може да го користите во домовите, како лек за подобрување на здравјето и како состојка во третманите за убавина.
1. Здравје
- Во случај на настинка и кашлица, растворете од 10 до 20 капки етерично масло во када со топла вода (секако не премногу топла), или пак 5 капки во сад со топла вода за инхалации (оваа може да биде повеќе топла). Неколку капки растворени во дифузер за ароматерапија, може да ја прочисти куќата и да го оддржи просторот чист за нашите дишни патишта. Исто така може да се конзумира и по орален пат, односно 2 до 3 капки етерично масло од чајно дрво во една мала лажичка мед. Секако за орална употреба најнапред консултирајте се со вашите матични лекари.
- Во случај на мали рани или каснување на кожата, растворете 2 до 3 капки од ова етерично масло во една супена лажица базно масло (на пр. бадемово) и со помош на едно памукче нанесете го само на местото каде имате проблем.
- Ова етерично масло е одличен лек и против кандида. Меѓутоа, начинот на употреба и дозите зависат од видот на случајот и не се исти за сите. Затоа ви советувам да се консултирате со вашите гинеколози.
- Во случај на реума или болки во мускулите, од огромна помош се масажите со маслото од чајно дрво. Во 20 мл. базно масло како на пример бадемово, додадете 6 капки етерично масло од чајно дрво и со таа смеса правете масажа на оној дел каде чувствувате болка.
- Во случај на лесни изгореници најнапред убаво измијте го делот каде сте се изгореле со ладна вода. Почекајте неколку минути, па потоа на местото нанесете смеса од една мала лажичка мед со 4 капки етерично масло од чајно дрво.
2. Убавина
- Ова етерично масло е одличен лек против акни и бубуљички и спас е за масна кожа. Доколку имате една до две бубуљички во тој случај може да капнете една капка од ова етерично масло на едно памучно стапче (она за чистење уши) и да го допрете само врз бубуљичката, избегнувајќи ја зоната околу за да не ја оштетите или иритирате кожата. Во случај на нечисто лице склоно кон акни, митесери и бубуљички, најдобро е да се користи раствор од 50 мл. базно масло (најдобри за масна кожа се јојоба, арган и лешник) во кое ќе додадете 10 капки етерично масло од чајно дрво. Доколку имате многу чувствителна кожа ви советувам да додадете не повеќе од 7.
- Како лек против првут, растворете 10 капки од ова етерично масло во едно шише базен шампон (неутрален). Овој метод одлично ја прочистува кожата на главата и со самото тоа помага во лечење на првутот. Како добри базни шампони би ви ги препорачала: шампонот неутро на Aloedermal и шампонот на Alverde Ultra Sensitiv (и двата ги немам пробано ама според составот одговараат).
- Доколку сакате природен исплакнувач за уста, во една чаша вода растворете две капки етерично масло од чајно дрво. Со оваа смеса исплакнете ја устата навечер по миењето на забите и бидете многу внимателни во никој случај да не ја проголтате.
- Ова етерично претставува и природно средство за чистење на вошките кај децата и за спречување на истите (ќе посветам една цела статија за природни начини на спречување на оваа проблематика).
3. Хигиена на домот
- Етеричното масло од чајно дрво е одлично средство против муфла во домот. Во еден литар вода ставете половина чаша оцет и 15 капки етерично масло од чајно дрво. Префрлете го во едно празно спреј шише (може и да рецилкирате некое од потрошено средство за чистење, отакако убаво ќе го измиете, или пак да купите ново празно спреј шише).
Истиов производ може да го користите и за чистење на огледала, стакло, па дури и за плочките во купатилото. Може да додадете 10 капки етерично масло од лимон за да го подобрите мирисот.
- Доколку во една голема кофа со вода растворите половина чаша сода бикарбона и 20 капки етерично масло од чајно дрво, може да добиете одличен детергент за чистење на подовите во вашиот дом, која не само што убаво ќе ги светне, туку пред сѐ и ќе ги дезинфицира.
- Додадете 10 капки етерично масло од чајно дрво во прашокот за перење на алишта за да ги дезинфицирате алиштата и да ја зголемите моќта на самиот прашок за перење.
- Во случај да сакате да ја исчистите вашата рерна или пак шпорет на природен начин, 4 големи лажици сода бикарбона помешајте ги со 5 капки етерично масло од чајно дрво и ставете онолку вода колку што е потребно за да добиете густа кремаста смеса. Со помош на еден сунѓер исчистете ги рерната или шпоретот и исплакнете со многу вода.
Ете драги мои, се надевам дека успеавте да дознаете нешто повеќе за својствата и бенефициите на етеричното масло од чајно дрво и пред се за начинот на употреба на истото.
Ви благодарам многу за вниманието и се читаме многу наскоро.
Вики
Едит: за малку ќе заборавев цената на ова етерично масло е 190 денари и истото го купив во аптеката Ани Фарм во т.ц. Капитол.
Comments
Post a Comment